БИЛЈАНА САРАГИЛ НИ ПОРАЧУВА

 

Сотир Гроздановски-Македонски

 ЗОРАН ЗАЕВ Е ХЕНДИКЕПИРАНО ДЕТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ И ЃОРГЕ ИВАНОВ 

 

31 мај 2020 

Во овој македонски кошмар со два еднакви велепредавници, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ,  не е лесно да се изнајде  политичка опција поволна за да си го вратиме продаденото и сочуваме недопирливото. Се' е ставено на   тезга за купувачи кои на Зоран Заев и Христијан Мицкоски им ветуваат "Европска магла", како платежно средство, за  нашата "европеизација". Па ако им успее, тогаш нема што друго да очекуваме од светот, освен презир и вечен срам.

Самоуништувањето и доброволното кукавичко заминување во светската историја како  безвредни луѓе недостојни да бидеме дел од човештвото и цивилизацијата во која денес живееме, не е безначајна казна за Македонците. Таа ќе биде вечна, која сите идни македонски генерации ќе ја чувствуваат врз себе како  "наследство".

Со прифаќање срамен и понижувачки пораз, пак, без отпор, на сите наши довчерашни пријатели и обожаватели им порачуваме дека од гените на нашите предци во нас не остана ниту "М".  Нешто што ниту една власт не  смее    да си го дозволи.

Исто така докажуваме, дека сме немоќни сами да се справиме со  криминалци  кои не притегнаа да си  легнеме на брашното и ја прифатиме судбината на стаорци. Но и народ недостоен да го носи името на своите предци кои веруваа дека нивните животи и дела нема да бидат обезвредени, а последните почивалишта осквернувани.

Ќе се праша некои: па како дојдовме до тоа цел свет да ни се смее и мајтап со нас да се игра?  Па едноставно затоа, што од осамостојувањето до денес со нашата обновена македонска држава владееја неспособни, полуписмени криминалци, велепредавници и корумпирани квази политичари. Политичари без трунка чувства за национална припадност и љубов кон Македонија. Но и затоа, што ние "освестените" кукавички ги следевме нивните злосторства и не бевме кадри да им се спротивставиме, туку им ракоплескавме на секоја нивна лага и изречена невистина. 

И во минатиот број на Македонски Збор зборувавме за двете политички опции кои ни се нудат како спас за Македонија. И едната и другата  не доведуваат во заблуда со своите примамливи развојни економски и социјални програми, кои никогаш  ниту ги начнале, туку секогаш ги оставаат за предизборниот период за да не замаглат и ги заборавиме нивните злосторства и алчност по власт, ама повеќе по моќ над послабите од себе. 

А има ли нешто полошо од тоа што веќе го доживуваме? Има ли нешто пострашно од губењето на својата држава создавана со реки крв и тони коски през вековите сега продадени за ситниш на оние кои никогаш не му биле равни на Македонците? Зарем треба да се помириме и да ја прифатиме Северна Македонија, таа срамотна  политичка творба на Зоран Заев и Христијан Мицкоски како реална заменска држава, без корен и иднина, населена со безимени и обесправени луѓе? Населена со национални малцинства но без Македонци?

Важно е  едно да научиме, дека вакви какви сме разединети и неспособни да седнеме дури на кафе муабет и да се договориме како да се решиме од Зоран Заев и Христијан Мицкоски, пет пари не чиниме!

Секогаш ќе бидеме за потсмев и  мајтап муабет. Но и за регрутирање војници кои како најобични платеници гинат за туѓи интереси и за создавање повеќе непријатели, од што ни се потребни. Што би се рекло: со кој си, таков си!

Во ваква ли Македонија  сакаме да живееме и да ги одгледуваме нашите генерации што доаѓаат?

Ете до таму стигнавме следејќи ги заматените умови на Заев, Мицкоски и нашите "сојузници и партнери": до злото од кое и самите бегаат! Ама така не мора да биде! Сето тоа  зависи од здравото македонско ткиво, кое се' уште не ја согледало опасноста која е на секаде околу нас и рапидно ни се приближува за да не доуништи!

Го сакаме ли тој неславен крај?- тогаш опциите ни се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Довербата во НАТО и нивната воена моќ како сигурна безбедност за државата, која ја нема веќе, е илузија за наивните. Зарем во својот џелат гледаме спасител? Од кого, драги мои?

Во Македонија денес делуваат и  "големи" самонаречени патриоти и лажни  народни трибуни,  кои очекувајќи поголемо парче леб, во случај опцијата на  ВМРО-ДПМНЕ да победи на идните парламентарни избори, на време се престројуваат за да бидат поблиску до некоја фотелја. 

Не верувајќи во тоа што го слушнав од устата на еден од големите и лажни  патриоти и самонаречени трибуни, сериозно се замислив: можно ли е човек да постане Камелеон преку ноќ, или воопшто? Изгледа дека се' е можно  во Македонија, доколку некој добро плати! 

Зошто го споменувам ова блебетање преку YUTUBE, ќе праша некои. Па затоа, што тие луѓе и многу како нив размислуваат еднонасочно, што е опасно. Опасно, бидејќи испраќаат деморализациска порака до Македонците, дека ВМРО е едина организирана сила во Македонија која во моментов може да го урне Заев и неговиот режим. Не помислувајќи дека до вчера зборуваше и обратно и дека Македонците кои го следат не се сенилни и со кратко паметење. Ако тоа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски го сакаа, немаше да му помогнат на Зоран Заев да биде инсталиран  за премиер на Република Македонија. Имаа за Претседател на Македонија свој човек од доверба, Ѓорге Иванов, во кој македонскиот народ веруваше дека се' ќе стори еден аболициран повеќекратен криминалец да не го добие мандатот за формирање македонско-албанска влада со цел да ја разнебитат државата, да го променат нејзиното име и продадат македонскиот идентитет со Преспанскиот договор и добрососедскиот со Бугарија. Меѓутоа гласот на народот не допре и до неговите уши.

Десет години македонскиот народ го хранеше, негуваше, веруваше и кога дојде време да ја изврши својата Уставна одговорност, да ја брани и одбрани Македонија од внатрешни и надворешни непријатели, му плукна на Уставот и својата "чесна" заклетва, го пушти македонскиот народ низ вода, гледајќи си сеир како државата се топи, а националниот идентитет на Македонците исчезнува, на најсрамотен начин.

Па затоа, глас за ВМРО-ДПМНЕ е глас за Зоран Заев и неговата хибрид македонско-албанска коалција. Фактите зборуваат сами за себе. Драги мои народе!

И сега некој забеган, влијателен и лажен патриот и самонаречен трибун-балкански, кој го насочува неинформираниот Македонец да гласа за  политичката опција на своите џелати, ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов и Христијан Мицкоски да се смета за спасител и чувар на македонските нацционални интереси,  во најмала рака може да биде игнориран како ирелевантен во она што го чини. 

Да се глорифицираат  изродите   без чија велепредавничка работа немаше Македонија да биде осрамотена и уништена без отпор и без куршум испукан, е за секоја осуда. 

Да, се сложувам, како и многу други добронамерни, само кога ВМРО ќе се врати назад во рамките на задачите  за кои и беше создадена во 1893: одбрана на македонските интереси и создавање услови за обнова и чување на македонската држава! Да биде авангарда на македонскиот народ  без калкулации и манипулации и вистински столб на државната безбедност и националниот идентитет на Македонците.

И тоа не би било се'! 

Христијан Мицкоски, во улога на челник на ВМРО-ДПМНЕ да им вети на Македонците дека го напушта таборот на Заев и неговите изроди и велепредавници, по секоја цена. Што значи, дека вистински ќе ги поништи сите штетни договори со Грците, Бугарите и Албанците и по цена откажување од неизвесниот влез во ЕУ.  И тоа пред парламентарните избори а не после, од како волкот ќе го изеде магарето!

СО ЛАГА, НЕ СЕ БИДУВА АГА, ГОСПОДИНЕ МИЦКОСКИ!

Секоја друга коалиција освен СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ + Албанците е подобра опција за Македонија, па затоа, памет во главите мој добри народе!

За секога Ваш, Сотир!

https://www.analitikum.mk 

ОТВОРЕНО ПИСМО ОД ЕДИНИЦИТЕ "ВОЛЦИ" СО "ОСТАВ" ЗА ШЕЌЕРИНСКА

Отворено писмо од дел на припадниците "Волци", по повод гестот на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска: Предавството од своите боли повеќе од куршум на непријателот!

31 мај 2020 "ВОЛЦИ"

"Политиката никогаш не била и никогаш нема да биде нашата работа. Ние на оваа држава и' служиме со било која власт, бидејќи нас политиката не не интересира. Нас не интересира безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните. Сите ние во Батаљонот за специјални намени - ВОЛЦИ сме ги отпишале нашите животи уште кога сме пристапиле во единицата и единствено за што служиме е нашата мајка МАКЕДОНИЈА и иднината на нашите чеда да растат безгрижни и среќни, а МАКЕДОНИЈА СЛОБОДНА!

Предавството од своите боли повеќе од куршумот на непријателот. Ова ние  најдобро го знаеме и го искусивме неколку пати наназад во нашето постоење, но во период кога главна тема во министерството за одбрана е кога ќе биде расформирана нашата единица, нашата министерка отиде гордо да се слика под симболите на џелатите на многу наши браќа и колеги. Неа помили и' се УЧК, отколку ние. Разбираме, се ближата избори, треба да собира гласови. Но, со ова не понижи, не разгневи и ги плукна  храбрите јунаци и сите загинати бранители од војната во 2001. Тие кои животот го положија за многу граѓани вклучително и она да си ги  гледаат децата како им растат насмеано.

ВЕЧНА ИМ СЛАВА на ншите браќа Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски, Игор Костески. Тие не загинаа за ова и не го заслужија ова. Нивните семејства не заслужија да го гледаат овој резил од министерка и продадена душа за грст гласови и пари. Тие, јунаците, кои својот живот го положија кај Вејце, денеска нашата срам од министерката јавно ги поплука: нивните херојства и неправедно одземени животи! За таа денес да го гледа своето среќно дете како расте, а нивните деца секој 28 април да го проколнуваат и го поминуваат во солзи.

Деветнаесет години не пребол и длабока тага, за Шеќеринска да се слика гордо со УЧК.

СРАМ ДУШАТА ДА И' ЈА ИЗЕДЕ!

Ама за да ја изеде срам треба да го има, а таквите како нејзе никогаш не ни имале срам

Ние, припадниците на ВОЛЦИ сме луѓе од народот, обични, но со големо срце. Херои се само оние браќа и колеги кои го дадоа животот за ова мало паче земја што го раскрчмарија политичарите. Храбри, праведни и чесни бранители на МАКЕДОНИЈА. Никогаш ништо не сме барале, никогаш во ништо не сме се мешале. Наша обврска е да бидеме секогаш и секаде први кога се работи за одбрана на МАКЕДОНИЈА!

Ова јавно понижување кон нас и сите припадници на специјалните единици и безбедносните структури во МАКЕДОНИЈА, скапо ќе ве чини. Радмила Шеќеринска и оваа Власт имаат непријател од кого треба да се плашат. Политиката ги премина границите, а Радмила ни плукна директно во лице!

Радмила може да биде министерка во фотелја, ама нас никогаш повеќе. Можете да не понижувате, расформирате, предадете, пробате да не уништите, ама ние секогаш ќе бидеме тука за мајка МАКЕДОНИЈА. Едно да запаметиш, многу како тебе сме исдржале и не успеале да не уништат, нема ни ти. Завршено ти е времето.

СЕКОГАШ И СЕКАДЕ ПРВИ! ВЕРНИ НА БОГ - МАКЕДОНЦИ ДО ГРОБ!

 

 Професор Ило Трајковски

ЕДНА НАЦИЈА ДВЕ ДРЖАВИ - НЕ, БЛАГОДАРАМ!

 

28 мај 2020 

Чувството за национална припадност може да се гради врз различни општествени основи. Некогаш тоа е јазикот, друг пат тоа е религијата, трет пат тоа е историската судбина или историскиот опортунитет. Модерната држава го гради чувството на национална припадност секогаш врз основа на слободната волја на единките и групите.

Прашањето што бил овој или оној историски лик (Гоце Делчев, на пример) распалува многу жестоки конфликти. Денес повеќе отколку кога било порано. Луѓето поединечно и како групи или организации се накострешуваат штом им се доведат во прашање нивните убедувања за националноста на за нив важни ликови или историски настани. А уште повеќе иритираат настојувањата да се убедат други дека тие не се тоа што мислат за себеси дека се, туку дека се нешто друго. Да, точно е дека другите се огледало во кое се огледуваме. Но, ако гледам дека огледалото е напукнато и лошо го одразува мојот идентитет ќе си најдам друго огледало.

Најдобар пример за тоа се некои бугарски политичари кои како напукнатото огледало ни кажуваат нам Македонците, дека сме биле, дека сме и дека ќе си останеме Бугари. Користејќи ја својата положба на елемент од европското огледало во кое сме втирени подолго време ни рефлектираат слика за нас која ние не ја сакаме или барем мнозинството од нас не ја сака. А Европа е демократска конструкција, нели? Треба да се слуша гласот и волјата на народот. Во демократска Европа државата и националноста се близначки. Според тоа, ваквите бугарски одрази на нашиот идентитет не се и не би можеле да доаѓаат од либерална, демократска и европска Бугарија.

Тие се творби на една фундаменталистичка и патерналистичка диоптрија-ние знаеме што е најдобро за вас. По нивно или никако. Тие се убедени дека сега му е мајката!Дека е дојден моментот за стапот од тврдо утврдениот бугарски фолк лозунг-сос полека, сос кроце и на крајот сос малку ќотек! Тоа директно ни го порача премиерот Борисов лично. Ние, рече, Борисов ве сакаме, ве подржуваме, но не поставувајте си невозможни услови- не кажувајте се како Македонци, не кажувајте дека говорите некаков македонски јазик! Во Европа може да влезете само ако кажете дека сте биле Бугари и дека во иднина пак ќе си бидеме една нација, но во две држави обединети во Европската унија! Значи, ни се јавува политика на ребугаризација-на корегирање на историската, болшевичка и титоистичка грешка!

Ваквата бугарска политика кон македонската националност или кон т.н. македонизам е заснована на претпоставката дека Македонците имаат бугарски национален код-налик на национален геном. Тој претпоставен код, според нив, би можел  да се реставрира независно колку време поминало и што се' врз него испишала историјата со нејзините различни општествени механизми како, на пример, акултурацијата, доминацијата или денес корупцијата. Последица од ова предмодерна или објестивистичка теорија и политика за нација не беше само асимиллацијата на Македонците   во Бугарија, туку и обидите за реставрација на оригиналниот бугарски ген и потекло на Турците и Помаците во Бугарија. Друг пример за тоа е редефинирањето на Курдите во Турција како "планински Турци" (според Josmaoglu 2014).

Бугарските етнонационалисти не се единствените кои на нацијата и националноста гледаат како на крвно-сроднички засновано заедништво. Тие во тоа како свој пример го имаат односот на нивниот источен сосед, Турција кон Азербејџан. Турскиот претседател Реџеп Ердоган, при посетата на Баку, по повод 101-годишнина од воспоставувањето на независна република Азербејџан, истакна дека иднината на меѓусебните односи е во принципот една нација во две држави. Слично мото ги води и албанските етнонационалисти, Албанија и Косово за нив се две држави на една иста нација.

Зачудува како не се разбира дека со сила убавина не бидува! Не може мазгата да се реставрира ни како коњ ни како магаре. Посилниот може да изнудува, може да уценува и можеби така ќе успее да постигне некоја своја цел. Сепак, нема шанса да ги спечали душите и срцата на луѓето. Тезата на министерот Красимир Каракачанов дека нашите односи треба да ги градиме по принципот една нација, две држави превидува една многу важна работа. Националните чувства и идентитети за некои можеби се прашање на историска судбина, да се биде ова или она, за други тие се прашање на професија. Но, за демократската теорија и пракса националната припадност е прашање на слободата да се биде на свое!

Швајцарците се Швајцарци, а не Германци, Италијани или Французи, иако говорат некој од тие јазици. Не постои посебен швајцарски јазик, а тие сепак се посебна националност. Австријците  пак зборуваат германски, но малкумина од нив ќе речат дека се Германци по националност. Алзашаните од Франција говорат германски дијалект, но мнозинството по националност се чувствуваат и идентификуваат како Французи, а не како Германци.

Чувството за национална припадност може да се гради врз различни општествени основи. Некогаш тоа е јазикот, друг пат тоа е религијата или некоја друга културна формација, трет тоа е историската судбина или истирискиот опортунитет. Но, секогаш и секаде националноста во демократските општества е прашање на волја и лојалност кон една држава. Клучно е да се сака да се биде припадник на дадена држава. Модерната држава го гради чувството на национална припадност врз некоја од споменатите или други основи, но секогаш врз основа на слободната волја на единките и групите да опстанат и да ги произведуваат своите животи на како државјани на дадена држава.

На тој прагматизам на единките државите одговараат со масивнни програми за политичко образование и воспитување на масите. Преку таквите програми чувството за национална припадност станува реалност за секој конкретен државјанин. Националната историја се интернализира како дел од личното и колективното искуство и себедоживување. За таа цел стапот можеби некогаш бил и ефективен. Денес тоа не е. Сакањето на Бугарите кон Македонците за кое зборува г-дин Борисов може да прерасне во љубов ако и втората страна го поска тоа. Во спротивно тоа е секс без согласност. Една нација, две држави-не, благодарам! Претпочитаме двете нации во Обединети европски држави.

https:nezavisen.mk

 

Ламбе Арнаудов

АПОЛОГЕТСТВОТО ВО МАНУ

 8 мај 2020

Вистинските луѓе своите човекови вредности ги потврдуваат тогаш кога принципите што ги поседуваат ги практикуваат и кога истите се непријатни за нив.

Токму заради тоа овој текст никако не се однесува на малкумината бесмртници од Ману и нивното врвно научно достигнување, но уште повеќе заради искажаната храброст и достоинство во одбраната на националните и државни интереси на Република Македонија.

Националните академии, во сите држави освен кај нас, се симбол на државноста од институционално значење веднаш зад знамето, химната и грбот.

Таквиот статус го заслужуваат заради доделената улога од народот да бидат авангарда на филозофската и политичката мисла, акцелератор на сите прогресивни процеси во науката, уметноста, економијата, културата, екологијата и секакво друго творештво во едно општество.

Најважната улога е да го штитат, бранат и ги надградуваат чувствата за широка припадност и љубов кон посебностите што ги поседува еден народ со обврска да ги споделува со другите народи од целиот свет, а не безмилосно да ги распродава во замена за привилегии, погодности и напредувања.

Година 1967. Време на бетонско зацврстување на Титовиот етатизам во СФРЈ, но и како реакција на тие ембрионални зачетоци на сепаратизам кај одредени републики, дивеење на српскиот национализам и шовинизам и постојано потценување и негирање на македонскиот идентитет.

Во исто време во надворешната политика на Југославија крајно релативизирање на македонскиот народ и жртвување на националните интереси на македонците кон соседите заради комоција на федералните политички цели, а на штета на загрозените човекови права и слободи и загарантираното право од Организацијата на обединетите нации за самоопределување на народите како врв на универзалноста на човековите права.

Во таа 1967 историска година за македонскиот народ и држава, свесни за загрозеноста на нивната иднина, група на прикриени македонски патриоти и про демократски ориентирани политичари успеаа да изградат два носечки столба врз кои почива одбраната на нападнатиот и загрозен идентитет на македонскиот народ и самобитноста на државата. Имено, беше издејствувано правото на афтокефалност на Македонската православна црква (потоа чести и се до денес оспорувано) и' беше воспоставена Македонската академија на науките и уметностите - МАНУ. Со право македонскиот народ се радуваше и очекуваше МАНУ да биде научна тврдина и бедем за опстојот на македонскиот народ.

За работите да станат појасни и да се претворат во факти повлекувам една паралела на настаните што потоа следувааа споредено со денешно време. Следните три четири години беа расцветан цвет во дотогашното трнливо и мрачно општество што душите и срцата на македонците ги исполни со радост, среќа и верба во иднината, заради благодарноста на силното чувство за самоприпадност. Сведоци бевме на еруптивна експанзија на народно творештво во сите сфери што ги афирмираа посебностите на македонскиот народ.

Но, за жал во 1971 година стигна "ПИСМОТО" од Тито со кое се вратија најреакционерните сили во Македонија на чело со Лазо Колишевски кои веднаш тргнаа во пресметка со луѓето кои што ја сакаа својата држава и народ и беа вистински патриоти, а според нив македонски шовинисти.

Што е тука значајно? Нешто што силно потсетува на денешно време.

Ликот и делото на Гоце Делчев.

Сите "непријатели на државата" беа сменети, затворени, протерани во егзил или натерани на само казнување, користејќи го како лајт мотив на обвинението тоа зошто Македонците повеќе го почитуваат, сакаат и изразуваат јасно потенциран пиетет кон Гоце Делчев како најголем син на македонскиот народ на сметка на "најголемиот син на братските народи и народности во Југославија, другарот Тито".

Време денешно, повторно Гоце Делчев помеѓу честите македонски граѓани и предавничката толпа предводена од Зоран Заев во разурнувачка мисија за уништување на својот народ и држава во замена за привилегии сега не од Белград туку од Атина, Софија и Брисел, таканаречените пријатели и добри соседи.

Македонија, години пред вашите очи бесрамници низаедни, се распаѓа, а вие молчите ли молчите, или уште полошо станавте авангарда на оваа предавничка банда. Гугутки да бевте нешто ќе гукневте.

Граѓаните на Македонија нешто повеќе од еден месец се во изолација и самоизолација и веќе негодуваат не можејќи веќе да издржат. Сега јас се прашувам дали сте херои или сте за сожалување. Неколку години да бидете во ЗАЕВИЗОЛАЦИЈА, да ги изгубиш видот, слухот, разумот и гласот, а да го сочувате само вкусот на деликатните јадења и скапи пијалаци, навистина е тешко.

Засрамете се! Засрамете се, затоа што во доминантните сектори од составот на Академијата имате обврска да ги негувате и развивате целите и задачите што произлегуваат од тие центри кои се во нагласено чувство за самозаштита на вашиот народ.

А вие мудро и понатака молчите. Ќе ве потсетам: Истражувачки лексикографски центар. Истражувачки центар за ареална лингвистика, Истражувачки центар за културно наследство, центар за стратегиско истражување.

Сите од вас намерно ставени во длабок хибернистички сон, а не будна стража што треба да го чува и афирмира името, народот, јазикот, идентитетот, културата што заедно ја чинат нашата држава Македонија.

Затоа нема да претерам: Ако треба во преговорите нешто да се жртвува со задоволство македонскиот народ ќе ве трампи вас било  за јазикот, идентитетот или името. Вакво МАНУ на Македонија и македонскиот народ не им треба.

Деновиве кружи една анегдота за вас академиците кои произлегувате од македонскиот народ но очигледно не му припаѓате, а тоа е дека вие сте пронашле и лек и вакцина против Ковид 19, која е проверена и потврдена од Институто за фармакологија. Лекот и вакцината да ти била една исцедена капка пот од сите вас заедно. што знам, можеби е анегдота, или поблиску до вистината.

На крај. Слугувањето на политиката од научната елита и слепото извршување на нивните заповеди од врвни научници прави дилетанти на кои им се исмејуваат сите. пример, деновиве вашата препорака кон Уставниот суд ја исмејуваа дури и бруцошите од Прва година на Правниот факултет. Подобро по налог на политиката да продолжите да молчите и да сме во дилема дали знаете или не знаете или пак да се охрабрите да проговорите и да потврдите дека не знаете.

https://media24.mk 

 

Билјана Сарагил

МАКЕДОНЦИТЕ ЗАСЛУЖУВААТ ЕДНАКВОСТ

 

Јас сум Македонка. Моите предци НЕ биле Грци или Бугари. За жал, Грците и Бугарите се наши угнетувачи. Јас дефинитивно не сум ниту Северно-Македонка. Не ги признавам политичарите кои сакаат да го продадат моето име, етничката припадност, јазикот и културата, кои се мои основни човекови права, за да добиеме лажна надеж дека ќе влеземе во ЕУ. Режимот на Заев НЕ го претставува моето семејство, моите предци или моите потомци. Не знам што тој претставува, освен своите корумпирани интереси и парите кои ги зема.

Ако ЕУ сака да ја прими Македонија во своето "семејство", треба да ја отвори вратата и без да бара од нас да си го менуваме името, преименување на аеродромот, да отстрануваме историски споменици, да го менуваме потеклото на нашиот јазик и историјата на нашите паднати херои, како Гоце Делчев, кој го посвети животот на идејата за независна Македонија. Европската Унија и НАТО не се овластени да ги негираат овие цели. Овие организации треба да бидат инклузивни, а не намерно да создаваат пречки за да го спречат нашиот прием. Дури и откако Заев ни ја продаде државата со Преспанскиот договор, пречките од Грција, Бугарија и од ЕУ продолжуваат и стануваат бесконечни. Заев, вратата е затворена, независно колку си ја продаваш душата и душите на луѓето кои велиш дека ги претставуваш. ЕУ не не сака, независно од што да се откажеме. Беше будала што и направи толку отстапки на Грција без никакви пишани гаранции од ЕУ. А сега Бугарија е на ред да бара отстапки и да го користи нејзиното право на вето, исто како што Грција правеше досега. Грција и Бугарија и самите се зачудени од твојата подготвеност да правиш отстапки за лажно чувство на надеж. Се продаде за неколку евра за твојот бизнис со "Мамас ајвар". Засрами се Заев. Срам да ти е.

Јас сум родена и израсната во Канада, но имам македонско потекло. Доаѓам од "Западот". Ја сакам Канада. Ги сакам и САД. Сакам се' што е добро за земјата која е мојот дом и за земјата која ми е сосед. Но искрено, тешко ми е што не го признаваат геноцидот врз Македонците што Грците го извршија од 1913 до 1949 година. Тешко ми е што Македонија е земја чија историја не се помни и празнува и која продолжува да биде угнетувана. Западот како да мисли дека, ако не ја признае нашата историја и нападите врз нас, и ако не ни го даде должното внимание, можеби ние ќе замолкнеме и историјата ќе биде напишана одново, без нас. Грчките лобисти би биле среќни ако тоа се случи. Но нашата историја, културолошкиот геноцид извршен врз нас и нашето угнетување се многу добро забележани. Многу од нашите роднини, кои се директни сведоци на настаните, се уште се живи. На мојот народ му е украдена земјата. Моите луѓе беа силувани, убивани, обезглавувани, децата раздвоени од родителите и етнички протерувани. Нашата земја е поделена на четири дела во 1913 година. Место да бидеме заштитени, а нашата историја да биде признаена како што се Холокаустот и Ерменскиот геноцид, ни велат дека мора да се откажеме од нашето име, култура, од потеклото на нашиот јазик и од нашата историја. Ова не се западни вредности. Ова не се вредностите  со кои јас израснав во нашата славна, мулти-културна земја на континентот на кој секоја култура треба да биде сакана и почитувана. 

Што стана со почитување на човековите права за СИТЕ земји и етнички заедници? Што стана со постапување како што е исправно и со бранењето на СИТЕ луѓе? Што стана со помнењето на историјата за да научиме од неа и да се погрижиме никогаш да не ни се повтори, за да не ги повториме грешките од минатото? Зошто би  ја признавале историјата на секоја друга земја, или било кој геноцид што бил извршен, ако не покажеме доблест и емпатија да ги признаеме СИТЕ вакви злосторства? Дали човечкото достоинство и емпатија имаат цена или список на предуслови? Погледнете во што се претвори нашето општество и нашите политичари, а која е сликата што сакаат да ја прикажат надвор.

Јас сум Македонка. Јас зборувам, читам и пишувам на македонски јазик. Ги танцувам традиционалните  македонски ора и готвам традиционална македонска храна. Ја поддржувам Македонската православна црква. Македонија постои. Ќе постои засекогаш. Нека пукнат душманите. Да живее Македонија!

https://freeglobe.mk/biljana-saragil

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

ЈОСИП КОЦЕВ

Роден на "некогашниот Ден на младоста"-25 мај 1985 година во Скопје, Јосип Коцев завршил правни студии на Универзитетот "Свети Кирил и Методиј". Работи како монтажер и секој миг го користи своите разулавени мисли и емоции да ги расее околу себе. Мнозина го знаат по неговите стихови од социјалните мрежи, а деби книгата публикувана пред две години ја потпиша со сопственото алтер-его: "Јас, Квентин Склиблер". Згора на тоа поезијата му е објавувана во неколку македонски книжевни списанија и на германската поетска мрежа Fixpoetry.

Кога ова е веќе познато, не чуди кога вели дека има многу ликови во себе и дека постојано и упорно се изненадува со какви се' специфики од својот карактер се соочува.

АПРИЛ КО ДА НЕ БИЛ 

Си оди април ко да не бил,
со легија мириси невдишани
и цело царство неба недоносени,
низ цутови во снежна лулка разнишани,
врз пладниња во самраци нанижани.
Си оди април ко да не бил,
учител по самотија во празни училници,
собирач на ехо во тивки исповедалници,
дарежлив продавач на маски и далечини,
строг татко на немири и болештини.
Си оди април ко да не бил,
в четврток што е сабота,
во утро што е исто така и квечерина,
со лекот што чини пет пари,
и можеби уште само пет допири.
Си оди април ко да не бил,
а ние сме овде, ко што бевме:
далечни за два света
и за уште цели нови два метра.
********
Јосип Коцев, Поеми/ Кафе и книги 

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

број 290, 05 јуни 2020

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA