ЌЕ БИДЕ, ДОКОЛКУ ЈА ОДБРАНИМЕ

Сотир Гроздановски-Македонски

  ЗОРАН ЗАЕВ ПРОДОЛЖУВА  СО ИЗЖИВУВАЊЕ И ПОКАЖУВАЊЕ МУСКУЛИ

18 декември 2020

Многу Македонци после силното патриотско обраќање на Зоран Заев до македонската нација поверуваа дека овој човек конечно се освести и дека му дојде умот, кој никогаш досега не ни го покажуваше како државник  кој ги застапува интересите  на својата држава и својот народ. Барем онај дел,  кој на измама му го даде, по втор пат, мандатот за премиер на Република Македонија, заедно со  албанските следбеници на своите водачи, на кои, впрочем, не им е важно каде оди и што ќе биде со Република Македонија.

Заблагодарувајќи им се пак на сите членки на ЕУ (не знам зошто), посебно на Сојузна Република Германија која во исклучително тешки времиња во врвот на нејзиното претседателствување со Унијата ги ставила на дневен ред буџетот на ЕУ, борбата против КОВИД-19 и проширувањето со цел да се одржи меѓувладина конференција со Северна Македонија,  Зоран Заев и' се нафрли на Бугарија, која од позиција на земја членка не се покажала добра како пријател, ниту пак како  добар сосед. По тој повод, Зора Заев го изјави следното: 

"За жал, процесот на проширувањето, како стратешка цел на ЕУ,  Република Бугарија го запре од позиција на земја членка. Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка".

"Добро е", продолжи со своите жалопојки северномакедонскиот премиер, "што нашите меѓународни пријатели и сојузници не ја премолчуваат оваа грешка. Не молчат нашите сојузници, бидејќи добро знаат дека покажуваме пријателство и добра волја со Бугарија. Со искрени намери побаравме како некои делови од нашата заедничка испреплетена историја можат да бидат толкувани од двете страни на границата. Таквата мултиперспективност на историјата која не е оспорена, но сепак, не смее да задира во универзалното право на идентитетско, културно и јазично самоопределување или самобитност. Нашата совест е чиста. Целиот изминат период се водевме од принципите на максимална заштита на националните интереси и да не смее да се чепка во правото на самоопределување на македонскиот народ".

Има ли овој монструм барем малку чест и достоинство? Зарем не можеше  малку да причека  дури неговите патриотски "чувства" како борец за човекови права и не чепкање во македонскиот идентитет и самоопределување на македонскиот народ паднат во заборав па  после  да крене во нова офанзива против самиот себе, верувајќи дека Македонците се недоветни и брзо заборавлив народ? 

Тој повторно и зад грбот на македонскиот народ со својата тајфа се нафрли, сега, врз образовниот македонски систем, почнувајќи со елиминирање на историјата за основното образование. Баш така, како што неговите слуги во комисијата  за Историја заедно со Бугарите  се договорија како да го уништат изворот на македонството и да дојдат до последната фаза за уништување на се' што има белег македонски. Да го сотрат изворот од каде првачињата црпат основни сознанија за својот македонски национален идентитет и почнуваат да ги запознаваат и градат  чувствата дека се Македонци, а не граѓани на Северна Македонија. Да се запознаваат со својата богата и  со стотини векови стара историја, а не дека се дрва без корен. Историја, за која трговецот од Муртино поим нема.

Неговата генерална неукост и примитивизам нема крај. За него ништо не е свето, дури и неговите зборови јавно упатени до македонската нација. Одново почна да се колни во се' што е македонско, а само неколку дена потоа се исплука самиот себеси, како да ништо не било. Го испрати својот потрчко, Бучковски, во Софија да ги моли Бугарите  да го повлечат ветото. Е, сега дали му го повлекоа или не,  се' уште никој не знае,  ама затоа пристигна глас, дека историјата се повлекува од образовниот македонски систем, "главната" пречка зошто Бугарите му ставија вето. Што после ова следи, кој знае. Со улав човек јогурт не се срка.

Не ми е познато дали тој нешто знае зошто служи минатото на еден народ, ама притиснат  од сите страни да го реши таканареченото "македонско прашање" по секоја цена, се впушти во авантура од која нема излез без лузни, а можеби и нешто повеќе од тоа.

Не очекувано го потпиша Преспанскиот договор со Грците, па со Бугарите за добрососедство и пријателство и со Албанците за федерализација на Република Македонија. И сето тоа за влез во НАТО и Европската Унија, како стапици за лесно уништување на македонската држава и разнебитување на Македонците како народ и нација. 

Уценуван од сите страни и уплашен за својата сопствена кожа, Зоран Заев со решавање  на едно барање од своите "пријатели и сојузници", навлегува во повеќе други уште по комплицирани барања од кои нема сигурен излез и ветен влез во Европската Унија. И така го започна орото за кое беше сигурен дека неповреден ќе го изигра и дека ќе ги надигра поголемите играчи од себе. Верувајќи дека со тоа ќе го реши проблемот и наскоро ќе ја пикне Македонија во евроатланските интеграции, Бугарите му ставија уште една сопка на патот кон ЕУ: му ставија вето на преговорите за пристапни преговори, дури не ги исполни сите одредби од договорот, за кои Зоран Заев наивно мислеше дека се решени. Меѓутоа, непознавајќи ги задкулисните игри на западните сили и очекувањата на Бугарите да ја реализираат Санстефанска голема Бугарија, човеков влезе во мочуриште,  полно се крокодили, од кои нема спас. 

И така, мудрецот од Муртино наместо да се одлучи да ги прекине дополнителните сопки и бесмислени барања од своите "искрени" пријатели и браќа Бугари и да им ја предаде власта на некој  способен и искусен дипломат, тој навлегува уште подлабоко во мочуриштето, кое самиот си го креира.

Ќе сфати ли овој човек дека дипломатија не се води со мускули туку со мозок во главата?  Зоран Заев направи и премногу гафови и велепредавства, да би можел да ни продадва интелигенција.  Неговата не е за политика, туку само за продавање  лаги, магли, овошје и зеленчук.

Ќе успее ли да го надмудри и македонскиот народ  како што прави со своите следбеници кои, по се' изгледа, не се поумни од него, и да остане нечепнат? Според досегашните резултати, Зоран Заев е изгубен случај!

За секогаш, Ваш Сотир!

 

infomax.mk

БРИШЕЊЕТО НА ИСТОРИЈАТА Е СОМНИТЕЛНО ПОРАДИ УСЛОВОТ СО ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ

 

16 декември 2020

Историчарот Митко Панов кој работи во Институтот за национална историја, коментирајќи го новиот Концепт за основно образование, вели дека со овој план се бришат учебниците по историја, а имајќи ја предвид целата политичка состојба, се фрла сомнеж дека тое е поради условеноста на Македонија на патот кон ЕУ. Воедно тој додаде дека се прави манипулација, бидејќи и во Финска има засебен предмет историја.

***************

Она што де факто се случи е дека нема повеќе да има учебници по историја и изненадувачки е што концептот го планираат за наредната учебна година. Она што се случува во целава ситуација со политичката консталација во која се наоѓа Република Македонија, влева сомнеж особено од фактот што сите сме сведоци за условеноста на промената на учебниците и историскиот и националниот наратив за натамошните интеграции на Македонија, вели Панов.

- Изненадувачки проструи оваа вест и таа презентација на Концептот за промена на наставните програми во основно образование, особено што еве јас како вработен во Институтот за национална историја, моите колеги и самиот Институт од тоа што реагира и колегите од факултетот од Институтот за историја при УКИМ се добива впечаток дека во креирањето на овој Концепт не е консултиран, тој што треба да биде, тие кои предаваат историја, потенцира Панов.

Тој вели дека финскиот модел врз кој се повикува МОН, не е таков кааков што сакаат да ни го претстават бидејќи дури и во Финска се изучува предмет историја како засебен предмет.

- Јас имав проект каде правев компарација со наставните програми и она што се повикува министерството за финскиот образовен систем кој е еден од најадаптираните за современите времиња укажува дека и таму предметот историја се изучува во основното образование, односно од општествени студии. Прво нема општествени науки, туку самиот назив е промашен, тоа се ученици кои учат во основно. Во тој контекст тоа што предметот историја се укинува де факто, бидејќи се спојува со нов предмет кој ќе се вика општествени науки во кој ќе бидат поместени и географија, граѓанско, антропологија и философија, значи историјата ќе биде маргинализирана. Во наставните програми во регионот и пошироко во Европа ниту една замја не го укинува предметот историја ниту го интегрира во друг предмет, бидејќи историјата има суштинско значење, истакна Панов.

На крај тој посочи дека во финскиот систем укажуваат дека целта на предметот историја е да се поддржат учениците во градењето на нивниот идентитет и да се промовира нивната изградба во активни членови на општеството кои ја разбира различноста. 

 Венко Андоновски

ОМРАЗАТА, А НЕ ГОВОРОТ НА ОМРАЗА Е ПРОБЛЕМ!

 novamakedonija.com.mk 

 15 декември 2020

Има ли во насловот говор на омраза? Или само говор на презир? Да видиме: "покондурени опинок" стои во речникот на Блаже Конески како легален и нецензуриран израз, без ознаката vulg. (вулгаризам). Синоним за српското "покондирена тиква". Јован Стерија Поповиќ напиша драма со тој наслов. Уште се игра како српска класика, без некој да види говор на омраза во насловот. Немаше да пишувам за ова ако не беше, повторно, госпоѓа Захариева: таа доста разгалена "Европејка". Не навикнала да ја скара човек. Секоја критика ја доживува како говор на омраза, што укажува и на инфантилна структура на личноста. Кај возрасните тоа укажува и на нарцизам, зашто само на самовљубениот прва мисла му е дека го мразиш кога му кажуваш непријатна вистина. Според таа логика, Захариева би требало да обвини и лекар за говор на омраза кога ќе и' соопшти дијагноза што не и' одговара. Таквите инфантилци се симпатични се' додека не добијат остен в рака. Тогаш тепаат, а тврдат дека се жртви на омраза. И уста не затвораат сеејќи навреди. Просто човек, колку и да е европски воспитан и на страната на женските права, да помисли дека оној хит Србин од Домот за малтретирани мажи е во право кога пред ТВ-камера вели: "Има два вида жени: едни што многу зборуваат и други што уста не затвораат".

За Захариева тоа веројатно би било мизогинија. А тој Србин прави исто што и таа: генерализира. Таа вели "сите Македонци се...", тој вели "Сите жени се..." Второ: што се крена сега толку врева против омразата, кога омразата постои отсекогаш? Мене денес многу повеќе ме загрижува говорот на простотилакот, како кога Каракачанов поставува "научна" дилема: ако Македонците се пишеле Марсовци, дали и Цар Самуил ќе бил Марсовец? Човек на кого изветвеното "Марсовец" му е оригинална асоцијација за "непостоен народ", очигледно е ограничен како балкон  на гарсониера во солитер. Но простиот најчесто и мрази, точно е. Мене пак ме интересира:да не е и оваа флоскула, "говор на омраза", само уште една европска индоктринација, овој пат во една нова наука-ПОМОДНА ЕТИКА? Па, не е ли сосема природно жртвата да не го сака својот крвник? Треба ли да го љуби? На какви тоа противприродни енотивни реакции ги учиме нашите деца денес? Да го сакаат џелатот? Тоа е формула и за нарушено ментално здравје и за општествено ропство. Ако им требаат такви луѓе, нека си ги произведат. Мене нема да ме убедат дека треба да сакам џелат, макар џелатот бил и револуционер или "европски", "модерен тип".

Трето, не можам да сфатам: сите денешни политичари тврдат дека ова е револуционерно време, а ваму проповедаат прогон на "говорот на омраза". Па, зар ќе се изведеше досега макар една, единствена светска револуција без омраза? Љубовта не те тера да земеш стап или вила в рака и да јурнеш на Бастилија! Нешто тука не е во ред: револуционер си, а не мразиш ниту презираш никого. Ко монах. Па, што го уриваш тогаш стариот свет, кога го љубиш?

Четврто: без омраза нема љубов. Сета сјајна романтичарска и мелодрамска книжевност не би постоела без омраза. Омразата е главниот драмски "федер" што ги создава драмските конфликти: нема конфликт ако нема негативец. Што сакаме ние денес, да го претвориме светот во НЕДРАМСКО место, без негативци? Да направиме химна со која се велича бесконфликтниот свет и неговата ЕДНА влада?! Па, мелодрамите се продаваат повеќе од хероите, зашто таа го сака него, ама секогаш има и УШТЕ ЕДНА. Па, кога тој ќе ја избере таа "уште една", огнената љубов на првата "таа" се претвора во исто толку огнена омраза. ОМРАЗА ОД ЉУБОВ: чист романтизам! Да не би и зад оваа омраза на госпоѓа Захариева да се крие огнена, отфрлена, мелодрамска љубов?

Петто: не можам да се изначудам на сите оние покондурени опинци, помодари и во политиката и во новинарството, кои без да размислат, стануваат со Павлов рефлекс во одбрана на празната флоскула "говор на омраза" и кога треба и кога не тереба. Како може да бидат до толку лицемерни да им пречи ГОВОРОТ на омразата, а не САМАТА ОМРАЗА?! Говорот на омраза се санкционира со закон, ама омразата не може, зашто е чувство. Така, работата се сведува САМО на тоа да се самоцензурирате кога мразите. Да замолчите. Тоа укажува колку е денешна (законодавна) Европа духовно плитка култура: лекува симптоми, а не причини. Тешко нам ако ни е матичен лекар. Омразата не се искоренува со закон, туку со морално воспитание и духовен светоглед спротивен на материјализмот. Тука има  многу воспитна работа и за школите и за црквата. Па, зошто тогаш да не одиме докрај? Зошто да не научиме да не мразиме, а не само да одмолчиме кога мразиме?! И што ако некој молчи кога ме мрази? Отсекогаш сум се плашел повеќе од оној што не кажува дека ме мрази (а ме мрази) одошто од оној што плука по мене. Таквиот може никогаш да не ме навреди, а да направи се' за да ме убие зад грб: да ме исфрли од конкуренција за награди, да ми симне театарски претстави од репертоар, да ми забрани филм...и да ми остане "пријател", а јас да не знам дека ме мрази. Омразата е болест на духот, не болест на устата и јазикот што зборува.

Освен тоа, ајде нека бидат и Европа и САД доследни до крај: ако веќе се казнува говорот на омраза, нека се казни и тој во американските филмови. Холивуд е индустриско гнездо на говори на омраза. Сите тие американски  што содржат "кучка", "кучкин син", "ебено добро" и слично ги презедовме од западните филмови, не од нашиот фолклор, Тие пцости воопшто не се во духот на нашиот јазик. Тоа значи дека не само што говорот на омраза е нова МОДНА етикета измислена за општествено жигосување туку и самиот тој говор е МОДНО угледување: најчесто е во духот на англискиот колоквијал. Па, ако веќе пцуеш, пцуј на македонски! Помали се шансите да се сетат дека е говор на омраза кога пцост е земена од фолклорот: кој денес знае (освен прилепчани) дека си навредил некого кога ќе му кажеш дека е "тололо"?

Според тоа, флоскулата "говор на омраза" е уште една европска измислица за да се избегне соочување со вистината: секогаш кога некој ќе каже вистина, вистината може да се деградира како омраза. Тоа е истат финта како онаа за која пишуваше и Фуко: лудницата е измислено јавно за лудите, а тајно и за опасно умните. Најстрашното е што во таа флоскула се крие и идејата за скриеното зло: такво што молчи, не говори и затоа станува мимикрија на доброто. Тоа е НЕМО, НЕИЗГОРЕНО ЗЛО.

Не го слушаш, не го гледаш, а постои. Во таков свет на скриено зло ќе  живеат моите деца, воспитани во очи да кажат кога некого сакаат или кога некого не сакаат. Такви емотивни фарисеи и ќе им го кројат животот на моите деца. Достоевски во "Карамазови" одлично ги опишува преку оној лекар "космополит", кој јавно го сака човештвото, а тајно го мрази секој човек (и се воздржува од говор на омраза): "Јас го сакам човештвото, ама се чудам самиот себеси: колку повеќе го сакам човештвото општо, толку помалку ги сакам луѓето поединечно... Само што некој ќе се најде крај мене, веќе ми го задушува самољубието и ми ја стеснува слободата. За еден ден можам да го замрзам и најдобриот човек: еден затоа што предолго јаде на ручекот, друг затоа што има  кијавица и постојано се секне."

Толку од мене за омразата. Да замолчам, да не ме тужи омразата дека ја мразам.

Проф. Елка Јачева Улчар

 

Професорката Елка Јачева Улчар

НАПРАВИ "ПАРАМПАРЧЕ" ОД ЗОРАН ЗАЕВ И НИКОЛА ДИМИТРОВ

 14 ноември 2020

Професорката Елка Јачева Улчар која важи за сталожена и мирна во јавноста со исклучително драматично, но аргументирано отворено писмо до луѓето кои одлучуваат за барањата на Бугарија како услов за ЕУ.

********************

ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ЗОРАН ЗАЕВ И НИКОЛА ДИМИТРОВ

Да не доаѓаат вестите однадвор и да не беа електронските медиуми, особено оние во Австрија, македонскиот народ не ќе знаеше ништо за вашите "преговори" со Бугарија. Не ќе дознаевме ни дека во Загреб, во февруари оваа година, Република Бугарија додала анекс во кој македонскиот јазик останал без свое име. Не ќе дознаевме ни што договоривте пред некој ден во Берлин!

Зошто? Зашто за разлика од некои други европски лидери, не излеговте во Собранието да го кажете исходот од вашата средба. Исто како што не сакавте преку народните пратеници во Собранието да го слушнете гласот на мнозинскиот македонски народ во земјата. И тргнавте во преговори по ист начин како и со Преспанскиот - ставајќи ги Македонците пред свршен чин.

Господине Димитров, бадијала бевте во јуни оваа година на промоцијата на МАНУ на која добивте примерок од книга со наслов: "Македонскиот јазик - континуитет во простор и време". Доволно ќе беше само насловот да го прочитате за да сфатите дека МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, се простира подалеку од државните граници на Република Македонија, таков каков што нашиот јужни и источни соседи не сакаат да го видат, па затоа толку упорно инсистираат на додавката "според Уставот на РМ".

Бугарија го сака истото што го доби Грција во Егејска Македонија - а кое вие здушно го поддржавте обезименувајќи го и нарекувајќи го македонскиот јазик - јазик различен од грчкиот што го зборуваат категорија граѓани во Грција!

Сте се согласиле дека сте подготвени да потпишете оти кодификацијата на македонскиот јазик се случила во 1945. Зошто ви била потребна подготовка за потпишување на еден ноторен факт? Или со ваквата "согласност" сте се согласиле дека историјата на македонскиот јазик започнала од 1945 година без да земете предвид два факта познати во славистиката: дека во основата на старословенскиот јазик, тој јазик на кој светите браќа Кирил и Методиј ги превеле првите книги почива на македонски, а не на бугарски говори од околината на Солун.

Кога двајца големи слависти ја поставуваа оваа македонска теорија за основата на старословенскиот јазик, едниот од нив, Ватрослав Облак, својата студија ја наслови како "Македонски студии", а не бугарски.

Подготвени сте исто како и со Преспанскиот да го потврдите членот 11 од "добрососедскиот Договор со Бугарија кој е тотално асиметричен и на штета на Македонците и на македонското малцинство во Пиринска Македонија.

Вие великодушно се откажувате и од него и од македонскиот јазик што се говори во овој дел од Бугарија.

За потсетување: тоа е она малцинство за кое неодамна во Софија и самиот Бојко Борисов пред министерот Бујар Османи рече: "-Многу сум загрижен за вклучувањето на ОМО Илинден и на македонското малцинство во Бугарија во политичката резолуција во Европскиот парламент!"

Господине Заев, кажете му на вашиот пријател Бојко Борисов, дека по 75 години постоење на држава Македонија и македонски јазик ние Бугари не стануваме! Ако ова му било јасно пред повеќе од еден век (1903 г.) на бугарскиот академик и професор Иван Шишманов, тогашен министер на Кнежевството Бугарија, кој рекол дека "Македонија ако стане автономна, по десет години таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, ќе постојат само Македонци.", тогаш во 2020 година на Борисов би требало да му биде уште појасно!

Затоа престанете и повлечете се од преговарање за кои немате знаења и со кои му правите огромна штета на македонскиот народ, на кој се повикувате! Доста со вашите погубни преговори за Македонија и Македонците. Ако не знаете, имате национални институции на кои основна задача им е чување на македонските национални интереси.

За почеток прочитајте ја реакцијата на македонските лингвисти од Институтот за македонски јазик "Крсте Мисирков", закачена на неговата веб-локација, а по повод оној памфлет што Бугарската академија на науките го рашири по Европа под наслов за "Официјалниот јазик на Република Северна Македонија". Угледајте се во нешто на нашите соседи!

Преведете ја и пуштете ја до сите меѓународни институции! Вратите се дома и зборувајте со народните пратеници! Така постапуваат државниците кои ги штитат националните интереси на својата земја и на својот народ!

Обидете се, барем, малку да му го зачувате достоинството на овој намачен, осиромашен и понижен народ и кажете и' НЕ на ЕУ во која еден голем дел од Македонците не сакаат да влезат тотално обезличени!

Во спротивно - не сте ништо друго освен предавници на своите предци и на своето потомство со запустен корен поради вашите погубни политики!

****************

проф. д-р Елка Јачева-Улчар, Институт за македонски јазикк "Крсте Мисирков". 

Блаже Миневски

ПИШАНО СВЕДОШТВО: ГРЦИТЕ ГИ УКРАДОА МОШТИТЕ НА СВ. КЛИМЕНТ

15 декември 2020

Во писмото пишувано во Охрид на 25 февруари 1845 година, упатено до рускиот научник Виктор Иванович Григорович, кој во пролетта 1845 година патувал низ Македонија со цел да собира "материјали пишани со старото писмо на Македонците", Димитрија Миладинов го моли рускиот научник да се застапи пред рускиот цар да ја присили Грција да ги врати назад во Охрид моштите на Свети Климент, односно черепот однесен во манастирот Свети Јован Продром кај Бер, однесени за време на пренесувањето на остатоците на Свети Климент од црквата Свети Пантелејмон во црквата Света Богородица, каде што биле полни четири века по неговата смрт.

*****************

Дека Грците не краделе само територија туку се' што е поврзано со Македонија, без разлика дали станува збор за таканаречениот антички или словенски период, сведочи бескрупулозната акција за крадење на моштите на Свети Климент од Охрид. Според Димитрија Миладинов тоа се случило четири века по неговата смрт, односно во времето кога Охридската архиепископија била под доминација на грчко-византиски владици, а со манастирите управувале луѓе лојални на патријархот. Подоцна, во 1845 година, Миладинов со жалење констатира дека во прочуениот град Охрид не останало "ништо од стародревности, само моштите на Свети Климент, но и тие без светиот череп кој е во Бер". Како се случила кражбата на моштите на Свети Климент? 

Ова е черепот на св. Климент кој сега се чува во грчката црква, а за кој пишувал Миладинов.

Според проф. д-р Харалампије Поленаковиќ, токму Димитрија Миладинов доста рано покажува интерес за делото на Свети Кимент Охридски, а тоа, впрочем, воопшто не е чудно, бидејќи споменот на Свети Климент бил мошне жив и во родниот град на Миладиновци. Дека е така потврдува и фактот што крај езерскиот дел на Струга го носел името Климентица. Од друга страна, учителствувајќи во Охрид, Димитрија Миладинов имал прилики да ја почувствува почитта што охридското население ја покажувало кон заштитникот на градот, својот свети Климент. Или, како што вели самиот Миладинов, буквално на секој чекор се среќавал со таа почит; во црквата Свети Климент, крај гробот на светителот, пред иконите и фреските, пред дрвениот кип, пред икончињата, во тврдите подврски на книгите - сето тоа било исполнето со почит за првиот словенски просветител.

Следејќи ги писмените сведоштва на Димитрија Миладинов, проф. д-р Поленаковиќ констатира дека неговото интересирање за Свети Климент директно се потврдува со писмото на Димитрија Миладинов пишувано во Охрид на 25 февруари 1845 година, а упатено до рускиот научник Виктор Иванович Григорович, кој во пролетта 1845 година патувал низ Македонија со цел да собира "материјали пишани со старото писмо на Климент, да го запознае јазикот на населението и да запишува народни умотворби". Имено, заедно со Димитрија Миладинов, го посетил манастирот Свети Климент, нашол едно Климентово житие, зел некои ситници, а потоа го посетиле селото Издеглавје, во Долна Дебарца, верувајќи дека тука била некогашната Главеница, едно од местата каде што престојувал Климент и каде, според пишувањето во Житието што го нашол во Охрид, се наоѓале камени столбови со "натписи во кои се говорело за покрстувањето на Словените".

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

Меѓутоа, за жал, како што потврдува и Миладинов, при посетата не нашле такви столбови, па Димитрија во писмото му ветува на рускиот научник дека "напролет ќе појде да ги бара оние камени столбови од некогашната Главеница".

"СВЈАТАТА КАРА ГРЦИ ЈА УКРАДОХА!"

Во продолжение на ова писмо, кое содржи и некои други многу важни работи за историјата на Македонија, Димитрија го моли рускиот научник да се застапи пред власта да се вратат назад во Охрид дел од моштите на Свети Климент,  "свјатата кара", односно черепот што го однеле специјално обучени калуѓери од манастирот Свети Јован Продром кај Бер.

Кражбата е извршена за време на пренесувањето на моштите на Свети Климент од црквата Свети Пантелејмон во црквата Света Богородица, денешна Свети Климент. "Операцијата" се случила во времето кога црквата Свети Пантелејмон била претворена во џамија. Денес на тоа место, на Плаошник, врз темелите на старата црква Свети Пантелејмон, каде што бил погребан Свети Климент, е изградена новата црква Свети Климент, каде се пренесени дел од неговите зачувани мошти, но тоа е само ситница во однос на она што поседуваат Грците.

Затоа Димитрија Миладинов уште пред повеќе од 170 години го моли Виктор Григорович да се заземе кај рускиот цар да се врати главниот дел од моштите, односно "свјатата кара", светиот череп на Климент во Охрид, во црквата каде што биле "полни четири века по неговата смрт".

Дека Димитрија Миладинов бил многу загрижен за кражбата на светите мошти на Климент, но и упорен да ги врати  назад во Охрид, зборува и фактор што петнаесетина години подоцна, мислејќи како да ја врати "свјатата кара" од Бер, објавува дописка во Цариградски весник:

"Во прочутиот град Охрид", пишува Миладинов, "не остана нишчо од великиолепие и од стародревности, само свјатите мошти од свјатога Климента - тије, без свјатата кара на која стоит златоткаено и бисер, и која у Верија (Бер) Грци ја украдоха и ја држат денеска во обителот свјатога Јоана Продрома - два кодика од архиепископските први јустинијански и гробот на свјатога Климента со една скршена плоча и манастир церква митрополитска на лево влегвашчи во партика..."

Мошне интересен е и податокот што Димитрија Миладинов го објавува 1860 година во студентското списание "Братски труд", гласило на македонските и бугарските студенти во Москва, а се однесува на записот на камената плоча врз гробот на Свети Климент:

"Надгробни негов надпис ушче стоит во соборната црква в Охрид: 27 месец јулија 916 претстави се Климент Охридски".

МОШТИТЕ ЈА ДЕЛАТ СУДБИНАТА НА МАКЕДОНИЈА

Според записот на протојереј - ставрофор Георги Николовски, кој долго време служел во црквата Свети Климент во Охрид, Светиклиментовите мошти вшуснот ја делат судбината на Македонија. Имено, по смртта во 916 година, Свети Климент бил положен во гробот што сам си го приготвил во манастирот што го подигналл и му го посветил на Свети Пантелејмон.

Кога Охрид потпаѓа под турска власт, манастирот Свети Пантелејмон, или како што старите охриѓани го нарекувале Стар Свети Климент, бил претворен во џамија. Сепак Турците им дозволиле на охриѓани светите мошти да ги префрлат во некоја друга охридска црква. Сето тоа било организирано од монасите, но, за жал, двајца од нив успеале да го скријат черепот, а потоа скришум да го однесат во манастирот Свети Јоан Продрома кај Бер. Остатокот од моштите биле сместени во малата црквичка, таканаречена Мал Свети Климент, но охриѓани набрзо издејствувале од турските власти моштите да бидат пренесени во некој храм од повисок ранг, па им било дозволено да ги префрлат во црквата Света Богородица Перивлепта.

По овој чин црквата го добила денешното име Свети Климент, а името Света Богородица Перивлепта фигурира само во некои стари извори и литература од тоа време. Откако биле пренесени во оваа црква, моштите биле погребани во нартексот, но подоцна, во 19 век повторно биле откопани и сместени во сребрена кутија украсена со орнаменти. Кутијата со ситните остатоци од моштите, без черепот, се разбира, била ставена во изрезбен ореов саркофаг, во кој, на десната страна пред иконостасот, почивале се до 1 септември 1952 година, као што сведочи протојереј - ставрофор Николвски, власта носи решение црквата Свети Климент да ја претвори во музеј, па тој, како последен свештеник во црквата каде што се чувале Светите мошти, бил известен дека црквата станува музеј, но моштите може да останат во црквата:

"Без да прашам никого, во отсуство на претставник на Музејот, ја зедов кутијката со Светите мошти, ја покрив со чаршаф и скришум, под пазува, по споредни сокачиња, ги однесов привремено во црквата Свети Никола Геракомија, оставајќи ги на Светиот престол. Подоцна го размонтиравме и саркофагот и пак скришум го однесовме во истата црква и ги сместивме моштите во него. Во таа црква останаа до 22 септември 1991 година, кога,  со враќањето на црквата Свети Климент на МПЦ и моштите повторно беа вратени во неа", забележал во своите спомени Николовски.

Десетина години подоцна, кога беше изградена, односно обновена или, поточно реконструирана неговата црква на Плаошник, моштите на Свети Климент беа пренесени во неа и сега остатокот од нив е таму, на Плаошник, но черепот, или "свјатата кара", како што вели Димитрија Миладинов, се уште се во Грција. Дали Македонија некогаш барала оваа своја скапоцена "свјата кара" на кој "стоит златоткаено и бисер" да се врати во Охрид, нема податоци, но факт е дека, на пример, Грците им ја позајмија украдената "свјата кара"  на Бугарите за изложба а потоа, по престојот во Софија, веднаш беше вратена во Грција, односно во манастирот Свети Јоан Продром кај Бер каде што се чува близу седум века.

tvvesti.com

 ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО 

***

МАРИЈА ВОДЕНСКА

  ОЧИ НА ЉУБОВТА

Во погледот е
збран светот
Во душата е збрана љубовта
Очите шараат по
вистината
Со ветрот што
шепоти во мисли.

Како вечерен
жубор патуваш
Шумен во есен не
заборавен
Во спомени како
Бисер зачуван
Како гулаб кој не
летнува.

Како воздишка
која не запира
Како плод на
маслиново гранче
Како слика која
пладнува
Како фотографија
која пламнува.

Гори непрегорен
во рој од мисли
Недопрен од
злости и злокоби
Невиден од оние
кои гледаат
Недостижен
наоколу со
зеленило.

А есента надојде
со позлатено
лисје
Како украс на
спомените во
градот
Низ кој чекориш
овенчан со венец
На главата
горделив,
недостижен.

Невидлив за
секого крај Тебе
Оти само
Љубовта има очи
За војната
недоделкана во
очај
Под Исарот во Македонија.
************
Марија Воденска
Њутон, МА, 15 декември 2020 

 

ВИДЕОТЕКА - VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 327, 20 декември 2020