ДО КОГА БРАЌА МАКЕДОНЦИ ЌЕ МОЛЧИМЕ?

 

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ЌЕ МОЖЕ ЛИ НЕКОЈ ДА ГО ОДВРЗИ ГОРДИЕВИОТ ЈАЗОЛ ?

13 МАЈ 2020

Како и самите гледате, од сите страни сме стиснати, понижувани, плукани,  уценувани, предизвикувани, обезличувани,  и "добронамерно" предупредувани,  а отпор од никаде. И до кога така? Дури не потонеме и исчезнеме од срам што не сме кадри неколку велепредавници, криминалци и неспособни политичари да ги сместиме таму каде најубаво ќе се чувствуваат? Секој ден гледаме настани од кои  цивилизиран човек би се згрозил и засрамил. Пред наши очи се врши културен геноцид и потполно уништување на сите македонски историски белези, а ние молчиме и сеир си тераме. Дури се отпочна и со уништување и палење на книги со македонски содржини, а никој ниту да мрдне. Можеби кога Зоран Заев и неговите џелати ќе одлучат еден по еден да не бесат по бандери и  да не палат ко дрва на Коледе  ќе  се разбудиме, бидејќи тоа вистински ќе не заболи, ама ќе биде сосема доцна, драги мои! 

Па има ли некоја паметна глава вредна за почит и самопочит во Македонија? Или само такви кои се играат со државата зошто и друго ништо не знаат, а народот ги обожава и кога го газат? Кога би биле наши непријатели и злосторници само нашите соседи, нејсе, некако човек би голтнал по која кнедла и ќе се подготви за одбрана. И така од нив ништо поарно и нема што да се очекува. Од секогаш чекаат да прокрвариме и како бесни sверови да навалат и да не докусурат. Ама кога домашни sверови се здружат со нив па едни однадвор а другите одвнатре тргнат спрема послабиот од себе, е, тогаш  се случува тоа што денес го преживуваме: нема кои да застане на браникот на Македонија! 

Тој кој би требало да не брани, зошто многу од нас го избрале да го чува уставниот поредок во Македонија, не е наш! Тој е поставен од надворешни злосторници да ги исполни нивните  геноцидни замисли. Геноцидни и фашистички планови втемелени, уште пред 1913 година, во Букурешкиот договор за да го затворат таканареченото и измислено "македонско прашање" на Балканот. Да го сотрат цел еден народ, македонскиот, и македонската држава со откажување од националната историја, прогласувајќи  се самите себеси за арамии на туѓи истории, културни и духовни вредности и создавање сулуд преседан во светската историја кој ќе се изучува од идните генерации, доколку ќе ги има.

Примитивизмот, неукоста,  неспретноста и нецивилизираноста на македонските политички кадрови застрашува. А уште повеќе застрашува негрижата на мнозинскиот македонски народ за својата  сегашност и утрешнината. А што се однесува пак до подготвеноста за одбрана на своите домови и својот имот, да не зборуваме. Ех, мој народе, можеме ли за момент да сфатиме и да се застрамиме од тоа што им го правиме на нашите предци кои ни оставија златна земја, богата со вода, шуми, рудни богатства се' уште не откриени и народ интелигентен ама за жал инертен и не заинтересиран дали сака да биде сам на свое, или да биде туѓ, безимен и мутав измеќар.    Колку длабоко ги турнавме предците кои лежат под нашите ноsе  и самите себеси?

За се' во животот е потребна љубов и лојалност. Во прв ред кон своето семејство, па  редум  кон татковината, без која сме сите како заедница, никој и ништо. Таа љубов и лојалност можат да ја имаат само луѓе со големи срца, цврсти шаки и бистри умови. Ако згора на сето тоа му додадеме добро образование, чесност, достоинственост и цивилизирано однесување, ќе добиеме тоа што на Македонија и' е потребно за да опстои и биде пичитувана од секого. 

Ќе добиеме луѓе и без Александровиот остар меч лесно да го пресечат Гордиевиот јазол за да тргнеме напред кон нашата просперитетна иднина.  Да  го одврзат Гордиевиот јазол, со кој сме врзани и не можеме да дишеме.

Само такви луѓе и' се потребни на Македонија!

Ќе чекаме ли долго  да се родат такви народни трибуни и јунаци или ги имаме, ама нема кои да ги мотивира и поведе во акција?

Имаме, не да ги немаме, ама сите не можат во исто време  да бидат генерали. Ни требаат и воиници лојални и храбри,  да го следат својот водач пред себе. 

СДСМ, Зоран Заев и неговата злосторничко-предавничка банда, како и ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кои одамна се однародија и ги напуштија Македонците да пливаат и да се дават не се повеќе опција врз која Македонија би требало да ја гради својата иднина. Ни треба мир меѓу Македонците единство и достоинствено однесување за средба со  злото кое не чека на предстоините парламентарни избори. Гледање во поганите усти на страните злосторници што ќе ни речат е само продлабочување на дното во кое Заев не втурна. 

За секогаш Ваш, Сотир!

 Наум Паноски

ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ГОСПОДИНОТ СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ

03 мај 2020 

 Почитуван Господине Пендаровски,

Ви се обраќам со господине а не со претседателе, од проста причина што институцијата претседател на Република Македонија, премногу ја ценам  и што од друга страна ова ви го пишувам вам како човек а не како претседател.

Инспириран од вашиот повик во делот од вашиот интервју за Алсат, граѓаните да ви кажат отворено и директно што мислат за вашето интервју, си земам слобода да го искажам својот став, не само за вашиот телевизиски настап таа вечер, туку да споделам со вас вака јавно и некои други мисли за сегашните македонцки работи што би рекол "бугаринот" Крсте Мисирков.

Како Американец, според некои искази, како човек чиј глас има соодветно влијание и овде во Америка и таму во Македонија, и уште повеќе како човек роден во Скопје, Македонија, како човек кој нема никаков материјален или политички интерес нити желба за некаков личен профит од сегашниов дискурс околу беспаќата во кои се наоѓа Македонија, би сакал вака од страна да ви кажам накратко неколку битни елементи во кои со години се прпелка и постојано се дави, Македонија, немоќна да се справи сама со себе.

Што се однесува до вашиот личен телевизиски настап, од формална страна, не би сакал да бидам премногу критичен затоа што е очигледно дека за тоа, за јавен настап, (public speaking), немате искуство и советник кој би ви помогнал како да ја пренесете вашата порака сугестивно и уверливо до вашата публика. Како да се однесувате на јавен настап и што треба да правите и што да кажете е исто така нешто што се учи и се усовршува. Веројатно затоа и поголемиот дел од вашиот настап ми изгледаше како да се карате со своите бирачи. Не верувам дека тоа ви беше потребно, а уште помалку ви е потребно да се карате со Европа. Но ништо за тоа. Не верувам дека тоа некој во Македонија го приметил затоа што таму сите со секого се караат и сите се во право. Тоа е секако само надворешната, формална страна на вашиот настап. Но формата многу често ја одразува суштината. А суштината и причината на вашиот настап е претпоставувам вашата фрустрација со вистинската бура што ги предизвикаа изјавите на тенденциозните читатели/интерпретатори на историјата, познатите професори, борците за "објективна" вистина по бугарска мерка, професорот Малески и познатиот среброљубец и профитер/корупционер Бучковски. За "објективноста и вистинитоста" на нивните ставови веќе говорев и не би се задржувал тука повеќе на тоа. Погледнете го мојот исказ од пред неколку дена на порталот Плус Инфо под наслов "Разочарувачки површно, лефтерно и штетно читање на историјата". Тука само би прашал зошто книгата на Мисирков "За Македонските работи" каде што тој јасно вели "Јас сум Македонец и интересите на мојата татковина се претставуваат тука", била забранета и поголемиот дел од тиражот запленет? Би можел и уште повеќе да говорам на таа тема и за таа проблематика. Но фактите говорат повеќе сами за себе.

Предмет на мојот дискурс овде е пред се нешто друго. А тоа нешто друго се вика ревизија на историјата. Особено на Антифашистичката историја што е во тек последниве години во Европа. Таа ревизија и постмодернистичко фрагментирање на реалноста кои создадоа простор и услови во кои се' може да биде вистина. А ако тоа не нивната вистина, што би рекол познатиот полски сатиричар Јиржи Лец.

Дали господине Пендаровски сте се запрашале зошто Денот на  победата над фашизмот, 9 мај,, е преименуван во ден на Европа? Ова не е мој евроскептицизам туку само подигнување на тепихот под кој има многу валканици.

Затоа проблемот на јавниот дискурс и критиките упатени на адреса на професор Малески, во суштина е лажен проблем околу кој се глодат Македонците во Македонија. Проблемот не е нашиот идентитет, не е тоа дали сме Македонци или не сме, дали постои македонски јазик или не, туку дали се тие правно, повторувам, дали се правно верификувани надвор. Освен верификацијата на македонскиот јазик кој е одамна потврден во документите на ООН и кој е многу проблематично споменат во Преспанскиот договор, никаде на друго место не е спомнат македонскиот колективен идентитет. Тој не постои. И ве молам не мешајте нација како политички ентитет, како држава, со народ. Тоа е нешто сосема друго.  А и државата со тоа име Македонија, како таква веќе не постои. Што би рекле писателите и уметниците, авторските права ги продадовме, како некоја рок песна на пример, која може пак некој да ја компонира, и сега авторските права на името Македонија ги има само Грција. Прочитајте го уште еднаш Преспанскиот договор. Ако не ми верувате мене, а не сакате советници кои само ќе ви ги аминуваат ставовите, имате сериозни експерти по меѓународно право. Повикајте ги ве молам на консултации. Разговарајте со нив. Не со политичари. Со реномирани правници и професори по меѓународно право од светот. Тие треба да ви бидат советници.

Во тој идентитетски контекст, јас секако можам да се изјаснам индивидуално како сакам.

Јас сум на пример 50% Италијанец, 15% Македонец, 5% Албанец, и сето тоа не ме ограничува во моите настојувања да ги гледам аргументитет и фактите од сите страни за да дојдам до вистината. И тоа го правам не ревизионистички исклучиво и авторитарно, со минато вековни идеи и пристапи како што тоа го прави бугарската "демократска" "проевропска власт", со своите уцени и забрани, со положување на балвани на македонскиот пат кон Европа туку, туку со анализирање и интерпретирање на фактите во историски контекст, со компаративни анализи, и секако со проверка на повеќе извори.

На ова ниво, сметам дека вашата острица и критика на Европската Унија и одбраната на непримерно однесување на вашиот советник, како и да е кажан, со самото тоа што е тој ваш официјален државен советник, во дипломатијата не се смета за негово приватно мислење. Го сакале вие тоа или не, тоа секаде се подразбира и се толкува како официјален став. Проблемот станува уште поголем кога се знае дека тој исказ е даден за медиум на земја која официјално го проблематизира постоењето на македонскиот јазик и народ. Кога Советник на Претседателот на Републиката брани еднострано, некои непотврдени, сомнителни вистини, тоа не е веќе негов личен став од кој претседателот треба само да се огради.

Тоа се основи на дипломатијата, каде и што треба да се говори јавно. Да е тоа речено меѓу вас во вашиот кабинет, тоа е сосема друго нешто. Затоа, тоа е сериозно прекршување на професионалните дипломатски норми и загрозување на безбедноста на државата. Такво однесување е непознато во историјата на дипломатијата и во сите сериозни држави бара најмалку негова оставка, а ако не, вашето откажување на соработката е императив.. И тоа не е прашање на демократија туку морален професионален чин и обврска на институцијата претседател на државата.

Но да го погледнеме случајот од еден друг агол. Дали сте помислиле господине Пендаровски што ќе се случи ако Бугарите успеат да ве условат да ги прифатите нивните барања да не се споменува македонскиот јазик и народ во документите на ЕУ?  Да успеат да го направат тоа што дрската грчка дипломатија ви го направи и ве примора да ги прифатите сите нивни барања онака како што се формулирани со членовите во преспанскиот договор? Дали сте го предвиделе следниот чекор после такво нешто? Дали на бугарските неофашисти тоа може да им биде мост кон целосна забрана на македонскиот јазик и народ, нивно пришење од лицето на светот и потоа негова асимилација во Бугарија? Што ќе се случи ако утре ви ја забранат употребата на македонскиот јазик на сите нивоа, ако ви забранат да се говори и пишува на македонски мајчин јазик, на кој секој има легитимно  човеково право? Што ќе се случи ако почнат да ги затвораат и малтретираат луѓето за зборуавање или изјаснување дека се Македонци како што е тоа сеуште случајот во Грција? И за жал, Македонија цинично се откажа од нивното постоење. Исто како што владата на ДПМНЕ под Љупчо Георгиев го стори со Македонците сонародници во Пиринска Македонија, а која сега ДПМНЕ подло молчи? Тоа ли е тој наш хуман однос кон своите сонародници?

Ако се случи нешто такво, а никој не знае денес што ќе се случи утре, тогаш слободоумните и либерални, добри и дарежливи Македонци, можат да се удираат во гради колку сакаат дека никој не можи да им забрани како да се чувствуваат, можат да викаат на глас "Јас сум Македонец..." да чувствуваат и да не мислат. Но тоа нема ништо да им вреди тогаш.Ќе ги нема во книгите. Правно нема да постојат. Правно тој нивен колективен идентитет не е верифициран и затоа никој не ги ословува така како Македонци во светот и Европа. А тоа, правото, се важи и е прв предуслов за во Европа во која сакаме да влеземе. И тогаш, кога ќе ги нема тие Македонци никаде, ќе се најде некој новинар кој ќе ги нарече Бугари и некој иден дипломат ќе потврди дека е тоа точно.

Господине Пендаровски чувајте се од пријателите, а непријателите ги знаете и држите ги на дистанца. Погледнете што ви се тркала зад брдото и зад далечниот хоризонт на надеж што ви го нудат. Почитуван господине Пендаровски во своето интервју велите дека приоритет ни е ЕУ. Точно. На Македонија и е таму местото. Тоа го заслужува. Некои од нас поголемиот дел од својот живот сме го посветиле на таа мисија. Меѓутоа сметам дека не може човек да зборува за иднината ако не го познава и не го почитува сопственото минато и ако не се бори за себепознавање во светот.

Токму затоа во оваа атмосфера на зајакнат екстремен национализам насекаде низ Европа и во време на повторно марширање на фашизмот насекаде околу нас, а посебно во Бугарија и Грција, нешта кои сериозно ги загрозуваат и нашата егзистенција како класни битија и како етнички битија и заедници треба да се биде сериозно внимателен и предострожен. Кога бескрупулозно се газат нашите човекови права, особено се газат колективните права на луѓето кои се нарекуваат Македонци, како што тоа брутално го прави Бугарија во моментов со своите небулозни барања, а вашиот советник Малески сесрдно тоа го оправдува, во некое име на некаква имагинарна и илузорна добрососедска соработка и објективна вистина, морам да кажам дека сум сериозно загрижен за иднината на Македонија и за нејзините граѓани Македонци.

Од тие едноставни причини, мислам ќе биде далеку попродуктивно, наместо да ги гасите распалените огнови на меѓусебни кавги и раздор меѓу Македонците, што вашиот советник така непромислено ги запали, да се свртите сериозно во директен и бескомпромисен разговор со вашиот пријател  во Софија и да ги браните македонските интереси пред се', првин таму, а после на друго место. А тоа е правно верифицирање на постоење на македонскиот колективен идентитет, на македонскиот јазик и на државата Македонија. 

Проблемот е таму и во вашата дипломатска вештина. А за тоа ви треба и подршка и добар, голем вистински дипломатски тим, составен не само од самодоволни дипломати и неуки јуноши замаени со ЕУ, туку од вистински стручњаци од повеќе области. Од вистински некорумпирани стручњаци за јазик, историја, уметност, култура, образование, антропологија до многу други. И тоа никако не треба да се партиски доушници и манипуланти. Дали сте размислувале дека ви е можеби потребен некој психолог или проценувач на карактер, на пример?

Се надевам дека овој поглед од страна ќе ви помогне во ефикасното вршење на вашата должност Претседател на Македонија и дека тоа ќе го правите во нејзина корист и за нејзино добро.

Благодарам на вниманието.

Срдечно.

Наум Паноски

П.С. Ако ви пречи зошто не го употребувам терминот Северна, сакам да ви кажам дека како граѓанин не сум обврзан на тоа.

3 мај 2020, Њујорк

 

Професор Драги Георгиев

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Е НАЈГОЛЕМИОТ НАЦИОНАЛЕН ХЕРОЈ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

 

03 мај 2020

Копретседателот на Мешовитиот бугарско-македонски комитет за историски и образовни работи, Драго Георгиев, рече дека Гоце Делчев починал за Македонија и "не може да се одвои од македонскиот народ".

Во интервју за Македонската телевизија,ТВ 24 Георгиев објаснува дека преговорите во комисијата се застојни заради споровите околу личноста и случајот на Гоце Делчев.

"Невозможно е да се донесе одлука кога членовите ставаат аргументи дека Гоце Делчев е или Бугарин или Македонец", рече Драги Георгиев.

"Тој е најголемиот национален херој на македонскиот народ. Тој е убедливо на прво место, потоа сите други. Невозможно е Гоце Делчев да се одвои од македонскиот народ. Бугарија ги има Васил Левски, Христо Ботев. Гоце делчев го нема ова место во Бугарија "Тој има најголем историски мит и национален херој на македонскиот народ", рече тој.

ТВ 24

Професорка Наде Проева

ЗА СОНЦЕТО НЕ СЕ ПРЕГОВАРА, ГОСПОДА ПОЛИТИЧАРИ И ИСТОРИЧАРИ

Професорката Наде Проева во своја авторска колумна специјално за "Нова Македонија" се осврнува на најновите актуелни случувања.

 

05 мај 2020 

За некои теми, особено ако се "наметнати" од нашиот источен сосед, гревота е да се троши време, зашто за да се напишат очигледните аргументи за македонската самобитност, јазик, историја, култура ќе треба да се потрошат море мастило и хартија колку небото, како во бугарската песна: небето да е книга, морето да е мастило. А бидејќи молчењето ќе биде сфатено како одобрување, збор-два за луѓето што не се достојни да се спомене ниту буква од нивното име, а камоли да се крева прашина каква што деновиве се крена кај нас за човек што на залезот од својот живот не само што откри дека бил Бугарин, туку ги учи Македонците дека само до вчера биле Бугари!

И што да се каже за таков човек, освен дека цел живот живеел со погрешно самосознание, што значи како погрешен човек. Како ли ќе живее сега со сознанието дека целиот свој живот го живеел погрешно? Ќе може ли да си прости што навреме не се сетил кој е и не се определил (или немал храброст да се определи, како на пример Венко Марковски) за вистинската страна? Или пак, како секогаш, во вакви случаи станува збор за политички прагматизам и опортунизам, поттикнат од странските злосторници. Изјавата на претседателот на државаата: "Ако цената да влеземе во Европската Унија е да кажеме дека не сме Македонци и да кажеме дека нашиот јазик се именува некако поинаку освен македонски јазик, не ни треба Европската Унија", никого не може да успокои, со оглед на практиката на челниците на партијата чиј претседателски кандидат беше:...додека го дишам овој македонски воздух...продолжението го знаете. И додека негов советник останува човекот што не' учи дека сме биле Бугари, а особено ако се сетиме на неговата претходна изјава дека Гоце Делчев бил Бугарин што се борел за независна Македонија, за што подоцна мораше да се дообјаснува, никој не може да верува во искреноста на оваа нова изјава.

И вакви небулози и мизерии се случуваат секогаш кога некој, кажано народски, си ја пика главата кај што не му ја бери. Имено, кај нас, впрочем како и на целиот Балкан, сите се големи зналци на историјата и сите се историчари, поголеми католици и од римскиот папа. Но ако на некои од самопрогласените историчари (интелектуалци, новинари, експерти, аналитичари) незнаењето на историјата, особено на својата, може да им се прости, тоа никако не може да им се прости  на нашите политичари, зашто "историјата е учителка на животот" од која треба да научат како се создавале и пропаѓале државите, за да знаат како да ја зачуваат својата држава што им ја оставиле предците, а не да ја распродаваат.

За жал, тие не само што се историски неписмени (не ги знаат методите на историската наука) туку и ги пренебрегнуваат сознанијата на историската наука, како и професионалните историчари, користејќи ги услугите само на оние историчари што се ставаат во служба за оправдување на нивните поставени цели. А колку историската методологија е лизгав терен дури и за историчарите се гледа од бугарското објаснување за некаков регионален македонски идентитет со примери на доселеници Далматинци во Америка од крајот на 19 век. Притоа заборава дека Далмација била политички ентитет и како таква била дел на т.н. троедна "Краљевина Хрватска, Славонија и Далмација" во рамките на Австро-Унгарија до 1918 година, та според тоа се изјаснувала. А Македонците што не биле државјани на тогашната бугарска држава не се изјаснувале како македонски Бугари што останале надвор од бугарската држава, туку како Македонци, што јасно ја покажуваа нивната национална свест. Според оваа шуплива "логика". Хрватите, Словенците, Србите, Македонците и другите народи додека беа во рамките на Југославија би биле регионални ентитети, а како нации треба да се признаат од нејзиното распаѓање!?!

Друг пример е оправдувањето/ минимизирањето на бугарската окупација на Македонија, со тоа што во 1943 година наредбата за стрелање на дванаесеттемина младинци во Ваташа, а по убиството и масакрирање, ја дал Македонец (впрочем кај секој народ има предавници), но тоа не го менува фактот дека тие се бунтувале против бугарските власти во Македонија. Уверувањата од страна на нашите политичари задолжени за европска и за надворешна политика дека бугарското барање за дефинирање и преименување на македонскиот јазик немало да помине бидејќи не било во духот на европската демократија, може да ги голтнат само наивните.

Имено и грчките барања за името на државата и историјата беа противни на сите демократски начела и меѓународни правни норми, но постепено, додека нашите политичари спиеја, беа прифатени, одобрени, фалени и на крајот наметнати од белосветските демократи, а од домашните послушници спроведени, спротивно на јасната волја на народот. Тврдењето, пак, на бугарскиот премиер дека "---неговата земја не забранува да го користиме јазикот што сакаме", најблаго речено е смешно, зашто не е јасно како може на еден народ да му се забрани такво нешто, освен ако не биде окупиран!

Патем речено, такво нешто не му успеало на ниеден окупатор во минатото, дури и кога Македонците морале да пијат рицинус и да плаќаат парична казна за секој изговорен збор на македонски. Неговата земја, значи не само политичарите, туку и целиот бугарски народ (не сум сигурна дека има согласност од народот), не ни забранува да си го зборуваме мајчиниот јазик, ама бара да го преименуваме според нивно "желание". Мерси, премиере! - ти благодариме по б'лгарски...

Да завршам како што почнав. Имено, има теми за коишто не може да се расправа, а камоли да се преговара-комисиски. Тоа е исто како две комисии да треба да се усогласат дали сонцето е тркалезно или не е. Несфатливо, смешно, будалесто-зарем не? Идентитетот е сонце. А за сонцето-идентитет, господа политичари и историчари, не се преговара.

Марковски Злате

МАКЕДОНИЈА v.s. БУГАРИЈА

 Првин би сакал да кажам дека јас немам ништо против Бугарите, а ниту према нивната убава земја. Бугарија ја сметам за прекрасна држава населена со прекрасни луѓе, како што впрочем е и Македонија прекрасна и како што и тука живеат прекрасни луѓе. Бугарите значи, воопшто не ги мразам. Значи мене не ми пречат Бугарите, туку ми пречат бугарашите. Разликата се состои во тоа што Бугарите немаат никаква желба да се расправаат со нас или со било кого за историско-политички теми, туку се едни фини и културни луѓе кои само сакаат во мир и пријателство да соработуваат со сите соседи. Бугарашите од друга страна се оние кои се обидуваат да не убедат нас, Македонците дека сме и ние Бугари. При тоа најчудно е што најголемиот дел од бугарашите се токму оригинално Македонци, или со македонско потекло луѓе, кои живеат во Бугарија. Со други зборови, тие станале Бугари и сакаат и ние да станеме Бугари. Веројатно сметаат  дека ние би сакале тоа да го сториме, иако, како што ќе видите кон крајот на текстов, за тоа немаме никаква причина. Она што не го разбирам кај Бугарашите е зошто со помош на навреди, пцовки и непристојни изрази се обидуваат да не убедат нас Македонците во потребата да станеме како нив, Бугари. Како што е познато, користењето на некултурни зборови во комуникацијата е одлика на некултурни и неписмени луѓе. Зарем вие, бугараши, нас Македонците не сметате за неписмени?

Па токму ние вам пред 11 векови ви ја дадовме писменоста и тоа во два наврати. Првин со азбуката наречена глаголица преку Кирил и Методиј, а потоа со кирилицата, преку светите Климент и Наум Охридски. Значи ви дадовме две азбуки и што од тоа вие направивте? Ја користите својата способност да пишувате за да пишувате навреди, за да го плукате токму оној народ кому што треба да му бидете благодарни што не пишувате на латиница. Па зарем не ви е срам? Кога сте такви, зошто им се лутите на некои наши македонски постирачи на постови кои постојано ве нарекуваат "татари" и "жолти", алудирајќи на азијското потекло на Прабугарите, кои вие ги сметате за ваши предци? Јас нема никогаш да ве наречам Татари, ниту пак жолти, затоа што мислам дрка тоа не е во согласност со историските факти. Ама и да сте жолти па што лошо има во тоа? Еве Кинезите и Јапонците се жолти, па да не  им фали нешто?  Развиени држави имаат, полни се со пари и почитувани низ целиот свет. Значи, и жолт да си, сепак човек да си!

Тоа е битно. Од друга страна, секој кој што вас ќе ве нарече Татари едноставно покажува дека не ја разбира во целост вашата историја. Имено,  има ли смисла народот кој настанал со 2500 години мешање на Тракијци, Келти, Пајонци, Дарданци, Илири, Бриги, Скити, Персијци, Гети, Готи, Антички Грци, Дахијци, Римјани, Авари, Прасловени, Кумани, Кутригури, Утигури, Волгари, Викиншки Варанги, Исауријци, Маѓари, Татари, Печенези, Хуни, Гагаузи и конечно, голем број Македонци избегани од Македонија во првата половина на дваесеттиот век, значи има ли смисла еден народ со толку комплексна етногенеза да се нарекува со името на само еден од своите основачки етноси?

Околу вашето сложено етничко потекло, не сте свесни колку сте само среќни, во однос на нас. Нам Грците сакаат да ни го сменат името, а ние сме се запнале да не го менуваме оти "...едно име имаме, во душата го носиме..." и бидејќи не можеме да најдеме друго име што би имало историска смисла, мораме да останеме Македонци. А вие бре луѓе, таков проблем нема никогаш да имате. Ако некој ваш сосед се запне да ви забрани да се викате Бугари, слободно можете да го баталите тоа име и да си бирате од асортиман од минимум 20-тина имиња. Алал да ви е, кој е како вас? Ние Македонците сакаме да си ласкаме на себе дека сме биле, демек, многу гостољубов народ, а кој да дојде да не пороби ние секогаш му креваме востанија и побуни. Тоа ли е гостољубивост? Вие од друга страна пак, "гостите" кои низ историјата доаѓале да ја освојуваат вашата убава и богата земја, не само што не ги бркате, ами целосно ги интегрирате во вашиот етнос. Богами, вие сте најгостољубивиот народ на Балканот, и за тоа, од моја страна-респект. Ова ви советувам во вашата туристичка понуда да го споменувате од сега па натаму.

Да се вратиме на темата. Очигледно е дека во Бугарија постои една мала група на бугараши кои што сметаат дека кога станува збор за иднината на двете држави, Република Македонија и Република Бугарија, една од овие држави треба да престане да постои и да влезе во состав на другата. А сите добро знаеме за која држава бугарашите сметаат дека треба да ја снема. Што сте запнале толку за тоа да не земете?

Некои луѓе не разбираат зошто тоа толку многу ви лежи на срце, зошто сте толку опседнати со нас, но историчарите кои ја проучувале средновековната бугарска историја тоа го знаат. Еве еден од нив, инаку Македонец, што ми рече во една пригода:

"Големиот бугарски цар Симеон, во младоста заминал како заложник во Константинопол и таму поминал неколку години во проучување на византиската култура и цивилизација. Тие толку многу го воодушевиле младиот син на бугарскиот хаган (владател) што по враѓањето во својата земја, и по доаѓањето на власт, Симеон решил да ја пренесе византиската цивилизација во Бугарија и да ја направи земјата напредна, а својот народ конечно да го цивилизира. После многубројни реформи и прогресивни мерки, Симеон сепак сфатил дека ако сака да ја доврши својата цивилизаторска мисија, тој ќе мора да го вклучи во составот на својата империја и самиот извор на цивилизацијата-Константинопол. И го посветил остатокот од својот живот како цар на освојување на главниот град на Византија, но без успех. Постои легенда дека кога Симеон бил на умирање, на своите советници им рекол дека поради неуспехот да го освојат изворот на цивилизацијата, Бугарите останале во суштина не цивилизирани, и културата ја носеле само површно т.е. глумеле дека се цивилизирани."

Верувам дека тоа е причината и поради која вие сега толку многу ја сакате Македонија.

Светите браќа Кирил и Методиј

Мислам ја сакате да ја земете, а не дека ја сакате како што ние, Македонците ја сакаме. Оти, се што помогнало Бугарија да се цивилизира е производ на македонскиот ум. Почнувајќи од азбуката (дело на Македонецот св Климент) па се до влегувањето во ЕУ и НАТО, кое се случи благодарение  на сегашниот премиер Сергеј Станишев, инаку со македонско потекло, директен потомок на еден висок раководител на ВМРО од дваесеттите години на минатиот век. Со други зборови, да не сме ние, каде би биле вие? Затоа верувате, како што Симеон верувал, дека се додека не го вклучите во составот на вашата држава изворот на вашето цивилизирање, нема искрено никогаш да се чувствувате како комплетно цивилизирани.

Симеон не знаел дека мирот, а не војната се одлики на цивилизираниот човек. Ако само престанел да војува постојано и се концентрирал на изградба и модернизација на своето царство, многу подалеку ќе стигнел во неговиот прогресивен идеал. А истото тоа важи и за вас, бугараши, истото. Престанете да пцуете и да не навредувате, и концентрирајте се на тоа да ја модернизирате својата сопствена држава. Со воведот, толку, а сега дојде време да ви  го објаснам во целост прашањето од насловот на овој пост и да ве уверам дека тоа воопшто не го мислам како шега, туку сосема сум сериозен.

Еве, накусо, во што се состој идејата. Ако. вие навистина верувате дека од Охрид во Варна и од Добруџа до Лерин живее еден народ, или един хора, како што вие би рекле, зошто тогаш, ако е тоа вистина, мора тој народ да се вика "бугарски" а не може да се вика "македонски"? Сакам да кажам, зошто вие да не станете Македонци, зошто мора ние Македонците да се пишеме Бугари? Кога човек е Македонец, сликовито дозволете да се изразам, тој во поглед на својот национален идентитет јава на Букефал, убавиот, скапоцен коњ на големиот Александар. Вие би сакале ние Македонците да се симнеме од тој величенствен коњ и да го јавнеме скромното магаренце на отец Пајсија? Кој е тој што од коњ на магаре ќе се симне? Луѓе, сериозни ли сте? Да речеме дека и во двете сегашни држави, на референдум жителите донесат одлука да се спојат во една земја Република Македонија и Република Бугарија. Како таа нова земја треба да се вика? Сигурно поубаво е да ја наречеме Македонија, одошто Бугарија. Македонија е име врежано во историјата, од тука па до Индија. А и во САД моментално има десетина градови кои се викаат токму Маcedonia. Колку градови има во светот што се викаат Bulgaria? Или колку пати  во Библијата се споменува името Бугарија? Сакам да кажам, ако веќе стануваме "един хора" во една држава, тогаш дајте таа држава да се вика Македонија.

Грците ли ќе се бунат? Па кој ги врти па нив, да не ни стават можеби вето за прием во ЕУ и НАТО? Од вашата државност, новата држава ќе ги наследи членствата во сите меѓународни организации, а од нашата сегашна државност ќе дојдат политичките водачи. Кај нас, од неодамна жестоко се бориме  против корупцијата и имаме големи успеси, на пат сме поранешен премиер да отераме во затвор, а вие кај вас? На чекор сте Европа да ве суспендира поради преголема корумпираност. Впрочем, прифаќањето на Македонци да владеат со Бугарија, не би било никаква новост или нешто страшно за вас. Еве, Андреј Љапчев, некогашниот премиер на вашата земја кој беше во врвот на политиката во времето кога Бугарија ги доживуваше најважните моменти од својата историја во почетокот на двадесеттиот век, бил роден во нашиот Ресен. Другар му, и исто така премиер Александар Цанков-бил со македонско потекло. Истото важи и за Тодор Живков, чии родители биле од територијата на денешна Република Македонија. Кога веќе го споменавме него, ако станеме една држава, никој од нас нема да има ништо против нашиот премиер и на таа, голема Република Македонија, составена од териториите и економските ресурси на двете сегашни држави, Македонија и Бугарија. Вам и нема да ви биде толку тешко да се откажете од државноста, зарем не? Па вие не се изборивте сами за неа, туку Русите ви ја дадоа во 1878 година. Впрочем, тие ви го наместија и првиот владател на независна Бугарија, германскиот принц Александар Фон Батенберг, роднина на тогашниот руски цар.  Конечно, кога Бугарија била поразена во Првата светска војна, токму бугарските војници се побуниле против владеачката династија, а токму македонските борци во составот на бугарската армија ја штителе стабилноста и целовитоста на државата! Па вие нам треба да ни кажете "фала" што се' уште постоите како држава, и затоа, кога ќе дојде време да се обединуваме, дајте вратете ни го долгот. Не бидете Бугари, станете Македонци.

Впрочем, ние за разлика од вас, самите се изборивме за сопствената независност и уште повеќе, кога дојде време да се завршува Втората светска војна, 100.000 македонски партизани отидоа на сремскиот фронт да ја ослободуваат Хрватска и Словенија потоа. А сега, еве со Американците и Ирак го ослободуваме? Каде сте вие таму и на чија страна бевте во Втората светска војна? И знамето на таа нова заедничка држава која би се викала Македонија треба да биде од нас дадено, и нека биде тоа Македонската sвезда т.е. она што некој кај нас го нарекуваат "сонцето од Вергина". Вашето бугарско знаме, ајде да бидеме реални, е руски подарок и се чини дека тие ве зезале кога ви го натуриле, лажејќи ве дека трите бои, бела, зелена и црвена се во знак на братството со Русите, чие знаме било слично-бело, сино и црвено. Ама ако тоа е вистина, зошто тогаш и знамето на Татарстан во Русија ги има истите бои? Да не се случајно и жителите на Татарстан браќа со Русите? Или можеби татарстанците со некој друг народ се браќа, а? Нашето знаме, она вистинското, не ова што сега ни ја срамоти државата, е старо, престаро, како симбол и како значење. Токму под тој симбол, некогашните Македонци стигнале дури до Индија, до работ на тогаш познатиот свет. А вие со вашето знаме мака мачите бре на светско фудбалско првенство да стигнете. Заклучно, знамето на таа нова држава, Македонија, кога вие ќе одлучите да станете Македонци ќе биде-црвена подлога, со големата златно-жолта Македонска sвезда во средината. За грбот ич не се секирајте. Вие имате три лавови на вашиот грб (кој многу, многу личи на холандскиот грб, зарем не?) а ние би требало да имаме еден лав, и бидејќи лавовите ни се со иста боја, златна, можеме, за да не комплицираме, на грбот на нашата нова и заедничка држава, Македонија, да пишеме една четворка и после неа слика на лав да има. Со тоа вашите три лава и нашиот еден лав ги ставаме во едно (зипувани), и плус ако некој од западна Европа праша зошто сме направиле така, ќе му одговориме на  англиски "it is all 4 for love". Ако ова ви се чини комплицирано, да одиме само со еден лав (нашиот, секако) и националниот слоган ќе ни биде "one land, one people, one love". Кул, а? Лав ис ол ју нид... За азбуката и литературниот, официјален јазик сосема лесно ќе се договориме. Имено, азбуката која вие ја користите е всушност наша, оти тоа е кирилицата која Свети Климент и Наум ја создадоа за сите словенски јазици. Ние во меѓувреме ја модифициравме, па буквите Я (ја) Ю (ју), Щ (шт) ги исфрливме од употреба од многу проста причина што веќе ги имаме Ш, Т, Ј, а и У, па не ни требаат двогласки. За темниот вокал, фамозниот Ъ, ние и така ја имаме во форма на апострофче, и признавам, треба да ставиме во азбуката на заедничката држава, оти таа не е бугарска, туку е светиклиментовска и по таа основа, легитимно наша, македонска.

Св.Наум и Климент Охридски

На времето, македонскиот научник Венко Марковски бил прогонуван од страна на комунистичката влада поради тоа што се залагал за зачувување на темниот вокал во азбуката. Е, затоа комунизмот пропадна, луѓе поради апострофчиња и темни вокали. Јазикот на заедничката, македонска, држава ќе биде она што сега се нарекува македонски литературен јазик. Значи, извинете, ама јас не гледам историска основа да го учам бугарскиот литературен јазик, базиран врз дијалектот на населението кое живее во Велико Т'рново, затоа што нашиот летературен јазик е базиран врз дијалектите на луѓето кои живеат во областа околу Велес, Прилеп, Кичево, Битола па се до Охрид. Што сте  се фатиле вие па за Т'рново? Само затоа што Иван, Петар и Калојан Асен владееле од таму, затоа ли треба сите ние да зборуваме великот'рновски? Во Охрид владеел Самоил, царот кој вие го сметате ваш. Плус, ако фатиме да броиме, во Охрид повеќе цркви ќе изброиме отколку во Велко Т'рново, нели? Па и вие го нарекувате Охрид "бугарски Ерусалим" и по таа основа, ајде јазикот на таа заедничка држава да биде истиот јазик кој сега е официјален во Република Македонија. Шо викает Охриѓани: з'ш да не? Химна на заедничката ни држава секако мора да биде "Изгреј зора на свободата" и тоа испеана со нејзиниот оригинален текст, на македонскиот дијалект на Македонците од Пиринска Македонија. За оние што оваа песна ја сметаат за бугарашка, ви велам дека тоа не е вистина, затоа што била пеана како химна на Македонија на АСНОМ од страна на партизаните кои се бореле против - Бугарија. Како може тогаш таа песна да е бугарашка? Ама сегашната верзија на песната е на бугарски јазик само затоа што југословенските комуњари и бугарските комуњари со децении правеле се' за да ја уништат и избришат оригиналната верзија. Ама, ние ќе ја вратиме и таа ќе биде химна на заедничката држава, која ќе се вика Македонија, нели? Ако ништо друго, затоа што песната се пее (барем за сега) на бугарски а во неа никаде не се споменува Бугарија, туку се пее за убавата "македонска земја". Впрочем, почитувани бугараши јас сум ја слушнал и химната на Бугарија и "Изгреј зора на свободата" и морам да ви кажам, искрено, дека "Изгреј зора на свободата" е многу подобра за химна , многу е поборбена, позаносна, пожестока. И плус, историски факт е дека тоа е првата химна на модерната македонска држава, онаа создадена на АСНОМ со борбата на македонските партизани.

Кога веќе зборуваме за песни, замислете само колку би било добро на "Евровизија" да настапиме со заеднички тим. На тоа фрик-шоу од кај нас ќе додје Боки 13, а од вас, секако, незаменливиот Азис. Па тој дует од соништата никој не ќе може да го сопре. Европа ќе падне на колена пред нас, нашто ако никој друг, барем Азис ептен ќе се израдува. Во кратки црти, тоа е мојот план. Не ви се допаѓа? Зошто? Можеби ќе кажете дека Аспарух ќе се преврти во гробот? Па кој го прашува пак него? Во бугарската историја тој е голема почетна буква. Но, ако вие одлучите да го прифатите македонското име, знаме, јазик, азбука, традиција и историја, т.е. со други зборови ако вие решите да станете Македонци, Аспарух ќе стане обична фуснота во книгата на нашата историја. Кој е па тој фактор, во однос на големиот Александар? Значи прашањето држи вода-ако толку сте запнале вие, о бугарски националисти, да бидеме един хора, еден народ, зошто па вие да не станете Македонци?

Вашиот одговор го очекувам во коментарите на овој пост, но ве молам, немојте да пцуете и да трескате навреди, доста со тој непродуктивен речник. Ајде да ве видам колку сте интелектуалци  навистина, кажете ми  зошто не сакате да станете Македонци. Ама културно, со аргументи. А ако немате аргументи, ако само пцуете и навредувате, тогаш треба да ви биде јасно зошто ние не сакамме да бидеме Бугари. 

Сите варварски народи сонуваат да станат еден ден цивилизирани луѓе, а никогаш обратно, цивилизираните не сонуваат да станат варвари. Затоа, ајде бугараши, докажете дека не сте варвари, да видиме колку сте цивилизирани и спремни за вистинска интелектуална и културна дебата. Оставете коментар и одговорете без плукање и навреди и пцуење: Ако толку сакате да сме еден народ, зошто вие да не станете Македонци?

Преземено од Facebook

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

АНТЕ ПОПОВСКИ

 

 ЉУБОВНА

Пред да се раздени
За неа беше разденето
Пред да се стемни
За не а беше стемнето.
Го преврзуваше сонцето со влажна шамија
И го успиваше крај неа.
Ние, дури чекавме да расцутат овошките,
Таа веќе ги береше плодовите од нив
Полни чинии поставуваше пред нас
И ништо не ја возбудуваше.
Ние ќе и' покажевме камена птица што лета
Таа ќе речеше: Да тоа сум јас,
Птица во окото на сонцето!
Ќе и' принесевме сини цветови што ги брал
Александар Македонски покрај Златна река
Таа ќе речеше: Тие цветови веќе сум ги носела в пазуви!
И секогаш
и секогаш молчеше.
Велеше, се што имам да речам си го реков себеси
Право е на другите да си молчат за својата судбина
Не постоеше ништо што можеше да ја возбуди.
Цел живот верував дека е жена
Не знаев дека е Бог
Само тој не копнее по ништо.
*********
Анте Поповски, Кафе и книги.

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

број 286, 15 мај 2020