ПРЕЧКИТЕ СЕ ОТСТРАНЕТИ МАНДАТОТ Е ВАШ, ПРЕМИЕРУ ЗОРАН ЗАЕВ

Сотир Гроздановски-Македонски

 

Сотир Гроздановски-Македонски

СЕ ВРАЌААТ ИСТРОШЕНИТЕ МАКЕДОНСКИ ФАРИСЕИ

 

03 декември 2020

Малку необичен наслов, ама не и незначаен,  бидејќи на Македонците им дојде водата до грло и почнаа да размислуваат што понатака со Зоран Заев: или тој или ние?

Неговaта  потполна историска, културна и традициска неписменост станаа предизвик за вистински отпор и симнување на неговата Влада и отпочнување со ревитализација на Македонија. Стравот дека некој ќе не сопре на нашиот пат кон чистење на ѓубрето од нашите дворишта и вистинско обновување на нашата Татковина не е повеќе причина за молчење и чекање СДСМ и  Зоран Заев да ја докусурат Македонија. Време е за организиран отпор, но без истрошени кадри кои ја доведоа земјата  пред вистинско распаѓање. Семакедонски отпор со нови луѓе, неизвалкани и без путер на главите. А такви имаме, само треба да си го земат своето место и да го поведат народот во права насока и вистински промени. Не ни е потребно продолжување на агонијата,  со истите луѓе преоблечени во нови алишта, и со маски за да не ги препознаеме. 

Македонецот, сепак, ќе докаже со какви идеи е и дека не е толку наивен  за така брзо да ги заборави подигнатите раце на изиграните партиски пратеници во Собранието кои придонесоа промена на Уставот,  потпишување на Преспанскиот Договор со Грција, со кој се обезличи Македонија, а македонската нација се обележи  со цртички. И не само тоа, туку и да се избришат Македонците во странските земји заедно со АСНОМ и додадат Албанците како државотворен фактор во Македонија. Потоа продавање на името, македонската историја од антиката до Втората светска војна, а Македонците обезимени и обезличени со јазик како што стои во Уставот. 

Ќе им дозволиме ли  на мрачните сили  така лесно да не пренесат жедни преку вода? Што би било со Македонија и Македонците  од славната Илинденска епопеја и Втората светска војна да чекаа некој друг да не ослободува со нож и јаже? Што би било нашите  предци и славни македонски херои да лежеа дома дури денешните наши "пријатели" ни ја газеа земјата, ни ги убиваа децата, се изживуваа над ранетите и мртви тела на нашите партизани и тврдеа дека се наши ослободители? Не би ја имале македонската држава која дозволивме, така лесно, еден болен безумник да ја распродава  заедно со нас, како стока на пазар. 

Ако можевме тогаш да се кренеме против Германците, Италијанците, Албанците и Бугарите и да ги истераме од Македонија, и тоа со сопствени сили,  што не попречува денес? Колку сме толку сме и доста сме за уште еден храбар удар и да не дозволиме да ни ја кршат кичмата  неколку велепредавници, изроди и туѓи шпијуни. Достоинството, честа и образот на еден народ и секој поединец се поважни од било која далечна иднина во друштво на група до крв завадени "демократи" и "слободољубиви џелати".

Деновиве, покрај многу други поранешни македонски фарисеи (лицемери и лажливци), ненадејно се појави во јавноста најголемиот виновник за денешната состојба во Македонија, поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, со порака до македонскиот народ. Повод за неговото јавување, наводно, беше контраверзното интервју на Зоран Заев за бугарската телевизија. Каква хипокризија од еден  професор и поранешен највисок лидер во Република Македонија. Тој  свесно знаејќи кој е Зоран Заев и кои се неговите намери, сепак  му го врачи мандатот за премиерско место во Република Македонија.

Ево што ни соопштува господинот Иванов, после четири и повеќе години од устоличувањето на неговото "дете" за премиер на Република Македонија:

"Како претседател на Република Македонија во двата мандата во многу мои обраќања кон македонската јавност јасно и директно кажав а сега повторувам: 'Кога сте подготвени едно прашање да го решите по секоја цена, тогаш цената е највисока'. Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена. Сега, речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа, на повеќе нивоа и во повеќе наврати. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува."

Браво и голема благодарност што не потсетивте дека требаме да бидеме мирни и самите да си го ставиме јажето околу вратот. Јажето, кое баш вие ни го подготвивте.

Значи ли тоа дека државотворноста на Албанците е правно и историски валидна и свршена работа? Преспанскиот Договор потпишан од неовластени луѓе и од вас, господине, премолчен и не потврден, ама и не прогласен за  неуставен?   Притоа насилно изнуден и извршен од еден министер,  недопирлив и свршена работа? Потоа договорот со Бугарија за македонската историја, јазикот и таканаречената "вештачка" творба на македонската нација и т.н. исто така свршена работа? А, пак двојазичноста и федерализацијата на Македонија потврдена со двојната Влада  една полумакедонска, а другата цела Албанска?

Како ќе излеземе на крај со овие велепредавства во кои сте и вие до гуша вплетени, господине поранешен претседател на Република Македонија? Кој ќе го земе вашиот дел од вината за тоа што Зоран Заев константо парче по парче ја разградува и продава  Македонија, а вие и сите други ваши поранешни соработници декларативно го осудувате,  ама ништо конретно не покренавте? Освен со сегашните неплодни и веќе закаснети протести  бесрамно седите пред портите на АГАТА и плачете за парче леб?

Што е со понудата на професорот Игор Јанев и други македонски правници, специјалисти и искусни во предмети од меѓународното право, кои беа подготвени да се впуштат во борба со неправдата, а од вас не добија одобрување ниту подршка? Дали верувате дека "волкот го изел магарето и нема што да се зборува за тоа?" 

Историјата и за тоа ќе има свој конечен збор, а идниот правен поредок ќе ве награди со она што го заслуживте.   Бидете убедени, дека и тоа ве чека, господине поранешен претседателе на Република Македонија!

За секогаш Ваш, Сотир!

 

МАКЕДОНСКИТЕ ВОЈНИЦИ СО ПИСМО ДО ВЛАСТА

НИ ЈА ЗЕДОВТЕ МАКЕДОНИЈА ОД УНИФОРМИТЕ И НИ ЗАБРАНИВТЕ ДА ЈА НОСИМЕ

01 декември 2020

Почитувани Претседател, Премиер, Министер за одбрана,

Ние, како припадници на АРМ, цениме дека ова писмо треба да почне со заклетвата:

Македонската армија протестира

"Се колнам дека ќе ги бранам слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на Република Македонија. Дисциплинирано, совесно и одговорно ќе ги извршувам обврските и должностите како бранител на мојата татковина Република Македонија и ќе се борам за нејзината слобода и чест!"

Заклетва која сите припадници на Армијата на Република Македонија, почнувајќи од осамостојувањето во 1991 година па се до денес, ја даваат кога ќе ја облечат униформата и ќе стапат на служба во АРМ.

Заклетва која, Ние, припадниците на АРМ, кога ја даваме се колнеме на Македонија, без разлика дали претседател е Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски или Стево Пендаровски. Без разлика дали премиер е Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Владо Бучковски, Хари Костов, Никола Груевски, Емил Димитриев, Оливер Спасовски или Зоран Заев. Без разлика дали министер е Трајан Гоцевски, Владо Поповски, Благо Хаџински, Никола Кљусев, Лазар Китановски, Љубен Пауновски, Владо Бучковски, Лазар Еленвски, Јован Манасијевски, Зоран Коњановски, Фатмир Бесими, Талат Џафери, Зоран Јолевски или Радмила Шеќеринска. Без разлика дали Вие сте од СДСМ, ВМРО, ДУИ, ЛДП, ДПА, или било која друга политичка партија. Без разлика дали Вие како Премиер, Претседател или министер сте Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав...Без разлика дали сте православен, муслиман, католик, протестант... Без разлика на сите можни поделби по кои можеме да се делиме и да бидеме различни меѓу себе, Ние се колнеме во Македонија. (нека ни простат сите оние кои ненамерно не се спомнати, меѓутоа целта на писмото не е да набројуваме.)

Вие, претседателите, премиерите, министрите, исто така давате свечени заклетви и изјави кога ќе стапите на функциите и должностите кои ги извршувате. И Вие, како и Ние, се колнете и изјавувате дека функциите ќе ги извршувате совесно и одговорно, ќе ги почитувате Уставот и законите, ќе ги штитите територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Република македонија. Изјавувате дека ќе работите во интерес на граѓаните и за доброто на земјата. Кажувате дека ќе ја оправдате довербата која Ви ја дал НАРОДОТ.

Значи, да заклучиме до овде: и Ние и Вие, сите се колнеме дека ќе ги правиме истите работи за Македонија, секој од својата функција, должност, позиција, во склад со своите надлежности, своите можности...

Меѓутоа, во последно време Вие направивте чекори и постапки кои раѓаат сомнеж кај многумина од Нас. Ни го сменивте името на државата, ни ја зедовте Македонија од униформата и ни забранивте да ја носиме, не разоружавте од оружјето и орудијата кои имаат распективна огнена моќ, ни ги "трансформиравте" специјалните и тенковските единици, ни наметнувате да градиме капацитети само за лесна пешадија, ни ги приземјувате воздухопловите...

Но најважно е дека ни ја менувате историјата (а не сакате да ги слушате историчарите), ни ги распродавате хероите кај соседите, се обидувате да го продадете јазикот, идентитетот,...Што ќе биде следно? Религијата, територијата,...? Има ли крај?

Сето ова не тера да се посомневаме дека Вие како да не ги почитувате заклетвите и изјавите кои свечено ги дадовте и потпишавте. Мислиме дека не ги извршувате Вашите обврски и должности за да ги заштитите интересите на Македонија и дека искрено работите во интерес на граѓаните и татковината. Црвот на сомнежот се' повеќе ги разјадува нашите убедувања дека Вашите намери за живот во мир и благосостојба на народот во Македонија се чесни и искрени. Вие не сте искрени и не ја говорите вистината. Не ви го прифаќаме понижувањето со тоа дека бугарската фашистичка окупација била администрација, а нашата министерка Шеќеринска дури и кажува дека треба да ја заборавиме историјата. НЕ!

Тоа така не може! Ние во АРМ за наш ден го имаме 18 Август, свет ден кога во Втората Светска Војна 1943 година е формиран македонскиот антифашисточки баталјон "Мирче Ацев". Министерке, тоа не може да ни го негирате, не можете да ни ги негирате традициите од војната во која Македонците се бореле против бугарскиот фашистички окупатор.

Затоа, Ве молиме, за доброто на сите: Уште еднаш размислете пред да ги донесете крајните одлуки и да преземете чекори кои може се штетни за македонските национални интереси. Размислете дали вреди да тргнеме по патот од кој нема враќање? Вие сте политичари, ние сме војници! Вие доаѓате и си одите, ние остануваме! Со нас останува и НАРОДОТ! Немојте да не' тестирате до каде ни е прагот на толеранција!

Едноставно е, разберете не'! Ние не можеме да молчиме додека Вие ја предавате и продавате Македонија! Стоп за распродажбата ВЕДНАШ!

П.С. Не не' барајте преку службите, доволно не има, од сите чинови, должности и од сите единици.

Со почит,

Ние, припадниците на АРМ..., се вели во отвореното писмо до државното раководство од припадниците на Армијата.

republika.mk 

Даме Груев

денешен.мк

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО 1894 ГОДИНА БИЛ ПРИМЕН ВО ВМРО, ЛИЧНО ОД ДАМЕ ГРУЕВ

 

30 ноември 2020

На 30 ноември 1894 година, само една година по формирањето, македонскиот револуционер Гоце Делчев бил примен за член на ВМРО. Приемот на Делчев во Организацијата бил направен лично од Даме Груев, со кого подоцна заедно учителствувале и соработувале.

Македонската револуционерна организација (ВМРО) е основана на 23 октомври 1893 година во Солун, Егејска Македонија, од страна на Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.

Солун како културен, економски и политички центар на Македонија, во последната деценија на 19 век привлекол голем дел од македонската револуционерно настроена интелигенција. Во 1892 година во Солун се нашол Иван Х. Николов и на 11 септември 1892 година (по стар стил) ја отворил својата книжарница. 

ВМРО-СОЛУН

Есента 1892 година Христо Татарчев се вработил како лекар во Солунската егзархиска гимназија. Во јули 1893 година Дамјан Груев се вработил во печатницата на Коне Самарџиев како коректор. Во есента 1893 година Петар Поп Арсов се вработил како професор во машката егзархиска гимназија.

Даме Груев и Петар Поп Арсов се познавале уште од училишните денови, од друга страна Иван Хаџи Николов со Арсов се знаеле преку Младата македонска книжевна дружина, и затоа Арсов бил во комбинациите на Хаџи Николов за организацијата во 1892 година. Блиски до идеите на Хаџи Николов биле и Татарчев, Христо Батанџиев и Антон Димитров, а во учебната 1893/94 година, Димитар Цонев не бил во Солун. Даме Груев преку Поп Арсов се запознал со политичките стремежи, цели и нереализирани планови на  Иван Хаџи Николов. Во август 1893 година Даме Груев се запознал и со Татарчев, барајќи од него лекарска помош.

На третата средба тие двајцата отворено разговарале за положбата на населението во Македонија. Од друга страна Даме Груев се запознал и со Антон Димитров. На 21 октомври/02 ноември 1893 година покрај солунскиот брег се сретнале Даме Груев, Иван Хаџи Николов и Антон (Андон) Димитров, притоа тие разговарале за ослободување на Македонија. Паднал предлогот тие тројца да формираат револуционерна организација. Иван Хаџи Николов понудил во основањето да учествува и Петар Поп Арсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев. Се договориле за два дена да имаат нова средба. Всушност била договорена средбата на која била формирана: МРО (Македонска револуционерна организација). Состанокот се одржал во сабота навечер на 23. октомври/04 ноември 1893 година, во станот на Христо Батанџиев.

На овој состанок присуствувале Д-р Христо Татарчев - лекар, родум од Ресен, Даме Груев - учител, родум од с. Смилево - Битолско, Петар Поп Арсов - учител, родум од с. Богомила - Велешко, Иван Хаџи Николов - книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров - учител, родум од с. Ајватово - Солунско и секако домаќинот Христо Батанџиев - учител, родум од с. Гуменџе, Ениџе Вардарско.

На средбата била разгледана општата состојба во Македонија, и дошле до заклучок дека положбата на населението е неподнослива, за да се подобри, потребна е една планомерна и сериозна акција, и тоа колку побрзо, толку поголем изглед за успех ќе има.

Била разгледана и опцијата, самата османска власт да ја подобри положбата на христијаните преку реформи, но се согласиле дека тоа е невозможно, се' додека не дојде до суштинска промена. 

Иван Хаџи Николов

Според Иван Хаџи Николов тогаш биле прифатени следните начела: 1. Организацијата да е тајна и револуционерна; 2. Нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнички граници, поради што ќе се нарекува Внатрешна; 3. Во неа ќе членуваат родени и лица што живеат во Македонија без разлика на вера и народност; 4. Политичкото уверување на организираните Македонци е автономија на Македонија; 5. Да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави.

Врз овие начела групата се конституирала: како друштво без писмен протокол и без да изберат раководители како претседател и слично. На таа средба не се утврдени никакви формалности, клетва или нешто слично, за да се сметаат членовите за лично обврзани за да делуваат за делото.

Основоположниците се разделиле со мислата дека им престои тешка и сериозна акција, секој од нив требало да размисли за лозунгот, формата и дејноста на организацијата. По неколку дена имале уште една средба, но конкретни предлози за организацијата немало.

Татарчев истакнал дека на следната средба треба да се донесат конкретни решенија.

(Подготвил: Д.Г.)

БАБА ЛАЖЕ ТРАП НЕ ЛАЖЕ

ВО "АДМИНИСТРАТОРСКАТА" 1943-ТА :

ПОЗДРАВ ПРЕД НАТПРЕВАРОТ МЕЃУ ЛЕВСКИ И МАКЕДОНИЈА 

Зборот окупатор, "административен или фашистички", лесно се бруси од спомен плочите и спомениците, а тоа го потврди и премиерот Зоран Заев во неодамнешното интервју за бугарската агенција БГНЕС.

Но, од фотографии и документи, тешко се бриши "административниот или фашистички" поздрав. Тоа нема да успеат ни дијамантни брусилки на власта.

Фотографијата што ја објавуваме е од фудбалскиот натпревар меѓу Левски од Софија и Македонија одигран во Скопје во 1943 година. Бидејќи "една фотографија кажува колку илјада зборови", погледнете ја и видете ја историската приказна за "администраторите". Фудбалерите со подигната рака се од Левски.

Според приказната за овој натпревар е снимен и македонскиот филм "Трето полувреме", кој предизвика револт во Бугарија.

Д.Г.

денешен.мк

Јани Бојаџиев

 Јани Бојаџиeв-Режисер и универзитетски професор

ПРОТЕРУВАЊЕ НА БОГОВИТЕ

 

30 ноември 2020

Кога во древноста се случувала некоја стихија, помор, глад, болест или војна што ќе заврши со пораз, Македонците освен што ќе посочеле кон водачот како единствено одговорен и го менувале, заедно со него го казнувале и богот во кој тој верувал и во кого се колнел. Па, така, откако архонот ќе биде протеран од земјата, со него го протерувале и неговиот бог, со прогонство што некогаш траело и сто години! Каде било тоа прогонство, драги мои? Па, во Хипербореја. Тој лош непомоглив бог се протерувал во Северната Земја, а неговото име било забрането да се споменува. Така формално се извршувала казната.

Замислете, тоа е времето кога човечкиот век траел во просек околу триесет години. За сто години се потребни четири генерации да паметат дека тој и тој бог поради таа и таа работа е прогонет и неговото име не смее да се споменува и кажува. Какво паметење, а? Но да се вратиме ние во сегашноста, каде што допрва ќе се учиме да паметиме.

Денес, кога нешто што е важно, а треба да се прогони од Македонија, да се скрие, поттурне, забошоти и игнорира, а дополнително тој што го прави тоа од позиција со силата на власта, најчесто нема аргументи зошто го прави тоа што го прави, па посегнува по единственото нешто што му преостанува: а тоа е прогонство и забрана за зборување за тоа за него некорисно нешто! И сите добри практики за постигнување вакви цели водат на почетокот кон стигми, етикети и рестрикции, кои на крајот завршуваат со носење уредби и закони. Тоа ќе биде и последниот чин од претставата наречена "Создавање на новодржавата Република Северна Македонија", каде што за да се воспостави правен поредок ќе мора да се воведат рестрикции на сите нивоа и во сите животни сфери. Во дваесет и првиот век планираат да воведат државна цензура, со која зад формулираното казнување на "говорот на омраза" во суштина ќе направат систем на цензура во кој ќе се криминализира и казнува секогаш кога надвор од пропишаните контексти, правила и прописи - некој граѓанин, ентитет или организација незаконски ќе ги употребува поимите Македонија, македонски, македонска и сите други изведени форми од именката и придавката! Дополнително е предвидено низ системот на информирање, во медиумите и во целата организација на формалното и неформалното државно и приватно образование, да се направи ревизија на историјата од антиката, па до денешен ден, во која ќе бидат преформулирани содржините што ќе се изучуваат и кажуваат а се однесуваат на минатото и сегашноста на соседните земји, но и на минатото и сегашноста на Република Северна Македонија, со целосна "севернизација" на земјата и нејзините духовни и материјални вредности, почнувајќи од јазикот, нацијата, производите, уметничките и другите нематеријални добра, од македонски во северномакедонски, и производство на нова нација, северномакедонци.

Тој процес е веќе почнат и видливо се применува во сите институции, медиуми, формални и неформални форуми, настани и средби низ институциите на Европската Унија, со тенденција сето тоа да стане кодекс и правило и надвор од опсегот на Унијата и нејзините институции. Дека тоа е така зборува и фактот што две години од потпишувањето на Договорот од Преспа, каде што формално јазикот е македонски, а нацијата македонска, никој официјално од некоја државна институција, амабасада или поединец не реагирал кога поимите "севереномакедонски јазик" и "северномакедонска нација" се употребуваат во формалниот и неформалниот говор на европски функционери и политичари, но и кога се практикуваат низ медиуми, форуми, настани и други јавни случувања. Сите прикаски за заштитата на македонскиот јазик и идентитетот се само флоскули, кои не значат ништо во реалноста, која е сосема, а ма сосема поинаква. Тој премолчено прифатен јавен говор во странство е договорено да почне да се применува и внатре во Република Северна Македонија, со прецизна примена на Договорот од Преспа, но и на Договорот со Бугарија, каде што е планирано да се прецизираат сите форми и правила на употреба и пишување на поими поврзани со именката Македонија и придавките од неа, за што веќе е направен и првиот чекор, прифатен од "северномакедонската" страна, каде што бугарските членови на "Комисијата со Бугарија" формално се обраќаат со поимите Северна Македонија, северномакедонци и северномакедонски. Дополнително, членот од Договорот од Преспа што се однесува на трговските марки и категоријата "Мејд ин Мацедонија", како прашање што дополнително ќе биде решено, а дотогаш ќе се употребува како и пред Договорот, по сугестија на Владата на Република Северна Македонија, сите производи на големите компании што продаваат стока за широка потрошувачка во земјата и во странство веќе се пишуваат и продаваат како "северномакедонски"

Sирнете ги оние од другата страна испишани информации на сите "северномакедонски производи" во вашиот маркет денеска, самите ќе си се уверите, не верувајте во се' што ви кажуваат и за се' што пишуваат. Во неколку наврати поранешниот премиер на Грција и министерот за надворешни работи, јасно, недвосмислено и разбирливо ви кажаа и повторија две работи: првата, промената на името и потпишувањето на Договорот од Преспа не се гаранција за влез во Европската Унија, а именката Македонија и придавките изведени од неа ќе бидат забранети и казниви ако се  употребуваат спротивно на правилата и прописите. На ушите ли си седевте, бре Македонци? Кој дел не го разбравте добро? Особено вие што седумдесет години го лажете народот дека сте завршиле "високи школи" и се имате и себераздавате за учени. Што е нејасно, освен како што шеговито кажа другарот Нико Коsја - во случај кога момче на девојка и' шепоти на уво дека е тоа што си мисли дека е, а не тоа што пишува во законот, затоа што не може на секој човек да се стави по еден полицаец! А ако се стави, по примерот како тоа во минатото било решено во северна Грција! За пријател прашувам?! М? Ете им една добра идеја. И тоа е се'.

Оттука натаму секоја "борба за одбрана на името, јазикот и идентитетот" е во колизија и во директен судир со законот секогаш кога некој ќе инсистира на јавна практика на именката Македонија и нејзините придавки, чија употреба и сега е строго   определена. Формално категорично уставно и законски е дефинирано како, кога и во врска со што се употребуваат, така што прифаќањето на таканаречените "бугарски барања" не е ништо друго туку само проширување на опсегот на примена на тие закони и дефинирање на фактичката состојба дека освен кон јужниот сосед и неговата историја, традиција, култура и предметно и духовно сознание, тие од денес со устав и закон се однесуваат и на источниот.

И тоа е се'. Во таа смисла, оваа борба со Бугарија во многу нешта е задоцнета и залудна, па и доколку евентуално се добие, таа победа ќе биде Пирова. Што и да се случи во нашите односи со Бугарија, идентитетските рестрикции врз Македонците во земјата и во странство си остануваат во сила преку Преспанскиот договор, кој е дел од националното законодавство на Република Северна Македонија. Игнорирањето на овие факти води кон фрустрации, комплекси, нетрпеливости и постојано, секојдневно, немилосрдно производство на внатремакедонските конфликти и борби, кои треба да резултираат со внатрешни судири и распад на државата Република Северна Македонија. Со тоа по природен пат ќе се случи и исчезнување на Македонците како нација.

Тиранската платформа, Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се синхронизирани и организирани дејства на соседните држави и нивните влади, а се насочени кон создавање постојани внатрешни, на почетокот политички конфликти, кои ќе прераснат во идеолошки, а со тоа и интеретнички, кога и ќе се претворат во процес на дефиниција на двете спротивставени страни според начинот на кој тоа беше направено во Турвија, Грција и Бугарија во периодот од Договорот во Неи во 1923 година, па до денот кога беше потпишан Договорот од Преспа во 2018 година. Еден месец подоцна со официјална  писмена нота, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, ја извести другата страна дека во Република Северна Македонија поимот македонска нација не се сфаќа во етничка смисла, туку само како граѓански поим. Има ли нешто неразбирливо во ова? Во принцип, мислам дека е доволно само да знаеш да читаш за да разбереш, јасно и недвосмислено, дека ти што во Република Северна Македонија во личната карта и во пасошот ќе добиеш на местото на националност испишано: "Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија" во суштина не си етнички Македонец, туку тоа што убаво ти е објаснето и испишано по "косата црта" дека ти си "граѓанин". Толку е. Кој не го разбира ова, има проблем со читањето. Се' друго си е во ред со него! Ете, за помалку од сто години работата е завршена. Сега знам некои ќе речат, па што сега, ние ќе се расправаме уште сто години ли со соседите? Уште ли ќе чекаме? Не знам за вас, драги мои, ама од приложеното е сосема јасно дека соседите баш нешто и не брзаат кон иднината на средба со историјата.

Најпосле, историјата е нешто што веќе се случило и нема никакво значење дали вие ќе побрзате или ќе подзабавите на "рандевуто" со неа! Таа вас, драги мои, не ве чека и нема да биде во иднината каде што вие сте се упатиле. На сите што тргнале кон тој, сигурен сум, надежен пат кон иднината им посакувам се' најдобро и, секако, пишете. И аманте, другари и другарки и браќа и сестри, не грижете се, кога и да сакате да се вратите назад, повелете. Само, имајте на ум дека во моментот кога се упатувате напред кон иднината, нас не' оставете во минатото, па кога ќе тргнете да се враќате кон нас, ние веќе ќе бидеме историја од која вие сте се откажале, па ако евентуално стигнете назад на вашите родни места, нас нема да не' има. Ама, мора да ве разочарам, и вас ќе ве нема, затоа што откажувајќи се од нас, како дел од вас, сте се откажале и од самите себеси, затоа што просто е, а бре Македонци: твоето постоење е можно  само ако се потврдиш дека си постоел како личност и со дела во историјата, и само во паметењето на оние по тебе, во времето што за тебе ќе биде идно, а за нив сегашно. Кој веќе заборавил за што станува збор, нека се врати на почетокот од ова писание. Нема ништо друго.

****************

П.С. Ова писмо им го праќам на тие што веќе тргнале кон патот на иднината, кој секако води на север, по течението на реката Морава, па кон Дунав, каде што се наоѓа ветената среќна иднина денес наречена Европа. Е, таа Европа, драги мои, некогаш се нарекувала Хипербореја, или со современ македонски јазик кажана "многусеверназемја". Синот на Филип Македонски, подоцна и крал на Македонија Александар Велики, не му верувал на својот учител Аристотел Страгиров дека вистинската смисла по патување за да се достигне духовна вредност е на исток кон Индија, па Александар, полн со себеси и со потреба да проверува дали нештата се такви какви што учителите кажуваат дека се, собрал војска и тргнал на поход на Север. Тоа е неговиот прв поход. И одел со месеци на север, насевер, на север! И стигнал до Дунав, каде што природно е , нели, завршувал нашиот свет и почнувала северната земја Хипербореја! На тоа патување не се судрил со никого, не освоил ниту еден град и не се стекнал со ниту едно духовно спознание. Немало ништо. Го свртел Букефал и се вратил во Македонија. По неколку години тргнал на исток. Другото е историја.

novamakedonija.com.mk 

 ХРВАТСКИ "НОВИ ЛИСТ" 

ТОА ШТО ГО ДОЖИВУВА МАКЕДОНИЈА Е ОГЛЕДАЛО ЗА РЕАЛНОСТА ВО ЕУ

 

30 ноември 2020

Сето она што се случуваше на релација меѓу ЕУ и Македонија во изминатите 30 години, е огледало на реалната состојба во Унијата, оценува риечкиот весник "Нови Лист" во текст посветен на европскиот пат на земјава.
****************

Весникот посочува дека Грција со децении го блокираше пристапувањето на земјава во ЕУ поради спорот со името, кој како што се наведува беше надминат со Договорот од Преспа, "попознат како договор за промена на името на Република Македонија во РС Македонија".

Весникот нагласува дека по решавањето на овој спор, нови пречки на патот на земјата кон ЕУ става Бугарија.

- Со потпишувањето на Договорот меѓу Бугарија и Македонија во 2017 година, се чинеше дека ќе се решат барем некои отворени горливи прашања меѓу двете земји. За жал, на почетокот на ноември оваа година, Бугарија ја извести Европската комисија дека не е во можност да ја прифати предложената преговарачка рамка за РС Македонија и нејзината предлог-декларација, бидејќи не ги обезбедуваат потребните гаранции за исполнување на условите што ги бара Бугарија, наведува "Нови лист".

По ова, според весникот, Бугарија започна со ултимативни барања, како тоа Македонија "да се откаже од тезата за постоење на етнички Македонци во Бугарија", потоа, "отстранување на одредени македонски историски личности од учебниците затоа што тие наводно биле Бугари", како и откажување  од употребата на терминологија за "бугарска фашистичка окупација" на Македонија за време на Втората светска војна.

- Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева неодамна изјави дека "триесет години по демократските промени, не може од една страна да сакате да бидете членка на европското семејство, а од друга страна да го славите еден од најсуровите диктатори на 20-от век - Јосип Броз Тито". Некои, како што е потпретседалот на бугарскиот парламент, Веселин Марешки, лидер на десничарската популистичка партија, отиде чекор подалеку. Тој тврди дека Бугарија и С. Македонија, бидејќи станува збор за еден народ, требало да се обединат, па со тоа "како браќа автоматски да станат европски граѓани", потсетува хрватскиот весник.

"Нови лист" нагласува дека интересно е тоа што според една анкета, дури 83,8 проценти од Бугарија ја подржуваат блокадата на Македонија, се' додека не биде постигнат договор за историјата, односно "додека С. Македонија не се согласи со барањата на Софија".

- Без разлика на тоа како ќе се одвива ситуацијата околу РС Македонија, треба да се запомни еден важен факт. Грција и Бугарија се членки на Унијата, кои при влегувањето во ЕУ ги прифатија основните договори на Унијата, а со тоа и правилата за однесување во согласност со европското законодавство. Затоа, се' што се случуваше изминативе триесет години на релација ЕУ - Македонија, во исто време е огледало на реалната состојба во Унијата, заклучува "Нови лист".

denesen.mk 

 

 ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

Ана Бунтеска

За Женски Магазин

 

 ОВАА ЗИМА ОД ДРВЕНО СРЦЕ ОГАН ЌЕ ПОТПАЛАМ

Ги дробам деновите,
а ноќите тагата ми ја ситнат
како парички расфрлани на земја
спомените ги собирам и бројам...
Во четири sида светот го собрав
со музика од искината пајажина
а во него боите ги делам на црна и оние другите
па од црната прекривка за в зима ткаам...
Те чекав со раце полни студени бакнежи
и грст мириси стиснати како букет цвеќе
топол чај од нане и колачи со цимет
кои мирно спијат во лимена кутија...
Оваа зима од дрвено срце оган ќе потпалам
и топло вино покрај него ќе пијам
завиткана меко во стихови и песни
со слика од она што можевме да бидеме...
Мислите за среќата скриени ги чувам
од себе, од тебе, од нас,
и само некогаш од умов по една вадам
И' се радувам како дете и повторно ја заклучувам...
На ќошот од усниве молк ми се собрал
имам срце векови минато во тишина
во грлото воздишка задржана
а градите полни неискажана љубов...
Ги дробам, деновите низ прсти ги дробам,
а тагата пак, мене во прашинка ме раздробува
го чекам првиот снег кој ќе ги покрие сите лузни
како никогаша и да не постоеле...
Велат, оние родени в зима, зима во душата имаат,
со мраз оковано срце им е за навек
на оние во зима родени, зимата во градите им спие,
и затоа солзи немаат, оти душата, душата замрзната им е.
**************
Ана Бунтеска

 

 

ВИДЕОТЕКА - VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 324, 05 ДЕКЕМВРИ 2020