СПОМЕНИЦИТЕ СЕ  МАКЕДОНСКИ - НЕ ГИ ГИБАЈТЕ!

 

Сотир Гроздановски-Македонски

НАРОДЕ МАКЕДОНСКИ   ЗБОР ИМА МИРОСЛАВ ГРЧЕВ!

 

04 август 2020

Мислев дека на архитектот Мирослав Грчев, познат по неговите невообичаени афоризми и метафори, му се случило нешто па затоа одамна не сум чул ништо за него и неговите чудни толкувања на светот околу нас, но се излажав. Мислев исто така можеби му е одмаглил некаде каде има истомисленици кои безпоговорно ги прифаќаат неговите налудничави идеи, но и во тоа се излажав. И најпосле дознав дека не е отиден никаде, туку се' уште  ти бил во Скопје, размислувајќи како да ги суреди спомениците на македонските великани од далечното и поблиското минато, бидејќи тој не нашол ништо заедничко со нив, во овие модерни времиња, кога самите  себеси сме си доволни.

Но, се разбира имал и некои други размислувања и идеи за кои во текстов ќе речеме нешто повеќе, бидејќи тие  им се разбирливи и прифатливи само на "умни" луѓе,  какви ги има цел буљук во СДСМ, вклучувајќи го и нивниот "мудер" лидер, Зоран Заев. 

Грчев е и човек, драги мои, - булдожер за решавање и уништување на деликатни проекти спротивни на неговиот специфичен и личен вкус, како на пример  големиот зафат со таканаречената "антиквизација" на Македонија кодиран со СКОПЈЕ 2014. Но најважно од се' е, што  Грчев е и човек откачен од светот зад него  верувајќи, притоа, само во сегашноста во кој тој вегетира, што на крај на краевите ќе му донесе само фрустрации, зошто зад себе ќе остави  пустош како резултат на заблудите со кои е опчинет дека се' што било зад него, е неважно минато кое треба да се заборави.  Барем во Македонија, за која нему му се фуќка дали ќе ја има или не! Интересно, нели?

И така свесно и злосторнички се настојува да се прекине континуитетот на сите материјални и духовни врски со нашето минато, за да се отворел простор за творештвото на новите властодршци од кое време ќе почнел да тече новиот живот на слободата, што е надвор од секое разумно размислување.  А Грчев е надвор од секоја здрава логика и безвреден да се дискутира за било што со него. 

Па затоа, можеби, смета дека таквото бедно однесување спрема народниот имот му одговара на "интелектуалец" како него со штуро познавање на македонската национална историја, нејзината вредност и значењето на објектите кои намерава да ги ликвидира, меѓутоа, тој сепак заборава еден важен факт, дека тоа не му е наследство од неговиот татко или  друг роднина со корени во Грција,  па може со нив да прави што сака без никаква одговорност. Сите тие споменици и други  објекти од историски значај за македонскиот народ се создавани и градени од Македонци со македонски пари, а не со драхми. Создавани во едно задоцнето време, за Македонците, од политички и туѓи интересни причини наложени од внатрешни и надворешни чинители. И затоа, неговите траги од времето на владеењето на неговата политичка опција ќе бидат поврзани со кинење на врските и рушење на материјалната култура на македонскиот народ создавана  со милениуми наназад. Со кинење на националниот континуитет на македонскиот народ, што за Грчев не значи ништо.

Инаку, Мирослав Грчев не е баш обичен смртник, тој е следбеник на Зоран Заев, член на Советот за култура на СДСМ и раководител на работната група на Министерството за култура за анализа на проектот Скопје 2014 и не така често видена личност на медиумите кои, сепак, сакаат да слушнат што има да им соопшти на гледачите.

Па така, пред само неколку дена, на 31 јули 2020 година,  Грчев гостуваше  на Канал 5 телевизија во  "Само Интервју". И гледајте чудо, очекувано само од самобендисан и мизерно арогантен човек,  како од торба истресе куп нови глупости  на очиглед на целата македонска, а веројатно и пошироката јавност, дека Портата на Македонија и спомен куќата на Мајка Тереза од проектот Скопје 2014 треба да се срушат, додека пак другите споменици од овој проект да се дислоцирале!? 

Па добро бре човече, ама каде ќе ги лоцирате? Во Атина или Софија? Па тие и така имаат на секое ќоше по некоја копија од нашите великани, па мислите дека ќе  најдат место и за нашиве? Освен ако ги заменат своите не впечатливи  со нашите, бидејќи нашите споменици  се повисоки и поубави од нивните, што би било логично тоа и да се случи. Но, во секој случај  срамите се доколку такви сулуди мисли ви дојдат дури и во сон! 

И уште пак  самоуверено во своите недоветни идеи, нагласи дека ако Портата на Македонија чинела 7 милиони да се изгради, таа за 70 000 евра може да се урне. 

Е, мој Мирославе, Мирославе! Па   ако треба нешто да се руши, удрете по бесправно изградените хотели, ресторани и куќи со високи заштитни авлии како од времињата на Отоманската империја. А не по спомениците кои се едино македонско обележје преостанато кое ви ги копа очите! 

Не е лесно да се урива изграденото ниту во вашето двориште зошто сте вложиле свој капитал, ама ако тоа не е само ваше, е тогаш работите подруго стојат. Ќе морате да барате дозвола и од нив, па макар да се и членови на вашето семејство. Не е ли така?   Ама ако се работи за општонароден имот од било која категорија, тогаш подруги правила важат и не без заедничка дозвола на сопствениците.  А вие, ви паднало на памет, па удри и удри фрлај народни пари за рушење, наместо за градење. Кој ве овластил да ја бришете македонската историја, преименувате македонската држава, македонскиот идентитет, македонскиот јазик... Да ги распродавате како ваша стока да се? Тоа го прават само агресори и завојувачи, посилни од народот, ама и тие на крај на краевите го плаќаат цехот.

Па вие Мирославе сте член на една криминална банда полоша од секој воен агресор кој поминувал низ Македонија низ вековите. Може ли вашиот замаглен ум да разбере до каде стигнавте? Ја урнавте и украдовте цела Македонија и го обезглавивте македонскиот народ, затоа што ви се може, не ли? - и ниту влакно од вашата глава не изгубивте!

Па ни Тито кој го имате зад себе не уриваше, туку градеше и правеше се', народот поарно да живее! Тој не ни го продаде името и државата, и обезличи македонскиот народ, туку во границите на своите овластувања ни овозможи да ја конституираме македонската држава и да воспоставиме колку толку функционални институции, кои за жал повеќе не функционираат во полза на државата која според вашата свечена заклетва требаше да ја браните и од самите себе.  А вие, што направивте? Тресете глупости по светот дека Македонците  ја краделе туѓата историја и затоа треба да им се врати!? И уште  постојано нагласувате, како папагал, дека македонската нација, заедно со  90 отсто од нациите во светот биле измислени во 19 век. Па што е чудно во тоа? Јадниче безвредни? - ако е тоа така, кој ѓавол вашиот шеф  се одрекна од се' во полза на Грците, Бугарите и Албанците? Ако не од злоба, примитивизам и тотално непознавање на својата, македонската, национална историја во која се вградени без број животи на македонски ќерки и синови, ама и изроди, кодоши, криминалци и велепредавници како вас?

Па господине Грчев, се' е измислено и планирано на дуњава во дадено време и погодни околности. Дури и вашето раѓање, за наша несреќа,  што се' уште ве трпиме, а да не експлодираме.

И за крај, како завршница на  текстов  да ги споменеме размислувањата на генијалецов околу куќата  на Мајка Тереза и тоа би било доста. За сега!

"Владата не е надлежна да дискутира за тоа", вели Грчев! "Идејата за пренамена е за мене вон памет. Не е направена ниту студија колку чини демонтирање на тие градби и споменици, нема ни пресметка, ниту е консултиран градежен инженер. Еден аспект е дека вакви прекршувања зрачат со незаконитост, а од друга страна улиците се уништени"!? - заклучува Грчев.

Бре, кој ни зборува за законитост, право и правда! Па,   мој народе, македонски,  и после сите злосторства и деструкции на нашата Татковина и нашето обезличување како народ и нација вие на неодамнешните парламентарни избори му го дадовте својот глас на вакви џелати  да ве докусурат, за до идниот изборен циклус  не остане, ама, ништо од вас и од нас во светот. Затоа велам, нека   ни е алал верата и нека не чува Господ од полошо. Ако сака!

Секогаш Ваш, Сотир! 

denesen.mk

ПРЕД 78 ГОДИНИ НА ГАРНОЗОНСКОТО СТРЕЛИШТЕ ВО СОФИЈА СТРЕЛАНИ СЕ НИКОЛА ЈОНКОВ ВАПЦАРОВ И АНТОН ПОПОВ МАКЕДОНСКИ ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ И ПАТРИОТИ

СОФИЈА

На 23 јули 1942 година на Гарнизонското стрелиште во Софија стрелани се Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов, македонски интелектуалци и патриоти.

*************

Вапцаров бил поет, есеист, новинар и револуционер и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938-1941). Роден е на 7 декември 1909 година во Банско, Пиринска Македонија, каде го минал и детството.

Вапцаров учи гимназија во Разлог, Пиринска Македонија, но поради тешката материјална состојба го прекинува образованието и потоа завршува воено поморско-машинско училиште во Варна. Поради условите во кои живеел, Вапцаров се школувал, а подоцна и пишувал на туѓ јазик, но никогаш нема да заборави дека е Македонец.

Првата своја песна "Кон светлите идеали" ја објавува во весникот "Борба" во 1926 година. Наредните две години своите творби ги објавува во списанието "Родина". Се жени со Бојка, ќерка на Македонци, доселеници од Егејска Македонија. Во 1935 година Бугарија ја зафаќа економска криза. За да преживее Вапцаров работи како физички работник во фабрика во Софија во многу тешки услови. Борејќи се со сиромаштијата, ќе доживее лична трагедија - ќе му почине синот единец Јонко. И покрај невремето во кое живеел, не престанал да пишува.

Станал член на тамошното антифашистичко движење и еден од организаторите на протестите кои ќе започнат по затворањето на фабриката во која работи. Фабриката повторно проработува, но Вапцаров е веќе трн во окото на власта и останува без работа.

Неговиот талент за пишување е неспорен. Со една негова песна победува на анонимен конкурс на списанието "Летец". Победува и на натпревар за радио-драма, но откако организаторите дознаваат за кого се работи, неговата драма не е поставена ниту емитувана.

Во 1940 година Вапцаров ја издава својата единствена стихозбирка "Моторни песни".

Заедно со Михаил Сматракалев и Антон Попов во октомври 1938-ма е еден од оснивачите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој подоцна се вклучуваат и Коле Неделковски, Венко Марковски, Ѓорѓи Абаџиев и други.

Во реферат по повод основањето на кружокот, Вапцаров напишал:

"На нас, како Македонци што пишуваат, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, ќе ни раздвижи  многу претопени чувства, многу спомени...Зашто ако последните години македонската револуционерна борба тапка на место, ми се чини дека причината е во недестигот на жива творечка сила... Се случи така што во српска и грчка Македонија (Вардарска и Егејска) - великобугарските утопии се оладуваат и јакне едно поколение инспирирано од лозунгот "Слободна и независна Македонија".

 Вапцаров натаму вели:

"Тоа е најважната етапа од македонското прашање кое навреме не го забележавме и за чие преспивање носиме одговорност... Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, овојпат треба за се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха... Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на национално-револуционерното движење - Илинден, Гоце Делчев, Даме ... Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза..."

Овие зборови на Вапцарод доволно кажуваат каков Македонец бил тој.

Во април 1939 година е донесен Статут на кружокот, во кој јасно се нагласува дека: "Кружокот е самостојна, независна група од македонски поети и писатели, Обединети од заедничка цел да работат за создавање на македонска уметничка литература."

Освен рефератот на Вапцаров, зачувани се и други написи, статии и реферати на членовите на кружокот, кој на своите собири ги читале своите дела и меѓусебно си давале критики за напишаните творби. Зачуван е текстот на Антон Попов "За македонската нација".

Во 1941 година, заради прогонствата и затворањата на членовите на кружокот, тој престанува да постои. Вапцаров започнува илегално да делува и учествува во многу саботажи. На 4 март наредната година е уапсен од бугарските фашисти и потоа неколку месеци крвнички мачен во софиските затвори.

Знаејќи дека го чека смрт, Вапцаров се обидува да се самоубие сечејќи си ги вените. На 23 јули 1942 година бугарскиот суд го осудува на смртна казна без право на жалба. Истата вечер Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов се стрелани на гарнизонското стрелиште во Софија.

Никола Јонков Вапцаров останува еден од најголемите синови на Македонија, пишуваат Македонците од ОМО "Илинден" од Пиринска Македонија, и додаваат "Македонија не смее да го заборави".

АНТОН ПОПОВ Е ПРАВНУК НА ПОП СТОЈАН ОД БЕРОВО

Антон Николов Попов роден е на 20 октомври 1915 година во Попово маало, село Игуменец (денес Гега) во Пиринска Македонија. Тој е македонски писател, патриот и учесник во отпорот против режимот во Бугарија. Бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.

Неговиот прадедо поп Стојан се доселил од Берово. Тој, како соборец на Иљо Малешевски и учесник во Кресенското востание, бил убиен од Турците. Истата судбина го снашла и дедо му Костадин Попстојанов, војвода на чета во Горноџумајското востание, заедно со неговите двајца браќа. Татко му, учителот Никола Попов бил учесник во револуционерните борби.

Попов основно образование завршил во родното село, потоа продолжил во гимназијата во Самоков. Заради учество во ученички кружок и ширење на марксистички идеи помеѓу учениците на гимназијата бил исклучен и принуден да го продолжи своето средно образование во Неврокоп, каде и го завршил во 1933 година.

Неможејќи поради материјални тешкотии да продолжи на факултет станал учител во Гега и за кусо време создал интернат за 100 сиромашни деца од селото. Од 1934 година Антон Попов бил член и на Бугарската комунистичка партија (БКП).

Во 1936 година се запишал во Државното високо училиште за финансии и административни науки во Софија, а есента 1937 година станал чиновник во Софија каде работел и како новинар. И Попов е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во 1938 година. Во тоа време ја напишал статијата "Дали постои македонска нација", во која дава образложен позитивен одговор.

На почетокот на мај 1941 година е мобилизиран во 25 пешадиски полк на Беломорието. По нападот на нацистичка Германија врз СССР заедно со Никола Вапцаров стануваат членови на Воениот центар при ЦК на БКП, каде пројавил вонредна активност. По апсењето на Вапцаров на 4 март 1942 година, набрзо, на 24 април бил уапсен и Антон Попов. Во судскиот процес против ЦК БКП на 22 јули е осуден на смрт и на 23 јули, заедно со Никола Јонков Вапцаров и четворица други комунисти бил стрелан на софиското гарнизонско стрелиште.

Со неговото име и во негова чест, Петричкиот партизански одред, формиран на 24 мај 1944 година е наречен "Антон Попов".

Еве што запишал Антон Попов:

"Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари... Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух - не беше признат. Историјата на човештвото е полна со неправди... Кој ги инспирира настојувањата да се избрише македонското сознание, македонското име, да не го признаваат правото на македонскиот народ да биде господар и чувар на својата родна земја? Кој ги поттикнува нивните свирепи мерки, нивното цврсто решение? Кој ги поддржува и оправдува нивните настојувања - плен на угнетување да бидат нивните славјански браќа"? - напишал Антон Попов.

(Д.Г.) 

 Марко Петревски

БРИТАНСКИ ПАТЕПИСЕЦ ВО МАКЕДОНИЈА (3)

Едвард Браун во 1673 година првпат видел и пробал патлиџан токму на Балканот

(https://denesen.mk) 

Престојот на британскиот научник и патеписец Едвард Браун во втората половина од 17 век во Македонија бил во топлите месеци од годината, а тоа се забележува од неговите записи каде што вели дека температурата на Балканот била висока. Летото и раната есен се најплодните сезони од годината кога овошките, зеленчукот и градинарските култури на Балканот се зрели и подготвени да се постават на трпези.

*****************

Заминувајќи од Битола преку Лерин, патот го донел до селото Горно Врбени во Егејска Македонија. Од овде можел да ја види планината Олимп на крајот на хоризонтот, седумдесетина милји од него, а од левата страна и двете езера Петерско и Островско. Близу Врбени имало издашни извори на минерална вода, а патеписецот и спомнува предание за настанокот на овие езера. Наводно, тие во минатото биле создадени со тоа што локалните жители со огромни камени блокови изградиле брана на реката и целото поле го поплавиле создавајќи големо езеро.

Заминувајќи од Македонија, патеписецот стигнува во градот Лариса, во Тесалија. Овде, на овој дел од Балканот, Браун преку неговите записи зборува за начинот на исхрана, кулинарството и за прехрамбените навики на населението на Балканот. Браун спомнува дека овде имало многу желки и христијанското население го јадело нивното вкусно месо. Тоа пак, наидувало на потсмев од Турците кои претпочитувале пилешко и овчо. Овој запис може да се смета за показател на класните разлики во отоманската империја бидејќи пилешкото и овчото месо може да го јаде само оној кој има стадо овци или чува кокошки, а желкиното месо е бесплатно и може да се набави од шумите.

ПРВИОТ ДОМАТ ВО ТЕСАЛИЈА 

Покрај импресиите од големите и највкусни лубеници што Браун ги пробал, виновата лоза, смоквите, калинките, портокалите, сливите и други плодови кои веќе биле распространети низ Европа, патеписецот од Британија споменува овошје кое дотогаш никогаш не го сретнал.

"Тие имаат овошје кое го викаат патлиџан. Вкусот е нешто помеѓу лубеница и краставица. Од него прават вкусно јадење. Семките од срцевината ги вадат, ги полнат патлиџаните со месо или колбаси и потоа ги варат", запишал Едвард Браун во 1673 година кога за прв пат вкусил домат.

Според информациите кои се достапни на интернет, доматите првпат биле донесени во Европа во 16 век, но, долго време потоа не биле плантажно одгледувани и многу ретко можело да се најдат на трпезите низ Европа. Потеклото на доматите е од Јужна Америка и веројатно првпат биле култивирани од Инките и Астеките во раниот среден век. Иако сега доматот е широко распеостранет насекаде во светот, во Британија првпат почнал да се одгледува плантажно и да се продава на пазарите дури во 19 век.

БАЛКАНСКИОТ КРОМИД БИЛ ТРОЈНО ПОГОЛЕМ ОД БРИТАНСКИОТ

Според Браун, во тоа време балканците во речиси секое јадење додавале лук. Иако дотогаш патеписецот не обожувал кромид и лук, запишал дека тие овде се извонредни за разлика од оние во Британија. Биле двојно или  тројно поголеми, вкусот им бил попријатен односно умерено лут и не биле со толку непријатен мирис. Во пределите на Македонија и Тесалија покрај плодовите за прехрана и зачините како мајоран, рузмарин и сусам, Браун забележал дека во големи количини се одгледува висококвалитетен тутун и памук.

**************

Во наредното и пoследно продолжение од овој фељтон ќе прочитате за престојот на Едвард Браун во Скопје и за атмосферата во градот дваесетина години пред да биде изгорен од пожарот кој го предизвикал Пиколомини.

Продолжува 

 ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

НИКОЛА ЈОНКОВ ВАПЦАРОВ

 

 

  ПРОШТАЛНА

(на жена ми)

(песната ја напишал непосредно пред да биде стрелан)

Понекогаш ќе ти доаѓам на сон,
како нечекан и несакан гостин.
Не ме оставај ти надвор, на патон
- вратата не ја лости.
Ќе влезам тивко, кротко ќе седнам,
ќе вперам поглед во мракот да те видам.
Кога ќе се нагледам -
ќе те бакнам и ќе си отидам.
***********
Н.Ј.Вапцаров

 

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 302, 05 август 2020

 

ВИДЕОТЕКА - VIDEOTEKA