НА КОГО МУ СМЕТА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА? НА ТИЕ ШТО ЈА НЕМААТ!

 

Сотир Гроздановски-Македонски

МАНИПУЛАЦИИТЕ СО МАКЕДОНЦИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ

 

19 октомври 2020

Македонците биле од секогаш манипулирани, експлоатирани, асимилирани, биле и жртвени јагниња со своето учество во ослободителните војни на соседите и на крајот ни дојде времето  за омаловажување и обезвреднување од своите сопствени партиски лидери. Ама  најстрашно од се' и продавани заедно со својата држава, својата вековна историја, култура, идентитетот, јазикот и се' друго со што се гордеевме како Македонци. И замислете си, се' за доброто на народот, по зборовите на Зоран Заев поранешен трговец со овошје и зеленчук од Муртино. И за чудо, се' уште има многу кои му веруваат!

Се' дури имавме  храбри и колку толку чесни водачи, стравот од околните непријателски ориентирани соседи не беше присутен во нашите животи, зошто власта и сите безбедносни институции беа сигурен кров над нашите глави. А денес? А денес  драги мои погледнете околу себе и ќе видите кои не брани нас и нашите национални интереси, а спрема  Уставот на Зоран Заев и Артан Груби, кој е суверенот во Македонија? Кој ни ја чува државата од внатрешни и надворешни непријатели? Кој ни ја води надворешната политика, Македонец или приучени Албанци? Кој ни ги држи виталните институции во своите раце? Македонците или Албанците?

Кога исчезна таа безбедност и каде отиде? Сите знаеме, ама не сакаме да преземеме ништо да си ја повратиме државата и секој да биде безбеден таму каде припаѓа и колку што заслужува. Му ја доверивме македонската национална држава на едно нелојално малцинство кое до вчера војуваше со нашите безбедносни сили за поделба на Македонија, а сега  раководи со нив?  Зарем на човек, познат терорист, кој не си ја познава својата култура, образование, историја,  и при тоа не ја признава државата која го храни,  пои, го чува од сите болештини, кои постоат, му дозволивме да ја претставува Република Македонија во светот како Албанец, а не Македонец? Човек кој не проговорил ниту збор македонски, ги води главните преговори и просудува кој е Македонец или Бугарин или Грк и безброј  други нелогичности и глупости нечувени ниту во една држава со милиуни странци  на нивната територија? 

Што е со војската, полицијата и сите други  јавни организации од витален интерес на државата?-кого го чуваат? Македонецот во неговата сопствена земја, или албанските терористи во Косово, секогаш подготвени за фронтален напад и уништување се' пред нив зошто освен за пушка и нож друго не знаат дека постои за добар соживот дури и со волците?

Што туку ја дочекавме слободата на Македонија и нашето човечко право да бидеме свои на своето парче земја, од некаде искочија аветите и одново страв за нашата безбедност, нашата катадневна егзистенција, иднината наша и на нашата   татковина.

Кои беа и се' уште се тие страшни авети кои ни го изменија животот? Накусо,  беа и останаа нашите изроди, велепредавниците и погрешните луѓе на кои им ја доверивме државата и нашите, до вчера, мирни животи да чинат со нив што сакаат и како сакаат. И  ни се случи тоа, за што бевме убедени дека го оставивме зад нас  со времињата на ропството и тиранијата!

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се повеќе национални сили врз кои можеме да ја градиме нашата иднина. Зоран Заев и Христијан Мицкоски не се повеќе македонски личности на кои би требало младите поколенија да си ја врзат и својата иднина, бидејќи одамна не напуштија и не продадоа за свои партиски, а повеќе лични интереси.

Со договорите за добрососедство и лажно пријателство со Грците, Бугарите и Албанците внатре и надвор од Македонија го достигнавме нивото на трето разредно општество, не само на Балканот и Европа, туку и многу подалеку. Постанавме од држава   за пример  со нашето брзо и снажно сестрано воздигање од пепелта на минатото, во урнатина со која владее современата мафија и гангстерите македонски. Урнатина чии урнек се општествените системи во кои народите како суверени во своите национални држави се само гласачка машина, и спектатори на настаните кои ги влечкаат назад таму, каде некои од нашите соседи се' уште се чувствуваат безбедно. Во средновековниот мрачен период на човештвото! Но и колонија за експлоатирање  на националните богатства на Македонија од приватни внатрешни и надворешни безмилосни арамии и најобични криминалци од времињата кога европскиот и западниот колонијализам беше на врвот од   експлоатација на оние, кои немаа доволно сила сами да се одбранат. 

Рековме дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со нивните лидери Зоран Заев и Христијан Мицкоски, не се повеќе никаква нада во која би требало Македонците да веруваат како заштитници на државата и нашата безбедност, бидејќи немаат такви способности. Не чувствуваат љубов за својот народ и татковината. Но ниту мудрост и знаења, кои од нив едно современо цивилизирано општество очекува.

Но затоа поседуваат  премногу ароганција и висока почит кон своите лажни квалитети.

МИЦКОСКИ БАРА ЛИДЕРСКИ СРЕДБИ, НЕ ОЧЕКУВА ДЕКА БУГАРИЈА ЌЕ НЕ БЛОКИРА И ОСТАНУВА НА ИЗЈАВАТА ДЕКА ЗАХАРИЕВА ПОБАРАЛА НОВ ДОГОВОР! - не информира весникот денешен.мк.

Какви се тие лидерски средби на Христијан Мицкоски со само "релевантни" политичари и што баш само со нив има да расправа за македонските национални проблеми и ситуацијата во која, божем, Зоран Заев не вовлекол? Каква ароганција, од еден сосема нерелевантен самонаречен политичар. Каква ароганција од еден велепредавник кој легна на брашното кое одамна некои други го мелеа и одредува кој е релевантен, а не релевантен да седне заедно со него и да расправа за многу важни работи, а тек потоа да им ги соопштел решенијата и одлуките на народот кои одамна го предаде за НАТО и Европската Унија! Да му ги соопштел решенијата и одлуките на неговиот "релевантен" дебатен клуб од кои Македонија аир не видела и потоа да ги поведе релевантните политичари на улица да протестираат против слабиот род на краставици или копитата на магарињата не им се уредени. Ама не и против СДСМ, ДУИ и Зоран Заев кој ја узурпираа власта во државата,  се одрекоа од Македонците ширум светот, и ги преименува во нација ТРИЦРТИЧКИ (///). Какво лидерство. Каков кукавичлук од времињата кога заедно со Зоран Заев го менуваше Уставот на Република Македонија, ги избриша темелите на АСНОМСКА Македонија, ги втурна и изедначи албанските терористи со  Македонците, и ниту со прст не мрдна против зулумите на недоветните таканаречени "интелектуалци - архитекти" кои ги испоганија со три јазични плочки спомениците на македонските херои и познати просветители покажувајќи му на светот дека тие се културно наследство на Грците, Бугарите, па по некаде и на Албанците, прогласувајќи ги  крволочните балисти, од сите воини во минатото, за херои и "борци за Македонија".

Каква иронија и доживотен срам за сите кои имаат неславно учество во опустошувањето и нагрдувањето на Република Македонија. Па дури и против наканите на злите духови кои се насочија со својата мизерна омраза спрема се' што е македонско заедно со  прекрасниот историски споменик Портата на Македонија. И зошто тоа го прават? Па затоа што им смета македонската историја, која и Грците и Бугарите и Албанците ниту ја имале, ниту со својата злоба и завист ќе ја имаат.

Се изнарековме многу работи, ама недоречени останавме за најмудрите, досега, идеи на Христијан Мицкоски во поглед на односите со Бугарија, цврсто стоејќи зад изјавата на бугарската министерка со која барала нов договор по урнекот на Преспанскиот. Договор, со кои Грците постанаа сопственици на се' што е македонско, вклучувајќи ги и сите споменици од македонските антички херои и други великани кои се темел на македонството и нивната вековна борба за слобода на Македонија. И што е најважно, таков договор веќе бил на маса, подготвен да им го дадат на нашите глупани да го потпишат.

Па господине Мицкоски, Преспанскиот договор остави ли нешто што би сакале Бугарите да го добијат како задоволштина за  своите сопствени неуспеси, а сепак да изгледаат како победници над Македонија? Не е ли поедноставно и попрактично за сите само да им го додадете бугарското писмо на срамотните плочки пред спомениците низ Македонија со кое ќе се знае дека се' што е античко на македонската почва му припаѓа и на Бугарите? И така најверојатно ќе им се задоволат  апетитите, а министерката Захариева би се чувствувала како победник и пресреќна.

Па драги мои, има уште многу да се пишува за недоветните во македонската држава и нивните глупости, како на пример за Зоран Заев кој го испратил Љупчо Геориевски во Бугарија да ни ги олеснел работите околу Гоце Делчев и македонската историја, која веќе одамна постана минато на злото и ретко кој ја споменува како некој голем национален губиток. Еден од најголемите негатори на македонството, неговото минато и вредностите на Македонците, бахато помагајќи им, притоа, на Бугарите полесно да ја спроведуваат својата антимакедонска политика. 

Не е ништо чудно што "големиот историски експерт", Зоран Заев, го испратил баш Љупчо Георгиевски како негов личен претставник пред лицето на Бојко Борисов да ги олеснувал бугарските недоразбирања со Македонците, ама човек да не се изначуди, да испраќа бугарски шпиун и негатор на се' што е македонско  да ги олеснува проблемите кои самите ги создадоа е како да го испрати јагнето да преговара за својата несигурна судбина со куп гладни волци. Зошто? - затоа што за такви ѓубриња љубовта и патриотизамот кон татковината се мери на кантар со пари и е срам голем да се однесуваат патриотски, бидејќи таа категорија на најдлабоки чувства ним не им доликува како членови на организациите каде припаѓаат.

Тие се само велепредавници, изроди и луѓе без образ кои едва чекаат да си ја довршат задачата добиена од надворешните фактори, меѓународната заедница, па да му ја клизнат негде во некои дувла во Грција или Бугарија!

Ете толку за денес, ќе се чуеме наскоро со нешто ново, кое ќе ви го скрене вниманието на злото кое треба што порано, тоа подобро да исчезне од нашата татковина!

Секогаш Ваш Сотир! 

 

Венко Андоновски

СВЕТА ПЕТКА И ПЕТОКРАКАТА

ВО СПОМЕН НА ЧИЧКО ДИМЧЕ И НА СИТЕ ПАРТИЗАНИ

 

13 октомври 2020

Е, мој Димитрија! Ти помина празникот, а никој не ве спомна јасно и гласно вас, партизаните во борбата со бугарските фашисти, со малкуте Германци и со албанските балисти. Затоа и ти го пишувам ова писмо. Не разочарувај се, зашто друго време дојде: се внимава да не се навредат некогашните непријатели, па затоа се премолчува историјата. А и со празниците е сменето доста: сега и приватните празници може да станат државни, а државните - приватни. Така и со твојот 11 октомври: само приватно споменување против кого точно сме се бореле. Државно кажано - за слобода сме се бореле. Општо.

Велат дека таа сабота, на 11 ноември 1944 година, ослободувањето на Куманово, ти, Димитрија Трајко Андоновски, деветнаесетгодишен капетан, по две години акање по планини, со развиорено знаме и на бел коњ, осоколен колку и твојот ат, во галоп си ја турнал семејната порта на сокачето "Перо Чичо" број 1, во Куманово, си ја грабнал иконата на Свети Никола, стара најмалку три поколенија, и пред ококорените очи на мајка ти Ката, двајца браќа и три сестри, си ја изгазил под антифашистичките чизми. Потоа си ја фрлил во кенефот и си влегол во одајата во која лежел бакалинот Трајко Андон Андоновски, твој земен отец. Трајко лежел на претсмртна постела, а ти си го натерал да го бакне парти(зан)ското знаме. Брзо потоа Трајко умрел. А ти си немал чувство дека ти умрел татко, туку некој грешник кого во последен час си го преобратил во вистинската комунистичка вера.

Го пишував ова, мој  Димитрија, во еден расказ посветен на тебе. Во расказот не е кажано,  ама овде нека биде пишано на бела книга и црно писмо, дека причина за болеста на Трајко (што личела на офтика),угледен чаршиски бакалин - си бил токму ти, мој Димитрија. Кога си влегол кај болникот, осоколен поради победата, ти уште не си знаел дека поради тебе татко ти искинал седум постели. Си избегал голобрад и едвај седумнаесетгодишен, во 1942-та, прекуноќ во партизани, без да му кажеш некому, освен на мојот татко Верољуб, најмалото дете во семејството. И, како што ти си пребегал во партизани, татко ти Трајко, дознавајќи за тоа од четиригодишниот Верољуб незабележливо и тајно ја иселил целата своја магаза во планина, да не му гладува детето со другарите. Пропаднал газда Трајко за неколку месеци, ја затворил бакалницата, зашто пари за нова стока немало, и потоа од јад се разболел.

Е, потоа доаѓаш ти, Димитрија, на белиот коњ на смртта, и бараш од него да се откаже од Свети Никола и да ја бакне петокраката. Имаш ти и други маки на душата, Димитрија, а за кои ми раскажуваше кога бев на оние години кога ти веќе си бил револуционер. Нешто од тоа имам снимено на стар магнетофон "ленташ", ако воопшто е во употреба. На пример, си имал молскавична кариера во Тајната служба, ОЗНА ли беше, УДБА ли беше, КОС ли беше, магнетофонот знае, не јас. На служба си бил пратен во Белград, од наше мало Куманово. И голем чин и слава си стекнал, како праведен човек-револуционер, што делел правда и секому му судел според грамот и тасот.

Ама, еден декемвриски ден 1948 година, по претходно помината ноќ со гола и жешка руска убавица во "Хотел Москва", те уапсиле. Твоите. И тебе, на судијата ти суделе. Во чантата на убавицата, додека таа се туширала, си нашол документи на Руската тајна служба и извештаи за тебе, како за разузнавач. Што се случило потоа, не знам, ми бегаше лево-десно во муабетот. Дал' сам си се пријавил, дал' неа си ја пријавил, не знам, ама знам дека останав во шок кога како студент, години подоцна, во еден познат југословенски филм видов идентична сцена: разузнувач наоѓа документи за себе кај руска убавица и таа завршува низ прозорец, на плочникот пред хотелот. Често ли било тоа тогаш, Димитрија? Да мериш што е поголемо: љубов кон партија или љубов кон жена?

Потоа, две три години си поминал на Голи Оток, гол и жежок не како руска убавица, туку како пустина. Кога си се вратил, кажуваше татко ми, со ноќи си имал кошмари. Ама си се повратил некако. Си добил и работа, а и партиската книшка ти била вратена. Ти, Димитрија, со сјај во очите му ја покажуваше секому, нагласувајќи дека си РЕХАБИЛИТИРАН. Под "рехабилитиран ти разбираше дека горчливо се покајале тие што рекле дека не си комунист, па "рехабилитиран" за тебе значеше - комунист на квадрат!

И уште до крајот на животот не сакаше да кажеш: зошто на 11 ноември си ја сломил иконата на Свети Никола, а си ја поштедил на Света Петка? Ама јас сфатив, зашто потоа ми раскажуваше како со помодрени раце и нозе, готови за ампутација, сте минале низ Февруарскиот поход. Сте заноќиле во еден манастир. Измрзнати и гладни, сте заспале во црквата, а околу сте поставиле стража. И само што сте заспале, тебе во сонот ти се јавила покојничка, подалечна роднина што била видовита, а сте ја викале Света Петкана. Е таа, што како дете многу те сакала, во сонот ти свикала: "Станувај Димитрија, ќе ве заколат"! Си скокнал, си излегол во манастирскиот двор и си ги видел првите стражари заклани од Бугарите (денес НИЕ сме добри со нив Димитрија, не бери гајле за мене). Си истрелал од пиштолот, скокнале другарите и некако сте се извлекле. Е како така, Димитрија, објасни ми? Ем Света Петка, ем петокрака? И кој повеќе те сакал тебе, Димитрија? Света Петка или петокраката? А ти, кого повеќе од нив сакаше?

Пред да се разделиме за последен пат, ми рече. "Најголема грешка ми е што судев, внучко". Не рече "грев", туку "грешка", по комунистички, зашто грев се окајува во солзи, а грешка се поправа без солзи, со гордо чело. И затоа ќе ти раскажам една приказна за  крај, Димитрија: во воз седеле татко и дваесетгодишен син, со уште неколку мина патници. Синот постојано прашувал: "Тате, што е она бело?" "Снег, синко". "А она зеленоно под снегот што е?" "Трева синко!. "А она кафеаноно, тате, под дрвјата?" "Земја, сине". А кога момчето излегло за миг од купето, патниците му рекле на таткото: "Зар не гледаш дека детето тие за на лекар? Носи го, дваесет години има, а поставува прашања како дете ор три!" А таткото им рекол: "Од лекар и доаѓаме луѓе. Детето ми прогледа пред тричаса". Затоа, господа, не судете брзо. И никому, зашто има нешта што никој не ги знае за другиот! Така и ти рече, Димтрија: уште еднаш да се родам, не судам на никому.

И чуму бре Димитрија, сите тие твои распетија, како за светци да си страдал? Зар за овој народ, во кој и денес оние што не прогледале им судат на оние што прогледале? За кого бре апсења, Голи Отоци, ампутации на нозе, подливи од ќотеци, за кого смртни гревови, за кого? Но еве ти и утеха: комунизмот не тие мртов! Не, не е во твојата Русија. На запад е сега. Така, убаво, на запад. Од таму ни праќаат сега исти униформи и за телата и за умовите. Ме слушаш ли, Димитрија? Што се смурти, бре?! Честит празник, Димитрија. Јас ти го прославив, за другите не знам. Јас помнам.

novamakedonija.com.mk 

 

Сашо Клековски

КОЈ СРАМ ЗА ЕУ И ИНТЕГРАЦИИТЕ

 

15 октомври 2020

Преведено на маалскиот силеџиски јазик на Каракачанов, ЕУ и' препорачува на страната што е булирана, која е силувана, да се договори со силеџијата, со силувачот!

*****************

Ете и до тоа се стигна, најголемите приврзеници на ЕУ и на ЕУ интеграциите на Македонија. За многу кратко време се случуваат заканите со бугарско вето за датум за преговори за македонското членство во ЕУ и растечкиот скандал за наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите. И во двата случаја срамот всушност не е од дејствувањето, туку од недејствувањето, од молчењето.

За заканата со бугарско вето за датум за преговори за македонското членство. Не е првпат Македонија да се наоѓа условена со добрососедство, туку првпат се наоѓа условена со барања за самоуништување како нација, идентитет и јазик. Да, и Грција во основа немаше проблем со името, туку со македонското постоење, но успешно го водеше својот случај како спор за името, не за идентитетот. Бугарија, со последниот меморандум, излезе од сите рамки на добрососедство и просто кажано бара самопоништување како нација, идентитет и јазик и ревизија на историјата од Втората светска војна, кој победил, кој изгубил. И што се случува од ЕУ? Молк...страшен молк. Колку за утеха, се огласи амбасадорката на Германија и толку. Доколку и некој од ЕУ нешто кажа, упати на дијалог меѓу двете страни!? Кој срам.

Преведено на маалски силеџиски јазик на Каракачанов, ЕУ и' препорачува на страната што е булирана, која е силувана, да се договори со силеџијата, со силувачот! Разбирам дека ЕУ е клуб на членови во кој Македонија нее член, а Бугарија е член, и дека ЕУ има обврска да ги брани членовите. Но разбирањето на ЕУ е дека е клуб на вредности пред се'! Не може членството да биде пред вредностите, или ЕУ ќе се сведе на географија, не на морален и вредносен систем.

Единствен исклучок е  ЕУ-парламентот, кој во резолуција за Бугарија, меѓу другите прашања,  ја повика Бугарија да ги почитува малцинските и да обезбеди услови за регистрација на македонски организации. Оваа резолуција дава малку надеж дека во ЕУ, освен за интереси има место и за вредности. Исто така, како поука за Бугарија, дека дури и кога Македонија со договор за добрососедство ќе се обврзе дека нема македонско малцинство, тоа нема да ги задуши барањата за човекови права.

Вториот случај е растечкиот скандал за наводна злоупотреба на ЕУ-фондови во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. И тука проблемот со ЕУ е молкот. Во чаршијата веќе цела година се говори за наводни злоупотреби од вработени во агенцијата, без знаење на раководството. Во мај до Државната комисија за спречување на корупцијата има пристигнато најмалку пет пријави за наводни злоупотреби во агенцијата, за што ЕУ-делегацијата веројатно имала информации. И на сето тоа отсуствува каква било реакција на ЕУ- делегацијата.

Деновиве на прес конференција Лидија Димова, директорка на агенцијата, бранејќи се себеси ја префрли вината врз ЕУ-делегацијата кога тврдеше дека во претходниот период имало криминал од 2,2 милиони евра, кој, еве, тригодини се истражува и дека системот за евалуација бил лажен, бидејќи наместо четириесетина оценувачи  функционирале само осум. ЕУ-делегацијата потроши значајни суми на кампањи од типот "ЕУ за тебе" да објасни како и зашто се трошат ЕУ-фондовите. Сето тоа ќе биде попусто фрлено во ветер ако ЕУ-делегацијата не отстапи од молкот и активно пристапи на досега веројатно најголема наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите, како за обвинувањата за претходното раководство, така и за актуелното.

Многу накратко за актуелните наводни злоупотреби. Сосема е легитимна поддршката на стручното образование, како фризери. Прашање е дали приоритетите се соодветни (дресура на магариња), но тие биле избрани во конкурс и натпревар на идеи. Тоа што е спорно и бара истражување е дека на прв поглед В.Е.З. "Трејд" нема институциски капацитет за 270.000 евра грантови.

Има уште една причина зошто ЕУ не смее да го одмолчи сканадалот за наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите. Не верувам во конспирации, а против агенцијата имало обвинувања и во предходната година. Но сите актуализирани скандали, од фризерница до набавка на возила, се' од 2018 и 2019 година, сега сме 2020 година. Зошто сега се објавуваат? Едно можно објаснување е блискоста на сегашното раководства на агенцијата со еден новоизбран министер и можеби е обид за таргетирање на тој министер.

Или можеби е политичкиот момент. Во моментот кога Зоран Заев зборува за подготовка на граѓаните дека можеби преговори со ЕУ нема да има овој декември, се случува скандалот за наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите, кој повлекува цела лавина сеир, потсмев, презир на ЕУ и на граѓанскиот сектор, кој, нели, треба да се забрани. За оваа ЕУ ли ќе предадеме идентитет и јазик, се' што ни значи? Е токму затоа ЕУ мора да проговори, мора да дејствува.

 novamakedonija.com.mk

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

МАТЕЈА МАТЕВСКИ

 

 

ЦЕЛИОТ ЖИВОТ МИ СЕ СПОМЕНИТЕ

Што ми е грижа што било лага
и каде водела измамна трага?
Целиот живот ми се спомените.
И за проценка да дошло време
не може никој нив да ми ги земе
Целиот живот ми се спомените.
По моја волја тие се редат
и илузиите нешто да вредат.
Целиот живот ми се спомените.
Јас сам над нив само над нив со власт крајна
создавам со нив родина тајна.
Целиот живот ми се спомените.
**********
Матеја Матевски

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 317, 20 октомври 2020