ЌЕ ГО ПОГАЗИМЕ ЛИ СВОЈОТ ЗАВЕТ?

Сотир Гроздановски-Македонски

ШТО ПОСЛЕ СИТЕ МИЛОЗВУЧНИ ДЕБАТИ ДОМА И НАДВОР? ЌЕ ИМА ЛИ НЕКОЈ ИЗЛЕЗ ОД ОВАА ЗАЕВОВА КАША?

 14 ноември 2020

Ќе ги започнам моите мисли и размислувања со зборовите кои изразуваат возбуда и вистински чувства на радост со сите настани кои придонесуваат за разврзување на  македонскиот криминален јазол, во чии центар западнаа Македонците и со реки крв создадена, ама  несочувана Македонија!

Македонија неодбранета и длабоко повредена, понижена и обезвреднета, обезличена и во опасност да исчезне од листата на најстарите држави на светот со славни предци кои секои ги посакува да ги има во својата историја. Да ги има, затоа што свои ниту имале, ниту ќе имаат!

Неодбранета од една криминална дружина на СДСМ и нивниот водач Зоран Заев, вешт во трговина со зеленчук и овошје, ама ненадарен со чест, државничка мудрост и љубов кон Татковината. Човек, не' човек, кој со двете раце се крстеше во воздухот кој го дишел, во неговите деца, родителите,  и лебот кој го јадел дека како Претседател на македонската влада ќе бил столб на одбраната на македонските национални интереси, самостојноста и безбедноста на македонската држава  и ќе го почитувал Уставот на Република Македонија. 

Но, набргу, со помош на надворешни фактори и измама на уште поголемиот криминалец и велепредавник Ѓорге Иванов, поранешен Претседател на Република Македонија, Зоран Заев и Никола Димитров зад грбот на Македонците им ја продаде, дури, и душата на својот народ, за влез во НАТО и Европската Унија.

Но, раката на срце, нашите балкански народи, а особено ние Македонците, видовме на тој лажен пат кон некоја светла иднинина само зла и богатење на поеднинци и рапидно осиромашување на македонскиот народ. Осиромашување, со цел  за полесно уценување и експлоатирање на неговата традиционална доброта и наивното верување во денешната искривена вистина за демократските вредности на Европа. Европа,  гробницата на македонските вредности насочени кон слободата и соживотот, како заедничка цел на чесното човештво.

Со помош на СДСМ и криминалната дружина на Зоран Заев, трговецот од Муртино, Македонија постана објект за поткусурување со грабење од едни и богатење на други. Ама најважно од се', Преспанскиот договор и договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија да им послужат за конечното решавање на таканареченото "македонско прашање", односно бришење на Македонија и на Македонците засекогаш. Меѓутоа, еден неважечки документ од хартија исполнет со глупави барања  кои ниту еден народ не би прифатил, нема да потрае за вечни времиња, како што овие надворешни криминалци и арамии си посакуваат.

Охрабрува фактот што Македонската интелектуална заедница дома и надвор  веќе се ослободува од својата  пасивност во минатото и се врти кон  Татковината инсистирајќи на блиска соработка и исправување на сите  злосторнички потези на Зоран Заев, и неговата предавничка Влада. 

Па така, ниту Грците, ниту Бугарите, а најмалку Албанците ќе можат да ја бришат Библијата која е вечна и во која Македонија се смета за света земја и најверодостоен документ дека сите од нашите алчни соседи се само нус продукт на времињата после нас. 

Нашите славни и прастари предци, како и најновите борци за слобода, почнувајќи од Османлинското петвековно ропство, знаеја каде живеат и со кого имаат работа. Знаеја и адекватно  спрема нив и се однесуваа. Но заради силата и предавствата  на "пријателите",  мораа да чекаат поарни и поповолни времиња.

Но и во такви услови, и илегално, но добро организирани македонски интелектуалци и патриоти заедно со идеологот и водачот Гоце Делчев  беа столбот на одбраната на народот и македонските национални интереси.  Нивните безбедносни сили  беа страв и трепет за предавниците и изродите здружени со надворешни фактори како и денес.

Па можеме слободно да констатираме, дека велепредавниците, криминалците и другите македонски изроди кои денес ја злоупотребуваат власта во Македонија за свое лично и партиско богатење, но особено во полза на македонските вековни непријатели, Грците, Бугарите и Албанците се' уште ја чувствуваат  моќта и духот    на Андон Ќосето кој бдее над Македонија. Па затоа, распродажбата на македонските национални вредности и уништувањето на спомениците од македонската Револуција и вековниот културен развој ја започнаа со уривање баш на споменикот на тој македонски борец за правда и слобода во Македонија. Но,  духот на Ќосето и денес живее  во срцата на Македонецот.

Но, драги мој народе, не е само СДСМ и Зоран Заев гробарот на Македонија. Има уште еден кој ве изневери и се' уште ве влечка за нос, Христијан Мицкоски, главата на ВМРО-ДПМНЕ.

Неговата велепредавничка улога во процесот за промена на името на Република Македонија, на Уставот на Република Македонија и бришење од преамбулата на АСНОМ заедно со создавање од албанското малцинство  втор државотворен народ во Македонија, се' уште трае и се проширува.

Но не е само тоа. Христијан Мицкоски ја изгуби  улогата лидер на македонската опозиција, столбот на одбраната и безбедноста на македонските национални интереси, а важноста на ВМРО-ДПМНЕ во македонското општество постана минорна. 

Не е ли сосема јасно дека Христијан Мицкоски со својата неспособност и не лојалност кон Македонците го води ВМРО-ДПМНЕ на пат кон распаѓање и неважен политички фактор на македонската политичка сцена? Тоа најдобро би требало да го знаат членовите, кои неговиот живот го чинат комфорен на своја сметка.

Ете тие беа и продолжуваат да бидат заедничките планови на двајцата злосторници, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Ќе успеат ли во тоа пред очите на своите измамени членови или ќе исчезнат од македонската политичка сцена за навек.

Наскоро би требало оваа Заеово - Мицкоска авантура да заврши, заедно со нив на секој начин, или ние заедно со Македонија да исчезнеме како никогаш да не сме постоеле!?

За секогаш Ваш, Сотир!

 

 

Јани Бојаџи-режисер и универзитетски професор

А ТОЛКУ МНОГУ САКАВМЕ ДА СЕ САКАМЕ

 

09 ноември 2020

 

Во филмот "Истрел" една прекрасна љубовна песна, која во оригинал на бугарски јазик се вика "Чакам те да дојдеш", знајно или незнајно е претворена во синоним за терор и измачување, кој сепак бил реален и се случил за време на бугарската окупација на Вардарска Македонија за време на Втората светска војна.

******************

Филмот на Бранко Гапо го сакам многу. Но си ветив, во првата пригода, таа прекрасна, ама навистина само љубовна песна да ја претворам во синоним на вистинска остварена во чекање романтична љубов. Така сум воспитан. Роден сум во семејство каде што кон Бугарија, наспроти тогашната официјална пропаганда за  "мрсните Бугари" токму од оние што денес се колнат во нив, се негуваа љубов, пријателство и братство.

Имам роднини во Бугарија. Сестра на мојот дедо, Уранија, баба Рајна. Паметам незаборавни детски денови во "Ухото" во Пловдив каде што живееја моите братучеди. Во взаемна љубов и почитивање. И шепотење за Македонија. Такви биле времињата. Исполнети со шепотење и страсти. Така помина и мојата младост, во страст по фотографска и филмска техника.Руски камери и објективи. Првиот филмски проектор. Првата Латерна Магинка, која ни го направи и првото подрумско кино. Првите електрични гитари. Подоцна и студирањето во Бугарија. Во шепотења и страст.

На националната академија ме примија како свој. Во една пригода колегите заклучија дека иако доаѓам од провинција, во себеси го носам самочуствието на Александар Македонски. Брзо научив перфектно да зборувам бугарски. Го почитуваа тоа. И никогаш, ама никогаш не сум бил навреден или понижен поради тоа што сум. Никој, ама никој не ме присилил на што било. Јас и Бугарија сме во љубов, чиста, искрена, наивна, детска, речиси платонска: ништо не си должиме еден на друг. Освен шепотења и страст. Ниту еден грд збор. Ниту еден неразбран поглед. Ниту една празна воздишка. Вчудовиден и во неверување  сум од тоа што се случува со Македонија и Бугарија. Ние сме пред моментот кога ќе ја убиеме секоја можност да направиме нешто не за да се засакаме, туку да престанеме да се мразиме. Не можам да прифатам дека секој ден сме се' повеќе и повеќе, се' подалеку и подалеку едни од други? Ја трошиме и последната "целувка" што останала како спомен за некое време што можеше да се пртвори не во романса, туку во вистинска љубов. А толку многу сакавме да се сакаме. Толку многу. Се плашам по сево ова што се случува и што најверојатно набргу ќе се случи, Македонците и Бугарите ќе се претворат во непријатели со кондензирана омраза што ќе ги закрви за следните сто години!

Страдам и не преболувам. Ама реалноста е пораз со кој морам да се научам да живеам. Жалам, но морам да се соочам со овој факт. Ме поразува вистината дека во последните три години се оддалечуваме едни од други, не на различни континенти, туку на различни планети. Не можам рационално да ги апсорбирам сите оние барања на Владата на Бугарија во однос на Македонија и македонскиот народ? А се' можеше да биде поинаку. Како стигнавме до тука?  Зборував и пишував многу пати дека начинот на кој се водеа овие преговори на крајот ќе стигнат до точка од која нема повеќе да има враќање назад. И ете не' тука каде што сме: на фронт, вкопани во сопствените ровови, со оружјето на "готовс"! Се чека само свирката на оние "фетфебели" што ќе повикаат на напад! Во овој момент седиме и молчиме во тишината. До првото "ураа"!

Можам само да замислам како им било на Никола Карев и Питу Гули кога им станало сосема, ама сосема јасно дека помошта што Борис Сарафов ја ветил дека ќе дојде од Бугарија е лага и измама? Биле поразени. Што да се прави? Сега на каде? Како да се продолжи понатаму? Немало еден одговор. Како што нема ниту денес. Тогаш, во тие околности, сосема ги разбирам и двајцата ако биле поразени од фактот дека се предадени! Но овој пат е неприфатливо да имама какво било, ама какво било оправдување за да се чувствуваме предадено. Требаше да знаеме дека ќе стигнеме дотука. Наивно ли е да се сака да не биде онака како што било? А? Веројатно, да. Првпат ли сме во ваква ситуација? Веројатно, не. Што се случило во август 1903-та? Што не учи историјата? Дека се' до Конгресот во Смилево во мај имало постојани разговори, преговори, иницијативи, состаноци и советувања за кревање општонародно востание во Македонија и Одринско.

Знаеме како се одвивале настаните и дека имало големи поделби на најмалку две спротивставени групи, од кои едната била "за", а другата "против" оружено востание. И сепак, се донело решение за кревање револуција. Еден од големите аргументи "за" била ветената помош од љубената Бугарија во оружје, логистика, организирани воени постројки, лобирање, медиумска и надворешнополитичка и дипломатска подршка. И знаеме ли како завршило сето тоа? Да. На обвинувањето на турските власти за инволвираност на официјална Бугарија во востанието во Македонија, Владата во Софија негирала се' и јавно се откажала од подршката на македонските востаници во Крушевско и Костурско. И? Што научивме од тоа? Ништо, најверојатно. И помалку од ништо, кога само шеснаесет години подоцна во Версај ќе се повтори истата приказна и Бугарија ќе се откаже од тоа да ги застапува Македонците пред европските држави, влади и институции.

Малкумина биле тие што собрале сила да расчистат со братската помош и си тргнале по својот пат, по патот на себепронаоѓањето на други начин за реализација на идејата за национална држава на македонскиот народ независна од другите балкански нации. По се' што се случило помеѓу 1919 и 1941 година, доаѓањето на бугарската војска во Македонија било дочекано во мир, вистина е, како ослободители, со леб и сол, со песни и ора, и да, со надеж најпосле саканата Бугарија ќе се застапи за Македонија и Македонците. И само во неколку месеци, од април до октомври 1941-та, Бугарија ќе ја прокоцка целата доверба и ќе го потроши и оној мал ентузијазам на Македонците кон нив. Па, така, веќе на почетокот од октомври истата година ќе се случат "првите пушки" во Прилеп и во Куманово, а една година подоцна и масовно национално востание во кое само три години државата Бугарија ќе доживее целосен воен дебакл и целосен пораз од македонските партизански баталјони.

И пак пресврт! За четири години, како последица на геополитичките промени во односита на поранешна Југославија со Советскиот Сојуз, во 1949 година повторно ќе се вратат на старите позиции на негирање и агресија кон Македонија и Македонците.

Кој дел не стигнува до нас? На челото ли треба да ни се нацрта за конечно да разбереме дека сега е најопасно и најрадикално од кога било во минатото? Овој пат, првпат во историјата. Бугарија ги подржува соседите во однос на нивната политика кон Македонија и Македонците. Прв пат во нејзината надворешна политика Бугарија е во сојуз со други, наспроти Македонија. Отворено и јасно. И толку од љубовта. Се' отиде по ѓаволите. А можеше повеќе. И можеше подобро. Но за да се љуби, некогаш треба повеќе сила од отколку да се мрази. Ја слушаме реториката. Кој дел не го разбираме? На кој јазик треба да ни се каже? Или поточно, со каков јазик, за да сфатиме прости работи?

Како започна оваа кампања пред неколку месеци? Со романтично обраќање кон владата на Заев, безмалку со јазикот на изневерена љубов: ако можевте да си смените име, устав, идентитет и да прифатите барања од Грција што ниој не би прифатил, ако можевте да ја направите државата бинационална со две нации и два јазика, тогаш зошто и нам не би ни угодиле на нашите барања, кои наспроти сево ова што дотука го направивте и не е толку многу и не е толку страшно?! Навистина, разбирам незнаење. Разбирам и необразование. Но не разбирам како може да ги заложите државата и нацијата на нешто што од првата секунда сосема јасно води кон загуба? Не разбирам? Што се променило за Бугарија да ги промени својата надворешна политика и своите интереси на Балканот? Што, освен нашата наивна надеж дека живееме во други, европски времиња на бескрајна и искрена општа љубов? Па вие хипици ли сте или државници? Што е ова "мејк лов нот вор" дипломатија? Каде живееме ние? На Хаваи? Алоха, бе! Што друго можат да прават во овој момент за да го пријават своето постоење на мапата на држави што имаат некакво значење? Ништо, освен манифестација на сила врз малата, слаба, поделена, искорумпирана и во политички хаос држава Македонија, Северна или некоја друга, сеедно.

Владата на Борисов ја користи единствената можност за спас, па посегнува по старата политика: кога не знаеш како да му дадеш леб на народот во Софија најдобро е да го поведеш во поход за ослободување на Македонија! Но она што најмногу ме загрижува, е фактот дека не само што ние не сме научиле ништо од историјата во однос на Бугарија, туку полека, ама сигурно ми станува сосема јасно дека и Бугарија не научила ништо во однос на нејзината историја со Македонија. Како и во минатото, од Берлинскиот конгрес, преку руското ослободување и версајскиот мир, па до Балканските и двете светски војни, така и денес на крајот од се', и покрај се', Бугарија нема да добие ништо од Македонија и од Македонците. Зошто е тоа така? Ме одминуваат умни одговори, но ми надоаѓаат чувствата дека нешто во врска со минатото. Најпосле, на Балканот нема сегашност што не започнала длабоко во минатото, а траела долго во иднината. И, сега што? Ништо, ќе се мразиме и понатаму. Со ист ентузијазам како некогаш и да не сме се сакале. До крајот на рефренот од песната: "Те чекам да дојдеш, те чекам во бујна страст"!

novamakedonija.com.mk

Билјана Ванковска Универзитетска професорка

ДОЈРАНСКИ ДОГОВОР?

 

09 ноември 2020

Не чудете се! Само уште тоа ни остана! А сега, ајде, прочитајте го идиотското референдумско прашање за кое се изјаснија 600 илјади надобудни европски граѓани: "Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Догоцорот помеѓу Република Македонија и Република Македонија?" Како ви изгледа од оваа перспектива? "Рачун без крчмара", би рекле Србите. Мижи Асан да то баам! Не умри магаре до зелена трева. Има многу соодветни изреки да објаснат лажна надеж или верување на евтина пропаганда. Додека преговараат за фабрикување на историјата со политички договори и во орвеловски дух, треба да им порачаме дека историјата на нивното велепредавство веќе се бележи. Се таложи со секој потег на распродавање на сите елементи на државниот суверенитет и независност, на културната и историската самобитност, за кои се бореле нашите предци.

Ви текнува како ЕУ беше најсексипајл гирл ин д ворлд? Дека било пријатно како соседите се борат за нас? Дека нема дискасити за ајдентити, а тие правеле некаков нов компромис со Берлин, ама Радев и Борисов не им прифатиле? И сето тоа без овластувања? Слушате како на Никиликис му е поважно да е здрав за да патува кај своите господари отколку да му слугува на народот во парламентот  каде што било опасно за неговата кожичка и здравјенце? Ја гледате ли онаа Нина како објаснува дека таа не била крпа да ја фрлат по заминувањето од Владата? Ви текнува на сите нивни подржувачи во кампањата "За европска Македонија"? И на интелектуални апологети што раскажуваа за Македонскиот договор и за тоа мораме да прифатиме и трпиме се' затоа што сме послаби? Ви текнува дека сега толкуваат дека ова било за "навек"? Дека само треба да легнеме и да умреме.

Всушност, единствената вистина искажана од уста на политичар/ка (што е навистина реткост) е онаа реченица на Шекеринска: "Има вето, ама има и НАТО". Трета година како бесполезно објаснувам дека сиот овој инженеринг без анестезија го поминавме поради геополитичката ургентност на НАТО и САД, а не поради европска интеграција. Промената на името, а сега и на се' друго, тебаше да не' втурне во "најмоќната воена алијанса во историјата на човештвото", по секоја (наша) цена. Толку! Попусто објаснувавме, опоменувавме, советувавме, апелиравме (барем ние собрани околу групата позната како "200-те") - нема потреба од брзање, ни треба концензус, реформскиот процес треба да го завршиме самите и за себе. Отворањето (т.е. ширењето како што кажа Заев) на идентитетската Пандорина кутија не' враќа назад, не' турка во маѓепсан круг од кој никој нема да излезе чист и без лузни. Наместо да се занимаваме со сиромаштијата, колабираниот здравствен систем, невладеењето на правото, Кацарска уставно судство (налик на Врховниот суд на САД по именувањето на нивната/Трамповата "Кацарска"9, штанцање безвредни дипломи, претворањето на земјата во депонија, загадувањето на воздухот, непостојната економија ( која се сведува на кафеани), принудени сме да се јадеме меѓу себе за името, јазикот, културата, историјата. Не' држат заложници на балканските национализми, па уште некакви експерти зборуваат дека требало да се справиме со сопствениот национализам пред да ги обвниниме Бугарите!

Никиликис ќе прифател и германска помош за историските комисии!? Нормален човек би очекувал Германија да помага во она во што е најсилна, во економијата, организација на државата, здравството итн., а не во идентитетскиот "босански лонец". Уште само тие ни фалат! Во духот на својата велелепна интелегенција и елоквенција, Заев порача дека сме го добиле првото вето од Бугарија. Ништо од хубави, љубави. Очекува уште вета. И во право е. Зошто сега Бугарија би се одрекла од своите максималистички барања, кога веќе виде како капитулиравме пред Грција? Зошто бугарското право на вето би било послабо од грчкото? Неодамна му кажав на еден швајцарски новинар дека сум убедена дека Владата ќе потклекне и пред бугаскоркото силеџиство. Тоа е тој Стокхолмски синдром, кај оној што сонуваше камшик. Ова што го глдаме е дежа ви, новиот "Букурешки момент", патетика, траума, солзи, мачеништво, ама и посветеност (без ЕУ нема живот). Малку божем подигање на гардот, манифестирање патриотизам, и по извесно време ќе почне подвикувањето на опашката. Особено со враќањето на "булдожерите" испратении од администрацијата на Бајден (не деке на нашиве "грамади" им требаат баш булдожери). Некој ќе рече: е па, добро де, нека се случи истото, имаме уште едно природно езеро, Дојранско, за именување нов (анекс) договор, ама после ќе влеземе во ЕУ, и сета жртва ќе биде оправдана!

Но не е така. Прво, (не знам колку пати ова треба да се повтори за некому да му влезе в глава), почетокот на преговорите, особено со новата методологија, значи бескрајна агонија на вета, од различни земји, по различни поводи и процени. Без можност и да се предвидат. Второ, целиот процес не мора да заврши со конечен (посакуван) исход (видите ја Турција, а богами и Србија, која дури и да направи исчекор кон Косово, ќе наиде на исти националистички сопки од Хрватска и од Бугарија). Трето, државата не покажува ама баш никаков знак на јакнење на институционалниот, правниот и политичкиот потенцијал, а за економскиот (особено за време на ковид-19) и да не зборуваме. Четврто, сите нормални земји влегуваат во интеграции за да ги зачуваат своите витални национални интереси. Ние влегуваме во процес што значи жртвување токму на тие интереси, па се поставува прашањето кој (евентуално) ќе влезе во ЕУ.

Поради "перфектната бура", веќе е крајно време да се размислува и за најлошо сценарио: распад на државата поради внатрешни и надворешни притисоци и контрадикции. Се распаднале и посилни државаи, а не пак Македонија, за која веќе има сценарија за делби по оската Тирана-Софија.

Шчо сторивме - веќе е јасно. Плачење над (уште едно очекувано) вето не помага. Радован Павловски одамна кажа што преостанува: "не е болката во то шчо напрајфме, шчо сторифме, туку... Ами ајде со мене, и со Мисирков да извадиме во народецов, шчо останало од нас од тоа што сторивме, и што ни сторија сторителите, да се наброиме и преброиме колку сме, во живо на број и на јазик во ројот на татковината, што останало од нас по род и крв. Во времето да преживееме на својата земја, и со себеси да се надживееме и да се натпееме. По обичај уште од дамнина, во времето да вишнееме."

Како да вишнееме? Само со смена на "елитата", која не знае што е вишнеење, туку се усовршила во слугување на туѓи интереси и злоупотреба на власта. Членството во ЕУ не е цел за себе, туку требаше да биде инструмент за остварување на националните интереси. ЕУ се покажа не само импотентна, туку и индиферентна пред евидентните фашизоидни политики на нејзините членови (дури и во поглед на нивните внатрешни политики, а да не зборувам кон оние што се "надвор"). ЕУ е загрижена за сопствениот опстанок и кохезија, а не за она што им се прави на малите држави кандидатки. До вишнеење можеме да дојдеме само со зачиствување на сопствениот двор, и со угледување на нашите предци, кои опстојале и победиле и во потешки времиња. Зарем за вето ќе плачеме? За плачење е кога ќе видиме кој ни е лидер и кој претставува елита. За плачење, жалење, ама и за голем срам.

novamakedonija.com.mk 

 

 

 Сашо Клековски - Аналитичар

НЕОФАШИЗАМ НЕМА ДА ПОМИНЕ

 

 

05 ноември 2020

Министерката Захариева стави знак  на еднаквост на правото на самоопределување на македонските граѓани со правото на самоопределување на бугарските граѓани да го негираат самоопределувањето на првите, македонските граѓани!

************

Кога човек ќе замисли дека исцрпил одредена тема, како македонско-бугарските односи или како македонското пилотирање низ кризата од Ковид-19 и може да се посвети на глобална тема, како изборите во САД, се случуваат работи што не може да останат премолчени. По трите коментари за македонско-бугарските односи минатите недели, "Вакво пријателство! Не, благодарам!" " Кој срам за Еу и интеграциите" и "Пругата кон Бугарија", се случија германското посредување и реакциите потоа.

Барањата на Бугарија во однос на настанувањето на македонската нација и македонскиот јазик, деновите пред вклучувањето на Германија, наидоа на осуда во водечки медиуми  и експерти од германското јазично подрачје. Неделава се случија средби на министерско ниво во Берлин, како и комуникација на претседателско и премиерско ниво. Многу повеќе изјави дојдоа од бугарска страна отколку од македонска страна, што можеби е подобро во овој момент. Но тоа не значи дека некои од изјавите треба да бидат одмолчени од сите нас, или не бидат анализирани, особено бидејќи деновиве ќе биде познат исходот.

Покрај прашањето за скратеното име, кое не вреди ни да се спомене, остануваат на маса македонската нација и македонскиот јазик, а се додадени и македонското малцинство во Бугарија и повеќе економски теми ("Пругата за Бугарија"). Опции за решение биле или вклучување во преговарачката рамка или анекс на Договорот за добрососедство. Деновиве приматот на Каракачанов и Ковачев им го одзеде Захариева, бугарската министерка за надворешни работи, која по средбите во Берлин на прес конференција стави знак на еднаквост на правото на самоопределувањето на македонските граѓани со правото на бугарските граѓани да го негираат самоопределувањето на првите, на македонските граѓани.

Министерке Захариева, никој нема  право да негира туѓо самоопределување и таквото негирање е суштината на дискриминацијата и фашизмот. И мора да се каже: Неофашизам нема да помине.

Декларирање на спорот на Бугарија за апсурден, не е доволно. И спорот со Грција беше деклариран за апсурден, но тоа не ни помогна многу. Овој спор мора да се декларира како  што е во основа, неофашизам, и за таков спор нема отстапки!

Ова е веројатно "Букурешт-момент", во кој се прекршуваат нашите амбиции за членство во ЕУ. Оттука мора да бидеме свесни за тоа и да направиме максимум за употреба на германската вклученост на највисоко ниво, овој "Берлин-момент". Можеме да разговараме за унапредување на економските и трговските односи меѓу Бугарија и Македонија, и не само да разговараме, туку максимално да се посветиме, дури може да дадеме објаснување на јасното дека Република Северна Македонија и Северна Македонија е едно исто, и по неброен пат да повториме дека Македонија не се меша и нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија во врска со "непостојното" македонско малцинство, што е наш уставен принцип и дел од Договорот за добрососедство. Да го направиме тоа ако тоа помогне во управување на перцепциите за "вин-вин" во Бугарија. Но за неофашистичките барања за македонскиот јазик и македонската нација (декларирање на бугарски корени), нема дијалог, нема да помине, и по цена на одлагање на преговорите со ЕУ.

Свесни за позициите на Софија, рефлектирани и во јавните перцепции во Бугарија, каде што доминира противење на ЕУ-интеграции на Македонија, без капитулација пред бугарските барања, позициите на Македонија мора да бидат декларирани сега, јасно и гласно, без нови анекси и толкувања, без вклучувања во  ЕУ-преговарачката рамка. Можни црвени лнии се: автопат и железница Скопје-Софија до 2024 година;повеќе бизнис и трговија; македонски јазик без фуснота во ЕУ, билетарално со Бугарија според  договорот, македонски и бугарски јазик според уставите; за историјата-прифаќање на повеќе перспективниот пристап и тој на Бугарија и тој на Македонија. Македонската влада треба да се придржава во ваквите црвени линии и остро да се реагира и протестира ако отстапи.

novamakedonija.com.mk 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

АЦО ШОПОВ

 

 

КОГА ТИ Е НАЈТЕШКО

Кога ти е најтешко, кога ти се чини
дека гласот ти е крик, а погледот - молење,
загледај се, нурни се во водите сини,
ај, во таа свежина, во тоа шумолење.
Ќе сетиш со длабок здив
сила и смирување.
Погледот ќе блесне жив,
жив од подмладување.
*********
Ацо шопов

Бријуни-Истра

 

ВИДЕОТЕКА - VIDEOTEKA

Kind regards

Број 320, 15 ноември 2020