ОВА ЛИ Е ПАТОТ КОН СОЖИВОТОТ ИЛИ ПАТОТ КОН КОНЕЧНАТА ПРЕСМЕТКА?

 

Сотир Гроздановски-Македонски

АКО ФРАНЦУЗИТЕ ИМАЛЕ ПЕТ,  МОЖЕМЕ НИЕ БАРЕМ ЗАСЕГА ДА ИМАМЕ ТРИ РЕПУБЛИКИ

 

29 септември 2020

Па зошто да не, Зоране? Можеме да ги имаме и повеќе од Французите.  Само кога би имале француски политичари и борци, а не криминалци и велепредавници! Ние не сме способни оваа Република да ја одбраниме од македонските гангстери и празноглавци, камо ли да се избориме за толку колку што вие, господине Зоране Иванов, посакувате. Зарем нема да ви биде жал ако ја изгубите вашата  Северна Македонија, во некоја скора иднина,  и  заедно со неа и вие да исчезнете? - ама не како легална Трета Република, туку како  политичка творба на силеџии и криминалци. Да исчезне заедно со вас без трага и без спомен! Да исчезне, бидејќи ја создадовте со сила и против волјата на народот кој ве избра да ја чувате таа  АСНОМСКА Република  од секакви човечки болештини, а вие? - а вие ја продадовте за ситнеж, прекинувајќи го континуитетот на македонската крваво стечена државност. И тоа на  ганстерски и криминален начин!

Ова што денес пред нашите очи ни се случува не може да се објасни со зборови. Може да се објасни  само кога меѓу Северџаните  би се нашол  некој храбар кој го "разбира" јазикот  забранет од Грците и Бугарите, а наскоро и од Албанците. А тој јазик е македонскиот, кој со договорот од Преспа не е дозволен  да се зборува, јавно, во новата измислена државна творба на недоветниот од Муртино. Па затоа треба што поскоро да си измислите нов државен јазик инаку без него ќе комуницирате меѓусебно со прсти и цртички.

Тие кои ја познаваат барем малку националната историја на избришаните Македонци, сега означени со три (///), знаат за што зборувам. Зборувам за грчките злосторства над Македонците во егејскиот дел на Македонија, кои наскоро со имплементацијата на одредбите од Преспанскиот договор ќе се прелеат и во Република Северна Македонија, а со договорот за "добрососедски" односи со Бугарија, ќе го снема и јазикот заедно со сите македонски херои, вклучувајќи го и Гоце Делчев, душата на македонскиот народ. Се разбира, доколку и понатака цврсто инсистираме да влеземе во европскиот клуб на богатите и силните, во кои одамна се членови нашите уценувачи Грците и Бугарите, во чии раце се наоѓа и судбината на вашата криминална државичка.

И што следува после  ако и тоа не е доволно да ги задоволи апетитите на соседите, само Господ-бог знае! Доколку и Тој не крене раце од нас!

Тоа значи, дека вашата државна творба која ви постана така драга, Зоране Иванов, ќе мора од темел да создава свој јазик, своја историја, национален идентитет, своја култура, свои национални празници, свои херои, традиции, книжевност...А тоа богами ќе потрае. До тогаш таа ваша Трета Република ќе ја снема од историјата на Македонците, зошто таму и не припаѓа. Ах, ќе забораев да споменам дека и сите ваши погрешно стечени признанија во Република Македонија ќе бидат безвредни. Но, затоа подолу!

Господине Зоран Иванов, читајќи ги редовите на вашата биографија и "безброините" награди за заслугите кои за време на вашата долга новинарска и политичка кариера ви биле врачени во Република Македонија, ме  вџашија. Просто неможев да си замислам дека личност со таква биографска слика наеднаш може да се преврти од горе надолу,  да згазне и плукне на сите свои животни достигања во Република Македонија   и да му се придружи на Зоран Заев. Еден квази политичар и трчилаж од Муртино; обичен  криминалец, полуписмен трговец со ајвар, пиперки, патлиџани и магла! Да му се придружи за полесно да се разнебити државата, која толку    чест и внимание му искажала!

Да му се придружи на нео фашистот Зоран Заев во растурање на нашата Татковина. Човекот кој и' го промена вековното име,   се одрекна од македонските иселеници, од македонскиот национален идентитет, историјата, културата, книжевноста... и сето тоа како влог за евроинтеграција,  ЕУ и НАТО? Па зарем сето тоа го сметате за поважно од својата со тони крв натопена земја  од нашите далечни и неодамна загинати предци за да биде слободна, суверена,  независна и просперитетна Република Македонија? Македонска држава, како срцевина во обединувањето на Македонците и Македонија?

Затоа мора да постоат некои "оправдани" причини, во спротивно, за нас, Зоране, преостанатите Македонци вие сте најобичен велепредавник и нечесен човек, кој како Камелеон си ги менува боите спрема владарите кои доаѓаат. Па бил тоа и Зоран Заев или некој друг сличен нему.

Нашиов денешен "јунак", Зоран Иванов, инаку, е чест гостин по медиумите и на секаде ја застапува политичката творба на Зоран Заев, тврдејќи,  дека таа  како од Бога да ни е препорачана! Со неа и со политиките на  Фирерот Заев, ни се "отворале" вратите на небото каде се живеело раскошно без работа. Ни се "отворале" вратите на Европската Унија и НАТО, каде уште подобро се живеело од парите на европските граѓани!

Неодамна,  за Гласот на Америка на македонски јазик, покрај другото, тој рече:

"Македонија не е единствена, но е малку комплицирана општествена заедница, мултиетничка, мултикултурна и така натаму. Ако се тргне од таа ситуација и ако земеме една премиса дека ова после Преспанскиот договор, можеме ли Македонија, а мислам можеме, да ја наречеме трета Република? Ако првата била (!?) АСНОМСКА, втората самостојноста, еве третата нека биде оваа. Ако можат Французите да имаат пет, можеме ние барем, засега, да имаме три". 

Па човече! Дали вие знаете што зборувате? Ако  ја сметате измислената Заевова политичка творба за македонска  ТРЕТА РЕПУБЛИКА, многу од нас барем толку колку ја познаваме француската историја, можеме слободно да ви кажеме    дека сте јанлаш. Да, точно е тоа дека Французите имаат ПЕТ РЕПУБЛИКИ, ама заборавивте да напоменете дека Француската држава во својот долг континуитет никогаш не го продавала своето национално име, колку мене ми е познато, затоа што било кој од надвор тоа го посакувал под присила. Или заради влез во некои сојузи, како на пример НАТО, ЕУ и сл.  Никој не помислил да и' го менува националниот идентитет, ниту државните белези, да се одрекне од својата национална историја, култура, книжевност, а недај Боже-да се одрекне од францускиот јазик и француските национални малцинства во соседните земји! Тој одамна би бил обезглавен. 

Има ли нешто слично меѓу вашата измислена Заевина со француските пет Републики? Барем вие би требало тоа да го знаете. Имате многу признанија од Република Македонија! Или во вашата биографија е се' лук и вода! 

Драги мои читатели, за мудростите на Зоран Иванов има уште многу да се зборува, но било што овде да додам за неговите ставови по Преспанскиот и Бугарскиот договор и политиките на Зоран Заев кои овде ги прикажува како спас за државата и покрај сите злосторства кој тој ги направи досега, за него  било нужно зло,  кое  со тек на времињата ќе станело не важно. За сега била евроинтеграцијата  приоритет по секоја цена, за да не дојдеме во ситуација како во 2001 година. Тоа не ни требало. Па и да ја свиткаме кичмата и ја покриеме главата со крпа, не смееме да зборуваме гласно, за да го буниме народот и создаваме атмосфера за протести и побуни.

Нас никој не ни ја зема  Северна Македонија! Ќе си остане овде каде си е и покрај сите неугодни предизвици и напади врз нас. Изјави аналитичарот Иванов во дебатата со Љупчо Ристовски во "Само вистина".

Зоран Заев и неговите другари биле свесни за тоа и воделе сметка за интересите на државата. Треба да се примени Гандиевскиот принцип за решавање на проблемите, а не Сталинистичкиот насилен и агресивен,  кои би не довел до друга војна.

Па господине Иванов, вие во политиките и злоделата на Зоран Заев не гледате ништо негативно, туку само среќа и благосостојба на патот кон светлата иднина, ма било кога и да стигнеме таму.  Ја споменувате Северна Македонија како ремек дело, кое и вие го подржувате и ако таа политичка творба,  всушност,  е нова и празна бочва. Зошто? - затоа што пред нашите и вашите очи го продаде името на АСНОМСКА Република Македонија, нејзиниот национален идентитет, националната историја,  ги разнебити Македонците именувајќи ги со три (///) цртички, се одрекна од Македонците надвор од татковината  и од македонските национални малцинства во соседните и подалечните држави на Европа, креирајќи од Република Македонија  гнездо за криминалци и  земја на измеќари.

Ете тоа се причините кои ни даваат право не само јавно да ги искажуваме нашите незадоволства, туку и да иницираме народни движења со цел оваа криминално-квислиншка Влада, заедно со Зоран Заев, да исчезне од Република Македонија и одново да се воспостави правото и правдата  поништувајќи ги, притоа, сите понижувачки договори со Грците, Бугарите и со Албанците. 

Слободата никогаш не доаѓа сама, драги мои! За неа треба да се избориме или да продолжиме да живееме безимени и обесправени во својата сопствена земја.

За секогаш Ваш, Сотир!

 

 

Јани Бојаџи, режисер и универзитетски професор:

КАКО НИ ЈА ПРОДАДОА СЕНКАТА

 

21 септември 2020

 

 

"Хилјада седимстотин и шесдесет и второ лето во Охрида од Цариграда дошел Салаор. Еј! Дошел Салаор".

************

Точно пред двесто шеесет и две години се случило укинувањето на Охридската архиепископија. На денот на својата свадба, Григор Прличев во дворот на семејната куќа првпат ја испеал песната за која ги напишал стиховите и музиката. И во оној миг песната станала народна, односно во нејзини различни верзии се пее од тој ден, па до денес.

Песната зборува за тоа како архиепископот Арсениј во немоќ да направи што било за да ја заштити црквата, ги проколнува тие што ја уништиле. Драги мои, понекогаш се прашувам нели си здодеавме самите себеси обидувајќи се да си објасниме, не знам по кој пат, работи што не се објаснуваат? Не, доколку разумен човек бара разумно објаснување за неразумности. Се сеќавам на една таква неразумна работа уште како дете. Беше лектира за петто или шесто одделение и често ја споменувам и ден денес. Тоа е новелата "Петар Шлемил" на францускиот Германец Аделберт Шамисо, кој подоцна разбрав, замислете, заради забава на деца ја напишал онаа неразумна приказна за човекот што си ја продал сопствената сенка! Ја знаете, претпоставувам? Ќе ви ја раскажам по сеќавање.

"Еден човек, ми се чини беше богат гроф, еден ден од обичниот и сосема скромен граѓанин Шлемил ќе побара да му ја продаде сенката. Аргументите на грофот му се едноставни: што ќе ти е сенка? Не ти врши никаква работа. Ако ја имаш, не ти тежи, но и ако ја немаш, не губиш ништо? И разумниот Петар ќе се согласи, затоа што тоа му личи логично. А и грошовите му се потребни. Но како што одминаува времето, гледа дека нешто му недостига. Неговата сенка. Одеднаш сите почнуваат да забележуваат - дека господинот Шлемил нема сенка! И кутриот Петар ќе отиде да си ја побара сенката. Но и покрај тоа што ќе ги понуди парите назад, грофот на крајот ќе прифати да му ја врати сенката но ако Петар се согласи да му ја продаде душата, откако ќе умре од природна смрт! Најпосле, што ќе му е душата на Петар по неговата смрт? Нели е тоа логично прашање?"

Разумно е, драги мои, како што е сосема разумно прашањето на Бугарија: Зошто не ни го продавате јазикот кога си го продадовте името? Што ќе изгубите со тоа? Бадијала зборувавме уште кога почна оваа работа со продажбата на Сенката: дека по Сенката ќе дојде душата, а по душата, телото веќе нема зошто да постои. Така ви е тоа. Прво ја продавате сенката, потоа душата и на крајот нема суштина што ќе го обликува телото на еден човек, на група луѓе или на цел еден народ. Таа работа нема врска со количеството како категорија. Исто тоа важи и за еден и за сто и еден.

Се плашам дека следниот "логичен" аргумент што ќе ни го понуди богатиот Гроф (замислете, сум ги слушал најголемите олигарси, ординираната македонска лумпербуржуазија, луѓето што поседуваат цели градови како меѓу себе си се ословуваат со "друже!") е дека со продажбата на душата нема да изгубиме ништо, затоа што со парите што ќе ги земеме откако ќе заминеме на оној поубав горен свет на европското небо, со тие грошови таму ќе си купиме се' што сакаме. И верувам дека стотици илјади ќе го подржат во таа продажба на нивните души. Како што го подржаа во продажбата на нивните сенки. Предупредува проклетиот Прличев и на таа работа, па пее: "Меѓу народот ќе сејат несогласје и раздори, да се мразат син со татка и со брат брат. Еј! И со брата брат".

Да не се лажеме, јазикот е не секогаш обележје што е суштествено за една нација. Да не споменувам многу примери, доволно се само Шкотите, Ирците, Велшаните, Индијците. А и Прличев, меѓу другото. Но јазикот е душата на еден човек.

Јазикот е она со кое еден народ општи главно помеѓу себе, главно за нешта што му лежат на неговата душа. Сетете се само, драги мои, кога во некоја странска земја ќе се сретнете со некој сонародник Македонец со кого прв пат се гледате некаде таму далеку од дома. И одеднаш ќе си прозборите на својот јазик. За што си зборувате? За она што вие во душата, на душата и од душата! Така јас го доживувам ова со "давањето" на јазикот. Како давање на душата на архиѓаволот. Како отплата на грев што не сте го сториле. Немам никаква дилема. Човекот што формално ја врши функцијата претседател на Владата на Република Северна Македонија е подготвен на се'. Да бидеме реални, тој нема повеќе на каде. Тој, сега, дури и да сака да отстапи, нема таква можност!Секој чекор назад за него е пат кон амбисот, кон неговата пропаст. Но секој чекор напред е можност за спас. Тенкичка додуша, ама сепак е некаква можност. Така што тој човек ќе прифати се'. Си ја продаде веќе сенката, сега е на ред душата.

Додуша заедно со неговата тој ја продава и нашата душа, и тоа е единствениот проблем во целата оваа купи-продај души работа. Кај и да е, ќе започне кампања за тоа дека ние, простите и примитивни, антиевропски елементи и егоистични душегрижници со тоа што не сакаме да си ја продадеме својата душа го кочиме нивното телесно воскресение во евроатланскиот  рај, каде што мед и млеко течат насекаде, треба само да се наведнеш и да ги изедеш и испиеш!

Се плашам мене да не ме обвинат дека не ја давам душичката ми затоа што еднаш во гимназија, мислејќи на мојата душа, направив парабола за особената состојба на расказите на Чехов како антипод на руската душа! Кај и да е, ќе прашаат, што сте се фатиле за тој јазик, за таа историја и за тој Гоце Делчев. Гоце ли ќе ве храни?! Ама како да објасниш на слепец што е бело? Ако му речеш дека белото е како снег, тој ќе мисли дека белото е ладно! Така не можеш да му објасниш на човек без душа, на луѓе што веќе си ја продале својата душа дека  точно тој Гоце Делчев го храни не моето тело туку мојата душа и дека ти не можеш да се наречеш сит човек ако ти е душата гладна. Ако тие душата празна, бадијала ти е мевот полн! Еве го и десеттиот стих: "И ќе викнете до Бога и крило не ќе најдете, смирени ќе наведете глави доземи. Еј! Глави до земи".

Мислев дека е бесрамник оној што се колне во мртвите предци, живите родители и малолетните деца, јавно на телевизија, и тоа неколкупати пред целиот народ. И дека таков човек не е ништо друго освен едноклеточен организам, кај кого има потполно отсуство на личност. Затоа што невозможно е да имаш личност, а да не го направиш тоа за што јавно си се колнел.Тогаш мислев дека тоа е дното. Но, како и секогаш, наивно сум се лажел, затоа што организам, тоа тело, освен сенка за продавање, има и душа. И ако сега е јасно дека тоа е така и дека душата ќе ни биде продадена, но што е следното, драги мои? Ако ни ја продадат душата, сосема е разбирливо дека телото ќе биде раздадено, распарчено и расфрлано.. Фрлено на кучињата скитници и дивите чакали што вијат под Беласица. Гробот нема да ни се знае. Оти кои деца и внуци утре ќе сакаат да го паметат животот на некој  што си ја продал сенката, душата и телото? Сетете се на некој таков во вашето семејство? Да бидеме искрени. Сите имаме по еден предок што поради ова или она  си ја продал душата. Кој го споменува? Никој! Зашто? Затоа што се срамиме од него. Ете тоа ќе се случи и со нас ако си ја продадеме душата. Ќе се срамат од нас оние по нас. Оти, ќе има век и наши и по нас! Така било, така е, така и ќе биде.

И ќе бидат запаметени сите како што Прличев ги запаметил и во кулминацијата од песната, може долно, може својствено на жена портарка, но во гнев што трага по одмазда: "Ох, послушај милиј Боже! Аир никогаш да немаат Стамче беј, Бујар Лигдо и Пејко Челеби! Еј! Пејко Челеби". Не завршија Прличевци, драги мои. Ќе ги испеат во најцрните стихови испреплетени во пајажината на предавствата на својот народ! Боже, гледам и не ми се верува, мислат дека ова ќе трае вечно? Мислат до крајот на светот, до последната жива душа ќе има кој да ги штити од неправдите што му ги чинат на сопствениот народ?! Боже слепци? Мислат не паметиме дека за истото зло и истите злосторници се работеше и четириесет и деветтата? Исто Македонци беа обвинувани за македонство, фамилиите им беа обесчестени, имотите разграбени, а тие самите осудени и затворени токму поради тоа што не сакале да си ја продадат душата! Ама, немојте, знаеме се'.

И знаеме како ќе заврши сето ова. Никогаш не сакам да проповедам. Уште помалку да делам совети но запамете, вие, кои еден ден, кога повторно ќе се преврти тркалото на историјата и на вас ќе падне тешкиот товар да ја градите татковината одново: не ви се луѓе оние што си ја продадоа својата сенка за пари! Не ви се сонарод тие со кои го поделивме срцето и ги нарековме браќа - а тие не презираа поради тоа! Не ви се сожители тие што ги примивте во својот дом и го споделивте со нив - а тие не мразеа поради тоа! Не ви се семејство оние на кои им го дадовме најмилото - а тие го отфрлија и им го предадоа на други, туѓи луѓе! Не ви се ништо тие на кои, и покрај се', им ја подадовме од труд нашата корава рака - а тие ја исплукаа! Ќе ги познаете по тоа што немаат душа. Си ја продадоа за пари. А некои од нив, најлошите од нив, само за ветување. Оградете се, омеѓете се,  раздржавете се од нив, ќе сакаат да ја земат вашата душа. Најпосле, Богу Слава, и денес не' има секакви. Такви што веруваат дека човек без душа нема каде да живее на овој, а уште помалку како да замине на оној свет.

Но има и такви што веруваат дека животот се живее еднаш, тука и сега, и без сенка и без душа. Такви имало отсекогаш. И двесте четириесет и две години пред укинувањето на Охридската архиепископија. И тогаш некои мислеле дека се живее достоен живот без сенка и душа. Таквите денес ич да не се грижат за тоа што пее Прличев во последните стхови од "Хилјада седумстотин шеесет и второ лето": "Милостивиј Бог послушал патричка горешта клетва, слава нивна, семе нивно погубил со шум. Еј! Погубил со шум. И сега во куќи нивни ткае пајак пајажина и во пусти стреи нивни хукаат утови. Еј! Хукаат утови".

novamakedonija.com.mk

Ристо Никовски

УЛОГАТА НА ГЕРМАНИЈА ВО МАКЕДОНСКИТЕ ГОЛГОТИ

 

24 септември 2020

Годините летаат, Македонците се' повеќе се бришат како народ, македонизмот јавно се осудува... И никој во државава не се занимава со тој феномен! Во таа празнина ова е мал обид да се фрли дополнително светло врз нашите голготи. На пример , историски факт е дека признавањето на Македонија практично го спречи - Германија. Прво, во ЕУ (тогаш се' уште Европска Заедница) имаше концензус да нема индивидуално признавање на југословенските републики; второ, Брисел формира комисија (т.н. Батентерова) за да предложи кои од нив ги исполнуваат критериумите; трето, заедничко признавање беше договорено за 15 јануари 1992 г. на министерски состанок на ЕУ, кога би бил презентиран и предлогот на комисијата. Меѓутоа, на 23 декември 1991 г., самоиницијативно, Берлин ги призна Словенија и Хрватска. Германија го минира предлогот на Бадентеровата комисија и го направи бесмислен откако дозна дека таа ги предлага Македонија и Словенија за признавање. Со тоа беа прекршени сите предходни договори. Уште повеќе, под отворен германски притисок, и ЕУ ги призна овие две земји на 15 јануари 1992 г. Канцеларот Хелмут Кол изјави дека е тоа голема победа на надворешната политика на штотуку обединета Германија.

Тие ја манифестираа својата нова сила, а жртва беше Македонија. Поточно тоа беше смртоносен удар за иднината на нашата земја. Факт е дека Франција ја предупредуваше Германија да не оди со превремено признавање, а угледниот "Ле Монд" овој чин го спореди со фашистичкото создавањe на НДХ. Во 2011 г., во интервју во "Дојче веле" - а зашто не ја признавте и Македонија, МНР Геншер, кој го спроведе планот, скудоумно одговорил: никој не ја спомна! Каков цинизам и безобразлук. Не е спорно дека Грција влечеше конци зад сцената ама останува фактот дека Германија ја одигра главната улога против Македонија. Колку што е познато, никој македонски политичар досега не ги "потсетил" Германците за ова неправда, која е рамна на злочин кон Македонија. Се однесуваме како да ништо не се случило, а штетата е огромна. Таков е и германскиот долг кон нас. Горното е важно бидејќи покажува дека уште во 1991 г. Германија имала јасно формулирана негаторска политика кон Македонците. Тоа не го нотиравме ниту тогаш, ниту некој подоцна следеше дека истиот однос продолжува. Ние сме мајстори во игнорирањето на фактите и Германија цело време се третира како важен партнер дури и стратегиски. Има повеќе дека тоа нема никаква врска со реалноста. ВМРО-ДПМНЕ и партијата на Меркел, на пример, се сестрински партии. Таа е веќе петнаесетина години канцелар (премиер), и за време на владеењето на Груевски, од над 10 години, не најде за сходно и потребно да ја посети земјава. Доjде за да ги подржи прекрстувањето на Македонија и бришењето на македонскиот народ. Таа беше доследна на германската политика, која кај нас, очигледно, не се разбира.

Фактите се многубројни. Според пишувањето на медиумите (од 19.5.2017), германската амбасадорка, Улрике Кноц, уште во 2009 година ни ја најавила иднината - "Во 2020 ќе бидете членка на ЕУ. Ќе имате ново име - Северна Македонија. Владата ќе биде составена од партија со име Нова македонска партија, во која членови се Албанци и Македонци. Албанското население ќе го зборува македонскиот  јазик што е случај и денеска, а Македонците ќе го зборуваат албанскиот јазик што ќе го учат уште од детска градинка. Мислам дека е убава визија за земјата... Може да се направи и пред 2020 г., ако се работи на плитички план"! Амбасадорката била повикана на "пеглање" во МНР, а била и во Берлин на консултации.

Кноц, која беше амбасадорка од 2008 до 2011 г., својата "визија" ја прикажала како резултат на симулација на студенти од Македонија, Германија и од Франција. Во медиумите немаше никакви потврди за такво нешто, а и тоа да се случило, не е работа на амбасадорката да ни го соопштува. Барем денес, секому треба да му биде јасно дека тое не била ниту студентска игра, ниту визија на Конц туку доста прецизна германска политика за нашата земја. Нивните планови, меѓутоа, се реализираа со задоцнување бидејќи не успеаја порано да го убедат или клоцнат Груевски, кој категорично беше против прексрстувањето и бришењето на Македонците како народ. Затоа не доаѓаше и Меркел.

Самото повикување на Кноц на "консултации" во Берлин, пак, значи дека таа, едноставно, се истрчала и непотребно во јавноста ги изнела германските концепции за Македонија.

Медиумите потсетија на оваа дипломатска свинштина во 2017 г., во контекст на јавните обвинувања на претседателот Ѓорѓе Иванов дека тогашната амбасадорка на Берлин, Кристине Алтхаузер, "ширела лажни вести" за состојбата во Македонија. Всушност, таа не "ширела лажни вести" туку работите ги анализирала од аспект на германските интереси, кои се сведувале на затворање на вековното "македонско прашање", што значи бришење на Македонците.

Ако Конц ни ги подоткри германските сценарија за Македонија, Билјана Ванковска, во својата колумна во Нова Македонија (од 1.8.2020), ни дава нови драгоцени информации. Германската амбасадорка Гудрун Штајнакер (2011-2014), во личен разговор, и' рекла дека "идентитетот е грда работа". Се разбира дека мислела на македонскиот, а не на германскиот, албанскиот или на некој трет. Потоа, "продолжила во духот на тезата дека Тито не' измислил и дека сме вештачка нација", пишува Ванковска, која била згрозена и соодветно реагирала ама заклучува дека од неа се очекувало да биде анационална проевропска интелектуалка, а таа тоа ниту била, ниту станала. Клучно за нас е што и Штајнакер во никој случај не изнела свое мислење ниту оцена. И таа кажала што мисли Берлин за Македонците. Сепак, најстрашно е што не мисли така само Германија. И бегол поглед на се' што ни се случува по распадот на Југославија, потврдува дека  спомнатите ставови, визии и планови за Македонија и Македонците ги делат и сите други главни европски фактори - Франција, Велика Британија, Италија...

Впрочем, познато е дека тие ги координираат своите политики во случаи како нашиот. Дека САД се менаџери на овие политики, не треба да има дилеми. Во колумна во "Нова Македонија" (од 28.7.2020), и Венко Андоновски пишува како генералниот директор за проширување во ЕУ, Кристијан Даниелсон, "пердашел" група македонски интелектуалци поради - "нивното македонољубие, кое нему му личело на национализам". "Мизерија", заклучува Андоновски - "човек на толку висока европска позиција, а не разликува патриотизам од национализам и шовинизам" Сите тие изрази му се сосема јасни на Кристијан ама проблемот е што во Брисел универзалните права не важат и за Македонците. Другите во регионот можат да бидат и националисти и шовинисти ама под услов тоа да се вклопува во интересите на ЕУ (и на САД!). Екстренмниот национализам на Албанците, на пример, кои зборуваат за нивни територии во Црна Гора, Србија, Македонија...не им пречи. Нив не ги измислил Тито!

Овој настан открива две просто неверојатни работи. Прво, дека Брисел оди и "на терен" за да ги "учи" нашите интелектуалци - да не бидат патриоти. Очигледно е во прашање прецизен систем, кој секако располага и со буџет. Можеме само да претпоставиме колку "наши" новинари и јавни личности полнат џебови од истиот тој, со јасни пропагандни задачи. Да пердашат патриоти, што би рекол Андоновски. И случајот со Ванковска ја потврдува таа тактика. И површна анализа на одредени медиуми, кои лесно етикетираат "македонски националисти" кои се најчесто од опозицијата, ги открива платениците. Вториот заклучок е дека ЕУ има прецизно дефинирана политика, сите Македонци што се патриоти да се прогласуваат за националисти. Таа се реализира на најбезобразен начин, што е врвот на двојните стандарди на Брисел. Поаѓајќи од горните факти, апсолутно се погрешни и сегашните очекувања дека за време на претседавањето на Меркел со Европскиот совет на ЕУ се можни позитивни помаци за Македонија. Напротив. Македонците се измислена нација за Германија, а Берлин ќе ја подржи новата наша влада бидејќи е подготвена за нови отстапки за јазикот, историјата...

"Амбасадорите" на главните западни држави кај нас добиваат третман на филмски sвезди и постојано се присутни во јавноста при што најчесто ни држат лекции. "Заслугата за тоа ја имаат и нашите новинари. Малку кој знае дека најголем дел од нив, пред да дојдат во Скопје, го немаат тој статус. Имаат понизок ранг и, обично при крајот на дипломатската кариера, се "унапредуваат" во амбасадори во (неважни) земји како Македонија. Слично е и кај другите на Балканот, што е сериозен хендикеп за регионот. За нас нагласено, поради реалните дипломатски проблеми со кои се соочуваме.

Од друга страна, во годините што брзо заминаа, Македонија не успеа да изгради силна дипломатија. МНР стана конгломерат од роднини, пријатели и партиски војници. Со мали исклучоци и сите министри за надворешни работи беа недораснати за функцијата, а замениците беа тотални утки. Тоа може да се смета дури и како планска субверзија бидејќи клучниот проблем на државата беше од дипломатски карактер. Изразот е соодветен бидејќи странците секогаш се мешаат во формирањето на нашите влади, а тие се најчесто заинтересирани токму кој ќе биде Министер за надворешни работи. Целта, нели, ги оправдува средствата.

Клучен за нас е фактот дека, од независноста до денес, речиси никој од нашите највисоки политичари не го сфати докрај значењето на проблемот за името, што точно се криеше зад тоа, и можните последици. Мнозина сметаа (т) дека се работи за грчки историски синдроми, а не за регионални интереси на САД, силно подржани од ЕУ...Германија, Франција... Секогаш имаше доволно докази што е што, ама...Германија е добар пример. Наместо ангажман за решение, сите политичари бегаа од проблемот, свесни дека ако се вклучат може само да изгубат. Тоа отвораше широк простор странците да прават што сакаат и, чекор по чекор, да го затвораат "македонското прашање", со бришење на македонизмот. Начинот на кој го третиравме овој проблем е тежок историски срам за овие наши генерации. Затоа сме на ова дереџе.

novamakedonija.com.mk

Ефтим Клетников

СЕВЕРНА: ПРОЕКТ НА ЕВРОПСКИОТ ФАШИЗАМ (4)

 

23 септември 2020

И што да се зборува, драг читателу? Уште една причина за анимозитет на Европа кон Македонците и македонизмот е пак космополитскиот модел на владеење со светот замислен како "поле за културен натпревар меѓу народите". За разлика од нејзиниот римски начин на колонијалистичко владеење со него за лична материјална корист. Да пукнеш, а не можеш, не ти даваат да речеш Оф. Така. Но за да се стигне до целосна идентитетска ликвидација на Македонците во Брисел и Вашингтон, за поуспешно и побрзо финализирање на тој пеколен план, решија покрај нивниот софистициран перверзен метод на политички притисок, да се употребат и конкретна сила и закана со воена катастрофа во која ќе не снема. Така, имено, и беше испланирана терористичката 2001 г. на ОНА и албанските терористи врз Македонија и Македонците. Дека е тоа жива вистина сведочи и логистичката и воена подршка на терористите од страна на евроамериканскиот НАТО во кој ние на крајот, реализирајќи го срамно мазохистички својот "стокхолмси синдром" на заљубеност на жртвата и џелатот, се фрливме во неговата прегратка, сосе Шекеринска, Заев и целата преостаната политичка гарнитура, која во некоја асална држава одамна ќе беше судена од судот на народот.

И како најголем парадокс во 2001 г. беше тоа што Вашингтон и  Брисел ни забранија да се браниме доблесно и машки со воведување пак на нивното перверзно правило, а е во корист на албанските терористи, познато како пропорционална употреба на сила. Се сеќаваш, нели, драг читателу? Со други зборови македонски бранител не смееше да пука во албански терорист се' додека не биде убиен од него, за, се разбира, дури потоа, со тоа западно правило, да му возврати нему. Така ли беше, мудри и по малку перверзни во поглед кон македонското прашање европски амбасадори запоседнати низ добродушната Македонија? А? Или не е така? Кажете. Оти ние се' паметиме.

И ајде што беше тоа така, туку Брисел и Вашингтон со се' не' клекнаа на колена пред терористите и ни го зготвија понижувачкиот капитулантски Охридски договор, кој како чекан до денес мава и го разбива на парчиња македонскиот суверенитет. Плус, западните "демократи" уште терористите ни ги воведоа и во Владата и парламентот. И тоа беше пак во нивниот цивилизаторски план за идентитетско дотолчување на Македонците, за нивно целосно понижување и стигматизација под претекст дека ја отвораат за нив убавата европска иднина, а всушност цело време ги водеа по патот на губилиштето однапред замислено и кренато во Преспа. Но пред тоа требаше да се испробаат на Македонците сите "демократски" направи за мачење на западната либералкапиталистичка инквизиција низ еден топло-ладен садизам.

Притоа, како моќна алатка за таа деструкција ги употребија Албанците, иако тие мораа, ако се повикуваат на нивниот племенски морален кодекс во Лек Дукаѓини, да им се извинат на Македонците за стореното злосторство кон нив и да им се заблагодарат за нивната подршка на косовските бегалци во 1999 г. кога нивното НАТО ја бомбардираше Србија за во неа да им создаде втора албанска држава. Тогаш во малата и сиромашна Македонија, иако друг го правеше тоа злосторство и тој требаше да пружи рака за помош, се истоварија околу 400.000 косовкси бегалци, доволно за да се скрши  нејзиниот 'рбет за да не може потоа долго да закрепне. Но Македонците не рекоа лош збор, подадоа рака и го отворија срцето кон страдалниците. А како всушност беше искажана од нивна страна таа благодарност: со тероризам врз оние што им подадоа рака во најдраматичниот историски миг. Така,  А таквиот тип "благодарност" продолжи и понатаму со нивниот политички тероризам во Владата и Собранието  потпомаган, некогаш премолчено, а некогаш отворено од Брисел и Вашингтон. Всушност, секогаш отворено. Се' се одвиваше забрзано како на филмска лента. Од Евроамерика, пак без попис и статистичка фактографија им беше доделен процент на Албанците во Македонија 20 проценти, иако ни денес тој не е потврден, па затоа и неколку години по ред тие го минираат пописот. За тој повластан процент беше изготвен и таканаречениот Бадинтеров закон, изум на Французинот Робер Бадинтер, пак во перверзен француски стил. Со него буквално е укината демократијата на мнозинството во Македонија и се штитат, по вена на негова стигматизација, правата (надвор од нормата како што е тоа на запад во Европа) на малцинствата, кое нив ги има (албанското) над европските стандарди. Како да станува збор за жители на некој национален заштитен зоопарк.

А нели, мудриот просветителски демократ Бадинтер, можеше тој закон, што го нема ни во Амазонија, да го изготви и им го предложи, на пример и на Французите за специјална заштита (како на Албанците кај нас) на Арапите кај нив, потоа на Германците за Турците, и најпосле и на Англичаните за Индусите и Пакистанците кај нив. Итн: на Белгијците, Холанѓаните...

Па и доведувањето на терористите од "бојното" поле во Владата и парламентот, преоблечени во европското "просветителско" руво како борци за човекови права. Тоа го отвора прашањето за двојниот стандард на Европа, нејзиното сурово правило за изопачување на нештата така како што и' одговараат нејзе, применето главно на колонијалистички од неа подјармени помали и послаби народи, улога во која беа и се' Македонија и Македонците. Оти да ги прашаме во контекст на тој стандар и правило и Европејците, дали на пример и терористите од париски "Шарли Ебдо" и "Батаклан", од Лондон, Мадрид, Берлин, Брисел, исто така не треба да се трансформираат во борци за човекови права, како и дружината на Али и компанија кај нас, и пото да ги распоредат, за да ги унапредат демократски и економски, како нашите, нивните земји: да им направат и ним двојазична, па може уште и тријазична тиранска платформа, Охридски договори, Бадинтерови закони, и пак тие да бидат незадоволни и незадоволни, оти се' уште немаат нивен премиер, доволно министерски и директорски места итн.итн. Што велиш за оваа аналогија драг читателу? Таа е немилосрдно точна, како математичка равенка поставена од Лобачевски, оти фигурата аналогија е по дефиниција најмоќната ламба за да се осветлат и демаскираат работите без фарисејска мимикрија.

Така ли е господа евроамбасадори, или сметате дека сме доволно глупи за да не го разбираме тоа, додека вие ни држите по везден, од што добивме неизлечива мигрена, лекции за европските цивилизациски вредности. И, да знаете, доста ние од тие лекции. Не сме идиоти. Во ситуација сме како оној еврејски поет што по холокаустот над неговиот народ му се обрати на Севишниот: "Господе, избери си друг народ", и ние да и' речеме на вашингтонска Европа (ти се допаѓа ли оваа кованка, драг читателу?), избери си друг народ за "цивилизациски" експеримент сега.  Доволно ги испроба на нас сите направи на твоето инквизициско "цивилизциско" мачилиште, при што во финалето ја испроба дали се' уште фукционира врз златната колективна глава на Името и твојата "просветителска машина на смртта, изумот на доктор месје Гилотен. И, се покажа дека не за'рѓала. Со тоа, драги европски колоноцивилизатори, само маестрално го потврдифте фактот дека антропијата кај вас нема пристап единствено во подрачјето на злосторството. И космосот, не само обичните предмети, се аби, па Отецот, како што не' извести Синот, ќе мора еден ден да создаде Нова Земја и Ново небо, ама нема намера да создава и ново зло, оти тоа што е присутно и со Преспа и зголемено од вас добро стои, на цврст метафизички постамент. Оти историското искуство докажува дека додека постоите вие ќе постои и тоа. Злото!

И така со забрзано темпо од 1990 г., чекор по чекор, со една ужасна акрибија беше дојдено до јуни 2018 г. кога беше поставено бриселовашингтонското губилиште во Преспа во која пенкалото на политичкото чудо од Муртино, со и неговиот министер Димитров во улога на гилотината на мсје Гилотен ја пресече, како некогаш во Ерусалим Ирод на Јован Крстител, нашата колективна глава Името; го исцица сиот оган од нашата неколкумилениумска меморија и не' стави како пепел во мртовечка урна. Аналогијата притоа со Крстителот на Ису тука не е ни најмалку случајна, драг читателу. Оти и Македонците секогаш навртени околу незгасливиот оган на Името како и тој, го исправи патот за Господ.

Патот за божественото, кое се покажа дека западната профитабилна неолиберална капиталистичка цивилизација не од денес и не од вчера го мрази. Сум те потсетувал во таа смисла, дрга читателу, на ламентацијата пред две и пол столетија на мојот омилен поет германскиот ран романтичар Хелдерлин: "Изгубени се, ги нема трагите на светот". По холокаустот над нас во Преспа ние би можеле со полно право илјади пати да го славиме пред европските амбасадори кај нас тој Хелдерлинов слоган што го дијагностицира во настапот на богот на парата, Златното теле, дефектот, исчашениот од божјото лежиште на душата на западната европска колонијалистичка цивилизација, подготвен се' што е свето да го ништи во име и само во име, бескрајно лакома, на материјалниот профит.

novamakedonija.com.mk

(продолжува) 

 ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

**** 

Анте Поповски

 

 ДВЕ ТИШИНИ

Ти конечно ме бакна,
и како и овие дождови и секавици,
како и овие ветришта,
ме окова за себеси,
и тоа што веќе меѓу нас се случи
сега и Бог - господ
не може да го спречи.
Но, каде си?
Ти не знаејќи околу мене
насели две тишини:
една мала, во која те сонувам
и чекам, и една голема
во која исчезнувам.
Твојот заборав и моето заминување
сега и сам Господ - бог
не може да го спречи.
**************
Анте Поповски

 

 

ВИДЕОТЕКА - VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 313, 30 септември 2020