ПРОКЛЕТСТВО Е ДА СИ ИЗРОД И ПРЕДАВНИК

 

 

Сотир Гроздановски - Македонски

ДАЛИ НАВИСТИНА МАКЕДОНИЈА ИСЧЕЗНУВА?

 

 29 август 2020

Песимизмот кај оние кои би требало да се потпора на неинформираниот и полуписмен македонски народ е најлоша нивна  особина и ветер во грбот на Зоран Заев и неговите албански сојузници.  Таа е дел од кукавичлукот за кој вистински лек нема. Барем јас за таков лек се' уште не сум чул! Обично таквите делови од македонското општество кои спаѓаат во така наречената интелектуална елита, само констатираат проблеми, а не му ја мислат да изнајдат решение. А кој, драги мои, би требало да го поведе  народот во борба за неговата изгубена слобода, мир и безбедност во  сопствената држава? Држава која секој ден постанува се' повеќе туѓа прчија и место за грабеж на националните добра на земјата? Ако тие немаат храброст заедно со политичките македонски партии како организирани сили за одбрана на Македонија, кој друг треба тоа да го покрене во движење, кое требаше одамна да се случи? Дури СДС и Зоран Заев ги правеа првите злосторнички чекори кон уништување на Македонија и развластување на Македонците во полза на Албанците?

Верувам дека се' уште времето за капитулација пред велепредавниците  од родот македонски и албанските терористи не е дојдено, но секој час може да тропне на нашите порти ако продолжиме да ги толерираме предизвиците кои не ни носат ништо арно! Може и тоа да ни се случи, доколку освестените членови на ВМРО-ДПМНЕ не си ја земат раководната палка од предавниците како Христијан Мицкоски и многу како него и подготват план за национален спас на Македонија и враќање на  идентитетот на Македонците. Поништувањето на злосторничките и насилно донесени "добрососедски" договори со Грција, Бугарија и со Албанците, се прв чекор кон отстранување од власта во Македонија на Зоран Заев, но и сите терористи кои  отворено ни се закануваат  дека Македонија на било кој начин  ќе биде албанска територија, а Македонците нивни измеќари. Ќе си го дозволиме ли тој луксуз, драги мои? Зарем уште ќе бидеме во одбранбена позиција дури масовно и агресивно настапуваат Албанците за да си ги остварат своите цели? Старата пословица вели: и јагнето кога на волкот ќе му покаже дека се' уште не се предава без борба, веќе е победник!

Што е тоа што  Зоран Заев  и Албанците имаат а ние немаме, па постојано само изнајдуваме причини за не делување? Зарем толку многу не уплашија па дури и семејствата си ги жртвуваме само да останеме и понатака во  некој релативен мир дури во потполност не' не парализираат да повеќе немаме ниту желба да бидеме слободни и со достоинство  од кое така лесно се одрековме уште при првиот налет на велепредавникот од Муртино, Зоран Заев? Зарем не гледаме дека и тој е изигран од Албанците и дека наскоро тие, наместо ние со задоволство ќе го фрлат на буниште каде припаѓа?   Нивната сила е преземената власт која  ефикасно ја користат  како оружје во борбата со која не држат во послушност и немоќ!

Велепредавникот од Муртино, Зоран Заев, не е единиот душманин на нашиот народ. Тој е барем отворен и лесно можеме да го смириме! Но другиот, Христијан Мицкоски и неговата полтронска дружина се многу поопасни. Тие  се кријат зад своето недоволно национално освестено членство, кое верно ги следи неговите злосторнички политики, потпомагајќи си го, притоа, своето лично и колективно исчезнување. Па, драги мои сонародници од ВМРО-ДПМНЕ, во вашите раце е спасот на Македонија и на Македонците. Самите, вака обезглавени и без организирана политичка сила зад нас, тешко дека ќе успееме да се решиме од злото кое се' побрзо  галопира кон нас да не уништи. Смена на сегашното неспособно раководство на ВМРО-ДПМНЕ е адекватен и императивен одговор, со кое можеме да ја свртиме положбата во Македонија многу побрзу, од што многу неодлучни  мислат да е можно.

ВМРО-ДПМНЕ  се' уште има голема подршка во народот, но вешто злоупотребена во полза на Зоран Заев и Албанците. ВМРО-ДПМНЕ лесно ќе беше победник на последните избори, да  не беше извршена уште една, можеби и последна диверзија во изборниот процес која заврши со победа на Зоран Заев и со шанса за да си ја заврши работата, за која беше  награден од своите "добри" соседи.

Меѓутоа, покрај споменатите познати велепредавници и изроди, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, во игра се и некои платеници од јавните медиуми, кои работат против националните интереси на Македонија. Работат на начин како  и Зоран Заев со својата хунта, да  го доурнат угледот на ВМРО-ДПМНЕ сметајќи дека само на тој начин ќе ја задржат власта на Зоран Заев за да ги доврши незавршените работи од плановите за погребување дури и на споменот за Македонија и Македонците како народ.

ВМРО-ДПМНЕ, која се' уште се смета како едина организирана македонска сила зад која стои македонскиот народ, која може успешно и ефикасно да го исчисти ѓубрето натрупано во Македонија во последните триесетина години од самостојноста. Но, откако самата се исчисти од луѓе кои не припаѓаат таму!

Па ево ќе споменам само една маркантна новинарка, Слободанка Јовановска, меѓу редица други кои  угодно се чувствуваат во улога на промотори на политиките на СДС и Зоран Заев, заборавајќи ги, притоа, злосторствата кои со договорите Зоран Заев и' нанесе на Македонија во последните триипол години од неговото владеење, без влакно од неговата глава да  му падне. Злосторства, за кои нема споредба во човечката историја. 

Слободанка Јовановска во својата последна колумна од 26 август 2020 во која ги изнесува немилите настани во Собранието при верификацијата на мандатите на идните пратеници, по мое, испука многу фишеци, ама без потреба. Многу подобро ќе беше да биде поумерена и да ја прикаже ситуацијата во Собранието на начин да ги спореди сегашните настани, со оние, кога под палката на поранешниот американски амбасадор Бејли на сосема нелегален и против уставен начин група хулигани од СДС и нивните албански другари си избраа терорист и воен двоен дезертер, Талат Џафери, за претседател на македонското Собрание и како знак на победа, си ја отсвирија и заедно отпеаа албанската химна мафтајќи со знамето на Албанија. Тогаш вашите пријатели однапред организираа диверзија како би го провоцирале народот пред Собранието да реагира, отворајќи ги вратите на Собранието за да се случи тоа што се случи: физичка пресметка помеѓу народот и узурпаторите на правото и македонските закони.  И вие драга Јовановска, дури во оваа прилика најдовте за згодно да се истресете врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и цела организација, ограничувајќи им го пратеничкото право да реагираат на начин кои вам и на СДС не ви одговара.

Во продолжение на текстов, со кој не претендирам да бидам ничии адвокат туку само уште еден загрижен Македонец за судбината на мојата Татковина и нејзините национални интересси, како и за мојот македонски идентитет без кои и дома и надвор сме предмет на потсмев и грозење. За што баш ви се фучка,  спрема вашето пишување.

Заради информација на неинформираните, се усудувам делови од вашата колумна да ги пренесам во целост, па нека самите заклучат со какви македонски "патриоти" имаме работа и го живееме секој божји ден. 

"Она што се случуваше вчера, (25 август 2020 г.) во македонскиот парламент, всушност беше обид низ процедура да се постигне тоа што по минатите избори ВМРО-ДПМНЕ сакаша да го постигне со шипки и со тупаници" вели Јовановска и продолжува: 

"Ако важи дека денот се познава по утрото, тогаш новиот парламент ќе биде уште една мачна епизода од парламентарната демократија на Македонија. Речиси неверојатни беа обидите вчера на главната опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, и на нејзините сателити со процедурални забелешки да ја попречат верификацијата на идните пратеници, или кажано народски - да ја спречат волјата на граѓаните што излегле на избори и одбрале кои пратеници да ги претставуваат".

"За ваквите опструкции на опозициската партија има неколку објаснувања: Прво, тоа е ниската политичка свест и одговорност во ВМРО-ДПМНЕ која по толку децении функционирање не престана партиските интереси да ги остварува преку грбот на граѓаните; Втората причина е што оваа партија не ни знае друг начин како да дејствува, освен со притисоци, уцени, НЕМАЊЕ ЧУВСТВО ЗА КОМПРОМИС, немање слух за ПОВИСОК ИНТЕРЕС, немање свест за ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРОЦЕСИ и со нон-стоп деструкции; Третата причина е актуелната состојба во која се наоѓа раководството на партијата, кое не може да испорача победа, па сака да ја одржува својата позиција правејќи штета и создавајќи на тој начин илузија дека ја контролира политичката ситуација и е фактор на политичката сцена; Четвртата причина е што за ВМРО-ДПМНЕ политичката кампања никогаш не престанува, а локалните избори идната есен се гледаат како нова шанса за повторни предвремени избори, бидејќи за партија која верува дека мора да биде на власт, два мандати надвор од неа е застрашувачка опција".

И за крај на денешниов текст ќе наведам уште нешто што во секој случај може да му послужи на нашите читатели да ја разберат суштината на Втората причина за "непримереното" однесување на некои од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во расправата при верификацијата на мандатите на новите пратеници. Таа причина за секако ни докажува, дека што повеќе зла, тоа повисоко на политичката скала во Македонија. Или конкретно,  што повеќе зла на својата држава и својот народ им нанесуваат некои партиски мудреци, во овој случај тандемот ДИМИТРОВ-ЗАЕВ, тоа поголеми награди и величања на нивните деструктивни дела. Апсурдно, нели? Да, за некои кои размислуваат со своите глави и научиле дека злото неможе никогаш да го замени доброто и да постане светлост на патот кон замислената иднина.  Па сега браќа и сестри, некои веруваат во таа теорија која ја застапува Слободанка Јовановска, јас пак, ја осудувам зошто тотално е погрешна. А вие? Како сакате!

ДАЛИ МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИСЧЕЗНЕ? И јас за сигурно не знам, ама сигурно знам дека ќе ја изгубиме, ако и понатака не чиниме ништо, да ја спасиме! 

За секогаш Ваш Сотир!

 

Билјана Ванковска

ВЛАДАТА Е ЗА НИГДЕ!

 

 

24 август 2020

Сосема случајно, на ден по објавувањето на договорот за состав на старо/новата влада, расчистувајќи по некои стари документи, наидов на цртеж од мојата најмала ќерка, веројатно стар 17 - 18 години. Сум го зачувала како симпатичен спомен за тоа како дете на 7 - 8 години реагирало спонтано на стварноста во која живеело. Целата површина премачкана со светлосина боја и со црвени голему букви испишано: ВЛАДАТА Е ЗА НИГДЕ! (вклучувајќи го и извичникот), а одоздола познатиот симбол на мировното (антинуклеарно) движење од 1960-тите години (кругот со ознаките за N и D, во знаковниот јазик со знамиња). Се насмеав, зашто ме врати во времето, а навреа и други спомени.

Верувале или не, овој цртеж бил нејзина спонтана изработка (ова никако не можело да биде дел од училишна задача), а и не верувам дека директно сум влијаела на креацијата и содржината. (Индиректно влијание што ние, возрасните, го имаме врз децата е друга посложена приказна...). Но се сетив на нејзината детска "ангажираност" и за време на бомбардирањето од 1999 година (со група дечиња од улицата "протестираа" со импровизирани транспаренти "Уаа, НАТО!").

Но и една и друга сцена ми се врежала во сеќавањето. Таа е можеби во трето одделение, си црта нешто во дневната соба, додека на телевизија оди некоја дебатна емисија. Јас работам нешто во кујната и ни на крај на памет не ми е дека детето активно ги слуша експертите (мислам дека беа економисти), додека во еден миг не извика изнервирано: "Аман, веќе! Па и јас знам дека ништо не е добро во оваа држава, ама да кажевте некое решение?"

Ја споделувам приказнава со пријатели и на тоа добивам одговор во вид на приказна за друго дете, која оди приближно вака: Во трето одделение на часот по македонски јазик малиот Стефан добил задача да напише синоним за зборот "арамија". Тој одговорил "влада" - и добил тројка (од некоја политичка коректна и исплашена учителка). Кога разбрале дома, го искарале: "Црни Стефане, ти сите во затвор ќе не' отераш!" А тој одговара: "Мамо, па нели стално зборувате со тато дека овие од влада многу крадат?" Детска уста! Ја кажува вистината, исто како во приказната за "Царевото ново руво"... Не знам колку години сега има Стефан, ама Сара е пред докторирање во Утрехт (таму каде што со државни пари ги финансираме студиите на ќерката на бившиот министер за надворешни работи, сегашен кандидат за министер за евроинтеграции). Владата уште неизбрана, а веќе е за нигде!

Секое евентуално разочарување од најновата акробација на Заев и Ахмети (нешто што Франкфутер алгејамне цајтунг" го нарече "напуштање на парламентарната демократија" и "мултиетнички грабеж") е не само без основа туку е и патетично. Па децата одамна ги "прочитаа" нашите влади. Затоа и заминаа или се подготвуваат уште помасовно да ја напуштат ова безнадежна земјичка... Да е една влада "за нигде" ќе си речеш: ќе ја смениме, само нека дојдат нови избори! Тоа е демократија: народот дава ама народот и казнува! Но во оваа извртена демократура, народот е инструментализиран на полош  начин одошто тоа го правеа комунистите. А и нему ум не му доаѓа, па си ги гласа оние што го ограбија, осиромашија и кои не се способни ни основното образование да го средат, а не нешто друго. Оној што му ја нанесе најголемата (историска, национална, политичка, психолошка - како сакате наречете ја) неправда доби мандат да формира влада (со кршење на Уставот)

Над 300 илјади луѓе сметаа дека не е важно што правосудството "се отвори како пупка", што економијата е како вид пред истребување, што си имаме нов министер за смрт, што Мијалков е угледен граѓанин и партнер на Вицето. Но вистинскиот шампион во категоријата "владите за нигде" е оној што работи во сенка некаде во Мала Речица, каде што дури и амбасадори прима на разговор. Али Ахмети навистина не успеа да разбуди еуфорија по повод празнувањето на годишнината од потпишувањето на рамковниот договор, ниту да ги обедини другите албански партии, но игра маестрално. Како што вели едно умно момче, така бидна "Ахмети да е подолго на власт од Ангела Меркел". Па сега вие видите ја разликата...

Ова е стабилократија на дело! Нестабилна Македонија, се тетерави се' повеќе по секој нов изборен циклус (како да не е "празник на демократијата", туку канцерозен марш), но Владата има еден цврст столб во ликот на ДУИ, Антачаблс! Каде што Никиликс застана, таму Груби ќе продолжи - и верувам чудесно ќе ги реши и Гоце и Мисирков, а и амбасадите ќе ни процветаат кадровски. Уште неизбран, а веќе слави три министри за внатрешни (упс, пардон - за надворешни) работи, голема историска победа на поврзување на албанските територии. И да не набројувам веќе - бидејќи, не станува збор за кадровски решенија (или за вицот за "чесни и способни"), туку за систем/ска  ерозија на државноста-не (само) во национална туку и во есенцијална смисла на јавен апарат. Затоа, "Франкфуртер алгемајне цајтунг" или не бил добро информиран за "рамковна демократија" или сака да прати порака до некого (Ахмети, патем, се пакува за Хаг). (Патем, она за Либан јас го зборувам одамна, ништо ново.) Реков, не е до кадрите - имавме професорка по уставно право, која си ги беше заборавила правото и знаењето на факултет, па како пратеничка и плус министерка во дури два ресора убаво се вклопи во "напуштањето на парламентарната демократија" (а јас би додала, и напуштањето на владеењето на правото). До системот и климата што корумпираат апсолутно е...

Ова "дрво" увезено од надвор и накриво насадено е од оние што брзо растат и длабоки корени и стебла добиваат, еве, за неполни 20 години. Оди ти после оправи го ако можеш и пишувај новински статии за "мултиетнички грабеж" (а грабежот, за волја на вистината, е биетнички, да не претеруваме)! Во сета деградација за која сведочиме, (условно) радува само една работа: маските паѓаат! Досега имавме две влади во една, ама камелеонски се криеше вистинската конфигурација на власта. И странците ја фалеа нивната "успешна приказна". Сега се' е на виделина-вистинскиот лост на власта е во рацете на ДУИ, тој пали и гаси-македонските партии се спаринг-партнери во владеењето и во грабежот. Заев изјави дека на сто дена на наредните избори "ќе му се придружи" и Албанец премиер! Замислувам сцена од научнофантастичен филм (жанр хорор) во која два тела стануваат едно (двоглаво) чудовиште. Ако се точни вестите од соседството (од каде што обично стигнуваат непријатни информации, кои овде никој не се осмелува да ги каже) премиеров ќе си има сенка за целото време на "владеењето" во ликот на "првиот вицепремиер".

Ме прашуваат мнозина: "Ама, професорке, можно ли е ова, во согласност ли е со Уставот и законот?" Почнувам да се смеам!Не, немам веќе сила да зборувам со јазикот за правото, бидејќи овде владее неправото и никому не му е грижа дека ваков деформиран политички систем нема, нема, нема...нема ни на друга галаксија! А јас подготвувам онлајн настава по политички систем! Ги учам студентите што се' влегува во политичкиот систем (кој е многу многу поширок од институциите на државната власт), арно ама овие си го врамиле политичкиот систем во едно министерство. Етатизам и диктатура од невиден вид! Па после Германците ќе се божем чудат. Ах, иновација е што сега ќе има помалку министри,  ама затоа повеќе вицепремиери. Еден од нив ќе ја скротува корупцијата!!! Го замислувам како доблесен витез дон кихот (ама знам дека не е). Впрочем, возбудените новинари во Бојан Маричиќ веќе гледаат Херкул! Какво фолирање е ова, но и подржавување на контролни функции за кои се надлежни други органи и тела! И сега што да им зборувам на студентите? За арамиите или (и) за Владата што е за нигде, а која ги надминува не само уставните норми туку и теориските и практични модели во светот? Какво морално право (ќе) имам некого да турнам на испит за незнаење кога овие ни се смеат в лице, а ние се однесуваме како удрени по глава?

Во стилот на детстката прагматична логика, која не трпи заобиколување и тупење, прашањето: а решение? Е па, нема решение, предоцна е.  Ќе сркаме што сме си надробиле, бидејќи триесет години сме соучесници во креирање или толерирање на ова чудо невидено. Македонија глуми држава (а е веќе само територија), како кога кокошката на која и' е откината главата се' уште прета, несвесна дека е готово со неа. Парадоксално, ама експериментот со ДУИ е можеби и последната шанса: треба да им се даде целосна власт, без криење, до балчак! Само тогаш и нашите сограѓани Албанци ќе сфатат дека и тие се заложници а не само неалбанците. Можеби тогаш ќе се разбудат албанските интелектуалци, можеби тие ќе ја поведат револуцијата за радикална смена... Можеби...Загрижен за штетното дејство на (македонскиот) национализам, "Цивил" организираше некакви експертски трибини. Погледнав малку, доволно да ја слушнам колешката Бешка, која презентираше резултати од истражување, кое ги покажало разликите во перцепцијата на децата (Македончиња и Албанчиња; "третите" никој не ги зема предвид, статистичка грешка се) за земјата и за соседите. Бруталната вистина е дека за дечиња на десетина години татковината е токму она на што се радува Груби. Штом потпораснат ќе се ослободат од романтизмот, па и тие ќе збришат некаде подалеку од земјата во која Владата е за нигде. А и народот не е поарен, кога го трпи сево ова...

https://www.novamakedonija.com.mk

 

Јани Бојаџи режисер и универзитетски професор

ПИСМО ДО ЕВРОПА

 24 август 2020

"Од никого не барам ништо, од никого не очекувам ништо, јас сум слободен човек" - Никос Казанsакис

***

Драга Европо, ти го пишувам ова писмо за кое знам дека никогаш до тебе нема да стигне, ти да го примиш, да го прочиташ и да ми одговориш. Ти го пишува ова писмо, драга моја, точно заради тоа! Заради единствената можност што ти, драга моја Европо, отсекогаш си ни ја давала: слободно да ти пишуваме писма, а ти слободно да не ги примаш и слободно да не ни одговараш на истите тие! Подоцна тоа ќе го наречеш демократија, состојба во која ние можеме да ти пишуваме писма колку што сакаме, а ти слободно  можеш да се правиш наудрена дека не си ги примила и слободно, во согласност со вредностите што малку подоцна од онаа првата, ќе ги наречеш - европски за никогаш да не ни одговораш! Но ние, иако свесни затоа, не престанавме да ти пишуваме. Не, напротив. Колку што ти слободно не ни одговараше на нашите писма, ние толку послободно уште повеќе ти пишувавме.

Со годините, драга моја Европо, и со писмата, научивме дека тие писма и не ти ги пишуваме тебе - туку на самите себеси! На нас, самите ние, во облик на писма до нас, до нашите деца и до нашите внуци. Писма што на чудесен начин секогаш, ама точно во тој момент кога треба, ти да видиш чудо мила моја, тие писма адресирани до тебе - стигнуваат до нив! Така, ете и јас, пишувајќи ти тебе, драга Европо, им пишувам на моите неродени внуци,а се надевам дека ќе се родат токму тогаш кога ова мое писмо треба да биде прочитано. Фала ти многу заради ова.

Да, навистина, јас не сум како од оние од мојот род, што неблагодарни од ова единствена можност што нам, Македонците, ти бездруго љубезно ни ја чиниш, па како пред сто  и педесет години оној Марко Цепенков, кој во писмото упатено пред тебе, наместо мила и драга те нарече: "Проклета и блудница Вавилонска"! Не, јас не сум таков. Јас, веќе сум сосема осознаен за себеси и сопствените заблуди. Па тој примитивен јазик од словенско потекло, на тој неук човек, со традиционалистички убедувања, постојано поготвен да пишува и раскажува приказни од својот и за својот народ, јас сосема го отфрлам како антиевропски и нецивилизиран пишувачки чин. Да, се срамам од тој подлец, кој правото да пишува го злоупотребил до толку што во писмата упатени до тебе, самоволно, морам сепак да признам и со извесна намера и сознание за тоа дека писмата напишани до тебе во минатото, впрочем стигаат до нас во иднината, се распишал до толку што денес од тие писма до тебе можат да се објават цели томови во облик на литература!

Драга моја Европо, некој треба да го има ова на ум! Јавно предупредувам! Треба некој да им го каже на разните европски интелектуални другарки Колозови и Колбеви, па да преземат мерки за чистење на таа се' уште јавно присутна цовилизациска згура од некогаш постојната македонска нација! Нека иницираат санкции другарките за отстранување од рафтовите на сегашноста на тие заблуди на минатото, кое минато, признавам, јавно и отворено, е само еден непотребен и срамен товар, ветоштина и ѓубре натоварено на грбот на кутриот словенски северномакедонски народ и треба да се отфрли како болен и смрдлив заб што зјае во устата на нивната чиста и здрава европска иднина!

Се плашам, драга моја Европо, дека едно од тие подли писма напишани во минатото, пред некое време стигна до мене, тука и сега, во сегашноста! Па, така, сега пишувајќи го ова мое писмо, не сум сигурен дали сепак, во него не се, можеби, измешани делови од тие, погореспоменати инкриминирани писанија чија мрачна содржина, се плашам, (може да биде) да не - го има опседнато и делот  на мојот ум кои секако ти припаѓа тебе и само тебе, драга Европо, тебе и на твоите светли и уредни европски вредности!

Но, драга Европо, да преминам на писмото, што признавам во духот на во мене се' уште подмолно присутна традиционална форма на изразување со користење епски мотиви на повторување на определено дејствие во чисто лирските обраќања (кое, ете, го кажувам и се самоодрекувам од него!) е особеност присутна во некогаш постојната македонска народна поезија и проза, (сакам мојата јасна политичка коректност да биде забележана и наградена со патување до Европа!), а подоцна применета и од некои пишувачи на писма во облик на песни, раскази, романи, драми па дури и филмови, што во облик на инкриптирана, скриена форма на пишување писма до иднината и нивните родени и неродени деца и внуци лажно го нарекле авторското творештво и фикција, а себеси писатели и уметници!

Ги молам погореспоменатите европски другарки како и другарите Димитров и Малески на идните меѓудржавни состаноци на кои ќе се ревидираат сите заостанати форми на пишан македонизам, особено внимание да обрнат на тие субјективни елементи, што доколку не се избришат сосема од меморијата на новата северномакедонска нација, може опасно да ги загрозат процесите на европска и евроатлантска интеграција на нивната земја.

Но, ете, најпосле дојде моментот, драга моја Европо, да го започнам ова мое "Писмо до Европа". Но пред да преминам на писмото, сакав само да напишам дека тие писма, кои веќе ги споменав, а по оној чуден пат, на оној чуден начин, кога ти се пишуваат писма тебе, а тие пак стигаат до нас, е оние што стигнаа до мене се клевети и лаги во кои тебе, мила наша мајко Европо, те обвинуваат за несптаведливост кон тогаш се' уште постојните и самонаречени Македонци во само нивните вмровски глави замислена земја Македонија, а се однесуваат на некакви одредби од Сан Стефано, Мирцтешки спогодби, на одредени договори од Лондон, Версај, Јалта, Техеран, Варкиза, Охрид, Скопје, Преспа и Пржино, но и на некои идни договори со имиња на познати и значајни европски градови и места, што ќе се случат во иднината, а до мене стигнале или ќе стигнат според она тврдење на еден од оние што ти, драга Европо, ги нарече основачи на Европа, филозофот и тиранот Марко Аврелиј, кој непоколебливо напишал: "Само оној што си го познава минатото може да ја прифати сегашноста и да ја предвиди иднината"! Па така јас како Византиец, како чедо на Румелија, сосема признавајќи ја неговата кралска власт, дрско се самоидентификувам со римското во мене и, ете, не се воздржувам да крикнам: "Ти благодарам о кралу мој!" Но да прминам на писмото, мила Европо. Но само сосема накратко, пред да почнам, сакам да ти кажам дека јас еднаш, пред многу години, во далечната 1990 година сум ти напишал и испратил едно многу важно писмо, во кое, јас, во името на мојата генерација сосема, ама сосема во занес и безмерна надеж во тебе ги изразив сите мои очекувања за нашата тогаш, многу важна европска иднина. И како што кажав и погоре, драга Европо, нашите писма адресирани до тебе никогаш да стигаат, никој не ги прима и никогаш не одговара на нив, па тие писма до Европа, се впрочем писма до нас самите. И, ете, триесет години подоцна, откако тоа писмо луталопо Европа на запад, Европа на исток, Европа на југ, и никој не го примил, по оној, пак повторувам, чуден начин се врати до мене: неговиот испраќач. Еве што сум ти напишал тогаш во тоа јуночко писмо: "Драга Европо, сега ние полека зачекоруваме кон тебе. Силно сме убедени дека ти во нашата земја Македонија ќе го испратиш оној дух на општото братство, љубов и заедништво, како што не' учеше во книгите за големата европска Француска револуција. Ние, драга Европо, силно веруваме дека ти ќе го замениш ова едноумие на комунизмот, таа зандана на слободните нации и вредности, со вистински европски достигнувања во кои сите народи ќе живеат еднакви и слободни со право да се самоопределат и самонаречат, во согласност со Хашката декларација, критериумите од Копенхаген и повелбата на Обединетите нации! Знаеме дека ти, мила Европо, ќе замениш ова комунистичко безвластие со држава во која ќе владеат правото и праведните, наспроти децата на комунизмот и нивната жед за власт со сила и тиранија. Ние веруваме дека ти Европо ќе ја пазиш праведната распределба на општественото богатство и капиталот и дека ќе застанеш на страната на знаењето, образованието, личниот подвиг и трудот на поединецот наспроти грабежот и уривањето и војните! Ние сме убедени дека диктатурата на грс полуписмени самонаречени комунисти ти ќе ја замениш со демократија и диктатура на умот наспроти клиентелизмот, партизацијата, корупцијата и власта на богатите и опортуните. Силно веруваме дека слободата на говор, на мислење и пишување ќе бидат берлинскиот sид на надежта преку кој нема да премине никој и ништо.

Убедени сме, драга Европо, дека еднаквоста пред законот и можноста секој од нас да учествува во современите текови на европското живеење нема да бидат заменети со влада на терористи, криминалци, бандити, олигарси и примитивци што ќе се наречат твои верни слуги европски! Веруваме дека на крајот на патот до тебе и твојот дух ќе стигнеме според тоа колку сме вложиле и заслужиле да се наречеме слободни и еднакви граѓани, а не според тоа колку сме се понижиле, онеправдиле и самоодрекле од себеси и од своето. Копнееме и веруваме дека и нашето сонце еден ден ќе сјае како sвездите на твоето знаме. Затоа што и сонцето е sвезда, нели?!"

Го читам ова писмо од мојата младост, кое триесет години талкало по европските друмови и стигнало таму каде што било испратено - до самиот себеси! Некој, драга Европо, може во неговиот поетски занес да рече дека ова писмо до Европа е можеби само една младешка заблуда и верба во чесноста и доблеста во онаа што оној на почетокот споменат лажен пишувач на народни песни и приказни, Марко Цепенков, кој сега ми е сосема јасно - зад грбот на народот се криел себеси и своето творештво. Не са друго, туку заради тој истиот народ, кој денес, само и единствено заради него и заради тоа што пишувал во негово име може да се нарече народ со дух и посебност што не може да се уништи и одрече од никого и никогаш. Па дури и под оние што го прават тоа во твое име и на твоја сметка, драга моја Европо.

Не го кажувам ова, за и јас да се кријам зад народот. Јас само се обидувамда напишам писмо до моите неродени внуци, за да знаат дека сите не знаеле дека писмата до Европа немаат адреса, никој не ги прима, не одговара на нив и не ги враќа назад на испраќачот. И, секако, не го пишувам ова писмо за да ги разубедам да не пишуваат писма до Европа. Напротив, да пишуваат. Затоа што, драги мои, кога еден ден ќе го прочитате ова писмо, ќе посакате да и' напишете писмо на некоја Европа, убедени дека се' што ќе побарате да ви се даде, ќе го добиете единствено и само и доколку вие самите си го создадете, онака како што сами знаете и умеете. И, драги мои, секогаш сетете се на вашиот предок Никос Казанsакис и не барајте од никого ништо! Не очекувајте од никого ништо! Само така еден ден ќе може да се наречете слободни луѓе, а вашиот народ слободен народ! И сега, најпосле, ете, ќе го напишам ова мое писмо до Европа: "Драга Европо, како сте по дома? Јас сум добро и ништо не ми треба. Секако, ништо и не барам. Од тебе ништо и не очекувам. Од денес, драга Европо, по ова писмо, јас сум слободен човек!"

https://www.novamakedonija.com.mk

 

Панде Колемишевски

ПРЕСПА ЗАБОРАВЕНА И ОД ГОСПОД И ОД ЛУЃЕТО

 

 

21 август 2020

Таман пред да седнам да го пишувам текстот за овој петок на телефон ми се јави еден мој близок, млад човек, редовен читател на весникот. Во разговорот, меѓу другото, ме праша што ќе пишувам. Откако му кажав дека имам намера да се осврнам на актуелната политичка ситуација благо ме посоветува да не го правам тоа. Ми ги објасни и причините. Вели дека ние од постарата генерација не можеме да ги рабереме новите движења, дека нашата логика за политичките процеси е застарена, дека нашите перцепции за нив се од едно минато време и дека не ги земаме во обsир креативните решенија на младата политичка гарда. "Не си во тек", ми вели. "Немаш Фејсбук, не си на Твитер, не си активен на социјалните мрежи што значи не си дел од модерното општество. Не само во Македонија туку и во светот".

Ме посоветува да пишувам за Ресен, за Преспа да посветам внимание на ситуацијата со Преспанското Езеро. Ми приспомнува дека ресенчанецот Симеон Радев во својата книга "Рани спомени" пишува какви биле Ресен и Преспа пред повеќе од сто години, во времето на неговото детство.

Ја имам книгата во која има големи делови пишувани на македонски, ресенски јазик, многу различен од бугарскиот и кај што се жали дека ресенските родители, а особено децата, не го разбираат јазикот на школските книги и бараат повеќе српски од бугарски.

За потсетување на читателите, Симеон Радев е ресенчанец што во Бугарија направи блескава дипломатско-амбасадорска кариера. Меѓу другото, тој беше секретар на бугарската делегација што учествуваше во договарањето и потпишувањето на Букурешкиот мир во август 1913 година, со кој дотогашната отоманска провинција Македонија е поделена меѓу Србија, Бугарија и Грција. Во неговите мемоари, од кои поседувам копија од копирница, Радев пишува дека Бугарија воопшто не била заинтересирана за делот на Македонија што го доби Србија, територија на денешна Северна Република Македонија. Бугарите биле најзаинтересирани за излез на Егејско Море, делот околу Кавала сосе нејзиното пристаниште, што според договорот го добила Грција. Таквиот исход бил оценет како најголемиот дипломатски неуспех и историски пораз на Бугарија и можеби затоа актуелната бугарска политика се врти кон сегашните македонски граници, можеби како рехабилитација на букурешкиот пораз, како компензација на тогаш загубените надежи за територијално проширување.

Какви се Ресен и Преспа повеќе од сто години подоцна? По еден забрзан развој во време на комунизмот (социјализмот) докажуваат слом во последните четириесетина години. Како што се суши езерото, така им се суши душата на Преспанци, им се зема силата, а со неа и надежта. Градот е преполовен по бројот на жители од времето на моето детство, некои од старите другари таму ми кажуваат дека речиси една третина од куќите се празни. И да не е таа бројка, самата помисла на неа предизвикува гроза. Ако порано никнуваа не само нови куќи туку и цели нови населби по околните ридови, сега никој не е заинтересиран да гради ниту во центарот на градот. Слично е и со селата. Мал е  бројот и на оние што се нафаќаат да работат бавчи, да одгледуваат јаболка. Поисплатливо им е да работат во која било која друга држава, западна или американска, се разбира. Работата не носи пари, а и денарот не вреди ни пет пари.

А езерото, што е со Преспанското Езеро, кое е познато историско подрачје уште од времето на цар Самуил, токму преку една од најтажните епизоди на македонската историја. Имено, во Преспа се враќаат 14 илјади ослепени војници по загубената битка на Беласица, да ги лекуваат раните таму или да го окончаат животот. Таа вековна болка е поматена, да не речам избришана, со славата на Преспанската спогодба, онаа потпишана во некогашното етнички чисто македонско село Нивици сега во грчка Преспа и со име Псарадес. Токму таму, во неговата близина умрел и самиот Самуил, по што пропаднало и неговото царство. Стара географија, но локација на која е испишана нова историја, со нив луѓе, во нови времиња, низ нови историски предизвици.

Преспанско Езеро, поделено на три држави, како што е делена Македонија, исчезнува полека но видливо од сезона на сезона, од едни до други избори. Ова не е носталгична фраза, туку сурова реалност. Опустените брегови стануваат километарски, трската царува во водата.

Она што беа некогаш песочни плажи, на некои места, се мали, непроодни шуми. Освен нешто кај селото Сливница, место за капење речиси и да нема. Особено на западната страна, кај Отешево, Царина и Стење.

И рибарите имаат мака. Од трската не може да стигнат до водата. Според некои истражувања, нивото на водата е намалено од  2,5 до три метри височина. Според други, од Преспа е исчезната вода по количество рамно на седум дојрански езера.

Добро се сеќавам. Во опасност каква што сега се наоѓа Преспанско, пред 30 години беше Дојранското Езеро. Без да навлегувам во причините зошто било така или зошто е сега така со Преспанското Езеро, ќе посочам дека тогаш за негово спасување се крена целата држава. И политичари и медиуми и влада (немаше тогаш толку невладини за да го кренат гласот) и невлада. Владата на тогашна Република Македонија во 1999 годин донесе одлука за прогласување елементарна непогода и поведе иницијатива за спасување. Се реализира голем ангажман, не се штедеа пари, се обезбедија дополнителни количества и езерото беше спасено. Сега секое лето Дојран е полн, Преспа е празна и посиромашна од секогаш. И природно и материјално. И еколошки и политички.

Езерото е обвиено со гласна тишина, покриено со густа политичка и национална магла. Никој, ниту власт, ниту невладини, не е заинтересиран нешто да преземе. Можеби има некои пишани декларации, но како и многу други нешта и тие остануваат во длабоките ормани на администрацијата. Исчезнува едно природно национално богатство, но никому не му е грижа. Нема глас од министерството за екологија, најодговороно за природата без општеството. Никого не го интересира до какви климатски промени може да дојде, не само во Преспа, ако езерото стане езерце. Она што беше природа милиони години, сега од човечка негрижа може да биде уништено за неколку години.

Да не заборавиме! Според неколку потврдени проучувања, Преспанското Езеро го храни со вода Охридското, преку реки понорници. Наводно тоа повеќепати е докажано. Постои и легенда дека уште од времето на свети  Климент и свети Наум таа природна појава била докажана кога низ понорот биле пуштени една волнеста овца и едно одрано јагне. Пуштени биле од Преспа, по неколку дена излегле на изворите кај "Свети Наум". И да не било така, легендата е интересна и ни кажува за заинтересираноста на луѓето за природата уште од времето кога не биле познати термините-екологија, влада, заштита на човекова околина. Сега термини постојат, ама нема дела. Никој не фрла јагне да помине низ некоја река кога може да го изеде, да се наслади.

А и овците не секогаш ни се на број.

Што да напишам како последна реченица, како поента на погоре кажаното? Ништо нема да напишам, зашто што и да напишам е бесполезно, не фаќа место. Не е ова тема што е политичка што ги тангира сите граѓани, кои со нетрпение чекаат вести и политички дуели. Таа е духовната храна што го одржува политичкиот систем.

На крајот едно појаснување до читателите. Никогаш не ми се допаѓала фразата кога за некого или за нешто се вели дека е заборавен/ но и од Господ и од луѓето. Но, искрено, подобар наслов не можев да најдам. Таков е како што е, но е најблизок до вистината.

https://www.novamakedonija.com.mk 

Гордана Силјановска-Давкова

АКО МОЖЕ ШВАЈЦАРСКИОТ СОВЕТ ДА ИМА ДВАЈЦА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИ, ЧУМУ НИ СЕ НАМ ПЕТ?

 

25 август 2020

На денешната собраниска седница се обрати и Гордана Силјановска-Давкова,пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата "За обнова на Македонија", истакнувајќи дека на Собранието не му се потребни пет потпретседатели, туку само двајца.

- Во време на Ковид-криза, во време кога сите ги рационализираат статутисе, обврските, ние остануваме на пет потпретседатели. Очекував да ги намалите на двајца. Зошто тврдам дека во компаративното парламентарно право според бројот на пратениците ние имаме најголем број потпретседатели - нагласи Силјановска-Давкова.

Силјановска-Давкова додаде дека сето ова е непотребно и дека веќе станува збор за битка на статус за жал.

- Парламентот нема да има корист од толкав број на потпретседатели. Само од сето ова Македонија ќе има трошоци. Ако може Швајцарскиот совет да има двајца потпретседатели, прв и втор, не ми е јасно чуму ни се нам пет - запраша Силјановска-Давкова.

https://novamakedonija.com.mk

Собрание на Македонија

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

 

АЦО ШОПОВ

 

 

 

УТРЕ

Да, се' мина веќе и свршено се' е.
Се' ко молња денес згасна во темнината.
Па сега сум море каде пустош тлее
и солза сум само в зеница истината.
Можеби за болот друго срце треба
и тагата да е лач на месечината,
можеби јас нема да се најдам себе,
можеби... Но слеј се, слеј се со тишината.
И заборав утре кога ќе ме скрие
и сто сонца светнат над нас во висината-
во моите очи еден зрак ќе бие,
една жива струја и дах на вистината.
*********
Ацо Шопов

КАФЕ И КНИГИ

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 307, 30 август 2020

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA