ОВА ЛИ СЕ МАКЕДОНСКИТЕ ДРЖАВОТВОРЦИ ИЛИ ГОЛЕМОАЛБАНСКИ ОРЛИ НАСРЕД СКОПЈЕ

Сотир Гроздановски-Македонски

 Сотир Гроздановски-Македонски

ШТО ЌЕ НИ Е ПОПИС КОГА ЗАЕВ  ГО ЗНАЕ РЕЗУЛТАТОТ?

24 јануари 2021

Мангупските игри на Зоран Заев немаат крај. Сега следи ПОПИСОТ на населението во Република Македонија, за чии исход однапред се знае. Не дека ќе биде така затоа што Зоран Заев и СДСМ сакаат, туку затоа, што така му наредуваат Албанците, кои со своите закани и уцени, дека ќе му ја срушат неговата Влада заедно со него, му внесоа страв во коските. 

Сите злодела кои им ги нанесе на својот народ, на Зоран Заев пополека му се враќаат како бумеранг и немир во неговата празна душа.  Албанските "пријатели" и коалициски партнери на  свои начин го развластуваат, ги пополнуваат државните институции со некомпетентен албански кадар и ги довршуваат своите одамна зацртани планови за да го присвојат тоа, што никогаш не им припаѓало. Ја продолжуваат недовршената работа на своите предци кои насилно ги празнеа македонските села со масовно физичко ликвидирање на Македонците и крадење на нивните имоти. 

Близината на Албанија и косовските населби им овозможуваа да ја опустошат Западна Македонија заедно со светите белези на христијанството, манастирите и црквите и врз нивните темели градење свои светилишта. И така, се' до ден денешен непопречени од никого, а најмалку од влста со која суверено владеат, притоа, подготвувајќи се за нови авантури, кога ќе им дојде времето.

Рамковниот договор, како последица на изгубената војна во 2001 година им даде ветер во плеќите. Користејќи се со предавствата на македонските неспособни политичари, наскоро ги надминаа неговите одредби,  а со Тиранската платформа, смело тргнаа во освојување на цела Република Македонија. Со државни пари изградија етнички високообразовни институции, воспоставија двојазичност на целата македонска територија, прекумерно вработија Албанци во државни претпријатија, институции, ги амнестираа терористите од војната во 2001 година, им обезбедија  државни пензии на припадниците на ОНА... 

Со промената на Уставот на Република Македонија и бришењето на АСНОМ како втемелувач на македонската државност, албанското малцинство  успееа да се здобие со статус на државотворен народ во Република Македонија, што претставува парадокс незапамтен на нашите простори.  И сето тоа  не ги задоволи албанските нечесни барања. Тие со уцени и закани го примораа Зоран Заев и СДСМ да направат се', во претстојниот вонреден ПОПИС на македонското население бројот на Албанците да не се прикаже помалку од  28,5 %, зошто во спротивно, ќе го сметале за фалсификат и нема да го признаеле!?!

Зоран Заев, пак, сфаќајќи ги сериозно  албанските "наредби", уцени и закани,  во еден од неговите чести говори и интервјуа изјави дека  било кој број на Албанци ПОПИСОТ да прикажел, нема да измени ништо, бидејќи нивните стекнати права им биле загарантирани, како на индиски свети крави.  кои не смее никој да ги вознемирува, бидејќи за Македонија биле од  од "голема важност". 

Па драги мои, тие и самите мислат дека вистински се', бидејќи без Али Ахмети и неговиот терористички ДУИ ниту СДСМ, а бога ми и ниту ВМРО-ДПМНЕ не можат да состават Влада во Македонија. Што понатака значи, дека без Али Ахмети и без ДУИ  на Македонија и на Македонците им нема спас. 

Туку, драг мој македонски народе, ќе има ли излез од ова политичко мочуриште што го засмрди  Балканот и ни донесе срам од кој нема лесно да се ослободиме? Ќе се најде ли еднаш вистински политичар кој ќе стане смело пред селското царче, како што Јани Бојаџи во својата колумна го нарекува велепредавникот Зоран Заев, и му го покаже  патот кон пеколот? 

Можеби не така скоро, ама ќе се најде.  Доброто мора да го победи злото, а  правдата неправдата.

Македонија била и во полоша состојба во текот на своето минато, па се ослободила и одново заживеела како заслужува. За времето на Римската империја била поделена на четири провинции,  без можност на било каква комуникација меѓу нив, па сепак не исчезнала. Со доаѓањето на Отоманската империја, положбата постепено се подобрувала, за одново со нејзиното распаѓање  и Букурешкиот договор од 1913 година да ја доживее истата судбина заради алчноста на соседите по нејзината територија. Меѓутоа, Втората светска војна одново и' донесе слобода и конечно создавање на национална  македонска држава, Република Македонија, тогаш во составот на Југословенската заедница на балканските народи без Бугарија и Албанија се' до 1991, кога конечно се осамостојува, а АСНОМ постанува темел на нејзината државност. Но, ѓаволот не спиеше и нејзините проблеми одново се појавија заради обновената алчност, пак на соседите. Западот бараше начин како да си ги заврши незавршените работи со македонското национално прашање и го најде после три децении, со поставувањето на Зоран Заев за челник на македонската држава. Следеа замките со НАТО и Европската Унија како "едина" алтернатива за подобар живот на македонскиот народ, но пред да и' се реализираат очекувањата, требаше да се одрекне од многу нешта и така обезимена и обезличена да постане членка на двете меѓународни организации. Постана членка на НАТО, но не и членка на ЕУ, бидејќи Европа и Западот не мислеа со штуриот ум на Зоран Заев и СДСМ.  Следеа "добрососедските" договори со Грција, Бугарија и подобрувањето на положајот на Албанците во Република Македонија. И така македонското национално прашање беше "решено", а  народот  обезличен и обезправен влезе во уште една политичка игра на Западот и Европската Унија од која ќе биде тешко со оваа власт на чело со велепредавникот Зоран Заев да се воспостави состојбата од Втората светска војна. До кога така, ќе зависи од самите нас. Ако новата слобода ние нема да ја дочекаме, за сигурно идната генерација ќе научи повеќе од нашите грешки и типови како Зоран Заев, Христија Мицкоски и политички партии како ДУИ и лидери како Али Ахмети и нему слични  ќе немаат место во управувањето со обновената македонска држава.

Македонија тоа го заслужува, ако не го заслужуваме ние! (За секогаш Ваш, Сотир) 

Јани Бојаџи

Јани Бојаџи режисер и университетски професор

МОРКОВ И СТАП ИЛИ МЕД И МЛЕКО?

18 јануари 2021

Според Клоди Стајнер, американски психолог, интелегенцијата, особено емоцијалната интелегенција, која е примордијална, на хомосапиенсот му служи  главно за да ги натера другите од својот вид да соработуваат за некаква заедничка цел без уцени и присила. Ако гледаме се' што ни се случува во последните триесет години, мора да се согласиме дека нашиот основен проблем е во тоа што не сме успеале како луѓе, како група, како заедница, како нација да соработуваме на што и да е без уцени и присила. Ама за што било. Факт е дека за да се случи тоа, треба да постои некој во или надвор од заедницата што создава мотивација, главно низ личен пример, која ќе повлијае, ќе иницира и ќе ги мотивира другите да прават некаква заедничка работа заради остварување определена заедничка цел. И тоа не е лесно, да се разбереме. Гледаме како се постигнува тоа заедништво насекаде по светот. Многу тешко. И многу време, знаење, енергија и сила се вложуваат во тој процес на создавање заеднички убедувања. Да не се лажеме, не постои група, заедница, општество, народ што има општо верување и општо обединување за сите општи цели. Нема такво нешто. Освен во лажниот идеализам на македонските политичари, кои, сум го кажал тоа и досега многупати, но мора да ги повторуваме работите за да бидат запаметени, во недостиг на идеи за подобро денес и подобра Македонија.  Ни ветуваат подобро утре, во подобра Европа. Начините на убедување на заедницата да работи заедно за заедничка цел се различни и најчесто тие се комбинираат.

Грубата дефиниција што кај нас се прераскажува и интерпретира како успешен европски модел на убедување е со магарето, кое за да почне да се движи, напред му се врзува морков, кој го мами, а во задницата се удара со стап, за да не се врти и враќа назад. Бидејќи во Македонија политиката стана место и професија за оние што немаат никакви други квалификации и вештини во животот, немаат морални и етички вредности грижа на совест и емпатија за другите, кои карактеристики психолозите и психоаналитичарите ги дефинираат како особености на идиоти, а нивното поведение за идиотизам како основна форма на глупавост, тие низ јавниот говор и политичкиот наратив ја користат гротеската за "магарето, морковот и стапот" како пример што треба да се примени врз Македонија и Македонците. И триесет години ја употребуваат оваа синтагма секогаш кога сакаат да покажат дека знаат како треба да менаџираат со граѓанинот и со заедницата кога треба да се реализираат заеднички цели, особено ако се дел од оние норми во форма на закони што во Собранието на Македонија имаат таканаречено европско знаменце, односно тоа со дел од директивите на Европската Унија што ние мора да ги усвоиме и применуваме, по скратена постапка. Што утврдивме дотука? Дека ние сме магариња што не можат да се натераат на друг начин да дејствуваат освен со нудење лага дека ќе бидат нахранети ако се пренесат себеси и товарот до местото што господарот со закана на стап го определиле како цел. И она што е поважно, за ваквиот начин на дејствување постои општ концензус дека е европски, исправен и демократски. Тоа води до извод дека магарето се согласило да го лажат дека или ќе биде нахрането со морков (затоа што морковот е врзан и не му се дава да го јаде, туку му стои пред него како мотивација за движењето дека доколку го пренесе товарот, можеби ќе го добие морковот) или натепано со стап. Кажете ми некоја друга форма што некој ја понудил во Македонија, а која ќе не' принуди да дејствуваме за остварување  некоја заедничка цел? Има тука уште една европска идеја за тоа, која, мора да признаам, има свое основно американско влијание и се смета за комбиниран евро-американски начин за мотивација за опшествено дејствување и се дефинира како "владеење на камшикарот".

Промоторот на овој, мора да признаеме, оригинален и иновативен модел на владеење на демократијата и правото, премиерот на северната новодржавна творба, ја дефинира како создавање авторитативен "камшикар надвор од нашата земја", а тоа се Европа и Америка, кои со камшик ќе не тепаат секогаш кога ние нема да се движиме кон целта што ја замислиле тој и неговата власт, а реализацијата му ја доделиле на камшикарот, кој тоа ќе го направи со тепање. И ова е првпат во историјата на империјализмот, локалниот изведувач да го повикува нарачателот со неговата сила да го заврши тоа зашто тој, локалецот, во суштина е и поставен да го прави. Укорот е веќе добиен и локалниот намесник е вратен да го заврши тоа што единствено се бара од него: да го земе камшикот во своите раце. Операцијата "магаре и камшик" е почната со проектот "Борба против ширењето лажни вести и доследно спроведување на договорите за добрососедство". Значи, дотука можеме да разбереме дека ние сме магариња што треба да се тепаат со камшик?! Тоа е, драги мои. Нема зошто да се лажеме. Јас не знам други форми, начини, идеи, примери, аксиоми, што и да е друго што некој во овие три децени го понудил како принцип што ќе не обедини заеднички да работиме за остварување некоја заедничка цел. Зошто е тоа така? Затоа што никој во овие години не успеал да понуди ниту една, ама ниту една реална и остварлива цел како материјална и духовна вредност што, доколку се движиме кон таа цел заедно, ќе ја оствариме и споделиме секој според вложениот труд во остварувањето, според принципите на солидарна заедница. Па, нема ли ниту едно нешто што ако не сите, тогаш барем најголем дел од нас и покрај сите разлики во убедувањата и начинот на живеење, да не' мотивира да дејствуваме заедно за остварување на таа цел?

Европската Унија како место за остварување на нашата материјална благосостојба и Европа како простор за реализација на нашите духовни потреби беа таа цел. Очигледно и покрај огромната пропаганда, вложени стотици милиони евра и долари, притисоци, заплашувања, немири, па дури и војни, таа цел повеќе не постои! Да бидеме реални, не постои затоа што била нереална, лажна, измислена и непостојна, бидејќи никогаш ниту магарето ниту камшикарот знаеле каде е патот, како се патува и зошто се патува да се стигне до таа цел. Жалам, но сега е сосема јасно дека верувањето во Европа и европските вредности е покомплицирано и потешко за разбирање дури и од христијанството и верувањето во задгробниот живот и рајот што  таму ќе го најде секој, но по смртта. Нам Европа ни се нуди како рај што ќе го заслужиме откако предходно ќе умреме, не само физички туку и материјално и духовно и како поединци, но и како нација. Од нас се бара комплетно откажување од земните верувања и прочистување од сите други стекнати сознанија за себеси и за заедницата што ние сме ги создавале за време на животот на земјата Македонија. Тоа е вистината. И доколку не се согласиме да го направиме тоа, тие се закануваат со исклучување од општење со другите од нашиот род и вид, казни, глад, сиромаштија и камшикувања. И секако, нема тоа да го направи Пилат Понтиј во името на императорот туку нашиот Ирод Антипа, домицилно селско царче, кое за да ги задржи за себе дробната сила и власт, ќе го нарече магаре, ќе го камшикува и ќе го распне на крст секој оној што ќе се спротивстави на тоа да се движи по патот на илузијата наречена Европа. Ние ова, драги мои, го   живееме.

Верувањето во Македонија и Македонецот станува грев за кој треба да бидеме наречени "магариња што не се движат кон од нив поставената цел" и казнети со камшикување. Верувавањето во себеси, во сопствената личност и убедување и, основно, во тоа дека не си "магаре што треба да оди таму каде што тие ти определуваат" станува забранета работа, ерес што ќе биде суетена и казнета доколку некој тоа им го зборува на другите или го практикува на себеси. Македонија, драги мои, ќе стане религија, а Александар, Делчев, Груев, Сандански и другите богови во кои ќе веруваме, на кои ќе се молиме, ќе им пишуваме евангелија и ќе им креваме храмови. Да не тривијализирам, но сосема е јасно дека не знаат што прават. Не знаат дека овој притисок води кон создавање една мала, но убедена група во постоењето на нешто што реално го нема, а тоа е земјата Македонија. Тоа во овој момент декларирање заради пркос и почит кон себеси и личното достоинство, доколку продолжат така, ќе прерасне во фанатизам и уверување за кое нема да се бара доказ за неговото постоење. Тое може да прерасне во религија, онака како што е тоа јудејството и да се создаде македонство како религиозно убедување на припадност кон заедница во прогонство. Македонија, драги мои, ќе ја направите идеалната ветена земја во која тече мед и млеко по примерот на Израел, а Македонците маченици со кои треба да сострадуваме заради нивното страдање за нас и нашето спасение. Се плашам дека сосема е нормално, за да стигнеш до целта што е нереална, која не постои, цел што веќе и самата себеси се одрекува дека постои и ако тоа патување до неа се остварува со морков и стап, човечки е да го прифатиш постоењето на онаа другата цел: по свое убедување да стигнеш до дома, до Македонија, каде што се нуди мед и млеко.

Да се вратиме на почетокот, кај Стајнер Клоди, кој уверува дека емоционалната интелигенција служи за тоа како да ги натераме луѓето да дејствуваат заедно без уцени и присила! Како? Можеби вака. Со уверување на оние што можат да влијаат врз примитивниот ум на устоличениот водач дека уцените раѓаат единствено и само опортунизам, а присилата непопустлив и себежртвувачки отпор. Има ли некој очи да види и уши да слушне?

 Мора да има. Мора да верувам дека верувам. Ама верувам ли јас во ова што зборувам? Не знам. Ова се духовни премиси на се' уште, барем сега и барем во овој момент додека го пишувам ова, слободен човек. Ерес ли е ова и богохулие? Веројатно да. Не се плашам ли поради тоа? Се плашам, да. И зошто го пишувам ако сум свесен за можните последици од ова? За да остане запаметено дека сме пишувале, дека сме настојувале и сме се бореле на секаков начин и со сите средства. Со се' што сме можеле. И знаеле. Зборувам во минато време. Секако. Нема да поправиме многу од ова што го растурија, а не знаевме како да ги спречиме во тоа. Но по нас идат други. Тие ќе знаат подобро од нас. И за нив треба да оставиме белешки, знаци покрај патот што води назад кон ветената земја на медот и млекото. И патем, фрлајте дрвја и камења на нас. Поинаку и не заслуживме. (novamakedonija.com.mk) 

Билјана Ванковска

 

Билјана Ванковска

МАЛА ЛАГА, ГОЛЕМА ЛАГА, ПОПИС!

 

18 јануари 2021

Една стара духовита ама умна досетка добро ја опишува состојбата со пописот, кој уште неодржан, а веќе е сомнителен: "Постојат лаги, проклети лаги и статистика". А работата тука е уште посложена, бидејќи дури и она што наводно треба да биде "обична статистичка операција" (како што технократски и бирократски се нарекува пописот на населението), кај нас одамна е политика. И не обична политика, туку политика на идентитетите, како и политика што треба да покаже не само "кому му припаѓа земјата", туку и "кој е кој" (т.е. каков идентитет има). Политиката на пописот на населението во Македонија има долга предисторија, уште од времето пред конституирањето на македонската држава со Асном. Историските трауми од присвојувањето на Македонците и сместување во различни графи, во зависност од позицијата на моќ на попишувачот, се нешто што (за жал) ја оптоварува егзистенцијата на земјата дури и денес (на пример, во преговорите со Бугарија). Впрочем, ова добро го чувствуваат на своја кожа и припадниците на македонското малцинство во соседните држави, без оглед на серија меѓународни извештаи на независни експерти од ООН и други меѓународни организации. Едноставно, за нив таква слобода на изразување или нема или е непожелна, па преовладуваат стравот, самоцензурата и конформизмот. Но да се вратиме на она што е актуелно тука.

Последниот попис во рамките на бившата СФРЈ е оној од април 1991 година, само месеци пред распадот на федерацијата. Тој веќе ја најави темната сенка што ќе се протега врз земјата и се' до денес. Албанците на целата територија на СФРЈ повикаа на бојкот, така што и во рамките на Македонија тој беше целосно бојкотиран.

Заводот за статистика ги процени податоците преку статистички проекци, користејќи ги податоците од пописот во 1981 и ги објави резултатите; албанското население изнесуваше 21, 7 проценти. меѓутоа, уште пред објавувањето на прелиминарните податоци, албанските политички фактори започнаа меѓународна кампања во која тврдеа дека Албанците сочинуваат најмалку 40 проценти од населението (700.000 - 800.000).  Во едно поглавје објавено во книга од 1996 година, Виктор фридман укажува дека албанските барања за повторување на пописот биле подржани и од Грција. Од друга страна, се јавува и хорот на претставниците на другите националности, па според вкупниот збир излегува дека Македонија има фантастични две до три милиони жители. Тоа е апсурдниот резултат на евидентното жртвување на статистичката прецизност заради добивање политичка моќ и хегемонија во тукушто осамостоената држава. Албанските напори дадоа резултат, па една година по прелиминарните резултати од 1991 година, претседавачот на Работната група за човекови права и малцинства во рамките на Меѓународната конференција за поранешна Југославија, Герт Аренс, побара вонреден попис надгледуван од "меѓународната заедница".

Според Фридман, овој чекор ги легитимизира барањата на албанските политичари, кои се повикуваа на дискриминација. На тој начин, уште на самиот почеток ваквите предлози помогнаа во детерминирањето на македонско-албанскиот конфликт, кој станува трајна карактеристика во сите периоди - и трае до денес. Во текот на преговорите за вонредниот попис, албанските политичари настапуваат со ултиматум, односно со процент (25 проценти) што би го прифатиле како минимум под кој пописот би го сметале за фалсификуван. Како сведок на случувањата, Фридман пишува дека Меѓународната мисија за набљудување на пописот настапувала со недоверба, па дури и со негатив став кон македонската влада: "Поради тоа што пописот од 1994-та се одржа како резултат на албанскиот бојкот на пописот од 1991-та, во Меѓународната комисија за набљудување на пописот имаше тенденција да се гледа на жалбите од страна на Албанците како на основани, наместо како на едно нерешено прашање. Поради тоа, Меѓународната комисија за набљудување на пописот честопати гледаше на македонската влада како на виновна доколку не се докажеше дека е невина. "Тој го заклучува очигледното: пописите во суверените земји не се предмет на набљудување од меѓународни организации, додека пописите во колониите се надгледувани од страна на колонизаторите. Пописот од 1994 година беше извршен под притисок и со финансиска помош на меѓународни организации (првенствено Советот на Европа). Магазинот "Пулс", повеќе од половина година по повторениот попис, го цитира амбасадорот Аренс, кој наводно изјавил дека "никогаш не постоела вистинска коегзистенција", а националностите во Македонија "секогаш воделе паралелен живот".

Овој рефрен во иднина ќе се повторува и од странските дипломати, од научните работници и експертите. Непомирливата етничка поделеност на земјата станува нејзина "потврдена" одлика уште пред таа да ги направи првите чекори во своето живеење како суверена политичка заедница. Резултатите од 1994 година фактички ги потврдуваат резултатите од пописот од 1991 година (со мала корекција кај албанската популација, која се утврдува на 22,9 отсто), така што статистичката операција попис е  фрлена во сенка на тоа што тој стана фактор што помогна да се дефинира внатрешниот конфликт, кој во иднина ќе продолжи да тлее до конечната ескалација (2001) и уставно втемелената сегрегација врз основа на рамковниот договор.

Прашањето на пописот (и како што се најавува веќе договоренит процент од 28,5 отсто за албанската заедница) е "вообичаен бизнис" на политиката на уцени од страна на ДУИ, слично како и со договорената амнестија (т.е. автентично толкување на Законот за амнестија во 2011 година) и Законот за двојазичност (од 2018 година). Од расправата во парламентот станува јасно дека исходот на пописот зависи од кодиректорот на Заводот за статистика (неговиот врзан потпис на резултатите), дека пописот е фарса инспирирана од етнодемографски инженеринг (како и територијалната организација од 2004-та, а не од потребата да се создаде кредибилна основа за креирање на стратегиите за развој и јавните политики на земјата. Од моментот кога Заев во интервју кажа дека, без оглед на резултатите од пописот, Уставот гарантирал стекната права, т.е. немало ништо да се смени доколку некоја група е под 20 проценти - тоа беше јасен знак до каде е подготвен да оди. Дека се подготвени да одат до целосно газење на уставните норми покажаа повеќепати (Закон за двојазичност, божем помирување, промена на уставот), но и рамката на рамковниот договор ја моделираат во согласност со односите на моќ. Секако, посилни ќе му бидат "аргументите" доколку за секој случај пописот биде наштиман, не само да има 20 отсто туку и повеќе од предходно.

Вака како што е поставен, законот е пародија и на правото и на пописот како алатка на модерните држави: тој е фактички избирачки список, затоа што ќе потпишува државјани, а не резиденти (жители), а тие на "жими мајка" со помош на лица што го знаат ЕМБГ на своите (вклучително земајќи си го правото да ја определуваат нивната етничка или верска припадност, што е грубо кршење на човековите права и меѓународните конвенции). Наштиман попис не може да има легитимитет, уште помалку практична вредност. За второто, па и тоа не е трагично: Македонија ниту има развојни перспективи, ниту рационални јавни политики, а луѓе немеТ. Ни Македонци, ни Албанци - освен на хартија. Концепцијата за основно образование ви е најдобар пример како се градат кули во песок или воздух, со милиони позајмени од Светска банка. Партизацијата на секоја пора не бара попис и податоци за образовни и стручни кадри; за тоа си имаат партиски евиденции на војници и каплари. Ним не им требаат податоци, слика на општинските состојби, социјална карта на населението - тие живеат во некој свој замислен ( интердисциплинарен и епистемолошки свет на Колозова, но и анационален на Бешка).

Логично се поставува прашањето дали Македонците ќе ја имаат храброста на Албанците од 1991-та и 1994-та и понатаму... до денес, до формирањето на втората влада во роденденска атмосфера. По најавите на опозицијата за евентуален бојкот, министерот за правда опоменува: Во тој случај процентот на Македонци ќе биде помал! Па што? Нели прават статистчка операција, а не етнополитичка? На тој начин Маричиќ го вади од џеб етничкиот адут, играјќи на картата на патриотизам (или е поточно национализам?) кај Македонците. Не само смешно, туку и дегутантно е кога ова го прави влада што ја одмакедончува државата низ мултивекторска и повеќеслојна надворешна и внатрешна политика без ум и компас. Оваа земја, простете, е туѓа! - кажа поетот пред да загине. И погоди. Секој ден во секој поглед, таа е се' потуѓа.  А што би рекла мајка ми (на близу 90 години): зошто ова сето  "за малку"? Не вреди ни попис, а камоли договорен фалсификат. Уште малку (за десет години) ќе нема ни држава да врши попис. Или што било друго...(nova makedonija.com.mk) 

Панде Колемишевски

 

Панде Колемишевски

АЛИ АХМЕТИ - ГОЛЕМИОТ ЦАР НА МАКЕДОНИЈА

 

 

16 јануари 2021

Лидерот на ДУИ е најдолговечниот политичар што игра под рефлекторите на македонската политичка арена. Од командант Абаз се преобрази во незаменлив господин Ахмети. Не е важно чиј цар во историското минато бил Самуил, многу поважно е чиј цар е или ќе биде во иднина Али Ахмети, кој во својот џеб го држи клучот што секој македонски политичар го бара доколку сака да стигне до рајските врати на власта. Иако неговата кариера е испреплетена со мноштво контраверзии, мистерии, почнувајќи од дијагнозата што му ја дале швајцарските лекари како шизофреничар, преку наводите дека бил таен агент на УДБА, па до корупциски скандали и тврдења за земање мито од 7, 5 милиони евра, Ахмети успева да опстане и да создаде непробоен штит пред себеси изминативе 20 години.

Овој јануари уште непочнат, наместо со снежна покривка, се обои со аурата на Али Ахмети, претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) најголемата етничка чиста партија на Албанците во Македонија. Негови колеги, високи функционери во партијата, во политичките и извршните органи на државата, јавно му ги одбележаа неговите 62 години во една нова државна институција, иако славење родендени не е обичај во исламската култура и традиција. Од едни набљудувачи прославата беше оценета како гест на почит кон авторитетниот претседател, а од други, во мнозинство, како злоупотреба на државни канцеларии и промоција на лични и партиски цели. Не изостанаа ниту мислењата дека со овој јавен чин, ДУИ и Ахмети со намера ги демонстрираат своето значајно политичко присуство и силата со која располагаат во последните дваесет години.

Али Ахмети е најдолговечниот политичар што игра под рефлекторите на македонската политичка арена, особено во машка конкуренција. Пред него по политички, по собраниски стаж или учество во извршната власт во двете конкуренции е само Радмила Шеќеринска, единствената тридецениска, континуирано стабилна константа во редовите на Социјалдемократскиот сојуз. Произведен во вториот косовски идеолошки воен ешалон, Ахмети за дваесет години израсна во прв и водечки политичар во Македонија. Од командант Абаз се преобрази во незаменлив господин Ахмети. Не случаен му е војничкиот псевдоним. Арапското име Абаз во ономастичката симболика значи лав или оној што е намуртен. Ако се дозволи послободен превод, тогаш неговото описно име би значело - намуртениот лав.

КЛУЧ ЗА РАЈСКИТЕ ВРАТИ

Пред него, пред неговата кариера и влијание врз македонските политички процеси бледнеат атрибутите на Киро Глигоров како Стар Лисец и на Бранко Црвенковски како Папа. По ум, по сила, по влијание и власт, Ахмети им одржа лекција на сите политичари како се бранат интересите на својот народ, како се остваруваат целите, дури и оние што биле незамисливи во одредени периоди. Што заради годините, што заради несогласувањето со другите албански партии, не може да се нарече татко на Албанците во Македонија, но на неговата глава може да се сјае круна како цар на сегашната политичка генерација Македонци во Македонија (сега северна). Заслужено, зашто во својот џеб го држи клучот што секој македонски политичар го бара доколку сака да стигне до рајските врати на власта. Не е важно чиј цар во историското минато бил Самуил, многу важно е чиј цар е или ќе биде во иднина Али Ахмети. Без него, без негова согласност, Македонците не можат да направат ниту еден самостоен чекор. Од него зависи какво ќе биде Собранието, која партија ќе состави Влада, кој ќе биде претседател на таа Влада, кои ќе се изменат, а кои ќе се отфрлат. Неговите 12-15 пратеници вредат колку преостанатите 120. Со него и со неговата партија е поврзано и пресудното влијание на меѓународниот фактор врз македонската држава и државност. Трпелив тактичар, главно молчалив практичар, не брзоборен спринтер туку издржлив долго пругаш, подготвен да коалицира со кого било, Ахмети покажува на дело како идеите се претвораат во стварност. Речиси за ништо не зема прв збор, но за сешто го има последниот. Иако не е омилен кај сите Албанци во Македонија, иако добар дел опоненти го сметаат и нарекуваат криминалец, мува го нема полазено од кого било и по кој било закон. Опонентите го сметаат и за енормно богат, милиони евра стекнати од државни тендери и други договори, но и тие што го критикуваат не излегле со докази.

Иако досега не го признал македонскиот јазик како официјален јазик на државата, иако никогаш јавно не проговорил на овој јазик, тое не му претставувало пречка да го каже она што сака. Не само да го каже туку и да го постигне. Во неговата политбиографија, која допрва ќе се пишува, ќе бидат наредени успесите за масовно вработување на Албанците без соодветни квалификации во државни институции и претпријатија, воведувањето на албанскиот јазик како рамноправен службен јазик со македонскиот, воспоставувањето рамнотежа во финасирањето на општините, обезбедувањето пензии и плати за мнозинството учесници во ОНА без да одат на работа и уште многу други поволности за повластениот дел од припадниците на неговата етничка заедница. Додека Заев и СДСМ се обидуваат да градат едно општество за сите, додека ВМРО-ДПМНЕ се урива самото себеси, а Мицкоски безидејно лута во опозицискиот концепт, додека двете најголеми партии се задушуваат во ирационални спротивставувања и простачки соопштенија, Ахмети и ДУИ ги исцртуваат проширените граници на нивното владеење, оформуваат посебна, општествена, политичка, образовна, културна и кадровска етнички чиста национална администрација, со сите нужни државотворни прерогативи со кадри прекубројно сместени во сите институции, јавни претпријатија, во извршната и во судската власт. Така подготвени, манифестирајќи арогантен и заканувачки однос, омаловажувајќи ги интересите на мнозинската македонска заедница, ги очекуваат евентуалните балкански и македонски можни потреси во иднина, како и разврските од тој претпоставен епилог.

ОД ВОЕН КОМАНДАНТ ДО УГЛЕДЕН ПОЛИТИЧАР

Токму јануари 2001 е месецот кога сегашната партија ДУИ се појави во Република Македонија, како тогашна воена формација под име Ослободителна национална армија (ОНА) и кога прв пат се слушна за името на Али Ахмети, воен командант, кој подоцна пред загрижената публика, од зафрленото тетовско село Шипковица, се претстави со фотографија на која чита книга чиј наслов не можеше да се види. Освен Ахмети, познат стана и неговиот вујко Фазли Велиу, политички комесар и стратег на воената опција, кој тогаш го носеше епитетот за идеолошки татко на внукот. ОНА ја почна војната на 22 јануари, со нападот на полициската станица во Теарце, конфликтот се разгоре во февруари преку Танушевци, за подоцна да добие карактеристики на класична војна, што заврши во август истата година, со потпишување на Охридскиот рамковен договор.

Воените дејства, водени во Тетовско и во Скопско, најпрво третирани како терористички инциденти, експресно почнаа, експресно и завршија, но до денес нкој не ги има објаснето деталите што и кој, всушност, беше главниот инспиратор и организатор на тоа неколкумесечно војување. Остана неразјаснето учеството на американските советници во редовите на ОНА,  првртливата политика на НАТО и ЕУ кон дефинирање на конфликтот, како и многу други воени и политички елементи што до денес се покриени под пластот на државна тајна. Од денешен аспект може да се заклучи дека е утврден само еден историски факт: победник во таа се' уште енигматична војна се Али Ахмети и ДУИ. Македонската страна е поразена и посрамотена, од тој воен дебакл македонската политика и држава не само што уставно се променија туку до ден-денес не може да закрепнат, да застанат на здрави нозе. Набргу по постигнатиот успех, наводно распуштената ОНА од воена формација се преобрази во легална и легитимна политичка партија под името Демократска унија за интеграција. Дотогашниот командант, познат по герилското име Абаз, стана претседател на таа партија и веќе доби титула на уважен господин Али Ахмети, а неговите потчинети, оние со пониски револуционерни чинови, станаа пратеници, министри, директори на јавни претпријатија, градоначалници во 10 од осумдесетте општини во Македонија. Иако при самата појава лидерите на големите македонски партии јавно изјавуваа дека нема да соработуваат со ДУИ, набрзина си го поткасна јазикот, Ахмети им стана главен, неизбежен и најважен партнер.

МАКЕДОНИЈА, ЈУГОСЛАВИЈА, ШВАЈЦАРИЈА

Роден во кичевското село Зајас, по што некои го именуваат и како Орелот од Зајас, а е Јарец по хороскопски знак. Али Ахмети има богата биографија на успешен човек, но полна со контроверзии, вклучувајќи ја и приватната, дека неговата покојна мајка била Македонка со исламска вероисповед. Завршил факултет за литература во Тирана, стекнато солидно образование што се  воочува при секое негово интервју, карактеристично со колоритни нијанси, по што се разликува од сувопарноста на македонските политички актери. На Косово бил член на илегалната организација "Марксисти-ленинисти", тогаш напредна, комунистички насочена организација, составена главно од млади Косовци, најмногубројна по студенти и интелектуалци, незадоволни од положбата на Албанците во Југославија. По откривањето на нејзината непријателска дејност (според тогашните закони) бега во Швајцарија, од каде што повторно, кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, се враќа како герилец во редовите на УЧК (Ослободителна армија на Косово). Во врска со престојот во Швајцарија, познат е податокот дека е прерано пензиониран. Не е тајна дека му била дијагностицирана шизофренија од страна на психијатри и бил прогласен за неспособен за работа. Овој податок знаат под нос често да му го поттурнат непријателите, но пријателите секогаш ќе ви објаснат дека симптомите за таа дијагноза ги симулирал сосема свесно и намерно за да може да се врати и да дејствува во Косово, со додавка дека нема поткупливи доктори само во Македонија, такви може да се најдат и во Швајцарија. Од Швајцарија му остана и забраната за влез во таа земја, забрана што ја има и за во САД, под образложение дека се смета за закана за општата бебедност.

АФЕРАТА СО "МАЃАР ТЕЛЕКОМ" И ПРИСЛУШКУВАЊЕТО

Контроверзиите и аферите го следат и во Македонија, речиси цело време од неговото појавување. Тие се пред се( политичко службени, не се однесуваат на неговиот приватен живот, кој, сепак, го држи подалеку од очите на јавноста. Ако не ги набројуваме ситните подметнувања што му ги вршат опонентите од помалите албански партии, меѓу покрупните афери можи да се посочи појавата на  фотокопии од досиеја на соработници на југословенските тајни служби, наводно случајно најдени во нечиј двор во 2010 година. Досиејата за Муса Џафери (Мама), Фазли Велиу (Вујко) и Али Ахмети (Ибар) силно ја разнишаа тогашната владина коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Особено досието "Ибар",  каде што се наведува дека УДБА како соработник го регистрирала и регрутирала Али Ахмети под скриен идентитет, со лична карта и пасош на име Александар Антиќ. Но иако имаше судски процес, на крајот таа афера замолкна со судско образложение дека постапката се прекинува поради немање оригинали. Кога станува збор за аферите, неизбежно е споменувањето на скандалот со "Маѓар телеком". Поранешниот шеф на тајната македонска полиција Слободан Богоевски јавно, во повеќе наврати, изјави дека Али Ахмети, Муса Џафери и Владо Бучковски, како претседател на Владата на Македонија, примиле поткуп од 7,5 милиуни евра од грчкиот бизнисмен Кондоминас за да му овозможат на "Маѓар телеком" поповолна монополска позиција на пазарот за телекомуникации во државата. Богоевски тие изјави ги потврди и официјално пред Меѓународниот суд во Њујорк, каде што и' се судеше на унгарската компанија, но сето тоа не беше повод македонските судски органи да поведат каква било постапка.

За обележување е што во мегаскандалот со прислушуваните разговори, Али Ахмети (заедно со ДУИ), иако беше десет години заедничка власт со ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, е единствениот политичар од висок ранг за кого, или од него, не е објавен ниту еден разговор. И покрај јавните закани и покрај ветувањата дека се' ќе излезе на видело, сите тие приказни завршија во темнина. Податок што сам по себе  говори за непробојниот штит што го има поставено пред себеси овој неприкосновен успешен политичар, сега и со академска титула доктор  хоорис кауза, односно почесен доктор на правни науки на Тетовскиот универзитет. (novamakedonija.com.mk)

Проф. д-р Наде Проева

 

Проф. д-р Наде Проева

ИТРОМАНСКА РЕФОРМА

 

16 јануари 2021

Причината за започнатата реформа во основното образование на сите им е јасна, освен на оние што се прават слепи или, пак, навистина се слепи при очи. Во согласност со барањата за прекројување на историјата по мерка на источниот сосед, нашата влада молчешкум почна да прави коренита реформа за основното образование, што треба да се спроведе на врат на нос и без јавна расправа. Според веќе направениот нацрт, предвидено е стопување на повеќе наставни  предмети во еден и, што е уште понесфатливо, на предмети од различни научни области! Ова  веднаш раѓа сомнеж за стручноста на авторите на овој план, зашто ако не знаат како се распределени научните дисциплини (за такво "знаење" се добива студентска петка),  тогаш јасно е на што ќе личи нивната реформа. Прв на удар е предметот Историја, со објаснување дека децата учеле само факти, наместо да учат како да ги поврзуваат и како да размислуваат логички. На секој макар и малку писмен човек јасно му е дека образување на независни личности способни за самостојно и критичко размислување, во прв ред со користење на искуство од минатото, е основна цел не само на историската наука туку и на севкупниот образовен процес и сосема е различно од прашањето дали нашето сегашно образование го овозможува тоа. Ако сме искрени, тогаш одговорот е едно големо "не".

И веднаш се наметнува прашањето зошто е тоа така. Имено, сите знаеме како се урнисуваше севкупнто образование, почнувајќи од највисокото, коешто е "најзаслужно" за ваквата состојба во основното. Тој процес е започнат од поодамна, со воведување на политичкото мерило за вработување во сите општествени сфери според т.н. морално-политичка подобност. И така наместо мотивиран наставно-научен кадар какви што беа првите генерации коишто занесено се вградија како во образованието така и во науката, без којашто нема образование, Универзитетот се наполни со луѓе желни за звања и за брзо напредување во струката, згора на тоа и приспособливи. И така студентите коишто не сакаа да губат време и да вложуваат труд за суштинско учење, се стекнуваа со факултетска диплома само врз основа на напамет  научени факти. А имаше и такви што не можеа логички да размислуваат зашто и мерилата за запишување на студенти беа спуштени на најниско ниво, а повремено и укинувани прво за да се намали притисокот за вработување на оние што не беа желни, ниту пак способни за студирање, а потоа, за да се надополнат оскудните средства што државата ги даваше за образование со делумно (т.н. партиципација) или целосно плаќање на студирањето. И така нивото на студирање од година на година вртоглаво паѓаше. Така на пр. за да се положи некој историски предмет наместо објаснување на процесите, доволно беше да се кажат неколку, често и само еден факт, како историјата да е статистика, а не низа од случувања со повод, причини и последици, што треба да се разберат. Малубројните противници на таквото сваќање на образованието беа жигосувани, а студентите поттикнувани да бараат комисиско полагање на испитите. Незаконски беа формирани комисии (без предметниот наставник, или пак составувани од историчари за нововековна историја и тоа за предмет од античка историја!?!), а сите студенти до еден положуваа, неретко и со десет!?! Инспекторат за високо образование ги поништуваше комисиите, а пак вечниот декан на филозофскиот факултет, којшто на таков начин обезбедуваше средства за високи плати за наставниот кадар, а за себе деканско место, ги возобновуваше.

Притоа, имаше заканување со отказ, како факултет да е негово бакалче каде што вработува деканот, а не наставно-научниот совет врз основа на мислење на тројца релевантни стручњаци од областа за којашто на секои пет години професорите се проверуваат и се избираат. Претпоследниот, пак, декан на филозофскиот факултет, гледано од денес наназад, од испекторатот беше даден на суд за непочитување на решението, но сепак не ги укинаа комисиите, зашто судската казна беше неспоредлива со заработката од студентите што комисиски го положува испитот, запишуваа година и така го полнеа буџетот на факултетот. И сега, наставници образовани од таквите политички морално подобни генерации професори, со такво, формално, а не суштинско образование (секоја чест на студентите вљубеници во историјата, коишто за среќа ги имаше и кои и' даваа смисла на наставата, како и верба во борбата за суштинско образование) треба да го спроведат планот на  Владата и да ги учат децата на критичко мислење! Очигледно дека творците на новиот план ја почнале работата наопачки - од опашката наместо од главата и веројатно не слушнале за народната мудрост дека рибата смрди од главата. Имено, за да се спроведе замислената реформа, прво треба да се создаде кадар што ќе може да ја применува. А кадар се создава со редовно образование, а не со курсеви за обука (како во време на воена состојба), за какви што, ако се примени овој план, нема време.

И што да се очекува од "реформатори" што јавно признаваат дека не биле "толку стручњаци за историја" (па се поставува здраворазумско прашање зошто се нафатиле да прават реформи за работи за кои признаваат дека не се оспособени) ама затоа "знаат" дека историјата не требало да се изучува хронолошки!?! (како што, патем речено, се изучува секаде во светот) туку да се учела заедно со географијата и со некакво си граѓанско образование. А всушност станува збор за итроманско намалување на историски содржини со објаснување за неопходно поврзување со географијата. Творците на овој план слушнале или, пак, прочитале за некаква поврзаност на историјата со географијата, ама очигледно не дослушнале, а уште помалку разбрале.

Веројатно наслушнале за дисциплината "историска географија", којашто се занимава со географските и климатски одлики и белези на релјефот коишто пак ги условуваат економијата, начинот на живот, поврзаноста  на областите односно на народите, а со тоа нивната меѓусебна соработка, блискост или спротивставеност итн. Оваа дисциплина е сосема различна од физичката географија, којашто се занимава со сотавот на карпите, минералите, почвата итн. Токму затоа на многу факултети има предмет Историска географија, но не и кај нас, иако на времето, на Педагошката академија, имаше двопредметна насока Историја со географија токму за одделенските и предметни наставници. И целиот овој карамбол од општествени и хуманистички науки, каде што ги ставија и религијата и етиката, го нарекоа општествени науки!?! И не само тоа туку додадоа и некаква си општествена историја?!?! Простете за моето незнаење, ама јас прват слушам за ваков предмет или дисциплина. Не знам и не верувам дека мислат на општествените уредувања што се создавале и надградувале во текот на историските процеси.

Ама ако мислат на тоа, треба само да ја погледнат студиската предметна програма на Институтот за историја на Филозофскиот факултет, каде што во 2012-та го воведов предметот Антички државни уредувања, зашто уште во антиката се создадени сите видови уредувања застапени во светот до ден-денес, а се' со цел студентите да го разберат напредокот на човештвото низ историските процеси и да се одлепат од сфаќањето на историјата првенствено како воено-политичката, што за жал долго преовладуваше кај нас и полека почна да се отфрла од најновите генерации историчари. По моето пензионирање, од моите наследници, а врз основа на методските единици од направениот наставен план, напишан е учебник за овие уредувања и реформаторите треба што поскоро да го прочитаат за да сфатат што е тоа историја.

Вооружени со вакво "знаење" за само 100 дена (успех за Гинис) и без учество на стручњаци за ниту еден од односните предмети, кои всушност треба да бидат носители на реформата, а психолозите и педагозите да им бидат само логистика, токму вториве, политички морално подобни, итромански смислија како да ја укинат историјата-ставајќи ја во еден предмет со уште четири други, што е генијален изум од видот на референдумското прашање три во едно, притоа убедувајќи не' во сосем спротивното. (https://novamakedonija.com.mk). 

Александар Литовски-историчар

 

ЛИТОВСКИ ЗА КОГО ПОПУШТАЊЕТО НЕ Е РЕШЕНИЕ, ПОВЕЌЕ НЕ Е ДЕЛ ОД КОМИСИЈАТА СО БУГАРИЈА. НА НЕГОВО МЕСТО ИМЕНУВАН Е АЗИЗИ

 

 12 јануари 2021

Власта направи измени во составот на комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија. На денешната владина седница за нов член е поставен Исамедин Азизи.

Азизи доаѓа на местото на Александар Литовски, од Институтот за национална историја, кому според владата му истекол договорот.

Литовски го критикуваше интервјуто на премиерот Зоран Заев дадено за бугарскиот БГНЕС, велејќи дека се неприфатливи политичките дискусии за историјата и е фрапиран од леснотијата со која се инструментализира минатото.

- Во денешно време, особено идеолошко инструментализирани, неаргументирани, невистини и неприфатливи се ревизионистичките и анти-антифашистичките изјави. Во таа насока, сметам дека секој научник не само што треба да стане имун на такви влијанија, туку треба да се раководи единствено од научните принципи и сопствената интелектуална совест, изјави Литовски за Денес магазин.

Исто така Литовски во неговото гостување во "Утрински Брифинг" на Слободна ТВ изјави дека решението со Бугарија не е во попуштање, невистинито и неприфатливо е дека имаме бугарски корени.

- Решенето со Бугарија не е во попуштање, затоа што Бугарија постојано ќе излегува со нови барања се додека не го оствари својот Сан-стефански сон кој е дел од официјалната бугарска политика. Да прифатиме дека имаме бугарски корени, е исто како да прифатиме дека сме Бугари, а тоа е неприфатливо и невистинито. Не се работи само за Втората светска војна, Бугарија го има  Сан стефанскиот сон и тој стои 50 години и секогаш ќе ја тера таа  политика, дури и да им се попуштат некои работи, по 6 месеци ќе следат нови барања, затоа што Бугарија има стратешки национални барања поврзани со Сан стефанскиот сон и упорно ги тера. Затао решението не е во попуштање на барањата на Бугарија, рече тогаш Литовски.

Комисијата која е формирана според договорот за добрососедство со Бугарија има вкупно 14 члена, по седум од двете земји и бројот на членовите не може да се менува. Азизи станува член на комисијата на предлог на Министерството за надворешни работи.

Азизи е доцент, научен соработник во Институтот за национална историја во Скопје. Дипломирал историја на Филозофскиот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за национална историја на теми поврзани со Албанците на Балканот. Област на истражување му е историјата на Балканот во 20-от век. (Република.мк)

Али Ахмети и Зоран Заев

"ЗАЕВ НАМЕСТО ВРЗ БУГАРИЈА ПРАВИ ПРИТИСОК ВРЗ ИСТОРИСКАТА КОМИСИЈА, СМЕНА НА ЧЛЕНОВИТЕ Е СО НАМЕНА НА ПРИТИСОК ЗА ПРИФАЌЊЕ НА НОВО ПРЕДАВСТВО"

 

21 јануари 2021

Нетранспарентното менување на членот на историската комисија со Бугарија од страна на Заев е обид за замолкување на вистината, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакна ВМРО-ДПМНЕ.

- Заев го замолкува секој обид за спротивставување кон неговите политики и го деградира сечие мислење и критика насочено кон обелоденување на историските факти. Со отстранување на членот на комисијата, Заев сака  да ја претвори оваа историска комисија како и секоја друга институција во државата каде има свои послушници. Наместо да се штити професионализмот и националните интереси, премиерот предавник на својот народ и држава сега повторно ќе ја менува историската стварност во полза на Бугарија, за да си ги задоволи своите сметки и бизниси. Заев безобразно лаже за смената на членот на комисијата кој беше критички настроен, а со тоа прави дополнителен притисок кон останатите членови, за казната која би ја добиле. Целта е јасна да се потпишат и да се согласат сите членови на се' што ќе каже деспотот Заев, за да може да се пазари со идентитетот, велат од партијата.

Од таму додаваат дека повеќе од три месеци Владата молчи за Анексот и за неговата содржина, која претставува нова капитулација за Македонија и одрекување од идентитетските обележја и историските вистини.

- Факт е дека историскиот ревизионизам на власта се спроведува по секоја цена, не бирајќи средства и начини. Секое премолчување и сокривање на вистината како непојавувањето на Димитров во македонското собрание, Заевата рамнодушност и неартикулисаност кон идентитетските прашања и тајните договори со Софија ќе бидат повторно погубни за националните интереси, затоа што очигледно дека пазарот со историјата, политичките калкулации и притисоци се поважни за бизнис, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. (https://infomax.mk)

Бистра Кумбароска

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

**** 

Бистра Кумбароска

ВО ПЕТ МИНУТИ

Денот се раѓа како тазе отворена паста за заби,
бел и непроsирен,
мек а полн гранули,
колку стискаш - толку истекува,
колку и да истече, вкусот не се менува.
Сме навикнале, низ годините.

Разговорите се пијат како еспресо,
кратко еспресо,
струење низ 2-3 голтки,
колку побрзо, тоа погорко,
колку и да е горко, слатки спомени остануваат.
Ликот секогаш кажува повеќе од усните.

Жал ми е што не можеш да разбереш
зошто од мала
љубам да гледам млазни авиони.
Чудно е што гледаш нагоре
кога ти зборувам за сите песни
кои не ги запишав.
Секој ден има почеток и крај,
секој разговор има почеток и крај.

И не знам што е полошо,
тоа што немаме почеток
или тоа што немаме крај.
***********
Бистра Кубуроска

 

ВИДЕОТЕКА - VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Broj 333 (25 јануари 2021)