ОВАА КУТИЈА ЈА КРИЕ СУДБИНАТА НА МАКЕДОНИЈА

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ПО ЧИЈА МЕРКА ЌЕ БИДЕ НОВАТА ВЛАДА?

 

 

9 август 2020

Предвремените парламентарни избори завршија на 15 јули 2020 година, а на 4 август се конституира новиот состав на Собранието и  почна да тече  10 дневниот рок за формирање паламентарно мнозинство. По истекот на овој рок, претседателот на државата треба да го додели мандатот за формирање Влада. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Сите овие рокови набрзо завршуваат, ама најтешкиот дел тек доаѓа: барање партнери за состав на Влада, што нема да биде така лесно, без уцени, закани, пазарења и непотребни жртви од македонска страна. Тоа се последиците од неслогата во македонскиот политички блок и големите лични интереси на играчите во оваа валкана игра Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Спротивставените македонски политички сили се ставија самите себе си во искушение да докажат дали се способни да ја водат државата, а да не бидат изложени на закани и уцени од третата страна која  секогаш после изборниот цилкус си ја чека својата прилика да скубни се' поголемо парче од македонскиот колач.   

Престрелките помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат, а барањата на Албанците се зголемуваат. Има ли луѓе во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ способни да ја согледаат ситуацијата во која ја доведоа земјата? Но исто така и кај делот од македонското гласачко тело кое со своите гласови го доведе Зоран Заев во положај да ја докусури Македонија? Каде е нивната одговорност, ама и одговорноста кај раководството на ВМРО-ДПМНЕ што до последниот момент ги држеше своите членови и многу други Македонци во двоумење на која карта да играат? И на крајот резултатот излезе таков, каков што го очекуваа и Зоран Заев и Христијан Мицкоски: отстапување од поништувањето на погубните договори со соседите и продолжување на патот кон евроинтеграцијата и бришење на Македонија и македонскиот народ од картата на светот.

Ако ги следиме политичките ТВ дуели, ќе дојдеме до заклучок, дека се' се врти околу цементирање на Северна Македонија и што повеќе оддалечување од македонското минато. 

Пред некој ден го гледав интервјуто на Тито Петковски во "Само Вистина" и заклучив, дека не се само другите политички лидери од СДСМ, но и од ВМРО-ДПМНЕ лук и вода, туку и самиот тој не вреди пет пари зошто игра како му свири Зоран Заев,  му служи само како закрпа кога му треба некоја дупка да затвори и се' во свој личен интерес. Влегувајќи во чести контрадикции, сепак, по некогаш изразуваше незадоволство од албанската не лојалност и нивното непочитување на македонските државни белези. Обележја на државата во која живеат и сакаат да бидат дел од политичкиот систем и власта во земјата, што е апсурд и акт за осуда. 

Не ли е тоа крајна црвена линија до каде Македонците можат да одат? Па во која држава тие живеат, во САД, ЕУ или Албанија? Зарем Македонија не заслужува да се почитуваат нејзините закони и државни белези?

Нивното децидно определување како странски политички елементи всадени во македонското општество не им докажува ли на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека коалицираат со странски политички субјекти кои не се квалифицирани да учествуваат во власта на македонската држава и да бидат важен фактор во формирање на Влада?  Зарем се' уште не ги сватија  матните игри на албанските политички партии? Како може некоја македонска политичка партија да коалицира со странски политички партии за состав на македонска Влада? Каде е Уставниот суд да реагира? Зарем ќе се дозволи уште  и странец да биде инсталиран за Претседател на македонската влада? 

Па драги мои, какви се овие детски игри со македонската држава? Албанците не се сметаат за дел од македонската држава, туку изигруваат некоја федерална единица, со право на отцепување. До тоа ќе стигнеме ако продолжиме по овој пат по кој не водат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Кој е главниот фактор за оснивање македонска Влада, Македонците или Албанците? А што ќе се случи ако Албанците ја бараат половина Македонија, ќе имаме ли Влада или ќе пристанеме и на тоа како и досега? И колкава ќе биде цената која Македонија треба да им ја плати на  Албанците за  да имаме "Влада по мерка на народот"? Прашајте го Али Ахмети, на кој му се фуќка за Македонија. Прашајте го него и сите како него кои не го почитуваат службениот јазик во  државата а уште помалку како високи "македонски" претставници во странските земји. 

За секогаш, Ваш Сотир! 

 

Горан Калоѓера до Димитров

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е МНОГУ ПОСТАР ОД ЕУ И НЕ МОЖЕ ДА ИСЧЕЗНЕ СО ДЕКРЕТ

 

 

9 август 2020

Хрватскиот македонист и поранешен почесен конзул на Македонија во Хрватска, Горан Калоѓера, го коментира предупредувањето од шефот на дипломатијата Никола Димитров дека евентуалната ревизија на Преспанскиот договор би можела да доведе до губење на македонскиот јазик во Европската унија.

"Навистина не знам што ми треба да се грижам за Македонците и да зборувам во нивен прилог, кога читам небулози од висока категорија на кои никој не реагира. Мислам на изјавата на министерот за надворешни работи, господинот Димитров, кој вели дека ревизијата на Преспанскиот договор би можела да услови губење на македонскиот јазик во Европската унија.

Чекајте малку... Европска унија, каде беше таа кога се зачна и почна да се зборува македонскиот јазик во дијалектите и во говорите на локалните области, кој може да услови губење на јазикот на еден народ со кој зборувале неговите прародители со векови, кој може да ја избрише богатата македонска книжевна продукција на јазикот во 19 и 20 век, независно од тоа што првата била дијалектно обоена, а другата пишувана во стандардот на книжевен јазик?

Кој може да ги избрише историските настани дека македонскиот јазик е прогласен за официјален во македонската република уште во текот на војната на првото заседание на АСНОМ во 1944 година во манастирот Прохор Пчињски? Кој може да го негира усвојувањето на азбуката и на правописот, што му претходи на нормирањето на македонскиот книжевен јазик? Европската унија?

Јазикот на еден народ не може да го уништи никој, ниту да го избрише од картата на светските јазици. Јазикот го живее својот живот, се развива, се разгранува, на него зборуваат Македонците во Македонија, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија, САД, Канада итн. Ајде изгаснете го тоа со еден декрет. Да не е смешно, би било трагично" смета Калоѓера.

https://expres.mk/kalogjera 

 НЕВЕНА ГЕОРГИЕВА-ДУЊА

ЖРТВА НА БУГАРСКИОТ ФАШИЗАМ ВО МАКЕДОНИЈА

 

Жртвите на бугарскиот фашизам во Македонија се бројни. Една меѓу нив е и младата партизанка Невена, родена во Скопје на 25 јули 1925 година, а загина на 6 декември 1942 година кај велешкото село Папрадиште, кога партизанскиот одред "Димитар Влахов" бил нападнат од бугарската полиција.

Дуња е учесник во НОБ од почетокот, односно од 1941 година и на 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизанка во партизанските одреди на Македонија. Таа станува борец на скопскиот партизански одред при неговото создавање на 22 август 1941 година. По расформирањето на одредот во ноември 1941, таа заминала во Велес, а потоа во Струмица. Помагала во подготовките на Струмичкиот партизански одред во летото 1942 година. Во мај  истата година во отсуство  била осудена на 7 години строг затвор, а во септември 1942 година станала борец на Велешкиот партизански одред "Димитар Влахов". Загинала во судир со бугарската полиција и велешката контрачета. Откако тешко ја раниле, и' ја отсекле главата и ставена на кол ја шетале низ велешките села за да се заплаши востанатиот народ. За страв пак на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставиле во еден централен излог.

Во чест на Невена Георгиева-Дуња се испеани неколку песни од НОВ, меѓу кои се и песните "По поле одат аргати" и "Пуста останала таја контра чета".

Во скопскиот Жена-парк има спомен-обележје за Невена Георгиева-Дуња.

denesen.mk

 Борис Сарафов

ВО БУГАРИЈА ВЛАДЕЕШЕ МРТВИЛО ДОДЕКА СЕ БОРЕВМЕ

 СВЕДОШТВА

Дојде вест дека имало борба над с. Цапари, во која имало 10-тина жртви, меѓу кои бил убиен и Лозанчев. Некои почнале и да се предаваат. Поради сето тоа на 01 јули над село Буф, горе во коријата, јас и Груев откако поприкажавме по прашањето за датата на востанието, и двајцата решивме востанието да се крне на 20 јули. За ова решение веднаш му јавивме на Петар Ацев во Битола, за да им јави на Софија и Солун. Лозанчев уште не знаеше за ова решение. Оттаму фативме преку Преспа назад во с. Златари, Ресенско, каде го најдовме здрав и жив Лозанчева. Тој сосем се согласи со решението. Во село Болно (на 9 јули) заедно со Лозанчева напишавме едно кусо известување до сите реонски началства - кусо, шифрирано, подвлечено (имавме една заедничка штапска азбука со бројки), а имено дека е одредено востанието да започне на 20 јули.

Оттука заминавме во Леорека, и потем во Боишта, во месноста такавикана Нина-Орница. На 15 јули почнавме да пишуваме поподробни окружни упатства, всушност заправо ги пишував јас, до реонските началства, и еден кус повик до народот, што требаше да го огласат реонските началници. Сето тоа беше напишано, требаше да се умножи. Заврна силен дожд. Слеговме во с. Боишта и во куќата на чорбаџијата Илија ги умноживме. Илија ме запраша: "Што работите, господине Сарафов?" Јас му реков дека ќе слушне наскоро. Упатствата ги испративме со брзи коњи насекаде. Во подробното упатство се укажуваше на начините за водење на борбата, да не се распуштаат луѓето по селата и по своите домови, без наша заповед и др...

Наближи денот. До 19 јули седевме во Боишта. На 20 јули изутрината бевме горе над Смилево. Решивме Штабот да земе учество при напад во Смилево.

Во Смилево, откако Турците беа одбиени, остана Груев, а пак јас решив со штапската чета и со штапското знаме (направено во Битола на сметка на Комитетот), да отидам во Охрид, бидејќи таму почнале да ги горат селата. Пред тоа со Груев напишавме протестно писмо до конзулите во Битола. Испративме отпечатени обрасци во Битола, да го преведат на француски. Во овој протест ја отфрлуваме од себе си сета одговорност; изјавуваме дека ќе им биде вратено на Турците, што ги палат селата, на ист начин. Напишавме и едно писмо до управата на железницата во Солун. Јас тргнав за Охрид на 28 јули, откако им јавив со писмо на горските реонски началства во Ресенско и Демирхисарско да дојдат со по 200-400 мина, вооружени со пушки, и со по 200 вооружени со секири и дикли, па со една сила од 800 мина да се  втурнам во Охридско, и да палам турски села. Одушевувањето во Демирхисарско беше огромно. Арсов не се појави со ниеден човек. Од Демирхисарците дојдоа само 50-60 мина, така што во с. Брежани јас имав се' на се 150 мина, заедно со охридските чети. Турците узнаа и нападнаа. Дадовме отпор, и Турците, накај 1000 мина, се повлекоа. Изгубија неколку жртви. Посакаа да го запалат селото. Тоа беше на 30 јули, но не успеаја. Потем на 10 август го запалија.

Бидејќи немаше толку сили колку што барав, и бидејќи беше опасно сите охридски сили да се сосредочуваат на едно  место, им дадов упатства како да отстапуваат. Меѓутоа крушевчани ме запрашаа што да прават кога ќе надојде војската. Ги посоветував да не чекаат војската да го преземе градот Крушево од нив. Од Охридско се вратив да видам што станува накај Крушево и се вратив во Демирхисарско. Се слушаше топовски татнеж, изјавуваа дека цело Крушево е изгорено. Го најдов Делчев, што беше прикрепен кон горското реонско началство во Демирхисарско. Дојдоа во с. Велмевци и крушевските реонски началници. Ги искарав што не го напуштиле благовремено Крушево, и не ги зеле со себеси потребните материјали, па заборавиле дури и сол да си понесат.

По неколку дена маткање и од Охридско пак дојдоа растрежувачки вести, и пак појдов за Охридско. На едно место  над с. Слатина најдов групирани околу стомина, имаше и други 300-400 мина над селото Турје, на оддалеченост од 2 часа од Слатина. Одредив да дојдат и тие, па со сите сили да ја нападнеме војската што доаѓаше да го гори Брежани. Тие дојдоа, туку не уште истата ноќ, туку утредента, кога веќе се креваше чад. Преку Мраморец одевме во Турје, за да ги подуспокоиме малу семејствата, што беа збрани таму од Малесијата, од изгорените села и др. Комитите се собраа таму, им одржав говор, да не паѓаат во очајание, ами уште да се крепат, бидејќи од пепел на тие колиби, ќе се роди слободата. Беше 10 август, овде-онде беше веќе паднало и слана, стана студено. Имаше мали дечиња... Дење требаше да вардат тишина, децата да не пискаат...

Од Тује отидов во Белица-Кичевско. Таму го повикав војводата Арсо (кого што сега пред 15 дена ги убиле Турците во с. Подвис). Му дадов и упатства и нему, да не ги трошат куршумите попусто и др. Слегнав во селата Пространи, Велмевци (Демирхисарско). Тука дојдоа охридските началници Кецкаров, Чакаров и Лазар Димитров (Л. Димитров беше болен). Зборувавме за тоа како да им се помогне на луѓето во Охридско, бидејќи беше фатил голем глад, оти Турците ги изгореле водениците, па требаше да се праќа храна од Демирхисарско и да се донесува жито за мелење во демирхисарските воденици. Слегов на отпочинок во с. Слоевштица.

Тоа село е удобно. Му пратив писмо на Груев да се најдеме. Му ја оцртав со мрачни бои положбата, главно затоа што нашите луѓе не се придржуваат токму како што треба за офанзивно однесување. Дојде Груев со Сугарева. Решивме какви мерки да се преземат против  оние што се поколебуваат и се предаваат. Пред тоа во Смилево, на 14 август, Груев и Сугарев биле нападнати од Турците. Јас им пријдов на помош, но беше доцна, тие веќе го напуштиле селото, и тоа беше изгорено, и се сместиле на Нина-орница. Отидов во с. Вирово, им собрав леб и им испратив. Дојдов на Нина-орница. По ова средба решивме да се продолжи активноста. Отидов во Слоештица, од каде заповедав да им се испраќа храна. Бидејќи Турците знаеја оти јас сум со штабот во Демирхисарско, не се решаваа да удрат веднаш, туку дури на 17 август од Смилево се збра аскер од неколку страни, околу 15-16 илјади мина. Отстапувавме полека со повремени куси престрелки. Извршивме еден ноќен напад, колку за збрка и смут. Потем Турците се повлекоа, и запреа кај с. Солби, а јас преку Велмевци слегов во Крушевско. И тука веќе беа почнале да се колебаат, мнозина комити ги напуштија четите. Тука пак ги охрабрувавме луѓето па четите пак се потстегнаа. Во с. Цер, што беше изгорено, троа ги пободривме селаните. Потем преку Брезово отидов во с. Бабино, каде на 30 август ненадејно дојде до борба. За малку само ќе ме фатеа жив во селото. Стражата се повлекла и аскерот навлезе. Се извлеков јавајќи на коњ; четата беше веќе извлечена од селото. Во оваа борба немавме жртви, освен 2-3 ранети. Вечерта слеговме во Слоештица, пак заобиколивме нагоре во Големо Илино, Мало Илино (Демирхисарско). Таму беа пристигнале охридските чети, беа голи и гладни, па имаше расправии за храна. На 9 септември, пак се сретнавме со Груев и Лозанчев над селата Словешчица и Вирово. Тие беа таму со смилевските чети.

Тука, на мој предлог, откако увидовме дека во Бугарија владее мртвило, најдовме за добро некој од нас да замине во Бугарија, да ја живне таму работата, и белки ќе се трогнат луѓето. Другарите предлагаа да одам јас, но јас категорички одбив, и предложив да отиде Груев, но и тој не се кандисуваше, и остана на тоа. Тогаш напишавме писмо до бугарската влада: ја оцртавме положбата, и ја повикавме да се смеша вооружено, уверувајќи ја дека ние во случај на војна можеме да задржиме до 5-6000 свои вооружени луѓе. Писмото го испративме до секретарот на агентството во Битола Кожухаров, и тој го препратил во Софија. Тогаш пристигна писмо од штабот, до Груев, дека Татарчев одел во Евксиногард, и дека ќе одржел застрашувачки тон и сл. Јас предлагав да се размисли како да се демобилизира и како да се легализира сета маса народ, искомпромитиран пред властите.

На 17 септември дојде една цела дивизија и не заобиколија со голема сила во с. Боишта. Ние се искачивме на Бигла, и зазедовме борбени позиции. Нашите крила отстапија, а ние се засолнивме во едни честаци во планината- и војската помина крај нас на 20 чекори оддалеченост. Потем пак заминавме во смилевската корија, и тука веќе решивме на 19 септември, како постепено да ги демобилизираме луѓето, и како да го спасиме оружјето. Веќе и не очекувавме резултат од нашето писмо до бугарската влада. Јас бев на мислење дека е подобро да ги распуштиме луѓето по наша команда, одошто тие да не напуштаат и да бегаат. И конзулите не окуражуваа така да сториме. Решивме да ги распуштаме партија по партија, откако го собереме оружјето. Јас се ангажирав да го сторам тоа во долните реони, каде не беа доаѓале Груев и Лозанчев, а имено во Преспа, Костурско, Леринско, Мариово, Прилепско. А пак Груев и Лозанчев да отидат во северните реони, во кој се движев јас. Им кажав дека потоа ќе си заминам за Бугарија. Пративме писмо до владата во Софија, - јас го напишав, дека ние, како што сме мобилизирале, така и ќе демобилизираме. Додадов уште дека ние не сме разбиени, дека градовите се уште цели и здрави и дека од градовите треба да се очекува преродба и јакнење на Организацијата. Потоа се разделивме.

Меѓутоа, пријателите наместо постепено, веднаш топтан ги ослободиле луѓето, им предпоставиле на луѓето самите слободно да решат кој како знае така да прави. И така во Демирхисарско се предадоа сите пушки. Груев ги прибра смилевските пушки. Наскоро по мене тргна и Арсов, што ги беше оставил луѓето што таму ги закопуваале пушките. Заедно со Арсов поминав преку Ресенско до Златари. Потем свртив во Преспа, до с. Сливница. Никој веќе не доаѓа кај нас; од Брајчино, Љубојно, Герман, луѓето го предале оружјето, водачите си заминале. Едвај најдовме еден човек да ни донесе леб. Немаше што да се спасува. Четите уште се држеа во с. Буф. Таму го повикав Ѓорги поп Христов, и тој ги демобилизира. Бевме предадени од еден цинцар, и дојде до борба во која загина гимназијалецот Константинов (од с. Зарово). Се извлековме благодарејќи на маглата. Потем стасавме во с. Трсје и Нерет. Тука ги собравме леринските чети, од кои требаше да се прибере оружјето. Селаните се уверија дека нема ништо да им биде. Им велев дека конзулите гарантирале оти ќе има некакви реформи (Мирцштегските) и др.. Штотуку ги собравме пушките, ете ти аскер. Страшна положба. Ги кренавме пушките под стража, а селаните ги тргнавме настрана, за да не видат каде ќе ги однесеме пушките. Слава му на господа, аскерот помина без да дојде до нас. Испратив писмо во Костурско, во кое им напишав еден началник да остане во Костурско, а другите можат да излезат. Потоа во Мариово (кај селото Лачен) Ѓорги поп Христов тргна со пушките накај Трсје  да ги скрие. Овде, утрото на 1-5 октомври во една корија не догледа еден Турчин, дрвар и дојде војска. Бевме 15 души-штабната чета. Појдоа по нас. Кога се качивме горе, веќе беше мрак, се извлековме. Бевме многу уморни.

Бевме стигнале дури до Вич. Ноќта поминавме во с. Котуре. Овде најдовме наши луѓе што ги бевме испратиле пред 4-5 дена; избричени, измиени, дотерани одвај ги познавме. Ни кажуваа дека во Лерин се јавиле кај пашата (турски генерал). Не прашува: "Каде бевте бре момчиња?" му одговоривме: "Бевме комити", "Зошто?" - "Не излажаа комитите", "Каде ви се пушките?" - " Ни ги зеде Сарафов". И ништо не ни сторија. Се' ни дадоа, ни дадоа коњи за целата чета, и ние над село Неволјани (во близина на Лерин) влеговме во шумата. Овде го поминавме денот. Од с. Котуре нарачавме коњи, одовде со коњите во село Сетиње. Бевме околу 20 души, коњица, ја поминавме железничката линија и целото Леринско поле. Наблизу имаше чадор со турска војска но не се јавија. Од Сетине стигнавме на север во Мариовските планини и таму ги најдовме четите со еден од војводите Леко Банички. Тоа беше на падините на Ниџе Планина. На 5 октомври врнеше снег. Дојде Ѓорче со костурски чети и др. околу 150 души на број. Се собравме околу 300 души.

Веќе беше невозмошно (доцна) Ѓорче со динамит да стори нешто на мостот кај Екшису. Четите се разоружаа. На Лазар поп Трајков му дадовме напатствија како да ги разоружа четите итн. Тој беше ранет. Ние потоа го продолживме својот пат и со мали премрежија стигнавме до бугарската граница. (denesen.mk) 

 Дарко Јаневски

ЗОШТО НЕ УСПЕА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ

***

СВЕДОШТВА

Зошто не успеа Илинденското востание? Што мислеле за неуспехот тие што учествувале во него? Какви биле размислувањата на Ѓорче Петров, Јане Сандански, Васил Чакаларов, Михаил Герџиков за пропаста на востанието со што е закопана идејата за автономна Македонија на целата нејзина територија?

********************

ВАСИЛ ЧАКАЛАРОВ

Оваа легенда од Костурско доживеал сериозно разочарување кога дознал дека всушност, надвор од неговиот округ и надвор од Битолскиот револуционерен округ востание и немало. Во писмото до Лазар Киселинчев, напишано во понеделник на 22 септември 1903 година (стар стил), тој го наведува следното:

"Може со сигурност да се каже дека оттаму Леринско немало никакво востание, таму дури сега се агитирало и покрстувало. Четите таму се движат скришно и апсолутно никаков напад не презеле ниту имаат намера да сторат нешто. Четите, па и селаните, ги одбегнуваат средбите со костурските чети, за да не си навлечат некоја опасност. Исто е и во Прилепско, таму нема никакво востание, ниту еден од Турците има некаде повреден. Прилепскиот раководител Петар Ацев бил многу лут, зашто костурчани направиле толку шумно востание и зашто воопшто востанале.

Натаму бил и Ѓорче Петров со една чета, но систематски избегнувал да се сретне со нас. Со него бил и Пере Тошев. И двајцата го осудувале штабот зашто побрзал да крене востание толку брзо. Тие се криеле по некакви непроодни планини и не преземале никакви дејствија, за да не им го нарушеле спокојството, дури избегнаа да се сретнат со нас. Од тоа нашите момчиња многу се разочараа, штом видоа дека таму нема никакво востание. Во Воденско дури ни една чета. Солунско, исто така. Само во Одринско се слушаат ѓурултии и сето тоа придонесе нашите да паднат во очај и да паднат со дух, а затоа многу придонесе и нивната голотија. На сите востаници облеката им е распарталена, до еден се боси, без опинци, додаи ја кон тоа гладта и очајот е целосен." 

Всушност Чакаларов не бил изненаден, туку бесен. А, како и не би бил кога без збор ја прифатил одлуката за востание (всушност, тој вршел силен притисок за кревање  востание на Конгресот во Смилево, зашто гладот во Костурско бил перманентен), го кренал, ослободил многу села, плус градовите Клисура и Невеска, држејќи ги Турците надвор од нив многу подолго отколку што тоа го сториле крушевчани, за на крај да сфати дека Костурско и Битолско всушност биле сами. Тој бил во Смилево кога бил определен датумот за востание и гласал 'ЗА', но веројатно последно што му паѓало на памет е дека на крајот ќе биде оставен сам.

Зошто тоа било така? Зошто востание имало само во Битолско и Костурско и со повеќе од споредни акции во сите други краишта на Македонија? Зошто немало ниту една акција во самите градови, како Солун, Скопје, Битола, Прилеп, Кукуш или Сер? Дали била во прашање само неподготвеноста поради која останатите окрузи не го кренале востанието или станувало збор за таков расцеп во редовите на ТМОРО што успешното востание било речиси илузија, а сето тоа довело до состојба во која битолските и костурските чети, заедно со населението во тие краишта, практично биле оставени на егзекуција на турските војски.

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Од Чакаларов не може да се дознае нешто повеќе за тоа. Но, затоа, Ѓорче Петров, една од клучните фигури на ВМРО за тоа време, пет години по востанието, зборувал токму за тој расцеп, и за различните погледи околу тоа дали Македонија е подготвена и дали треба да се крева востание:

'Славчо Ковачев и Чернопеев мислеа дека треба да се дигне востание, зашто ако до тоа не дојде, се' е изгубено. И во Битолско се заострија работите: аферите станаа многу чести. Опасноста дека турската власт ќе го соберат оружјето се засили и се' повеќе се чувствуваше во Македонија. Нестрпеливоста беше голема, посебно во Битолско. Тоа беше пошироката основа и тоа беа мотивите со кои се оправдуваше востанието. 

Ѓорче Петров и сопругата Јорданка.

Вистинска причина беше дека војводите и раководителите беа се' повеќе уморни и многумина од нив поради тоа станаа нестрпливи. Личниот елемент одигра голема улога и тој може да биде еден од главните виновници за востанието. Некои од старите дејци едноставно беа уморни и нетрпеливи, други пак ги туркаа работите кон востание поради славољубие. Даме беше меѓу првите, Гарванов од вторите. Имаше убедувања и од тесноград карактер: Гарваноов од Солун со писмо, а Славчо Ковачев тука на еден собир, усно ја лансира лекомисленоста дека затоа што есента Цончевци подигнаа востание, тоа треба напролет да го сториме и ние за да не останеме поназад и за да не кажел народот дека не сме способни. Третиот мотив беше народот; нашите се уплашија од димензиите на својата рожба, немаа верба во населението дека тоа нема да се уплаши и на крај се' да пропадне', раскажувал Ѓорче Петров.

Според него, есента 1902 година, Иван Гарванов веќе имал одлучено да се крене востание и за тоа се советувал со луѓе за кои сметал дека ја подржуваат таа идеја, како Атанас Лозанчев. Клучна пречка му биле Ѓорче Петров и Гоце Делчев. Овој последниов на едно заседание во Софија во декември 1902 година на кое присуствувале околу 20 мина видни членови на организацијата (меѓу кои и такви како Христо Матов, Христо Татарчев, Борис Сарафов и др.) толку се изнервирал што целиот бил испотен и постојано фучел. Тој отпор на Ѓорче и Гоце предизвикал паника кај Гарванов во Солун, но и во Битола каде се' уште се надевале на востание со општа согласност што би значело дека ќе се крене цела Македонија, а не само еден нејзин дел.

Интересно е што најгласни за кревање востание беа тие што потоа не учествуваа во него, закључи Ѓорче, иако не е јасно на кого мислел кога го искажал ова.

ЈАНЕ САНДАНСКИ

Цароот на Пиринска Македонија е уште еден од противниците на востанието. Сандански, кој по смртта на Делчев останал единствен на територијата се' до Сер, воопшто не бил воодушевен од решението во Солун за кревање на востание. Го сметал за ујдурма на Гарванов и сарафовци, како што ги нарекувал приврзениците на Борис Сарафов и решил да го бојкотира решението спроведувајќи ја својата замисла според која треба да дејствуваат само четите, но не и населението. Сепак, и тоа дејствување на четите се свело на неколку половични акции, кои со оглед на погромот што се случувал во Битолско и Костурско, не вереди ни да се споменат. Меѓутоа, Сандански сметал дека решението за востание е толку сериозна грешка, што во спомените вели дека душата му се скршила кога дознал за тоа:

"Тоа беше на јануари 1903 година. Бев повикан во Серес за една многу важна работа. Поминавме преку Сингартиите, Либјахово, Ловче, Броди, Дутли. Тука дојдоа учителите Лазар Димитров, Ангел и Ѓорги Динев, и најавија дека во Солун се решило да се крене востание. Тоа беше како вистински гром да ме погодил. Паднав сосема скршен, не можев да одам. Пред да дојде она првото писмо во кое ме прашуваа за востанието, бев сосема поинаков, не чувствував ниту измореност, ништо... И се искажавме против кревањето востание, и јас во Јучдјурук испратив писмо со одговор. Им пишував и во Разлог и тие да се изјаснат, и тие се изјасниле против, и единствениот делегат од Серез во Солун бил против кревањето востание. Споменатата вест морално не отепа; сосема друго мислевме за Организацијата, друго агитиравме, а сосема поинаку излегуваше. Веќе немав ни лице, ни срце да агитирам. Ги оставив момчињата да агитираат.

По атентатот врз тунелот (кај Ангиста што претставува последна акција на Гоце Делчев, н.з.), Делчев отиде во Солун, божем да ги разубедува да не креваат востание. Тогаш се дозна дека битолчани не сакале веќе да чекаат. Тогаш реков дека штом битолачни веќе не сакаат да чекаат од оваа страна на Вардар ќе треба само четите да дејствуваат, а народот на ниту еден начин да не  се крева на востание... На селаните им велевме дека треба да ни ги дадат тие работи што ни требаат и ништо повеќе од нив да не се бара. Им забранувавме да востануваат, велејќи дека само ние и четите ќе дејствуваме колку што можеме... Два три дена заседаваме во Пиринско, кај Ливадката и решивме никој да не го вовлекува населението во борба, туку секој да гледа да стори колку што може. И тогаш решивме да го кренеме во воздух демирхисарскит мост, а ако може да нападнеме и на градот. Го пративме потпоручникот Васил Ангелов со демирхисарската чета да проучат што може да се направи бидејќи аскерот варди од двете страни. Датата на востанието кога ќе започнеме со терористичките акции беше одредена за 14 септември - Крстовден."

Тоа е исповедтта на Сандански. Пиринскиот цар се кренал на востание еден месец и два дена по смртта на Питу Гули, половина месец по падот на Смилево, девет дена по последната битка на Чакаларов кај Грамос кога неговите востаници, притиснати од османската војска која слободно надоаѓала од сите страни, почнале да напуштаат и една битка со Арнаутите, па војводата резигнирано запишал:

"Вчерашните херои се преобразија во страшливци и треба човек со сила да ги тера за да им се придружат на своите војводи и да си ги заземат местата; некои од нив дури натепав, а по некои стрелав со пиштолот во воздух за да ги исплашам."

МИХАИЛ ГЕРЏИКОВ

Истовремено во Солунско, Скопско, во источниот дел на денешна Република Македонија, речиси и да не бил испукан куршум, иако секаде ќе се најде по некоја чета која се обидувала нешто да направи. Но, востание речиси и да немало надвор од Костурско и Битолско, и тоа не само во Македонија туку и во Одринско, каде акциите започнале дури на Преображение, безмалку три недели по Илинден. Главниот организационен војвода за тој крај, Михаил Герџиков, раскажувал дека всушност во Одринско и не било време да се крева востание.

"За револуционерно движење во овој крај уште не се зборуваше. Од своја страна политичките прилики не беа поволни. Русија не сакаше да допушти едно такво движење пред Цариград, бидејќи овој праг го држеше слободен за себе. Прашање беше дали Европа е подготвена како во 1876 година на потиснатите да им помогне. Ете затоа и јас по решението во Солун бев против востание..."

И покрај ваквиот став на Герџиков, работите не оделе како што треба. Но, за разлика од македонските револуционери, овој Одринец вина за тоа наоѓа и во судбината:

"На 22 април 1903  година (стар календар), Делчев беше убиен. Судбината отстрани една голема пречка во борбата против решенијата на Солунскиот конгрес" вели Герџиков.

Во мај, тој веќе ја добил одлуката на Смилевскиот конгрес. Бев изненаден, се сеќава подоцна. Но, морал нешто да преземе и затоа организирал Конгрес на Петровден кој трае четири дена. Сите се согласиле дека одлуката за востание е повеќе од ризична, но дека сега тоа мора да се крене. Одлуката Герџиков ја објаснил со прашањето:

"Бидејќи Македонците се дигаат сега, дали ние Одринците по две-три години ќе можеме сами да востануваме?" 

Единствениот на тој Конгрес кој бил против востание, Катерински од Свиленград, Одринци го затвориле во една колиба. Но тоа не го решило проблемот. Македонците неподготвени донеле одлука за востание, кое потоа повлекло исто таква одлука и во Одринско, иако таму состојбата со подготвеноста била полоша дури и во однос на Македонија. Затоа Герџиков се трудел востанието да започне подоцна, што е уште една од низата грешки.

"Знаев кога почна Илинденското востание. Но од таквите причини не брзав и ние да кренеме востание; чекавме турската војска да замине за Македонија и потоа да востанеме."

Така се дошло до ситуација во која востанието било вистински кренато само на еден помал дел од територијата на Македонија. Последиците биле страшни, колку поради убиствата и разурнувањата толку и по иднината на Македонија. Востанието довело до т.н. "Мирцтегштки реформи", а нивното бавно и нецелосно спроведување до средбата меѓу англискиот и рускиот крал во Ревал во 1908 година (денешна Талин, Естонија), кога двајцата монаси се согласиле дека македонското прашање треба да се реши со автономија. Таа средба пак била непосреден повод за Младотурската револуција, која спротивно на тоа што некои историски неуки личности во Македонија пропагираа во изминатото, не  и' донела ништо добро на Македонија. Напротив, на пример, турската историја е едногласна дека таа само ја ослабила империјата, довела до Балканските војни и до дефинитивната поделба на Македонија.

*********

Тоа се сведоштвата за тој период од македонската историја. Дали тоа ја намалува вредноста на востанието и херојството на учесниците? Не, се разбира. Но, може да послужи како лекција за иднина и за тоа како треба или не треба да се преземаат судбоносни и крупни одлуки. Нормално, за разумен човек, не за оние кои сметаат дека од минатото треба да се ослободиме. (denesen.mk)

 ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

*** 

АНТЕ ПОПОВСКИ

 

МАКЕДОНИЈА

Стиснете ги тревките
неа ќе ја исцедите.
Наслонете се врз каменот
името ќе и' го чуете.
Симнете се во рекине
дното со неа ќе ве почести.
Легните да починете
и ноќта со неа ќе ве покрие.
На овој даб името ќе ти го напишам
дождовите да го симнат
жедните в земја
да ги напоиш.
На оваа нива грутка од тебе ќе посеам
класатка да никне
со неа внучињата да ни ги храниш.
На овој рид ќе те оставам
и кога ќе заминам
пак да те гледам
Голема.
Еве ја таа проста земја
од дволичен камен
и сонце.
Децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи по градините.
Еве ја таа проста земја
од пајажина
и од води,
Мудро слободата кај што ги запишува
селските имиња
Место икони по црквите
И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат.
Еве ја таа проста земја
од заморено дишење
и од молк
Низ која времето одминува
и пак се враќа
Со неа да го сподели лажното траење.
О, еве ја таа проста земја
од грч
и од чекање,
Што ги научи и sвездите да шепотат на македонски
А никој не ја знае.
Се искачија маглишта по ридон нагоре
- И месечината ќе ја украдат.
Долу по рекана,
Горе по добравана,
Одsива полено којзнае кој век
Во војнички цокули обуено.
За рик волчји и уплав на небињата мојата земја е создадена
Без чемреси и без божилак.
До капка, три дена пред да се покаже над мојата земја,
Гробишта облакот го исцицуваат
И црна сенка од нож место крст каменот што те покрива го сени
За вечни времиња.
Зашто ништо друго не му прилега на ова диво билје и црногорица
освен да го чека недојденото.
Се изнагледав месечина. Како капка мојата изгорена душа
Те испи за три животи напред и пак горам.
Истеков со сите реки и празни корита им донесов на морињата
- И за шпионот во твои меса, ако се крие, болка ме пече
Зашто, ти од малена не научи
Така просто, така јасно да си се разбираме.
Тој нож што нема-среќа нема.
За неколку нови чекори недостижност
ме остави утриннава зад тебе.
Чинам се делиме:
Твојот пат нагоре,
Мојот пат кон тебе води.
Стапни ме, во твоите корени скри ме,
Никој пат да не се разделиме.
*********
Анте Поповски

 

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 303, 10 август 2020