ИМАМЕ СЕ' САМО СЛОГА НЕ'!

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ЗА ПОСЛЕДНАТА БИТКА СО НОТОРНИТЕ ЛАЖЛИВЦИ

 

 22 Јуни 2020

 

Со приближувањето на парламентарните избори, расте немирот и стравот кај македонските политички грешници. Не заради губењето на власта, туку заради нивната неподготвеност од белите куќи да се преселат во Идризово, каде стаорците ќе им бидат друштво, закана и освета за сите зла кои ни ги нанесоа нам на Македонците, на Македонија, на македонските национални интереси и на крајот,  за осквернетите спомени и угледот на нашите славни предци, со кои многу од нас живеат и го дишат истиот македонски воздух, исконски.

Злосторник на македонската душа не е само Зоран Заев, ноторен и непоправлив криминалец и лажливец. Христијан Мицкоски и Никола Груевски пред него, од ВМРО-ДПМНЕ се  уште поголеми злосторници и велепредавници на македонските национални интереси, бидејќи за влез  во НАТО и Европската унија, заедно со СДСМ и Зоран Заев ја заложија Република Македонија и продадоа се', со името македонско.

Ако се земе предвид нивната улога во македонското општество како водачи на организација која Македонците ја сметаа и се' уште некои ја сметаат за главен и последен столб во одбраната на македонските национални интереси и безбедноста на народот, во тој случај  нивната одговорност се мултиплицира. Затоа, секој кој слепо ги следи нивните антимакедонски политики е и нивни сооучесник во уништувањето на нашата татковина.

Нивната коруптивна природа и алчност по лесен живот без работа придонесоа да ја изгубиме државата, нејзиното вековно име, идентитетот на Македонците, потоа бришење на иселениците и македонските национални малцинства во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија со цел да се ослаби македонското национално ткиво.  Ама  најболно од се'  е што заедно со СДСМ и албанските политички партии од Македонците во Република Македонија создадоа обезличена и безимена маса на граѓани идентифицирана со три цртички и ништо повеќе. И уште одат понатака,  со фиктивни и неостварливи планови за брз развој на Република Македонија бесрамно замајувајќи го  македонскиот народ, како би добиле што повеќе изборни гласови за потоа легално да ја продолжат и завршат својата деструктивна, од надвор диригирана, задача.

Конечно, на 15 јули 2020,  покрај двете "најголеми"  СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со некоја од албанските политички партии во  парламентарните избори ќе земат учество и повеќе новооформени македонски партии. Партии   кои ветуваат дека ќе ги елиминираат од македонскиот политички живот сите анти македонски деструктивни  чинители и  извршат промени во структурата на власта и во македонското општество. Ќе им успее ли во денешнава спротивставеност на злото и доброто, ќе  видиме после тродневните пресудни избори за Македонија. Секои од нив ќе  бара дел од собранискиот колач составен од 120 пратеници со надеж сами или во заедничка македонска коалиција да ја формираат новата Влада на Република Македонија.

Сите тие ќе ја бараат довербата на Македонците за да ги убедат во своите чесни намери и програми со кои ќе ги поништат  штетните договори со соседите за да ја вратат правдата и правото во Македонија. Правдата и правото суспендирани од  Зоран Заев, Христијан Мицкоски и препотентните антимакедонски албански партии кои го бараат дури и премиерскиот положај во државата, како услов за формирање на Влада со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. За Албанците, впрочем,  не е важно со кого ќе коалицираат. Нивната грижа се  нивните албански интереси диригирани од Косово и Албанија: преземање на Македонија во свои раце и создавање трета албанска антибалканска државичка и ако не знаат што да прават и што да чинат со веќе двете западни колонии, центри за напад и освојување на Балканот.

Ќе им го дозволиме ли тој луксуз? Ќе им  дозволиме ли  на група терористи и крвници од албанскиот политички блок, кои никогаш не биле кадри да се соживат со другите национални малцинства како и со мнозинскиот народ, Македонците, да ја постигнат својата цел без куршум испукан? Ќе си го дозволиме ли уште и тој срам да постанеме нивни измеќари во својата земја? Тоа ќе биде непоправливо   самопонижување и самоуништување на еден древен народ со славно минато и непроценлив придонес во светската цивилизација и историјата на човештвото. Ќе се вратиме ли назад во примитивизмот кој ни го нудат Албанците?

Ете тоа не чека,  драги мои, до колку нашите нови  лидери им дозволат на Заевистите и Мицковистите  да се здружат со НИВ! Но затоа прво ни треба сплотеност во таа нееднаква игра, за да ја добиеме, можеби, последната и одлучна битка за Македонија!

За секогаш Ваш, Сотир!

Пишува Роберт Димитриевски

ВРЕМЕ Е ЗА МАКЕДОНЕЦ ПРЕМИЕР НА МАКЕДОНИЈА

 

18 јуни 2020

Време е за Македонец премиер на Македонија. Pse jo? Или "зошто да не", што би рекле интегративците на Али, кои на скопското Кале испишаа светлечка порака дека било време за прв Албанец претседател на македонската Влада.

********

Не да е време, туку можеби сега е и последната шанса Македонец (со големо "М") да ја преземе извршната власт и прво да го запре тркалото што ја (з)гмечи Македонија, а потоа и да го насочи во посакуваниот правец. За таа ѓаволски тешка задача е потребен Македонец во највистинската смисла на зборот. Човек што, прво и основно, чувствува нешто за ова парче земја и за својот народ. И, исполнувајќи го овој елементарен предуслов, кон нив ќе се однесува како кон нешто свето, нешто создадено со крв и пот и низ безброј премрежиња на оваа балканска ветрометина, а не како кон бишкарник, па бил тој и на Мирчо.

На македонија насушно и' треба премиер што ќе ги почитува нејзините државни и национални симболи, а не да ги игнорира, да селектира дел од нив што му одговара или да ги прогонува. Премиер на кој нема да му биде незгодно, туку гордост, да и' го кажува името со кое се идентификува мнозинскиот народ, наместо да користи еуфемизми од типот на "нашата земја", "нашиот народ", "граѓаните", "Армијата" итн. Владин шеф што нема да прекорува соработници што не ја изговориле по десетина пати наметнатата географска одредница во една реченица.

Македонија просто плаче за премиер што ќе го слуша гласот на народот, посебно ако тој е јасно и недвосмислено изразен на рефрендум, макар и со бојкот. Кој нема да си поигрува, уште помалку да ја раздава историјата на македонскиот народ, а најмалку најистакнатите личности, чии имиња ги носи безмалку секој втор-трет Македонец. Кој ќе им стави крај на понижувањата, на себепремолчувањето, на омаловажувањето по секаква основа.

На Македонија и' е неопходен премиер што ќе ја прекине дефензивата на речиси сите полиња и што ќе премине во офанзива со планината аргументи на македонска страна. Премиер што ќе излезе со јасен став, што ќе ја артикулира позицијата на огромното мнозинство во државата, што ќе го искористи и членството во меѓународните сојузи и организации, пријателството на блиските народи и нивните водачи, во остварувањето на државниот и на националниот интерес. Лидер што ќе ги застапува првенствено сопствениот народ и држава и нема да им се додворува на другите за сметка на своите сонародници и сограѓани.

Македонија не заслужува човек што ќе ја срами кај што ќе стигне со скудно познавање на меѓународните односи и на дипломатијата. Што ќе говори странски јазици во стилот "хтела речи, не знала казати" или "ноу дискасити фор ајдентити". Што ќе ги доведува својата земја и народ во подредена положба во однос на други држави, а за сопствена корист или поради недостиг на личен интегритет. Што наместо скопска, македонска платформа, ќе спроведува тиранска или не знам каква. Што безочно ќе лаже додека се удира во градите "јуначки" и се колне во сопствените деца и во македонскиот воздух што го диши дека нема да го направи тоа што го (на)прави.

Конечно, на Македонија и' е потребен премиер што ќе ја избави од економската пустош, што ќе создаде клима за нови странски инвестиции и што нема да питачи кај граѓаните да донираат во буџетот поради неспособноста да го (на)полни и во време на светска криза. Премиер што среде пандемија нема да слуша верски поглавари и тесногради политичари вкопани во националниот ров, ами компетентни лица, а ако нема такви во државата, ќе ги повика од таму кај што ги има, заедно со помошта од земји што можат и што сакаат да помогнат. Премиер што ќе признае дека згрешил, ќе побара прошка и ќе се поправи, наместо да го прави спротивното, само за да  не си ја прифати вината за погрешната одлука или за несоодветниот избор на кадри.

Кому сето ова му звучи премногу идеалистички, па дури и нереално во дадената констелација на односите во и околу Македонија, нека подразмисли за барањето на ДУИ за премиер Албанец. На прв поглед, и тоа изгледа неостварливо (ако Заев не е во позиција да решава), но двојазичноста на целата територија на државата е последната потврда дека ништо не е невозможно во однос на амбициите на политичките претставници на најголемото малцинство во Македонија.

Најмалку што можат Македонците и нивните политички партии да сторат е да се угледаат токму на Албанците во наметнувањето на сопствената идеја и во непоколебливоста во нејзиното туркање додека не ја остварат. Ако тоа не е поука, бадијала секаква понатамошна дискусија околу констатацијата дека време е за (вистински) Македонец премиер на Македонија.

https://expres.mk

 

Интервју со историчарот Стојко Стојков

МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА ЌЕ ОПСТАНЕ, А СО ТОА И МАКЕДОНСКАТА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА!

 

По барање на нашите читатели, интервју по втор пат со Стојко Стојков, истакнат член на претседателството на организацијата ОМО Илинден-Пирин, професор по историски предмети на Универзитетот "Гоце Делчев"-Штип и истакнат борец кога во прашање се македонските национални интереси! Во ова интервју ќе разговараме за моменталната состојба, односно за денешната актуелна ситуација помеѓу Бугарија и Македонија!

****************

Струмица денес: Професоре, на наше задоволство по втор пат интервју со Вас за нашиот портал. Многу работи се променија од тогаш па се' до денес. Како ја коментирате денешната актуелна ситуација помеѓу Македонија и Бугарија?

Стојко Стојков: Задоволството е и мое. Ситуацијата стигна таму каде што се очекуваше-Бугарија ја блокира македонската евроинтеграција. Не можеме да се пожалиме дека не ни го имаат најавено тоа. Го направија пред повеќе од деценија кога ја издигнаа во принцип максимата "Македонија во Европа-да, македонизмот-не." Жално е што се покажа дека Македонија нема политичари кои можат да слушаат, да не зборуваме да го разберат она што им се кажува директно. И така очекувано за сите освен можеби за добар дел од македонските политичари Бугарија ја блокира и уценува Македонија со реално аморални услови кои го деградираат дури и самото човеково достоинство на Македонецот, да не зборуваме затоа на државата и нацијата. Македонците треба да прифатат дека немаат право да имаат свое мислење за себе, ниту за својата историја, култура, и јазик и за тоа треба да ја прашаат Софија да им каже што да мислат и што да чувствуваат. Ако имаат ставови поразлични од оние одобрени од Софија-тоа  е антибугарска пропаганда. Можеби водачите на бугарската држава не сфаќаат, но тие ја третираат Македонија и Македонците како деца или како умствено заостанати луѓе кои имаат потреба од старател и мислат дека имаат право и капацитет да им бидат таков старател. Лошо е што во Македонија има луѓе кои си мислат дека  ако одглумат привидна согласност со некои од претензиите на Софија последната ќе замижи и ќе ги пушти во Европа. Тоа нема да се случи, напротив таквото неискрено однесување од една страна ја охрабрува Софија да бара повеќе, а од друга ја гневи против Македонија, затоа што гледа дека ја залажуваат. Знам дека имаме силна традиција од времето на ВМРО и со ѓаволот да стануваме ортаци за да поминеме по мостот, но никогаш таа формула не била успешна-секој пат ѓаволот не буткал од мостот. Треба да бидеме чесни и пред себе и пред Бугарите-тие го заслужуваат тоа! Ако сакаме вистинско пријателство, ќе постапиме така.

Треба да ја разбереме и другата страна. Бугарската позиција не е природен производ, туку последица на децениска сеопфатна политика на всадување определени претстави спрема Македонија меѓу граѓаните на Бугарија. Социјалниот инженеринг е игра со огнот, а од 1960-те наваму, кога тоталитарната власт во Бугарија го претвори национал-комунизмот во своја идеолошка база, се започна со "патриотско воспитување на младината" и градење на "единствени научни позиции" за македонското прашање, придружено со остракирање на сите кои не одеа по зацртаниот коловоз. Оваа повеќе од педесетгодишна организирана политика има пуштено длабоки корени. Нејзините плодови ги береме во Бугарија денес-една длабока опсесија со македонското прашање, гарнирана со неспособност  да се слушне и прифати другиот, со непријателство кон реалноста ако е спротивна на нациналниот сон, со патолошки стремеж по секаква цена да се одбрани својата националистичка догма. Бугарското општество е жртва на овој социјален инженеринг и искрено верува дека она што го бара од Македонците не само што е во ред, но дури е и во интерес на Македонците, дека е израз на вистинска љубов од нивна страна и затоа толку болно и гневно го доживуваат секое наше - не. Но мислам дека вистинско пријателство во такви ситуации е искреноста, дури таа и да боли, цврсто да се кажува НЕ на секое патолошко залетување, ако треба еден милион пати - два пати по толку да се каже. Не можете да претендирате дека некому сте му пријател, а да го лажете за да не му ги повредите чувствата, да му давате дрога за "да не го боли". Да се биде "најс" во таква ситуација е најзлобното нешто што можете да го направите и на другиот и на себе си. Другиот треба да сфати дека или ќе ве прифати таков каков сте и како што сакате да бидете или нема друг начин како да се изгради пријателство. Бугарите треба да не' видат такви какви што сме и да решат сакаат да ни бидат пријатели или не, а не да не' замислуваат во некаква бугарска романтична визија и потоа да се лутат зашто не се однесуваме во согласност со неа. Бугарското општество  плаче за разбудување од ноќната мора во кое го затворија тоталитарните националисти во однос на македонското прашање. И подобро е да се направи тоа навреме, со викање отколку да се стигне на крајот со рикање.

Ако не го направиме тоа, постојано ќе се судираме со апсурдниот феномен, секое наше мислење за самите себе бугарската страна да го третира како "антибугарска пропаганда", па да ни се заканува. Ние велиме дека сме македонска нација-тие реагираат дека тоа било антибугарска пропаганда. Ние велиме дека јазикот што го зборуваме е македонски-и еве ги пак со истото. И следат закани. А антибугарската пропаганда  во облик и размери, кои заслужуваат да се споменат во Македонија за среќа нема. Единствената антибугарска пропаганда доаѓа постојано од Софија и тоа е така веќе повеќе од еден век. Имено бугарската политика спрема Македонија и Македонците е она што во Македонија создава негативни чувств спрема Бугарија. Така било кога се создавало ВМРО, така било во Балканските, во Првата и Втората светска војна, за време на комунизмот и еве сега повторно е така. Како Софија да не сака да ги заборавиме сите непријателства од минатото-таман новата генерација ќе ги заборави и еве ја бугарската влада со нов непријателски акт за да ги разбуди заспаните спомени. Само што ги заборавивме непријателствата од време на комунизмот и еве сега Софија пак трча да ја блокира евроинтеграцијата на Македонија и да постави невозможни услови. Единствениот резултат ќе биде ровот што Бугарија поново ќе го ископа и продлабочи, ровот што сите разумни луѓе од двете страни се обидуваат еден век да го закопаат. Само Бугарија може да ја запре таквата антибугарска пропаганда, бидејќи таа ја создава.

Струмица денес: Вие дадовте една најава дека за Бугарија пријателска Македонија е само "бугарска Македонија". Замисла на одредени структури во соседна Бугарија која станува реалност. Што поред Вас ќе се случува понатаму, до каде мислите дека ќе стигнат барањата од страна на Бугарија?

Стојко Стојков: Има две граници до каде можат да достигнат бугарските барања. Првата е македонската подготвеност за компромиси. Бугарија ќе продолжи до таму до каде ќе најде македонски политичари кои ќе и' прават отстапки. Се спомнувам на емисија со експерти на една од бугарските национални телевизии дента кога Македонија го ратификува договорот за пријателство. Сите експерти беа како удрени по глава од брзината со која Македонија го ратификуваше-сите признаа дека очекувале Македонија максимално да одолговлекува. Она околу што се обединија како заклучок беше дека Македонија е спремна да направи многу поголеми отстапки отколку тие воопшто мислеле дека е возможно и дека требало и треба да бараат многу повеќе. Додека наивни лидери во Македонија си замислуваат дека ако покажат добра волја и попустливост тоа ќе го олесни пријателството со Бугарија и соодветно евроинтеграцијата, реалноста е токму спротивна-колку е попустлива и сервилна е Македонија толку поневозможно ќе биде да влезе во Европа.

Втората граница се големите сили-Бугарија ќе оди до таму до каде и' дозволат да стигне. А тоа зависи од желбата на Големите сили да ја внесат Македонија во Европа. А на нив не им е гајле каков компромис ќе се постигне. И тука клучно е македонското општество јасно да ја искаже својата несогласност и категорично неприфаќање на понижувачката уцена. Така и политичарите ќе имаат силен аргумент во преговорите-големите сили да видат дека она што го бара Бугарија е неспроведливо така што да го пренасочи притисокот каде што треба-врз Софија.

Ако ниту еден од двата фактори не ја запрат Бугарија-нејзините крајни граници се јасни и тие се зад Охрид. треба да се разбере дека ниеден "компромис" што Бугарија го предлага не е последен и не е крајно решение-туку истиот во Софија се гледа само како најдобро што може да се постигне во моментот и како етапа кон следното барање. Видете го сегашниот "компромис" што Бугарија го нуди: Македонците секогаш до 1944 година биле горди Бугари, чиј јазик, историја и култура биле и се' бугарски, а само по некоја причина (од злоба, простотија, неписменост, несреќа или инает) потоа се преправени во Македонци. Тие се согласни да не викаат "Македонци" ако ние се согласиме дека Македонците се Бугари, да го викаат јазикот "македонски" ако ние се согласиме дека македонскиот јазик е бугарски. Тоа не е компромис, туку капитулација, но дури ни тоа не е крајното барање. Хипотетички, ако успеат да го наметнат тоа, ќе побарат повеќе.

Зашто крајната точка на бугарската позиција е Македонците да признаат дека се Бугари и дека државата им е втора бугарска држава. Тоа според Бугарија е вистинската и правилна позиција. Тоа е она што бугарските политичари ќе ви го кажат, ако се чесни, а често и го прават, и ако направите референдум во Бугарија-ќе победи со големо, да не речам апсолутно мнозинство.

Целата динамика меѓу двете земји наликува на процес на силување при кој едната страна се обидува да е деликатна и да не вели директно "не", за да не ги повреди чувствата на другиот и да не го поттикне кон насилство, та одолговлекува за некако да се куртули од несаканата интимност; а другата страна тоа го толкува како срамежлива подготвеност за интимност и не ја осознава грдоста на она што го прави, туку се чувствува праведно, среќна, исполнета со љубов и најдобри намери. Во таква ситуација само цврсто "НЕ" помага, а ако треба и шамар за отрезнување. Да не кажат утре дека не знаеле што прават, па да се чудат зашто се омразени при сета нивна "љубов".

Така што Македонија има јасен избор-да остане македонска и да каже "не" или себе си да се деградира и да каже "да". Нема трета опција, како што сонуваат некои.

Струмица денес: Комисиите најдоа заеднички јазик за Цар Самуил, на пат се тоа да го сторат и за Гоце делчев. Вашиот став за овие две важни историски прашања?

Стојко Стојков: Не мислам дека имаат најдено заеднички јазик ни за Самуил. Се судираат две наполно различни разбирања во комисијата. Македонската страна се обидува да се држи во научни рамки и да ги третира државите и појавите на средновековниот Балкан како не етички, додека бугарската страна се држи во рамката на националната митологија и идеологија и се стреми да ја наметне невистината дека средновековната историја на Македонија е нивна бугарска национална историја. Првите се држат како научници поставени под политички притисок, а вторите како национални идеолози кои исполнуваат политичка нарачка. Постигнатите формули се разбираат различно и тоа не е "заеднички јазик", туку "изгубени во преводот". Македонските колеги гледаат во комисијата шанса двете историографии да се ослободат од одредени слабости наследени од минатото, а бугарската-да ги замени силните и слабите страни на само едната, на македонската историографија со бугарска национална догматика. проблемите само ќе се зголемуваат понатаму-не само за Гоце и ВМРО, но и потоа кога ќе се засегнат прашањата за појавата на македонската национална идеја и национална самосвест, за македонското малцинство во Бугарија, за јазикот и културата. Бугарскиот дел од комисијата  има добиена јасна задача од политичкиот врв во Бугарија-да ја исполни официјално зацртаната цел-уште од Тодор Живков-редефинирање на македонската нација на бугарска основа, која да се откаже од македонските малцинства надвор од Македонија и да ја прифати "бугарската основа" и карактер на Македонците и сите нивни атрибути како јазик, историја и култура. 

Струмица денес: Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева неодамна запраша "што бил проблемот да се признае дека македонскиот јазик се базира на бугарскиот". Како Вие како историчар гледате на нејзината изјава?

Стојко Стојков: Што бил проблемот? Ами тоа што не е вистина. Македонците не го сметаат или викаат својот јазик бугарски, никој во светот не го вика или смета за таков и во науката е докажано и прифатено дека е јазик различен од бугарскиот, а не региоанлна дијалектна норма на бугарскиот. Сите освен Бугарија и нејзините "учени" создавани во тоталитарна идеолошка епрувета, се согласни по тоа прашање. Така што прашањето е зашто Бугарија не ја прифати научната вистина (како што милуваат да се изразуваат во Бугарија) и да запре да негира и присвојува туѓ јазик? Бугарските барања немаат ништо заедничко со вистината, била таа научна или не, туку само со нивното инсистирање да ја порекнат македонската нација и нејзиниот идентитет. Ако признаат дека македонскиот јазик не е бугарски сите нивни претензии губат смисла. Мотивацијата им е чисто идеолошка. Македонскиот јазик е ахиловата петица на бугарската позиција против Македонија-Бугарија објективно ја изгуби "битката за јазикот" во светската наука. Нејзината наука за тоа прашање е целосно изолирана. Таа нема надеж дека со научни аргументи ќе може нешто да смени, аргументите не се на нејзина страна. Последната надеж и' е во политичарите-преку политички притисок и уценување да ја натераат Македонија сама да прифати дека македонскиот јазик е бугарски и после преку таквото добиено со насилство "признание" да ги кандисаат некако и научниците низ светот.

За жал бугарската политика е длабоко закопана во идеологијата и минатото.

Струмица денес: Како ја оценувате работата на македонската комисија за историски и образовни прашања? Имаат ли можност на еден начин да "покажат заби" или и тие се под голем притисок?

Стојко Стојков: Мислам дека ако македонскиот политички врв продолжи со притисок врз комисијата нејзините членови како достојни луѓе и научници ќе поднесат оставки. Верувам во тоа. Јас во секој случај би направил така. Секој човек со достоинство би направил така! Мислам дека на оваа етапа она што ги задржува повеќето членови на комисијата е стравот дека политичарите ќе ископаат од некаде некои интелектуални амеби што ќе се согласуваат со секаква политичка порачка. Не гледам некоја иднина во работата на таа комисија. Не и додека бугарската страна сака преку неа да ја наметне својата идеологија. Притоа би додал она што сакаат да го прифатиме е една бедна, безживотна, еднодимензионална, патолошка визија на минатото, загреана во романтика на евнуси. Една таква комисија би имала смисла и шанса да постигне нешто добро само ако Македонија прво влезе во Европската унија и потоа двете страни на рамна нога започнат да преговараат за слабостите и во двете интерпретации на минатото. И без политички и идеолошки притисок. Но тогаш не верувам дека бугарската страна би посакала воопшто да има таква комисија. Последното што политичката и интелектуална елита во Бугарија би сакала да го смени е својата фантазија за минатото. А во интерес на вистината не мислам дека и македонската страна би имала желба да направи таков храбар чекор.

Струмица денес: Дали историјата што ја учиме, студираме, што ја пишуваме и предавате се евалуира во светски рамки?

Стојко Стојков: Универзитетите во Македонија и нивните програми се објект на меѓународна евалуација. Достигнувањето на светски стандарди во образованието со нашите крајно ограничени ресурси е многу тешко остварлива задача. Се стремам, историјата што ја пишувам да ги исполнува научните критериуми, да биде објективна, кративна, оригинална и на најдобар ниво. Резултатите ги презентирам на меѓународни научни конференции, и во меѓународни научни списанија. Тоа е начинот на кој научните резултати се верифицираат-преку подложување на критика и проверка од научниците во светот. Историјата што ја предавам на студентите се трудам да биде на нивото на последните достигнувања на светската наука. Колку успевам во сето тоа не е мое да судам.

Историјата е наука во постојан развој, има мноштво различни интерпретации за секое нешто, спорни се често и оние работи што ги нарекуваме факти, а дури и во ретките случаи кога имаме нешто што се смета за "општоприфатено" - дури ни тоа не е прифатено од сите и не се смета за неспорно. Често се случува такви "општоприфатени" работи по извесно време да бидат исто така општо отфрлени. Да се фати есенцијата од оваа постојано зовриена дебата и да се преточи во фиксирани училишни програми на едно ниво разбирливо за децата е исклучително тешка задача, која не е успешно реализирана од ниту една научна школа или образовен систем во светот.

За жал се чини дека политичката елита во Бугарија ја разбира историјата поинаку, како идеологија со "вистини" формулирани горе и спуштени долу, и верува дека на некој начин токму таа е сопственик на "научната вистина" и дека е нејзин долг да ја "просвети" "помалата сестра". Бугарската влада пред да дава ум на некој друг би требало да ги исчисти авгиевските штали во својата историја. Пред да тргне да бара сламка во наше око, да си го разглоби дуварот во своето. Македонската политичка елита пак само сака историјата "да не им создава проблеми". Едните сакаат да направат од историјата идол и да му жртвуваат луѓе, а другите се чудат каде да ја закопаат.

Ние како и сите луѓе имаме право на слобода на научните истражувања, не само да бидеме во право туку и да грешиме. И дури и да грешиме (а не мислам дека грешиме повеќе од било кој на Балканот) не е Бугарија таа која треба да ни кажува што е правилно и како треба да мислиме. особено не држава во која доминира такво тоталитарно и елементарно разбирање за историската наука. Ако Бог му допушта на човекот да греши што се замислуваат дека се идеолозите во Софија!? Можеби не е лошо да се погледнат во огледало и да помислат дали пак не се тие оние што грешат.

Струмица денес: И за крај едно Ваше видување што ќе се случува со македонската национална историја во иднина?

Стојко Стојков: Македонската нација ќе опстане, а со тоа и македонската национална историја. Периодот што доаѓа веројатно ќе влезе во македонски учебници како време на национален отпор против бугарската антимакедонска агресија, а тоа не е нешто што може да не' радува нас, а уште помалку Бугарија. Подобро е да поминеме без тоа. Ако Бугарија сака да има пријателство меѓу двете нации треба да запре да создава нова историја што ги спротивставува, треба еднаш засекогаш да ја замени својата политика на негирање, уцена и соблазнување со политика на прифаќање, почит и пријателство. Бугарија пак ќе ги понижи и компромитира сите свои реални или потенцијални пријатели во Македонија и тоа за ништо. Што и да си мисли дека ќе постигне или нема да го биде или нема да трае. Секој компромис ќе се претвори во национално понижување и неговото отфрлање-во национална агенда. Бугарија сега на младата македонска политичка класа и' држи исклучително негативна лекција-никогаш да не и' веруваат на Бугарија за ништо, туку да се однесуваат кон неа како кон бескрупулозен сосед, на кој ако му завртиш грб ќе ти зарие нож, лажен пријател со кој не ти требаат други душмани. Ќе биде потребен нов половина век за да се заборави оваа безумна лекција.

Можам само да се надевам дека во овј скотоумен период македонските историчари ќе го зачуваат достоинството и нема да дозволат политичарите биле домашни или туѓи да им диктираат како да мислат и пишуваат. Денот кога неписмените ќе започнат да им диктираат на учените ќе биде трагичен ден за науката и за цивилизацијата и "крајот на историјата" како наука.

https://strumicadenes.mk 

Пишува проф. д-р Гале Галев

ГОЦЕ Е МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР

ПОЛИТИЧКО-ИСТОРИСКИ ФЕЉТОН

ЧИЈ Е ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Број 4

 

 28 септември 2019

Делчев до својата смрт беше убеден противник на сите обиди што ги правеше бугарската буржуазија преку врховните македонски комитети во Софија, за да и' се наметне на Внатрешната револуционерна организација и да ја повлече во служба на едно грабежно и срамно дело.

****************

Кон искажувањата на корифеите на револуционерната организација за нејзиниот самостоен карактер и нејзините цели: "Автономна Македонија" и конечно "Самостојна и независна Македонија", секако, заслужува да се запреме и на ставовите на Ѓорче Петров, но со оглед на тоа дека тие речиси се идентични со Гоцевите, само упатуваме за тоа да се видат неговите "Спомени", како и посебно неговата статија "Македонско ослободително дело на бугарска почва", печатена во весникот "Право", од 7 јули 1902 година.

Кон овој дел од излагањето за самостојниот карактер на македонското ослободително дело да го придодам само уште и искажувањето на Димо Хаџи Димов, еден од најверните соборци и почитувачи на Гоце Делчев. Ова, од причина што тоа искажување директно не' упатува токму на неговиот идол и водач Гоце Делчев.

Ево што вели тој во него: "Гоце Делчев до својата смрт беше убеден противник на сите обиди што ги чинеше бугарската буржуазија преку врховните македонски комитети во Софија, за да се наметне на Внатрешната револуционерна организација и да ја повлече во служба на едно грабежно и срамно дело".

Делото на Гоце Делчев и неговите соборци недвосмислено ја потврдува констатацијата дека Гоце Делчев е македонски револуционер. Овде само би додал: и повеќе од тоа. Тоа, меѓу другото, и поради зрелоста на своето расудување. Зошто го велам ова? Затоа што тој кога влегол во револуционерната организација имал само 22 години живот, загинал со наполнета 31 година. Суров факт, но истовремено и факт што Гоце го издигна во легендите што вечно живеат во колективната меморија на својот народ, но и пошироко.

Сега да одговорам и на вториот дел од прашањето - дали тој (Гоце) бил Бугарин или Македонец. Ако го земеме предвид бугарското гледиште, кое, видовме, е засновано на манифестираното, во одредени случаи, од него бугарско чувство, а без притоа да се има предвид целината на историскиот контекст, во многу нешта испретплетен и поврзан со Гоце и неговата револуционерна генерација, но и пошироко, тогаш и може да се рече дека Гоце е Бугарин. Но Гоце, како што погоре, врз основа на изложеното, повеќе од сигурно ни се претстави пред се' како македонски револуционер, па  дури потоа можеби и бугарски. Најмалку што ќе се покаже е тоа дека тој колку што би бил по чувство Бугарин, толку, исто така по чувство, а можеби и повеќе од тоа, бил и Македонец.

Од мноштвото аргументи, за кои верувам дека зборуваат во прилог на изнесеново погоре, ќе изнесам неколку. Ако знаеме дека Гоце, уште како питомец на военото училиште во Софија, како и Даме пред тоа, беше многу близок со Коста Шахов (родум од Охрид), колку по основа на роднокрајност, а уште повеќе идејно, тогаш тешко би можело да се помисли дека Делчев не ја видел или подобро не ја разбрал заднината на идејната порака инкорпорирана во уводникот насловен "Покана", уште во првиот број на весникот "Македонија", од 21 октомври 1888 година, издаван од истиот овој Коста Шахов.

Имено, еве што се вели во "Покана": "при сето тоа, макар и да сме околу 2 милиони луѓе, пак немаме, тука барем во слободните страни, еден каков и да е весник, кој како да не' држи во извесност за текот на работите, кои се вршат околу нас и за нас. Така и да служи за искажување на нашите народни искажувања и мисли... Денес печатот е посилен од топот и со него се служат речиси сите народности во светот, освен нас. Со тоа ние сами се претставуваме пред очите на образованиот свет како народ...Најпосле, ние Македонците, макар и да сме едни под двојно и тројно ропство, а други распрснати по разни страни, сепак не треба да си го заборавиме отечеството...зашто како народ ќе сме одговорни пред нашето потомство, ако и при толку незгодности на својот живот го преминиме времето бездејствено, без борба за слободен живот, бидејќи нашите господари не сакаат да се грижат за олеснувањето на нашиот живот."

Што ли ќе му е на Шахов, кој самиот се декларира за Бугарин, во четвртиот број на весникот "Македонија" повторно да се врати на темата Македонија. Имено, во уводникот на весникот од 11 ноември 1888 година читаме: "Историјата ни раскажува за изникнувањето, растежот и паѓањето на господарствата, за произлезот, развитокот и упадокот на народите. Несомнено и нашата татковина - Македонија - има историја за своето минато... Во традициите на секоја националност обично ги гледаме длабоко отпечатени повеќето од тие историски факти, кои и ги претставуваат величието и упадокот. Денес на пример секој Македонец, приспомнувајќи си за Александар Македонски, вели: "Ние сме го имале Александар велики", со овие зборови тој си го наумува блескавиот период од величието на македонската држава. Александар Македонски стои пред лицето на Македонецот како национална гордост. Оваа национална гордост има за него во случајов интелектуално значење, при односот на постигнувањето на идејата на самостојност."

Интересно за оваа статија, потпишана со иницијалите Г.К, е и тоа што во неа се употребува посебна ортографија. Така евровите ги нема, темниот вокал е предаден со посебен знак, а останат е и знакот со старославјанското "јат", се употребува "i" i sl. Во секој случај, многу индикативно.

Шахов, не запира тука, тој допушта и во бројот 36 од 19 август 1889 година на весникот "Македонија" да се појави статија, насловена "Мнение за решавање на македонското прашање", потпишана со псевдонимот "Еден Македонец", од која, сосема разбирливо, ако се има предвид под каков притисок бил изложен весникот од страна на весникот "Свобода", орган на бугарската влада. Но да допуштиме да видиме што вели авторот Еден Македонец во својата статија: "... Сите, се гледа, страхуваат од една самостојна кај Македонците борба и никоја соседна држава досега не дава да се развие таква, кое нешто без сомнение си има причини... И македонската емиграција барем за време, треба да ја напушти досегашната свја политика; она треба да се постави во борбата на чисто македонска почва и после може да врви успешно напред во сите стремежи. Ние не може да го бараме своето спасуавање, сполучно, ниту како Грци, ниту како Срби, ниту како Бугари, туку како Македонци, на кое веруваме сите ќе погледнат со добро око."

Ова не можело да му остане непознато на Гоце. Ако тој сам не го имал во рацете цитираниот број од весникот "Македонија", тогаш сигурен сум дека од Шахов добро бил запознаен со текстот на статијата од авторот. Зошто го велам ова? Одговорот е: Затоа што добро знаеме дека Хаџи Николов идејата за основање на македонската револуционерна организациј во 1902 година прват пат ја изложил токму пред Гоце и Шахов, (број 19 од 27 јануари 1890 година). Гоце сигурно дека бил запознаен и со излегувањето на книгата од австрискит македонолог Хрон, насловена "За народноста на Славјаните во Македонија". Во неа авторот, наспроти друго гледање дека Македонците се Срби, излегува со тврдење дека"...Славјаните во Македонија не се ниту Срби, ниту пак Бугари, туку дека составуваат одделна македонска народност" Оваа книга, всушност, е произлезена од неговата докторска дисертација, посветена токму на народноста на македонските Славјани.

Весникот "Македонија" на Шахов, не само преку Шахов туку и тој самиот како весник, бил релевантна лектира за будење, покрај на бугарската, уште и на промакедонската национална свест кај Гоце. Тоа, секако, било случај и со Даме и со Петар Поп Арсов и повеќе други ученици (каков што бил и еден Мисирков), кој, знаеме, во тие години поминал своевидна голгота, чија траекторија започнала со напуштањето на Солунската гимназија, па преку привременото школување во Белград (Србија), за потоа да заврши во Софија (Бугарија) и на крајот за конечно да се врати во Македонија. Ова го велам затоа што тие во тоа време биле присутни на страниците на овој весник, како што, истовремено, биле присутни и на страниците ( и тоа со доста остри критики за нивното "српско издајство",  во владиниот весник "Свобода". при ова заслужува да се спомене и весникот "Лоза" (1892), уредуван од Шахов, кој исто така, имал свое влијание за пробудување на сепаратистички чувства и кај Гоце, а уште повеќе кај Даме и Поп Арсов, затоа што тие биле и дел од редакцијата на весникот. Познато е дека набргу тој весник, поради содржините што ги нудел, бил забранет.

Продолжува

https://www.novamakedonija.com.mk 

 ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

 ЈОСИП КОЦЕВ

Јосип Коцев е еден од најпознатите македонски современи поети кој многу лесно успеа да создаде своја читателска публика, благодарејќи на неговите стихови во кој секој може да најде дел од себе. Тој неодамна го доби признанието "Бели Мугри" за млад автор до 35 години и ја издаде својата нова стихозбирка "Музеј на чувствата". Токму денес читаме македонска поезија, негова песна од новата стихозбирка!

 ***

СЕ' ШТО ЌЕ СОЗДАДАМ, ОТСЕГА ЌЕ ЧЕКОРИ КОН ТЕБЕ

Секој град во кој ќе паднат мртвите клетки од моето тело,
атом по атом ќе миј а шие плотта
во градот каде што си ти.
Секое стебло што се простило со своето лисје,
жила по жила ќе разлисти облаци
на небесното дрво под кое си ти.
Секоја самотија што ја поразила ноќта,
душа по душа ќе роди народи
во дните кога траеш ти.
Најнакрај, чекор по чекор
ќе дојдам кај тебе,
ќе дојдеш кај мене.
(Не ќе се знае
кој кај кого пристигнал.)
Ќе се сретнеме
како здив и меурче од сапуница,
двајца ќе сме, а безброј ќе не' има,
краткотрајни
толку ранливи,
а толку чудесни.
**********
Јосип Коцев

 

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards

број 294, 25 јуни 2020