ГО ЗАБОРАВИВМЕ ЛИ ГРЧКО-БУГАРСКИОТ ГЕНОЦИД?

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ЗАРЕМ НАВИСТИНА "МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ" Е ЗАТВОРЕНО СО ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР?

 

29 октомври 2020

Навистина помина многу време откако  некои  го креира "Македонското прашање" и изнајде формула како би требало да се реши, доколку се сакало "мир" на Балканот. А всушност кој e проблемот со таканареченото  македонско прашање? Само повод   за пљачкосување на  туѓа територија, после распаѓањето на Турската Империја која го гнетеше македонскиот народ и ги крадеше неговите големи материјални и духовни вредности цели 500 стотини години.

И кога помисливме дека конечно еден јарем го скинавме од вратот, ни дојде друг, уште потежок од сите до сега. Јарем, обесен од нашите домашни политичари и квази државници, подготвени за пари да си ја продадат својата Татковина, својот народ и сите национални историски, културни и идентитетски вредности врз кои почива секое организирано општество, па и нашето. Сме имале и секогаш ќе имаме  предавници, изроди, шпијуни, криминалци, злосторници од секоја врста, ама сме имале и резервен одбранбен систем, каков таков. Организиран или  не.

Сме имале и кога не сме имале своја организирана држава, како после Втората светска војна со некаква власт за која верувавме дека е наша и дека работи во наша корист. Власт која се грижи за нашата крваво стекната слобода од внатрешни и надворешни  напасници.  Но наскоро се уверивме, дека во нашите пазуви одгледуваме змии отровници, кои подоцна се покажаа како смртоносни по нашиот опстанок. И така бидна!  Таканаречените македонски политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ изнајдоа дупки низ кои допреа до срцето на македоснката држава, за да го кутнат македонскиот народ на колена и потоа да му ја отсечат и главата. А што е нај страшно, без никаков отпор и испукан фишек.

Зоран Заев и Христијан Мицкоски, како убоити оружја во рацете на нашите, таканаречени пријатели, сојузници и партнери во уривање на традиционалниот светски општествен поредок и создавање на нов под капата на посилниот со оружје, Република Македонија ја трансформираа во покусен полигон  за понатамошни освојувања. Ако им успее, се разбира!

Двајца злосторници, навидум противници еден на друг, успеваат и понатака да ги држат своите членови заробени и уценети со вработувања и парче сува корка леб, како би доброволно учествувале во сопственото самоуништување и разнебитување на Македонија.

Втората светска војна беше прекретница за многу поранешни колонизирани афрички и азиски народи и територии  со векови експлоатирани и понижувани од оние кои денес бесрамно ни продаваат магла за демократија, но неможе да се рече дека после многу крварења и уништувања се стекнаа со слобода, која ја очекуваа.

Македонците беа едни од "најсретните" европски народи кои со свои сопствени сили успеаја да си ја обноват својата стара и славна држава. Заедно со другите напредни народи како дел од коалцијата против италијанскиот фашизам и германскиот нацизам  се здобија со право да бидат слободни, во својата сопствена држава, Република Македонија. Меѓутоа, сојузниците имаа и други планови,  своите неостварени предвојни империјалистички и завојувачки апетити да ги остварат и по  цена на угледот кои го уживаа кај неинформираните народи и сојузници во војната.

Топовите престанаа да сеат смрт на секаде по светот, ама затоа се обновија непријателствата меѓу големите сили за територии и грабење на туѓи богатства. За прекројување на планетата Земја. Фашистите и нацистите постанаа борци за демократија и беа богато наградени со туѓи територии и национални богатства за бесплатно експлоатирање, а борците за рамноправност меѓу народите постанаа терористи, кои иако победници во војната, останаа обесправени, ограбени, понижени, обезличени и принудени да се самоубијат во името на "демократијата", членството во НАТО и Европската Унија, кои постанаа подоцна гробница за Македонците и македонската држава.

Но, да би го поткрепиле сето горе реченото, мораме да се вратиме назад во не така далечната  светска и македонска историја кога  владееа, како и денес, само интереси, а не пријателства. 

Борбата за превласт во светот започна одма после завршетокот на Втората светска војна. Тогаш Западот беше убеден дека сега му е мајката за она што не беше постигнато со нивното неуспешно учество во уривањето на Октомвриската револуција да се постигне сега. Бидејќи веруваа дека СССР е слаб и истрошен од војната против Хитлерова Германија, но пак се излагаа. Па се фатија со работа на креирање  нечесни планови, за кои подолу ќе речеме нешто повеќе.  

Американскиот филм "Петон" ни дава вистинска слика за меѓусебните односи и љубомората на Западот спрема големите војни успеси на Црвената Армија во капитулацијата на нацистичка Германија и ликвидирање на врховната команда заедно со Хитлер.

На заедничката прослава по повод падот на Берлин, Генералот Петон, еден од врвните тенковски воени стратези на САД сосема нецивилизирано и крајно арогантно се однесуваше спрема руските високи војни водачи, победници во последната битка за Берлин, провоцирајќи ги и самиот несвесен за своите непромислени постапки.  Но беше прочитан  од многу повисоките од него и беше адекватно казнет и деградиран. 

Тоа ни го прикажа така сликовито и веродостојно, како и секогаш, славниот филмски артист Џорџ С. Скот   со својата незаборавна креација во прекрасниот филм "Петон". Меѓутоа, подоцнежните настани во затегнатите хладноратовски односи се одвиваа перфидно, преку обавештајните служби и на едните и на другите. Ништо подобронамерни од оние кога  топовите и ракетите  сееја смрт и на едната и на другата страна. 

Таканаречената Ален Даласовата доктрина за уништување на Русија, излезена на видело на 20 февруари 1993 година го осветли светот со поинакви бои, кој не успеа во уништувањето на СССР уште некое време после завршетокот на војната, ама во психата на славјанските народи внесе немир и несигурност. Иако негиран од разни истражувачи и коментатори, сепак кога ќе го причитаме ќе го почувствуваме неговиот злосторнички дух, кој  и ако не се реализира во други таргетирани земји, верно се отсликуваат неговите последици во Република Македонија. 

Па да  видиме што од неговите сугестии се однесува на нас и нашата ситуација со соседите, диригирана со палките на Европската Унија и нејзините партнери:

"Војната ќе заврши, вели Ален, и се' ќе биде решено. Славјаните не можеме да ги победиме со оружје, ама со други средства ќе биде полесно. Ќе фрлиме се' што имаме: целото злато, целата материјална моќ, да ги измамиме луѓето! Човечкиот мозок и свеста на луѓето се способни за промена. Имајќи посеано хаос таму, ние незабележливо ќе ги замениме нивните вредности со лажни и ќе ги натераме да веруваат во нив. Како? Нашите истомисленици, нашите сојузници ќе ги најдеме во самата Русија. Играта се игра епизода по епизода. Трагедијата за смртта на најбунтовните луѓе на земјата, конечното и неповратно истребување на нејзината самосвест, грандиозна ќе биде по своите размери. На пример, од уметноста и литературата, постепено ќе ја избришеме нејзината социјална суштина; ќе ги обесхрабриме уметниците и писателите - ќе ги обесхрабриме да се занимаваат со прикажување и проучување на процесите што се случуваат во длабочините на масите.

Литературата, театрите, кината -  ќе ги отсликаат и величаат најосновните човечки чувства. Ние на секој можен начин ќе ги подржиме и подигнеме таканаречените уметници кои ќе го засадат  во човечката свест култот на сексот, насилството, садизмот, предавствата - со еден збор, каква било неморалност. Ќе создадеме хаос и конфузија во владата.

Ние незабележливо, но активно и постојано ќе придонесуваме за тиранијата на службените лица, просперитетот на примачите на мито и недостатокот на принципи. Бирократијата и бирократите ќе бидат издигнати на доблест. Искреноста и пристојноста ќе бидат исмејувани и нема да бидат потребни од никого, ќе станат остатоци од минатото.

Грубост и ароганција, лаги и измами, пијанство и наркоманија, животински страв едни од други и бесрамие, предавства, национализам и непријателство на народите - пред се' непријателство и омраза кон рускиот народ - вешто и незабележливо ќе го негуваме сето ова, сето ова ќе цвета како двојна боја. И само неколку, многу малку ќе погодат или дури и ќе разберат што се случува. Но таквите луѓе ќе ги ставиме во беспомошна положба, ќе ги претвориме во смеа, ќе најдеме начин да ги клеветиме и прогласиме за ѓубриња на општеството.

Ќе ги извлечеме духовните корени, ќе ги вулгаризираме и уништиме темелите на националниот морал. Така ќе разбиваме генерација по генерација. Ќе преземеме луѓе од детството, адолесценцијата, а главниот удар секогаш ќе биде  врз МЛАДИТЕ - ќе ја корумпираме, корумпираме и корумпираме. Од неа ќе правиме циници, вулгарни луѓе и космополити. Вака ќе го правиме тоа".

"Размислувања за спроведувањето на американската повоена доктрина против СССР", 1954 година, А. Далес.

******************

Последиците од неговите размислувања и покрај негирањата од  современиците и бранителите на неговата личност, Македонците ги почувствуваа врз своите грбови како најтежок јарем.   Насилното преименување на Република Македонија со Преспанскиот договор  заради разнебитување на народот и уништување на македонската држава, неможе да се мери со ништо што би се сметало пријателски гест. А најмалку што тој дојде со притисок, лаги и уцени за влез на Македонија во НАТО, но не да го почувствува "слободарскиот" европски дух, туку на против, силата на посилниот кон послабиот со цел да ограбат една стара и библиска земја, Македонија. Да ја елиминираат Македонија, за да ја збогатат една до вчера фашистичка и најагресивна балканска држава, наречена "колевка" на демократијата. На лажната демократија, Грција. Но сепак најважно од се' да си ги избришат со едно парче хартија сите злосторства над Македонците во Егејска Македонија, протерувајќи на илјадници деца од нивните татковски огништа со фашистичка забрана на повраток после воените дејствија со цел да ја изменат демографската слика во Егејска Македонија, населувајќи во нивните домови странци од цел свет кои се декларираа како Грци. 

И за крај на ова мое писание, нека биде верувањето на некои дека македонското прашање со Преспанскиот и Бугарскиот договор и таканаречената Тиранска  платформа за внатрешна дестабилизација на Република Македонија од Албанците затворено уште една голема лага,  бидејќи се' дури остане и еден жив Македонец, Македонија ќе постои.

Така  било и така пак ќе биде!

За секогаш Ваш Сотир

 

Ристо Никовски

ЗОШТО ДОДАВКАТА "СЕВЕРНА" Е БЕСМИСЛЕНА, А СО ТОА И ИМЕТО НА ДРЖАВАТА?

 

15 октомври 2020

Дали постои географски регион со име Северна Македонија? Не постои. Како може, тогаш, да има држава со такво име? Врз основа на што е именувана државата? Што е тука измислено? Регионот, неспорно, ама преку него и државата добива таков статус. Во конкретниов случај, ако веќе морало да имаме додавка "северна", би можеле да се викаме само - Република на Северот од Македонија (Republic on the Nort of Macedonia). Само така, името на нашата држава, кое ни го наметнаа странците преку невидена агресија ама и со наша подршка, би имало некаква смисла или логика. Така би имале описно ама не и бесмислено име. Неспорно е, меѓутоа, дека и во двата случаи се прекинува папочната врска меѓу државата и народот, од кој таа го добила своето име. Впрочем, тоа беше и целта на нашите странски кумови - да се избрише таа врска, како би бил народот идентитетски разнебитен. (Данска, Данци; Хрватска, Хрвати; Кина, Кинези...Северна македонија, ???).

Атина цело време условуваше со географска додавка ама ние прифативме нешто што нема врска со географијата. Со вака измислено име, не може да се замисли подобар доказ дека како нација сме нечии фабрикат. Безумностите кои сега ни ги приредува Бугарија, не треба да изненадуваат. Тие се само дел од пошироко сценарио и нова етапа од нашата финална голгота, сврзана токму со нашето измислено име.

Сегашното официјално име ништо не значи за да покаже дека и државата е измислена. Со овој потег, постигната е уште една, може да се каже уште поважна цел - и терминот Македонија, употребен заедно со синтагмата северна, не означува никакво име. Светот секогаш работи на долги патеки: така, всушност, се реализира Лисабонската декларација, од јуни 1992 година. Според истата, не смеевме да го користиме името Македонија. Во пракса, меѓутоа, се покажа дека такво нешто не беше изводливо бидејќи не можеа да ни го оспорат тоа право. Сега, најдоа "соломонско" решение - терминот да остане во името ама да не значи ништо. Не оставија без име и ова може да се смета како нова референца, многу пострашна од поранешната. Таа, барем, имаше своја смисла: навистина бевме поранешна југословенска, со мали букви, ама и Република Македонија. Сега... не сме ништо. Дека ова точно ни го потврди кој друг ако не Софија. Од таму јавно порачаа дека за нив не постои наше кратко име, кое е суштинско во секојдневната употреба (никој не ја користи политичката одредница), туку дека во секоја прилика ќе бидеме - "Република Северна Македонија". Тоа е тотална бесмислица дури и навредлива. Тие поаѓаат од фактот што и Пиринска Македонија е на северниот дел од регионот Македонија.

Географски термин "Северна Македонија", пак, може да има само доколку има и "Јужна Македонија" и тоа како прецизно одредени делови. Едното без другото не оди. Ако има Источен, мора да има западен географски дел. Ако едниот го нема, другиот е беспредметен. Кога се држави во прашање, исто така не може да има северна без јужна (Македонија). Ако има само една, како во нашиов случај, тоа покажува дека нешто не е во ред. Според етимологијата, најчесто нема географски додавки во имињата на државите. Исклучок е Централна Африканска Република која е во центарот на континентот и Јужна Африка, која е, пак, на самиот југ. Тие сами си ги избрале имињата, според регионите во кои се наоѓаат и кои како такви и се означуваат. Географски ознаки имаат уште само државите Јужен Судан и Источен Тимор. По долги години на недоразбирања, првиот се одвои насилно  од Судан и прогласи своја држава со тоа име, бидејќи тоа навистина е Јужен Судан. Источен Тимор, пак, беше португалска колонија додека западниот дел од островот, кој е поделен беше и остана под Индонезија. Северна и Јужна Кореја се насилно поделена држава и тие не можат да се споредуваат. Официјално, јужната се вика Република Кореја, а северната е Демократска Народна Република Кореја. Северен и Јужен Виетнам веќе се обединија. Дел од државите името го добиваат од регионот во кој се наоѓаат, било тоа да е остров, полуостров, река... Држави именувани според островот на кој се наоѓаат се Ирска, Барбадос, Малта, Маурициус, Кипар, Сингапур... Според полуостров се крстени Саудиска Арабија, Малезија, Катар... Името на река го добиле Заир, Нигер, Парагвај, Сенегал... Горе, долу тоа се државите кои во своите имиња имаат географски елемент. Заклучокот е јасен - за разлика од нашата, географските одредници кај сите други држави имаат своја смисла.

Македонија е поширок географски регион кој е моментално поделен меѓу четири држави. Во Втората светска војна, кога се создаваше современата македонска држава, носители на проектот беа Македонците, заедно со сите други сожители. Македонците се реалност во регионот со илјадници години, почнувајќи од антиката и повеќе пати се споменуваат и во Библијата. Нивни симбол бил најголемиот војсководител во светската историја, Александар Македонски. Кога се во прашање сегашните Македонци, тие се тука барем долги векови. Врската меѓу едните и другите секако дека постои, а каква била треба да ја објаснат и прецизираат чесни и искрени историчари, какви никогаш немало многу. Во најмала рака, кога словенските племиња, кои според бројни историски факти се предци на денешните Македонци, дошле на Балканот, се измешале со домородното население кое секако имало директни врски со античките Македонци. Таа врска не може никој да ја игнорира.

И великанот Блаже Конески беше свесен за големиот историски бренд ние со векови го носиме и видовито и загрижено пишуваше дека - "ќе повтат да ни го земат". Тоа и се случи. Проектот за разнебитување на Македонците, меѓутоа, не е ниту грчки ниту бугарски, иако се тие локални извршители, туку американски и е целосно подржан од нивните европски марионети. Се работи за балканска и европска политика на Вашингтон по распадот на Југославија. Од денешен аспект, лесно може да се заклучи дека Македонците како народ беа прифатени само како дел од југословенската федерација по Втората светска војна. Штом се најави нејзиниот распад, при крајот на 1980-тите години, веднаш започнаа подготовките на главните светски фактори, следени од соседните земји, за спречување на самостојна македонска држава која, неизбежно, ќе го афирмира македонскиот народ. На носителите на ваквите политики сосема им беше јасно дека македонизмот и македонскиот народ најлесно ќе се разнебитат со промена на името на државата. Секое име значи идентитет. Нема ли име, нема идентитет. Толку е просто. Без Франција, нема Французи, без Германија, Германци... Затоа и ни наметнаа бесмислено име. Паралелно, длабински се брише македонскиот карактер на државата, особено по 2001-та и Охридскио Рамковен Договор.

Конкретно, се' до 1988 година, во Грција беше забрането официјално да се користи името Македонија. Тоа асоцираше на вистинските Македонци таму, кои немаат никакви права и затоа не смееше да се употребува. Тоа целосно се промени откако нивните тајни и аналитички служби, заедно со сојузничките, согледаа дека доаѓа крајот на Југославија што неизбежно значи и самостојна Македонија. Лидер беа САД бидејќи такво нешто очигледно не се вклопуваше во нивните планови за Балканот, а Грција беше на првата линија на фронтот. Затоа, уште во август 1988 година Атина донесе нова административна поделба на земјата, со која дотогашните Северни територии и Тракија беа прексрстени во Македонија и Тракија. Додатно, регионот Македонија беше поделен на три реони, од вкупно 12, именувани како Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија. Тоа беше основата врз која подоцна ќе се оспори името на нашата држава. Демек, тие го користат тоа име. За тоа немаше никаква правна ниту легитимна основа, ама така диктираше агресивната западна политика. Врз таа основа, Македонија долго не беше признавана како независна држава, а во ООН нелегално и насилнички и' се оспори и суспендира историското и уставно право име кое таа како држава го носеше веќе  преку 45 години. Со нивните административни единици (нешто како околии) во Грција, кои се резултат на политички одлуки, не е променета географската терминологија. Тоа, пак, нема никаква врска со нашиот дел од регионот Македонија и воопшто не имплицира дека нашиот дел од регионот Македонија и воопшто не имплицира дека нашиот дел може да биде "северна". Дури кај нив да имаше и реон наречен јужна. Имињата Македонија, кои ги искористи Грција во административните единици, воопшто не го доведуваат во прашање нашето право да го користиме истиот термин. Прво, држава и административни единици се две различни категории кои не можат да се споредуваат и, второ, Македонија официјално го користеше тоа име веќе речиси пола век, што дава апсолутна предност во изборот. Ако на југот создадеа и нова држава, не ќе можеа да го користат името Македонија бидејќи правото на тоа име веќе го имаше обезбедено нашата земја. Сите тие правни аргументи не го спречија нашето прекрстување.

За да се разберат претходните грчки и сегашните бугарски политички халуцинации, само ќе потсетиме дека е во напредна фаза сценариото кое има за цел дефинитивно затворање на "Македонското прашање", актуелно речиси два века. Се чини дека целта е да се елиминираат Македонците како јаболко на раздорот во регионот, а македонскиот бренд, можеби еден од најпрестижните во светот, да им се одземе и да се префрли во Грција. За Александар Македонски знаат или барем чуле огромен дел од светското население, а ние, современите Македонци, досега бевме привилегирани со директна негова асоцијација. Познати за сите. Тоа веќе нема да се толерира. Во иднина, македонски ќе бидат само производите извезени од Грција, ама не и од нашата земја.

Откако добивме географска додавка на регион кој практично не постои, станавме зомби држава. Не можеме да бидеме ниту територија бидејќи таква територија нема, а камоли држава. Ова се директни последици од договорот со Грција.

infomax.mk

Блаже Миневски

ШТО НАПИШАЛ ПРЛИЧЕВ СТО И ПЕДЕСЕТ ГОДИНИ ПРЕД ХУЛИГАНИТЕ ДА ГО УНИШТАТ РЕЛЈЕФОТ СО НЕГО НА ПОРТА МАКЕДОНИЈА?

*** 

- "Водач ме праќа татковната, лелекањата на Македонија ги пренесувам, со нас се Бог и правдата; оган ќе згазиме, чкрапји ќе изгориме, докрај борејќи се, во прав ќе ги претвориме душманите, земјата ќе ја спасиме, зашто бог е со нас!", напишал Прличев пред 150 години во песната "Водач ме праќа татковината".

****************

Во својот говор пред охриѓани одржан на 12 јуни 1866 година големиот македонски поет Григор Прличев меѓу другото рекол: "Кога Господ ти викат чувај се, многу појке ти викат да си ја чуваш таткојната. За тоа колку да бидит чоек нечесен, пак таткојната му је најмила на векот. Зашчо татко имаме еден, а таткојната е многу таткој. Мајка има една, а таткојната је хилјади мајки. Братја, имаме пет или десет, а таткојната је неброани браќа. Еден чоек шчо не си ја милвит таткојната појке од татка и мајка, и појке од себеси, тој не можит да бидит чесен чоек". 

"Ако те разбереет оти мамиш, сетне и вистина да велиш никој не ке те вервит!"

Марионетите што го уништија релјефот посветен на Григор Прличев бездруго не знаат дека оној што не си ја сака татковината, тој не може да биде чесен чоек. Станува збор за беседа на нашиот најголем поет од 19-от век објавена веднаш откако е одржана во Охрид, односно само дваесетина дена подоцна во весникот "Време". Во научните кругови ова "слово" на Прличев е познато под насловот "Чувај се себеси", а предизвикало големо внимание не само кај оние што го слушале туку и  кај оние што го прочитале. Во словото, кое е најдолго од сите негови слова, Прличев ги советува луѓето да прават добри дела, да бидат работливи, да се штитат од суеверие, да се образуваат на мајчин јазик и да си ја сакаат татковината:

"Шчо ке речит - са не мамиш. Оти ако те разбереет оти мамиш, сетне и вистина да велиш никој не ке те вервит. Тој шчо тепат и него ке го отепеет. Чумотие разумот, кога тој вели чувајсија татковината и љубиа неа појке од сфе, а  ти си ја продааш таткојната за ошчо, за едно кафе, за една визина... Чумотие разумот кога свекое харно го борајш за лошо, а лошото за харно. Тебе те имам за лексаајне (зборување) шчо се не чуваш шчо си толку прост, и толку аплос на срце, дури таткојната мила си ја предааш и топлиш фпазоа змиа шчо те каснит. Толку сме одалечени от доброто, шчо правиот чоек го имаме за будала, а музевирот за чесен. Сфекое лошо за харно, а харното за лошо. Та за тоа никако не можиме да се зачуваме. Сфите книжје шчо се наожџеет по векоф, све тоа пишеет, чувајсе. Ама ние от сфите страни видовме оти го имаме престапено, та затоа сме испаднати на едно мертебе (степен), шчо колку славен беше Охрит напрет, толку сега сфиот век се ликсат (шегува) со нас, на тоа сме паднати денеска, на вакоф сон болезлиб и мртоф, чунки госпот рече ако се нечуваш сфите таксирати ке бидеет на глаата тфоја...Господ ти даде разум, и ти рече чувајсе. А ти се нечуваш, та тргаш. Ех! Кој тие кабаетлија! Ние не можиме да речиме оту сме живи. Ние ушче на живот сме мртви...", им порачал Прличев на охриѓани пред 150 години иако звучи како да говорел пред Портата Македонија, на пример, дури хулиганите го поганеја токму него во еден од релјефите на sидот.

Во секој случај, додека мародерите предводени од шушлевци, шутраци, шушумиги и странски платеници го уништуваа релјефот на кој е прикажан Прличев и неговото дело, големиот поет можеби помислил дека повторно се вратиле фанариотите и дека неговата борба била залудна. Пред 150 години, во годината на оваа негова најжестока беседа, по иницијатива на Прличев охридски трговци и занаетчии основаат фонд за "народниот подвиг", како што ја нарекува таа борба поетот, за воведување на народниот јазик во училиштата и црквите наместо грчкиот, всушност борба за ослободувањето од духовниот гнет на Цариградската, грчка патријаршија. Како еден од водачите на "народниот подвиг", Прличев речиси секојдневно држи слова пред собирите на граѓанството на народен јазик, беседи за спас на татковината.

Според Тодор Димитровски, од словата може да се види каков извонреден познавач на македонскиот јазик бил Прличев, особено во говорништвото. Бидејќи во тоа време немало утврдена македонска азбука, Прличев, со согласност на првенците од "народниот подвиг", заминува за Цариград за да се поучи "на словенски". По петмесечен престој се враќа во Охрид и набргу потоа почнува засилено воведување на народниот јазик во црквите и училиштата.

Бидејќи ваквиот подвиг бил насочен против интересите на великогрцизмот, против Цариградската патријаршија, акцијата ја пресекуваат фанариотите. Владиката Мелетија го наклеветува Прличев пред турската власт, и таа веднаш го затвора. Прличев поминува извесно време во дебарската зандана, а пото, во април 1869 година, значи три години по неговата позната беседа за татковината, за тоа како треба да се сака татковината, како морален победник се враќа во Охрид. Фанариотите претрпуваат пораз, владиката Мелетија е изгонет, а семето посеано од Прличев и другите учесници во "народниот подвиг", во граѓанското движење за одбрана на татковината, дава плод, тогашната "шарена колона" е победена и засекогаш отстранета од црквите и училиштата.

"Водач ме праќа татковината!"

Во 1867 година, значи една година по беседата за тоа дека "колку и да бидит чоек нечесен", татковината пак треба да му биде "најмила на векот", Прличев држи слово за свети Климент, во кое, откако ги изнесува заслугите на светителот се осврнува на моменталната положба во Охрид, укажувајќи дека во времето на свети Климент се учело на свој мајчин јазик, а потоа Грците ги изгореле светите климентови книги и со сила го натуриле грчкиот јазик: "Но, ете, се разбудивме, го испадивме туѓиот јазик и им заповедавме на своите деца да си учат на мајчин јазик". Според д-р Михајло Георгиевски, словото ја искажува радоста на Прличев за тоа што одново, со најголема почит, се празнува и слави свети Климент:

"Ох, колку сум радосен оти ката година со срце го празнуваме свети Климент". Во заоставнината на поетот пронајдени се две варијанти на беседи за свети Климент, што би можело да значи дека Прличев секоја година за празникот пишувал и држел прикладни слова и беседи за свети Климент. Едното слово денес се чува во Архивот на Македонија, а другото во архивата на МАНУ.

Во таа 1867 година Прличев држел слово и за "Русална среда", и повторно жестоко се спротивставил на употребата на грчкиот јазик во македонските училишта, кревајќи го својот глас за воведување на народниот, македонски јазик во црковната служба и училиштата:

"Сите народи си учат на свој јазик, а само ние учиме чужди и најм'чен. Децата пеат на училиште и не разбирает, затова учеет без севда и слепи останвеет".

Понатаму во словото се вели:

"Не е ли срам голем за нас, сите братја наши да бидеет разбудени, а ние сами да спиеме! Свите пиеет од водата Христова, а ние жедвиме! Не е ли слепотија голема да ги слушате децата ваши да ви пеат грцки, та ни тие да разбервет, та ние вие да разбервите! Како ке даите одговор пред Господа вие шчо си ослепивте сами чедата ваши со јазик чужди, мртов и најм'чен! Шчо не само вие не пијате од водата Христова, туку и чедата ваши не ги напивате! Ели вака ке добијаме чест и пред луѓе и пред Господа? Ели вака ке го употребваме духот и умот и разумот шчо ни ги дарва Господ за да имаме разлика од говедата!"

Според д-р Михајло Георгиевски, во заоставнината на Григор Прличев, од која еден дел се чува во Архивот на Македонија, а кој порано се чувала кај неговиот син Кирил Прличев во Софија, денес се зачувани девет слова и беседи од кои три се објавени од Кирил Прличев, а шест досега не се објавени.

Меѓу необјавените се и Словото за младите и Словото за среброљубието. Во вториот фонд на Прличев што се чува во Архивот на МАНУ, зачуван  своевремено во Охрид од неговата ќерка Деспина, се наоѓаат 17 слова и беседи, расчитани од Блаже Конески и Михаил Петрушевски. Меѓу словата што досега не се објавени се Словото за решавање на црковното прашање, Словото за македонските епархии, Словото за доброто и за спасот на душата, заедно три надгробни слова, Словото за четириесетдневниот помен на Наум Налчинов и други.

Во словото одржано при погребот на Катерина Сарафова, учителка во Солунската гимназија, Прличев меѓу другото вели:

"Животот е мачен. Да, Животот е тежок и одвратен, но животот е убав и мил кога човекот се труди да направи се добро што може да направи. Трудете се сите да и' послужите на својата татковина".

Во тоа време, додека трае "народниот подвиг" за спас на народот, а во беседата се вели "не е ли срам голем за нас, сите братја наши да бидеет разбудени, а ние сами да спиеме", Григор Прличев, чиј релјеф на Порта Македонија со жестока боја од омраза го уништија "музевирите", напишал песна која се пеела во Охрид:

"Водач ме праќа татковината, лелекањата на Македонија ги пренесувам, со нас се Бог и правдата; оган ќе згазиме, чкрапји ќе изгориме, докрај борејќи се, во прав ќе ги претвориме душманите, земјата ќе си ја спасиме, зашто бог е со нас!"

Песната "Водач ме праќа татковината" е напишана пред 150 години, и не се однесува на денешните чкрапји и душмани. Сепак, сега повторно е некое време на огнови, лелекања и чкрапји, време кога од еден даден збор се прават сто збора за изговор, за негирање, за бегање од зборот, а "сетне и вистина да велиш никој не ке те вервит" на зборот, "зашчо колај е от еден збор да извајт чоек многу зборој, ама многуте зборој да и соберит во еден збор тоа је мачно, тоа је божевна умшчина..."

Толку за Прличев, и за татковината.

денешен.мк

 

Мигел де Сервантес

ДОН КИХОТ

Мигел де Сервантес е најпознатиот шпански книжевник на сите времиња. Тој е роден на 29 септември 1547 година, а починал на 22 април 1616 година. Во чест на денот на неговото раѓање, на блогот прочитајте зошто треба да го прочитате неговото најпознато дело и една од најпродаваните книги на сите времиња, "Дон Кихот".

Дон Кихот и Санчо Панса

Јавајќи го својот слабичок коњ, главниот јунак на романот "Дон Кихот" е во потрага по џинови. Во неговите очи, негова должност е да ги победи овие монструми во чест на неговата сакана дама, Дулчинеја. Сепак, овој чин на храброст е лошо замислен. Како што неговиот сопатник Санчо Панса постојано му објаснува, тоа не се џинови; тие се само ветерници. Дон Кихот не се повлекува и премислува, но неговото прободувачко копје наскоро е фатено во нивните перки. Никогаш обесхрабрен, витезот гордо стои и станува уште поубеден во својата мисија.

Оваа сцена доловува голем дел од причините поради кои "Дон Кихот" е толку сакана приказна - епска, нелогична приказна полна со душа која зборува за Алонсо Кихано, ликот кој подоцна станува несмасниот, но храбар и издржлив Дон Кихот од Ла Манча, познат и како Досетливиот витез. Оригинално објавен во два тома, овој роман го следи Дон Кихот додека тој патува низ централна и северна Шпанија, борејќи се со силите на злото.

И покрај бујната фантазија на Дон Кихот, неговиот творец, Мигел де Сервантес, никогаш не би можел да замисли дека неговата книга ќе стане еден од најпродаваните романи на сите времиња. Минувајќи 5 години како војник, и уште 5 години како заробеник на пирати, Сервантес го поминал поголемиот дел од својот живот како сиромашен поет и драмски писател. Дури во неговите доцни 50-ти години, тој ја објавил својата најголема креација: епската сатира на витешките романи.

Во тоа време, средновековните книги што ги следеле авантурите на витезите и нивниот морален кодекс доминирале во европската култура. Иако Сервантес бил обожавател на овие книги, тој бил уморен од овие приказни кои постојано се повторувале, кои повеќе се фокусирале на набројувањето херојски подвизи отколку на карактерниот развој. За да ги предизвика, тој ја напишал "Дон Кихот", приказна за "хидалго", односно мрзлив и празен благородник, кој ги поминува деновите и ноќите читајќи витешки романи.

Овие приказни го полудуваат, па така тој самиот се претвора во бранител на поразените. Сите луѓе во неговото село се обидуваат да го убедат да се откаже од својата лудост, одејќи дотаму што ќе запалат некои од живописните книги во неговата лична библиотека. Но, Дон Кихот е незапирлив. Тој се облекува во стар сјаен оклоп, се качува на својот слаб коњ и го напушта своето село во потрага по слава.

Романот на Сервантес се развива како збирка епизоди кои ги забележуваат и прикажуваат незгодите на храбриот витез. Сепак, за разлика од останатите витешки книги, а можеби и од сета друга претходна белетристика, приказната на Сервантес длабоко го истражува внатрешниот живот на главниот јунак.

Дон Кихот созрева како што се развива нарацијата, претрпувајќи забележлива трансформација. Ова книжевно откритие натера многу истражувачи да го наречат "Дон Кихот" првиот модерен роман. И, овој карактерен развој не е изолиран случај во романот.

Уште на самиот почеток, на Дон Кихот му се придружува и еден селанец по име Санчо Панса кој станува негов официјален придружник и штитоносец. Санчо и Дон Кихот се истражување на спротивности: едниот е приземјен реалист и служи како противтежа на идеализмот на другиот. Нивното живо пријателство кое се развива со текот на дејството, често се прогласува за првично и оригинално дуо составено од јунак и неговиот придружник, инспирирајќи еден куп други измислени партнерства низ вековите.

"Дон Кихот" постигнал огромен успех. Бројни изданија биле објавени низ цела Европа во 17-от век. Дури и на американскиот континент, каде што Црквата ги забранувала сите романи како грешни одвлекувања на внимание, било познато дека публиката ужива во пиратските изданија.

Книгата била толку добро прифатена што читателие посакувале и молеле за уште. Откако еден ривалски автор се обидел да заработи пишувајќи лажно продолжение, Сервантес го издал официјалното продолжение како одговор на оваа постапка. Овој втор том, кој денес се објавува заедно со првиот том, односно како една книга, продолжува онаму каде што застанува првиот том, само што сега Дон Кихот и Санчо Пансо веќе се станати народни херои.

Исто како и во реалниот живот, Сервантес го вклучил успехот на неговиот роман во светот на неговите ликови. Оваа неконвенционална мета-свест создаде филозофска комплексност, бидејќи витезот и неговиот придружник размислуваат за значењето на нивната приказна.

За жал, Сервантес многу евтино ги продал правата за книгата. Умрел многу славен, но релативно сиромашен. Сепак, неговиот трактат за моќта на креативноста и индивидуализмот инспирираше и се' уште инспирира најразлична уметност, литература, популарна култура, па дури и политички револуции. "Дон Кихот" не' уверува дека нашата имагинација во голема мера ги обликува нашите постапки, оспособувајќи не' да се менуваме и правејќи не' почовечни.

Кафе и книга, септември 2020.

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

КОЧО РАЦИН

 

ЕЛЕГИИ ЗА ТЕБЕ
1.
Вчера си појдов, наминав
низ таа гора зелена
под тија букви високи
по ќилим сенки широки.
Одев со глава замаен
наведнат, мртов, зачмаен,
одев со грутка на срце
и каракамен на гради.
Деј гиди горо зелена!
Деј гиди водо студена!
Пилците пеат - ти плачеш,
сонцето грее - ти темнееш.
Ако ги криеш коските
на дели млади јунаци
тука што лежат по тебе
за тија темни дубрави -
зошто ги таеш песните?
Зошто по тебе дрвјата
и на дрвјата гранките
и на гранките лисјата
шумолат скришно таговно?
2.
Таму горе на небото
зора руди, земја буди,
ден морави шири крила
и алова точи свила,
таму зора црвенее -
мое срце ми црнее.
Ископајте длабок бунар
извадете ладна вода
натопете лути рани
да не горат, да не болат.
Зоро златно и румено!
Зоро слатка посестримо!
Ти изгреваш на далеку -
дали еднаш ќе изгрееш
силно, силно, дури милно
над долови и над гори
над полиња и над реки
над мојата татковина?
3.
Два брега - двата стрмнини.
А од брег на брег танок мост.
Под мостот вода морава -
тече и мие ранава.
Тече од векот вековит
и нова и се' понова,
тече, а тука маките
се' стари и се' постари.

Тече и влече со себе
сичко што стои пред неа,
а на брегови животот
чмае у троскот зараснат!
Течи ми водо студена!
Течи си - рони брегови!
Течи - и нам низ срцето
нели и крвта ни тече?
4.
Скотски е, скотски живот аргатски
у темно заsидан,
до скот сме сниско попритиснати
на овој свет убав.
Кој ни ги скрши белите крилца
крилца на галаби бели?
Кој ни замати извори бистри
извори на души чисти?
И кој раздвои, и кој раздвои
човек од човек со sид?
И кој направи, и кој направи
човек на човек роб!
Та човек од човек
да страда
и тегне
и бега
од лулка до гроб!
5.
Ти да знаеш, паметуваш
и ем да си на ум имаш -
работник си - и работник
ти ќе паѓаш и се дигаш.
Луњи ли ќе пусти дојдат
сонце ли ќе јасно грејне -
патиштата, патиштата
пред тебе се на борбата.!
6.
Исцедете , ограбете
пот и труд и меса голи,
уста пуста затворете
да не каже оти боли.
Очи црни ископајте
да гледајат не давајте,
раци машки прекршите
срце лудо наранете.
Угаснете и светлини!
Мрак да биде - каракамен.
Има, има - втемнината
нешто живо пак да свети:
има болка на душата
има души наранети.
Болка боли - болка гори
болка тече, душа мори.
А болката кога свети -
тешко, тешко, тешко клети!
************
Кочо Рацин

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 319, 30 октомври 2020