ОВА ЛИ Е ИДНИНАТА НА МАКЕДОНИЈА?

 

Сотир Гроздановски-Македонски

АНТИМАКЕДОНСКА ПОЛИТИКА НА ВМРО-ДПМНЕ

 

14 октомври 2020

Најверојатно  во очите на дел од читателите  насловот на текстов предизвикува чувство на провокација  и дека некој е против ВМРО. Меѓутоа, ако се согледаат фактите и катадневните случувања, нема да биде тешко да се одвои житото од плевата. Да се  пронајде правата "кртица" која е нужно да се отстрани  за да и' се овозможи на  Организацијата слободно да дише и функционира во полза на Македонците и македонската држава.  Иако има и такви на другата страна од политичката лепеза кои се трудат да ја избришат, сепак, ВМРО е Организација со долго минато,   чија моќ и во најтешките времиња за македонскиот народ беше охрабрување и одбрана од сите тирании кои останаа зад нас.

Денес,  после триесетина години од осамостојувањето на Македонија од заедничката југословенска држава, ситуацијата наместо да биде поарна, се' повеќе се влошува.

За време на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, и владеењето на Љупчо Георгиевски со ВМРО закитено со  додавката ДПМНЕ, работите тргнаа надолу и никако да се нормализираат, до ден денешен.

Ги изгубивме достоинството и примарните национални белези на македонската држава. Бесрамно и без никаков отпор се одрекоа од историскиот македонски симбол, шеснаесеткракото сонце, ни го променаа вековното македонско име во ПЈРМ, го избришаа името на најголемиот македонски херои Александар Трети Македонски од прекрасниот скопски аеродром и автопатот за Грција, го обезглавија македонскиот национален грб под чија црвена петокрака партизаните и патриотите јуришаа од битка во битка  со по некој фишек во џебовите против германските, италијанските, бугарските и шиптарските балистичко-фашистички окупатори и  ја создадоа Република Македонија како национална држава на Македонците. Држава после векови робување за Римјаните, Турците, и сега   без согласност на македонскиот народ, обезглавена, обесчестена и понижена од Грците, ја пуштија земјата рапидно да се топи и постанува безимена територија, подготвена  за идна поделба и елиминирање, на народот во неа.

Тие беа првите кукавици, изроди, неранимајковци  и велепредавници, кои го завртија тркалото  во насока на уништување  на една старовековна библиска земја, Македонија. Зошто? Затоа што, прво, немаа храброст и потребно дипломатско и историско знаење да се впуштат во дуел со Грците и да ја одбранат вистината за својата татковина и нејзиното славно минато, забележано во безброи историски пишани документи, и второ, од лични причини, што беа лесно проверливи од нивните финансиски сметки.   

Постанавме Зомби и  слепи  верници во исправноста на антимакедонските политики на нашите лидери, од обете страни на политичкиот спектар во Македонија, не обрнувајќи внимание на злото кое брзо галопираше покрај нас, замаглувајќи не со лажно прикажување на нашата  светла иднина во НАТО и Европската Унија.  И така неискусни и наивни,  македонските "мудреци" се фатија во грчката стапица, верувајќи дека со промената на името на Македонија ќе бидат сите проблеми со јужниот сосед решени. Решени и дека конечно од нив ќе создадеме пријатели и сојузници!? 

Ама не било така лесно да ги надмудрат Грците! Со Преспанскиот договор од 2018 година се уверивме дека нашите дипломати и политичари не им се ниту до колена рамни! Затоа, ако се земат предвид историските искуства со нив, ќе видиме дека тие и кога спијат, лажат.

Па така, ако сакаме да ја добиеме  битката со нив, треба да им спротиставиме вистински борци со познавање на воените вештини, дипломатските трикови и   двете национални истории: грчката и македонската! 

Тие беа слабостите на Никола Димитров, министер за надворешни работи на Република Македонија и примитивното дипломатско размислување на Зоран Заев, кои понижувачки и срамотно не дотуркаа до дереџево во кое се наоѓаме денес.

Тоа се луѓе од најниска вредносна категорија,  кои во никој случај не би требало слободно да ги поганат македонските улици, а камо ли се' уште да ја водат македонската држава во Европа и некоја фиктивна благосостојба.

Но и за таа работа ни требаат способни и храбри борци, а не бездушни и лесно корумпирани квислинзи и нечесни "луѓе". 

И така  фаза по фаза со Преспанскиот и договорот со Бугарија на Никола Димитров  и Зоран Заев  наскоро ќе се најдеме  на некоја напуштена европска станица   срамно "искубани" и непрепознатливи  за да исчезнеме. Да не снема   како лист хартија на кој ништо не пишува, како би се изразил македонскиот вистински патриот, покојниот Тоше Проески.

Република Македонија, сакале ние тоа да го признаеме или не, постана најобична политичка урнатина без свој национален идентитет, без своја национална историја, без право на македонскиот јазик да се зборува надвор и внатре од земјата и сето тоа "благодарејќи" му на Зоран Заев и дел од ВМРО-ДПМНЕ предводен од Христијан Мицкоски и неговите антимакедонски политики.

И така малку по малку, незнаењето на нашите  "политичари и дипломати" се покажа погубно по македонските национални интереси. 

Политичките договарања, преговарања, божем ако прифатиме се' што, особено, Грците бараат, ќе ни биделе пријатели, сојузници и ќе ни помогнеле да ги постигнеме нашите стратешки цели, беа лук и вода. Мамецот беше фрлен и одма проголтан од македонските посебно избрани гангстери и извршители на наредбите од надвор. И тоа  од СДСМ со Зоран Заев и од ВМРО-ДПМНЕ, со Христијан Мицкоски, без чија блиска соработка во проектот "уништување на Македонија и Македонците" не беше можна ваква, скоро, неповратна катастрофа. 

Па така аматеризмот и   историско-дипломатската неписменост, заедно  со алчноста за брзо богатење и градење кариери врз туѓ грб, од нашите "политички великани" создадоа жртви.  Чекор по чекор, Грците и  Бугарите ги намамија во замка за како современи Дон Кихоти да влезат во битка  од која не се кадри да се извлечкаат, без тешки повреди. Не се кадри да се извлечкаат од вирот на нерешливите проблеми, за кои мислеа дека ќе излезат победници и брзо станат членка на НАТО и ЕУ. 

Злите накани и политичките неспособности на СДСМ и Зоран Заев ни се одамна познати, ама никои не најде храброст да им се спротивстави со сите оружја со кои Македонија располага, за да им покаже кој е газда во македонската  куќа.

Нечистите антимакедонски политики на ДПМНЕ, пак, тек сега и скришно излегуваат на видело, кога истите тие таканаречени "највисоки" лидери во Организацијата кои активно учествуваа во разнебитување на македонската држава денес ни се појавуваат од своите стари дувла како спасители.

Ама заборавија, дека народот го памети секое добро и секое зло и ако до сега жестоко не реагираше за да се одбрани!

Пред некои ден на Канал5 во "Само интервју" Гоце Михајлоски имаше разговор со  Никола Попоски и ги чувме неговите ставови за сегашната алармантна ситуација во ВМРО-ДПМНЕ, со нагласок на неговите планови како да се реорганизирала партијата, за да одговорела на нејзините задачи и современи предизвици. Но за жал, од еден поранешен министер за надворешни работи на Република Македонија, собраниски пратеник и партиски дезертер во времето кога им беше најпотребен да се спречи промената на Уставот заради промена на уставното име на Република Македонија, не слушнавме,  кои се тие задачи и предизвици на ВМРО-ДПМНЕ, кога досега гледаме само борба за власт и предавства на виталните национални интереси. Кога гледаме и понатамошно уривање на државата, а позив на отпор, па и вооружен, од никаде! Молк во ВМРО-ДПМНЕ и молк од Христијан Мицкоски! 

Само молк и од многу нив како нашиов јунак, освен срамотни протести заради поскапување на струјата и доматите, молк за да не ги расипи погубните планови на својот соработник, кого би сакале да го победат и после заедно да ја довршат заедничката завера.

Никола Попоски ја држеше  устата затворена да не му одмогне на Зоран Заев  во заедничките договори и зли накани истоветни со ставовите на Христијан Мицкоски.

Потоа, за жал и срам,  не слушнав како би се ревидирал или поништил Преспанскиот договор со Грците, освен со половина уста изговореното дека тоа е свршена работа и дека треба да се фокусираме на Европската Унија, за да сме имале поарен живот.

Меѓутоа, како секој дипломат аматер и историски неписмен политичар, Никола Попоски не заборави да побара единство и заедништво во имплементацијата на одредбите со кои Грција постана сопственик на македонската античка историја,  бидејќи тоа што е готово, готово е, вели Попоски. Но и било  штетно за "добрососедските односи" со Грција  народот да се потсетува на неговата погубност по македонските национални интереси, туку да сме се свртеле кон светлата иднина во ЕУ.

Морам да признам дека интервјуерот Гоце Михајлоски со своите вешто формулирани прашања го збуни поранешниот министер за надворешни работи на Република Македонија и учесник во растурањето на нашата татковина како влог за влез во НАТО и Европската Унија, бидејќи вистината е само вистина и тешко од неа некој може да побегне. 

Целиот разговор помина со многу деликатни недоречености, бидејќи товарот на антимакедонските политики на ВМРО-ДПМНЕ секогаш му висеше над главата и под константен притисок од домаќинот Михајловски, Никола Попоски докажа дека влезе во незгодна позиција, од која тешко се извлекуваше.

Барајќи од членовите на ВМРО-ДПМНЕ единство, за да го победеле Зоран Заев на некои наредни избори, Никола Попоски не најде оправдување за какво единство се работи и околу која агенда и оска тоа единство на повеќе пати излаганите членови би требало да се потпира. На  неговата желба да го смени Мицкоски за тој да седне во неговата предавничка фотелја, или да загази во предавничките и антимакедонски, одамна практикувани,  погубни политики по националните интереси на Македонците во Република Македонија и на секаде  во светот и да нестане како што и одново се појави на македонската политичка сцена?

Ако овој приучен бивши дипломат и истрошен пратеник во македонското Собрание не е способен да одговори на важни прашања на кои вештиот водител Гоце Михајлоски упорно инсистираше да добие одговори, неговата штура кампањска мисија ја изгуби  предвидената пропагандна и мотивирачка  цел. Само докажа, дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ навистина се штетни по интересите на Македонија, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство ниту било, а ниту намерава да крене во борба против Преспанскиот и Бугарскиот "добрососедски" договор како и албанската платформа за поделба на Република Македонија со Бугарија и така да се затвори вратата на "македонското прашање", рак рана за Грците, Бугарите, Албанците и Западот, вклучувајќи ја и Европската Унија, како водечки непријател на Македонците и Република Македонија!

За секога Ваш, Сотир

 

Александар Димковски

РАЗОРУЖЕНИ НА ДЕНОТ НА ВОСТАНИЕТО

 

10 октомври 2020

Она што загрижува е безидејноста, немањето јасен став на домашните политички структури во однос на сите актуелни предизвици со кои се сочува државата. Се чини дека и годинава Денот на востанието го одбележуваме целосно политички разоружени, поделени, без јасни позиции и стратегија на што сме, што сакаме и каде одиме. Без доктрина за државните и националните интереси, без став за нашите црвени линии во однос на идентитетските прашања, притисоците и уцените што доаѓаат однадвор.

Пак иста песна. По секој извештај на Европската комисија за реформите и напредокот на Македонија, македонските граѓани слушаат едни исти рефрени. Власта, која и да е, вообичаено го велича извештајот како исчекор напред и големо достигнување, додека опозицијата, која и да е, ја клевети власта за тотално промашување и фијаско, повикувајќи се на истиот извештај. Што всушност читаат домашните политичари? Како да се работи за два сосема различни извештаи, а не еден ист документ. Секој го нагласува и чита она што нему најмногу му одговара, сосема занемарувајќи го тоа што не му е по ќеф.

Извештајот, добар или лош, не го подобрува животот во Македонија. Тоа е, сепак, задача на нас самите. Од друга страна, ако напишаното во документот се преслика на полето на егзактните бројки и математиката, се добива некоја средна оценка од 3.11. Така барем ни објасни заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, оценувајќи го извештајот со 3.11. Лани сме биле 3.06, додека годинава сме 3.11. Значи, подобрување и напредок од о,о5.  поени.

Е баш "голем" напредок. Чиста нула. Значи, во споредба со ланскиот, годинашниот извештај е бравурозен лет во место. Тоа е реалноста и фактичката состојба, без разлика кои и како ни ја прикажува и со какви очила ја гледа.

На македонските граѓани, пак, воопшто не им треба извештај за да ги сознаат вистинските состојби. Уверен сум дека тие многу подобро од Брисел знаат каде состојбите се добри, каде најмногу чкрипи и кои се причините за тоа. Не треба ЕК да ни каже дека слабо стоиме во борбата со корупцијата. Или дека јавната администрација и судството се' уште ни се гомем проблем. Истото тоа ќе ви го каже кој било бербер, пазарџија, таксист или кој било друг во земјава.

Се чини дека извештаите на Европската комисија веќе никого во државата премногу не го потресуваат или интригираат освен политичарите. Во својата суштина извештаите на ЕК се бирократски, дипломатски дизајнирани документи, каде што таксативно и дозирано се посочуваат добрите и помалку добри работи. По принципот топло-ладно. Понекогаш она што има многу голема тежина во овие извештаи треба да се пронајде или меѓу редови или да се насетува.

Така и во годишниот извештај. Во делот за односите  со соседите сосема накратко се посочува дека е важно да продолжи спроведувањето на договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција. Така сувопарно напишано, тоа не значи ништо посебно. Но потоа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи допатува во Скопје за да ја дообјасни пораката скриена во оваа реченица што ни ја испраќа Брисел. Вархеи јасно и гласно порача дека ова е моментот за да се постигне договор со Бугарија и да се најде решение за прашањата што предизвикуваат недоразбирања.

И притоа не пропушти да нагласи дека без да се расчистат недоразбирањата со Бугарија, ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред.

Токму ваквото повикување на решавање на проблемите и недоразбирањата низ "меѓусебен дијалог" го видовме претходно низ примерот со Грција. Тој "дијалог", како што го нарекува Брисел, заврши со промена на уставното име на државата. Како ли ќе заврши сега "дијалогот" со Бугарија? И дали воопшто е можен каков било конструктивен дијалог со некој што настапува од позиција на сила и притоа има мегаломански претензии и аспирации кон македонскиот јазик, историја и идентитет? Тоа е како волкот и јагнето да ги терате да ги решат недоразбирањата преку заемен дијалог. Притисоците и уцените станаа своевиден бенчмарк на "добрососедската" политика кон Македонија.

Бугарија бара целосно бришење на формулацијата македонски јазик, како единствено преостанато идентитетско обележје на македонскиот народ и држава по промената на името. Уцената со бугарското барање за преиначување на историјата и бришење на македонскиот јазик како услов за ЕУ е веројатно врвот на тн. "добрососедска политика" на Бугарија кон нашата земја, која многу поточно е да се именува како политика на уцена и уништување. Сосема е во право холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван дер Берг, кој во една пригода, осврнувајќи се на состојбата и пригодите во Македонија, запраша кому му требаат непријатели при соседи како Грција и Бугарија. Навистина, можен ли е плоден и конструктивен дијалог со негатори и уценувачи? Тоа ќе биде сизифовска работа за Македонија.

Во едно вакво светло на новиот извештај на ЕК, Македонија в недела го празнува 11 Октомври, Денот на народното вооружено востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Празникот 11 Октомври е повод да се присетиме и да им се поклониме на сите борци што се исправиле пред предизвикот на својата генерација и храбро ја повеле борбата што ја стави Македонија на страната на победниците и поборниците за мирот, слободата, демократијата и почитувањето на човековите права. Бугарија тогаш беше на спротивната страна, на страната на Оската, фашизмот, деструкцијата и окупацијата. Таа нејзина поразена политика во однос кон Македонија изгледа се' уште тлее и продолжува и денес.

Но она што веројатно многу повеќе загрижува е безидејноста, немањето јасен став на домашните политички структури во однос на сите актуелни предизвици со кои се соочува државата.

Се чини дека и годинава Денот на востанието го одбележуваме целосно политички разоружени, поделени, без јасни позиции и стратегија на што сме, што сакаме и каде одиме. Без доктрина за државните и националните интереси, без став за нашите црвени линии во однос на идентитетските прашања, притисоците и уцените од надвор. Примерите од поблиската и подалечната историја покажуваат дека секогаш кога граѓаните и политичките елити биле поделени, разединети и раскарани, државата губела на домашен и меѓународен план.

Токму во таа насока е и симболиката на изразот разоружени. Но ако нешто е потребно во ова време-невреме за Македонија е веројатно некој вид внатрешно востание на свеста и совеста. Будење на возвишеното чувство на родољубивост, кај оние што го потиснале длабоко во себе или  можеби изгубиле.

Зашто за да успеете да се одбраните од идните можни притисоци неопходно е претходно добро да се вооружите со мудрост и знаење. Да не го заборавите минатото и да ги имате секогаш на ум историската вистина и факти. Нема држава што опстојала, а притоа се одрекла од својата историја, своите борци или своите идентитетски обележја. Македонија нема од што да се срами. Напротив, има многу нешта за да се гордее, кога станува збор за нејзината историја и минато. Само така, со крената глава и со истакнување на сите заслуги и придобивки од нашето херојско минато, ќе им оддадеме и најдобро признание на сите паднати борци и жртви за слободна и независна Македонија.

Нека ни е честит Денот на востанието - 11 Октомври.

novamakedonija.com.mk

 

Далибор Станковиќ

ПОДГОТВЕТЕ СЕ, СЕ СОЗДАВА НОВА СЕВЕРНОМАКЕДОНСКА НАЦИЈА!

 

10 октомври 2020

"Народ што истрпи петвековно ропство, кој се ослободи од фенерскиот духовен гнет, која ја разурна Турската Империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ, кој четири децении се бори со извонредна посветеност, не може по никаква цена да ја направи таа жртва"

***********

Во овој момент еден од најголемите проблеми со кои се соочува македонското општество се бугарските уцени и закани во однос на македонскиот јазик и историја, а проблемот од билатерален се претвори во мултилетарен кога дискусиите се пренесоа внатре во Европската Унија. Во овој контекст имав интимен разговор со еден близок пријател, кој ми одговори: "Подготви се, се создава нова нација!" Кога запрашав дали би ми дозволил да пишувам дека се создава нова нација, бидејќи тоа беше негова теза, го добив следниот одговор: "Ми ја украдоа нацијата, та за тезата не правам проблем!" Далеку од тоа да прифаќаме дека постои светски заговор против македонскиот народ, но мислата дека се создаваат услови за оформување нова нација во "Северна" Македонија не е далеку од вистината, ако се земат предвид случувањата во последните години. Не постои поголема апсурдност од докажувањето дали македонскиот јазик е македонски или дали Гоце Делчев бил Македонец, но не смее да се заборави дека влогот е многу поголем отколку што се чини на прв поглед. Низ годините никогаш не сум пронашол задоволителен одговор на прашањето што е нација. Меѓутоа најблиску до овој одговор е концептот за "замислена заедница" формулирана од Бенедикт Андерсон.

Според овој автор, нацијата е замислена бидејќи припадниците дури и на најмалата нација нема никогаш да ги запознаат повеќето од своите сонародници, да ги сретнат или барем да слушнат за нив, иако во свеста на секој од нив живее сликата за нивното заедништво. Со други зборови, сликата за заедништво се создава преку заедничката татковина, јазикот, обичаите, културата, историјата, заедничките херои итн. При тоа треба да се внимава дека не станува збор за замислување туку за идентификација врз основа на одредени заеднички општи карактеристики.

Бенедикт исто така вели дека "фотографијата, убавиот плод на времето на механичката репродукција, е само најбеспоговорната од огромната модерна акумулација на документарни докази (изводи за родените, дневници, свидетелства, писма, здравствени картони и слично) која симултано бележи некој видлив континуитет и го нагласува неговото губење од меморијата. Од ова оддалечување произлегува една концепција за персоналноста, идентитетот..., која, бидејќи не може да биде запаметена, мора да биде раскажана."

Според Бенедикт, приказните, романите, весниците итн., "нивната рамка е историска, а нивниот амбиент социолошки. Токму поради ова толку многу автобиографии почнуваат со околностите на родителите и бабите и дедовците, за што автобиографот може да има само пригоден, текстуал доказ, и поради тоа биографот се мачи да ги забележи календарските датуми..."

Секое признавање дека Гоце Делчев е Бугарин и дека има историско значење за бугарскиот народ е сквернавење на вековната борба на неколку македонски генерации. Не случајно Христо Татарчев вели: "Народ што истрпил петвековно ропство, кој се ослободи од фенерскиот духовен гнет, кој што ја разурна Турската Империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ, кој четири децении се бори со извонредна посветеност, не може по никаква цена да ја направи таа жртва."

Не смееме да заборавиме дека во суштина полемиката не се води дали Гоце Делчев бил Бугарин или не. Станува збор за систематско сакатење на македонската нација. Зошто? Македонската нација веќе е осакатена со промената на името и тука најголемиот проблем произлегува од формулацијата на името на државата, бидејќи од Северна Македонија може да се извлече називот на нацијата - северномакедонци, со што се исклучуваат другите припадници на македонската нација што живеат во соседните држави. Многу поинаку ќе беше доколку Северна стоеше пред Република Македонија, бидејќи од сложеноста на Северна Република Македонија не може да се извлече називот на нацијата. Но да го оставиме ова прашање и да се соочиме со сегашниот предизвик.

Бугарската држава, водена од своите националистички стремежи, се обидува да не' натера да се откажеме од македонштината што се создаде од особеностите на Македонија и македонскиот народ-јазик, обичаи, култура, историја и се' така до бескрај! Доколку некому нему е јасно за што станува збор, тогаш мора да појасниме дека Бугарија негира секакво постоење на одделни и специфични македонски особености. Доколку се откажеме од Гоце Делчев, тогаш ќе станеме нација без автобиографија, која започнува со нашите родители, баби и дедовци, со што се создава нова северномакедонска нација, која нема отворени проблеми со соседите, туку нација без свое минато - го губиме континуитетот за кој говори Бенедикр Андерсон. Откажувањето од македонската историја води кон сакатење на македонската нација, бидејќи македонските историски херои ќе ги признаеме како наследство на друга нација.

novamakedonija.com.mk 

 

Билјана Ванковска

ВАРХЕИ И ФОРЕСТ ГАМП

 

10 октомври 2020

Балканските Гампови можеби не се добродушни како што изгледаат кога ќе стават рака на срце и почнат да се колнат во бога, деца, жена и сл. но оној првиот квалитет дефинитивно го имаат. Во ист дух настапуваат и оние од ергелата на конфекциски произведени адвокати. Дури и да знаат, нема да кажат дека ЕУ повторно нуди мачка во вреќа.

***********

Секој нов 11 Октомври е потемен и понеизвесен од предходниот. Над празникот, оној за кој мене ме учеа дека е почеток на Народноослободителната војна во Македонија со првите герилски акции против бугарскиот окупатор во Прилеп и Куманово, сега виси Дамакловиот меч на Софија.. Прашањето на време е кога ќе го забранат неговото одбележување. Но ние зарем одамна не капитулиравме и со духот и со умот поради некакви "повисоки интереси"? Секоја нова генерација како да е се' поотуѓена од историјата на својот народ, што не е ни чудо кога таа историја е паричка за поткусурување на влади, меѓународна заедница, комисии, лобисти.

Впрочем, секоја година се прашувам дали ние воопшто и заслужуваме да го славиме почетокот на борбата на партизаните. Со кого тоа се бореле партизаните? Зошто се фатиле за оружје? За што биле подготвени да загинат и гинеле? Сето тоа се чини толку бесмислено во светлина на уцената на Софија, која нашиве (гарант!) ќе ја прифатат како кленови. "Договорот за добрососедство, пријателство и соработка" со Бугарија и божемниот почеток на преговори за влез во ЕУ се гумичката со која се брише (насилно) историската меморија и се вградува нова, фабрикувана, по пат на сила. Несфатливо е каква  е таа генерација (и држава) што за проsирна ветувања и за (ветени) пари прифаќа да жртвува се' што со саможртва постигнале претходните генерации! На чело на влада ви е човек што раскрчми се' што не стекнал, со цел да стекне поголем личен ќар. Тоа е човек што, без око да му трепне, вели: "Размислуваме да го ставиме на продажба цело државно земјиште, народот потоа ќе прави фарми и оранжерии, до тоа да легализираме марихуана." Тоа е Македонија денес. 

Посетата на комесарот Вархеи не се разликува од посетите на бившиот комесар Хан (духот на Австро-Унгарија лебди над Балканот како историска константа, заедно со уште неколку духови на големи сили). Оној бившиот промовираше "балкански методи" за спроведување на Преспа, овој нешто мантра и како папагал повторува одамна слушнати фрази: "Скопје да се посвети на дијалог со Софија, планирани 9 милијарди евра инвестиции на Западниот Балкан. Работиме рака под рака со бугарските и македонските власти, ги примив министерот за надворешни работи и вицепремиерот минатата недела и ги охрабрив да се ангажираат со нивниот сосед, бидејќи станува збор за взаемен интерес да се најде решение што е прифатливо за двете страни". Како што заклучува и париски "Фигаро", ЕУ ја повикува С.Македонија да ги реши историските спорови со Софија, кои се поврзани со јазикот и историјата. Наводно, било би во заемен интерес да се најде "заемно прифатливо решение". Среде Скопје, Вархеи изјави нешто што досега го кажуваа во стилот "тие се внатре, а вие сте надвор".: Ако овие прашања не се решат, ќе биде многу тешко да се движиме напред. Свесен сум за сензитивноста на ситуацијата, но молам за трпение затоа што дипломатијата дава резултати, како што видовме со Преспанскиот договор од 2018 година. Колкупати треба да ги искусиме истата ситуација, истото газење и понижување, за да научиме нешто? Велат, првиот пат инцидент, вториот е случајност, ама третиот веќе станува навика. Навиката на оваа колонијална и марионетска власт е одамна прифатена како нешто природно.

Вархеи дојде со божемен економски пакет. Некои се сетија на еден стар виц, кој почнува така што Мујо го праша Хасо: "Хасо, је л' би се ти је*о ако ти неко да 1000 долара?" Душегрижниците и чуварите на јавниот морал ќе се вознемират од овие редови, бидејќи за нив е поприфатливо ако некој те онаквува во здрав разум отколку да раскажеш виц. Нејсе! Срамот го изгубивме, на вакво колосално бесрамие редно е револуционерен чин, а славиме востание, нели? Презентацијата на Вархеи  низ регионот најдобро ја опиша еден пријател од Германија: Вархеи и Форест Гамп. Познатата сентенца од филмот е онаа во која Форест ја цитира мајка му, која го научила дека животот е како затворена чоколадна бонбониера; никогаш однапред не знаеш што ќе најдеш внатре, и дали си избрал добро или лошо. Форест Гамп генерално е синоним за приглуп, но добродушен човек, кој случајно станува инволвиран во некои историски настани. Тој е симбол и на конзерватизмот и аполитичноста, вејка на ветерот којашто по игра на случајноста станува богат и славен.

Балканските Гампови можеби не се добродушни како што изгледаат кога ќе стават рака на срце и почнат да се колнат во бога, деца, жена и сл., но оној првиот квалитет дефинитивно го имаат. Во ист дух настапуваат и оние од ергелата на конфекциски произведени адвокати. Дури и да знаат, нема да кажат дека ЕУ повторно нуди мачка во вреќа. Ветувањето е радување за лудиот, вели една српска поговорка.

Ама, на овие народи умот не им доаѓа. ЕУ нуди божемен божиќен подарак од 9 милијарди евра за шест држави и нивните 18 милиони граѓани (Хрватска сама добива 20 милијарди евра, само за споредба колку се ова "кикиритки" за кои ќе се тепаат овие од Западен Балкан, ако се воопшто и способни да грабнат нешто). Кваката 22 е во тоа што, прво, не се знае како ќе се распределат парите и колку од нив се во вид на грантови, а колку се кредити, и второ, економскиот дефицит со ЕУ со ваквите мерки само расте, не се намалува. ЕУ не е ниту волна, ниту способна да спроведе т.н. Маршалов план во регионот, но го држи и доволно блиску и доволно далеку од себе. Европската комисија се занимава повеќе со политичка економија отколку со реална помош на регионот, вели германскиот експерт Душан Рељиќ, но впечатокот е дека ЕУ повеќе се грижи за геополотиката отколку за нешто посуштински важно за овие земји. Затоа, сета оваа драма со "пронаоѓање заемно прифатливо решение со Бугарија" (ви текнува, нели?) е бесмислена. Таа "решава" националистички фантазии на една перфидна држава-членка, исто како што и Преспа го постигна истото тоа со друга членка, но никако не и' помага на Македонија да се стабилизира внатрешно, ниту да се интегрира и чувствува европски. Повторно добивме понижувачки предлог, а кој, колку и да е непристоен, Заев го прифаќа со екстаза, за тоа што умот му е во марихуаната и другите бизниси. Тоа е неговата вистинска "Европска Унија".

Но во пресрет на овој 11 Октомври, токму по аберите од Брисел, стигна надежен герилски одговор во знакот на Зоро (црвената буква З) на сите табли на кои пишува дека спомениците (и кичерајот заедно со нив) се дел на еленската цивилизација. Симболичен чин, би рекле, но нели и нападите на участакот во прилеп и во Куманово биле такви. Тие само навестиле, охрабриле, движењето расте и се надоврзува на нив. Некој треба да покаже дека во ова зачмаено општество, сепак, тлее и бунтовен дух. Ќе се согласам, иднината на оваа земја не зависи (само) од одбраната на историјата, јазикот и идентитетот, но од таа одбрана зависи почетокот на една долга и макотрпна битка за социјална правда и економски прогрес што нема да биде во интерес на домашните компрадори. Сакав да завршам во борбен дух, како што прилега на празник.

Но доаѓа до нов удар на човечката слобода. Власта решила од авторитарна демократура да стане тоталитарна карикатура. Ќе броела колку мина гости ќе примиме дома (веројатно ќе го активира проектот "балкански шпион", комшиите што ќе се активираат во следење и известување, бидејќи полицајците или претепуваат или биваат истепани среде полициска станица). А и маски ќе носиме кога сме сами, во парк или во природа. За тоа ни измислија детски постер, кој повеќе личи на евтина нацистичка пропагандна порака, нешто за чадорчето и дождот, лиценцето со маска небаре од небото врне вирусот. Истовремено, тренираат строгост со проширување на овластувањата на инспекциите кои ќе казнуваат - ама само таму каде што има граѓани. На другите места не се осмелуваат ни носот да си го покажат. Ова е толку забегано и бесмислено, што ми останува само да кажам: среќна ковид-нова 1984!

novamakedonija.com.mk

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

МАРИЈА ВОДЕНСКА

 

КОНЕЧНО

Додека човек има срце и кувет да мечтае,
да се вгледува навечер во sвездите и месечината,
да успее да ја слуша тишината и звукот од природата,
да има сила да љуби и да сонува за љубовта,
да се движи низ познати и неоткриени убавини,
да го бара и да го види Рајот,
кој Бог го создал на Земјата,
да ги спои добрините во себе,
без говор, без молк, со човечност,
без присуство на горчина кон другите,
без мудрување пред оние што ги сакаме.
Додека телото кај човека се погребува во земја,
во срцето остава отвор,
без погреб на душата, оти таа не згаснува,
продолжува да се движи наоколу..
**********
Марија Воденска, Бостон, Ма, 5-ти октомври 2020 година

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

 

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 316, 15 октомври 2020