НАШЕТО ИМЕ Е МАКЕДОНИЈА

 

Сотир Гроздановски-Македонски

НЕДЕЛА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

 

  04 февруари 2021

Во годинава што туку почна, личноста на Гоце Делчев е во центарот на вниманието насекаде каде што живеат Македонци. Скоро сите македонски медиуми, освен оние кои живеат од трошките на Зоран Заев и СДСМ,  настојуваат неговата личност да ја стават таму каде што припаѓа. Вниманието на власта, пак, е свртено кон Бугарите,   бидејќи му го ветија, па не би сакале да ги лутат. 

На цел свет личноста на Гоце Делчев му е позната и што тој значи за Македонците. Дека тој е една од централните  фигури на македонското ослободително движење и незаменлива личност во македонската понова историја. Неговиот роденден, 04 февруари 1872 година во Кукуш, Македонците насекаде   го слават свечено со восхит и  посебен пиетет,  ама не ни близу така свечено, како во изминатите години. Особено во Татковината, од како СДСМ ја презеде власта во државата, а Зоран Заев, од странските фактори,  беше устоличен за премиер на Владата.

Годинава го славиме  неговиот 149-ти  роденден во најсрамотна ситуација од  возобновувањето на Република Македонија  како независна и самостојна  национална држава. Непојмливо, ама вистинито: Гоце Делчев на неговиот роденден од Зоран Заев е ставен на тезга за продавање, заедно со земјата во чии темели го вградил својот млад живот, за таа да биде слободна, просперитетна и достојна на сите наши  предци. И не само Него и неговата Татковина, туку и нашиот мајчин македонски јазик, нашата национална историја, македонските сесловенски просветители, светите Кирил и Методиј, нивните ученици, светите Климент и Наум Охридски, па дури и македонскиот цар Самуил. На кого? На Бугарите! Зошто? Па затоа што без нив  бугарската историја би била штура и неважна за словенскиот свет, со кој   сакаат да се идентификуваат. 

А без Гоце Делчев, личност и икона во македонската историја, кого секој народ би сакал да го има, Бугарите не би можеле да претендираат на Македонија ниту спрема фиктивниот Санстефански договор.   И не само тоа, туку и затоа, што кога би го имале, како што го немаат, денес  Македонците би биле Бугари, а Македонија, дел од Бугарија, по некои сулуди желби и непристојни соништа. 

"Гоце Делчев беше безкрајно харизматичен, образован, речит, сигурен, надарен да привлече внимание, да биде сослушан и послушан; имаше силен карактер, беше стратег, воен и територијален организатор, но и иницијатор, со извонредни способности и висок интелект, брз и непокорен во делувањето.

Сите овие Гоцеви дарби беа препознати од непријателот, кој веќе ја имаше намерачено Македонија, затоа и на подмолен начин беше предаден и убиен со единствена цел, забрзано и неуспешно македонско востание, на кое Гоце со силна жестина се спротивставувал, поради неподготвеноста на населението и секако последователната македонска трагедија. Гоце е еден единствен, да го немаше, требаше да го измислиме!"

 Елизабета Чингарова Матевска, за Facebook.com.

***************

Сите негирања на Гоцевата бугарска националност одамна паднаа во вода, ама на кој да му зборува човек. За Бугарите и Грците луѓето и државите како да се за продавање? Но кога ќе наидат на малоумни и потполно недоветни владатели, се' е за продавање. Ако тргниме по нивниот ум. А тргнавме и затоа Зоран Заев не влечка за нос, скоро четири години.

И за крај, мои драг народе, еве што  вели најмладата внука на Гоце Делчев за неговата "бугарска" народност, па би требало еднаш за секогаш да им поверуваат на фактите, за да не се срамат пред целата светска јавност, со својата неукост.

"Јас сум Катерина Трајкова, најмалата внука на Гоце.  Јас дојдов кај вас, не чекав вие да доидете да бидам учителка, просветителка. Да бидам и во затвор на Бугарите. Од мала, 16-ет годишна тргнав по неговиот пат. Го следев секој негов чекор...Само вие не разбравте дека јас сум жива и дека јас ја сакам Македонија.  Не за друго, туку за да знаат Македонците дека Гоце и неговата фамилија и' се посветени само на Македонија.

Гоце ќе се преврти во гробот ако дознае. Затоа чувајте го чисто името, немој некој да го присвојува. Чувајте ги и неговите зборови за Македонија и за сет свет кој знае да чита... Вистинските зборови на еден прекрасен човек посветен на целиот свој народ. Животот  го даде знаејќи дека умира за Македонија.

Во устата на Гоце секогаш стоеше зборот Македонија. За неа беше подготвен да умре и така направи... Да се чува Македонија зошто од Македонец подобар, почесен човек нема. Браќа и сестри, вечна да биде Македонија".

За секогаш Ваш Сотир! 

 

Олгица Никола Трајковска

СО ПОПИС ДО ОТПИС НА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

 

01 февруари 2021

Меѓу последните организирани егзекуции на македонството, штотуку изгласан од неговите претставници е, наводно, статистичка: Со Законот за попис 2021!

Уште непотпишан и необјавен, беше поздравен од стратешкиот партнер! Не поради незнаење, туку заради континуирана подлост и зла цел-поставеност во Проектот за уништување на МК држава и народ! Формално и фактички и овој пат, на власта, примарна задача и' е остварување на Проектот, под лажен превез дека е за наше добро и приближување кон ЕУ, а всушност е перманентно оддалечување, до непостоење! Како и сите претходни и ова злодело, се случува со безобзирно кршење на востановените демократски процедури, со злоупотреба на "европското знаменце", која е со политичка, наместо со статистичка цел и со однапред проектирани последици, најмалку европски...попатно и со веројатни злоупотреби на лица и податоци, веројатни манипулации и основа за пресметка со непослушните (опонентите/критичарите на власта)...

Накусо, ќе се обидам да појаснам зошто: Во процедурата за донесување заради прескокнување на пропишаните процедури, на предлог-законот неосновано му закачија "европско знаменце", што значеше дека неговото донесување е ИТНО заради усогласување со европското законодавство (?!).

Внимателно проучување на директивите на кои се повикува Законот, како и искуства/закони на држави членки на ЕУ, како и други, упатува на сосема други решенија од оние што се предмет на регулирање на "нашиов" Закон.

1. ЗА НАЦИОНАЛНОСТА (Етничката припадност)

Покрај облигаторните податоци кои треба да бидат попишани е наведено дека националната припадност, јазикот и верската припадност се прашања за кои попишаното лице НЕ Е ДОЛЖНО да се изјаснува (факултативни податоци). Сосема во согласност со правото на секој човек/ граѓанин да не/се декларира за своето интимно чувство на припадност. Ова европско решение е во согласност со априори, неспорнит статус/припадност на граѓаните (во унитарни држави) како припадници на истата нација и говорат еден службен јазик - на државата чии се граѓани.

Но! На македонската држава, спротивно на било кое меѓународно право и искуство, иако уставно декларирана како унитарна, на државно ниво, насилно и' се наметнаа уставни и законски решенија врзани со права на граѓани, по основа на нивна национална (етничка) припадност (малцинства/ "делови од народи") кои права и функционирањето на државата се условени од нивната бројност (20").

Притоа, едно од овие малцинства (албанското), дури и независно од неговата бројност, уставно е надредено над другите (на пр. состав на Комитетот за односи меѓу заедници). По основа на бројноста на овие малцинства се пропишани и посебни апсурдни исклучоци, спротивни на унитарноста, на дискриминаторна основа (тнр. "позитивна") во сферата на употреба на нивни јазици како службени на ниво на државата (?!), во образованието, вработувањето и др.

Оттука, во голем дел, функционирањето на државата е непосредно врзано и УСЛОВЕНО од бројноста на некое малцинство, дури и независно од неговата бројност!

Затоа, начелото на европските стандарди за факултативност на податокот за национална/етничка припадност на попишаните лица е  во спротивност со уставните и законските решенија на македонската држава! Практично и  преку пописнава ЕУ регулатива и искуства, се констатира дека македонскиот уставен систем, насилно наметнат и од страна на меѓународниот фактор (2001 г. со Рамковниот) е НЕОДРЖЛИВ и НЕОСНОВАН, а е насочен исклучиво кон само деструкција на државата од внатре, како нефункционална!

Па затоа: Ако власта навистина сака приближување кон ЕУ преку вградување на нејзините стандарди и добри практики во националното македонско законодавство, ќе мора, или да изврши РЕВИЗИЈА на Уставот и да ги отстрани одредбите кои налагаат решенија врзани со националната/етничка припадност на нејзини малцинства на ниво на државата како унитарна и во пописниот Закон да ги вгради и оствари, со што формално и фактички ќе се доближи до Европската Унија...

Или отворено да ПРИЗНАЕ дека во интерес на меѓународната заедница и преку своето КРИМИНАЛНО и  СВЕСНО кршење на овие стандарди, го остварува Проектот за уништување на македонската држава и народ и дека и со ПОПИСОВ, фактички и формално, се' се ОДДАЛЕЧУВА од својата прокламирана цел - ЕУ, во која толку, божем се колне и во чие име, како мамка, КОНТИНУИРАНО го спроведува Проектот за уништувањето преку сите други егзекутивни акти: Рамковниот, Пржинскиот, Територијалната, Преспанскиот, Бугарскиот, Двојазичниот, Амандманите... а сега и со ПОПИСОВ!

2. ЗА ВЕРОДОСТОЈНОСТ на пописните податоци.

За кредибилност на пописот, главен услов на државите е обезбедување на веродостојноста на собраните податоци. ЕУ регулативата упатува на можност, тие да се собираат од надлежни институции кои ги водат по службена должност (со кои МК исобилно располага!) или од терен, непосредно, или комбинирано на двата и/или други начини. Вкрстувањето  на податоците од институциите и од теренските се основа за констатирање дали некој дал лажни податоци, што е основа за негово санкционирање!

Но! Имајќи предвид дека: 

2.1.Институциите со години ги немаат АЖУРИРАНО своите податоци (изјава од експерт за статистика);

2.2.Попишувач ќе биде ЕДНО лице;

2.3.Пописот ќе се врши ЕЛЕКТРОНСКИ, а недовербата кон изборот на попишувачите и нивната кредибилност е поткрепена со низа кадровски решенија на власта, засновани исклучиво на партиска основа...итн...;

2.4.Недефинираност во Законот-КОЈ и како дава податоци за отсутни лица (што е само по себе погрешно/спорно!);

2.5.Попишаното лице НЕМА никаков ДОКАЗ / процедура за проверка и верификација на податоците што ги дал или не ги дал, па бланко е во рацете на попишувачот (а со тоа и на власта)...;

2.6.Противзаконската јавна ЗАКАНА кон граѓаните од овластени службени лица со непостоечки драконски затворски казни (од директорот на органот за статистика и претседателот на Владата) за одбивање попишување/давање погрешни податоци...итн. Оттука, овие и слични факти, основано го наметнуваат сомнението дека може, секој човек/ граѓанин, неосновано да биде казнет, односно, лажно/погрешно да биде пријавен дека дал погрешни податоци или ОДБИЛ да учествува во попишувањето, дури и при ненамерна грешка од самиот попишувач!

3. ЗА ПОЛИТИЧКА а не статистичка операција

Имајќи го предвид напред изнесеното за националноста и веродостојноста на ПОПИСОТ, како и:

3.1.Попишувањето на лица кои се надвор од државата ПОДОЛГО  од 12 МЕСЕЦИ спротивно на ЕУ регулатива и стандарди);

3.2.Правната можност едно лице да има 2 и 3 ДРЖАВЈАНСТВА, особено од соседството, со јавно декларирани претензии кон Македонија;

3.3.ДВОЈНИОТ ПОТПИС на резултатите, кој, наводно, произлегува од Пржинските договори (што се однесува ИСКЛУЧИВО на политички прашања во домен само на четири политички партии, а не на административни/статистички активности!)

3.4.ЛИЦИТИРАЊЕ од високи државни функционери на процентот Албанци

3.5.ЕКСПРЕСНА ПОДРШКА на Законот од меѓународните кои се заинтересирани исклучиво за Проектот против македонската држава и народ

3.6.Инсистирањето Пописот по секоја цена да се спроведе ПРОЛЕТВА, што е во соспроведување на бугарскиот договор и Косовското прашање

3.7.Занемарување на мерките за ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА од Ковид 19, што е политика на светско ниво

3.8.ИГНОРИРАЊЕ на препораките на светските организации за одложување на Пописот, а кои десетина други држави во Европа ги уважија...итн...

Сите овие и други факти докажуваат дека и Пописот е, всушност, уште еден од недоизведените, насилно наметнати, неевропски, нестручни, подмолни...ПОЛИТИЧКИ "балкански" методи за докрајчување на македонската држава и народ!

4.ЧАРЕ? Како ретко кога, Македонците се во небрано: Што е најумно/најмалку штетно да сторат во овие услови, при ваква регулатива и со вакви намери на власта и меѓународната? Сите, досега, јавно изнесени идеи, имаат своја слабост, тешка спроведливост и неизвесност:

4.1.Едни повикуваат на БОЈКОТ. Но, со бојкот директно се придонесува кон нереален сооднос на Македонците и другите, особено на граѓаните од албанска националност (етничност), што би било на штета на македонската држава и народ! Бојкотот би имал сила доколку огромен број на населението одбие попишување. 

4.2.Други сметаат дека треба да се спротиставиме со "НИВНИ КАМЕЊА", а имено - да обезбедиме документација од македонската дијаспора, па со тоа да спротиставиме. Но за реализација на оваа мерка треба големо ангажирање, пропаганда и активности за нивно обезбедување пред се' на СМК, ОМД и други...

4.3.Трети, (собраниската опозиција) сметаат дека со собирање 10.000 ПОТПИСИ во име на подршка за поништување на Законот, тој ќе биде поништен. Но, во услови на нефункционирање на парламентарната демократија, кога ниту две третини од граѓаните не дадоа подршка на Преспанскиот, а тој се спроведе кога формално нема таков предложен закон за поништување закон и кога 10.000 потписи немаат поголемо дејство за претседателот на Собрание, отколку над 300.000 кои стојат зад опозицијата (вклучително и повеќе стотици илјади кои не учествуваа на изборите)...наивно е да се очекува дека овој начин би успеал!

4.4.Четврти сметаат дека треба организирање РЕФЕРЕНДУМ со прашање како она од 2018 со што власта со бојкот на референдумот нема да добие легитимитет и легалитет на законското решение, пак ќе мора, согласно Уставот да го повлече. Резултатот од ваков референдум, независно каков резултат ќе покаже, извесно е дека власта, по ни една цена нема да го испочитува, а се' ќе стори тој и да не се одржи!

4.5.Петти сметаат дека имаат уставно право да одбијат попишување заради ЗАШТИТА ОД ЗАРАЗА, согласно мерките на власта...итн...

Оваа можност има најсилна правна основа, но не наложува менување на Законот, туку предизвикува само негово одложување...а резултатите ќе бидат исти и на штета на Македонија!

За жал, во отсуство на национална сплотеност и изграден ЕДИНСТВЕН СТАВ/СТРАТЕГИЈА на македонските интелектуални и патриотски потенцијали, пак остануваме - секој сам да ја води борбата за Македонија!  (https://denesen.mk(

Македонско Собране

Ангел Наков

ДОМИНАНТНО МАЛЦИНСТВО ВО МАКЕДОНИЈА

 

КОИ ЗАКОНИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ДОНЕСАТ БЕЗ АМИНУВАЊЕ НА АЛИ АХМЕТИ

01 февруари 2021

Доминантно малциство е малцинска група (вообичаено етничка) која има огромна политичка, економска или културна доминација во една земја. Македонија и Сирија се единствените земји во светот каде функционира принципот на доминантно малцинство. Во Сирија тоа се однесува на малцинството Алавити чиј претставник е фамилијата на АСАД, а во Македонија тоа се Албанците со нивните претставници.

Системот на доминантно малцинство во Македонија се воспостави после мировниот договор во Охрид, под огромен притисок на нашите западни пријатели. Ниту тогаш, ниту денес, не се најде македонски политичар барем да праша каде во светот постои таков хибриден систем и како тој функционира. Ако прашаа, ќе им кажеа дека такви системи постоеја во Руанда, Јужна Африка и Ирак. Држави, кои знаеме како завршија.

За да нема непотребна и неплодна дебата и теоретизирање на оваа тема, ги споделувам само неспорните факти.

Дали знаете колку закони во Македонија мора да се носат т.н. "Бадентерово мнозинство", односно за нив мора да гласаат најмалку половина од албанските пратеници? Верувале или не, 40 (четириесет) закони. Кој не верува нека го погледа чл. 11 од Законот за комитетот за односите меѓу заедниците (Сл. Весник бр. 150/2007). Ве молам потрошете малку време и погледајте кои закони не може да се донесат, ако за нив не даде амин Али Ахмети. Но тоа не е се. Со Законот за референдум, на граѓаните им е забрането да се изјаснуваат преку референдум за прашања поврзани со изборите, државниот буџет и сите прашања кои се поврзани со законите кои се носат со "бадентерово мнозинство". Со други зборови правото на граѓаните директно да се изјаснат за некое прашање, буквално, со закон им е забрането.

Сегашното шоу наречено "попис", е само замајување на јавноста од суштината на проблемот. Проблемот не е дали Албанците се 20, 30 или 50%, туку никој да не му падне на памет да чепне во системот на доминантно малцинство, кој од Македонија направи феудална држава со две антагонистички класи. На една страна "феудалци" (тајкуни, политичари и нивните полтрони), а на другата "селани-вазали" (граѓаните на Македонија).

Еве ја листата на закони за кои мора да се гласа со т.н. "Надентерово мнозинство" (читај: со амин на Али Ахмети): Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за комуналните такси, Законот за даноците на имот, Законот за вршење на занаетчиска дејност, Законот за определување на имиња на улици, плоштадите, мостовите и на други инфраструктурни објекти, Законот за полициска академија, Законот за воена академија, Законот за правосудниот испит, Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата, Законот за личната карта, Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија, Законот за матичната евиденција, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за објавување на законите, другите прописи и акти во Службен весник на Република Македонија, Законот за радиодифузната дејност, Законот за државните награди, Законот за основното образование, Законот за ученичкиот стандард, Законот за основање Државен универзитет во Тетово, Законот за Бирото за развој на образованието, Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители, Законот за просветна инспекција, Законот за културата, Законот за музеите, Законот за библиотеките, Законот за меморијалните споменици и спомен обележја, Законот за културното наследство, Законот за празниците во Република Македонија, Законот за научно-истражувачката дејност, Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, Изборниот законик кој се однесува во делот на локалните избори, Законот за попис  во земмјоделството во Република Македонија, Законот за градот Скопје, Законот за стручно образование и обука, Законот за филмскиот фонд на Република Македонија и Законот за народниот правобранител.

ШТО ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ?

Треба да се покрене постапка за измена на овој закон. Новиот закон во секој случај треба да ги штити сите помали етнички групи во државата од мајоризација. Кога станува збор за законите кои ги регулираат прашањето за употребата на јазикот и писмото и остварување на културните традиции, нема никаква дилема дека е потребна согласност на помалите етнички групи. Сите други права спаѓаат во групата на граѓански права и тука нема никој право да го воведува системот на доминантно малцинство.

КАКО ДА СЕ НАПРАВИ?

Оваа тема треба да се отвори во јавноста. За неа да се дискутира, истражува. Да се организираат трибини на ниво на научните и високообразовните институции. Да им се објасни на граѓаните дека постојната законска регулатива не е никаква одбрана на какви било граѓански или етнички права, туку само орудје во рацете на неколку политички партии (македонски и албански), непречено и без никаква одговорност да владеат со "феудалната" држава Македонија. Добро информираните граѓани се најмоќното орудие кое ќе ги спроведе потребните промени.  (https://www.mkd.mk).

 БУГАРИЈА И ГРЦИЈА ЌЕ ТРЕБА ДА ГО МЕНУВААТ ЗАКОНОДАВСТВОТО

 

ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ ИЗГЛАСАА РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА МАЛЦИНСКИТЕ ПРАВА

31 јануари 2021 

За резолуцијата гласале 524 европратеници, 67 биле против и 103 воздржани. Сега треба Европската комисија да предложи законски акти за заштита на јазиците на малцинствата и на повеќејазичноста, кои сите земји, членки, на ЕУ ќе треба да ги усвојат како дел од своето законодавство.

Европскиот парламент заклучи дека националните и јазичните малцинства во ЕУ се соочуваат со асимилација и ги губат своите јазици.

Европратениците се согласија дека земјите членки се одговорни за заштита на правата на малцинствата, но истакнаа дека очекуваат заедничка рамка на минимални стандарди на ЕУ за заштита на малцинските права. Тие додадоа дека регионалните јазици мора да се промовираат, јазичните права да се заштитат таму каде што се користи повеќе од еден службен јазик и јазичните заедници да се бранат во согласност со основните права.

ЕП исто така ја изразија својата загриженост за алармантното  зголемување на злосторствата од омраза и од говорот на омраза против лица кои припаѓаат на малцински групи.

Безбедносниот пакет за заштита на малцинските права содржи препораки на ЕУ за заштита на културната и јазичната разновидност: програми за финансирање на мали јазични заедници; создавање  центар за јазична разновидност; фондови за регионален развој на ЕУ за покривање на заштитата на националните малцинства; истражување за вредноста на малцинствата во нивните општества; приближна еднаквост за малцинствата без државјанство како Ромите...

За претставниците на македонското малцинство во Бугарија и Грција отворено останува прашањето дали ова може да значи голема промена на нивниот статус во овие две земји членки на ЕУ.

Официјално, во Грција и Бугарија нема малцинства. Во овие земји членки на ЕУ забранета е регистрацијата на политички партии или културни здруженија на Македонците, кои немаат можност за образование на мајчин јазик.

Во договорите со Бугарија и Грција (Договорот за добрососедство и пријателство и Преспанскиот договор) Македонија практично се откажа од каква било помош и подршка на борбата на македонското малцинство за остварување на нивното основно човеково право. А.Д.

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

АНА ЈОВАНОСКА 

 

 БИДИ ЧОВЕК

Цени го животот - не ти е даден за бадијала.
Сакај се прво себеси - за да ги сакаш и другите.
Живеј за себе - не за што ќе речат луѓето.
Радувај се на туѓите успеси - тие ќе те воздигнат.
Биди свој - бесмислено е да се преправаш.
Сакај ги растенијата, животните и луѓето - а не парите.
Чувај ја природата - таа те одржува во живот.
Отвори го умот - ама слушај го срцето.
Не ја барај среќата надвор - таа е во тебе.
Биди скромен - твоето ќе си дојде.
Не се врзувај за материјалното - тоа не останува.
Не суди - секој има право да живее како сака.
Не потценувај - сите сме исти.
Слушај наоколу - од секого можеш да научиш нешто.
Следи ги соништата - можеш и да ги оствариш.
Живеј сега - после е веќе доцна.
Биди човек - друго и не ти личи.
*************
Ана Јованоска, 01 јануари 2021. 

 

ВИДЕОТЕКА - VIDEOTEKA

Kind regards : Sotir Grozdanovski-Makedonski

Broj 335 ( 05 февруари 2021)