КАДЕ СИ МАКЕДОНИЈО, КОЈ ЛИ ТЕ ПРЕДАДЕ ?

 

 

Сотир Гроздановски-Македонски

МАКЕДОНСКАТА ПРИКАЗНА ЗАВРШИ АМА ЧЕМЕРОТ ЌЕ ОСТАНЕ ЗА НАВЕК

 

 19 јули 2020

15 јули 2020 година е денот кога борбата за Македонија премина во  друга и неизвесна фаза, која никој не може да предвиди до кога ќе трае и  што ќе и' донесе на Македонците. 

Предвремените парламентари избори завршија, двете водечки политички партии си ги измерија силите и на крајот со мала предност СДСМ го "надигра" ВМРО-ДПМНЕ и така Заев ја доби својата последна шанса да се извлечка од под гилотињата со која требаше да ја заврши својата велепредавничка улога во Република Македонија.

Македонците и покрај сите негови злосторства  се одлучија, по втор пат, на самоубиство. Да бидат излажени од еден безрбетник и криминалец кои успеа со својата слаткоречивост да ги преведе жедни преку вода, не само обичните и недоволно информирани луѓе, туку, за резил, и маса "интелектуалци" и највисоко образовани професионалци од сите полиња на науката, образованието, уметноста...

За неверување е, баш  Заев, еден хендикепиран ноторен и најобичен трчајлажи криминалец да намагарчи толкав број Македонци.  "Грешката" на постарите, веќе, на половина изветреани македонски "великани" може некако  да пројде, ама не може да им се опрости  на младите  луѓе кои му служат за декорација и ракоплескање после секоја изречена глупост. Тие би  требало својата интелигенција да ја користат во полза на Македонија и македонските национални интереси, а не за растурање на сопствената држава во чие создавање поранешните македонски  младинци  ги вградија своите животи.

Незамисливо и за жалење е да гледаш млади луѓе како му ракоплескаат на џелатот на Република Македонија, а тој имитирајќи го неговиот идол, Хитлер, се пени ли и пени ветувајќи им  живот за кој само можеле да сонуваат претходните генерации. 

Па како да не го следиш својот идол  тогаш, кога така самоуверено ви ветува  поарен живот во светлата иднина која е на чекор од остварување, со влезот во Европската унија? Да го следиш и му веруваш и покрај сите зла кои им ги нанесе на својот сопствен народ и на македонската држава? Без сомневање, со вакви послушни граѓани Зоран Заев ќе успее, како и досега, доколку  не се случи вистинско чудо пред да ја отпочне втората и последна фаза на велепредавството:  распродавање се' што е македонско.

Македонците кои гласаа за негов реизбор, знаејќи ги неговите зли накани, свесно се одрекоа од слободата и својата суверена национална држава.   Прифатија да бидат безимени самоубијци и предмет на потсмев и мајтап за Грците, Бугарите, Албанците и моќните европски  мешетари. Те да ги ослободат   "сојузничките" и "пријателски" западни сили од одговорноста за сите злосторства над невиниот македонски народ за време на Граѓанската војна во Грција.  И сето тоа за влез во НАТО и Европската унија!?

Крвта може да се испере, ама нечуените злосторства нема никогаш да исчезнат од сеќавањата на жртвите.  Совеста нема никогаш тоа да им го дозволи.

Македонија видела многу злостори, изроди, криминалци, велепредавници и туѓи поробувачи, но сите тие си имале свое времетраење и исчезнале, оставајќи лузни кај Македонците до денешни денови. Заминале во историјата на начин како си заслужија-неславно. Па така и на сегашните македонски гадови и велепредавници ќе им помине времето и ќе мораат да си ги платат сметките. Од нив никој не побегнал, па нема да побегнат ниту  Заевистите, а уште помалку  Мицковистите.

Ќе роди Македонија нови,  чесни и храбри бранители кои ќе ги избришат тешките навреди и понижувања и ќе ги реставрираат угледот, честа и достоинството на Македонија згазени од  СДСМ и Зоран Заев.  Ќе се роди нов одмаздник и патриот кои за сигурно ќе ги израмни неплатените долгови.

Сите нелегални и злосторнички договори со Грција, Бугарија и Албанците ќе бидат избришани, а до тогаш и македонските историчари, дипломати и други учени кадрови  ќе бидат многу поинформирани од денешните, кои тешко се справуваат со пропагандите и фалсификатите на соседите. 

Досега зборувавме за злоделата на Зоран Заев и неговите планови за довршување на тоа што досега не успеа да го заврши, и за плановите со кои ќе се зафати одма по потврдувањето на мандатот за формирање на  неговата втора Влада, доколку ќе успее по втор пат да побегне од изборните неправилности и криминали. Меѓутоа, ни збор не рековме за добиената помош во изборниот процес од 15 јули 2020, во што ВМРО-ДПМНЕ одигра една од главните улоги.

Затоа, Христијан Мицкоски и неговите пулени нема да бидат заборавени и збришани од  овој дел на македонската приказна.

Мораме да споменеме, дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш наседнаа на политиките на своите водачи, свесно или несвесно, и постанаа нивни жртви  и велепредавници. И уште повеќе од тоа, драги мои, ни потврдија дека како десна рака на СДСМ и Зоран Заев го исполнаа својот криминален дел од светската завера за уништување на Македонија и денационализирање на Македонците. Со задоволство, како и секогаш, му овозможија на СДСМ и Зоран Заев несметано да си ја продолжи својата криминална работа, во која и самите учествуваа. Учествуваа со седење на две гнили столчиња и играјќи ја, притоа, својата перфидна и нечесна игра во исто време како  единствен организиран заштитник на македонските национални интереси, но и во улога на велепредавник во полза на СДСМ и Зоран Заев.

До последните денови на парламентарните избори Мицкоски и неговата предавничка група го замајуваа македонскиот народ со економски и многу други не важни проекти кога државата се распаѓаше, ама не снајдоа храброст  да се одречат од  обврските спрема  надворешните наредбодавци. Да не му  сметаат  на Зоран Заев да го доврши злосторничкото дело и дека нема да им се придружат на македонските политички сили и што е најважно, согласно со улогата која ВМРО-ДПМНЕ требаше да ја одигра, да не го поведе македонскиот народ во одбрана на македонската држава и безбедноста на Македонците.   

ВМРО-ДПМНЕ и неговото високо водство заедно со Христијан Мицкоски си остана   верно на зборот, ги исполна обврските, без кои  денешната ситуацијата во Македонија ќе беше подруга. Зоран Заев ќе беше сместен таму, каде сепак еден ден ќе се најде, а тој, (Мицкоски) ќе беше нов премиер на Северна Македонија и ќе го продолжеше делото на Зоран Заев. Но, нешто се случи, се предомисли и се' направи Зоран Заев и албанските политички национал-фашистички структури да си го продолжат патот кон  федерализација и кантонизација на Македонија, спрема плановите на Западот. Со тоа Македонија би била држава на сите и на никого. 

Со самите предавнички изјави дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не одлучило да ја менува реалноста во македонската држава туку да изврши само некои корекции во  криминалните договори со Грција, Бугарија и со Албанците, Мицкоски му обезбеди на Заев тесна, ама сепак победа да во идните четири години го затвори таканареченото "македонско прашање". Но и себе и на своите пајдаши да им обезбеди сигурна работа во улога на опозиција и совластие со до вчерашниот "крвен" непријател.

Неговите велепредавнички нагони се исполнија, ама затоа вербата во ВМРО-ДПМНЕ од срцата и душите на чесните македонски патриоти исчезна за секогаш. Но се разбира, не и вербата во ВМРО-Гоцева, која мора да се обнови, како би имале столб за одбрана  на Македонија  од внатрешни и надворешни sверови.

Членовите на ВМРО-ДПМНЕ тоа го знаеа, но ништо не презедоа и затоа свесно и тие постанаа велепредавници на македонските национални интереси, што никогаш нема  да им биде заборавено.

За секогаш Ваш Сотир! 

 

Александар Русјаков

ЛЕБЕДОВА ПЕСНА

 

18 јули 2020

Лебедот кога ќе остане без својот партнер, се самоубива изгладнувајќи се. Оттука, лебедовата песна е последната песна на поетот пред да умре.

****************

Во септември 2009 година, мојата прва колумна за "Нова Македонија" се викаше "Лебедова песна". Се однесуваше на Македонија, нејзината лебедова песна пред да умре како идентитет. Тогаш практично ја почнав мојата лична борба за зачувување на македонското име и македонизмот, кои беа ставени под гилотината на изопачената светска моќ. Со ист таков наслов и завршувам. Оваа е мојата последна колумна во која ќе има трошки политика. Од следната недела, до колку одлучите да ме читате, ќе бидам повторно јас, ама само уметникот јас. Нема веќе политика, нема веќе Македонија. Се изначитав (изнаслушав) сенешто. Софтверот на ДИК падни-стани. Чудна промена на резултати. Осумдесет илјади гласови на ВМРО-ДПМНЕ и Левица бесмислено (смислено) распоредени кај СДСМ, ДУИ, БЕСА. Хакерски напади. Изборни поткупи. Кражба на гласови. Искрено, ништо од тоа не ме интересира.

За мене, СДСМ и ДУИ се победници. Дури и резултатот да беше 46:44 за ВМРО-ДПМНЕ, пак за мене СДСМ ќе беа победници. Ова е нивна историска победа. Не затоа што прв пат победуваат по 18 години, туку победуваат како партија што ги укина Македонија и македонскиот идентитет, ја збриша македонската историја, го поништи АСНОМ, не' сведе на вештачка творба од 1945 година, а наскоро ќе го збрише и македонскиот јазик. СДСМ ги укина Македонците, а тие, преименувани во три коси црти, им дадоа победа. Заедно со 50 проценти три коси црти што не гласаа. Затоа е ова историска победа на СДСМ. Таква е мојата математика. Тоа значи дека Северна Македонија е прифатена како реалност.

Но овие избори јас ги доживувам и како ослободување. Мое лично ослободување. Македонскиот народ ме ослободи од товарот да продолжам да се борам со неправдата во која живееме. Од 15 јули наваму, за мене е бесмислено да се борам за Македонија. За Македонците. За нивното право како сите други народи да се самоидентификуваат. Има луѓе што денес тврдат дека Македонците настанале врз база на политички експеримент. Тоа е идиотизам. Македонците имаат вековен континуитет и за тоа постојат докази. Но има и една друга вистина. Македонците што имаат вековен континуитет ќе исчезнат врз база на политички експеримент. И јас, како знаев и умеев, се борев против тоа. Сега веќе не морам. И не сакам. Резултатите од избориве јас ги доживувам како апел до мене. Готово е Русјаков, гласи апелот, поразен си, сега врати си се на своите стихови и реченици и не го тупи веќе!

Немам проблем да признаам пораз. Не се срамам да кажам дека сум згрешил. Воопшто не ми пречи да заклучам дека сум излегол невиден глупак. Ме порази совршената моќ. Длабоката држава, ЕУ и НАТО. Обединетите нации. Тие го спроведоа ова налудничаво сценарио за поништување на цел еден народ. Многу моќ, многу пари, не им беше тешко. Не ме боли поразот. Од нив. Ме поразија македонските политички партии. Нивната наркоманска зависност од моќта што спроведува врз нас идентитетски геноцид. Нивниот полтронизам, кукавичлук, безидејност. Не ме болат ниту тие. Ме порази македонскиот народ. Сеедно му е. Тоа е конечниот пораз за мене. Оној што боли. Ќе преживеам. Научен сум на болка и страдање.

Да, згршив, признавам. Заборавив на себе. На моите најблиски. Свесен за својот талент и квалитетен писател, ја насочив сета животна енергија во борбата за одбрана на името и идентитетот. Ги потрошив најубавите години. Можев да работам на својата книжевност, филмски сценарија, можев да се обидам да го продадам мојот талент надвор, а јас "војував" со сето срце и ум во однапред изгубена војна. Патем си создадов моќни непријатели. Тие моќни непријатели кај моите најблиски родија оправдан страв. Не биди луд, еден ден ќе те снема, ми велеа. Еднаш се живее, им враќав, и затвор и смрт се за луѓе. За правда и вистина е чест да се пострада. Ете затоа излегов невиден глупак. Идеалистички верував дека не можат тукутака да се убијат правдата и вистината. А и двете се на страната на Македонија. Глупав идеалист. Ама не запирав да пишувам. Зборовите, моето оружје, верував дека ќе родат плод. Глупак! Си добив обвиненија дека за моите ставови земам стотици илјади евра. Не ми пречеше. Се смеев. Оние што се научени дека мора да им се плати макар и прднале, не знаат поинаку. Малку ме болеше што во нивната поганост се расфрлаа со стотици илјади евра, а јас и моето семејство откако знаеме за себе, одиме по работ на финансиската пропаст. Барем да заработеше нешто, ми велеа луѓето. Идеалите се добиени бесплатно од Бога, им враќав, бесплатното е грев да го наплаќаш.

Додје и ова последното. Следен и прислушуван под сомнеж за тероризам.

Боже Господе! Зарем моите глаголи се експлозивни направи? Тоа се прашував. Па, овие запнале, мене недостојниот, да ме запишат во историјата на Македонија? Обвинет и осуден за тероризам поради зборови и реченици, поради јавно искажан збор против промена на име и подршка за бојкот на референдум. Какви само аматери полни злорадост и одмаздољубивост. Нека тераат, си реков минатата недела кога се обелоденија документите, нека конструираат обвинение, нека монтираат "докази", мене ме интересира на крајот дали подобро пишуваат научна фантастика од мене.

Петнаесетти јули ми удри шлаканица со која ми кажа колку сум бил занесен и глуп. Оттука, за мене повеќе нема никаква логика да се борам против тридецениските злосторства. Досега двапати сакав да кренам раце од се'. Првиот пат кога насилно, преку балкански методи ни ја поништија референдумската волја. Вторпат за претседателските избори, кога видов како патриоти си вадат очи.

Ова третово ја прелеа чашата. Знам дека е доцна за мене, имам 43 години и начин на практикување живот што нема уште многу да ме толерира, ама редно време е да се посветам на себеси и моите најблиски. Имам илјадници страници напишани приказни, безброј неиспеани стихови што ги задушував барајќи правда за Македонија. Не знам уште колку Бог ми одредил битисување, не знам со каква голгота ќе ме почести изопачената моќ, ама знам дека тука завршувам со македонизмот и продолжувам со она што не можам да го контролирам...уметноста на зборот.

Македонија веќе ја нема и јас не можам ништо да променам. Ама можам да се променам себеси. Можам да се потрудам да бидам корисен за најблиските. Едни ќе се радуваат други ќе ме третираат како идиот и кукавица, трети ќе здивнат, ама мене ништо од ова веќе не ме допира.

https://www.novamakedonija.com.mk 

 

 

Марко Петревски

БРИТАНСКИ ПАТЕПИСЕЦ ВО МАКЕДОНИЈА (1)

Едвард Браун во 17 век со "семафор" избегнувал разбојнички банди низ клисурите

19 јули 2020 

Десетина години по смртта на славниот отомански патописец Евлија Челебија, дваесетина години пред Карпошовото востание и палежот на Скопје за време на контраофанзивата против Османлиите на австрискиот генерал Енеа Силвио Пиколомини, низ Македонија поминува британскиот научник и патеписец Едвард Браун, а подоцна и објавува книга со неговите доживувања на овие простори.

Неговите извештаи за патувањата низ Унгарија, Србија, Бугарија, Македонија, Австрија, Словенија и Италија се срочени во книга која е издадена во Лондон во 1673. Од насловницата на делото забележливо е дека Едвард Браун има посебен интерес за металните руди, минералните води и природните богатства, а во патеписите дава и сознанија за растителниот и животинскиот свет каде што минувал. Освен податоците од областа на природните науки тој во репортажите дава сликовит опис за општествениот живот во 17 век.

Патеписецот забележува дека познавајќи ги само Германскиот и Словенскиот јазик (German and Sclavonian language) секој патник во тоа време може да пропатува од Германија до Константипол. Иако Едвард Браун можеби сите словенски јазици ги нарекувал со еден збор, словенски, тој во целата книга Македонија ја разграничува од Србија и Бугарија.

Патувањето низ Македонија, Србија и Бугарија му било поотежнато за разлика од посеверните региони како Унгарија и Австрија. Браун запишува дека движејќи се низ Балканот постојано имал чувство дека може да биде плен на разбојнички банди, а во потесните премини на патиштата постоеле и своевремени импровизирани "семафори" кои давале знак дали тие премини се безбедни за патниците.

"И поради тоа-мислејќи на честите грабежи на патиштата, за патниците да бидат безбедни имаше поставено тапанџии во опасните премини. Во Македонија во еден тесен премин видов еден стар човек качен на сртот на ридот како тропа на тапан. Со тоа дознавме дека преминот е чист и без крадци", запишал патеписецот Едвард Браун.

Покрај стравот од разбојниците на патиштата, кучињата-чувари на македонските села и предупредувачките завивања на волците во шумските предели, британскиот патеписец имал потешкотии со патувањето низ Македонија поради непрецизноста на мапите. Грешките во географските мапи во тоа време биле нормална појава имајќи предвид дека не постоела ГПС технологија и овие патувања биле единствениот начин тие грешки да се поправат.

Промената на топонимите била причина за дополнителни недоследности со мапите кои тој ги имал. Во еден момент еден Турчин кој го придружувал низ Македонија со потсмев му рекол дека мапите што ги поседува може да му послужат само во поголемите градови и на ниедно друго место во Македонија. Според Браун, грешки во мапите имало низ целото негово патување, но, нагласува дека "тој што патува низ Македонија никогаш нема да ги најде точните локации на реките и градовите како што се означени на мапите".

МАКЕДОНЦИТЕ БИЛЕ ПРЕТПАЗЛИВИ И ПЛАШЛИВИ ОД СРЕДБИ СО НЕПОЗНАТИ

Британецот во патописите македонското население го опишува како претпазливо. Набљудувајќи го христијанското население во Македонија тој забележувл, според него, непотребна претпазливостт и страв кога доаѓал во средба со нив, а особено непријатни биле ситуациите кога се движел по патиштата позади нив.

Секогаш кога тој се движел по патот, а пред него имало локално христијанско население, луѓето скршнувале од патот по други скратени патчиња или се тргале настрана и се криеле во шумата. Оваа претпазливост е разбирлива имајќи ја предвид жестокоста на османлиското владеење и положбата на македонското и христијанското население во Отоманската империја.

Освен тоа, во наредниот пасус Едвард Браун споменува дека она што најмногу го погодило било тоа што посведочил трговија со човечки животи, поточно препродавањето на робови што, како што вели тој, било забележливо во овие земји. Можеби ова е дополнителната причина за претпазливоста на христијанското население кое го забележал британскиот патеписец.

Во овој дел од преписите на Британецот Едвар Браун се прикажани основните впечатоци за безбедноста и начинот на живот во Македонија и Балканот. Во наредните продолженија од овој фељтон ќе прочитате за Брауновите доживувања и животот во Скопје во 17 век, за неговите впечатоци од Прилеп и околината на Марковите Кули, но, и за неговите први вкусувања на храна и уникатни рецепти кои дотогаш никогаш ги нема дегустирано.

(Продолжува) - https://denesen.mk/britanski-patepisec...

 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

 

ИРЕНА ВОДЕНСКА

ОД ЗБИРКАТА "ЛЕБЕДИЦА"

 

 

ЖЕНАТА НА МОСТОТ

Со корито на рамото
полно со шарени черги
го растегнува векот.
Исцицаната душа
со подзапрени чекори
ја водат до мостот под Ќежовица.
Ги спростира чергите
и со раката ги прикрива очите
светлината да не ја заслепи.
Од нејзината уста се истура
последната мисла за натаму
"Животот ни е судбина".
Погледнува кон небото
небаре ќе го здогледа
идниот век
закачен на чергата.
************
Ирена Воденска

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 299, 20 јули 2020