ВО НАРОДОТ Е СИЛАТА

Сотир Гроздановски-Македонски

Сотир Гроздановски-Македонски

ПОСЛЕ ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ДВАТА ДОГОВОРИ СО ГРЦИЈА И БУГАРИЈА И ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА СО АЛБАНЦИТЕ, СЛЕДИ ЛИ УШТЕ НЕШТО?

 

08 декември 2020

Многу дебати, прес конференции на Владата на Зоран Заев, неефикасни протести на ВМРО-ДПМНЕ, протесни писма на делови од Армијата, закани и уцени од сите страни, но ниту една имплементација од барањата на Македонците. Така ли  му се спротивставуваме на дивеењето на СДСМ и Зоран Заев? Ако е тоа така, а се гледа дека нема  аир од сите тие цивилизирани дебатирања и пишувања, во тој случај немаме друг избор,   туку сите да му се придружиме на Зоран Заев и да го изодиме неговиот пат кон Европската Унија и "светлата иднина" која таа ни ја ветува. Под еден услов: да им ги задоволиме сите барања на нашите соседи и  да исчезнеме како македонски народ и македонска нација од светов во кој денес живееме. 

Дали е можно вакво нешто да се случува во некоја друга држава, па и примитивна племенска заедница без капка крв да падне на земјата или без глава да биде на кол закачена за цел свет да ја види? Сигурно дека  не! Тоа може и се случува само во Македонија за време на владата  на Зоран  Заев  од Муртино и СДСМ. Но и за време на нашата неодговорна генерација без трунка почит кон  изгинатите ни предци кои ни оставија   покрив над главите и безбеден под под нозeтe. Па во  овај случај, можеме ли да бидеме луѓе кога самите себе се мразиме и немаме  почит и трунка љубов кон Татковината?

Што треба да се направи за да му се стави крај на лажната слаткоречивост на овој злосторник? Има ли некој храброст да оди подалеку од само констатирање на горчливата реалност што е евидентна и за крајно не информиран човек во државата? Што е тоа што Зоран Заев знае а сите ние не знаеме? Што е тоа што Зоран Заев поседува за да ги убеди луѓето дека се' што прави тој, заедно со својата дружина, е во полза на државата и народот и дека друг пат кон иднината и благосостојбата не постој, при тоа вешто претворајќи ги сите предавства во успеси?

Има уште многу прашања на кои само Зоран Заев може да ни даде одговор, а не како зомби да го гледаме и слушаме како се пени од задоволство што неговите лаги за слушателите и неговите следбеници се претвораат во мед и млеко!?

Цензурата врз медиумите  толку се засили, да човек не може да поверува дека и тоа  е можно во овие времиња кога сите зла, неправди, тирании, самовластие без граници и газење на сите закони и Уставот на Македонија би требало да се минато. Но бидејќи нашето минато е веќе минато и непостој повеќе,  не е чудно што  овој криминалец и болен човек слободно си ја врши својата злосторничка работа, не давајќи му ни пет пари што "опозицијата" и народот бара. А тој бара, да престане со понатамошните продавања на се' што е македонско и да се повлече од власта која ја злоупотребува со своите антимакедонски политики. Но Зоран Заев нема ни страв ни срам и си тера напред зошто не верува, дека после толку години од неговото владеење и толку зла направени врз македонските национални интереси има јунак да го спречи и да му наштеди на неговите политики со кои ја распродаде македонската држава,  македонската историја, јазикот македонски, културата, традициите, потоа се одрекна од  македонските малцинства  во странските земји, ги разнебити Македонците и македонската нација и продолжува  без голема грижа за својата политичка и физичка иднина.

Па доколку сите предупредувања не делуваат врз неговата болна психа, има ли некој друг поефикасен начин за да се спречат неговите понатамошни злосторства и газењето на честа и достоинството на македонскиот народ? На ова прашање би требало да одговори некој кој се смета доволно умен, храбар и способен да го поведе народот во одлучна битка против злото кое веќе го довршува ликвидирањето на Македонија и опстанокот на Македонците.

Тој умен и храбар човек кој е доволно способен и харизматичен да ја покрене и заврши таа света задача, не е Христијан Мицкоски, драг мој народе, а ниту тоа е ДПМНЕ. Во тој случај, која е  правата улога на ВМРО-ДПМНЕ во македонското општество? Не е ли жално да се видат истакнати историчари, аналитичари, научници кои по примерот на следбениците на Зоран Заев  и тие слепо го следат Христијан Мицкоски? Го следат и ако се свесни дека неговите антимакедонски политики ја водат партијата во распаѓање, бидејќи нејзината улога е штетна по македонските национални интереси. 

Доста е со ветувањата за поарен живот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземел власта и кога Христијан Мицкоски ќе станел премиер за да ја продолжи неславната и злосторничка работа на СДСМ.  Дури тоа да се случи, ќе ја снема македонската држава, ќе исчезне македонскиот народ и македонската нација. 

За акција времето е сега, драг мој народе, дури има уште нешто што може да се спаси. Иако и денес е веќе предоцна, без револуција.

За секогаш Ваш, Сотир!

 

Горан Момироски

БОГ ДА МУ Е НАПОМОШ НА БУГАРСКИОТ ПРЕГОВАРАЧ БУЧКОВСКИ

 

03 декември 2020

Во оваа колумна сакав, во интерес на јавната дебата, да проговорам за некои прашања за кои сум разговарал со професорот Владо Бучковски и кога бил премиер и потоа. Сакав да напишам детали од разговорот со него за повеќе теми и настани:

За посетата на тогашниот бугарски премиер Сергеј Станишев на Скопје во 2006 година, кога тој ја промовираше идејата за заедничка прослава на Илинден со Бугарија, а јас бев единствениот новинар (тогаш на А1 ТВ) кој на пресот по средбата побара објаснување за планот кој наскоро стана реалност и стекнато право на бугарските власти;

За средбата на Бучковски со Бојко Борисов како градоначалник на Софија на конференција за ЕУ и Западниот Балкан на Скопскиот саем во 2005 година;

За неформалниот разговор со него на една вечера во една странска амбасада во којашто, да бидам искрен до крај, јас велев дека Македонија со Бугарија, која е најблиска наша сосетка по неколку параметри, треба да  најде некаков модел на разбирање. Тоа што го имав предвид тогаш (заедничко славење на свети Кирил и Методиј во Рим, на пример) не е ни блиску до тоа што сега го читам и слушам од професорот по римско право. Но пишувајќи ги овие редови на ум ми дојдоа чисто човечки, татковски сценарија и решив да запрам со колумната.

На професорот и на Македонија сега колумни не им помагаат, само Господ Бог може да им помогне. Навистина, кој друг може да му помогне на човек којшто, ако се анализира тоа што го кажувал за бугарските медиуми, еден ден ќе треба да седне со своите деца и внуци и да им објаснува дека нивните дедовци биле Бугари до 1944 година. 

"Деца мои, вашиот дедо и неговите родители и дедовци биле Бугари, а од 1944  до 1991 година јас и вашиот дедо бевме жртви на силна антибугарска пропаганда поради која настанала македонската нација", вака некако треба да се одвива овој разговор, ако се следи тоа што го зборувал и се' уште го зборува Бучковски.

Да не заборавиме, кога беше премиер Бучковски, зошто таа антибугарска пропаганда за која сега зборува не се обиде да ја анулира, иако на располагање го имаше грозниот антимакедонски проект "Фабрика за вести".

Тоа што олеснувачот нема ниту една заедничка фотографија со премиерот Заев во последниве 5 години покажува уште една работа која на упатените им е совршено јасна, но за тоа во друга прилика.

Насловот не е грешка.

Во насловот на овој текст не е направена грешка, професорот Бучковски не е само македонски преговарач/олеснувач, туку и бугарски. Доколку за неговата функција немало дозвола од Софија, тој немало да може да  биде  олеснувач во спорот. Тој практично во спорот меѓу двете земји или во најмала рака Софија, врз основа на свои сознанија, аргументи, документи и позиции за Бучковски се верува дека ќе биде објективен застапник на целите на страните во спорот. Во спротивно, од бугарска страна ќе имаше назначено преговарач со сличен профил - професор, експремиер или друг лик кој на иста позиција со Бучковски ќе ги разгледуваа отворените прашања од друг аспект и со поинаква методологија од политичката. Или, пак, двете страни ќе именуваа профил како Метју Нимиц како неутрална страна во спорот и се' ќе беше поинаку. Вака Бучковски ќе мора да ги следи линиите на македонската влада и бугарските интереси и со тоа да се дисквалификува како претставник на македонскиот народ.

Тоа што во едно интервју дадено во Софија лани вели дека Бугарија е негов втор дом, не може да му се земе за грев, затоа што не кажале попусто: домот ти е таму, каде што ти е срцето.

За жал, професорот Бучковски со својот последен ангажман само ги зголеми шпекулациите дека не завршил в затвор за аферата "Бугарски делови" за да може да биде искористен сега. Дали со негова волја или под уцени и притисок, ќе ни открие самиот наскоро.

Во овој контекс замислете САД по аферата "Ирангејт" да го назначеше покојниот претседател Реган за преговарач во мировните разговори со Иран, или Франција по аферата "Донации од Гадафи" да го именуваше експретседателот Саркози за преговарач со неговата влада пред да замине од власт.

Немам прецизни детали што се' поседуваат бугарските тајни служби во своите архиви за министерот за одбрана Бучковски од воениот конфликт во 2001 година. Ниту за српските служби за аферата "Миле Драгиќ". Но, ако денот по утрото се познава, професорот уште утре треба да се врати на факултет да предава римско право, пред целосно да биде соголен пред јавноста, студентите, колегите и неговите потомци.

expres.mк 

Блаже Миневски

Блаже Миневски

СКОПЈЕ ВО 1668 ГОДИНА КАКО И ДЕНЕС ЈАНИЧАРИ ГО ПРЕПЛАВИЛЕ ГРАДОТ!

Во 1668 година, кога Евлија Челебија ги посетил Солун и другите градови во Румелија, поминувајќи низ Скопје, меѓудругото забележал дека "јаничари има толку многу што го преплавиле градот". А Скопје во тоа време бил "голем град што се наоѓа во рамница, обраснат со зеленило, украсен со градини на десната и левата страна од реката Вардар".

Според Челебија, градот го краселе повеќе илјади интересни градби соsидани од тврд материјал, а се наоѓаат западно од реката и на страната каде што се наоѓа и тврдината. Градот има седумдесет маала:

"Тоа е град со цврста и јака утврда која има двојни бедеми. Скопје е красна населба. Градската капија и бедемите се изsидани од делкан камен, кој се сјае како полиран. Толкава префинетост и уметност во обработката на камен не може да се види во ниеден друг град. Мајсторот-архитект така ги изработил и изделкал големите мермерни столбови на тие бедеми што изгледаат како да се излеани во гипс. Такво мајсторство е покажано можеби единствено во академијата на божествениот Платон во Атина...", запишал Челебија, а дел од овие записи, во превод на Зоран Спасовски и во издание на издавачката куќа "Алманах", беа објавени на македонски јазик.

КОЈ ГИ ПЛАЌА ЈАНИЧАРИТЕ ВО СКОПЈЕ ?

Во продолжение на записот за Скопје, кој во тоа време бил преплавен со јаничари, патеписецот констатира дека "бедемите кои го обиколуваат градот се високи педесет аршини, има три железни капии, а во предворјето на секоја од високите капии има бројна стража. Капиите и sидовите на предворјата се украсени со разно оружје и алат за оружје. Самата тврдина е изградена на високи карпи, така што од неа се гледа целото поле". Патем, во патеписот, кој постојано како да е под превезот со сликата за град преполн со јаничари, познатиот патеписец пишува и за чаршијата во која имало две илјади и сто и педесет дуќани, при што најубав дел од неа е делот на трговците со памучни тканини, но и оној каде што биле дуќаните на занаетчиите и трговците што изработуваат и продаваат свилени тканини, потоа делот на чадорџиите, на папуџиите и бојаџиите:

"Секој дуќан го красат зумбули, љубичици, ружи, босилек, јоргован и кринови во вазни и саксии". Потоа, и при една таква убавина што го опкружува, патеписецот сепак не пропушта да каже дека токму од Скопје "се тргнувало на многубројни освојувачки походи по околните земји", а главна воена сила очигледно биле јаничарите кои го "преплавиле градот". Колку од нив биле Македонци од градот и околината "тристо и педесет убави села", нема податоци, но факт е дека во градот се наоѓал "јаничарскиот ага, кој го викаат хоџа-ага".

Освен него во Скопје бил стациониран и градскиот диздар кој располагал со "триста редовни војници на градската посада" кои "секоја година ја примаат својата плата од државниот службеник на рудникот за сребро во Кратово". Кој ги плаќал локалните јаничари, не се знае, но се знае дека јаничарите како војска се воведени во 1330 година.

Според историски извори османлиските власти ги одземале здравите и силни христијански деца, ги потурчувале и со систематска обука ги обучавале како специјална војска. Во вековите што следувале се' почесто се случувало јаничарите да предизвикуваат нереди кои со време станувале опасни за турската власт. Инаку, во воената литература, турскиот збор јаничар, што во превод значи 'нова војска", во основа се однесува на припадник на османлиската пешадиска единица задолжена за безбедност на султанот.

Во почетокот јаничарите биле опремени со лакови, но по 1440-та година започнале да ракуваат и со сабји и ножеви. Всушност, турскиот јатаган станал симбол на самиот корпус. Притоа први јаничари биле момчиња од немуслиманското население, односно насила потурчени христијани. Токму со таа намена во времто на Мурат Први бил воведен и данок со кој секој петти воен заробеник бил обврзан и принуден да го прифати исламот и да стапи во армијата.

Така се формирале првите единици на пешадијата, а паралелно со тоа значењето на јаничарите започнало да расте. Во меѓувреме, во времето на Бајазит Први, започнал да се собира и данокот во крв, односно задолжително, периодично собирање на машки деца од пет до десет години од поробените христијански градови и села, главно од Румелија, што значи и од Македонија.

По киднапирањето децата се носеле во Анадолија, во угледни муслимански семејства, а потоа оттаму во касарните во Цариград, Бурса или Едрене.

СУЛЕЈМАН ВЕЛИЧЕНСТВЕНИОТ ИМАЛ НА РАСПОЛАГАЊЕ 140.000 ЈАНИЧАРИ !

Според француски извори од 1458-та година, секоја петта година, собраните и селектирани деца од христијанските земји, султанот ги праќал во семејства каде се обучувале на послушност, го учеле турскиот јазик а потоа откако ќе  потпораснеле се враќале во Цариград каде што се вршела нова селекција. При селекцијата, оние што се истакнувале со убавина и интелигенција, се испраќале во гардата. Останатите биле продавани како робови. Вкупниот број на јаничарите варирал во зависност од потребите, а јаничарски корпус бил организиран во орти, односно баталјони, односно од 300 до 1000 луѓе. Султанот Сулејман Величествениот имал околу 140 орти, но подоцна тој број се зголемил на преку 190 орти. Султанот бил главен командант, јаничарите носеле специјални униформи, биле плаќани во готово и марширале под музика наменета само за нив.

Во историските записи стои дека јаничарите одиграле голема улога во падот на Константинопол, во борбите со Австрија и поразот на египетските Малмуци. Веднаш по овие успеси, јаничарите започнале со своите барања за покачување на своите примања. По 1451 година секој султан морал да плаќа дополнителна награда за успесите на јаничарите, а во 1566 година јаничарите добиле право да се женат.

Со текот на времето, јаничарскиот корпус се засилил толку многу што станал опасен дури и за султанот, па Махмуд Втори ја укинал оваа веќе платеничка војска во 1826 година. Во 1566 султанот располагал со 12.000 јаничари, девет години подоцна тие броеле 27.000 луѓе, а во 1592 година нивниот број стигнал до 48.688 лица и постојано се зголемувал. Следните два века јаничарите полека но сигурно почнале да стануваат најмоќна сила во империјата па потребите за реформи во османлиската војска предизвикале револт меѓу платениците кои се противеле на какви било иновации, попречувајќи дури и воведување на модерно оружје во војската. Како и да е на 19 мај 1826 година, кога било одлучено дека треба да се формира редовна турска армија, јаничарите се побуниле  и се заканиле дека ќе ги убијат сите што се залагаат за реформи, па дури и самиот султан, ако не ја расформира новоформираната војска. Сепак бунтот бил задушен, јаничарите биле принудени да молат за милост, дел од нив биле помилувани, но организаторите биле ликвидирани.

Според записот на Евлија Челебија, сто и педесет години пред тоа, пред крајот на јаничарството како платеничка војска, самиот тој престојувајќи во Скопје можел да види дека ги имало толку многу што го преплавиле градот. Што би забележал истиот патеписец денес доколку повторно помине низ Скопје и заталка на предизборен митинг на луѓе со чадори што го имаат преплавено градот, чекајќи некој сличен службеник, како "службеник на рудникот за сребро во Кратово" од 1668 година да ги исплати за она што дури со свиткан 'рбет го прават за државата?

СКЕНДЕРБЕГ И МЕХМЕД-ПАША СОКОЛОВИЌ - НАЈСЛАВНИ ЈАНИЧАРИ ОД БАЛКАНОТ !

Еден од најславните јаничари бил Ѓорѓија Кастриоти Скендербег, син на деспот од северна Албанија, кој подоцна водел двогодишна војна против Отоманите. Освен него, меѓу најславните јаничари е и Мехмед Паша Соколи, односно Соколовиќ, селанче од Босна, кое подоцна станува голем везир, служел на тројца султани и бил владател во сенка на Отоманската империја повеќе од 14 години.

денешен.мк

Панде Колемишевски

 

 Панде Колемишевски

СТАЛИН ЖИВЕЕШЕ ВО СОФИЈА, НЕ ВО СКОПЈЕ

 

21 ноември 2020

 

 

Ако подлабоко се навлезе во анализа на ставовите на министерката Захариева за Македонија и Македонците, ќе се препознае Тодор Живков, нејзиниот учител и духовнополитички идол. Министерката обилно ги користи материјалите од тајните и јавни седници, пленуми и форуми на Централниот комитет на бугарската комунистичка партија и ставовите на нејзиниот долгогодишен водач, кој неславно заврши при падот на Берлинскиот sид.

******************

Сите медиуми во Македонија ја објавија изјавата на министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева во која вели дека во Македонија се' уште живеат идеите на Сталин и Тито. "Ако продолжиме да  затвораме очи пред фактот дека таа земја продолжува да се развива како што тоа го замислиле Тито и Сталин, тогаш ги извршуваме работите на Москва", гласи точната реченица. Навистина е безпредметно да се спори за ваков став со граѓанин што е роден во Бугарија во строг сталинистички систем. Госпоѓата пазарџика (родена во Пазарџик) Екатерина Гечева Захариева, пловдивска магистранка по право и успешна адвокатка, своите први ученички сознанија ги примала од учебниците со контролирана комунистичка идеологија во која Советскиот Сојуз бил позначаен од самата Бугарија, со лекции за нивната нераскинлива братска дружба. Тука нема лага. Можеби како пргаво и итро деввојче не се одушевувало од спомениците на руски јунаци и политичари со кои беа прошарани Софија и другите бугарски градови, можеби не било запишано во училиштето што го носело името на Карл Маркс или Фридрих Енгелс, но живеело во таа околина, со тие слики, во тој комунистичко-пролетерски амбиент. Можеби чезнела да се дотерува во допадливи западни брендови и на Запад да гледа со одушевување. Но несмеела да го покажува тоа зашто, познато е, таквите што гледале кон Запад ги праќале на Исток, во затворите на Источна Бугарија, со години сонце да не ги види. Сталин го нема, системот останал за да се ресетира низ денешните лидери - Борисов, Захариева, Каракачанов.

МАЛИОТ СТАЛИН И НЕГОВАТА КОПИЈА 

Не е непознато дека мојата генерација пеела песни за величање на Тито, но не е некоја тајна да се каже дека и генерацијата на Захариева го воспевала и го глофицирала нивниот народен водач Тодор Живков, претседател на државата и на Комунистичката партија и верна, најверна фигура на Москва во тогашниот Источен блок. Слушајќи ги нејзините изјави, читајќи ги нејзините коментари не ќе биде тешко да се дојде до заклучокот дека Живков во нејзиниот мисловен систем оставил неизбришливи траги. Тој заклучок произлегува од податокот што Захариева речиси од збор до збор цитира делови од говори на бај Тошо (како што ги викаа нагалено симпатизерите) посветени на Македонците, на нивниот идентитет и јазик. Оние што не го симпатизираа во разговорите го викаа "малиот Сталин". Сталин и сталинизмот 40 години живееја во Софија, а не во Скопје.

Ако подлабоко се навлезе во анализа на нејзините ставови за Македонија и Македонците, ќе се препознае нејзиниот учител и духовно-политички идол. Министерката обилно ги користи материјалите од тајните и јавни седници, пленуми и форуми на Централниот комитет на бугарската комунистичка партија и ставовите на нејзиниот долгогодошен водач, кој неславно заврши при падот на Берлинскиот sид. Објаснувајќи го својот долг кон историската правда, долгот кон бугарските национални интереси, бугарската земја и бугарштината, Живков во своите мемоари децидно пишува дека во Република Македонија живеат "чистокрвни Бугари, на кои вештачки им е натурено и влијаено дека се одделна македонска нација. Нација што се создаде ин витро по рецептите на Сталин и Тито". Тоа се зборовите на Живков што секој ден ги декламира Захариева.

Во тие мемоари објаснува дека барањето на Сталин да и' се даде културна автономија на Пиринска Македонија во рамките на Бугарија како прва стапка за присоединување кон Македонија, било прифатено на Десеттиот пленум на ЦК на БРП (к) во 1946 година, а во 1947 година било содржано во договорите што ги потпишале Георги Димитров и Тито на Блед. "Се признаваше македонска држава во која живееја, главно Македонци. Пиринскиот крај требаше да биде посебен како 'културна автономија', т.е. беше направен чекор кон разработената концепција за присоединување на тој крај кон Југославија. Таму се изведуваше настава на 'македонски' јазик". Од овие наводи може да се види бугарската омраза кон Сталин и Тито, особено кон Тито, кој бугарската политика ја имаше во малото прсте. Бугарија може да го заборави влијанието на Сталин и на Москва, но не може да го избрише. Блиската историја е суров сведок. И самиот Живков кажува дека пресвртот се случил во 1963 година. Таа година, пишува тој, Бугарија потврди и утврди дека "македонска нација нема"! Се' друго околу постоењето на македонската нација и Македонија го подведува под "шпекулации на просрпските националности и титоисти лансирани  со поткрепа на Москва". Еве го пак говорот на Живков пренесен преку органот за говор на госпѓата министерка. 

Захариева - Живков

БУГАРСКИ ОСЦИЛАЦИИ: ПРИЗНАВАМЕ - НЕ ПРИЗНАВАМЕ

Сега да видиме како се одвивала таа историско-лингвистичка војна за ништење на македонизмот, кои биле стратегија и тактика, низ вакви осцилации поминувала. По 1944 година, по АСНОМ, лингвистите од Софија требало да го признаат македонскиот јазик како посебен. Тоа бил договор меѓу Софија и Белград. Но судирот меѓу Белград и коминформот (меѓу Тито и Сталин) во 1948 година и' ставил крај на релативната толеранција на бугарските научници кон јазикот во формирање. Високите средби на ЦК на КРП во 1948 година -16-от пленум и 5-от конгрес - го критикувале "србизираниот јазик" на "Тито - Колишевистите" од Скопје но не оделе подалеку од тоа гледиште.

Сепак, барем во теоријата, бугарската држава - партија го задржала признавањето на посебен македонски "национален" идентитет што уште една деценија ќе биде официјална политика. Бугарската дијалектологија на Стојко Стојков, издадена во 1949 година ги третира "македонските говори" како лингвистички различни, при што спомнува само за една "особено силна врска" меѓу нив и "бугарските говори". Сепак стигматизацијата на стандардниот јазик од Скопје - елементот од македонскиот национален идентитет, кој е најзабележителен како етнички различен - наскоро водела кон ревизија на концептот за "македонските говори".

МОЖЕН ЛИ Е "ДИЈАЛЕКТОЛОШКИ КОМПРОМИС"

Во почетокот на 60-тите години на 20-от век, научниците на Институтот за бугарски јазик, застапувале одредени формули за дијалектолошки "компромис". Станува збор за "бугарско-македонски дијалекти" - термин што подразбира дијалектна целина заедничка за двата јазика. Иако тој ги вклучува македонските дијалекти под бугарски јазик, дијалектологијата на Стојков, повторно објавена во 1962 година, се' уште на Македонците им признавала можност да развијат своја нација и национален јазик. Според истражувањата на младиот бугарски историчар Чавдар Маринов, многу набрзо ситуацијата се променила. Во текот на пленумот во март 1963 година, Тодор Живков изјавил дека македонскиот јазик претставува само "говор што им припаѓа на нашите западни говори, еден дијалект". Од тие причини во 1968 година, бугарската дијалектологија била одново напишана. Таа повеќе не предвидувала дека "македонските говори" можеле да се развијат во посебен јазик. Истата година се појавила студијата "Кратка споредбена и типолошка историска граматика на словенските јазици" од Иван Леков - раководител на Катедрата за словенска лингвистика на Софискиот универзитет. Но таа не допрела до многу луѓе. На денот на нејзиното појавување во книжарниците била конфискуфана и повлечена од продажба. Зошто? Затоа што споредувајќи ги фонолошките, морфолошките и други феномени на словенските јазици, како и нивните историски развојни процеси Леков го споменува "македонскиот јазик". Иако реално гледано неговите формулации биле многу внимателни, книгата била забранета зашто упатувала на самостоен посебен македонски јазик.

ЗАЕДНИЧКА АНТИМАКЕДОНСКА МИСИЈА

Покрај "припадноста" на дијалектите, уште една работа претставувала предмет на спор меѓу бугарските и македонските лингвисти: историското минато на словенскиот говорен јазик од Македонија. Филолошката проблематика неизбежно била заплеткана со онаа за националната историја. Во Бугарија, соработката меѓу лингвистите и историчарите што дотогаш не била координирана и синхронизирана од раководството на државата и на партијата била осмислено воспоставена, охрабрена, инспирирана и добро финансирана.

На истиот пленум од март 1963 година, Живков ја воспоставил врската меѓу полето на јазикот и онаа на историјата. Шефот на партијата тврдел дек "бугарскиот" говор од Македонија бил користен од Кирил и Методиј, создавачите на словенската азбука. Со ова тврдење, тој ги поттикнал бугарските специјалисти од различни научни области да ја напаѓаат "србизацијата" на јазикот во Македонија. Декретите ја обврзувале Академијата на науките да ги координира истражувањата на историчарите и на лингвистите во поглед на изработка на една кохерентна тема за "историјата, културата и јазикот на Македонија". Во борбите за националната кауза, лингвистите доброволно им се придружувале на историчарите и ја граделе пирамидата на негирање на македонската историја и македонскиот јазик. При таа стратегија постепено, Институтот за бугарски јазик бил опфатен од духот на ревизионизмот: се вршело повторно објавување на лингвистички дела од почетокот на 20-от век и, особено, меѓу двете светски војни, инаку претходно сметани за "шовинистички". Колекциите на "непристрасни" мислења на странски лингвисти што се однесуваат на Македонија, исто така, сочинувале класичен пропагантистички метод потврден, на пример, со зборникот "Странски научници во врска со југозападните бугарски говори". Како што покажаува последниот наслов, во 70-тите и 80-тите години од 20-от век, "македонските дијалекти" исчезнуваат од терминологијата употребувана во Софија, тие се вброени во бугарскиот југозападен говор.

И ПО ТИТО - ЗАХАРИЕВА

Министерката, по падот на комунизмот, сигурно читала многу нови книги во кои бугарското општество ги осуди живковизмот, неговото време и начинот на кој владееше 35 години, опишан како антидемократски сталинизиам и претеран национализам. За разлика од Бугарија, Социјалистичка Република Македонија во времето на Тито беше политичка светска велесила, но сепак покажуваше умереност, дипломатски такт, подаваше рака за соработка низ целиот свет. Тоа може да и' го раскажат нејзините родители. Во тој федеративен контекст македонските политички и научни претставници не беа прости, насилни, не се служеа со навредливи и понижувачки изрази својствени на денешните бугарски лидери. Говорот на овие последните не може да се квалификува како ништо друго, освен како омраза кон еден народ, омраза и завист кон неговата суверена државност, кон неговиот афирмиран литературен јазик, одмазда кон позитивната историја и национален развој. Се' на се' тоа е негација, оспорување на правото на слободен живот на македонското, за жал, разединето општество доведено до раб на државен  и национален опстанок. И како крај може да се упати еден искрен поздрав до Захариева од мнозинството Македонци: времето на Тито е златното време на Македонија и на македонскиот народ. Кој и да ја прочита македонската повоена национална, политичка, економска, културна, спортска, световна или црковна историја ќе дојде до тој заклучок, колку и да бил непријател на Титовата политика и неговата личност. И таа историја овде во Македонија може да се заборави, но не може да се избрише. Или обратно - под влијание на Бугарија,  на странски фактор и на домашни некадарни политичари може да се избрише, како што тргнало, но нема да се заборави.

А што се однесува за долгите прсти на Москва, тие отсекогаш, повеќе од сто и педесет години, ги мешаат во секоја манџа во Бугарија. Русите во два наврата ја ослободиле земјата, при сите меѓународни договори ја заштитувале. Во чест на заслугите на руски личности, цареви и војводци се подигнати цркви, манастири, спомен и култруни домови што ги носат нивните имиња, ако не се сменети во меѓувреме. Ако тие се однесуваат на историјата, на минатото, сведоштво за руското присуство во Бугарија е самото тврдење на власта дека претседателот Радев и голем дел од општеството повеќе се наклонети кон Русија одошто кон Европа. Руското масло самите Бугари го спомнуваат како активатор на масовните протести на опозицијата. Во тие кругови живеат Москав и нејзините служби.

novamakedonija.com.mk 

 ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 БЛАЖЕ КОНЕСКИ

(19декември 1921 - 07 декември 1993.)

Академик, поет, прозаист есеист,  литературен историчар, филолог, јазичар, преведувач и професор. Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски јазик и значајна личност во македонската книжевност. Тој е познат македонски книжевник, културен и јавен работник.

Блаже Конески е автор на Граматиката на македонскиот литературен јазик (1952/54) и на Речникот на македонскиот јазик во три тома (1961/65/66). Добитник е на многу книжевни награди, меѓу кои наградите "11 Октомври", "Ацо шопов", "Браќа Миладиновци", Рациновото признание и многу други.

                                        

БУРА

Колку ненадна иде бурата.
В поле се мрачи, разлева ветер буен.
Демнеме. Сега прва молња ќе светне,
во нас ќе запали силен гнев.
Грмовни тонови, груби, искинати,
и настрвени како душите што ни се
дека во крвје тонеме.
А дали ќе можеш и тивка песна да зачуеш,
како цвет на гради стиснат,
сон, оти смевнато девојче ќе видиш,
како човечкото во тебе да плаче -
дали ќе можеш?

ЉУБОВ

Не иди зашто жалосна би била,
и колку да те копнеам - се ледам.
Што младоста во темен неврат скрила
ме влече назад со измамна сила,
но зар се подбив тоа да го гледам!
Сум сакал, сега цибрина ме свила,
не иди, љубов, жалосна би била.

СПОМЕН

Не да те гонам како итра срна,
не како галаб в рака да те земам -
јас ќе те кријам во моево срце
како во гнездо ластовица скрита,
јас ќе те чувам како таен спомен
со ужас дека те заборавам.
*************
Блаже Конески 

СЕЊСКА БУРА-ЈАДРАН

 

ВИДЕОТЕКА - VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 325, 10 декември 2020