ЌЕ СЕ ПОВТОРИ ЛИ ИСТОРИЈАТА? АКО ТРЕБА! ЗОШТО СЕ' УШТЕ НЕ НАУЧИВМЕ НИШТО ОД НЕА!

 

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ФАЛИ МЕ УСТО ОТИ ЌЕ ТЕ РАСКИНАМ

 

 

13 септември 2020

После изгубените парламентарни избори,  се бара "кривецот" за поразот на ВМРО-ДПМНЕ таму, каде што го нема. Се бара  во малите политички партии кои самостојно се вклучија во изборната трка за да си ги испробаат силите и меѓу себе да го препознаат идниот македонски лидер, кои ќе му се спротивстави на Зоран Заев и ја спаси Македонија од понатамошно пропаѓање. Меѓутоа, разочарувањето неможе да се поднесе, па се измислуваат секакви приказни. Сите се криви и никој не е во право.  Констелацијата на надворешните фактори за неменување на статусот кво во Македонија се уште не е за потценување. Не се предаваат, како во Црна Гора.

Не се предаваат, бидејќи Македонија не е Црна Гора, таа била од секогаш буре барут на Балканот, кое и при најмала грешка од било која страна, може да направи катастрофа и во регионот. Таканареченото нерешено македонско прашање се уште е актуелно, бидејќи Република Македонија се уште е жива и ќе живее се' дури и еден Македонец се идентификува како таков. Во што е тогаш проблемот? Па во нашата неслога и зголемените внатрешни предавнички сили здружени со албанските етнички политички партии организирани како Тројански коњи за од внатре да ја разнебитат  државата, што од нив го бараат  странците, како би ги сочувале своите колонијалистички интереси.

Македонската надеж во ВМРО-ДПМНЕ  не е  изјаловена од вчера, туку од како после осамостојувањето со референдумот од 8 септември 1991 година во неа се вгнездија велепредавнички сили како и во минатото кога Бугарите тоа го чинеа за своите интереси. Од тогаш ВМРО-ДПМНЕ не е повеќе ВМРО од времињата кога беше активна и вистинска потпора на македонскиот народ. Кога со неа раководеа и гинеа нашите херои, кои денес СДСМ, Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ и неговите највисоки раководители  така нечесно и брутално  се однесуваат, пазарејќи се со Бугарите за нивното етничко потекло, како замена за подршка и интеграција во "чудесната" Европска унија.

Се вгнездија, зошто во Република Македонија видоа потенцијална опасност  за своите македонски делови грабнати со поделбата на Македонија.  Но и заради целосно ослободување од одговорноста на нивните "сојузници" и "пријатели" од крвавите злосторства, грабежите и прогоните на Македонците за време на таканаречената грчка граѓанска војна.

Затоа денешната ВМРО-ДПМНЕ нема никаква врска со вистинската ВМРО која работеше во далеку неповолни услови,  во туѓа држава: Османската империја! Држава сурова и секогаш подготвена со сите средства да ги брани своите  интереси.

И сепак во такви услови, македонските великани успеваа да создадат своја македонска не официјална држава, што би се рекло, држава во држава, и да му се спротивстават на Султанот и неговите Аги и Бегови. 

Со организираните востанија успеваа да и' ги  поткопаат темелите на Империјата, на таа моќна светска сила и да ја подготват за конечно распаѓање. Меѓутоа и тогаш денешните европски џелати веќе имаа злосторнички планови спрема Македонија и македонскиот народ: после сите војни, двете балкански и Првата светска војна да ја распарчат   меѓу соседите, а од Македонците да создадат туѓи измеќари и ефтина работна сила. А денес, што направи ВМРО-ДПМНЕ за Македонија и Македонците? Која е улогата на оваа македонска политичка партија? Чии интереси таа застапува? Но сепак многу од нас знаат дека заедно со СДСМ и албанските партии на перфиден начин и зад грбот на народот и своите лојални членови  ја разнебитија Република Македонија, до не препознавање. 

Со Втората светска војна, се променаа работите во светот, во Европа, па и на Балканот. Во заедничките крвави војни против окупаторите: Германците, Бугарите, Италијанците, грчките монархофашисти и албанските балистички  и злосторнички банди, југословенските народи извојуваа слобода на своите територии и сите заедно ја создадоа југословенската држава Демократска федеративна Република Југославија. Подоцна СФРЈ. Во неа, се вклучи и Република Македонија, како држава на македонскиот народ,   се' до распадот на СФРЈ и подоцна како суверена и независна Република Македонија  до 2018 година.

Оваа 2018 година беше судбоносна за Република Македонија, бидејќе велепредавствата на СДСМ и Зоран Заев достигнаа кулминација со потпишувањето на убиствените добрососедски договори со Грција, Бугарија и албанската тиранска платформа за зголемување на етничките права на Албанците во Република Македонија.

За жал, оние кои требаа први да се спротивстават на ваквото демолирање на Република Македонија и обезправување на Македонците со губење на нивниот национален идентитет, солидарно со СДСМ работеа  во Собранието за промена на Уставот, а потоа и за промена на името на Република Македонија, како влог за влез во НАТО и Европската унија. 

Па ево драги мои, стигнавме и до причините кои ВМРО-ДПМНЕ го исфрлија од понатамошната игра во преземањето на власта во државата.  Дојдовме и до горливиот бранител на погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ, Миленко Неделковски, водител на Миленко Шоу. Човекот кој во малите македонски политички партии ја виде вината за изборниот дебакл  на ВМРО-ДПМНЕ, но и кај македонската дијаспора. 

Па ајде да ги анализираме неговите  расудувања и да видиме каде лежи зајакот. Имено, малите политички партии ги обвинува за нивното храбро и самостојно настапување на парламентарните избори со цел да си ги испробаат своите можности за заедничка победа на идните парламентарни избори. Ги обвинува за одмагање на ВМРО-ДПМНЕ со одземање на дел од гласовите кои инаку би му припаднале на ВМРО-ДПМНЕ и така за влакно му избегала победата над Зоран Заев.

Арно ама, и луѓето не паселе трева па да не знаат со кого имаат работа.  Oткако ВМРО-ДПМНЕ не ги задоволи барањата на Македонците за поништување на криминалните и злосторнички договори со соседите и враќање на името и националниот идентитет на македонскиот народ, знаевме дека имаме работа со преваранти и традиционални лажливци. Знаевме со кого имаме работа, исто така, кога не ја прифаќаше  коалицијата со македонските партии,  ама очекувавме  сојуз со  Албанците, кои по никој случај не би влегле во коалиција со онаа партија која е против Преспанскиот и бугарскиот договор, баш како да се во Албанија или Косово. Затоа бевме сигурни дека се подготвува изборна маскарада, како и секогаш. 

И што би се случило кога тие "мали", ама сепак македонски политички партии би му дозволиле на Христијан Мицкоски да ги изигра нивните гласови за да со Албанците го продолжи пазарењето за поголеми отстапки? Автоматски би биле само соучесници во заедничкото солидарно погребување на она што остана од Македонија.  Промени не би било, само сега велепредавникот би бил Христијан Мицкоски, наместо Зоран Заев, а ВМРО-ДПМНЕ би и понатака  фигурирал како "едина македонска политичка сила која би била во состојба да го победи СДСМ"!? 

Ете тоа би се случило да не би биле во офанзива малите македонски политички партии, и ако никои не очекуваше дека изборната победа би била на нивна страна.

Најверојатно во спротивно, спрема процените на "славниот" новинар и самонаречен "доаен", Миленко Неделковски, кои  се' уште тропа на погрешна врата не би ли го нашол виновникот за неуспехот на неговиот спонсор, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, победник би бил Христијан Мицкоски и Албанците.

И да ја резимираме "вината" на малите македонски политички партии за дебаклот на ВМРО-ДПМНЕ : Ја нема! Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ традиционално шурува со Албанците во растурањето и албанизацијата на Република Македонија, па затоа, господине Неделковски, вината барајте ја кај вистинските предавници кои делуваат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а не кај другата страна, која барем проба да ја претставува третата опција која еден ден ќе мора заедно да го победи злото на Заевизмот!

А сега да видиме зошто Миленко ги обвинува иселените Македонци од сите генерации и од сите македонски парчиња на поделената македонска земја.

Инаку, Миленко Неделковски своите фрустрации ги лечи со напаѓање на некои кои се далеку и немаат можност адекватно да му одговорат, па затоа охрабрен  по втор пат неоправдано  се нафрлува на нив, односно на нас, со дрва и камења, како би ни ги омаловажил достигањата во одбрана на името и македонскиот национален идентитет, а би му го обелил образот на својот ментор, од чија подршка, најверојатно, зависи и судбината на неговиот Миленко-шоу.

"Доста со вашите критики на работата на ВМРО-ДПМНЕ, едина македонска политичка организирана сила која е во можност да го победи фашизмот на Зоран Заев. Зошто не дојдете ваму па вие да организирате големи протестни маршеви и да го срушите СДСМ"?

Добро прашање Миленко! Ние тие протести ги правиме со години на секаде по Австралија, Америка, Канада и тоа масовно, со што би требало и вие дома да се гордеете со нас. Ама ние пак се чудиме и душата не боли, кога ќе  размислиме за вас и вашата инертност и не заинтересираност за својата судбина. Како тоа вие во  својата организирана држава си дозволувате да ве влечка за нос со години еден обичен недоветен криминалец и примитивец  и да ве продава а да вие, браќа и сестри, одново го бирате на парламентарните избори да ве допродаде и понижува уште полни четири години? Ние ли треба да дојдеме да ве поттикнеме да се браните  себеси, па и нас  отфрлените и безимените?

Што сте направиле вие за нас?  Заплака ли некој кога Зоран Заев не отфрли од македонската нација зошто сме му сметале во неговите злосторнички планови? Размислувате ли што би се случило кога една поголема група од нас дошла во Скопје да организира народен протест? Прво, тоа би била голема срамота за домашните лидери, а второ, како странци со туѓи патни документи би биле позатварани, а да многу од вас не би кренале ниту прст во наша одбрана.

А знаете ли зошто тоа Зоран Заев го направи со сите нас надвор од татковината? Затоа да ја намали македонската сила со која, жими Господ наш, немаше да се игра мајтап како сега со грст Македонци и вреќа Албанци. 

Па навистина, бре Миленко, верувате  во тоа што го зборувате? Или од себе правите недоветен, неук и наивен новинар со долгогодишно искуство во менување на своите идеолошки определби?

Драги мои, повеќе пати зборувавме за греовите на ВМРО-ДПМНЕ и неговите раководители и нелојалноста спрема својот народ и неговите национални интереси, па не сакам повеќе за тоа и да губам време. Ќе додам само уште нешто: ВМРО-ДПМНЕ ако сака да биде призната од Македонците дома и надвор како партија во која можат да имаат доверба во добро и во зло, треба да ги промени своите погрешни политики, да се реформира и реорганизира од внатре и да престане  да ни продава магла и не замајува со своите болни идеи за некоја обнова на Македонија, откако ќе ја снема.

Затао за крај ќе ви речам дека вие, господине со пура Кубана  престанете да го замаглувате македонскиот простор и ја критикувате дијаспората зошто не доаѓала да ви организира протести. Зарем не знаете која е улогата на ВМРО-ДПМНЕ, а и вашата, во одбраната своја и на Македонија? Партија која така ревносно ја браните? Ако незнаете, јас ќе ви кажам: да се грижи за македонските национални и народни интереси со сите можни средства бидејќи тоа е должност  на револуционерна организација кога народот кои го застапува е загрозен од надворешни и внатрешни непријатели. А не да соработува со нив до конечно истребување наше и на Македонија.

Ако тоа не ви е јасно и се' уште ги толерирате предавствата на вмровските лидери, срамите се!

Вашите фалби за тоа што  го работите на својот шоу се за пофалба се' додека не застраните во водите кои не ви се доволно познати, и ако сте биле и вие некогаш дел од дијаспората, од што ви остана само пурата и чадот во кој се гушите. Се гушите и плукате по нас соодветно на вашиот примитивизам. 

Затоа насловот на текстов доволно зборува за вас и вашите брборења без содржај, потврдувајќи дека фалбите во некои случаеви, како овој со вас, може да се третираат и како краста или 'рѓа. Но сепак, за крај,  ќе го повторам дополнет и во втора верзија и со тоа да завршам:

Не ме фали  усто моја, оти сите изречени заслуги ми се лажни, а критиките кон дијаспората и малите македонски политички партии  штетни и неважни!  

Секогаш Ваш Сотир!

 

 

Билјана Ванковска

ЗОШТО ЗАПАДОТ САКА АВТОКРАТИ?

 

7 септември 2020

Одговорот е едноставен: Западот сака автократи. (иако понекогаш го затнува носот за да ја избегне смрдеата) затоа што тие се негови најдобри сојузници и бранители на геополитичките интереси. И затоа, што во нив гледаат вљубено како Вучиќ во Трамп. Демократијата ( слободниот избор на граѓаните) и плурализмот се непредвидливи, па затоа и опасни. Западот игра на сигурно, со властољупци што се подготвени на се' за да останат на власт, а од нив се бара само едно: на зборови да се демократи, а во практика да слушаат и постапуваат онака како што ќе им наложат од Вашингтон или од Брисел.

Наспроти мантрата дека прозападните елити се гарант на развојот и прогресот, во стварноста тие се само измеќари што им служат на туѓите интереси на шаховската табла, а за возврат добиваат дозвола да го ограбуваат народот по сопствена волја.

Ако треба и со стап (пендрек, поточно). Стабилитократијата во регионтот е феномен што е само навидум нов. Неговите корени може да се следат од поодамна. Изреката на Рузвелт (1939) за никарагванскиот диктатор Сомоза, оној што го погуби револуционерот Сандино, гласи: Тој е навистина кучкин син, но е наш кучкин син! И таа одsвонува до денес. Ние постарите се сеќаваме како почна да се "стабилизира" регионот по распадот на Југославија. Впрочем приказната би можела да почне и со Тито, но во биполарен свет некој што ја одржуваше тампон-зоната беше "нивен човек"; замина од овој свет пред да стане непотребен па го испратија на велелепен погреб. Моќта на Милошевиќ не беше резултат само на национализмот, популизмот и автократската машинерија на владеење; таа произлегуваше од подршката на Западот. Долго време во него гледаа технократ (банкар), прозападно оринетиран и способен да ја одржи контролата на теренот. И кога нештата тргнаа во друга насока, Слобо беше гарант на Дејтонскиот договор (заедно со Туѓман и Изетбеговиќ). Дури и Додик на почетокот беше "човек на Западот".

Оној момент кога диктаторот ќе им се извлече од контрола, или ќе се сменат околностите што бараат таков човек на власт, почнува смена на режимот - милом или силом, со бомбардирање, преврат или обоена револуција. Груевски и Курти се само мал дел од непотребните. Се сеќавате на сојузништвото на Садам и САД и начинот на кој заврши? Гадафи не им беше по волја, но констелациите беа такви што можеше да се толерира - додека не почна да води своја (економска и надворешна) политика. Либија мораше да се сотре под претекст на Арапската пролет. Толку фалената Египетска револуција, преку која беше симнат Мубарак, стана непожелна кога власта премина на непосакуван избор - Морси беше осуден на смрт уште пред да го сознае тоа. Своевремено, ЕУ не ги признаваше изборите во Палестина на кои победи Хамас само затоа што ним не им беше по волја.

Тој модел на однесување на "империјата во одрекување" е траен, да не се лажеме. Слободата на политичко самоопределување е приказна за мали деца: таа постои се' до границата на интересите на големите сили. Малите може да си играат демократија и избори, ама под услов да победат "прозападните сили".

Оваа мачна, долга и многу крвава приказна е израз на колонијалното/империјалното владеење на Западот. Најнежниот вид на колонизирање е преку "инсталации": компрадорските домашни елити се посредници меѓу колонизаторите и колонизираните, служејќи им на империјалните власти во замена за лукративни интереси и моќ на локален план. Ваквата елита има потреба со соодветна "интелектуална" фела, т.е од e'volue's. овој назив потекнува од францускиот колонијализам, кој така ги нарекувал домородните жители што "еволуирале" за да станат европеизирани, што обично се случувало по пат на асимилација или образование. Ваквата еволуција е видлива и во постјугословенскиот простор, владеен од клептократи (и наменски квазинационалисти), кои водат љубов со народот, ама и' се верни на т.н. меѓународна заедница. Историјата покажува дека ниту еден колонијализам не можел да биде успешен без подршка од внатре, од оние што му давале легитимитет на системот во замена за лична полза. Компрадоријализмот денес има пофин, помек и поевропски шмек, па затоа потешко се забележува. За некој е прагматично и да се прифаќа (тоа се оние што веруваат во реалполитиката и дека пркосењето е попусто).

Долг вовед за да стигнам до Црна Гора. Во време кога Западот не ги признава изборите и ги поддржува протестите против Лукашенко во белорусија, па осуда дојде дури и од еден Вучиќ (!?), во Црна Гора на мирни и демократски избори падна милиот Мило, конвертитот и шверцерот што ја приватизира власта, ама земјата ја внесе во НАТО и ги отвори сите поглавја во преговорите со ЕУ. Реакциите по падот на Дон Мило се најдобриот пример дека оние во Брисел уво не ги боли за реалните состојби, за мафијата и корупцијата, за (не) владеењето на правото, се' додека во критичкиот дел на еден геополитички јазол има "нивен човек"! Неверојатно е колку крокодилски солзи се пролеаја, жал за Мило пеат и западните и регионалните "еволуирани" интелектуалци, кои дури и бисе иселиле, зашто со Мило можат некако, ама без него не можат никако.

Види чудо! Одеднаш не е проблем Мило, туку опозицијата, таа била недемократска, просрпска, проруска, промарсовска - и затоа опасна. Мило игра со оган и провокации, зборува како прав националист (за наводно губење на црногорската независност) и не му е гајле за народниот суверенитет, опозицијата е претставена како збир на олош, националисти и клерикали. Замислете го тој ерес, имало таму луѓе што не биле за НАТО и за ЕУ, ама биле за демократска и зелена Црна Гора. Пропагандата и демонизацијата одат дотаму што ја оцрнуваат дури и најсветлата точка на опозицијата, Дритан Абазовиќ, харизматичниот лидер на движењето УРА со албанско потекло. Освен повиците дека бил "албански четник", сите притисоци се насочени кон него (и неговите четворица пратеници) со емоционално/политички уцени од типот пасивно/агресивно, дека треба да му пристапи на Мило за да докаже дека е Европеец! Еден колега од странство забележува добро дека за Западот е подобро да го задржи саро dei capi, кој владее цели три децении (како Берлинскиот sид воопшто да не паднал), наместо волјата на народот изразена на избори, за кои дури и ОДИХР-мисијата укажа дека биле манипулирани од страна на владејачката ДПС.

Следејќи ја разноликата политичка сцена на Црна Гора, ме воодушеви Дритан. Додека го слушав во интервју на телевизија како јасно, елоквентно и борбено ги изложува ставовите на движењето УРА и неговите лични статвови, контрастот со Артан Груби беше уште поголем и помачен. Овој вториов е професионален Албанец, кој профитира со кимање пред Калето и од албанството, продлабочувајќи ги линиите на расцеп во општеството, ја еболира квазипремиерската позиција така што се менува деловник (подзаконски акт), со што се кршат устав и закон. За тоа време, феноменот Дритан, како што ми вели еден пријател од Подгорица, е новиот Иво Лола Рибар, љубимец на многу Црногорци, а особено на младите. Тој вели: "Најлошо е кога националниот идентитет е единственото нешто што ја претставува вашата личност и единственото на што сте горди". И додава дека е за граѓанска опција во која "црногорството" би се изградило на реалните основи на законот. Ме потсетува на нашиот "црнокошуљаш" и "фашист" во парламентот. Иста генерација се, деца на транзицијата, образовани, и откако паметат за себе едни исти компрадорски елити се на власт. Сега им е доста, па се впуштаат во нерамноправна битка.

Се надевам дека опозицијата ќе успее да го обедини црногорското општество и да воспостави техничка влада заради првична нормализација на постмиловизмот (кој се чини решен да пролее и крв за да остане на власт). Нивната предност е што делбите не се вградени во уставниот одел, но се во општественото ткиво (кај нас ги има двете димензии, и не занеш која е полоша, а закон нема). Суптилните и не толку суптилните притисоци од регионот и од Западот се фактор на кој мора да се смета при влегување во каква било политичка разврска со стариот закоравен режим. Битката нема да биде ни лесна ни кратка, но ако не се започне, тоа е капитулација пред најпримитивните "еволуирани" и конвертирани Европејци. Дритан е свесен за тоа кога вели дека власта не се менува со фанфари, ружи и аплаузи, туку со борба. Општеството може да зрее и да се развива, елитите исто така, само во услови на слобода, а слободата не значи отсуство на предизвици и опасности - напротив, таа носи неизвесности, па и опасности од контрареволуција. Ослободувањето е само првиот чекор кон слободата. Најопасни се оние што велат: добро е што падна црногорскиот лукашенко, ама ... И во тоа АМА лежат сите (лажни) изговори за чување на статус квото и сето лицемерство зад наводниот европеизам. Со среќа, Црна Гора!

novamakedonija.com.mk 

Страшо Ангеловски

СПИРО И НЕФИ - ОХРИДСКИТЕ БОРО И РАМИЗ

8 септември 2020

Приказната за Боро и Рамиз, за денешниве генерации изгледа како сцена од "Невозможна мисија", осмо продолжение, а за оние највозрасните, посебно оние заљубените во поранешната Југославија, во братството и единството и неговите придобивки, кое на крај се претвори во најкрвавата војна во Европа после Втората светска војна, како легенда за вистинско другарство.

Боро и Рамиз, односно Боро Вукмировиќ и Рамиз Садику биле партизани заробени од непријателот кои, според легендата, додека ги воделе на стрелање, толку силно се гушнале што неможеле да ги раздвојат, па ги убиле со само еден куршум. Тоа е приказната за другарството меѓу еден Србин и еден Албанец која заврши на 10 април 1943 година во Призрен, на денот на нивното стрелање.

Денес, овде во Македонија, поточно во Охрид, се раѓа една нова легенда за нераскинливото другарство - легендата за Спиро и Нефи. Легенда која на некои идни генерации можеби ќе им изгледа како сцена од "Невозможна мисија", но денес и овде навистина се случува.

Откако Спиро Топаловски, пред очите на сопственото дете беше претепан со удари со револвер по глава од страна на веќе востоличениот охридски насилник Нефи Усеини и откако во извештајот на полицискиот извештај и во сите медиуми во државава беше регистриран случајот и, конечно, откако се очекуваше да профункционира  правната држава, што ќе беше сосема нормално во секоја нормална држава, се случи чудо и започна легендата.

А, легендата вели вака - некој познат револвер удирал во главата на Спире се додека не го раскрварил. За негова среќа, тука се нашол Нефи кој храбро влетал во битка со револверот и некако успеал да го оттргне Спире од неговите удари. Потоа, онака другарски, толку силно се прегрнале, што еве, се' уште не можат да ги разделат, а, ако револверот, не дај Боже испукал еден куршум, најверојатно, како во приказната со Боро и Рамиз, обајцата ќе ги убиел.

И можеби ова до сега напишано е премногу сурово иронично, но, за жал, во државава која заради доаѓање или останување на власт се ослободуваат од затвор осудени криминалци; во држава во која криминалците градат дивоградби кои, нели, никој не знае чии се и никој (никој, во смисла на државна институција) не смее да ги урне; во држава во која доколку отворено кажеш дека тие криминалци во еден огромен процент се од албанско потекло и токму заради тоа се недопирливи за институциите, законите и правдата, ќе бидеш прогласен за националист, е, во таа држава и иронијата и реалноста се повеќе од сурови.

За жал, еве како веќе половина деценија во Република Македонија местото на политиката, онаа вистинската, сватена како наука на водење на државата во интерес на сите нејзини граѓани, го зазеде трговијата во својот најнизок облик. Трговија со луѓе и нивното достоинство, како она на Спиро Топаловски; трговија со мафијашките интереси на сопствениците на дивоградби, на Матка, во Охрид, пред Мавровка, сеедно; трговија со гласачи и гласови на изборите; трговија со пратеници и ситни души прикажани како партиски реформатори; трговија со партии, со судови, со обвинителства...; трговија со влијание и државна функција за да си ги спасиш парите од банка што ќе пропаѓа; трговија со сопствената чест и совест за да бидеш во комисија за спречување на корупција и да го оправдаш тој чин и, за жал, она најстрашното, трговија со сигурноста и безбедноста на обичниот граѓанин заради уште малку власт.

Затоа, конечно сите треба да разберат дека во Македонија веќе подолго време не функционира политичкиот систем во кој би егзистирале политички, партиски, идеолошки коалиции, не функционира систем во кој политиката ќе биде вредност, а не средство за богатење и дека единствена коалиција која функционира е онаа на партиските трговци на мало кои презедоа една цела партија и криминалците на големо кои презедоа една цела држава.

Сите треба да разберат дека таквата коалиција која се штити себеси со закони донесени по сопствена мерка, мора да биде демонтирана час поскоро. Да биде демонтирана пред таа да ја демонтира целосно државата. Да биде демонтирана со сите средства кои на веќе загрозениот народ му стојат на располагање, на оној народ кој пред себе ја има најтешката есен и зима во последниве педесетина годинини, оној народ кој заради коалицијата на ситните политички трговци и крупните криминални интереси, се повеќе ќе осиромашува, ќе останува без работа, без плата, без исплатени земјоделски производи, оној народ, кој без разлика на етничката припадност, е бесрамно прелаган и измамен.

Е, тој народ има право на власт од политичари посветени на неговите, а не на сопствените интереси, има право на подобар живот, има право да си ја планира сопствената иднина, има право да се чувствува безбедно и сигурно.

Тој народ, ќе го парафразирам Томас Џеферсон, има право да ја урне власта и да ја замени со нова, доколку не работи во негов интерес. Да ја урне, пред легендата за Сипо и Нефи да стане наше секојдневие.

(Авторот е претседател на МААК) 

**** 

ТОА БЕШЕ РЕФЕРЕНДУМ, КОГА 95,09 ОТСТО ОД НАРОДОТ КАЖА "ЗА" НЕЗАВИСНА, САМОСТОЈНА И СУВЕРЕНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

08 септември 1991

Тоа беше референдум, на кој македонскиот народ и граѓаните на Македонија масовно излегоа на гласање и се изјаснија за независна и самостојна Република Македонија.

****************

На 8 септември 1991 година во Република Македонија се одржа успешен референдум по кој беше прогласена независна Република Македонија, која дотогаш беше во рамките на СФРЈ.

На референдумот граѓаните се изјаснуваа на прашањето: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија. Учествуваа 1,2 милиона Македонци и други граѓани на Македонија, а според резултатите кои беа објавени речиси стопроцентно беше подржана самостојност на Македонија.

Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на референдумот излегоа 1.021.880  или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95, о9 отсто гласаа "ЗА" самостојна и независна македонска држава.

Текот на Референдумот го следеа 167 домашни и 100 странски акредитирани новинари. Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ, по дефинитивното изјаснување на Словенија и Хрватска дека се определуваат за независност и самостојност. Во Македонија беше спроведена пререферендумска кампања, а на 2 септември беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кои граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат "ЗА" на Референдумот.

Партиите на Албанците ПДП и НДП не го подржаа прогласот. Подршка на Референдумот изрази само Унијата на албанската интелигенција. Во кампањата на Референдумот се вклучи и Македонската православна црква која со семакедонска христијанска, православна молитва, преку божествена литургија, одржана на 1 септември во Соборниот храм Свети Климент Охридски, го обнароди значењето на Референдумот како трето илинденско послание.

Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна независноста на Македонија. Следуваа признавањето од Турција, Словенија, Хрватска, Русија и Босна и Херцеговина...

Инаку на Референдумот му претходеше Декларација за независност што првото партиско македонско Собрание ја усвои на 25 јануари 1991 година, формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година.

Сенка врз настаните во темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на Рефререндумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподржувањето на новиот Устав од страна на пратениците Албанци.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181  полноправна членка на Светската организација.

Поради противењето и притисоците на Грција, зачленувањето на ОН беше направено под привремената референца ПЈРМ (поранешна југословенска Република Македонија).

Република Македонија воспостави дипломатски односи со 158 држави во светот, а под уставното име ја признаа најголемиот број земји меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност - Кина, Русија и САД.

(Подготви: Д.Г.)

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

***** 

 

 

АЦО ШОПВ

 

 

 

ЦРНО СОНЦЕ

Ни исток имаш црно сонце, ни имаш запад,
ни небо за молитва ни земја за напад
И секој кој ќе посака да ти се напие од сјајот
изгнаник е од пеколот и изгнаник од рајот
Тревите се веднат, дрвјето трчат боси
пред твојот цвет што гори и црна пепел носи.
Црно сонце, птицо преправена во sвезда,
кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна.
Црно сонце, црно без исток и без запад,
црно сонце за жедни на брегот што стапат.
Од која незнајна земја, како долета тука
о црно сонце, птицо во живо дрво што клука.
Кој маѓесник те прати, со каква тајна сила
суницо над триста Волги и преку триста Нила.
Каков е тој небесен пос, таа шарена лента
од сите темни галаксии па до нас - два континента.
Зар да те истрадам сега пред да знам како се страда,
пред да те видам како вселенска барикада.
О црно сонце, песно, о кој ли тоа те става
на плеќи да те носам место својата глава,
Каде ли ме водиш сега, која ли пештера глува
се што ќе биде наше ќе знае да го чува.
Sвездите гледаат во нас, а sвездите се слепи.
Ние сме само на светот како две сраснати крепи.
Кој тоа над нас стои, кој тоа над нас sида
за да не закопа живи во мртва пирамида.
О песно, земјо, жено, о живот и смрт ведно
се што ми носиш денес сам ќе го испијам жедно.
Ни исток имаш црно сонце, ни имаш запад.
Попусто те молам со молитва за напад.
**********
Ацо Шопов

 

 

ВИДЕОТЕКА - VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 310, 14 септември 2020