ДОКОЛКУ  СЕУШТЕ НЕКОИ НЕ ЗНААТ, НИЕ СМЕ МАКЕДОНКИ!

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ВИСТИНАТА Е САМО ВИСТИНА И ЗАТОА БОЛИ!

 

23 април 2020 

Секој кој мисли дека со лаги, терор, беззаконие, дискриминација, ограничувања, цензура, закани и други нечесни игри  ќе може да   го продолжи животот во јавниот простор и ќе ја сопри вистината, се лаже. Лузните ќе останат  а последиците од непочитување на  меѓународните норми на цивилизирано однесување нема  да  исчезнат самите од себе. 

Тоа, драги мои, не му успеало ниту на познатиот тиранин, царот Тројан, познат по неговите козји уши, а ниту ќе му успее на  македонскиот диктатор Зоран Заев, познат по своите сулуди размислувања дека патриотизамот не бил "спорт" со кој би сакал да се дружи! И на едниот и на другиот Господ му доделил иста судбина: срам, презир и трајно проклетство! 

Ако и Фејсбук паднал под влијание на глобалистичкото движење  во светот, тогаш што остана за другите јавни средства за комуникација. 

Ако и Фејсбук не е повеќе средство за слободна трансмисија на информации кои доаѓаат директно од душите и срцата на обичните борци против неправдите, криминалот, корупцијата и злоупотребата на основните човекови права и слободи, тогаш и на правдата и на слободата лошо им се пишува.

Ако пак Фејсбук постане оружје во рацете на злото и неправдата, е, тогаш поарно и да го нема! Да не постој и затоа треба да се бараат други средства за масовна комуникација како коректив против сите зла, кои го затроваа човештвото и јавниот простор со лаги и невистини.

Разни "неидентификувани" негативци веќе прават непримерени и штетни селекции  на текстови и ги елиминираат само затоа  што содржините им се различни од нивните вкусови. Но и затоа, што навлегуваат во забранетите зони на нивните нелегални и криминални работи кои се во надлежност на правосудниот систем и другите органи за гонење. Ама и затоа, што неможат против вистината. Против вистината, која боли!

Е, ако сето тоа е така, се прашуваме: каде е тогаш слободниот натпревар на фактите и протокот на информации кои го чистат загадениот воздух од лагите и невистините? 

Соработката помеѓу "Македонски Збор" и Фејсбук во овие изминати неколку години беше на завидна височина. Беше и ќе биде еден од вентилите за испуштање на насобраните фрустрации од владеењето на злото, самоволието, беззаконието, теророт и обезличувањето на Македонците и Република Македонија!

Меѓутоа, пред некој ден, се случи преседан. Вистината ги заболе злосторниците во Република Македонија и најдоа начин како да ја избришат содржината на "Македонски Збор", без претходна писмена најава и објаснувања кои се причините за таков еден непримерен чин. Не мислите ли дека со тоа Фејсбук застана на страната на неправдата и злото кое за неколку години ја демолира Република Македонија и и' се заканува со уште поголеми  постизборни уривачки зафати, во духот на "добрососедските" договори со Грција, Бугарија и Албанија?

Ќе им се дозволи ли таков зулум и варваризам на луѓе забегани и неспособни да разликуваат што е лошо а што е добро и цивилизирано однесување?

Таа ли е причината за бришење на содржините во "Македонски Збор"? Ќе може ли некои да им ги избриши сите гревови на Зоран Заев, Христијан Мицкоски и нивните предавнички дружини а да им остане совеста чиста? Се сомневам! Правдата доаѓа и секој ќе си одговара за своите недела и велепредавства на македонските национални интереси!

"Македонски Збор" си ја врши својата патриотска должност. Тој нема коски, ама коски крши! Па и затоа, заради некои мали придобивки да се става угледот и репутацијата на Фејсбук на коцка,  е голема грешка! Драги мои!

За секогаш Ваш, Сотир!

 

 

проф. д-р Јован Донев

ЗА МАКЕДОНСКАТА "ДИПЛОМАТИЈА"

 

 

20 април 2020

Порталот МКД.мк деновиве објави документ во кој се наведени условите под кои Бугарската влада ќе дозволи определување на датум за одржување на меѓународната конференција за започнување на преговори со ЕУ. Дополнително, кон документот додадени се изјави на министерот за надворешни работи г. Димитров. Тој, според цитираната изјава вели:... никогаш нема да прифатиме вметнување на антиевропски билатерални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет во преговарачката рамка за пристапување кон европското семејство...

Целосно коректна изјава, се разбира под услов да беше дадена од друга личност. Не од г. Димитров. Имено, тој само пред десетина дена во интервју за една интернет телевизија изјави: ---Последниот процес од затворање на македонското прашање ќе бидат билатералните односи и развивање на пријателството со Бугарија, на начин да ни ги тргне сите идентитетски предизвици. Процесот почна со Договорот за добрососедство и од наша и од нивна перспектива мора да ги почитуваме, вредностите на другиот. НАТО членството вели дека ќе има држава на оваа територија, а почетокот на ЕУ ќе ни помогне да си ја средиме куќата дома и со средување на односите со Бугарија ќе завршиме суштинска и историска мисија...

За десет дена две сосема различни и контрадикторни изјави од еден ист министер за надворешни работи.

Г. Димитров, исто како и целиот државен врв имаат скромни познавања за историјата на Македонија, но и на останатите Балкански држави. Дополнително тие користат терминологија која воопшто не ја познаваат. Нашиот министер вели: "последниот процес во затворањето на македонското прашање", без при тоа да го има во предвид фактот дека македонското прашање никогаш не постоело од аспект на македонските ослободителни организации. Македонското прашање е синтагма која ја користеа сите оние кои се залагаа за поделба на Македонија (Енциклопедија Британика дава доста добра дефиниција за ова).

Таа синтагма повторно се појави на политичката сцена по изјавата на г. Рикер пред сенатскиот комитет за надворешни работи минатата година. Тој пред сенаторите, образлагајќи ја потребата од прием на Македонија во НАТО изјави дека политиката на САД е насочена кон затварање на македонското прашање. Без воопшто да знае  што зборува г. Димитров ја презема истата фраза, заборавајќи дека токму затварањето на македонското прашање подразбира деноминација на македонската нација. Тоа е основната цел на Бугарија. Дополнително, доколку тој навистина се спротивставува на "вметнување на антиевропски билетарални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет", тогаш министерството што тој го води, требаше веднаш да реагира на изјавата на г. Борисов во која укажува дека ќе им помогне на браќата во Македонија.

Тој тоа не го стори. Премолча на фактот дека за Борисов, но и за мнозинството на Бугари, Македонците се нивни крвни браќа. Исто како што не го стори и кога неговата колешка Захариева ги образлагаше главните елементи на резолуцијата усвоена од бугарскиот парламент во кој се наведени истиве точки кој сега се објавени во порталот МКД.мк. Всушност и нема потреба од враќање толку назад. Доволно ќе беше да го прочита соопштението на Бугарското министерство за надворешни работи по повод приемот на Македонија во НАТО.

Еден од поглавните предизвици кои ги има Република Македонија, од осамостојувањето до сега е немањето на официјална надворешна политика. Македонската надворешна политика е израз на замислите на министерот за надворешни работи, подржан од премиерот и (или) претседателот. Република Македонија е единствена европска држава која нема официјално утврдена стратегија за национална безбедност. Со самото тоа  македонското министерство за надворешни работи нема координати по кои ќе се движи, а со цел остварување на националните интереси. Во такви услови македонската дипломатија е препуштена на инерција и на задоволување на хировите на членовите на владата. Попрецизно кажано, македонската надворешна политика е ставена целосно во функција на внатрепартиските пресметки. Со самото тоа таа е лесен плен за државите кои имаат интереси да ја контролираат. Потпишувањето на договорите со Бугарија и Грција се најочигледен пример.

Претходните влади на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаа свест за изготвување на стратегија за национална безбедност, немаа свест и за улогата на МНР во заштитата на националната безбедност, но имаа патриотски инстикт да не влезат во замките на Бугарија и Грција, подржани од групата Г-5. Тие влади погрешно зазедоа одбранбена позиција, а со самото тоа дозволија да ни се случи феноменот Заев. Стара изрека е дека по изгубена битка сите генерали се паметни. Може томови книги да се напишат за грешките на македонската надворешна политика од осамостојувањето до сега, но тоа нема да ги реши предизвиците. Предизвиците можат да се решат само со воспоставување на систем кој ќе овозможи професионалност и координираност на државните институции во заштита на државните интереси. Дополнително, систем кој грижата за националната безбедност ќе ја базира врз принципот на ефикасност на трошоците.

Да се зборува за капацитетите на македонското министерство за надворешни работи е губење  на време. Неговата кадровска и организациона поставеност воопшто не содејствува со потребите на современата дипломатија. Тоа е претворено во еден скапо платен, но исклучително скромен по знаење, тинк-тенк, кој е целосно во служба на министерот. Како такво, тоа министерство ниту може да креира, ниту да спроведе конзинстентна надворешна политика. За воља на вистината ниту другите министерств не се подобри, пред се министерството за одбрана и за внатрешни работи, како и агенциите за национална безбедност и разузнување. Без тесна координација, без дневна размена на информации и нивна стручна анализа, но и креирање на заеднички политики, македонската надворешна политика, а со тоа и националната безбедност, се препуштени на милоста и немлоста на странските држави. А, тие немаат милост кога се во прашање нивните национални интереси. Да беше поинаку, Заев никогаш немаше да стане премиер, а Димитров министер за надворешни работи. Ако сакаме да бидеме искрени до крај, треба чесно да признаеме дека "шарената револуција" беше резултат и на низата пропусти на министерството за надворешни работи и агенцијата за разузнување. Тие целосно потфрлија во извршувањето на функцијата на рано предупредување. Во оваа смисла од не помало значење е и целосната незаинтересираност на македонскиот парламент за воспоставување на контрола врз работата на овие министерства од аспект на реализацијата на обврските за заштита на националната безбедност. Граѓаните мора да знаат зошто и како се трошат нивните пари во овие министерства и агенции.

Евентуално натамошно разглобување на состојбите во органите задолжени за остварувањето на целите од областа на националната безбедност, нема никаде да не' одведе. Едноставно ќе ја направи сликата уште поцрна. Од тие причини изјавите на министерот за надворешни работи, како и на неговите шефови, треба да продолжат да се игнорираат.  Тоа се ставови на квинслинзи. Луѓе кои од свои лукративни причини ја доведоа Република Македонија во ситуација да брани нешто за што никој нормален и чесен човек во светот, не сака ниту да разговара. Нешто што благодарејќи на НОБ, ни беше гарантирано од сојузниците на средбата во Јалта.

Членството на Република Македонија во НАТО, донекаде ја смени гео-политичката слика на јужниот Балкан, но нема никакво влијание врз предизвиците за нашата национална безбедност. Тие и понатака остануваат високи. Состојбите во регионот на Источното Средоземје катадневно се компликуваат. Влоговите на сите инволвирани страни од ден на ден растат. Обидите на групата Г-5 преку, помеѓу останатото и со промена на уставното име на Република Македонија и започнувањето на процесот на деноминација на македонската нација и народ, не ги постигнаа очекуваните цели. Напротив, турско-либискиот договор за утврдување на заедничка поморска граница, како и зајакната позиција на Србија во преговарачкиот процес за Косово, состојбите ги прави уште понеизвесни. Исто како што ја прави неизвесна и состојбата во јужното крило на НАТО. Напорите кои во овој момент ги прави специјалниот претставник на САД, Метју Палмер, не само што не даваат резултати туку се чини дека уште повеќе ги комплицираат работите. Сакале-не сакале САД во еден момент ќе треба да прифатат дека и Турција треба да добие дел од колачот на енергетските ресурси во Источното Средоземје. Но, за тоа ќе треба време.

Токму од тие причини, Македонија, во овој момент, не треба да брза. Во наш интерес е датумот за одржување на првата меѓувладина конференција да ја почека разврската во Источниот Медитеран, а со тоа и на косовското прашање. Премногу сме мали, но и некадарни да ги разбереме сите игри. Дополнително, инструментите кои ни стојат на располагање од членството во НАТО, а во функција на заштита на националните интереси, ниту ни се разработени, ниту пак се ставени во конзистентна национална стратегија. Во овој момент, тоа и да се сака нема да може да се стори. Од тие причини, опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба будно да ги следи потезите на квинслишкиот врв и да попречува секоја можност овие инструменти да се искористат спротивно на интересите на граѓаните на Република Македонија. Треба јасно да стават до знаење дека не се согласуваат со натамошно продолжување на работата на заедничката историска комисија со Бугарија, се' до завршување на парламентарните избори. Истовремено, на секој потег на владата, но и државните институции, кои нелогично спроведуваат делови од Преспанскиот договор, треба да се реагира јавно. Таквите реакциии ќе предизвикаат интерес кај овие две држави да вложат напори ВМРО-ДПМНЕ да не може да формира нова влада, но тоа е ризик кој треба да се прифати.

Постоењето на Република Македонија, а со тоа и на македонската нација, преставуваше и преставува закана за националната безбедност на Бугарија и Грција, во најширока смисла на зборот. Овој факт за жал беше игнориран од сите државни врвови на Македонија од 1990 до сега. Цената на тоа скапо ја плативме и се' уште ја плаќаме. Време е тоа да престане! Прв чекор во таа насока пожелно е да биде кристално јасната позиција на ВМРО-ДПМНЕ по сите овие прашања, но и визија како да ги затвори. Во светот на меѓународните односи едно нешто најмногу се цени. Јасен и прецизен став. Ниту тактизирање, ниту колебање. Став образложен со сериозни аргументи. Тоа може нема да му се допадне на соговорникот, но ќе го цени. Постепено ќе го принуди да размислува за постигнување на компромис. Компромис кој ќе ги задоволи и македонските национални интереси. Се разбира доколку се јасно и транспарентно наведени во официјален државен документ, а тоа е стратегија за национална безбедност.

netpress.com.mk 

 

Љубомир Цуцуловски

ОВА Е ВЕЌЕ НАЦИЗАМ

 

20 април 2020

Коментирајќи ги најавите за можно продолжување на изолацијата на старите лица, професорот Љубомир Цуцуловски повлекува паралела со нацизмот.

**************

"Селекција, Еугеника и... Тоа што сега го изјавуваат/тврдат македонските власти (особено Филипче) не е ново, што не значи дека ја намалува нивната одговорност. Уште пред десетина дена за слични мерки се зборуваше од највисокото ниво на ЕУ. Во тој контекст, Урсула фон дер Лајен, сегашна претседателка на Европската комисија (претходно министерка за одбрана/војна на Сојузна Република Германија и жена за која основано се смета дека го фалсификувала/плагирала својот докторски труд) за германски "Билд" одлучно изјави; "Ќе мора што е можно подолго да се ограничи контактот со повозрасните луѓе, барем до моментот додека биде развиена вакцината за Ковид-19. Оваа популација најверојатно ќе мора да остане до одреден степен во  изолација до наредната 2021 година кога се очекува вакцината да биде готова". Изјавата на Фон дер Лајен е сосема јасна-старите лица ќе бидат во домашен притвор, односно како што самата вели во што е можно поголема изолација, се' додека не се пронајде соодветна вакцина. Тоа може да биде до крајот на годинава, но може да биде и никогаш. Или, можеби, откако изолираните/притворените ќе поцркаат затворени по своите домови, како нуспродукт, кој непотребно го оптеретува пензискиот фонд, бидејќи старите и така се осудени на смрт, како од таа судбина да се ослободени другите. Додуша некој порано, некој покасно. Во секој случај, смртта никој не ја одбегнал. Дали тоа значи дека според оваа жена (насмеана и разиграна) списокот на луѓето, кои ќе мора да бидат во домашен притвор/изолација ќе се зголемува? Прашањето не е од формална природа, бидејќи за овие идеи на жената, која се одзива на името Фон дер Лајен, пишуваат и други германски медиуми. Меѓу нив се "Блиц" и "Велт". Според "Велт" Европската комисија веќе имала изготвено план за спроведување на мерките. Се чекало само денот кога тој план ќе биде објавен. Меѓутоа, ќе се одело постепено, селективно. Прво требало да се изолираат тие што се наоѓаат во домовите за стари. Потоа? Потоа ќе се види. Требало трпение, објаснува Фон дер Лајен.

Многу можно е, макар што не е сосема извесно, дека селекцијата на изолираните може да се прошири: сега на ред се старите, утре можат да бидат болните и изнемоштените лица, на кои им нема спас, а кои претставуваат терет за здравството. Потоа можат да бидат "дефектните", па ...Така започна со Евреите во нацистичка Германија. Прво, не веруваа дека сите ќе ја доживеат истата судбина. Потоа, се надеваа дека некои од нив ќе се спасат. Потоа, на ред дојдоа Евреите од другите земји, па Ромите, па Словените, па... Кога сфатија дека сите се во прашање, веќе беше касно. Токму затоа, навреме треба да се преземат мерки за да не се повтори тоа што веќе беше.

П.С. По некоја случајност, токму на денешен ден (20 април 1889 година), беше роден Адолф Хитлер, кој сигурно во 1944 година не ни можел да претпостави дека од него, како и од неговиот монструозен систем/држава, само за година дена, ќе нема ништо. Уште помалку можел да го претпостави Нирнберг. Се сметал/сметале за вечни, исто како и сегашниве", напиша Цуцуловски на Фејсбук.

https://infomax.mk 

д-р Петар Поповски

РУСИТЕ ПРАВОСЛАВНАТА ВЕРА ЈА ПРИМИЛЕ ОД МАКЕДОНИЈА

 

ПОТЕКЛОТО НА ВИСТИНСКИТЕ ЦРКВИ

Римскиот папа Никола Први (858-867), пренесувајќи го официјалниот став на Римокатоличката црква во поглед на приматот на христијанските цркви во Источната и Западната екумена уште во далечната 859 година изјавил: "Римската курија за вистински цркви ги смета оние што беа основани од апостоли, како што се - македонската, римската, александриската, антиохиската.   

И покрај тоа што црковните големодостојници на цариградската и ерусалимската црква се нарекуваат патријарси, сепак, тие немаат такво значење, бидејќи не се уредени од апостоли".

***************

Русите, Православната вера ја примиле од Македонија. Името на Прва Јустинијана Охридска уште во почетокот на 10 век длабоко навлегло во руските маси и тоа станало поим и легенда за православното христијанство.

"Руската кнегиња Олга отишла да се покрсти во македонската престолнина на христијанството (955 г.), бидејќи сметала дека приказната за нејзиното покрстување во тогаш популарниот Охрид, можела да придонесе да се забрза процесот на христијанизацијата во Русија".

Ако се суди по преписите на службите и житијата на Климент и Наум направени во тој период во Русија, за кои се знае дека биле "сакано четиво" кај источната публика, особено меѓу верниците, тогаш со право може да се констатира дека врските меѓу Македонија и Македонската охридска црква со Русија и Руската црква датираат од многу порано, од времето на солунските браќа Константин-Кирил и Методиј, кога тие биле во црковно-просветна и културна мисија кај Хазарите на Кавказ, што е сосема разбирливо, зашто Хазарското Царство се граничело со Киевска Русија, каде што живеел исклучиво словенски народ. Се претпоставува дека и самата Хазарска држава се простирала од Каспиското до Аралското Море, посебно по долното течение на реката Волга и Дњепар, до Северен Кавказ, била населена со племиња од различен етнички состав, меѓу кои доминирал словенскиот елемент. За нивната просветна дејност меѓу словенските народи на тие простори дознавме и од рускиот летопис "Повест времених лет" од ХI век, составен од  "преподобниот" Нестор (1056-1114), монах во Киевско-Печерскиот манастир. Во овој исклучително важен документ авторот ни соопштува дека светите браќа Константин-Кирил и Методиј, додека престојувале кај Хазарите, освен Евангелието, ги превеле уште и: Апостолот, Октонхот, Псалтирот и уште неколку богослужбени книги за словенските народи на тие простори.

Влијанието на солунските браќа во поглед на ширењето на христијанството и на писменоста во руските земји било многу големо. Нивните идеи се ширеле многу брзо и на сите страни и тие биле масовно прифаќани од руското население. Уште со првиот продор на идеите за христијанизација и , особено, на богослужбените книги со кирилско писмо, истовремено продирале и сознанијата за постоењето на голема христијанска црква на Балканот, на античката древност-Прва Јустинијана Охридска. Нејзиното име уште во почетокот на X-от век длабоко навлегло во руските маси и тоа станало поим и легенда за православното христијанство во таа земја. Во прилог на тој факт, сведочат и сознанијата на познатиот руски историчар Приселков (1881-1941). Тој вели :"Киевска Русија христијанската вера ја примила-не од Византија, туку од рацете на охридскиот патријарх", што како резултат на тоа, "Руската црква била една од епархиите на старата Охридска патријаршија". Според Приселков, во времето на покрстувањето на Русите, Русија немала некои постојани и цврсти врски со Византиската империја (Источното римско царство). Имено, христијанството примено, убедливо се разликувало од она што било раширено во одделните теми во Византија. Ова свое сознание го темели врз основа на своите научни истражувања, направени во почетокот на ХХ век и врз основа на стари летописи. Како многу силен аргумент, со кој се поткрепува тој факт, претставува неговото откритие за првите видни личности во руското општество кои го прифатиле христијанството и се покрстиле.

Имено, во старите руски летописи открил дека "руската кнегиња Олга и нејзиниот внук, кнезот Владимир, биле покрстени во Охрид, првата во 955, а вториот во 987 година.

Овој податок не е без основа. Сите руски извори тврдат дека кнегињата Олга била првата руска жена која самата се вовела во христијнаството. Оваа енергична и грамотна кнегиња, чии интелектуални способности се одликувале со силно изразено визионерство, имала јасно одредени цели за иднината на Русија.

Имено, со цел да ја сочува нејзината независност и да се здобие со самостојност во црковните работи, "водела итра  дипломатска политика". Познавајќи ја многу добро византиската црковно-политичка концепција, според која, секој народ кој христијанството го примал од рацете на Грците автоматски станувал вазал на грчкиот император, односно политички зависен народ и политички зависна држава, таа не сакала нејзината земја да ја подведе под Византија. Од тие причини, наместо во Цариград, отишла во Охрид, "престолнината на христијанството", каде што се покрстила. Не случајно тргнала на толку долг пат. Охрид во тоа време претставувал "најсветлиот пункт во историјата на Македонците", а  во македонската Прва Јустинијана Охридска бил концентриран целиот духовен живот на народите. Оваа жена-дипломат меѓу својот народ уживала голем углед и авторитет во работите од христијански карактер, поради што манифестирала забележително влијание во сверата на религиозниот живот кај соседните народи. Затоа тргнала, токму во Македонија, бидејќи сметала дека приказната за нејзиното покрстување, во тогаш популарниот Охрид, можело да придонесе да се забрза процесот на христијанизацијата на Русија. Во тоа наполно успеала. Култот кај Русите кон кнегињата Ога толку многу пораснал, што непосредно по нејзината смрт била прогласена за народна светија на Руската Православна Црква. Во Киевска Русија таа се почитува како прва жена христијанка и како жена дипломат и владателка. Во нејзина чест во Украина е воведена награда "Орден на кнегиња Олга", со која се наградуваат жени што се истакнале во служењето на украинскиот народ.

Кнегиња Олга.

Руските летописи сиот триумф од победата на христијанството над јазичниците му ја припишуваат на Олгиниот внук, на кнезот Владимир. Неговото покрстување во Охрид, во 987 година, придонесло уште повеќе да се зацврстат врските на Киев со Охрид, што имало силен одраз врз развојот на христијанството во Русија. Тие врски постојано се проширувале и збогатувале со нови христијански содржини. Историчарот Приселков констатира дека "кога бил ракоположен првиот руски митрополит, Теопемт, во 1037 година, руската црква била потчинета на Охридската патријаршија".

Покрстувањето на Киевска Русија хронолошки се совпаѓа со постоењето на Самоиловото Царство, а Црквата на Самоил, Охридската архиепископија, која во негово време била подигната на степен на патријаршија (999 г.), била најсилна христијанска црква, со најголема диецеза, која имала врски со многу словенски народи. Некои руски историчари тврдат дека "јурисдикцијата на Охридската патријаршија над Руската црква се протегала и по паѓањето на Македонија под Византија, во времето на Василие Втори". Првата жена на кнез Владимир, чие име, засега, не ни е познато, мајка на нивните синови Борис и Глеб, кои денес се слават како први руски светии, Приселков соопштува дека потекнувала од семејството на цар Самоил. На ваков заклучок го навел податокот дека "првобитно синовите на кнез Владимир ги имале христијанските имиња Роман и Давид, кои често се среќавале меѓу големодостојниците од придружбата на македонскиот цар Самоил". До извесно заладување на односите меѓу Киев и Охрид дошло кога кнезот Владимир, откако станал вдовец, се оженил со Ана, сестрата на византискиот император Василиј Втори Македоноубиец.

Просветителското дело на солунските браќа, кое незадржливо се ширело меѓу словенското и несловенското население на Кавказ и особено во Киевска и Московска Русија, одиграло значајна улога, пред се', во подоцнежниот период, во време на покрстувањето на рускиот народ на тие простори. Имено, тоа довело до забрзување на тој процес и до културен препород на новохристијанизираните словенски маси, што ги издигнало на повисоко црковно-просветно и културно рамниште.

preminportal.com.mk/nauka  

 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

 

МАРИЈА ВОДЕНСКА  

 

 

ШУМЕН МОЛК

Мртви птици пролетва паѓаат од небото
подземна вода понира и влечи пред себе
студот заборави да го повика сонцето
пролетта затаи врз соголените дрвја
а снегот од лани не се напласти оваа зима.

Не прашувај зошто солзите капат во молк
браздат севезден по одамна засушено лице
ниту ти ниту јас не знаеме зошто го дишиме
тој е тука со нас невидлив, нем и пркосен
затао не прашувај кој е седнат до мене.

Стражари невидлив пред портата на душата
моќен и суров како река дотечена во нас
ја сее пролетната болка со тага и омраза
шетачот со име и презиме Корона Вирус
без граници небаре ветер студен ја вее смртта.

Соголе земјата без нас со тишина наоколу
зашуми молкот и го закова стожерот
глувите со уста немоста ја премолчуваат
слепите со звукот на зборот одгатнуваат
немите со поглед од уста зборот го знаат.

Молкот шумоли во слухот заглувен
немоста тишината ја пара со искри од себе
денови долги со ноќи пред земјотрес
виделината ја украде со љубовта и милоста
молкот е сведок за шетачот седнат до мене.
*********
USA, 30 march 2020, Golda Meir House, Newton, MA.

*******

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

број 282, 25 април 2020