ТУЃО НЕ САКАМЕ, СВОЕ НЕ ДАВАМЕ!

Сотир

 Сотир Гроздановски-Македонски

ВРЕМЕТО ЗА АКЦИЈА Е ДЕНЕС, ДРАГИ МОИ НАРОДЕ! УТРЕ ЌЕ БИДЕ ДОЦНА!

 

15 март 2020

Драги мои, последната шанса за  задавање силен удар врз ненародните политики на СДСМ и Зоран Заев но и врз ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, се изборите на 12 април оваа 2020 година, или евентуално подоцна. Предвремени парламентарни избори, кога ќе имаме прилика да избереме  луѓе кои ќе знаат да ја водат македонската држава во права насока и го чуваат дигнитетот и идентитетот наш, македонски. Тоа е нашето најефикасно оружје со кое  можиме да си ја вратиме Републиката и од неа направиме пристојно место за живеење.

Дванаести Април 2020 година  не е далеку, а ние се' уште се јадиме еден со друг, неодлучни на кого ќе му го дадеме гласот и правото да не води во идните четири години. Зоран Заев и Христијан Мицкоски не се тие кои би биле кадри тоа да го прават  за нас. Оние кои беа причина за денешната катастрофална состојба во Македонија, не можат да бидат никакво решение  и гаранција за нашата иднина! Тогаш што ни останува? Па секои трети ќе бидат поарни, зошто нема што да изгубиме. Барем совеста ќе ни биде чиста што направивме  нешто паметно  да си ја вратиме Македонија и нашата слобода. Секое друго решение им оди на рака на злото, кое не следи неколку децении.

Сите таканаречени лидери на чело на двете "македонски" политички партии веќе триесет години се играат мајтап со нас.  Изигруваат семоќни робовладелци, па прават се' што сакаат со државата во чие создавање немаат вложено ниту капка крв. 

Нашата неодлучност Зоран Заев и Христијан Мицкоски со своите следбеници  од СДСМ и ДПМНЕ ја користат за уште посилно да удрат врз секој народен отпор и непослушност. Нивниот слоган е: - Сега му е мајката, заеднички да ја довршиме работата!

Од Република Македонија остана уште малку непродадено или веќе се' е продадено, само ја чекаат полната наплата на сметката за испорачаната роба. 

Ништо во животот, а посебно во политиката не е случајно. Се' си има своја причина и цел.  Ако во тоа се' уште не сме се увериле и понатака ќе бидеме слуги на изроди, нечесни и неспособни квази политичари и велепредавници на кои интересите на народот не им се приоритет. 

Како и секој народ, така и ние си имаме свои маани: Брзо ги забораваме предавствата, изродите и злосторствата на соседите од далечното и не така далечно минато! Заборавивме дека нема стални пријателства или непријателства, туку само интереси, што би рекол Винстон Черчил! Доказ за тоа е Брегзитот на Велика Британија од Европската Унија, сметајќи ја  за нефункционална заедница на куп национални држави и народи со спротивставени интереси љубоморно чувајќи си ги своите специфични и богати култури, традици и  обичаи,  и пред се' националните истории со корени  длабоко вгнездени во вековите зад нас. Затоа ние вака обезличени и обезчестени немаме што да очекуваме од нив.

Потоа, исто така, лесно ги забораваме злосторствата на изродите, кодошите и велепредавниците кои обичниот човек така сликовито ги испеал и ги пее до ден денешен? Зарем убиствата на нашите најспособни и најчесни водачи и просветителски великани не не обврзуваат на почит спрема оставнината која ни ја доверија да ја чуваме и надградуваме за идните генерации,  поарно да живеат?  Зарем нивната  крв и нивните животи се безвредни за нас, та така лесно им дозволуваме на грст криминалци и злосторници да им ги сквернават коските и бришат спомените на нивните дела?

Денес, драги мои народе, за разлика од минатото имаме се' што ние потребно за развој на сите национални потенцијали. Ги имаме сите можности да ја издигнеме Македонија и самите себе на ниво многу повисоко од она кое ни го оставија нашите предци. Да бидеме почитувани од соседите и светот подалеку од нас. Познати и почитувани не по нашата агресивност и алчност по туѓи вредности, туку по нашата култура и трпеливост, потоа по богатите традиции и народни обичаи и што е исто така важно, по небото и сонцето кое ни дава нам и на земјата македонска неограничени можности за развој и благосостојба. 

Но, сепак, ништо не е бесплатно. Секој ручек некој мора да го плати. Или ние или тие. Тие кои не доведоа до дереџево во кое живееме, или ние надвор и дома на кои ни е украдено и продадено правото на живот со име кое сме го наследиле и  национални вредности кои ни ги оставиле нашите храбри и одлучни предци. Одлуката е наша!

За секогаш,Ваш Сотир!  

Милош Милошевски

Милош Милошевски

СЕ' ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА ЗЛОТО ДА ПОБЕДИ, Е ДОБРИТЕ ЛУЃЕ ДА НЕ СТОРАТ НИШТО!

 

 ДУРИ И АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ЈА МЕНУВАЛ СТРАТЕГИЈАТА ВО СЕКОЈА БИТКА-БОЈКОТОТ НЕ Е РЕШЕНИЕ

Инает, интересен македонски збор често употребуван во секојдневниот говор. Кога бев мал мајка ми често ми велеше тој инат скапо ќе те чини, инаетлив си не е убаво. Тогаш не бев свесен дека тој збор инает толку многу ќе ми значи во животот, збор кој е од суштествено значење за мене, збор кој е олицетворение на Македонецот, збор кој е олицетворение на македонизмот и се што е македонско.

Ќе се запрашате зошто?

Па што е поразличен тој инает од македонскиот непокор, од пирејот, тревка која не умира. Овие зборови се синоними, за Македонија земја поробена. Било и ќе биде така, Македонецот да има таква судбина да се бори целиот свој живот од прв до последен миг со сите околу себе, но и со самиот себе.

Да инаетот може да биде корисен, но и од многу арно не е на арно, па така и со македонскиот инает. Нашиот инает допринел денес после илјадници години ропство да постоиме како народ, за жал повторно без своја држава. Но тој инает многупати и скапо не чинел, како на пример во 1903 кога и реално не било време да се крене востание, но нашата македонска крв вриела, тогаш не проработил разумот, а со даскалот заминал и последниот грам разум на ова парче земја. Пушките пукнале, но и за кратко испукале, а на нас ни останало да славиме пораз, наместо победа. Да ги величиме сите оние прерано гаснати животи, луѓе кои можеле многу лесно да станат основоположници на модерната македонска нација и држава.

Доста беше историја, да се вратиме на сегашноста, до сегашните војводи кои бараат востание кога не е време, бојкотирачите. До Мирка Велиновска со чии колумни пораснав, до Миленко Неделковски од чии емисии учев за Александар и Филип, до Александар Пандов од кого научив дека некогаш насмевката во лицето на противникот кажува многу повеќе од зборот (однапред се извинувам ако некој заборавив).

Ова мое обраќање е до сите оние кои мислат дека со седење дома ќе се врати времето кога сонцето од Кутлеш пак ќе го вееме на терените. До сите оние кои мислат дека со седење дома, или со револуција на улиците ќе ја вратиме Македонија. До сите оние кои по цел ден пцујат по државата и политичарите, без да понудат конкретно излезно решение за сегашната состојба. Го бојкотирав референдумот, сите ги советував да го направат истото, активно работев тој ден да не биде успешен.

Со бојкотот оставивме простор нашите деца и внуци да живеат некогаш во Република Македонија и да се нарекуваат Македонци, а не сите ние кои дозволивме државата да стигне до оваа ситуација да изгинеме до последен и да ја пеплосаме оваа македонска земја да ако ние не можеме на нејзе да живееме, никој да не живее.

Со бојкотот оставивме простор за враќање на македонизмот на мала врата. Сега е време за акција, ако некој мисли дека со седење дома може да ја добие војната, ако на тој начин ја добивме битката, гадно се лаже.

Ниту најголемиот војсководец во историјата Александар Македонски не ја користел истата тактика за секоја битка. Неговата иновативност направила неговата тактика и до ден денес да се проучува на сите воени академии во светот. За крај од мене нема да прочитате политички слоган, туку стих од песна, песна која ја пеел мојот прадедо: - Абре Македонче, леле каде се спремаш, борба те чека, борба за слобода.

Борба за слобода, за Македонија! За Македонија, земја поробена! Војната штотуку започна, нема предавање. Се' што е потребно за злото да победи, е добрите луѓе да не сторат ништо!

https://infomax.mk

Ристо Никовски

Ристо Никовски

НЕ МОЖЕ 200 ГОДИНИ ДА ИМА "МАКЕДОНСКО ПРАШАЊЕ" БЕЗ МАКЕДОНЦИ

(МАТ ЗА БУГАРИТЕ И ГРЦИТЕ)

 

Неспорно е за било кого дека "Македонското прашање" е веќе скоро 200 години актуелно за меѓународната сцена. Тоа одлично го знаат и тие што макар маргинално ја следат политиката. И сега, со крунскиот аргумент дека без Македонци не е воопшто замисливо ни возможно околу 200 години да има "Македонско прашање, можеме одговорно да констатираме дека Бугарите и Грците се дефинитивно матирани! Тоа мора да ги разоружа и да ги стави и Атина и Софија пред свршен чин, во која било ситуација кога се обидуваат да го негираат постоењето на Македонците.

Не може, господа Бугари и Грци, да нема Македонци, а за нив да се разговара 200 години! Да бидат актуелни толку време и на маса и кај големите сили и најважните светски настани, на меѓународни конгреси и на мировни и други конференции, на состаноци меѓу водечките светски политичари и во нивните изјави и во медиумите и во Лигата на народите...а да не постојат! Ако толку често и на такви нивоа се зборувало за Македонците, тие никако не можеле да бидат виртуелни. Такво нешто, теоретски, е невозможно. Морало да ги има. Коминтерната на Тито, е многу подоцна. А тие, не можеле да "измислат" нешто што макар еден век пред нив, веќе било меѓународно познато и третирано. Освен ако тие не не' "измислиле" - ретроактивно!? Затоа, бугарските и грчки тврдења се тешка и срамна измама и манипулација.

Познато е дека Софија и Атина се оглушуваат на се' што потврдува дема Македонците се вековни на овие простори. Арно ама, (пре)долгото постоење на "Македонското прашање" е апсолутен и недискутабилен доказ кој целосно ги поништува и фрла во вода сите нивни измислени "тези" и "хипотези". Така, ако Бугарија и Грција навистина се сметаат за сериозни држави и макар минимално го почитуваат личното, политичкото и државното достоинство, ќе мора под итно да ја сменат својата неразумна и веќе прегазена политика кон Македонија.

Софија, веројатно, кувет сега добива и од грчката утопија дека ќе не' прекрстат и избришат како народ. Можеби се залажуваат дека ако Грците успеат, тогаш единствен избор би ни бил да се "освестиме" дека сме "бугарчиња" и така, триумфално за нив, да заврши оваа бедна епопеја сега веќе - на 21 век. Надежта, дури и кога е лажна и без основа, како во случајов, секогаш последна умира. Односно на Бугарија и Грција кон Македонија, е најнова потврда за тоа.

Не треба да има никакви сомнежи дека и Бугарија и Грција се целосно свесни дека играат на погрешна карта и дека, во основата, се работи за нивни тешки историски синдроми. Јасно им е исто така дека не можат ништо да добијат бидејќи аспирациите им се крајно нереални, без основа и затоа-невозможни. За жал, инерцијата е појака од се' и Софија упорно се држи на истата линија врз која веќе доживееја страотни порази во двете светски војни. Беа на погрешната страна само за да ги присвојат Македонија и Македонците. Лошата политика им донесе и сеуште им носи огромни штети ама без наравоучение. Жалосно, во секој случај. Очигледно е дека се работи за вековна болка/амбиција/емоција... за која нема лек. Истото важи и за Атина.

Софија и Атина одлично ги знаат сите историски факти околу Македонија и Македонците, иако упорно трубат дека не нема(ло), дека некој не измислил. На пример, познато им е и дека Вилијам Гледстон (1809-1898), најистакнатиот британски политичар на 19 век, кој преку 15 години бил премиер, а додатни 20 и кусур и министер, бил загрижен за судбината на - Македонците. Да не заборавиме дека е тоа период кога Велика Британија била главна светска сила, чии избор, став, политика... имале тежина. Во писмо од 2 јануари 1897 година, упатено до Ф.В.Хирст, тој напишал- "---Зошто не Македонија на Македонците, Бугарија на Бугарите и Србија на Србите"? Прво ги спомнал Македонците, што исто така нешто значи! Како знаел дека таков народ постои, очигледно без да се консултира со Атина и Софија-треба да се истражи. Дали Гледстоун бил нешто како Ванга и чувствувал дека многу години по него ќе не' "измислат" Коминтерната и Тито и тој само антипициран? Одговор можат да дадат само бугарските и грчките политичари и историчари. 

Вилиам Гледстон

На лагите и манипулациите секогаш им се кратки нозете. Бугарската доминантна, фундаментална, историска, вековна...а се' заедно неумна политика (исто така и грчката, на свој начин) е голем и невиден анахронизам. Поголем-здравје. Сакаат да се уверат прво себе, а потоа другите, вклучувајќи не и нас, дека еве ајде, ами добре...сега сте Македонци,  ама до Втората светска војна бевте "бугари"! Корените ни се заеднички! Каква генијалност! И, што се случи? Одеднаш, по војната, народот ги променил своите национални чувства, својот јазик...! Од "Бугари" станавме Македонци! Така решил Тито! Со волшебно стапче! Да се чудиш и да не веруваш! А нашите дедовци? Што беа тиее, кога ни велеа дека се Македонци и ништо друго? А, нели, пред тоа, скоро 40 години не' посрбуваа и тврдеа сме "Срби"! И, што постигнаа? Ништо! Да се игнорира еден народ не е само недолично, туку и срамно. Барем за 21 век. Во 19 век тоа можеби бил и начин на водење на висока политика со цел да се грабне се' што се може.

Да заклучиме. Не би требало веќе никој во светот, да не зборуваме во земјава, да има најмала дилема дека ОФИЦИЈАЛНА И ТРАЈНА бугарска политика е дека нема Македонци, нема македонски јазик, историја, култура, традиција... За нив, сето тоа е бугарско! Ако е така, а така е, тогаш мора да ни биде кристално јасно дека Бугарија е организирана држава во која нема импровизации и некакви лични мислења, ставови, позиции, туку, барем кога се во прашање Македонците-се' е уникатно и целосно координирано. Така е макар век и пол. На сите нивоа. Од врвот на државата, та се' до пионерите, сите ја спроведуваат спомнатата, длабоко погрешна, антиисториска и антицивилизациска политика кон Македонија.

Горните факти за бугарската политика кон Македонија, кои се неспорни, се доволна опомена за нас да го максимилизираме степенот на внимателност во се' што е поврзано со овој сосед. Тоа значи дека во секој нивни потег, чин, настан, иницијатива, настап... ние мора да ја гледаме оваа нивна политичка доктрина кон Македонија. Мора да ни биде јасно дека тие постојано, со сите сили, и во секојја прилика, настојуваат истата да ја потврдат и реализираат.

За Грците, пак, е спорен брендот "Македонија" со дериватите "македонски/а/о". Во основата, тие не негираат дека сме издвоена нација само под услов да не сме - Македонци! Ако бевме Славјани, Брсјаци...Ујгури...Маи... за нив немаше да има никакви проблеми, дури и ако името на државата беше истото како и сега. Тоа значи дека, макар резултатот е ист! И едните и другите не' игнорираат, блокираат, условуваат, уценуваат...за да постигнат некакви свои политички цели. И, Најважното: тие уште долго, да не кажеме никогаш, нема да прифатат дека сме - Македонци! А ние, друго не можеме да бидеме!

Софија и Атина го драматизираат проблемот бидејќи токму сега им се укажува последна шанса да капитализираат на своето средновековие. Факт е дека нивните историски синдроми може да се валозириаат само пред нашето влегување во НАТО и ЕУ. Чим стапнеме во нив, макар со референцата, или се откажеме од таквите амбиции-приказната е завршена. Бугарија и Грција ќе останат со празни раце. Никој нема да може да го условува нашиот македонизам. Баш затоа, сега и Софија максимално почна да ги покажува своите "црвосани заби"! Досега, тактизираа пуштајќи ја Грција да ги "брани" и нивните интереси. Сега, ги отворија картите и немаат никакви скрупули во обидите да го докажат невозможното и да го постигнат недостижното... Комплиментарноста на политиките и интересите меѓу Атина и Софија, кон Македонија, е стопостотна-да нема Македонци! Каков компромис е тука можен, ценете сами.

Во целиот галиматијас, наши клучни хендикепи се-а) што ние сме пред вратите и сакаме да влеземе во евроинтеграциите, а тие се внатре и максимално ги користат своите предности, при што уживаат и широка подршка, и б) и во Атина и во Софија постои максимален државен концензус во однос на нелигитимните аспирации кон Македонија. Кај нас, за разлика и за најстратегиските прашања постои целосна какафонија: еден став има власта, друг опозицијата, трет албанските партии...и секој ја тера сопствената политика дури и на надворешен план. Покрај тоа, постои и цела низа на "слободни експерти" и "новинарчиња", од кои најголемиот дел се најверојатно добро платени од надвор, за да работат против фундаменталните иннтереси на сопствениот народ.

Кој зна е по кој пат ние сме на потег! Мораме да тргнеме во офанзива и постојано и насекаде да ги "бомбардираме" Бугарите и Грците со крунскиот факт дека 200 годишна историја на "Македонското прашање" објаснува се' за вековното постоење на Македонците. Отворено и одлучно мора да им се става јасно на знаење дека нивните политики на негирање стануваат безпредметни и смешни. Преку овој аргумент треба да се инсистира и на разбирање и на подршка и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз...во Москва, во Пекинг...Не треба да се заборави ниту Нимиц.

Во меѓународните односи, неретко се случува државите да се обидуваат максимално да ќарат во дадени ситуации, не водејќи многу сметка за легалноста, моралот, принципите...Така некако се однесуваат и Бугарија и Грција кон Македонија. Обично, тоа непишано правило ние го игнорираме дури и кога легитимитетот не е спорен! Ги пропуштаме шансите кои ни се пружаат, што е непростиво. Настојуваме да бидеме поголеми католици од папата, исто како што бевме најголеми Југословени во федерацијата. Така, за разлика од сегашното бугарско однесување кон нас, ние бевме сосема непотребно, и стратегиски длабоко погрешно-крајно дарежливи кон нив, во 1999 година. Тогаш, под директен диктат на САД (Строут Талбот, заменик државен секретар), ја потпишавме исклучително штетната Декларација за пријателство и соработка, со што покажавме дека нема отворени прашања меѓу двете земји. Со тоа, на Бугарија и' го отворивме патот и за НАТО и за ЕУ. Во спротивно Брисел ќе инсистираше таа да ги расчисти спорните работи со соседите, кои се за нас од суштинско значње. Без декларацијата, на Бугарија ќе и' беше потребно зеленосветло и од Македонија, за влез и во двете организации, при што ќе мораше да демонстрира и нагласена флексибилност. Меѓутоа, со директно и добро испланирано американско вмешување, не случајно, на директна штета за Македонија, Софија доби се'-на тацна. Не барајќи какви било отстапки, наивно и недоветно, ние им потврдивме дека меѓу двете земји нема ништо спорно. Поголема наша неодговорност, тешко може да се замисли.

Сега се нивните пет минути и тие не се како нас: знаат како да ги искористат. Така е во политиката. Тоа што нас не не' бива и што немаме чувство за моментот (во спортот се вели-сега му е мајката!), е чисто наш проблем. Се работи за недостатокот на државништво и лидерство. Причината е што и по, скоро, четврт век на целосна независност, се' уште немаме базична национална и државна стратегија во која би биле дефинирани основните постулати кои никој не би смеел да ги доведува во прашање. Тоа не е лесно да се постигне, ама е можно и многу потребно.

https://www.mkd.m

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ПРОЗА

 

Марија Воденска

НА ГОСТИ КАЈ АСПАСИЈА И ЃОРЃИ

Есента во Торонто е со чудесна волшебност. Магични преливни бои провејуваат од листопадните дрвја. Во дворот на Ѓорѓи и Аспасија-Сика, ме понесе ќилибарот од младото јаворово дрво, чии листови занишани од тивкото ветре капеа и се пластеа налик на златест ќилим послан врз подникнатата зелена детелина. Занесена во волшебната глетка од бои, за момент се присетив дека домаќинката трпеливо чека да влеземе дома и да го продолжиме разговорот.

Ѓорѓи и Сика се деца избегани од Леринско, Егејска Македонија. По Граѓанската војна во Грција (1946-1949 година) со плејада деца  од тој дел на Македонија беа евакуирани во Источниот блок на Европа. Ѓорѓи и Сика беа во детските домови во Чехословачка. Во 1957 година заминаа за Канада кај чичо му на Ѓорѓи, кој беше печалбар во Торонто и тука остана цел живот.

Марија Воденска

За нив Македонија беше и остана недостижна. Аспасија мечтае и тагува по својот брат Лазар, со кој заеднички го поминаа детството низ домовите. Лазар се врати од Чехословачка во Македонија и работеше  во Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, во одделот за студентски прашања. Аспасија, иако високо образована, остана домаќинка. За да обезбеди финансиска поткрепа за одржување на домаќинството, таа се занимава со нега и чување на дечиња од соседството. Ѓорѓи, со пристигнуањето во Торонто се вработи и се' уште работи во градежна фирма. Ја имаат единствената ќерка Донка, која се омажи за Мароканец во Торонто.

Во нивниот скромен и топол дом се забележува брачната хармонија, но исто така тагата и болката по своите во Македонија. Аспасија на неколку наврати ќе рече: Како да му кажам на брат ми Лазо дека нашата ќерка Донка, која е крстена на мајка ми, се омажи за не наш човек. Таа е со него, тој не е со нас. Никогаш не дошол да види од кои родители Донка е родена и израстена. Како да му кажам на брат ми, дека нашата единствена ќерка си замина од нашиот дом заради богатството на тој човек и ќе биде со него додека е млада и убава, а потоа тие, како и неговите родители, се преженуваат и премажуваат по неколку пати.

Ние овде, во Торонто немаме ниту роднини, ниту други деца, каде ќе се врати нашата ќерка, штом ќе ни поодминат годините? А таа, нашата Донка има само осумнаесет години.

Аспасија ги крие и потајно ги брише солзите, кои незапирливо извираат од душата исполнета со  тага и продолжува да раскажува растресена со прекинат глас:-Да се вратевме во Македонија, белким ова злојадија немаше да се случи. Во Грција не можевме да се вратиме, бидејќи со враќањето во родното место, од нас се бараше да се запишеме дека сме Грци по род, а ние сме Македонци. Одбравме да дојдеме во Канада. Овде добро се живее, но нашите деца нема да бидат она што сме ние, тоа не' мачи и боли...А Ѓорѓи воздивнува па и вели колку за утеха: "Сика, нашата Донка не е венчана за него, ќе ни се врати и пак ќе биде со нас, ќе си најди наш човек за фамилија.

Кај нив бев гостинка неколку дена. Преку денот излегувавме со Сика и се шетавме низ околните места. Најмногу се вгледував во куќите кои беа од убави по убави. Со дворови уредени и отворени кон улицата. Широки улици и чисти тротоари, меѓу нив цветни алеи кои му пркосат на студениковиот октомври.

Навечер штом ќе се вратеше Ѓорѓи од работа, разговорите се оддолжуваа до доцна во ноќта. Една вечер, Ѓорѓи расположен за прикажување ги разнижа спомените од детството, та надолго и нашироко зборуваше за долгата темна ноќ без месечина, за изгубениот пат покрај Преспанското Езеро и напуштањето на родните села со неколку стотини деца од Леринско. Си спомнуваше за бомбардирањето во таа страшна ноќ и за преминот преку граница до Браилово.

Ѓорѓи зборуваше тивко и бавно на чист македонски јазик, со леринска нагласка во говорот. Зборуваше на својот мајчин јазик што го понесол од дома, од детството. Тој не стигнал да оди во грчкото училиште што беше задолжително според диктатурата на кралицата Фредерика и кралот Павле, бидејќи од селото избегале кога имал седум години.

Времепловот се растегна до споменот од мајка му, па продолжи: - Мајка ми правеше највкусни пити. Пита со сирење, пита со зелје, со лобода, со кромид, со праз, пита со јаболки и малку шеќер, посна пита со малку масленце и сучеше кори за зимата. Кога сучеше таа, јас и' помагав да и' подадам посип или сукалото да ја простри кората врз распосланото исткаено бело платно за да се потсуши. Најпрво ќе го замесеше тестото, потоа ќе го наредеше во топчиња со посип како за ѓезлеме и ќе ги наредеше во тепсијата, премачкани горе со масленце. Ќе ги покриеше со мисали (прекривка за леб) и редум ги замесуваше тестињата. Ќе го притисне топчето со сукалото и ќе сучи се' дури кората не се рашири низ целата синија (софра). Корите на мајка ми што ги сучеше беа танки и проsирни, па затоа беа многу вкусни, кога питата ќе беше испечена во подницата под вршникот. Кога го поткреваше вршникот со машата, мирисот од питата се ширеше дури до средсело. Леринско брашно за пита никаде нема, а корите на мајка ми никогаш не се правеа на друго место...

Откако ние со брат ми и двете сестри заминавме со децата во домовите, повеќе не ја видов мајка ми.Таа остана во селото и набргу си почина. Закопана е на селските гробишта, но Грците ги уништија. Татко ми не го паметам. Тој загина на Албанскиот фронт во март 1941 година, кога јас сум имал една година. Сестрите се омажени за нашинци, но останаа да живеат во Полска. Брат ми од Полска се врати во Македонија со своето семејство. Преклани ни дојде на гости, тука во Торонто и тоа време во месец мај ми е најубавиот дел од целиот живот. Живеам со споменот од средбата со брат ми.

Ѓорѓи прикажува, прикажува без престан. Река од спомени од некогашното и сегашното време. Живот исполнет со трауми од детството, со разделби, со неспокои и неизвесност.

Телефон заsвони. Кој би можел олку доцна да се јавува? Сика ја крена слушалката и вели:-Марија, тебе те требаат, се јавува Милјановски, за утре сака да те земи кај нив, тие ќе дојдат по тебе, што да му кажам?

Наместо јас, Ѓорѓи одговори:-Сика, речи му на Милјано, Марија ќе остане уште некој ден кај нас. Се сврте и тивко рече:-Утре е Недела и јас ќе сучам кори за пита...Во таков момент бев немоќна да го одбијам предлогот.

Торонто, октомври 1995 година.

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

 

ИРЕНА ВОДЕНСКА

Од збирката "Лебедица"

 

 

РЈАБИНУШКА

Огнот ме довлечка
меѓу зеленото некапнато лисје
на рјабинушките,
накитени со боите на денот.
Снегулките страмежливо
ги пластат бакнежите
врз румените усни
на бисерните гроздачиња.
Погледот истекува
врз посланието на Горки,
Толстој патува
со последниот воз до Харков,
Пушкин останува
со танцот во грлото.
Танчерката ја пее
полноќната молитва
"Ај Рјабина, Рјабинушка..."
************
Ирена,
Москва, септември 1990 година

 

ВИДЕОТЕКА-ВИДЕОТЕКА

**************************

Kind regards: Сотир Гроздановски-Македонски

Број 274, 15 март 2020