ДО КОГА ВАКА БРАЌА И СЕСТРИ ЌЕ СЕ МРАЗИМЕ?

 Сотир Гроздановски-Македонски

ШТО Е СО ТРЕТАТА  ОПЦИЈА

 

 09 јуни 2020

За жал, нашите мајки не не родија  да бидеме сите генерали. На Македонија и' требаат, и едните и другите:  зошто без добри војници и  добри водачи, ќе си останеме вакви какви сме: за резил пред светот кој до вчера не сметаше за пример!

Кога генералите  на Армијата на Република Македонија им се придружија на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска во мисијата  уривање на македонската држава, Република Македонија, добивме тоа што имаме: обезличена војска која не знае на која земја и' припаѓа и што треба да прави во ситуации кога Македонија е во смртна опасност да исчезне.

Со генерали образовани во академиите на  докажаните национални непријатели, чии раце им се се' уште  крвави, до рамена, од крвта на македонските жени, мажи, деца, стари и млади не можеме да очекуваме ништо повеќе од то што го доживеаме до сега. Од генерал кој без  испукан куршум изврши велепредавство на македонските национални одбранбени способности и прв кукавички се одрекна од името на својата земја која требаше со својот живот да ја брани, нема фајде. Нашата војска не и' служи на македонскиот народ, туку на странски завојувачки интереси, спротивни на традициите  наследени од борците кои ја создадоа македонската држава со море крв и саможртви.

Држава со која управуваат странски емисари, дипломати, мешетари и хохштаплери, криминалци и домашни изроди и велепредавници, нема иднина. Држава во која имаат главен збор, во сите одлучувања, терористи кои почнувајќи од 2001 година до денес се главна закана по безбедноста на македонските национални интереси, исто така.  Затоа водач на одбраната и безбедноста на македонската држава  во прв ред треба да е Македонец во душата и срцето, а потоа потомок на некое од племињата од кои македонската нација е создадена. Но пред се' да  му е лојален на народот на кој му припаѓа и поседува храброст да се спротивстави на секој внатрешен и надворешен непријателски предизвик.

А пак да се биде политички водач на народот во добро и зло, покрај сите горе споменати особини да поседува уште многу повеќе од тоа: да биде за пример на цивилизирано и хумано однесување  и  да ги познава дипломатските вештини за комункација со надворешниот свет.

Затоа, секој од нас треба да си го знае своето место во заедницата на која и' припаѓаме и адекватно да се однесуваме спрема способностите со кои Бог не надарил.  

Не сакам да ја споменувам историската мисла на американскиот претседател од 60-сеттите години од минатиот век, Џон Фиџералд Кенеди, бидејќи верувам дека многу од нас сме ја чуле и се восхитувале. Но ќе речам само нешто: Јас придонесувам во добробитот и безбедноста на мојата татковина Македонија во границите на моите можности и физички способности! А Ти драги мој читателу?

Ќе ми се придружиш ли во борбата против велепредавниците Зоран Заев и   Христијан Мицкоски на идните избори да ги испратиме таму каде им е местото? Да ги тргнеме од македонската политичка сцена за секогаш и да и' посветиме поголемо внимание на "Третата народна опција" која е подготвена да ја преземе одговорноста за македонската држава и да воспостави ред и мир? 

Ако сме ја запомниле мудрата и историска изрека на македонскиот апостол, нашиот Гоце Делчев која гласи: "Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен од Македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија?"- тогаш ќе престанеме да се јадеме еден со друг за да не ја доурнисаме неа и самите себе!

Секогаш имало место за работа во Македонија за тие што ја почитуваат и сакаат, како што многу други народи си ги сакаат своите татковини и во секој миг се подготвени да ја бранат со сите средства кои им стојат на располагање. 

И ние  имаме такви јунаци подготвени за акција, ако е потребно, само немаме, се' уште, генерал кој ќе го издигне македонското знаме над сите други во македонската држава, ќе стане на чело на колоната и ќе им каже на соседите и домашните изроди, велепредавници и терористи облечени во скапи костуми дека македонското трпение има своја граница, која е повеќе пати повредена? 

Не би било пристојно да ги класифицирам по нивната величина или подготвеност за оваа одговорна задача од национален интерес, меѓутоа јас лично би станал на страната на оние нови македонски сили кои имаат разработена национална програма за поништување на сите штетни одлуки и договори со кои  Република Македонија е доведена на работ на пропаста, а потоа сите заедно да се свртиме кон обновата и доизградбата  на македонската држава, сега понижена, обезличена и длабоко осрамотена од  предавничките политики на ВМРО-ДПМНЕ со Христијан Мицкоски и СДСМ со Зоран Заев.  

Сега или никогаш, повеќе, нема да имаме втора шанса да го исправиме она што би го дорасипале ако не се здружиме и победиме.

Секој друг избор освен СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ е подобер за иднината на Република Македонија и македонските национални интереси. За себе и нашата татковина сме одговорни само ние и никој друг. 

Затоа, нека идните парламентарни избори ни донесат Влада по мерка на народот!

За секогаш Ваш, Сотир! 

 

Ефтим Клетников

ШТО САКАМ ДА И' СЕ СЛУЧИ НА ЕВРОПА

(Или пресликување на македонската ситуација кај неа)

 

03 јуни 2020

Веќе со поднасловот на колумнава, драг читателу, ти е јасно што сакам да и' се случи по коронавирусот на Европа, во кој може замешал прсти и некој нејзин, покрај вашингтонски, Менгеле, па вината им се префрла на мирољубивите и мудри Кинези. По се' што ни направија тие западни сатрапи, ние Македонците имаме право на сомнеж во нив. Туку од кај да почнеме со посакуваното пресликување, кое не е ни најмалку она македонско-византиското на фреските и мозаиците, кога се пресликува небесното на земното во стилот на основниот закон на Хермес Трисмегист, што е горе  е и долу. Не, оти ниту тие некогаш како цивилизација, особено сега, се допреле до Бог и Небесното, ниту овие се допреле до нив.  Тоа. Туку да не им пресликуваме многу од македонската судбина и историска ситуација на западните моќници. Ќе го одбегнеме тука, да не ги товариме премногу со вина, со Берлин 1878 г. и Букурешт 1913г. и ќе почнеме од таканареченото наше "осамостојување" 1990 година.

Ќе речеш, Фројдовски, моите желби во овој контекст за Европа се желби на некој темен ерос, впрочем каков што бил секогаш и европскиот  "цивилизациски" со јак варварски мирис ерос кон нас. Туку за која Европа се работи? Секако за онаа на и денес нејзините моќни економски и колонијалистички држави: Англија, Франција, Геманија, Холандија, Белгија. Толку. Шпанија е тука во длабока заднина. Таа како да е целосно задоволна со тоа што еднаш ги збриша Маите и Инките и им го крена целото злато, кое ги светна католичките цркви за време на европскиот барок. Тоа. Тоа е главно Европа што глуми обединување и хуманизам: слобода, братство, единство и неопросветителство со нов тип колонијализам и експлоатација на помалите и посиромашните, се' до нивно ликвидирање ако науми, како што и' се случи со идентитетскиот геноцид над Македонците во Преспа пред две години. Но да преминеме на темата, драг читателу. In medias res. На желбите со име задоволство, тие што и кај Фројд се основна храна на либидото и кога е и кога не е трансцендентално. Тоа. Задоволството што Македонецот Аристотел, пак, го дефинира уште поубаво од виенскиот психоаналитичар со поимот катарза. А мојата катарза во врска со Бриселската Дама, драг читателу, верувам е и твоја, и на сите обезимените и тормозени од Европа Македонци.

Значи, што сакам да и' се случи нејзе како македонско пресликување од 1990 година наваму. Првин Меркел или Макрон како европски Киро Глигоров да им ги сменат имињата на наброените европски моќници во некое нивно БЈРМ, кое ќе го депонираат во ООН за некое идно "праведно" решавање на спорот што го имаат да речеме, со некоја од нивните екслоатирани африкански или азиски колонии. Сеедно. А потоа по нивно барање, поради некои типични навреди да ги сменат своите традиционални знамиња и да си направат нови. Плус да сменат и некои битни членови во Уставот, кои нивните држави од национални ќе ги трансформираат во граѓански, при што поимот граѓанин ќе се користи за целосно идентитетско обезличување на мнозинскиот народ во државата, до пред малку и нација.

Првин тоа. Потоа, бидејќи им е тоа малку, сакам да им се случи, како што ни се случи и нам со нивно спонзорство, една терористичка 2001 година со директна логистика и оружена поддршка на терористите од страна на НАТО и Шекеринска како македонски претставник во таа операција. Тоа. А потоа Брисел како поразена странка, макар и да е наметнат поразот како што беше тоа кај нас, да мора како и ние под притисок отстрана да склучи Рамковен договор (за неговото потпишување им го отстапуваме Охрид), кој ќе им ги задоволи во него сите барања на терористите, кои сега се промовирани од меѓународната заедница како борци за човекови права. Како што беа промовирани од Западот, Европа и Вашингтон, и кај нас, без  разлика што нивниот, сега покоен лидер македонофоб Арбен Џафери отворено изјави дека 2001 година не била борба и колеж (Вејце) за човекови права, туку за територии. За Илирида или Голема Албанија, која фактички Вашингтон ја направи на грбот на Србија и Македонија. Така. Иако меѓу нашите терористи од 2004 година и европските од париски Батаклан и "Шарли Ебдо", драг читателу, има огромна разлика. Оти додека се кај нас тие се асли терористи и како такви и се покажаа, неблагодарни за македонската помош на косовските бегалци 1999 година, во Европа тие беа очајници. Очајници на кои нивните и американските бомбардери им ја спепелиле татковината и домот, им го убиле семејството и блиските, па тие на крајот се запашале со бомби околу појасот и тргнуваат во камиказе-стил кон западните лакоми грабачи. на туѓа нафта и други материјални богатства. И, секако, означувајќи ги нив како терористи, западните моќници, драг читателу, само го кријат својот државен тероризам, кој толку храбро го детектира умниот Чомски, па напиша и неколку книги за него. Главно за американскиот тероризам.

Потоа што друго и' посакувам на бриселкса Европа по нејзиниот евентуален Охридски договор со своите терористи. Тоа, како и кај нас, терористите по диктат на меѓународната заедница (која би сега можеле да ја предводат наместо Америка и Англија, Кина и Русија) да ги зафатат фотелјите во европските влади, парламенти и министерства: во Англија, Германија, Франција, Холандија, Белгија, па да видат колку е  тоа убава и за мерак демократија. Нека се одвикнат малку од концептот на владеење на Римската Империја што го наследија, робовладателски во основа, и малку нека го вежбаат космополитскиот концепт на тој план на Античките Македонци на Александар и Аристотел што се темели врз "природното право и правото на народите", првиот познат закон на космополитската демократија, на кој посебно внимание му обрна и мудриот и доблесен англиски филозоф Бертран Расел. Тој што го основа познатиот "Раселов суд" и донесе декларација за европскиот геноцид врз Македонците. Има ли денес некој таков јунак во Европа и на Запад? А всушност со декларацијата на Расел е осуден и Черчиловиот потфат за чистење на Македонците во Егејска Македонија од нивните родни огништа.

Сметам дека дотука се' ти е јасно, драг читателу, но уште не завршивме со пресликување на македонската ситуација на европска, сега бриселска почва. Прашуваш зошто? Па заборави ли на Бадинтер, славниот француски правник што го стокми законот именуван според него за заштита на тие што ги нападнаа во 2001 година Македонија и Македонците. Закон во француски перверзен, со маркиздесадовски зачин, стил за сопнување на волјата и демократијата на мнозинството, демосот, а за владеење за подбишега со него на малцинството. Единствен таков случај во светот како историски и цивилиациски феномен. Да. Е па, сега доаѓа мојата желба тој закон задолжително, како француски неопросветителски изум, да се вглоби во правниот систем на Европа, па да види како изгледа на своја кожа тоа. Нека не се зафркаваат со демократијата во која главен збор понекогаш, не толку ретко, се нивните колонијалистички походи, збеснати од натрупаниот капитал на светската сиромаштија во нивните банки и стекнат со нивните бомбардери до врвот полни со смрт.Тоа. По Бадинтер, оти се' тука дејствува врз принципот на врзани садови, сега доаѓаат за пресликување славните македонски договори со соседите: првин со Бугарите и со Грците. Со Бугарите: за бришење на македонската национална ознака и јазик како бугарски, штедро и на фашистички начин (не е претерана формулацијата) подржани од политборделски Брисел. Доволно е само да се потсетиме на подршката на Бриселската ороспија на онаа шизофрена декларација, на исто така шизофрените бугарски претставници во Европскиот парламент Ковачев и Џамбаски за божем бугарскиот идентитет на Македонците во Мала Преспа во Албанија. Со тоа Европа врз примерот на Македонија само уште еднаш потврди дека не се откажала по Хитлера од фашизмот, карактеристичен за нејзината ментална структура потврдувајќи ја којзнае по кој пат историската изјава на големиот германски писател  и хуманист Томас Ман дека е победен Хитлер, но не и фашизмот. Од аспект на македонскиот пример на искуство со Европа, неговиот дом сега се наоѓа во Брисел. Се разбира, драг читателу, и во Вашингтон, но сега тој не е во нашиот централен фокус, ама многу јасно се подразбира. Поубаво од херметичкиот стил на поетиката на сугестијата на Стефан Маларме.

Договорот со Бугарија, кој го поздравија и некои наши шупливи екстра фарисејски инетелектуалци. Посакувам и тој да се преслика на европска почва, па дај францускиот, германскиот и англискиот јазик нека бидат, како и македонскиот, бугарски дијалекти (или може и некој дијалект од нивните афроазиски колонии), а французите, Германците и Англичаните Бугари. Нека бидат до врв задоволни онаа софиска врвна лингвистка Захариева, пожарникарот (им се извинувам на пожарникарите) Борисов и оној рогат бугарски лав Каракачанов. Инаку Влав што си замислил дека е Македонец, односно кентаур од Македонец и Бугарин.

Така, драг читателу. Ред по ред се редат кочански сејмени. како во народната песна, која добро ни дојде тука. И, како што гледам, веќе претпоставуваш, негде сме пред олимпиското финале на олимпијадата на европската "демократија": Преспа и Преспанскиот договор, кој го афирмира во полн интензитет модерниот европски фашизам. Но пред тоа и' давам предност на Тиранската платформа, која исто така во име на западната демократија и' ја посакувам на Блудницата Вавилонска, да го употребам слоганот на мудриот прилепски гениј Цепенков за Европа, непогрешливо прецизен. Имено и' посакувам и' нејзе една таква платформа, како за нас и за нив зготвена од ЦИА.

Европска тиранска платформа со која се воведе, како и кај нас двојазичност на целата европска територија, до последното живо село во Франција, Англија, Германија, Холандија, Белгија. Па, така, Французите нека го делат рамноправно лингвистичкиот државен простор со Арапите (арапски јазик), Германците со  Турците, кои ги имаат околу 10 милиони, Англичаните со Индусите и Пакистанците, Холанѓаните со јазикот на Индокина каде што беа колонизатори, Белгијците со Конго, каде што нивниот славен Леополд ги масакрира Конгоанците за да им ги извлече дијамантите за неговите крвави кралски палати. Итнт. Темно. Многу темнина и безбожништво во срцето на Европа!

Тоа и така. Конечно дојдовме до Преспанскиот договор, до голготата Преспа на која се распнати, како што мислат распнувачите, засекогаш Македонците на крстот на идентитетската смрт, при што е забрането, се разбира, на нивно симнување од крстот, како што го сторија тоа Марија и апостол Јован со Исус. А тоа, пак, значи забрането им е и секакво право на воскресение, па и на пониската негова форма вампиризмот, цел за која западните џелати ним, за секоја сигурност, дополнително им забија глогов "демократски" колец во срцето. Што да ти кажувам повеќе драг читателу, освен дека посакувам и Преспа, тој идентитетски колеж на Македонците, да и' се преслика на Европа, па да видиме како ќе се снајде во него без име и меморија на кои нема право. Оти таа не е витална како нас на такви катастрофи и погроми. Не се челичела и физички и духовно со страдање како ние, туку им нанесувала страдања на други.

Тука сме при крај, драг читателу. Сето тоа што и' го посакав во оваа колумна нека и' се случи на Европа, Блудницата Вавилонска. Нека ја фати оваа македонска клетва, можеби и поочајна од клетвите на поетот на клетвата во Стариот завет пророкот Еремија, кој го колнеше расипаниот човечки род одметнат од Бог и Божественото. Расипаниот род на кого укажуваше и апостол Павле, во кој тој ги гледаше во својата визија модерна Европа, која поклоник повеќе на темнината отколку на светлината, ќе повте да ги згасне тие светила во Преспа 2018 година Македонците-европски светила, народот  со кој Павле имаше намера да се пофали пред Господ.

Македонците, кои Европа (Вашингтон се подразбира) ги закла и идентитетски во Преспа, новиот Аушвиц за новите Евреи на Европа. Аушвиц во кој оној од Муртино и неговиот надворешен министер ја имаа улогата на Ајхман и Гебелс. Но и тие се западен, евроамерикански производ во фабриката на модерниот "демократски" фашизам. Да беа живи денес Бертран Расел и Томас Ман стопати ќе и' се плукнеа на Европа каква што е кон малата и настрадана Македонија: бескрупулозно фашистичка. Не претерувам, драг читателу, оти зарем не е идентитетскиот геноцид фашизам. Дури и нешто повеќе од тоа. Точка.

До следната наша средба, бескрајни поздрави, кои ги минуваат границите на бескрајот, се читаме, што значи и се гледаме.

https://www.novamakedonija.com.mk

 

Пишува проф. д-р Гале Галев

БУГАРИЈА НЕ МОЖЕ ДА НИ НАРЕДУВА РОКОВИ

Политичко-историски фељтон : ЧИЈ Е ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

(број 1)

 

 

25 септември 2019

Во последните месеци, поврзано со Договорот за соработка и добрососедски односи, помеѓу Република Македонија (сега Северна Македонија) и Република Бугарија, во печатените и електронските медиуми, но и во повеќе изјави од високите нивоа на бугарските и македонските власти, лека полека, централна тема стана чиј бил ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ-бугарски или македонски револуционер, односно дали тој бил Бугарин или Македонец. На самиот почеток со неверување гледав на ова. Си велев, зар е можно на толку ниско рамниште да биде сведена работата на паритетно основната комисија, условно кажано, за историско-образовни прашања.

Во исчекување резултати од комисијата, во вид на препораки до двете влади, во еден момент, со оглед на спласнувањето на "бурата" што веќе беше настанала во медиумскиот простр за најмаркантната илинденска личност (Гоце Делчев), си бев рекол: Фала ти Господе, што комисијата, сепак, е оставена на мира да си ја доврши својата работа. Охрабрувачки дејствуваше и фактот пренесен во медиумите дека членовите на комисијата веќе, ако така може да се каже, успешно ги апсолвирале прашањата поврзани со царот Самуил и неговата држава, со св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум и, ми се чини, со Григор Прличев. Ваквата моја верба, на некој начин, почиваше и на изјавата дадена од висок функционер на Владата на Република Бугарија (министерот Каракачанов), при неговата последна посета на нашата држава. Мојата перцепција, за жал, многу брзо се покажа за неточна. Потврда за тоа е изјавата од премиерот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, дадени по заедничкото чествување и положувањето на венците (од македонска и бугарска страна) на вечното почивалиште (во црквата "Св. Спас" во Скопје), на Гоце Делчев, а по повод државниот празник Илинден 2019 година.

Ако се запрашате зошто го велам тоа, одговорот е затоа што централна точка во таа изјава е токму личноста на Гоце Делчев, макар што во неа директно не е спомнат сам Делчев. За да се увериме во ова, нужно ќе биде кратко да се елаборира нејзината содржина. Нека ми биде допуштено да го пренесам самиот текст на изјавата на Борисов. Еве што вели тој во неа: "Комисиите мора да постигнат компромис до октомври. Не треба да се пречекори октомври. Комисиите мора секојдневно да работат." Тој, продолжувајќи уште, додаде: "Тоа прашање мора да се реши. Кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено меѓу комисиите, тогаш ние во Бугарија ќе решиме што треба да се прави. Ова сценарио сакаме да го одбегнеме по секоја цена." При ова, особено занимлив е и следниот дел од неговата изјава: "Наш заеднички интерес е да бидете во НАТО. Нашите херои го дале животот за да стекнеме придобивки за својот народ. Ние немаме ништо против. Инаку, ќе бидам обвинет дека сум ја предал историјата на Бугарија. Јас имам лимит што можам да си го дозволам, знам дека по секоја цена комисиите треба да донесат решение што ќе биде за перспектива на младите", изјави Борисов.

Елаборацијата на цитираната изјава на премиерот верувам ќе не убеди во горенаведеното мислење дека иако Гоце Делчев во неа не е спомнат категорично, сепак, таа му е посветена токму нему, а дури преку него и на неговата револуционерна генерација. Според мое видување, во неа постојат повеќе показатели што и ќе го потврдат тоа. Првиот од нив се препознава во рокот утврден од премиерот, во кој комисијата мора да ја заврши својата работа. Тој рок, како што вели во изјавата, е "до октомври", а тоа практично значи до истекот на септември. За волја на вистината, тој зборувајќи за цитираниот рок ("до октомври") допушта и мало отстапување од него, па вели дека со тој рок "не треба да се пречека октомври."

Секоја случајност, во однос на цитираните рокови, овде е исклучена. Барањето на премиерот комисијата целосно да ја заврши својата работа "до октомври" би можело да биде и в ред, но само под услов во договорот да постоеше таков утврден рок. Во тој случај, колку и да не се согласувам со таквата одредба, би се придружил на почитувањето на тој рок. Но таква одредба нема, ниту е соопштено такво нешто порано како услов. По ова, ќе си дозволам да размислувам дека бугарската страна, по секоја цена, сака да издејствува препорака за етничката припадност на Делчев, по мера што и' одговара нејзе. Токму, се чини, и поради тоа премиерот ќе рече: "Тоа прашање  мора да се реши", (не кога било) во рокот што сам го определил во својата изјава. Тој негов рок, видовме, е "до октомври", а тоа всушност значи до крајот на септемри, односно со малото отстапување што го прави со тој рок "не треба да се пречекори октомври". По ова, како што вели премиерот, "кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено...ние во Бугарија ќе решиме што треба да се прави."

Покрај горенаведеното, во прилог на тоа дека изјавата на премиерот Борисов е, пред се', фокусирана на прашањето што поскоро да се дојде до однапред очекуваниот резултат за етничката припадност на Делчев, ми се чини, доволно јасно зборува и нејзиниот завршен дел. За работите да бидат појасни, во врска со ова тврдење, уште еднаш го приложувам тој дел од изјавата, во кој премиерот вели: "Нашите херои го дале животот за да имаме придобивки за својот народ...Ние немаме ништо против. Инаку, ќе бидам обвинет дека сум ја предал историјата на Бугарија. Јас имам лимит што можам да си дозволам..."Тргнувајќи од содржината на цитираниот дел од изјавата, ќе се согласите дека тој дел, како и претходно елаборираното, во основа, е поврзан со Делчев. Оттука, и заклучокот дека тој и нема поради што друго да стравува да биде "обвинет" дека "ја предал историјата на Бугарија". освен ако како премиер на Владата на Република Бугарија би се согласил со идентитетот на Делчев различен од бугарскиот. Но тој, и да сакал, не можел да го направи тоа, нели, затоа што имал "лимит" преку кој не можел да оди.

Не помалку зборови и категорично изнесениот став за Гоце Делчев на Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи, соопштен на еден од електронските медиуми во Република Бугарија. Имено, тој став на министерката (а преку неа и на Владата), за Делчев, се сведува на тоа (парафразирам): дека македонскиот дел од комисијата, а преку неа и македонската влада мора на недвосмислен начин да го потврдат, односно прифатат како неоспорен факт дека народното чувство на Гоце Делчев е бугарско. Тоа, според неа, дотолку повеќе, било нужно да се направи бидејќи, нели, и самиот тој го имал изразувано ваквото чувство на припадност. Поради тоа, бугарската страна не е подготвена да прави, како што вели самата, "компромис со вистината", притоа изнесувајќи го и ставот дека македонската историја, всушност" е изградена на антибугарска основа. Оттука, и во Македонија треба, конечно, да биде напуштен "фалшивиот национализам" и да престане "воспитувањето во лаги" односно да се "лажат децата".

Ако кон ова ја придодадеме и заложбата на г. Ангелов, претседател на бугарскиот дел од комисијата (читај на Владата), за свикување вонредна седница на двата нејзини состава, дури и пред септември, тогаш уште појасно станува дека бугарската страна е заинтересирана што поскоро народносното бугарско чувство на Гоце Делчев да биде прифатено како неспорен факт од македонска страна.

Гледана од бугарска страна, и самата идеја за основање на Комисијата за историско-образовни прашања, како да е базирана на фактот по секоја цена да се дојде до однапред очекуван резултат поврзан со случајот на Гоце Делчев, кој, (резултат) натаму би бил користен како неоспорен факт за тоа дека македонската историја, и тоа не само она до Делчев туку и она по неговото време, всушност до АСНОМ 1944 година, навистина е заснована на антибугарската основ. Меѓутоа, со цела почит кон другата страна и кон историските факти што зборуваат за испреплетеност во историското минато на двата народа искрено, сакам да верувам дека не сум во право во однос на овде изнесената размисла поврзана со идејата за основање на Комисијата за историско-образовни прашања.

Заслужуваат да бидат разгледани уште две прашања: првото е поврзано со зборот "мора". Имено, тој збор во изјавата на Бојко Борисов се јавува во три варијации, и тоа: "Комисијата мора да постигне компромис до октомври"; "Комисијата мора да работи секојдневно"; "Тоа прашање мора да се реши." Пораката од овие три вида "морања" за мене е кристално јасна. Таа е наредба или, со други зборови, императив упатен од посилната страна на договорот. Колку и да сакав за овој императив да употребам некој поумерен збор од зборот ултиматум, таков, за жал, не успеав да пронајдам. Од наредбата дефинирана како ултиматум произлегува дека тој (ултиматум) беспоговорно треба да биде прифатен од другата страна на договорот.

Да заклучам: Ваквиот пристап, според мене, е непримерен и, оттука, многу повеќе штететн отколку корисен. Ова особено гледано и од аспект на природата на работата на комисијата. Нејзината работа е исклучиво стручна и научна и токму поради тоа таа не може да биде подложена на какви било надворешни влијанија (вклучувајќи ги, во случајот, и цитираните "морања" од изјавата на Борисов). Но ова и не само поради изнесеново, туку и поради исклучително обемниот историски материјал што е предмет на разгледување од комисијата и кој треба да биде проверен низ продлабочена стручна и научна оцена. Во овој контекст, не треба да биде запоставен и фактот дека тој материјал покрива и многу долг временски период од историите на двете држави, во кој се испретплетувале и многу интерни, регионални и интереси од геополитичка природа на големите европски сили од тоа време.

Оттука, ако се испушти од вид изложеното и договорот за добрососедски односи и соработка Бугарија го разбира исклучиво како политичкиот акт, кој неа, како посилна страна, и' овозможува во своите права да оди и надвор од самиот тој договор (каков што, на пример, е случајот со утврдениот од неа рок за завршување на работата на комисијата), тогаш, освен насловот "Договор", не останува ништо друго од него. Меѓутоа, ваквото разбирање на договорот од бугарска страна може да се земе и за прифатливо, но тоа само под услов ако претходно јасно и' било ставено на македонската страна и, притоа, таа да се согласила со тоа. Во тој случај и нема што да и' се приговара на првата страна (бугарската). Но во моментов барем јас немам сознание за некаква дадена таква согласност од македонска страна.

Продолжува

https://www.novamakedonija.com.mk 

 Венко Андоновски 

АДАМ И ЕВА ГЕЈТС И ГЕНОЦИДОТ ВРЗ СТУДЕНТИТЕ

СКИЦИ ЗА ЧОВЕКОТ

 

 02 ЈУНИ 2020

Народов вели: вирусов или е природен, или е човеково дело. А јас велам: ако го направил човек, не чини работава, зашто некој нов доктор Фауст склучил сојуз со стариот Мефисто, како некогаш кај Гете. Вирусот, во тој случај го направил човек што себе се смета за бог. Познати ни се од романите на Достоевски таквите осилени антропоцентрици што склучуваат сојуз со Мефисто, за да станат човекобогови и да прогласат дека бог е мртов. На пример, Кирилов од "Бесови", кој веруваше дека од него (преку убиството) ќе почне да се брои новото светско време како по Христос. Но познати ни се такви доктор Фаусти и од современата капиталистичка стварност на Бил и Мелинда Гејтс, Ворен Бафет, Марк Закерберг и другите најбогати луѓе на светот. Обични (невра)СТЕНИЦИ, кои мислат дека со парите можат да си купат бесмртност уште овде, на Земјава.

И тоа преку технолошкиот развој, цицајќи им го знаењето на научниците (крвта на работниците не е веќе доволно слатка) за мрачни цели. Конечно знам дека "дрвото на сознанието" од библиската приказна за првиот грев не било јаболкница, туку дрвото на технолошкиот развој. Дуализам: зло од едната, (привидно) добро од другата страна. И конечно знам (а од дете се прашувам) како се презивале Адам и Ева: Гејтс. Притоа, Гејтс не е само презиме: тоа е поим, вид, класа неврастенични антропоцентрици.

Кога Маршал Маклаун ја пишувал својата прочуена (и прва) медиолошка студија "Поимање на медиумите-продолжетоци за човекот", верувал дека техниката ќе остави благотворни последици преку медиумите, претворајќи го светот во "глобално село", во кое брзината на информациите нема да зависи од растојанието меѓу изворот и примачот. Но сигурно не можел да предвиди дека еден ден ќе постои сомнеж дека короноваирусот е гнасен резултат токму на тој технолошки "напредок".

А и да не е (дури и да е природен), сепак ќе остави зад себе стравотно технолошко ропство: ќе се доврши процесот со кој човекот конечно ќе стане робот. Џорџ Агамбен, во неодамнешната колумна "Реквием за студентите" со жалење прогласува крај на десетвековното постоење на универзитетите, на кампусите како место за студентскиот живот и на студентската револуционерна популација. Наместо да седат еден до друг во амфитеатрите, да водат љубов и да креваат револуции за еднаквост и правда, студентите во иднина ќе следат предавања затворени сами во соба. И нема да живеат во градовите каде што им се универзитетите. Со тоа уништена е автономијата на универзитетите, зашто-ако немаш кампус, немаш ни потреба од академска автономија: секој студент и професор си имаат лична граѓанска автономија. Освен тоа, никаква опаснотст како онаа од 1968-та веќе нема да има ни за Трамп, ни за Путин, ни за Ердоган, ни за Бил Гејтс и другите мултимилијардери.

Ќе бидат бесмртни и политичарите и бизнисмените, па ќе излезе дека земјата од рајот што ги наведе во грев нашите прародители-била во право кога им рече: "Не, вие нема да умрете...ќе останете како богови". Ако каснете од дрвото на сознанието, односно од дрвото на технологијата. Агамбан тврди и дека умните луѓе знаеле дека таканаречената "пандемија" ќе биде искористена како повод за "сеопфатна дифузија на дигиталните технологии", кои ги нарекува "технолошко варварство", а кое сега "послушно се спроведува на дело". Тој не може да се помири  со смртта на универзитетите, па речиси крикнува: "Професорите што масовно се согласуваат на потчинување на новата диктатура на телематиката и прифаќаат предавањата да ги одржуваат исклучиво онлајн, воопшто не се разликуваат од универзитетските професори што во 1931 година покажаа верност кон фашистичкиот режим. Како и тогаш, можеби само 15 од 1.000 ќе одбијат да го сторат тоа, но имињата ќе им останат запишани со оние што не им се поклонија на фашистите."

Не, не навивам да се вратат класичните универзитети: и онака беа веќе морално (а и интелектуално) гнили, особено по Болоња. Но што да каже на ова радикално "не" на технологијата обичен даскал каков што сум јас, пред авторитети кака Агамбен?? Воопшто да не држам НИКАКВИ предавања?! Тогаш останувам без професија. А Маклаун сигурно се превртува во гробот. Зашто, сигурно не мислеше на ова дереџе, кога нескриено се воодушевуваше од технолошкиот бум: телефонот е продолжеток на човековото уво (слуша до Северниот и Јужниот Пол), телевизорот продолжение на окото (гледа одовде што се случува во моментов по целиот свет), а тркалото продолжеток на ногата-"брза нога". Авионот стана протеза на човековите раце и дури, ги претвори во крилја. Човек со протези- тоа беше иднината на Маклауновиот човек, еден вид Супермен, со супер вид, супер слух и супер нозе.

И сето тоа значеше ОГРОМНО ЗАБРЗУВАЊЕ. А каде што има забрзување, мора да има и сопирачка, зашто забрзувањето може да го разбие на парчиња забрзаниот човек со патерици. Тој е мртов во оној миг кога ПРЕСТАНУВА ДА ЧУВСТВУВА дека продолжетокот е само туѓо тело што сраснало со неговото живо месо. А вирусов, ако е врв на технологијата, веќе срасна со нас: сите говориме за нов, "онлајн живот" како да е тоа најнормално. Се плашам дека веќе нема кревање "рачна"! Од друга страна, смешен сум ако се бунам против технологијата, зашто тогаш би требало да се побунам принципиелно против сите продолжетоци на човечкото тело, од кои женската (па и професорската) чанта или ќесите во "Веро" се најчестите примери.

Тие се "продолжение" на раката, трета или четврта рака, зашто не може човек да понесе се' во двете раце. Но убеден сум дека чанта и смарт-уред не е исто. Чантата не ме прави технолошки "аутистичен", и смарт-уредите-да. Петпати ги прашувам моите деца дали сакаат сок додека типкаат на таблетот, и нема одговор. Затоа, вирусот го гледам како уцена за нови "смартови" и отуѓувања. Наше конечно исклучување од животот и влучување во ЕМИСИЈАТА на животот. Тоа не е исто. Застрашувачката помисла дека човек го конструирал овој вирус заради профит и моќ доживува климакс во следново прашање: ШТО АКО ОВАА БОЛЕСТ Е ИЗМИСЛЕНА САМО ЗАТОА ШТО ИМАЛО ЛЕК ЗА НЕА ПРЕД ТАА ДА СЕ ПОЈАВИ? Што ако етиката на човековиот технолошки ум доживеала таква ПЕРВЕРЗИЈА (под притисок на профитот), што најпрвин се прави лек, а потоа се фабрикува болест? Тоа ли е траурната иднина на човештвото-да се претвори во корпорација за производство на болести наместо на лекови? Тоа е оргија со етикета: не е чудо, "најдоблесно" и "најнормално" да ни подарат и бесплатни лекови или вакцини (и нашите стари не наплатувале за лек), зашто болеста е веќе наплатена преку продажба на технологијата.

Во книгата раскази "Фрески и гротески" (1994) имам краток расказ под наслов "Два лека за кои нема болест". Таму отец Ангелариј, во деветтиот век, век на рачно препишување книги, една ноќ ја сонува печатницата на Гутенберг. Но кога ќе се разбуди, не може да се сети како изгледала. Знае само дека таа чудесна машина во сонот лесно создавала исти копии, во кои сите испишани "А" се идентични со сите други "А", и сите "Ш" се еднакви со сите други "Ш". Лек или болест е тоа што го бара Ангелариј-сите да пишуваме исто "А"? Попорво ќе е болест, како и секој плод од дрвото на Адам и Ева Гејтс.

Велат дека по короната веќе ништо нема да биде исто. Не е баш така. Досега беше "исто", а отсега ќе биде УШТЕ ПОИСТО. Не само што ниедно "А" нема да биде различно од другите "А" туку и ниеден студентски есеј нема да се разликува од друг. Ќе нема човечки глас што одsвонува во семинарот, со неповторлива интонација, тембр и дах што минува низ гласните жици. Преку таа дигитална униформност на човекот, пропуштен низ еквалајзерот на компјутерот, лесно ќе владеат луѓето богови. Со луѓето роботи и робови.

 https://www.novamakedonija.com.mk

 КОЛЕ МАНЕВ СО ПОРАКА ОД ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ЗА ТВОРЦИТЕ НА СЕВЕРНА И ЛИКОВЕН ПРИЛОГ

Зошто го лажете народот дека сум бил Бугарин?

04 јуни 2020

Гоце Делчев и творците на Северна

ГОЦЕ: - Вие, творците на Северна зошто го лажете народот дека сум бил Бугарин? Сум бил Бугарин, ама сум се борел за македонската кауза?

Од каде го извадивте ова, од нафталин? Во цртежот, тој слабиот кој бега дури тврди, дека Крсте Мисирков ти бил Бугарин, мајко мила! Мисирков да се чувствуваше Бугарин ќе напишеше книга "За бугарските работи"! Треба да знаете дека таква книга не постои, а не постои бидејќи Крсте Петков Мисирков напиша книга "За Македонцките работи", ама  на копуци како вас тоа се уште не ви е јасно. 

Шармерот за надворешни ни порачува да читаме документи! Какви документи бре, ние ги положивме животите за Македонија, за Независна и Слободна Македонија, а вие сега со нас правите политички бизнис и не шиткате како Бугари, голтари едни. Или вие светот го разбирате како поле за натпревар меѓу шиткачи и предавници. Со што ќе го покриете вашиот резил?

(ликовниот прилог, специјално за "Денешен", автор Коле Манев)

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

 

КОНСТАНТИН МИЛАДИНОВ

На 18 јануари 1862 година во Цариград, во полициската болница, умрел Константин Миладинов, македонски поет, собирач на македонски народни песни и умотворби. По завршувањето на основното образование во Струга и гимназијата во Јанина, во 1847 година станал учител во селото Трново, Битолско.

На 14 октомври 1849 се запишал на Филозофскиот факултет (филолошка група) во Атина. По завршувањето на студиите престојувал во манастирот "Зограф" на Света Гора. По враќањето во Струга, станал учител во битолаксото село Магарево, а потоа во 1857 година се запишал студирал на филологија во Москва, каде што членувал во Словенскиот кружок и соработувал во неговиот весник "Братски труд", како и во весникот "Дунавски лебед".

На 24 јуни 1861 година во Загреб, излегол Зборникот на народни песни и умотворби на Димитар и Константин Миладинови. 

Константин Миладинов е роден во Струга, во 1830 година.

 

Т'ГА ЗА ЈУГ
Орелски крилја как да си метнех
и в наши ст'рни да си прелетнех!
На наши места ја да си идам,
да видам Стамбол, Кукуш да видам.
Да видам дали с'нцето и тамо
мрачно угревјат, како и вамо.
Ако как овде с'нцето ме стретит,
ако пак мрачно с'нцето светит:
На п'т далечни ја ке се стегнам,
и в други ст'рни ке си побегнам,
каде с'нцето светло угревјат,
каде небото sвезди посевјат.
Овде је мрачно и мрак м' обвива
и темна м'гла земја покрива:
мразој и снегој, и пепелници,
силни ветришта и вијулици,
Околу м'гли и мразој земни,
а в'гради студој, и мисли темни.
Не, ја не можам овде да седам!
Не, ја не можам мразој да гледам!
Дајте ми крилја ја да си метнам
и в наши ст'рни да си прелетна:
на наши места ја да си идам,
да видам Охрид, Струга да видам.
Тамо зората греит душата
и с'нце светло зајдвит в гората.
Тамо дарбите природна сила
со с'та раскош ги растурила:
Бистро езеро, гледаш, белеит
или од ветар сино темнеит:
поле погледниш, или планина
- сегде Божева је хубавина.
Тамо по с'рце в кавал да свирам,
с'нце да зајдвит, ја да умирам!
***********
Константин Миладинов. 

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

број 291, 10 јуни 2020