ЕВО ЗОШТО Е ОМРАЗЕН ЗОРАН ЗАЕВ

 

 

Сотир Гроздановски-Македонски

КОЈ ГО МРАЗИ ЗОРАН ЗАЕВ И ЗОШТО?

 

 

14 август 2020

Омразата   и натпреварот за престиж и во Република Македонија не се од вчера. Тие си имаат почеток, ама  не и крај. Со таканаречената "шарена револуција", и вистинскиот почеток на крајот на Република Македонија, ѓаволот навлезе уште подлабоко во  порите на македонското општество и нема изгледи да се смири во догледно време. Меѓутоа, се е можно со брзите геополитички потези на силите кои господарат со светот, како  и сo појавата на новите македонски лидери   со цврст национален карактер, љубов кон  народот и Татковина.

За жал, од сето горе наброеното  го имаме Зоран Заев од Муртино кој успеа во кратко време да му направи толку "добрини" на својот народ и на македонската држава, човек да не верува дека сето тоа може некој да го стори, и се' уште да оди исправен и бара втор премиерски мандат.

Тој  со група манијаци ни докажа дека сепак и меѓу луѓето постојат sверови со смрзнати  ликови кои можат да направат чуда на дуњава: да седнат на маса и пред очите на целиот цивилизиран свет со задоволство да ја продадат својата држава и својот народ; да му го променат името на Македонија; избришат националниот идентитет на Македонците и од државотворен народ да создадат граѓани на Северна Македонија идентифицирани со три цртички (///) како замена за македонската нација;  да потпишат  договори со Грција, Бугарија и Албанците и одма да ги "решат" сите проблеми кои ги оптоварувале нашите добрососедски односи кои ни го попречувале патот кон благосостојбата, безбедноста и членството во клубот на богатите, за потоа да потечел мед и млеко и  по нашите "сиромашни" патишта!?

Договори за влез во НАТО како безимено топовско месо,  и во ЕУ како експериментален полигон на нашите вековни непријатели, Грците, сегашни чувари на македонското небо од руското влијание  над Балканот!?

Па така, Зоран Заев, херојот на меѓународната заедница, Грција, Бугарија и албанските терористи преслечени во албанска "господа", преку ноќ постана урнек на државник во кој треба да се угледа секој политичар на Балканот, дури и Доналд Трамп, претседателот на САД, како да ги реши своите проблеми со соседите кои бараат отворени граници за нелегална масовна емиграција од јужноамериканските осиромашени држави!

Со Преспанскиот договор, Зоран Заев на Грција му ја дарува македонската античка историја и културно-цивилизациското наследство од нашите далечни и понови предци, се одрекна од егејскиот дел на Македонија заедно со Македонците и им ги прости сите злосторства, прогони и плачкосувања на македонските имоти. Потоа им призна дека Македонците ја краделе нивната историја и великаните од сите времиња, вклучувајќи ги и Филип Втори и Александар Трети Македонски, бидејќи само ним им припаѓале такви личности, што е ноторна лага и тежок фалсификат. 

Па така можеме да речеме и потврдиме, дека имаме лидер полуписмен кои не си ја познава ниту својата национална историја, човек   алчен за пари и власт,  со длабоко криминално досие, поткуплив, корумпиран,  ментално нестабилен,  и погоден за странските фактори со нечесни намери спрема Македонија. Човек  добар трговец, овој пат не со пиперки и ајвар, туку со цел еден народ и држава.

Деновиве во Дојче веле се појави колумна од Ерол Ризаов, еден од промоторите на "делата и заслугите" на Зоран Заев под наслов: Кој и зошто го урива Заев? - што ме иритира и ми даде повод за текстов пред вас. Не ми е јасно што го тера овај, инаку, квалитетен новинар со големо искуство  да брани нешто неодбранливо од македонска гледна точка, а за пофалба од меѓународната заедница и некои нелојални членови од  малцинските заедници, во овој случај новинаров од турското национално малцинство. 

Тој  ги промовира криминалните "успеси" на  Зоран Заев како благослов за Македонија и пример на светот како се решаваат меѓународни спорови кои во нашиов случај доведе до уништување на македонската  држава, губење на националниот идентитет на Македонците, одрекнување од античкото историско и културно наследство  во полза на Грците, загрозување на македонскиот јазик од Бугарите и територијалниот интегритет на Македонија од Албанците. 

И замислете си сето  тоа само за влез во НАТО како топовско месо на Западот  и во Европа, безимени, понижени и без национално достоинство само затоа што нашите соседи тоа го сакаат. 

И за чудо, во оваа погана и крајно непријателска работа се најде и нашиов турски јунак, Ерол Ризаов, кој во својата колумна: "Кој и зошто го урива Зоран Заев"? за пример го наведе Али Ахмети претседател на албанската партија ДУИ, бидејќи со  неговиот предлог иден премиер да биде Албанец, директно се спротивставил на интересите на неговиот политички идол  Зоран Заев, кој во неговите очи високо котирал како политичар и храбер државник и ако меѓу Македонците е омразен, што на Ерол Ризаов не му е јасно зошто.

Ево како тој ја започна својата колумна во Дојче веле за вредностите на Зоран Заев и зошто било нужно тој да си ја продолжи својата премиерска функција во новата влада:

"Кога е познат неговиот учинок за меѓуетничките односи во земјата, за соседите и за евроатланските интеграции, тогаш зошто е толку опасен Зоран Заев за Дуи и за Али Ахмети, но и за албанските опозициски партии"?

Почитуван Ризаов, да, во право сте со вашата констатација, ама каде се Македонците во вашата слика и нивните национални интереси? Зарем ние немаме никакви права во нашата држава, дури да го користиме нашето македонско име, туку да се служиме со три цртички /// за нашата националност а вие и секој други припадник од националните малцинства да си се викате така какви ве дал Бог или вашиот нумко?

Како би се чувствувале вие како Турчин во Македонија Ердоган да седне со Курдите кои се над 15 милиуни по број да го промени името на вашата матична држава во било кое друго име освен Турција и  да се одрекне од вас и сите ваши сограѓани надвор од Турција зошто не му сте потребни...? - односно затоа што Курдите или Ерменците така сакаат? И сето тоа како услов за влез во Европската унија?

Што мислите за Турција како едно општество за сите без оглед на националната, верската, јазичната и политичката припадност на турското население?

Па господине Ризаов, кога би ја споредиле ситуацијата во Македонија како мултиетничка општествена заедница со ситуацијата во вашата матична Турција да ли би ви било сеедно Ердоган и понатака да биде челник на новата држава со променато име, продадена  историја, култура и традиции за да ги дозаврши незавршените работи по желба на Курдите, Ерменците,  Грците или Античките Македонци чии следбеници сме ние?

Откако ќе си ја препрочитате вашата прекрасно напишана колумна : "Кој и зошто го урива Заев"? лесно ќе го најдете одговорот од мојов текст: "Кој го мрази Зоран Заев и зошто"?

За секогаш Ваш Сотир!

Тито Петровски

 

ДУИ ГО КОРИСТИ КОНФЛИКТОТ МЕЃУ СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ

 

 

13 август 2020

Долгогодишниот политичар Тито Петковски за "Слободен печат" вели дека, доколку добро се читаат последните пораки на Дуи, меѓу нив и поканата за прослава на Охридскиот договор само со албанските лидери, се крие нешто друго.

- Ахмети покажа дека Охридскиот договор го чита на друг начин, спротивно на оној кој другите го читаат како мировен. Кандидатот за премиер Насер Зибери, но и Али Ахмети во текот на изборната кампања не кажаа ниту две реченици на македонски јазик. Зборуваа за воведување на албанскиот јазик од прво одделение. Али Ахмети кој со национална реторика ги доби гласовите сега уценува со бројот на пратениците, вели Петковски.

Според Петковски барањето на Дуи, премиер да биде Албанец е обид Заев да се делегитимира, но и обид да се воведе друг општествен систем.

- Ова е удар на идејата едно општество за сите. Според тезата на Ахмети, Македонија да не биде граѓанско општество туку граѓанска држава меѓу Македонци и Албанци, значи бинационализација на земјата. Провокацијата што ја направи заменик министерот за внатрешни работи Нухиу потпишувајќи ги документите за двојазични униформи, во овој период, не е ништо друго туку национализам кој има функција да создаде зла крв и меѓу политичките конкуренти, но и меѓу граѓаните. Откако, ДУИ постои како воена формација прави провокација и го користи сериозниот конфликт меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Вулгарни и фашисоидни се уцените со 15 пратеници да има премиер Албанец или ако нема, пораката е дека ќе има војна. Во Уставот јасно стои кој треба да формира влада, вели Петковски.

Според Петковски сега најдобро би било во Македонија да биде формирана Влада на национално единство која ќе биде фокусирана врз борбата против коранавирусот, криминалот и корупцијата. Тој уште посочува дека зад обидите да се елиминира Зоран Заев како победник на изборите од позицијата иден премиер се крие подземна битка за спречување на најзначајните државни интереси, ЕУ интеграциите, владеење на правото, испитување на потекло на имотот на политичарите, предметите од Специјалното обвинителство кои опфаќаат стотина партиски и државни функционери и моќници кои треба да седнат на обвинителна клупа итнт.

https://nezavisen.mk/petkovski/dui

Билјана Ванковска

НЕКОИ НОВИ КЛИНЦИ СО МУДА!

 

27 јули 2020

Едно ТВ-интервју, какво што не сме виделе триесет години, се' уште одекнува и во јавноста и во партиските штабови. Тоа навистина ја покажа сета нееднаквост на учесниците во кампањата и дискриминацијата на медиумите (и уредниците) кон "мала партија", па дури зазвучи и како по свадба тапани, но многу поважно - ова беше своевидна катарза и исклучителен политички чин. Јавноста виде лидер, кој го кажа (без ракавици, но убедливо и со страст, и најважно - елоквентно, ама народски разбирливо) сето она што мнозинството го очекуваше со години. Сето наталожено еруптира низ кристално јасна мисла, без двоумење. Сега, ракавицата е фрлена; предизвикот е во дворот на "големите" партии, од каде што се слушаат пискотници. Тие научени да функционираат низ дисциплината и клиентелизмот на членството, се соочија со противник што игра без калкулации.

Настапот на Апасиев беше како на лидер со МУДА! Токму она што не сме го виделе, и тоа во најтешките времиња. Успехот на Левица создава резонанца што трае и дејствува и постизборно. Реакциите, кои не се моментален проблесок, покажуваат дека буревесникот е препознаен. Новите дечки навистина пораснаа и имаат што да кажат во името на безгласните, на исплашените, на збунетите и на оние што немаат што да изгубат освен прангите. Како левоориентиран интелектуалец (еднакво демонизира за наводен национализам), како мелем на рана ми беше да го чујам гласно оној толку едноставен аргумент: македонската држава беше создадена од вистински левичари, а АСНОМ ги спои идеалите на социјална правда и национално самоопределување на еден мал, непризнаен народ. Овие криминално го избришаа од Уставот и креираат анационална аморфна маса со цртички ///. Зошто би се поставувале дефетистички и би се "ишкале" од љубовта кон сопствената земја? Од каде тоа наметнато чувство на вина и грижа на совест ако нештата ги кажеш со вистинско име? Ќе те исфрлат од "елитата"? Па, нека! не ти треба таква елита! Зошто да паѓаме во замката на неолибералите, кои тврдат дека секој друг (уставен) национализам е во ред, ама не и во Македонија? Новите клинци тргнаа на долг марш, во кој само навидум се малкумина.

Ним во залог им е оставен канцер на телото, сите лузни на наводната "демократизација" и "европеизација" по колонијален терк. Да, пред нив стои генерациска битка, но најпрво ги демаскираа виновниците. Добро е што не фураат евтин месијанизам и ветувања чуда. Велат: ние сме тука, не брзаме никаде, тука и ќе останеме - да се бориме, ама заедно со вас, народот! Како Брашнарот, како Ченто, како сите пред нас... Во петокот вечер мнозина останаа без сон, од различни причини.

Апасиев израсна во симбол. Тоа е огромна одговорност и за тие околу него. Заканите по живот се доказ дека вербалната хајка "на копче", во која му се "изнаредија" со колумни (оние без МУДА), како хиени што функционираат само во група и со поткрепа, не дава резултати. Напротив има контраефекти. Овде не станува збор за ниска политичка култура  и за авторитарноста на јавниот простор, туку за паника! Знаат дека идеја/симбол не можеш да убиеш, колку и да го шиканираш нејзиниот претставник (те фашист, исламофоб, испосник, небањат, неписмен и што ли уште не). Најпатетични се оние што не се левичари, ама знаат како требало да изгледа крајната левица, па кои солат памет.

Демек, тие знаат колку црвено е доволно и пожелно... Новите клинци се дел на овој Zeitgeist,  на духот на времето, но и духот на местото (genius loci). Некој може да си замислува апстрактна левица, од учебник, но теренот/нивата што треба да се изора е запустен, опустошен, изгазен и изгорен како стрниште. Тие израснале од пустошот! Ова историска ситуација си има свои јунаци и плашливци, а и предавници. Има и народ на кој му е извршена ампутација без анестезија, народ што станал сенка од самиот себе, кому му треба будење - со популизам! Маркс кажа нешто многу важно: "луѓето се креатори на својата историја, но не спрема сопствените желби; тие не го прават тоа под околности што самите ги избрале, туку во постојните услови, кои се зададени и пренесени од минатото. Традициите на сите претходни генерации тежат како кошмар во умот на живите". Ситуацијата во Македонија е специфична: кошмарот го создадоа оние што изгледаат живо (а се зомбифицирани измеќари што создаваат туѓа историја, бришејќи ја  до непостоење својата), а врз овие клинци и е врзано ѓуле, кое е потешко затоа што е подржано од надвор.

Кога на левица и' се префрла дека не се занимава со социјални теми, тоа е за да ја оддалечат и пасивизираат во врска со националните. Тоа го чинат луѓе што ниту се грижат за националното, уште помалку за социјалното - битката е за гола власт. Извршителите на национален инженеринг го осакатија народот и во битката за социјална правда, бидејќи му ветија корка сув леб и камшикар. Од ова стрниште мора да се почне одоздола (радикално), од семето (за да за'рти), од орањето - за да роди... Додека е Македонија колонија и заложник на геополитиката, не може да стане ни збор за социјална правда, туку  за социјална козметика и евентуална милостина. Овој народ е сотрен по двете основи, со децении, и веќе не знае од каде да почне, а и не верува во обнова - без лидер. Да бевме нормална држава, купувањето пратеници ќе беше скандал од прв ред. Овде тоа минува како нешто нормално. Побогу, па така ги сменија и уставот и името! Ама еден новинар ќе каже, тоа било за "повисока цел"!

Кога велам клинци, тоа го правам од привилегирана позиција на жена во години, со пролетерски корени и уверувања низ целиот живот! Нивниот бодар од охрабрува, но нека не ми земат  за зло ако укажам на нешта со кои не се согласувам (како она за Косово). Впрочем, потребни ни се поширок левичарски простор и дискурс. Можеби е дел на тактика што не можам да ја разберам, но на кревката левица (и Левица), како и на Македонија, и' требаат сојузници. Тие се насекаде околу нас. Рациновите морни копачки и копачи - на трудот, црн народ, се и во Косово, и во Грција, и во Бугарија, и во Србија.  Сите сме пиони на туѓа шаховска табла и парички за поткусурување во трансакциите на големите сили! Тие одлучуваат за нашите, божем, држави, а всушност протекторати со одземен народен суверенитет. Со мојот грчки пријател Василис разговараме за балканска социјалистичка федерација, обединета околу заеднички интерес наспроти колонизаторите од Берлин, Брисел или Вашингтон. Заедничкиот непријател ни се елитите,  моќните и нивните локални измеќари (кои, ете, кога не им се потребни или послушни знаат да ги викнат или во амбасада или во Хаг - не заради терање правда, туку заради дисциплинирање). Се согласувам дека Охридскиот договор е оној што ни виси околу вратот и не е никаква придобивка - ни демократска, ни социјална ( а економски е толку скап и неподнослив, што се заканува да не' потопи)! Консоцијацискиот модел од 2001 година има вродена мана: не продуцира демократија ниту рационални јавни политики. Тој цементира етнички делби и сегрегација. Од паравоени команданти и верски фанатици прави политички фактори.

Замената на Али со Касами не е промена, туку продлабочување на радикализмот во политиката. И затоа, кога во наслов на колумна ќе видиш знак на равенство меѓу Апасиев и Ахмети, кои се како оган и вода, тоа повеќе зборува за авторот отколку за споменатите. (И крикот на либералите против Али е инспириран однадвор, самите не би се ни осмелиле). Левица не е етнонационалистичка партија (особено не ако носители на листи и' беа Исмаил и Сенада!),  етнонационалистички е системот. Наместо линч и расфрлање со етикети на фашисти (за оние што токму се повикуваат на антифашизмот и на АСНОМ!) нека се погледнат в огледало и нека си признаат од кои причини ги бранат Охридскиот и Преспанскиот договор (овој вториот, заедно со оној со Бугарија, за кој немавме име на езеро за означување, содржат такви фашистички елементи што само мазохист нема да ги види). Јас сум уште порадикална кога тврдам дека ЕУ и НАТО се две страни на иста паричка.

Левица треба да се еманципира од мантрата дека "нема друга алтернатива од ЕУ" (за НАТО се јасни), и во дијалог со другарите од Европа да заземе став дали е за демократизација нао оваа ЕУ и нејзино редефинирање од  корпоративна во социјална творба - или е за легзит, т.е. за лева (крајна) корпоративна критика на Унијата, која е инструмент на економска моќ, експлоатација и колонизација. Но трпение! Засега покажаа иненадувачка зрелост и дрскост (без која нема промена) и се предизвик за закоравените елити, кои играат како што им свират амбасадорчиња и донатори/грантисти од невладиниот сектор, а изгубиле секаква врска со својот народ. Ако двајца пратеници предизвикаа ваква пизма, замислете како ќе биде кога на наредните (локални или парламентарни) избори ќе освојат значаен број пратеници! Оние што го познаваат и чувствуваат духот на местото и на времето имаат иднина, затоа што и народот нив ги чувствува како свои.

https://www.novamakedonija.com.mk

 Коле Манев

КОГА УСТАТА Е ПОБРЗА ОД УМОТ!

 

10 август 2020 

Политичка перверзија се случува секогаш кога една личност се определува да влезе во плитичкиот живот само и само да ги задоволи своите себични потреби, како бизнис интереси, таквите неизмерно лакоми и алчни за власт  моќ, обременети со патолошка склоност кон нарцизоизам, убедени дека светот е создаден само за нив и му припаѓа само ним, дека може и треба да се служат со измами и да применуваат длабока корупција тогаш кога им треба, демек освен тие се' друго е ништовно и неважно, таквите личности не само што се лажат себе си тие на валкан начин ги лажат и сите други за кои треба да работат и на кои треба да им служат.

Најлошата мана на таквите лица е кога устата им зборува побрзо од умот. А кога е устата побрза од умот се добива политичка какафонија, односно хаос. Секој кој се решил да се бави со политика, треба да сака и да знае да ги решава економските и социјалните проблеми на граѓаните, да се грижи и го заштитува историскиот и културен идентитет на народот и под еден важен услов, умот да знае да ја контролира устата, кога треба. Се' друго е ветер и магла.

Во јавниот живот на Зоран Заев или во неговото делување во политиката не еднаш му се случувало устата да му е побрза од умот. Сите се сеќаваме кога не уверуваше, додека го дише овој македонски воздух тој нема да дозволи да го менува Уставот за промена на името. Потоа се колнеше во предци, во сопствените деца, во се' што му е најмило и најдраго. Десетина дена подоцна устата го  изневери умот. Во два или три наврати устата на Заев беше побрза од умот на Заев. Кога заедно со уште два тројца бистри во устите политичари, враќајќи се од Брисел, во авион и сите насмеани, не убедуваа дека сме добиле датум за преговори со ЕУ. Тоа ти било една од големите групни измами бидејќи датумот за преговори со ЕУ сеуште го чекаме.

Пред и за време на последниот изборен процес, кога низ земјава мистериозни личности во темнините на ноќта делеа пакети како поткуп за гласови, умот беше повторно бавен бидејќи устата тврдеше дека тоа била хуманитарна помош! Устата знае да биде и погрдна кога со пцости и закани се обраќа кон сопствениот народ и од истиот тој народ бара да го однесе до премиерска функција која неизмерно му е драга и посакувана. Со неискрена и кисела насмевка им се извинува на новинари кога ги дели на вакви или онакви, подобни или неподобни. Устата знае да биде и неверна кога се заканува на обвинители и судии кои во икс случај го извлекуваа сопственикот на устата од судски процеси полни со приземна кал. Дали сите обвинители треба да завршат како Катица, во која Заев се крстеше или торбите од Луј витон треба да се бараат кај Заев, како што тврди првиот обвинител од една корумпирана афера?

Сега сака да не увери дека со новата влада (ако најде магичен начин да ја создаде) жестоко ќе се бори според Устав и закони против криминалот и корупцијата. Дали на ист начин како што со затворски казни им се закануваше на осумтемина "самостојни" пратеници кои му беа неизмерно потребни за промена на Уставот за потоа и промена на името? За таква борба ни зборува Заев!? А што со рекет 1 или Рекет 2 и што со едно евро за Вицето и едно за тој до него? Во изборни ветувања и комбинаторики, да бидеш во коалиција со една етничка албанска партија, а устата да говори дека етничките албански гласови не вредат пет пари тогаш умот е во кома. А устата силно не убедуваше дека ДУИ неминовно треба да оди во опозиција!

Немам ништо против ДУИ да оди во опозиција, осумнаесет години на власт не е лош владеачки период, но проблемот е во тоа што устата сега преговара за создавање влада од истите тие гласови кои не вредат пет пари или со истата партија која треба да оди во опозиција. Стотици милиони евра немилосрдно беа фрлени за платежни картички, за невладини организации, за поткуп и изборна корупција бидејќи брзата уста беше уверена во силна победа. Епилогот од сето тоа е смешен дебакл, бидејќи СДС заврши со 42 пратеника. невиден парадокс е што устата која е побрза од умот неизмерно сака повторно да биде прва личност во новата влада! Траги-комиката добива силна политичка играорка со тоа што тие кои беа предложени за во опозиција бараат свој премиер етнички Албанец! Чудно, но вистинито, ни се случува со умот на брзата уста. Сегашната политичка состојба е таква како што не подучува народниот мудрец, со брза уста и бавен ум се повторува приказната која ни вели: угоре е високо и удолу е длабоко.

Без разлика дали Заев ќе успее да направи влада со едни или со други, благодарение на брзата уста и со бавниот ум, мислам дека неговата политичка кариера завршува тука или треба да заврши. И секогаш е така кога устата е побрза од умот.

https://denesen.mk/kole/manev 

 ***

 ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

***

МАРИЈА КОНЕСКА

НОЌ ИЛИНДЕНСКА

 

 

 

 

ТРАНСФОРМАЦИЈА

-"Не е лесно, воопшто не!"
Повторуваше таа додека
ги заучуваше новите земни чекори
од нејзиниот холокауст.
Се престори во номад-талкач,
трагач по росна детелина
со четири листа.
Сето ветво од неа го стави
во ковчежето со три клучиња.
Сите формули,
сите закони на природата,
сите мудрости на учените
и народни преданија, се'.
Најодзади ги покри со насмевката.
"Таму каде одам нема да ми треба!"
- си рече таа
и замина...
Чекореше како дете што заодува.
Напати бестрашно,
за веднаш потоа да го видиш наземи.
Се лизгаше по стрвјето,
но и се прикрепуваше од ветките.
Патот и задпатот го мамеше
нејзиниот пат, пред да заврши...
По пат сретна разни чудаци.
Слични на нејзиниот сој,
престорени и тие како неа.
Си го играа орото што го знаеја.
Ги одминуваше со "добар ден"
или "пријатен пат",
а понекогаш знаеше и да sирне
во нивниот агол
каде беше скокалето...
така скришум, затскриена
зад леските.
-"Што чудесија од луѓе ќе сретнам"
си рече и продолжи...
По патот виде и убави куќи,
големи дворци со шарени резниња.
Но восхитот кратко траеше.
-"Се е тоа земја и камен,
ги има во изобилство,
мене тоа не ми треба!"
Сретна и многу поразлични народи
од нејзиниот.
Бледи, неми, летаргични,
без насмевка на лицата.
-"Мојот народ чувај го Господе
од сивилото и студот!"
си помисли за миг...
Сонцето го пречека од зад едно ритче.
За овие тукашниве тоа е само сонце,
времето будник,
кое им ги одбројува направените
шарени резниња на нивните капии.
Се озари, конечно!
Златните зраци ја милуваа,
додека таа ја кажуваше молитвата
"Оче наш"...
го препозна и поздрави Светецот во огнената кочија,
кој изнедри од златната купола.
-"Итај, итај громогласнику
појди право во мојата земја.
Таму се уште те познаваат моите!"
изусти таа со затворени очи...
За миг се сепна и исчезна магијата.
И се врати исконот,
длабоко закопан во неа.
Се присети на времето дамнешно,
изгубено,
на лулашка меѓу две сливи,
читаше нешто, а истиот старец
и тогаш ја погали
и ја покажа детелинката...
-"Колку е остро сечилото
на Коловртот"-си рече
и тргна со умот кон сонцето...
*************
Марија Конеска, Ден Илинден 2020

 

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 304, 15 август 2020