ЌЕ ГО ИМАМЕ ЛИ? ПА ВРЕМЕ Е ДА ВИДИМЕ КОЛКУ СМЕ!

Сотир Гроздановски-Македонски

 

 

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ЗАЕВ НЕСОМНЕНО ТОНЕ, АМА ПРАШАЊЕ Е КОГА ЌЕ ПОТОНЕ И ИСЧЕЗНЕ ЗАСЕКОГАШ

 

 

30 јануари 2021

Деновиве македонскиот печат е преплавен со секакви вести, некои релевантни, некои ирелевантни за нас кои ги следиме настаните во  Република Македонија. Донесуваат вести за се' и сешто. Вести од кујната на Зоран Заев и неговиот СДСМ или вести од опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ. Но, сепак, главна тема е  ПОПИСОТ на македонското население и бесрамните лаги и измами на Зоран Заев.

Можеме слободно да констатираме дека Зоран Заев и Али Ахмети  и понатака се главните актери во оваа трагикомедија на македонската политичка сцена. Меѓутоа,  непријателските политики и нивните штетни последици по македонските национални интереси внимателно се следат и евидентираат од новите патриотските сили,   како докази, кои еден ден ќе сведочат    пред новите правни органи на македонската држава.

И едните и другите од  борбата за  реализирање на нивните  планови  и агенди очекуваат тоа што очекуваат, верувајќи дека вистината и правдата се на нивна страна. Но сепак, најзагрижен  од исходот на ПОПИСОТ би бил Али Ахмети и неговата УЧКА, трансформирана во Демократска Унија за Интеграција (ДУИ). Ќе прашате, зошто? Па затоа, бидејќи доколку ПОПИСОТ се заврши  со реални резултати од кои стравуваат Албанците во Република Македонија, во тој случај нивниот Рамковен договор и Тиранската платформа би  отишле низ вода за секогаш. И не само тие, туку заедно со нив и политичката моќ на типови како Али Ахмети и неговите борци за "човекови права". Борци - терористи, преоблечени во политичари, кои никогаш не ја признале Република Македонија за своја држава, ниту пак македонскиот јазик за официјален. 

Но сепак, мораме да го посочиме и фактот дека во оваа нечесна политичка игра во и околу Република Македонија, загрозена е позицијата, моќта  и политичката иднина на Зоран Заев, што го притиска   по секоја цена да ја истурка својата агенда за доуништување на  македонската држава и потоа "заслужено" да си замине негде, каде, евентуално, ќе го сместат неговите надворешни "пријатели". Или, можеби,  новата македонска власт  на неодредено време во некои од македонските "поправни домови". 

Покрај ПОПИСОТ, застрашувачки факт за премиерот на така наречената  Северна Македонија се и криминалните дејствија кои секојдневно се појавуваат пред очите на македонската и светска јавност и од неа создаваат најкорумпирана земја во светот.

Последниот извештај на Транспаренси Интернејшенел покажува дека Македонија има највисок ниво на корупција и е сместена на 111 место, 5 места полошо од ланскиот извештај. 

Исто така, спрема реакциите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ извештајот потврдува дека со Македонија владее мафија која се богати на грбот на народот. Затоа мафијата на Зоран Заев јаде со златни лажици, а обичниот граѓанин нема ни за леб.

Меѓу криминалите  на Зоран Заев и СДСМ, спрема изјавите на ВМРО-ДПМНЕ и Транспаренси Интернејшенел се и  финансирањата на магарињата и фризерниците низ Македонија со европски средства, потоа рекетот, торбите со снопчиња пари и десетици други корупциски скандали на власта, меѓу кои и компаниите блиски на семејството Заеви кои од Фондот за иновации, минатата година, извлекле милионски суми грант.

Минатата недела Извештајот на Транспаренси Интернејшенел  го спомна и холандскиот амбасадор во земјата, Дирк Јан Коп, кој на власта и' прати порака дека не е Бугарија најголемата пречка на патот кон ЕУ, туку корупцијата и лошото владеење со државата. Но, дали сето тоа има некои ефект на Зоран Заев, за сигурно да не!

И за крај на овој текст ќе споменеме уште нешто за ПОПИСОТ и тоа од албанскиот градоначалник на Гостивар, познатиот локален политичар, Арбен Таравари. Таравари се сомнева дека годинава ќе се одржи попис. За него е нејасна методологијата за попишување и нема да одел на дебати, бидејќи, како што вели, на нив мнозинството градоначалници застапуваат партиски ставови.

Сомнежот дека попис ова година нема да има, Таравари го искажа во одговорот на новинарско прашање дали добил покана за учество во најавените дебати. Прашан на што го темели сомневањето, посочи дека роковите се кратки за да се исполнат условите, а нејасна е и методологијата.

"Попис треба да има, тоа сум го кажал повеќе пати и стојам на тој став. Меѓутоа имаме повеќе забелешки на методологијата. Не можам да го разберам ниту директорот на државниот завод за статистика кој во неколку наврати различно зборува. Од тие причини имам лични дилеми дека пописот ќе се одржи оваа година. Еве, веќе е Февруари, а подготовките за ваква значајна операција не се почнати",  изјави Таравари, нагласувајќи дека тоа е негов личен стаав.

Фактите си го велат своето, а дали оваа година во Април ќе има попис на населението во Северна Македонија, времето ќе ни покаже. Дотогаш ве поздравувам сите подеднакво и ви посакувам добро здравје и трпение.

(За секогаш, Ваш Сотир)

Љупчо Коцарев

   Љубиша Николовски
МАКЕДОНИЈА ГЕОПОЛИТИЧКА ЛАБОРАТОТИЈА  НА ГОЛЕМИТЕ "ИГРАЧИ" КОИ ТЕСТИРААТ СВОИ "РЕЦЕПТИ" ЗА СОЖИВОТ И СТАБИЛИЗАЦИЈА.

 

25 јануари 2021

Во интервју за Слободен печат претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев изнесува неколку провокативни тези за Преспанскиот договор каки и за Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој во оваа прилика тврди дека и двата договори се недостоинствени за граѓаните на Македонија и дека Македонија е "центар за регионална дестабилизација" како резултат на геополитичките игри на големите сили кои ја претвораат во поле на своевиден експеримент.

Ако кон ова се додадат и домашните политички превирања тогаш, заклучува Коцарев, бродот наречен Македонија полека но сигурно тоне.

- Неодамна изјавивте дека МАНУ планира да направи своевидна научна проценка на Договорот од Преспа за кој рековте дека "е извор на дестабилизација на регионот"! Дали сеуште стоите на истата позиција и врз основа на што го тврдите тоа?

Да, сеуште стојам на истата позиција и еве ги моите куси размислувања (кои ќе бидат дополнети во интегрален текст, што наскоро ќе биде објавен во МАНУ). Значењето на Преспанската спогодба, според некои автори, има повеќе димензии. Прво, за САД примарната цел на Преспанската спогодба беше покажување на агресивна дипломатија кон Русија (која што го презеде водството на Блискиот Исток) и Кина (која што економски продираше во регионот), при тоа, не водејќи сметка за ефектите, без оглед дали биле намерни или не, врз политиката на проширување на ЕУ. Второ, "решението" за спорот за името беше мотивирано од геополитичка "итност", т.е. од потребата за зацврстување на НАТО на Балканот во контекст на можната нова студена војна и требаше да послужи како увертира за решавање на многу поважно геополитичко прашање-односот Белград/Приштина. Трето, очигледното непочитување на негативните ефекти што произлегуваат од Преспанската спогодба за македонското општество укажува на тоа дека Западот (особено САД) е подготвен да жртвува еден неважен пион, Македонија, за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи распаѓање на државата и обновување на регионалниот поредок. Македонија, за жал, во последните неколку години, постепено, за да конечно, во 2020, стана центар на регионалната дестабилизација. Тоа се случи, во голема мера, поради внатрешните политички превирања, отсуството  на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста, но, делумно и поради сличните појави и однесувања во дел од ЕУ државите. Резултатите од дестабилизацијата се веќе видливи во Македонија катадневно, на пример, во, благо речено, дивеењата што се случуваат во повеќе институции и на повеќе нивоа. Тие што тоа не го гледаат, всушност, од ним (не) познати интереси, не сакаат да го видат. После се што направи Македонија, од независноста до денес, да се потсетиме, бевме први во регионот по многу прашања, останува горчлив вкусот дека Македонија се перципира само како геополитичка лабораторија во која меѓународните поголеми "играчи" тестираат свои "рецепти" за стабилизација, соживот и институционална трансформација.

Во домашниот дипломатски дискурс на нашите политичари, стабилноста и просперитетот на Македонија се разгледува во контекст на членството во ЕУ. При тоа, за жал, доминантен е стериотипот дека овој процес ја стабилизира и мотивира демократската, економската, општествената и безбедносната трансформација на Македонија. Од друга страна,  во текот на последниве децении, регионот, не само Македонија, вклучувајќи ги државите што веќе се  во ЕУ и покрај политиката на проширување, постигна мал, речиси незначителен напредок во клучните области на ЕУ. Можеби неколку децении се мал период, но, впечатокот на многумина , вклучувајќи ме и мене, е дека бродот наречен Македонија, со секоја измината година, полека но сигурно се повеќе тоне. Ако во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, Македонија се соочува со барања и/ или реформи, кои не ги исполнуваат многу други ЕУ држави, ако некои од напредни западни демократии го загубија кредибилитетот да кажуваат што се демократски вредности кога и самите тие не ги почитуваат, ако Македонија се соочува со, благо кажано, бесмислени и апсурдни уцени, што ни останува нас?

МАНУ треба да создаде форум за отворена академска дебата на која ќе се слушнат различни мислења, а ниту една тема, па ни Преспанската спогодна не смее да се третира како табу-тема. Нема потреба од идеализираниот пристап според кој спогодбите се исклучиво штетни/корисни, спогодбите не се запишани во камен, а нивната вредност се мери само преку тоа колку даваат одговор на предизвиците и потребите на општеството.

- Ваквата изјава најде и на реакции во јавноста. Сметате ли дека таквата своевидна "ревизија" на договорот ќе остане само за домашна научна употреба, или може и треба да има и политички импликации во стварноста и какви би биле тиа?

За можните геополитички импликации треба да се направи многу подетална анализа, а за идните политички решенија треба да има консензус. Синтагмата "ЕУ е единствена алтернатива" е потполно погрешна - многу е подобро да зборуваме, на пример, дека ЕУ е најдобрата, од повеќето, алтернативи. Или, слично. Вака, ако ЕУ, од повеќе причини (неповрзани со Македонија) го стопира целосно процесот на проширување или го одложи за подолг период, што тоа ќе значи за Македонија?

За две работи би сакал да проговарам накусо сега. Прво, минатата година, пандемијата ковид-19 го стави на тест и светот, но и Македонија, укажувајќи на инхерентните слабости кои досега беа забошотувани, во рамките на една држава, но, многу повеќе и во транснационалните институции. Интересот што стои зад национализмот и неговите институции (на пример, националната држава) - достоинство на личниот идентитет - пандемијата го зацврсти. Така, транснационалните институции, наместо националната држава, најверојатно ќе станат жртви на пандемијата. Во тоа светло, треба да се анализираат договорите со нашите соседи и идните политики на ЕУ за проширување.

- Дали имате сличен став и во однос на Договорот за добрососедство со Бугарија кој очигледно не ги дава саканите резултати, туку напротив Македонско-Бугарските односи навлегоа во своевиден ќорсокак при што се навлегува во идентитетските прашања на Македонскиот народ?

Не навлегувајќи во текстот на договорите, во (не) научните аргументи на понудените решенија, за тоа ќе зборувам на друго место, она што сакам да кажам тука е дека и двата договори се недостоинствени за граѓаните на Македонија.

Според многу истражувања, моралните избори се возможни, "но луѓето се наклонети да ги подржуваат професионалните" и (не) етичките "кодови на апстрактната државна машинерија".

Кои се нашите морални избори За моралниот избор на секој поединец, граѓанин, академик, оставам тој сам да реши! Моралниот избор на МАНУ е преточен во многу документи на МАНУ, за 2020 година, тоа се, на пример, Промеморијата за државотворноста и идентитетот на Македонскиот народ и Ставовите на МАНУ во врска со реформите во образованието. Моралниот избор на државата Македонија е јасен. За ова сум говорел повеќе пати: за државата Македонија, Македонците се  посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава. Ваквиот избор нема да имплицира неправда кон државата Македонија ниту нанесување на било каква штета, напротив, тој ќе значи поголемо почитување од другите држави. За нас, Македонците, ваквиот пристап ќе значи само спокој и достоинство.

- Иако сметате дека Договорот од Преспа е "штетен" за нас и за регионот, сепак можат ли некои одредби од тој договор да бидат аргумент повеќе во корист на Македонија во спорот со Бугарија?

Детална анализа на одредбите од двата договори, со посебен осврт н инхерентната поврзаност на спогодбите со Бугарија и со Грција, кои веќе создаваат синергија која не беше предвидена или беше превидена во времето кога се потпишуваа двата договори, ќе направам на друго место. Тука сакам да укажам  дека за таа поврзаност зборуваше, уште во 2019 година професорот Виктор Фридман. Неговите размислувања, во 2021 година, ќе бидат објавени, од реномираната англиска издавачка куќа Routledge во книгата со наслов "Македонија и идентитетската политика по Согодбата од Преспа", во која е поместен неговиот труд "Чаша полна до половина или пехар со отров? Спогодбата од Преспа и современиот македонски јазик". Според Фридман "ако формулацијата се толкува на тој начин, или ако Северна Македонија е принудена од ЕУ да ги прифати бугарските негирања за постоењето на македонските дијалекти, тогаш Спогодбата од Преспа ќе биде повеќе пехар со отров".

- Има ли според вас реални шанси Бугарија да ги промени исклучивите барања, кои освен што се политички, станаа и "научни" со подршка од страна на БАН?

Ставовите на нашиот сосед се јасни. На 9 октомври 2019 година, бугарската влада официјално усвои документ со кој се определува Рамковната позиција на Република Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и Албанија. Позицијата е непроменета и недвосмислена, што се потврдува и со следниот цитат (преземен од веб страната на Владата на Република Бугарија, (hhtps://www.gov.bg/bg/prestsenter/novini/ramkova-pozitsia): "Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешна југословенска република по нивната кодификација во 1944 годиан. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. "македонски јазик", одвоен од бугарскиот".

Зар има потреба од други коментари? Дел од суверенитетот на било која држава вклучува ексклузивно право на државата да ги регулира нејзините внатрешни работи: религија, јазик, националност и соодветно на тоа, образовниот систем. Суверенитетот на било која држава, па така и на Македонија, вклучува право на самоопределување за прашањата на идентитетот, јазикот и религијата, што подразбира, од друга страна, дека идентитетот, јазикот и историјата воопшто не се (и не треба да бидат) тема за политичко пазарење.

- МАНУ во изминатиот период имаше обиди за доближување на соработката со БАН токму по ова прашање, но во одреден временски политички период како тие напори да запреа. Кои беа причините за тоа?

Не сум сигурен дека обидите за соработката со БАН беа, она што вие го велите, "токму по ова прашање". МАНУ и БАН имаa вистинска соработка во многу научни полиња, но прашањата за македонскиот јазик и идентитетот, се чини, спoред мене, беа ставени "под тепих", иако, ниту македонскиот јазик ниту македонскиот идентитет не беа оспорувани и ние имавме со БАН рамноправна и достоинствена соработка. Мислам дека единствената причина за прекинот на соработката се ставовите на МАНУ во врска со македонскиот идентитет, јазик и историја.

- Дали МАНУ размислува да се вклучи во решавање на спорот преку директни контакти со БАН?

Би сакал тоа да се случи што поскоро и ќе ги подржам сите иницијативи во таа насока. Но, со една забелешка. Кога станува збор за институционална соработка меѓу две академии, треба да се подвлeче дека, во согласност со Статутот на МАНУ, за тоа одлучуваат органите/телата на МАНУ, а не нејзиниот претседател. Во однос на институционалните соработки, би сакал да потенцирам дека ќе ги подржам само соработките на МАНУ со оние институции, вклучувајќи и академии, кои го почитуваат научниот факт: Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава. (https://www.slobodenpecat.mk/akademik-lupcho-koczarev-makedonija). 

Љубиша Николовски

Страшо Ангеловски

Страшо Ангеловски

КАДЕ ЌЕ СЕ ДВИЖАТ САД И СВЕТОТ СО БАЈДЕН КАКО ПРЕТСЕДАТЕЛ?

 

25 јануари 2021

Најверојатно најпоставувано прашање минативе месеци  е токму тоа-во која насока ќе се движи политиката, посебно онаа надворешната, на САД, по доаѓањето на Џозеф Бајден на чело на државата. И, што може светот и човештвото да очекуваат од администрацијата на Бајден за која во најава веќе се знае дека ќе биде продолжение на Клинтон - Обама кадровските решенија.

Ако тргнеме од тезата на еден оа најголемите јужноамерикански поети и мислители од минатиот век, Едуаро Галеани, според кого, од појавата на неолибералната, глобалистичка идеологија, поточно, методологијата на владеење, светот живее во воена економија и култура на војната, можеби е повеќе од јасно што треба да очекуваме. Згора на се, доколку се исполни најавата дека "милитантната" Викторија Нуланд се враќа во администрацијата на Бајден како државен подсекретар, станува повеќе од јасно дека "културата на војната" е четиригодишната иднина на човештвото.

Имено, Нуланд веќе изјави дека "САД треба да застане на чело на демократијата на светот заради поефикасна борба против Москва", за да, замислете, во име на "демократијата", на Москва и ги подигнеле трошоците за конфонтрација и милитаризација. И сето тоа, нормално, со засилено вооружување на "светската демократија" и нови постојани воени бази на источната граница на НАТО.

Ова јасно зборува  дека основна насока на американската надворешна политика за Бајден и неговата администрација ќе биде натамошно ширење и зајакнување на американските позиции преку НАТО алијансата, кон границите со Русија, што ќе значи нови провокации, нови воени и хибридни закани за мирот во Европа и светот. За да се постигне ова, САД ќе се обиде да го засилат своето присуство во Украина и дури да предиизвикаат руско-украински воени судири на истокот на Украина; ќе работат на создавање на уште една нефункционална држава по примерот на Украина и Македонија-Молдавија, во која треба да инсталираат "продемократска" власт, која ќе им овозможи зголемено присуство во црноморскиот регион.

Од друга страна, ќе се обидат да ги "дисциплинираат" своите сојузници во НАТО, пред се' Турција која во ерата на Ердоган покажа суверена и независна политика во сите области, а посебно во сферата на сопствената воена безбедност, купувајќи руски системи С-400. Следна, како членка на НАТО, ќе биде Германија, која мораат да ја "дисциплинираат" заради реализација на проектот за сопствена енергетска независност преку изградбата на рускиот гасовод "Северен тек 2".

Потоа следува "дисциплинирање" на земјите членки на ЕУ кои покажуваат поголема доза на суверенитет од дозволената, нормално, според американското Клинтон-Обама-Бајден неолиберално, глобалистичко сваќање на демократијата. Најпрво Орбанова Унгарија, потоа Полска, а најверојатно на ред ќе дојде и една Франција, заради желбата да биде лидер на ЕУ, но доколку Макрон и неговите министри продолжат со суверенистичка реторика која ја користат од денот на доаѓање на власт.

За да го оствари својот милитантен план, Бајден полека но сигурно, како свој верен соработник, ќе ја промовира постбрегзидска Британија. И не случајно, веќе наредниот самит на Г-7, седумте најразвиени "демократии" во светот, ќе се одржи наскоро во Британија а, како гости, ќе бидат поканети уште три држави, меѓу кои и "демократска" Индија. Индија, преку која САД би дошле зад грбот на Иран, но и во стомакот на Кина.

Што се однесува на нашето најблиско опкружување, на иднината на Балканот во идните четири години, доколку покрај Нуланд, во администрацијата на Бајден своето место го најде и нам добропознатиот Филип Рикер, политиката на САД на Балканот е повеќе од превидлива. Најпрво, ќе се изврши невиден притисок врз Србија за признавање на независноста на Косово и брза имплементација на Косово во меѓународните организации. Вметнувањето на војници од нелегалната косовска армија преку армијата на САД во структурите на НАТО, е само почеток на тој процес. Потоа ќе следува обид за насилничко поништување на Дејтонскиот договор и реконмпонирање на Босна и Херцеговина во унитарна држава.

Иако е извесно дека ништо од ова не може безболно да помине, тоа ќе биде тест за американско-руските односи и обид да се испровоцира руска неконтролирана реакција што може да биде уште како опасно, посебно за Балканот. Згора на се', ќе значи отстранување на германското и повторно зголемување на американското влијание, посебно на Косово. А којзнае, можеби до споменикот на Бил Клинтот, во Приштина ќе биде изграден и споменик на Џо Бајден, што ќе зависи од развојот на настаните. И конечно, што ќе се случува со Македонија по доаѓањето на Бајден на власт?

Едноставно ќе продолжи ароганцијата на неспособните и, неспособноста на арогантните. Власта, преку своите министри, ќе продолжи да ве учи како по црни патчиња да стасате до Штип доколку немате пари за патарина; како да зготвите два килограми месо во два месеци и да се чувствувате среќни; како да работите по 12 часа за да си купите шал од 300 евра и да бидете горди на тоа; како на неполни 30 години да си купите вила во Водно од 1.300.000 евра; како да славите победа на локални избори надвор од протоколи, да возите нерегистрирани мотори вредни над 30.000 евра; да славите роденден на партиски лидер во државни простории, со државни пари и без маска на лице заради чие неносење веќе се казнети илјадници сиромаси; како...

Ќе продолжи режимот на демократура (демократија+ диктатура), во кој еден мал дел од македонскиот народ во лицето на Заев и соработниците, помогнат од малцински групи и заедници, ќе ги погазува интересите на мнозинството од македонскиот народ. Арогантно и неспособно.

Ароганцијата ќе се зголемува бидејќи, нели, власта во САД е денес "нивна, неолиберална, глобалистичка". Па, ќе продолжат да удираат по македонскиот народ, а да коленичат и да се извинуваат на сите, буквално, на сите останати. Тоа ќе води кон натамошна поделба и целосна дезинтеграција на македонското општество, што, помогнато од политиките на Рикер и Нуланд, може да доведе и до дезинтеграција на државата.

Од друга страна, ароганцијата е најлошиот соработник на власта. Невидената ароганција во бришењето на предмето по историја, во бришењето на катедрата по македонски јазик, во потпишувањето анекс со Софија и покрај противењето на научната и целокупната јавност. Невидената ароганција со која се тепа сопствениот народ, која само го зголемува народното незадоволство, кое, еден ден, ќе доведе до внатрешна експлозија на слободната мисла, која ќе разнесе се' што е корумпирано, арогантно, ненародно и антимакедонско.

Зашто арогантните и неспособните, оние со шал од 300 евра, со имоти од милиони евра, со златни сервиси за јадење, мора да знаат и дека многу арно не е за арно. (https://denesen.mk)  

Коле Манев

 

Колев Манев

ЕУ ЌЕ ЈА ДЕМОЛИРАМЕ, ПЕПЕЛ ЌЕ ЈА НАПРАВИМЕ!

 

25 јануари 2021

Нашиов датум за почеток на преговорите со ЕУ стана историска легенда. Ако не ти е јасно зошто не можеме да добиеме датум или рамка со ЕУ, ќе се обидам да ти објаснам, се разбира на мој начин.

Ајде да почниме од лажните ветувања од страна на Заев , Димитров, Османи, кои пред две или три години, уште во авионот, на половина пат од Брисел до Скопје не уверуваа дема сме добиле датум за почеток на преговори. Се виде дека тоа беа лажги со опашки. Тогаш Макрон бил виновен, сега се Борисов, Каракачанов и Захариева. Бугарските власти си го бараат тоа што им треба и што го добиваат, ама јас мислам дека причината за тоа што нашиот славен датум за почеток на преговорите така долго се развлекува е и во нешто друго.

Да замислиме дека еден ден ќе добиеме датум и еден друг ден ќе станеме членка на ЕУ. Да претпоставиме дека тој ден на власт во Македонија (скраја да е) ќе бидат овие истиве кои со години не лажат и од државава направија "але за добиток". Знаеш што е "але", нели?

Повторно да замислиме дека во тој иден ден на Заев ќе му текне на умот, на пример, дека за време Втората светска војна, тие од нацистичка Германија не биле фашисти туку секаде каде оделе низ Европа го правеле тоа од хуманитарни причини, Евреите што ги собирале и ги носеле во конц-логори било исто од такви причини. Според логиката на Заев нацистите во Франција дошле како администратори, па така ќе излезе отпорот кој го водел Де Гол го правел за забава за да си го исполни времето.

Е сега повторно во такви иреални услови, нели Македонија членка во ЕУ, замисли ја Царовска да предложи во ЕУ нов закон за образование и посака да ги измени учебниците од членките во ЕУ и во нив по ред избрише важни имиња од историјата на Франција, Холандија, Финска, Шпанија, Чешка или Словачка за да му се умилкува на Заев и додворува на некоја трета земја. Може и  Пендаросвки да се уфрли во играта и спомене дека Венсангеторикс, кој се борел против Цезар ти бил и Француз и Римјанин, всушност правел како ќе му текне...! Денес Французин, утре Римјанин, задутре зошто не Шпанец? Според Заев и Царовска, Француската револуција можно е да била заедничка историја на сите членки од ЕУ?

Во такво едно идилично време може нашата власт да направи комисија на ниво на ЕК, која ќе расправа за Наполеон кој е роден во Корзика ама се борел во името на Франција. За Јованка од Орлеан да не зборуваме. Може овие нашиве распродавачи да речат  дека е историска личност од Бретања ама подеднакво и припаѓа и на Велика Британија. Среќа на Јованка што Обединетото Кралство излезе од ЕУ и Франција може да биде спокојна во однос на историските настани поврзани за храбрата девојка Жан де Орлеан.

Како научна фантастика, замисли го Бујар Османи, се шета низ Брисел се чуди и потпрашува зошто во метрополата на ЕУ нема табли на албански јазик? Повторно како етничка фантастика Артан Груби во рамките на ЕУ, да побара идниот роденден на Ахмети се прослави не било каде туку, во Версај, оти со Груби нема лабаво! Како замислена членка на ЕУ може да побараме што ќе посакаме, ако Луј 16 можел да прави оргии во Версај, зошто да не може и Груби да го велича роденденот на својот лидер во Версај или во Рамбуе? Ако споменеме попис каков што оваа власт сака да скрои дома кај нас и побара на ист начин да се спроведува и во државите членки на ЕУ, ниту една од нив нема да знае каде и' е главата, а каде задниот дел од телото.

Како капак на македонското тенџере во кое не варат овие од власта со сите нивни будалаштини и небулози, ќе биде предлогот на Заев кој сака да не убеди дека Македонија ќе пркне ако секое семејство си посади по три дрвца марихуана. Така ќе бидеме радосни и среќни. Во такви "блескави" услови ако како замислена членка на ЕУ ја активираме и нашата тешка правна артилерија, предводена од Русковска, Катица, Кацарска и Фатиме, во ЕУ ќе се случи правни цунами.

Ама овие од ЕУ, за нивна среќа донекаде и наша, ниту се будали, уште помалку наивни, добро знаат со кого имаат работа. Оти ако со оваа власт не примат во ЕУ, за помалку од година дена ќе ја демолираме, пуздер ќе ја направиме. Идеите на Шуман ќе се срушат како кула од карти.

Ќе ти кажам уште една пикантерија. Знаеш зошто Меркел еден период се тресеше во Берлин, во Париз и во Брисел? Се тресеше зошто кога беше кај нас пред да се случи референдумот ни посочи: Ако го смените името, ќе ве примиме во ЕУ. Ама после Меркел се сецна и се најде во небрано. Се сецна зошто и таа знае дека власта која си ја распарчува сопствената држава, ако стане членка на ЕУ, способна е да ја разнебити и самата Унија.

Токму затоа, со оваа власт на Заев, придружен од личности како Царовска, тешко дека ќе добиеме датум за преговори. Сега Бугарија не попречи, утре повторно ќе се јави Грција, во догледно време некоја трета земја. А овие нашиве трупци од политичари, се вртат на разни функции како да се наоѓаат на рингишпил, за чудо се уште убедени дека што повеќе си ја разнебитуваат сопствената држава, толку повеќе ќе имаме шанси да влеземе во ЕУ! Оди и мери им го умот! Не можат да разберат дека што повеќе ја браниш сопствената држава од историски, културен и секаков друг аспект, толку повеќе ќе те почитуваат и ценат другите од надвор. Ама кому да кажеш?

Овој разговор го направивме со мој пријател, со кого поради корона вирусот одамна не сме се виделе, па мислењата ги споделивме преку он-лајн. (https://denesen.mk

Петре М. Андреевски

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

*** 

Петре М. Андреевски

 

КОГА ЈА ЉУБЕВ ДЕНИЦИЈА 

Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.

Кога ја љубев Дениција,
како да му пронајдував брзина и на каменот,
како да ја одделував душата од телото,
како да го палев барутот,
на тилот од смилот и трендафилот.

Кога ја љубев Дениција,
како да внесував летен воздух во воздухот зимен,
како да ги откривав сите рудници на злато,
како да добивав телефонска врска со сонот
од сите успани работници.

Оти ја љубев Дениција,
како што ги отворав пролетните аптеки,
сместени во гласот од славејот,
како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
како што таа ми ја одземаше тежината,
додека трчав кон неа,
како што не можев да видам ништо освен неа,
како што таа живееше додека јас умирав,
како што и јас не знаев како би умрел,
ако таа не се родеше.

Кога ја љубев Дениција,
како да учествував во создавањето
на првата Македонска Држава.
*************
Петре М. Андреевски 

ДЕНИЦИЈА

Kind regards

Број 334 - (31 јануари 2021)

 

 

ВИДЕОТЕКА - VIDEOTEKA