ПРЕДАВСТВОТО НЕ Е ДЕМОКРАТИЈА

фотографија: Љубомир Трповски

Сотир

 

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ИЗБОРИ ШТО ЖИВОТ ЗНАЧАТ

 

 25 март 2020

Загрижени  од навалата на КОРОНА вирусот, многу од нас не мислиме на ништо друго, освен  да преживееме и од битката со  оваа природна или од човек создадена несреќа да излеземе победници. 

Вирусите не се сите  исти. Корона вирусот или КОВИД-19 нa пример се разликува од грипата, која во зима се раѓа, а во пролет умира. По некои изјави на компетентни личности, со Корона вирусот не е лесно да се излезе на крај без жртви.  Топлината  не му шкоди и затоа може да постане опасен и да трае многу подолго од другите за кои веќе постојат датотеки  во светските лаборатории. Но колку долго ќе трае, ќе видеме наскоро. Зошто со човекот, господарот на злото и доброто, никој не може да се игра мајтап, дури ни Ѓаволот. 

Во секој случај, животот и понатака си тече и се обновува. После дождот, сонце доаѓа и така со векови без престанок!

Па и претстојните предвремени парламентарни избори ќе ги заменат старите и истрошени пратеници во македонското Собрание со новоизбрани  луѓе, кои ќе донесат свежина во работата на македонскиот законодавен Дом. Но тоа не се случува по некој автоматизам. Се случува со гласање на избори, барем сега кога ни дојде водата до грло и ни се заканува со уште подлабоко тонење, без никаква нада лесно да се извлечкаме и да преживееме.

И не само какви такви избори, туку избори што ЖИВОТ ЗНАЧАТ! Избори, на кои ќе избереме чесни, не извалкани, луѓе без криминални опашки и црни досиеја.  Луѓе кои со своите активности во Собранието ќе ги бранат националните интереси на македонскиот народ, а особено нас Македонците, како најзагрозени во цела оваа велепредавничка лудорија. Што повеќе такви претставници избереме, тоа побрзо ќе си го вратиме изгубеното достоинство и македонското историско и културно наследство. Ние тоа мораме да го направиме, ако сакаме да живееме и одиме по светот со крената глава и исправен 'рбет.

Бојкотот  нема да ни  помогне да се отарасиме од Зоран Заев и неговата злосторничка дружина, но и од Христијан Мицкоски, кои не е ништо поарен од него. Напротив, може да се рече дека  е уште поопасен, зошто со своите ветувања за економскиот развој и високите плати и пензии само ги замајува Македонците, а во суштина во договор со својот партнер Заев, работат агонијата во земјата да потрае и народот да си легни на брашното во нивната Северна Македонија. За Преспанскиот договор, пак, кога ќе дојдело времето и ако добиел полна контрола во Собранието.

Не умри коњу, дури тревата не зазелени!

Тоа не е неочекувано, па затоа треба да сме претпазливи за кого гласаме. Ако така одлучиме. Македонците дома и надвор не очекуваат ништо добро од ВМРО-ДПМНЕ зошто нема ништо заедничко со историската Гоцева ВМРО 1893 која беше столб на безбедноста на народот од секакви душмани и непријателски пропаганди.  Партија создадена од Бугаринот Љупчо Георгиевски неможе да биде македонска партија и да ги брани македонските интереси. Имаме горчливи искуства од историјата со бугарофилите инфилтрирани во македонските раководни и борбени редови. За такви бугарофили и зборувавме во минатиот број на МЗ, кои со задоволство и широка насмевка од уво до уво веќе докажаа дека не поседуваат никакви патриотски чувства,  потпишувајќи го, притоа, Преспанскиот договор со Грците, ама и со Бугарите и Албанците во Македонија. 

Таква политичка партија на Македонците не им е потребна. Особено се' дури во неа се врткаат компромитирани личности со нечесни намери спрема македонските национални интереси. 

Бојкотот на изборите ќе им помогне само или на СДСМ или на ДПМНЕ да ја завршат разградбата на Македонија и зацементираат  Заевата Република Северна Македонија, што не е опција за нас Македонците. Не е опција, зошто ќе постанеме безимен народ и измеќари на Албанците, кои ќе бидат тоа во Македонија, што бевме ние во нашата земја пред само неколку години. Што и го потврдуваат со нивните чести посети на Вашингтон да си позборуваат со своите пријатели како да ги остварат своите цели: Да ја  преземат контролата врз Македонија и од неа да создадт колонија  во која Македонците ќе им служат на надворешните газди како ефтина работна сила и домашни измеќари. 

Затоа, нека 12 април 2020 година, или некој друг ден,  ни биде ден на вистинската ревитализација на македонското општество и враќање на изгубеното национално достоинство. На враќање на нашето вековно македонско име и продолжување со животот  како свои на свое. Што беше сон на генерации Македонци до Втората светска војна, кога најхрабрите ги истераа посилните и создадоа своја држава. Но, ѓаволот никогаш не мирува. Тој е буден и кога спие.

Наследниците на македонските партизани, денешните таканаречени Социјалдемократи (СДСМ) и ДПМНЕ-вци ги изневерија своите предци. Здружувајќи се со старите душмани и џелати, постепено ја започнаа разградбата на македонската држава. Во сета таа лудорија и велепредавства не учествуваа само ситните риби, ами и сомот од Водно. Да, Македонија ја предаде никој друг, туку Ѓорге Иванов двомандатен претседател на Република Македонија од  ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Зоран Заев и Христијан Мицкоски, како челници и креатори на политичките предавства со цепење на Македонците на повеќе ситни и безвредни парчиња, како коалициски "партнери" или резервна собраниска сила,  како во минатото. Затоа, овие злосторници треба да нестанат од политичката сцена во Македонија за секогаш, односно да бидат сместени таму, каде припаѓаат. Зошто политичари кои го продадоа македонското минато не можат да градат иднина без корен во минатото!

Едно што не смееме никогаш  да го забаравиме е времето одма после осамостојувањето на Република Македонија како последица на дезинтеграцијата на заедничката држава СФРЈ.

Не смееме да го заборавиме грабежот на народниот имот со  развластување на работните луѓе кои до тогаш живееја во надеж дека конечно со слободата стаса  благосостојбата и можностите секој да си најде засолниште и достоен живот во Македонија.

Не смееме да заборавиме дека тоа беше првата фаза за разградување на современата македонска држава, Република Македонија и вештачко натурање на политички систем во кои неправдата и нееднаквоста меѓу луѓето постанаа секојдневна пракса.

Стран и излитен систем, кој никогаш не функционирал на овие балкански простори без судири и незадоволства кај народите. Систем планиран и имплементиран со цел да раздвојува заради полесна контрола над националните богатства и намерно создадената ефтина работна сила. Но не и само тоа!

Дополнително во нашата земја, пак, се мерките на надворешните наши "сојузници и пријатели" со посебна и карактеристично злосторничка намера да, со решавањето на таканареченото "Македонско прашање на Балканот",  се ликвидира македонската држава и растурат Македонците без можност на национално обединување во една заедничка национална држава. И ако такви примери на обединување постојат, меѓу кои е и денешна Германија двапати покретачка на светски незамисливи злосторства, што не е случај со Македонија и Македонците.

Но да бидеме начисто. Злосторниците за кои одвоивме доста простор во текстов не беа, ниту се' уште се сосема сами во нивното насилничко дивеење во Македонија. Тие не се доволно кадри за  такви добро испланирани договори и спогодби за уништување на цел еден древен народ како што е македонскиот заедно со неговата држава. Во орото кое го играа подоста време, дури ние спокојно спиевме, се фати и црниот Ѓавол кој си ги чекаше своите пет минути.  Најде свои соиграчи, ги плати или уцени за нивните гревови казниви со робија, и им нареди да бидат негови слуги. И така, две години со ред верно му служат, уверени дека се' што прават, прават за доброто на македонскиот народ.

Заправо играта не е од вчера, таа е од многу порано, ама требаше да се разигра за на 17 јуни 2018 година ни постане јасно, дека со Ѓаволот нема шега.

Тогаш против волјата на народот, нивните пратеници во заедница со "независната" група на  ВМРО-ДПМНЕ   го уништија  Уставот на Република Македонија, создадоа предуслови за крајно разградување на државата и поништување  на македонскиот национален идентитет со еден незаконски и велепредавнички потпис од раката на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров. И така  се родија предавничките договори за "добрососедство" со Грците, Бугарите и за "мир во куќата", со Албанците.

И така во еден молскавичен јуриш,  без страв и срам, газејќи се' и сешто пред себе, Зоран Заев и Христијан Мицкоски без  посериозен отпор од народот, ја суредија Република Македонија. Ја продадоа македонската национална историја, македонскиот јазик, идентитетот на Македонците... се откажаа од деловите на македонскиот народ надвор од Македонија и редица други работи што го чинат Македонецот Македонец, а не глинена смеса за сувенири. Направија се' со цел да ја ослабат силата на Македонците, за полесно  реализирање на пеколните планови создадени и контролирани од надворешни мрачни сили сместени во некои подземни и темни лаборатории.

Но, сето тоа може да се промени, ако во македонското Собрание избереме мнозинство здрави, чесни, способни и не корумпирани Македонци, кои ќе бидат во состојба да ги преточат сите досегашни загуби во наши успеси и победи. За да се постигне тоа, потребно е без  предрасуди према поединци да се гласа за независните листи на новите партии кои спротивно на Зоран Заев овој пат ќе бидат на страната на народот на кој му припаѓаат. 

Од неодамна, драги мои, сепак ситуацијата на политичката сцена во Македонија  се измени на поарно. Се појавија храбри и способни луѓе кои ветуваат дека сега е времето за промени во Македонија. Времето да се оди до крај со доброто против злото. Времето на кое само ние можеме да му помогнеме со храброст, одлучност и безкомпромисност со двете ненародни политички партии во Македонија и нивните коалициски партнери обоени во секакви бои. Промени, кои СДСМ и ДПМНЕ не се во состојба да им ги испорачаат на Македонците.  Зошто? Па  затоа што тие  предавнички партии и нивните лидери не ги застапуваат интересите на Македонците и лојалните национални малцинства во Република Македонија, туку интересите на своите финансиери и надворешни наредбодавци. А тоа не е се' исто!

Затоа, по урнекот на лисицата фатена во стапица и безпомошна,  и тие ќе ги испробаат сите свои трикови само да си ги сочуваат  главите од  правдата која  им виси како Дамакловиот меч подготвен да си ја заврши работата.

Тоа не смееме да им го дозволиме. Зошто ништо не е поважно од честа, образот и достоинството на Македонскиот човек!

Времињата се променија уште подрастично од оние кога виетнамските квислинзи и кодоши беа оставени на цедило сами да се снајдуваат, зошто "немало" места во хеликоптерите на нивните "пријатели" и  сојузници во злото над сопствениот народ. Никој не сака да живее со истрошени кодоши, изроди и велепредавници и затоа "пријателските" хеликоптери немаа слободни места за да ги пренесат таму, каде им ветија. Ама затоа стигнаа таму каде им беше местото. А некои и на некоја ливада за храна на sверовите.

Да ви кажам, драги мои народе, и самиот не верував со какви се' недостојни и ефтини трикови се служат личности кои ги сметав за потенцијални лидери кои можат и сакаат да се справат со штетните договори со соседите.

Не одамна во ТВ програмата на Телма "Топ тема" беа повикани на интервју четири претставника на четири ново регистрирани политички партии и тоа: Александар Тортевски од "Твоја Партија"; Солза Грчева од "Глас за Македонија"; Петре Богоевски од "Македонски концепт" и Љупчо Ристевски претседател на "Интегра"- конзервативна партија. Но пред тоа го погледнав и спотот на "Родина" со нивната детална програма, во која децидно се предвидува брз економски развој на Република Македонија, покренување постапка за поништување на сите штетни и нелегални договори со соседите, а особено со Грците и враќање на вековното име на нашата татковина, Македонија. За тоа имале и капацитети од средината на македонската се' уште не извалкана научна средина, но и со можност на постизборна коалиција со уште некои промакедонски ориентирани партии. 

Споменатото интервју-дебата на четирите лидери на четирите кое партии кое само движенија за промени во Македонија со нејасни цели, сепак успеа да ги одвои добрите од лошите. Чесните од  манипулантите кои по секоја цена сакаат да бидат дел од било која власт после изборниот циклус на овој мандатни период, зошто уживаат во нејзината моќ!

Ево што рече на заедничкото прашање претставникот на најмладата регистрирана политичка партија во Македонија, "Твоја партија", Александар Тортевски:

- Ние не претендираме на некој голем изборен резултат, зошто се' уште не сме достигнале до тој степен. Меѓутоа, очекуваме да добиеме неколку мандати, за да бидеме фактор за одлучување во Собранието. Инаку Преспанскиот и другите извршени промени со кои Република Македонија се преименува во Северна Македонија, за нас  не е приоритетно прашање, ниту сакаме да се вовлекуваме во тие свршени работи! Во оваа партија е  Мирјана Најчевска и други "Шарени" од кои неможе ништо поарно  да се очекува.

Солза Грчева, претседателка на "Глас за Македонија" рече дека нејзината партија е малку постара политичка партија на македонската политичка сцена од некои овде присутни и во својот состав има добри кадрови способни да се вклучат во обновата на земјата. Меѓутоа, кога дојде да се изјасни за Преспанскиот и другите договори со соседите и НАТО, рече дека тоа е свршена работа иако е за враќање на вековното име на државата, Македонија. Ние сме сите за влез во НАТО и Европската Унија, рече Солза. Таму ќе имаме широк простор за работа па затоа откако ќе ја подигнеме државата на повисок степен,  тоа прашање нема повеќе да го има значајот кој го има денес.

Жалам за некои вистински патриоти кои членуваат во оваа партија, бидејќи изборот не  им е адекватен со нивните поранешно изречени ставови по прашањето со Преспанскиот и сите други договори  кои Македонија ја обезличија и ја понижија до степен на непрепознатливост. Тоа е Партија чие име асоцира на Македонија, но на која?

Петар Богоевски, претставник на иницијативата "Македонски концепт" рече дека тие немаат намера да расправаат за такви прашања како што се договорите со соседите, зошто тие се реалност и нема што да се менува. Очекуваме само партиите на власт да ги прифатат нашите предлози и да стоат зад нашата програма.

Петар немаше храброст да открие од која партија е дел. Но по се' се стекна впечаток, дека е "дисидент"   од СДСМ и на избори излегува само да собере неколку мандати и да им служи за докусурување кога ќе им затреба.

д-р Љупчо Ристевски,  "ИНТЕГРА": Неговите позиции се стабилни и постојани. Изричито нагласува и ветува дека проблемот со името е решлив, без многу потешкотии и дека е на врвот од приоритетите на неговата партија, која асоцира на Интеграција на сите здрави и подготвени македонски сили за борба со проблемите кои ги мачат Македонците, а тоа се срамот и понижувањето заради губењето на своето национално достоинство.

Откако би добиле мандат за формирање Влада во евентуална коалиција со слични македонски патриотски партии и движења, одма и паралелно ќе ги покрене постапките за поништување на сите нелегални договори, заедно со сите попратни нелегални акти, за која работа веќе имаат експерти.

Што се однесува до членството во НАТО, Љупчо смета дека тоа е веќе свршена работа.  Но и тоа е можно кога ќе дојде времето затоа. Најважно е враќање на вековното име на македонската држава заедно со  националното достоинство на Македонците. Ова прашање е сместено во врвот   од приоритетите на нивната Програма за обнова на Република Македонија.

Па мој народе,   имаме две македонски политички партии во стартот за ослободување на Татковината ни. Две солидни партии подготвени за влез во нерамномерна трка за Македонија, а против Северна Македонија, политичка творба на Заев и неговите надворешни "пријатели". Трка за македонски претставници   во Собранието, местото каде се решаваат и добрите и лошите работи за Република Македонија.

Имињата на нивните партии не се само така беззначајно избрани. "Родина" на едната и "Интегра" на втората значат ОБЕДИНУВАЊЕ ЗА ТАТКОВИНАТА!

Нивната борба и нашата подршка значат голема можност за менување на  настаните во Република Македонија и победа на Давид над Голијат. Што значи,  дека силата на народот да врши промени во својата загрозена животна средина  е во неговата мудрост и силна желба да се успее. Да се успее и докаже дека "кад се  мале руке сложе, све се може"!

За секогаш Ваш, Сотир! 

Роберт

 

 

Роберт Димитриевски

КОГА КРАДЕЦОТ ВИКА "ДРЖ'ТЕ ГО КРАДЕЦОТ"

 

 

 

6 јануари 2020

"Добра вест е што ВМРО-ДПМНЕ го прифати компромисот со Грција. Новоименуваните функционери потпишаа изјави со кои се обврзуваат да ги почитуваат Уставот и законите на Република Северна Македонија", твитна Борјан Јовановски по изборот на техничката влада за спроведување на вонредните парламентарни избори.

***************

Пред претседателските избори, пак, кандидатката подржана од опозицијата Гордана Силјановска-Давкова медиумите блиски до власта ја удавија со прашањето како ќе се чувствува како прв шеф на државата "Северна", ако победи. За потоа да ја распнат кога во ТВ-дебата рече дека ќе го почитува Преспанскиот договор бидејќи тој стана дел од Уставот, но како индивидуа секогаш ќе го одбегнува називот Северна Македонија.

Што им е заедничко на двата пасуса? Врвно лицемерие. Хипокризија "пар екселанс". Нешто како кога крадецот на цел глас вреска "Држ'те го крадецот"!

Не амнестирајќи ниту еден актер на политичката сцена за тоа што (не) направил при промената на името на државата, но со кое (морално) право тие што го сменија му префрлаат на друг дека "си легнал на брашното"? Наместо да се скријат во глувчешка дупка и да се молат некако да ги заобиколи заслужената казна за прекршувањето на еден куп уставни, законски и деловнички одредби, вклучувајќи го и игнорирањето на јасно искажаната народна волја на пропаднатиот референдум лани, тие нашле да се исмеваат некому?!

Да не е трагично, би било смешно. Извршете убиство, па потоа тие што ве предупредувале, па дури и ве молеле да не го правите тоа, обвинете ги зошто не ја оживуваат жртвата?!

Мегафоните на власта свесно премолчуваат дека и нивните пулени се заколнаа оти ќе го почитуваат Уставот на Република Македонија кога седнуваа во владините фотелји, а лидерот им Заев дури му потпиша и гаранции на тогашниот претседател Иванов, па око не им трепна кога постапија спротивно. Огромното мнозинство од народот, посебно од македонскиот како најзасегнат, буквално ги преколнуваше да не го уриваат тоа што со крв и со пот го градеа генерации Македонци низ вековите, но тие се правеа глуви. За сега, откако го сменија името, да ги "офираат" опонентите дека потпишале заклетва со "Северна", за самите да почнат да врескаат "Да живее Македонија!" (како Шилегов) како што наближуваат изборите! 

"Кочи мајсторе, попадасмо у кривину" со прешалтувањето на морализаториве без морал од набедени велепредавници до самозамислени родољуби. Да не испадне на крајот дека власта, всушност, цело време се борела за (името) Македонија, а опозицијата за "Северна"?!

ДО ТОЛКУ (недугави) УМОБОЛНИ НЕ ЌЕ ДА СЕ ТИЕ ОД КОИ ЌЕ СЕ БАРА ГЛАС НА 12 АПРИЛ 

https://ekspres.mк

Ѓорѓи Илиевски, виши просветен инспектор

НЕКОИ УНИВЕРЗИТЕТИ ТРЕБА ДА СЕ ЗАТВОРАТ

 25 март 2020

Кога се донесе Законот за високо образование на 8 мај 2018 година (Сл. весник на РМ. бр.82/2018) од Министерството за образование и наука, напишав дека истиот не само што не е развоен, туку констатирав дека е полош од претходниот Закон. Уште малку и ќе поминат две години од донесувањето на Законот за високо образование, кој не профункционира во однос на автономијата на универзитетот, универзитетите немаат финансиска автономност. Деновиве слушаме дека се формира Агенција за квалитет за високото образование-Одбор за акредитација и Одбор за еваулација (со негови членови), а не е формиран и не функционира и националниот сосвет за високо образование и научно-истражувачката дејност во делот на финансирањето на високото образование, а тој зависи од Буџетот на Владата на Република Македонија.

Неформираниот национален совет за високо образование, предвиден во Законот за високо образование (за оние од  МОН кои не знаат) требаше да има задача да дава насоки за високото македонско образование и научно истражувачката дејност, научно истражување, управување со научната политика, воведување прописи од областа на научно-истражувачката дејност, приоритетни области и програми за научно истражување и технолошки развој и слично. Со неформирањето на овој национален совет (за оние компетентните во МОН кои не знаат) македонското високо образование нема легитимитет кој треба да го потврди за нејзино зачленување во Европсиот регистер за оценка на квалитетот во високото образование, што го основа Е4-European Quality Assurance.

НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ-НАЦИОНАЛНА ПРОГРАМА

Ако се сака нашите образовни установи да бидат во чекор со современите тенденции на науката и развојот на севкупната научно-истражувачка дејност и технолошки развој неминовна е потребата од формирање и профункционирање на националниот совет за високо образование како стручно и советодавно тело во македонската Влада. Треба да се донесе и националната програма за научно-истражувачка дејност која ќе биде од приоритетно значење што ќе има меѓународна димензија поврзана со стопанството, развојот на високото образование и размена на искуства со други високообразовни установи ширум светот во насока на исполнување на препораките од Болоњскиот процес.

Националната програма е основа за насочување и утврдување на обемот на средствата од Буџетот на Република Македонија за вршење на научно-истражувачка дејност. Во оваа насока треба да се размисли за можноста, наместо постојното Министерство за образование и наука во иднина да се формираат Министерство за образование (претшколско, основно и средно) и министерство за високо образование и наука, при што средствата кои ќе се издвојуваат за високото образование и наука од Буџетот на Република македонија да не одат во пакет со средствата издвоени за пониските степени за образование (треба да се види примерот на Словенија каде финансирањето е уредено со посебен закон).

ФРАСКАТИЕВА КЛАСИФИКАЦИЈА

Донесениот Закон за високо образование, член 2 став 1 точка 16 не е усогласен со Фраскатиевиот прирачник (а поминаа две години). "Меѓународната фраскатиева класификација" која е класификација (која го применуваат сите европски земји) на научно-истражувачките полиња во две нивоа (прво и второ ниво) на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), содржина во Фраскатиевиот прирачник од 2015 година. Од Министерството за образование и наука не е донесен тој прирачник.

Државниот просветен инспекторат при инспекциските надзори во избор во наставно-научни, соработнички звања се повикува на некоја друга, застарена Фраскатиева класификација спротивна на Законот за високо образование.

 КРИТЕРИУМИ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ

Според анализите на синдикатот (Независен академски синдикат), во високото образование неминовна е потребата на јавните високообразовни установи да се воспостават критериуми за финансирање на универзитетите, како и регулирање на платите. Поконкретно кажано, во високото образование има огромни разлики во платите меѓу универзитетите, но и меѓу единици внатре во самиот универзитет. Пример, на една единица на универзитетот "Св. Кирил и Методиј" Скопје, просечната плата на редовен професор е околу 120.000 денари, а на друга единица на истиот универзитет е околу 36.000 денари. Со други зборови кажано еден професор стигнал до 500 евра плата, а некои земаат и  2.000 евра плата.

Ваквата нееднаквост на платите се должи на тоа кој факултет успеал да обезбеди дополнителни средства, односно најмногу зависат од бројот на студенти. Што значи повеќе студенти повеќе пари. Малите плати се евидентни кај професорите на Природно-математичките и на уметничките факултети. Така што може да се каже дека на најстариот универзитет во нашава држава УКИМ-Скопје, платите на поголем број од факултетите се на долна граница.

Па така, асистентска плата е 24.000-25.000 денари, доценти 27.000-28.000 денари, вонреден професор 30.000-32.000 денари, редовен професор 35.000 денари. Но, има три-четири факултети на УКИМ-Скопје што имаат многу повеќе, така што има разлика на платите на наставно-научните професори и соработници. Може да се каже дека платите се уедначени на Универзитетот во Тетово и нивните единици, како и на Универзитетот "Гоце Делчев"-Штип. На Универзитетот "СВ. Климент Охридски"- Битола, каде што платите на наставно-научните и соработничките звања не се уедначени.

Така што може да се констатира дека има големи неуедначености во платите на наставно-научните звања и соработници. Па, еден доцент на Универзитетот во Тетово зема поголема плата од еден редовен професор на УКИМ-Скопје. Вакви примери има повеќе.

ПЛАТИТЕ НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ВО РЕГИОНОТ

Ако се земат во просек платите на универзитетите во регионот, на Косово просекот е околу 1.400 евра, во Албанија, Србија и Црна Гора се над 1.000 евра. Во Македонија платите на професорите се најниски.

НЕМИНОВНА ПОТРЕБА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА (МОН)

Министерството за образование и наука, посебно Секторот за високо образование, неминовно треба да изготви функционална анализа на вработени на јавните универзитети-нивните единици, научните институти врз основа на кои ќе се гради образовна политика, а не политика во образованието во високото образование, научните институти и научно-истражувачките дејности.

Состојбите покажуваат дека на шесте јавни македонски универзитети, во УКИМ-Скопје има 1.951 вработени, УКЛО-Битола 545 лица, ДУТ-Тетово 680 лица, УГД-Штип 514 лица, универзитет "Апостол Павле"-Охрид 36 лица, универзитет "Мајка Тереза" Скопје 129 лица.

Затоа е потребно: да се преиспита поголемиот број вработени во администрацијата и техничките служби, да се преиспита постоењето на универзитети и научни установи кои не ги задоволуваат законските услови. Па така, состојбите покажуваат дека на осум единици на Универзитетот "Свети Климент Охридски"-Битола (УКЛО) во моментот нема ниту еден асистент, а мал е бројот и на универзитетите "Гоце Делчев"-Штип, универзитетот "Мајка Тереза"-Скопје, универзитетот "Апостол Павле"-Охрид.

Државниот универзитет Тетово е единствениот што има повеќе асистенти од професори. Поконкретно  кажано: УКЛО-Битола има 15 асистенти на 140 професори, УКИМ-Скопје е со 633 редовни професори, а со 119 асистенти, ДУТ-Тетово е со 62 професори, а со 71 асистент, УГД-Штип е со 79 професори и 26 асистенти. На универзитетот "Апостол Павле"-Охрид на 6 професори има 10 асистенти, а универзитетот "Мајка Тереза"-Скопје е со 5 професори и 33 асистенти.

Од ова може да се констатира дека на најстариот универзитет во земјава УКИМ-Скопје и УКЛО-Битола, постои најголем дефицит од асистенти и за кратко време може да биде загрозен нивниот опстанок. Слична е состојбата и со научните институти.

НАМЕСТО ЗАКЛУЧОК

Новата Влада на Македонија под итно треба да го формира националниот совет за финансирање и развој на високото образование и да донесе национална програма за насочување и утврдување на обемот на средствата од Буџетот на Република Македонија за вршење на научно-истражувачката дејност. Да се формира Агенција за научно-истражувачка дејност, која ќе има обем и буџет како Фондот за иновации и технолошки развој. Стипендиите на студентите од прв, втор и трет циклус на студии на првите 100 универзитети на Шангајската листа да се одобрат исклучиво за професори, кои се дефицитарни во Македонија, а стипендиите да се пренасочат на нашите универзитети.

Платите на наставно-научни и соработнички звања треба да се воедначат и тоа на сите универзитети-факултети и тоа: редовни професори 100.000 денари, вонредни професори 80.000 денари, доценти 60.000 денари, асистенти 45.000 денари. Со таквиот мотив првично ќе се влијае и на квалитетот на високото образование и ќе нема одлив на мозоци од нашево македонско општество. Подобрување на условите за студирање. Студентите да бидат соработници и партнери во образовниот и научниот процес.

Треба да се направи анализа на хипертрофираната мрежа на формираните јавни универзитети во нашава држава, преиспитување или укинување на некои универзитети кои не ја почитуваат законската регулатива и критериуми. На крај да се воведе национална стратегија-образовна политика, а не политика во образованието по желба на партиите.

https://www.mkd.mk  

 

 

Марија Воденска

БУРНО ЗАТИШЈЕ ВО БОСТОН

 

 

21 март 2020

Бостон, градот на науката, на социјална политика, во градот кајшто се откриени најголемите пронајдоци во науката и техниката, во градот Бостон, царува бурно затишје. Бурно е затоа, што нагло се шири КОРОНА вирусот. Се затвараат институции од сите видови јавни приоѓалишта, базени за терапија, јавни ресторани, кујни, ограничен транспорт и движењето на луѓето ... Храна која се состој од супа и сендвичи со овошје  се носи по апартманите од  задолжениот пресонал.

Во Бостон, како и во цела Америка многу од жителите ниту знаат, а ниту имаат можност за домашно готвење. Тука, во Бостон, градот со над стотина престижни универзитети  во кои студираат над 2.600  студенти, од кои повеќето од странски земји, за нив Кампусот се затвара и се очекува да се изнајде начин како да стигнат до дома и, евентуално, да се вратат после 15 мај, а потоа ќе следат нови инструкции. Предавањата ќе можат да ги следат ОН ЛАЈН, но потешкотии ќе има со полагање на испитите. Сега е голем проблем за студентите кои се запишани на многу Универзитети во Бостон, во престижниот  Харвард, Техничкиот универзитет во Масачусец, зошто на секаде се затвараат и празнат кампусите по наредба на надлежните органи. Сето тоа чини проблем со транспортот на студентите во нивните домови.

Во Бостон владее Рецесија. Кризните штабови работаат непрекинато на проблемите со студентите и транспортот до нивните одредишта. Се шири пандемија и КОРОНА вирусот е излезен од контрола. Спрема констатациите на кризните штабови.

Еве, дојде и очекуваното време. Времето на КОРОНА вирусот. Се случи според претсказанието за кое Евангелистите пишуваат и опоменуваат за неправдите на Земјата, за богатење и негирање на создадените цивилизации, во кои предноста е во науката и можноста да се размислува поинаку од природата, која има свои закони.

Од друга страна се појави осиромашување на маса народи кои во себе ја чуваат невиноста и кои остануваат без работа, без домови, без радост и иднина. Земјата е загадена и врз секое загадено место и област се развиваат убијците на човечки животи. Луѓето станаа безбожни, без човечки чувства за своите соседи, за братот, сестрата...

Во светот царуваат избројани господари кои ја кројат и прекројуваат Земјата и го контролираат наталитетот на планетата Земја. Започна прекројување на картата според која ќе преживеат само неколку држави именувани како цивилизации од минатото. Дојде времето да се исполни претсказанието што го имав слушнато повеќе пати навечер од мојата баба Мариа која беше неписмена Илинденка, а толкувањето на приказните беа налик на волшебни приказни извадени од некој бунар затрупан со години, но дека ќе се појави на мегдан бистрината од која ќе бидат спасени само праведните по срце...

Тогаш немав прочитано ништо од Библијата, а дојде време кога ги наоѓав приказните од баба напишани, кои откриваат што се случувало во Стариот и Новиот век до сегашноста.

За Потопот што се случил и Ное со неговата АРКА, во кои биле сместени животни, кои требало да го продолжат животот, за пристигањето на Ное со семејството во АРКАТА, кои по долго патување пристигнале на планината Арафат, прво копно по Големиот Потоп, во тогашна ерменска планина, а денес се наоѓа во Турција, токму за тој голем световен Потоп, кога водата се мешаше со огнот и така се обнови Земјата, зборуваше баба Марија.Чудесно и описно ги прикажуваше приказните од Стариот Завет.

И во ноќите преплашена долго не заспивав и како во кошмар ми се вртеше во мислите зборот со страшно значење зборот ТЕЛОС. 

ТЕЛОС е стар народен Збор, кој има свое значење во идните непишани  и пишани книги, штој значи КРАЈ на светот.

Претсказанието на баба која, според мене, го има слушано од татко и', кој животот го завршил како Монах во АТОС, е зборот ТЕЛОС-КРАЈ на светот, во кое сме сведоци на живот во кафез-кој ќе заврши со масовна погибија и ненајавена иднина за преживеаните.

Бостон, 21 март 2020.

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

 

 

 

Ана Бунтеска

И ТЕБЕ ЕТЕ ТАКВА-НИКАКВА УБАВА ЌЕ ТИ БИДАМ 

Покрај тебе знам дека не ќе имам страв од старење
ниту пак смртта ќе ми биде на ум низ денот што оди
и не оти знам дал сме си пишани во sвездите онаму горе
или пак тука и сега патиштата ни се во обратна насока
ама знам дека одамна те имам намирисано
и не сум мудра за да ти кажам од каде и како те познавам
можеби те памтам од оној другиот живот
и баш ми е гајле што можеби на старост ќе те сретнам
кога сета ќе бидам избраздена во ликот и побелена
оти фалтите на срцево ќе ми ги испеглаш
и тебе ете таква-никаква убава ќе ти бидам
а душава од стариот ченгел ќе си ја симнам
ќе засвети како нова да е
како руво на кое уште етикета стои
и ќе ја натнам на себе како млада невеста белиот фустан
та ќе пее пилето
ќе пее како никогаш досега што не пеело
и младоста за час ќе ми се врати
и годините наназад ќе почнат да одат само за нас двајца
за на старост, младоста заедно да ја врвиме
ти и јас молкум ќе чекориме...некаде...сеедно
рака в рака силно стиснати како ветрот да може да не' одвее
ете толку знам со оваа моја луда глава
дека покрај тебе и јас не ќе се плашам своја да сум
и нема ич да се секирам што пишувалото ќе ми секне
оти тогаш ќе те живеам, а не како сега да те пишувам
и нема да сум осамена во молкот на моиве погребани зборови
оти не ќе ми требаат освен да ти кажам дека среќна сум
па нема повеќе фермани среде ноќ да токмам
и душава на листови хартија да ја ставам
таква гола и боса како трпеза од која може секој да се послужи
покрај тебе некако се' ќе има смисол
па дури и безначајните нешта ќе бидат како долго очекуван дар
живеачката ќе е посвежа, а смртта бајата ќе стане
оти па и чуму ти е животот ако не го сретнеш оној
кој можеби и не ти е пишан во sвездите
и чиј пат е можеби сосем различен од твојот
ама душата ти го знае и срцето ти го препознава
и ете, тие го бараат до тебе да ти биде
тука
блиску
покрај тебе
за и ти покрај себе да останеш.
************
Поетесата Ана Бунтеска,
за женски магазин.

 

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

број 276, 25 март 2020