БЕЗ БОРБА НЕМА СЛОБОДА

 

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ТЕХНОЛОГИЈАТА "ВИНОВНА" ЗА ПОЛИТИЧКИОТ АРАМИЛАК

 25 јули 2020

Од завршетокот на предвремените парламентарни избори помина нешто повеќе од недела дена (15 јули до 25 јули 2020), но вистинските резултати и победникот се' уште не ни се познати. Се разбира дека има повеќе причини за тоа, ама технолошкиот арамилак е една од најзначајните околу кој се кршат копјата помеѓу двата ривали: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Недоразбирањата околу околностите кои создадоа сомнеж во причините за застојот на електронската изборна опрема произведоа маса приговори од сите учесници во изборниот процес, освен од СДСМ и Зоран Заев. Тој, како и секогаш во вакви настани, така и овој пат прв истрча и  еуфорично се прогласи за победник, меѓутоа, не испадна баш така. Сигурно во нешто беше однапред убеден дека неговите надворешни газди, на некој начин пак му ја обезбедија победата, наместо народот. Но брзо пред таа еуфорија и ракоплескања од неговите следбеници да исчезне, учесниците во изборната трка излегоа со приговори, дека нешто не било во ред со технологијата, ама и со луѓето кои водат сметка над сите електронски направи за регистрирање на влезните изборни резултати. Интересно, ама најмалку приговори до ДИК пристигнаа од ВМРО-ДПМНЕ. Можеби затоа, што директорот на ДИК бил апоинтиран од ВМРО-ДПМНЕ?! Ама затоа пак од странката на Апасиев пристигна импресивна бројка.

За жал, голем број на приговори ДИК адхок ги отфрлил како неосновани и со тоа создаде уште поголем хаос и недоверба во работата на Изборната комисија на ДИК.

И што сега? Па следи борба за правда таму каде нема да ја најдат! А до тогаш, меѓусебните обвинувања меѓу фаворитите и нивните лидери, Зоран Заев и Христијан Мицкоски продолжуваат да ги забавуваат граѓаните, надевајќи се дека и едниот и другиот би можел да добие мандат од Претседателот на Северна Македонија Стевче Пендаровски. Мандат, за составување Влада!

Бидејќи и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаат капацитет да состават мнозинство во Собранието,  присилени се на Албанците да им прават и понатака отстапки, кои можат да го забрзаат распаѓањето на она што остана од Македонија.

Ако треба да го бараме виновникот за денешната ситуација во Македонија, не треба да одиме многу подалеку од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа "најголема македонска" политичка партија ја продаде својата историска кохезивна моќ за лични и партиски интереси. Кохезивна моќ, која лежи во срцевината на секоја политичка партија, а особено кај  ВМРО-ДПМНЕ, чија основна цел би требало да биде одбрана на македонските национални интереси и безбедноста на  Македонците.

Одбрана на Македонија, драги мои, без која сме како дрво без корен, без чувство за среќа и безбедност. Таа ние  е едина татковина, за разлика од  сите други национални малцинства, кои во случај на потреба, можат да си се вратат таму, во своите матични држави, ако сметаат дека Македонија не е право место за живеење и одгајање на нивните семејства. Тоа е принцип на секаде во светот, до колку гостинот  бара преку лебот погача и други нешта,  што не му припаѓаат. Но, во Македонија работите се измешани од поодамна, со повеќепартискиот систем во државата и времињата кога гостинот стана домаќин, а домаќинот негов измеќар. 

Ароганцијата и агресивноста, како средство за комуникација  и во Македонија не се дозволени, меѓутоа, тоа правило за сите подеднакво  не важи. Албанците охрабрени од своите надворешни пријатели кои очекуваат услуги од нив, дури и со војна, ако е потребно, си земаат за право да бараат преку лебот и погача. Користејќи ја расцепканоста на македонскиот политички блок и нивната неспособност самите поединечно да формираат Влада, тие го пополнуваат вакумот и како коалициски партнери за   големи отстапки  и привилегии се инфилтрираат во сите пори на македонското општество, делувајќи исклучиво во  нивни малцински интереси.  Па така, достигнаа до статус на државотворен народ во Македонија, а Македонците со помош на СДСМ и Зоран Заев, спрема капитулантските договори со Грција, Бугарија постанаа безимени граѓани на Северна Македонија идентифицирани со  три коси цртички за својата националност. Па има ли такво нешто некаде во светот каде автохтониот и државотворен народ  е сведен на цртички без свој национален идентитет  како би се задоволиле апетитите на едно  арогантно, агресивно и  не лојално малцинство? 

Има! Во Македонија, која си дозволи да биде експериментален полигон на соседите и Западот како влог за влез во Европската унија и НАТО.

И така, со денационализација на Македонците и разградување на македонската држава, Албанците со помалку од 15% учество во составот на вкупното македонско население постанаа примарна етничка заедница во нашата сопствена држава и фактор за формирање на секоја македонска Влада. 

СДСМ претендира дека е македонска политичка партија, но во секој случај, таа не е! ВМРО-ДПМНЕ исто така се декларира за најголема македонска партија и едини организиран заштитник на националните интереси и безбедноста на Македонците, а во сушност  докажа дека е соучесник во разнебитувањето на Македонија, губењето на македонскиот идентитет и промена на Уставот и името на македонската држава. Спрема тоа и едната и другата политичка партија под притисок на надворешни наредбодавци постанаа Тројански коњи, кои ја разнебитија Македонија до не препознатливост.

Не е за чудење што тоа го прави Зоран Заев и СДСМ, ама Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ? Е, тоа е посебна и тажна приказна. Дури и овие парламентарни избори ги злоупотреби да му дозволи на Заев шанса да  си ја продолжи својата криминална работа. Како? Па наместо да го мобилизира своето членство и сите македонски помали политички партии против Зоран Заев и неговите потенцијални албански партнери, тој со својата реторика дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се пачка во Преспанскиот и Бугарскиот договор, македонските гласачи ги задржа дома, а еден дел се префрли во таборот на СДСМ и Зоран Заев. 

Со тој велепредавнички трик, Христијан Мицкоски му даде предност на Заев, а  вината за недоволниот број гласови ја префрли врз малите македонски партии со кои не сакаше да коалцира, а уште помалку да ги привлече кон орбитата на ВМРО-ДПМНЕ за заедничка борба против Зоран Заев. 

СДСМ е партија за задоволување на лични и партиски интереси, кои немаат никаква врска со македонските. Последните три години таа своја велепредавничка и не патриотска улога ја докажа со Преспанскиот и Софискиот договор за "добрососедски" односи и  Тиранската антимакедонска платформа. Сите иницирани од надвор, а имплементирани  од внатрешни изроди и гнасни гмизавци.

ВМРО-ДПМНЕ не се покажа ништо поарна, па затоа нема право да се нарекува  заштитник на Македонија и македонските национални интереси. Зошто? Затоа што работи на зацврстување на Северна Македонија а не за поништување на капитулантските договори со соседите, враќање на името на државата и националното достоинство на Македонците.

Спрема тоа,  разлики меѓу нивните политички стојалишта во однос на судбината на Република Македонија и идентитетот на Македонците нема.

Па ако е така, а тоа може да се види и од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ составена од видни домашни и надворешни експерти на 360 страници, ВМРО-ДПМНЕ не е воопшто заинтерсиран за поништување на Преспанскиот, Бугарскиот и договорите со домашните Албанци, туку за зацврстување на економијата на Северна Македонија, која со други зборови веќе е гробница за Македонците и рај за Албанците. 

Па што следува како одговор на  прашањето: Каде им е местото на Македонците во ваквата констелација на политичките сили чии планови одат кон денационализација и наше истребување? Во Република Македонија! Но пред тоа ни претстои ликвидирање на велепредавниците и поништување на сите антимакедонски договори со соседите и по цена на деасосијација со Европската унија и НАТО.

Без име и македонски идентитет, во било која меѓународна организација  ќе бидеме само предмет за мајтап и посмев. Ќе не гледаат само како доброволни самоубијци, единствен таков пример, на светот! 

Го сакаме ли тој епилог на македонската приказна? - тогаш и понатака можеме да чекаме работите Господ да ни ги заврши. Ама и Тој не милува плашливци и затоа ќе ги крене рацете од нас и ќе не пушти низ вода да се давиме и удавиме!

За секогаш Ваш, Сотир!

 

Професор Митко Б. Панов

ЗА ДРЖАВНИЧКИОТ ОДНОС КОН НАЦИЈАТА

(По обраќањето на Ципрас до Македонците)

 

12 јули 2020 

"Само со проучување на минатото, можеме да ја предвидиме иднината... само со почитување на минатото можеме да бидеме достојни за иднината".

(Winston Churchill, Speech at the Lord Major's Banquet in Guildhall, 9, November 1951).

********************

Цитираните зборови на Черчил изречени во далечната 1951 година, како и оние од 1953 година кога го дава советот "Проучувај ја историјата. Во историјата се кријат сите тајни на државништвото," се и денес релевантни за сите кои претендираат да се занимаваат со политика, а особено оние кои имаат амбиции да бидара лидери на нацијата.

Да се биде државник во вистинска смисла на зборот подразбира да се познава и респектира историјата на нацијата која тој/таа ја претставува. Генерациските жртви, стремежи и идеали на народот кој ја изградил државноста отсекогаш биле темелот на нацијата, врз кој се градела иднината.

Во Република Македонија ваквите општоприфатени национални начела и принципи, евидентно го имаа изгубено значењето. Наместо респектирање на историјата на нацијата, истата е сведена на политичко средство за решавање на идентитетските спорови со соседите.

Историјата, името на државата, а со тоа и идентитетот на нацијата, се дадени како залог за иднината. Иднината на нација, без минато!

Ваквиот прогресивен и храбар "државнички" приод, со кој не се зборува за "минатото, туку за иднината", го поздрави поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас. Во видео обраќањето од 7 јули 2020 година, Ципрас потенцира дека како резултат на ваквата државничка политика "Северна Македонија" повеќе не ги изразува "балканските несигурности на мала европска земја, која се плаши да ја изгуби својата историја", туку ја рефлектира визијата за "самоуверена балканска земја, која се бори за создавање историја". Со тоа, Ципрас отворено им го предочи на граѓаните добро познатиот грчки став на негирање на македонската нација, порачувајќи му на "народот на Северна Македонија" дека не треба да стравува од губењето на својата историја. Бидејќи, за сметка на тоа "самоуверено" ќе се бори за создавање историја на новата нација, прифатлива за соседите.

Ваквата порака е содржана и во внимателно избраниот цитат од поемата на Блаже Конески "уште рика истата мака во мене, дека сум роден во смачкано племе, сејач на глуво семе", како и на Владимир Мартиновски, со кој Ципрас ги повикува граѓаните да го посејат новото "семе", од кое ќе изникне "новата генерација на Северна македонија," која " самоуверено" ќе се бори за новата историја на "северномакедонската" нација.

Додека Грција и натаму ќе ја темели својата државничка политика врз минатото, третирајќи ја историјата не како штотуку посеано семе, туку респектирајќи ја како длабок корен и фундамент на нацијата. Ваквата симболична порака воопшто не е случајна и секој збор на Ципрас директно и длабоко задира во идентитетот на македонската нација.

Всушност, поранешниот грчки премиер се повикува на резултатите од Преспанскиот договор. Доволно е да се погледне официјалниот став на грчкото МНР да се види дека за Грција не постојат Македонци и македонска нација, кои се третираат како вештачка конструкција на Титова Југославија.

Грција со Преспанскиот договор всушност го делигитимираше своето минато од "Северна Македонија", присвојувајќи ги термините "Македонија" и "Македонци" како своја историска сопственост (Митко Б. Панов, Еxpres, 6/7 јуни 2020). Атина не промени ништо во својата историја, во именувањата. Провинцијата и натаму е Македонија, аеродромот Македонија, Универзитетот Македонија...

А Република Македонија, откажувајќи се од името Македонија и придавката "македонски" без можност истите да ги користи како идентитетска ознака и линк со државноста и нацијата, ги промени сите државни и идентитетски ознаки со "... на северна Македонија". А доколку сака да користи придавка за означување на државата и нацијата, ќе треба да ја користи придавката "северномакедонска".

Имајќи го предвид сето тоа, станува сосема јасно дека историјата е клучното средство со кое соседите предендираат да ја делегитимираат посебноста на македонската нација и со тоа да ги реализираат стратешките национални интереси фокусирани кон затварање  на македонското прашање.

Наспроти ваквиот евидентен факт, во Република Македонија граѓаните и натаму се уверуваат дека постигнатите договори со соседите ги решиле сите спорни прашања и со дадените отстапки е добиен имотниот лист на државата "Северна Македонија", со заштитен македонски идентитет и македонски јазик. Граѓаните се сведени на тоа дека треба да се радуваат дека во предлог-преговарачката рамка на ЕУ за "Република Северна Македонија" од 1 јули 2020 година е содржана формулацијата дека законодавството на ЕУ ќе треба да се рреведе на "македонски".

За успех да се смета споменувањето на "македонски" за јазикот на "Северна Македонија" во нацрт-документ на ЕУ, кој сосема извесно ќе претрпи промена со оглед на досегашните искуства и категоричните позиции на Софија, само покажува што всушност преостанало од македонскиот идентитет по политичките договори со соседите.

Доволно е да се прочита целиот текст на предлог-преговарачката рамка каде што имплементацијата на договорите со соседите се нотира како клучен услов и мерило за прогресот во преговорите. Ако се знае дека Софија категорично ги условува ЕУ интеграциите со прифаќање на својата верзија на "заедничката" историја, што подразбира дефинирање на македонскиот јазик како "југозападна писмено-регионална норма на бугарскиот јазик" и неговото означување како "официјален јазик на Република Северна Македонија" односно "северномакедонски бугарски" (Митко Б.Панов Expres, 10 мај 2020 година), се поставува прашањето како тогаш е заштитен македонскиот јазик?

За што треба да се радуваат македонските граѓани? Да се радуваат за неизвесната иднина на својот јазик кој ќе биде предмет на идни преговори, а македонскиот јазик е одамна признат од ООН како основно човеково право на самоопределување?!

Да веруваат да зборовите на политичките елити дека "наше ќе биде во разговор со сите земји членки да најдеме начин како да објасниме дека изразувањето на нашиот македонски идентитет, нашето право на самопределување не може да биде ставено под знак прашање ако зборуваме за европски интеграции".

За какво право на самоопределување се зборува, кога е променето самото име на државата и со тоа идентитетот на нацијата?!

Иднината на македонскиот идентитет и јазик е втемелена во минатото, а  не обратно. Тоа впрочем јасно се согледува од јазичниот спор со Бугарија, чијашто генеза се вкрстува во средновековието. Историското дефинирање на посебноста на македонскиот јазик, македонските историчари и лингвисти го лоцираат во македонскиот амбиент на делување на словенските просветители Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски.Тоа го демонстрираат четирите изданија на МАНУ за македонскиот јазик, кои беа промовирани на 7 јули 2020 година како научна реакција на негаторските тенденции и оспорувања на Бугарија. Исто како што во Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ, се констатира дека "за првпат по Самуил, македонскиот народ создава своја држава," со што се рефлектираат вековните заложби за државност.

Затоа, кога се тврди дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет со политичките договори е заштитен, треба во најмала рака да се даде одговор на повеќе прашања. Понувајќи од тоа зошто не е обелоденета содржината на владината одлука од 9 јули 2019 година со која св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум Охридски, цар Самуил, определуваат како дел од "заедничката" историја со Бугарија?

Како св. Климент, св. Наум, цар Самуил се заштитени, ако во одлуката на Владата "заедничката историја" со Бугарија е политички догматизирана како "историска вистина" која ќе треба "јасно да се одбележува"? Како цар Самуил е заштитен, ако  според бугарските политичари и историчари, според комисискиот договор кој е политички легитимиран со одлука на двете влади, е означен како "бугарски" владател?

Како македонскиот јазик е заштитен, ако со  постигнатите договори во заедничките комисии со Бугарија и Грција, целосно се брише терминот "Македонија" и "македонски" како идентитетска ознака за Словените во средновековието и се заменува со "бугарски"?! (Митко Б. Панов, Expres, 6/7 јуни 2020). Како македонскиот јазик е заштитен, ако посочените личности од средновековието, вклучително и сесловенските просветители, се дефинирани како дел од "заедничката" историја со Бугарија, со што им се дава "бугарски" карактер на нивното дело, што ја вклучува и словенската писменост?

******

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 АНА БУНТЕСКА

 

 МЕНЕ ЗА ТЕБЕ МИ Е ЖАЛ

Да
мене за тебе ми е жал
дури и тогаш кога
право во очи ме гледаш
и сечилото врз мене го спушташ
засекуваш прецизно
засекуваш хируршки и остро
никогаш да не престане да крвари
но не премногу длабоко
за наеднаш да не искрварам
како да веќе и не е сеедно
да
мене за тебе ми е жал
дури и тогаш кога
со секој збор по телово шибаш
и како со камшик
парчиња од душава ми корнеш
секогаш доволно силно
за лузните да не исчезнат
времето ништо да не им може
а пак да продолжам да дишам
како да е се' исто како порано
да
мене за тебе ми е жал
кога на секоја рана од солта ми ставаш
од онаа што од срцето ти капе
по мене
по себе до мене
со очи суви и поглед суров
а зад него море полно ветар
и распеани сирени
дур за гуша ме држиш под вода
како да се немам досега во жал удавено
да
мене за тебе ми ежал
дури и тогаш кога најмногу ме боли
и кога знам дека од тука пеколот почнува
и дека каде и да заминам
од кожава не можам да избегам
а на неа сиот ти
и плунка и семе
и солзи и крв
и моите зборови од тебе кажани
како да не бевме едно а од едното станавме две
да
мене за тебе ми е жал
и за онаа "јас" која во тебе ќе остане
со која молкум ќе се љубите
и во спомени од животот ќе бегате
за вас двајцата ми е жал
оти пострашно од човек во себе да носиш
а до себе да го немаш
нема...нема
мене
мене за тебе ми е жал
************
Ана Бунтеска

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 300, 25 јули 2020