Сотир

 

Сотир Гроздановски-Македонски

СЛОБОДА ИЛИ СМРТ - 12 АПРИЛ ПОСЛЕДНА ШАНСА

 

10 март 2020

Опстанокот на Република Македонија и судбината на Македонците е  приказна сама за себе. Постојано се врти заедно со анализите и констатациите на поедини аналитичари и истакнати новинари. Но и небулозите на неколку наши, поранешни, високи политички и државни личности. Сите тие зборуваат со половина уста за вистинската состојба во нашата татковина, со цел да ги смират разиграните духови во предизборието за нови пратеници во Собранието. Го прават тоа,  зошто никој не знае што ќе биде утре, после изборите на 12 април оваа 2020 година. Можеби Зоран Заев или некој сличен нему ќе ги испрати негде каде не би сакале да бидат. А за вистинската состојба која ни се заканаува со вистинско истребување и погребување на Македонија таква каква сме ја знаеле од секогаш, оставаат за некое друго време, кога ќе се родат мажи достоини да се нарекуваат Македонци. И така од ново Јово на Ново, без големи галами и халабуки. Со времињата кои доаѓаат, се' ќе се заборави.  Ќе се навикнеме на се' што ни се сервира, како магариња на ќотек!

Но така не мора да биде. Се'  зависи  од нас и од нашата одлучност да се издигнеме изнад самите себеси и извикнеме: доста е со вашите понижувања, зошто и "ние имаме право да живееме како што другите живеат"! И не само тоа, бидејќи имаме работа со не цивилирани луѓе, за кои меѓународните, а уште помалку домашните закони не вредат ни пет пари, треба да им  возвратиме како што треба.  Ево што ни порачуваат Албанците инфилтрирани во "македонските" безбедносни сили: 

"Македонците се кираџии во Северна. Пазете, ќе ве газиме како Турција-Курдите"!

Така тие тоа, кога му дозволивме непријателот да ни ја чува државата, вклучувајќи ги криминалните елементи во владата на Зоран Заев, заедно со него.

Денко Малески, Васил Тупурковски, Петар Гошев, Стојан Андов, Киро Глигоров, Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски-Бугаринот, Никола Груевски, Христијан Мицкоски...сите тие се повампирија и одново си ги заседнаа своите излитени фотелји и трубат на глас дека не се виновни за ова дереџе во кое сме дојдени денес. Виновен бил Киро Глигоров, бидејќи споро реагирал во клучни околности по судбината на Република Македонија. Други пак велат дека бил добар и затоа настрадал. Ја спасил Македонија од канџите на ЈНА и Србо комунизмот,  инаку честа изрека на Љупчо Георгиевски. Да, Љупчо - "Бугаринот" кога доаѓаше во посета на иселениците да собере малку пари за работата на неговата новоформирана ДПМНЕ.

За многу, првиот македонски претседател Киро Глигоров бил добар, чесен и не бил корумпиран. Не ја прифатил торбата со над 5 милиони долари врачена од Љубомир Фрчкоски, како поткуп да им го препише на, Грците, името на тек осамостоената Република Македонија заедно со целата древна македонска национална историја, и идентитетот на Македонците и т.н. Ама ретко кој се' уште памети дека баш од мудроста на Киро Глигоров  денес страдаме. Дека ние сме биле Словени-натрапници кој дошле од негде преку Дунав со цевчиња за дишење и сме им ја преплавиле земјата на Хелените (Грците). Па затоа било грев да го бараме тоа што не е наше. Сме биле  најмлад народ на Балканот, признат од Тито како македонска нација,  после Втората светска војна, без право на античкото македонско наследство, но и на името Македонци. И така таа негова идеја дека сме вештачки народ  без длабока и древна историја им ги засили апетитите на нашите соседи, од која не успеавме да се ослободиме и слободно да заживееме во својата сопствена држава. Со други зборови СДСМ, како Тројански коњ, на чело со Зоран Заев и неговите истомисленици, повеќето од средината на албанското малцинство, ја разнебитија Република Македонија и ги обезличија Македонците.

На многу Македонци од татковината информациите од странските гласила им се недостапни, па затоа се' уште веруваат во добрите намери на нашите соседи, што не опкружуваат. Ево што вели еден српски "пријател" уплашен од мигрантите кои ја загрозуваат не само Србија, туке цела Европа:

"Погледајте само во сликана, се' само неранимајковци војно способни. Нема деца, жени, старци. Зошто војската и полицијата не ја брани државата и народот. Ако Унгарија ги затвора своите граници со Србија, зошто полицијата им дозволува на мигрантите да одат на Север, во Србија. Таму нема излез за понатаму кон Европа. Тие немаат причина да одат таму...вратите ги сите назад во онаа циганлија што самата себе се именува како Македонија. Таму ја поминаа границата на пат за Србија. Поставете мртва стража и прво предупредете ги тие војноспособни Арапи кои сакаат да влезат во Србија дека не се добредојдени во спротивно, војската ќе употреби оружје"!

Ни кажува ли ова  до каде Зоран Заев не дотера? Зарем се' уште седиме со скрстени раце чекајќи заедно со Албанците да не докусури создавајќи од нас КУРДИ БЕЗДОМНИЦИ?

Малку се оддалечив од насловот, но верувам ќе ми опростите и ако прочка помина.

Деновиве, прелистувајќи ги страниците на Нова Македонија, за око ми запнаа две колумни. Едната од, иначе, мојот поранешен омилен и почитуван новинар Панде Колемишевски, а другиот од поранешниот дипломат Ристо Никовски. Првиот за Тупурковски, Малески и Глигоров, а  вториот текст за САД, Косово и Македонија. Јас нема да ги пренесувам нивните содржини во целост, зошто просторот не ми дозволува, но и затоа што многу работи веќе ви се познати, а и опширно пишувавме во минатиот број на Македонки Збор.

Васил Тупурковски, професор, доктор по меѓународно право, сега пензионер, за "Само вистина" на Канал 5 во неколку продолженија даде интервју за настаните през изминатите години кои доведоа до губење на Република Македонија,  заедно со националниот идентитет на Македонците. Недолго после тоа следеше текст од Денко Малески под наслов: 'Волшебните моменти да се реши името во 1992 година'! Денко Малески, како  што и пишувавме  во нашиот последен број на МЗ, во тоа време беше министер за надворешни работи, сега колумнист, коментатор и аналитичар крајно проамерикански настроен. 

"Како и кај секој човек, така и кај Васил Тупурковски, има нешто што го 'јаде' од минатото, од животот, од кариерата, дилемите што направил, што можел, а не направил или го направил она што мислел дека никако не смеел да го направи, вели Панде Колемишевски и продолжува: Но и Денко Малески, најверојатно, боледува од истите болки, зашто и неговата кариера заврши неславно, потопена во морето подоцнежни бурни настани низ кои се заборавија или се избришаа заслугите што му припаѓаа за првата македонска самостојна дипломатска офанзива, предводена од Киро Глигоров, но во Денкова практична реализација"!

Во интервјуто на Тупурковски, поред другите работи во врска со распадот на Југославија и неговата улога во тие времиња, ги истакна своите две познати тези за настаните околу името  и уставот на Република Македонија. Едната теза  дека Република Македонија била преспора во постапките за меѓународно признавање,  а другата дека не реагирала во вистински момент за да ги искористи поволните шанси за промена на името со додавка, без посериозни последици, какви што се денес, префрлувајќи ја вината, притоа,  врз претседателот Киро Глигоров кој бил колеблив, нерешителен и не ги земал предвид поволните околности.

Денко Малески ги побива фактите на Тупурковски, тврдејќи дека вистината е подруга. Тупурковски, се разбира му одговара дека тој никогаш не бил лажго и авантурист.

И на крајот од "силната" борба меѓу Македонците и Грците, остана само пустош и разочарување. Нашите неуки дипломати, во поглед на македонската  историја, им дадоа  се' што побараа без куршум да испалат во своја одбрана и многу повеќе од тоа, не водејќи сметка за своите национални интереси и за достоинството свое, наше и што е најважно на нашите славни предци.  

Со тоа, подоцна, патот беше отворен за еден најобичен криминалец и хохштаплер, Зоран Заев и неговиот министер за надворешни работи Никола Димитров да го извршат конечниот удар врз безбедноста и суверенитетот на македонската држава и идентитетот на Македонците. И така, наместо со стап, Македонците изгубија се' со пенкало на крајно срамен начин покрај водите на Преспанското Езеро. И тоа на сличен начин како  што Германците им направија на Французите, осветувајќи им се за срамот и поразот во Првата светска војна, потпишувајќи го  капитулантскиот договор во најобичен железнички вагон.      Меѓутоа, и тој договор не траеше долго, зошто правдата, сепак, беше на француска страна.

Каква осмислена коинциденција! Грците ни се осветија со помош на Меѓународната заедница и НАТО за изгубената битка кај Херонеја на 2 август 338 година п.н.е од македонското оружје на Филип и Александар Македонски.

Ќе дојде време кога тој Преспански договор  Грците ќе  го проголтаат и ќе се задават за секогаш. Македонците знаат да паметат и добро и лошо и адекватно да ги наградат сторителите!

Малески како голем "Американец", тогаш и денес, со својата дипломатска неспособност и непознавање на македонската национална историја, им го отвори патот за подоцна денешните хохштаплери и тешки велепредавници Никола Димитров и Зоран Заев да му зададат нож во грбот на својот сопствен народ, што тие со задоволство и' го направија. Го потпишаа Преспанскиот договор со широки насмевки, од уво до уво!

И сега како епилог на овој сосема краток осврт кон мудростите на Тупурковски, Малески и Глигоров, треба да го слушнеме и заклучокот на Панде Колемишевски, со кој ги сведува сите настани на ниво со кое треба да сме задоволни, зошто конечно проблемот со името и идентитетот на нашата држава и народ бил решен.

"За да се истрча тој маратон, вели Панде, требаше време на зреење, минување низ долги етапи, фази и циклуси, за да се појави и клучниот џокер што многу подоцна го доби Македонија - членство во НАТО и влез во Европската Унија. Во годините што ги објаснува Тупурковски и Малески, тој адут беше далечен колку и месечината. Лесно е со денешен кантар да ги мериш тежините на минатото време, уште полесно да даваш судови кога е решен спорот за името на поранешната југословенска република Македонија, сега Северна. Нема ништо полесно одошто да се бараат грешки и грешници, забава за широките народни маси што си има долга македонска традиција".

Браво Панде! Зоран Заев беше уште подарежлив од сите, и од Тупурковски, Малески, Глигоров, па и од вас. Наместо името, Заев им даде на сите се' и сешто што побараа а ние  само треба да му сме благодарни и на идните предвремени парламентарни избори, на 12 април 2020 година, сите заедно да му се фатиме во орото на вашиот пријател и идол. Да сме задоволни и да бидеме мирни, зошто може да биде и полошо! Нели?

А за разлика од Колемишевски, Ристо Никовски има да ни соопшти нешто по прифатливо и ако застрашувачко сценарио за македонската иднина:

"Во новите регионални услови и за Македонија е крајно тешко како соодветно да се однесува. Кај нас веќе не е спорно дека политиките кон Косово и Албанија ги водат Албанците, а не Македонците. Тие секогаш ги гледаат работите во рамките на 'националното прашање'. Ако така се продолжи, државата на Македонците наскоро сосема ќе исчезне, како што јасно најавија капитулантските договори со Бугарија и со Грција.

Сепак, шансите за наш спас се' уште постојат, иако времето нагласено повеќе не работи за нас. Работите можеме да ги промениме само на избори. Друг начин нема. Сите мораме одговорно да се однесуваме и да гласаме бидејќи сме соочени со историски предизвик. Во прашање е нашиот опстанок како Македонци. Право на грешка-немаме"!

Па драги мои народе, право на грешка навистина немаме. Мораме да гласаме а не да бојкотираме. Но за кого? СДСМ не пикна вдупка до гуша и мораме да излеземе од таму, само ако го фрлиме на буниште Заев и неговите арамии и црни изроди.  Да гласаме за ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, исто ни се пишува, тогаш за кого?

Има ли некој поарно решение или и понатака ќе седиме со скрстени раце  чекајќи милост од западот, истокот или Европската унија и НАТО?  Е, тогаш во право е Албанецот од МВР кои отворено ни вели дека ќе не купат и ние Македонците ќе бидеме нивни измеќари. И не само тоа, туку ќе сме биделе како Курдите без држава и без свое засолниште за секогаш!

Ете тоа ни го  порачува албанскиот полицаец од Министерството за внатрешни работи на поранешна Република Македонија!

За секогаш Ваш Сотир!

Блаже Миневски

Блаже Миневски

СПОМЕНИ НА БОЈКА ДУДРОВА-КОВАЧЕВА, ВНУКА НА СЛАВЧО КОВАЧЕВ: "ТАТКО ТИ ЈА САКАШЕ МАКЕДОНИЈА ПОВЕЌЕ ОД НАС"!

 

10 март 2020

-Македонец, македонски народ, македонска националност, македонска душа, македонска свест, македонски борец, македонска интелигенција, македонска земја-напишал меѓу другото доктор Славчо Ковачев во 1924 година во весникот "Независна Македонија" во Софија и веднаш беше убиен од терористите на Ванчо Михајлов.

******************

"Доктор Владислав (Славчо) Ковачев е роден во Скопје на 05 јануари 1875 година. Беше убиен од наемни убијци на 13 септември 1924 година во Софија. Беше градски судија, резервен потполковник, носител на три ордени за храброст; беше голем борец за слободата на Македонија, Илинденец. Од сопругата Сија", пишува на споменикот во Централните софиски гробишта. По наредба на Ванчо Михајлов, беше застрелан од простиот и глуп штипјанец Мирчо Кикиритков, само затоа што во софискиот весник "Независна Македонија", меѓу другото напиша: "Македонец, македонски народ, македонска националност, македонска свест, македонска душа, македонски борец, македонска интелигенција, македонска земја..."

Беше убиен на 49-годишна возраст пред својата куќа и пред очите на своите две ќеркички Маргарита и Златка. Атентатот е извршен сред бел ден на улицата "Цар Борис", спроти романската црква во Софија. 

Според искажувањата на Бојка Дудрова-Ковачева, внука од најстарата ќерка на Славчо Ковачев, дедо и' Славчо се враќал дома за ручек, кога убиецот му пукал во грбот од неколку метри. Мајка и' на Бојка, Евгенија-Гени Ковачева, најстарата негова ќерка, во тоа време била на студии во Париз. Дома биле само баба и', и двете помали ќерки, Златка и Маргарита. Кога го виделе од прозорецот, двете истрчале да го пречекаат. Убиецот токму тогаш дотрчал од сеседната уличка и му пукал во грбот. Славчо паднал на плочите пред своите две ќеркички. Тие писнале и се фрлиле врз него. Убиецот неколку мига стоел со пиштол вперен во нив, а потоа побегнал. Подоцна на судењето изјавил дека мислел да ги убие и нив, но се премислил во последен момент. Според она што го кажувала мајка и', но и двете тетки, кои го виделе убиството, Славчо бил убиен затоа што на Ванчо Михајлов не му се допаѓало тоа што тој го пишувал во весниците. Во последниот свој текст објавен пред убиството во весникот "Независна Македонија", тој меѓу другото, пишувал за македонскиот политички идеал: "Слободна и независна Македонија."

При распитот во процесот пред софискиот суд, кој бил чиста фарса, атентаторот Кикиритков, признал дека цели четири часа чекал Славчо да си дојде дома на ручек:

"На вратата излегоа да го пречекаат неговите две ќерки. Едната од нив викна-тате! Тој се сврте и со раширени раце тргна за да ја прегрне. Тоа го издаде. Веќе бев сигурен дека тоа е Славчо Ковачев. Застанав зад неговиот грб и стрелав три пати. Јас не знаев во што се состои вината на убиениот од мене Ковачев, но верував во справедливоста на решенијата издавани од Организацијата...Ако ми наредеа да ги убијам и децата, ќе ги убиев и нив"- изјавил убиецот.

Во тоа време сите наредби за атентати, ги издавал Ванчо Михајлов. Извршителот на убиството, Кикиритков, наредбодавецот Михајлов и убиениот Славчо се штипјани. Со тоа што Славчо бил интелектуалец, доктор на науки со докторат од Брисел, револуционер и хуманист, кој постојано и јавно ги осудувал меѓусебните убиства во македонското ослободително дело. Тој во својата книга "Политичкото вјерују на Македонците" пишува дека само со "сплотеноста и обединувањето на сите расположиви сили ќе се реализира идеалот за слободна и независна Македонија", рекла во 2004 година Бојка Дудрова-Ковачева, внука од најстарата ќерка на Славчо Ковачев. Со неа Блаже Миневски разговарал токму на местото каде што е убиен нејзиниот дедо, каде што до пред извесно време стоела спомен-плоча за тој настан.

"Кога е убиен дедо ми Славчо, мајка ми имала 19 години, и веќе била студент во Париз. Нејзината сестра Маргарита (Грета) имала 14, а најмалата Златка само 9 години. Мајка ми за убиството на својот татко дознала неколку месеци подоцна. Никогаш не можеше да си опрости што не била на погребот. Таа ми кажуваше дека во нивната куќа и кога се јадело се зборувало за Македонија. Мајка ми велеше дека еднаш кога татко и' кажувал нешто за Македонија, таа и Грета, како договорени, во ист глас му рекле: "Татко, ти ја сакаш Македонија повеќе од нас!" Тој им рекол дека кога вели Македонија, тогаш мисли и на нив. Баба ми Сија, неговата сопруга, му била голема подршка. Таа го подржувала во се што работел. Била актерка во театарот на Војдан Чернодрински, па и самата на некој начин учествувала во "Македонското дело". Дедо ми Славчо и таа се запознале токму на една од изведбите на "Македонска крвава свадба". Во спомените на Чернодрински е опишана сцената кога дедо ми Славчо, за време на претставата бил предизвикан да му удри шлаканица и да ги исфрли од салата познатиот насилник и терорист Хаљо, убиецот на бугарскиот политичар Стефан Стамболов, кој им попречувал на актерите да ја играат "Македонска крвава свадба". Можеби токму поради таа шлаканица баба ми Сија се заљубила во дедо ми Славчо, раскажувала внука му Бојка Дудрова-Ковачева.

 

Владислав (Славчо) Ковачев

Славчо Ковачев има завршено воено училиште во Софија, каде што се запознал со Гоце Делчев. Како млад потпоручник се вклучува во македонското ослободително движење, а во 1902 година заминал во Македонија со четата на Христо Чернопеев. За време на Илинденското востание, како штипски војвода, активно учествува во борбените дејства во кратовско заедно со четата на Атанас Бабата. По задушувањето на востанието, извесно време бил скопски војвода. По Првата светска војна, тој веќе е адвокат, а потоа новинар, публицист и судија на Софискиот суд. Заедно со левицата на македонското движење се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција, залагајќи се за обединување на сите струи во македонското револуционерно движење.

Во спомените за својот татко, мајка и' на Бојка, Гени Ковачева на едно место има запишано:

"Татко ми беше многу енергичен, етичен и културен човек. Добро ја познаваше европската историја. Многу читаше; имаше богата ерудиција. Исто така, тој беше и многу добар оратор, со пламено срце. Како човек беше извонредно чесен, но истовремено и многу храбар, многу доблесен-нетрпеше лага и секогаш отворено се бореше со своето перо, искажувајќи ги смело своите мисли. Пишуваше отворено, искрено за македонското ослободително дело и за неопходноста од морално-етички норми на секоја власт. Само тој и Димо Хаџи-Димов, кој беше убиен во истиот ден со него, имаа храброст во тоа време да напишат дека "апсолутно е забрането секакво присоединување на Македонија кон која било соседна балканска земја", и "никој нема право Македонија да ја третира како бугарска покраина". Што можеа друго да направат непријателите на Македонија, освен да го убијат", напиша Гени, која била една од врвните пијанисти и педагози во Бугарија.

Убиецот на Славчо Ковачев, само неколку месеци по убиството, отворил своја, приватна бижутерија во центарот на Софија. Истовремено, на мајка и' на Бојка и' била укината стипендијата. За среќа веднаш истите средства и' ги обезбедила Еврејската заедница во Париз, и таа ги продолжила студиите. Професорот Алфред Корто ја препорачува кај неколку семејства за часови по пијано, така што заработува и дополнително. Тоа и' овозможува во Франција да ја повлече и својата сестра Грета, која завршила стоматологија во Нанси.

За баба и' Сија, Бојка се сеќавала дека е храбра и горда жена. Токму во тоа време таа подигнува кредит и сама ја довршува куќата пред која е убиен нејзиниот сопруг; потоа едниот кат го издава под кирија и со тие пари го отплаќа кредитот. Сија долго време чувала многу предмети, книги и ракописи на својот сопруг. Успеала да го спаси од власта, која упорно го барала, и неговиот ракопис "Политичкото верују на Македонците", книга која заедно со "За Македонцките работи" од Крсте Петков Мисирков, е камен-темелник во македонската национална историја.

'Многу од предметите што се чуваа дома, подоцна беа дадени во музејот на револуционерното движење, што го организира македонската емиграција во Бугарија. По затворањето на Музејот, сите предмети и ракописи негде се однесени, меѓутоа никогаш не се дозна каде. Мајка ми го задржала за себе само часовникот на својот татко; не го дала во Музејот, иако и него го барале. Подоцна тој часовник таа ми го даде мене, а јас му го дадов на мојот син. Иако тој џебен часовник на дедо ми е стар речиси сто години, уште беспрекорно работи. Син ми го носи и го чува со голема љубов и внимание, како реликвија. Тоа е се' што ни остана од Славчо Ковачев, од нашиот славен дедо со кој се гордееме. Не знам дали во Македонија се знае нешто за него; жалосно е ако не се знае ништо. Овде уште им пречи. Душата ме боли што му ја искршија спомен-плочата, но што можат да направат грст бедници, наспроти сето она што тој го напишал и направил за Македонија. Останува дека уште пред 80 години запишал-македонска душа, македонска националност, македонска земја, македонски народ, рекла професор Бојка Дудрова-Ковачева, внука на доктор Славчо Ковачев.

***********************

ПРАВНИ НАУКИ ВО ПАРИЗ, ДОКТОРАТ ВО БРИСЕЛ

Славчо Ковачев е роден на 05 јануари 1875 година во Скопје. Во Софија завршил гимназија и воено училиште. Во 1895 година се вклучил во македонското револуционерно движење, а во 1903 година учествува во Илинденското востание како штипски војвода. Од 1904 до 1908 година студира Правни науки во Париз, а во 1911 година докторира во Брисел. Во 1919 година ја објавува својата книга "Автономна Македонија", а од 1920 до 1922 година, Славчо раководи со Македонската федеративна организација, во 1923 година е избран и во раководството на Илинденската организација. Истата година бил избран и за член на Управниот одбор на Македонскиот научен институт. На 13 септември 1924 година е убиен пред својата куќа во Софија, по наредба на "садистот Михајлов", како што вели Кирил Прличев, синот на Григор Прличев.

https://denesen.mk  

Санстефански Договор

ИСТОРИЈА

САНСТЕФАНСКИ ДОГОВОР И МАКЕДОНИЈА

 

 

На 03 март 1878 година, по завршувањето на Руско-турската војна (1877-1878), во гратчето Сан Стевано, кај Цариград, бил склучен мировен договор, познат како Санстефански мир.

***************

Со договорот е заклучено на Црна Гора, Србија и Романија да им се признае независност и територијално проширување на сметка на Турција. За Босна и Херцеговина била предвидена автономија под надзор на Австро-Унгарија, а било создадено и автономно кнежевство во вазален однос со Турција-Голема Бугарија.

Покрај другите делови, во кнежевството било предвидено да влезе и цела Македонија. Но, поради несогласување на Австро-Унгарија, Германија и на другите големи сили со превласта на Русија во Источна Европа, на Берлинскиот конгрес (13 јуни до 13 јули 1878 година), договорот бил ревидиран.

Одредбите на Санстефанскиот договор и на Берлинскиот конгрес, неповолно се одразиле врз понатамошните односи на Балканот.

"Склучувањето на Санстефанскиот договор беше голема грешка од руска страна. Зашто тој Договор правеше од Македонија чисто бугарска земја. Таа е словенска, но и бугарска..." ("Петербуршки  ведомости" Бр. 315 од 1900 година).

По силните притисоци на Австро-Унгарија и Англија врз така скроениот Санстефански договор, идејата за негова ревизија била прифатена и од владата на Русија.

Кнезот Горчаков, по чија наредба руската делегација го потпишала договорот, нешто подоцна самиот напишал: - Санстефанскиот мир ни создаде големи потешкотии. Сега ние треба да отстапуваме, и без жртви, одвај ќе најдеме излез од положбата, вели кнезот Горчаков.

По тој настан реагирал и грофот Шувалов, кој на австроунгарскиот министер Андраши му изјавил: - Санстефанскиот мир е несреќа за нас, а не за Австрија. Тоа е најголемото недоразбирање што можевме да го направиме. На крајот на краиштата, ние ќе бидеме принудени да отстапиме пред очите на цела Европа, изјавил Шувалов. 

Санстефанска Бугарија

ДОГОВОР ПО РУСКО-ТУРСКАТА ВОЈНА

Санстефанскиот мировен договор е договорен помеѓу Руското Царство и Отоманската Империја склучен на крајот од Руско-турската војна (1877-1878). Бил потпишан на 03 март 1878 во Сан Стефано (Јешилќој), село западно од Истанбул, од страна на Никола Павловиќ Игнатиев и Александар Нелидов од страна на Руското Царство и министерот за надворешни рабори Сафет Паша и Амбасадорот во Германија Садулах Беј од страна на Османската Империја.

Со договорот всушност се воспоставила Санстефанска Бугарија како независна држава. Според некои извори за Русија Санстефанскиот договор претставувал само прелиминарен договор кој требало да служи како основа за понатамошни преговори со останатите големи сили од тоа време.

Австро-Унгарија, Британската Империја и Франција не биле задоволни со проширувањето на влијанието на Русија, додека Србија и Грција биле незадоволни од воспоставувањето на Голема Бугарија. Ова незадоволство довело до потпишување на нов мировен договор само неколку месеци подоцна, на Берлинскиот конгрес одржан во јуни и јули 1878 година.

Британскиот историчар А.Ј.П Тејлор вели: "Ако договорот од Санстефано останел во сила и Османлиската Империја и Австро-Унгарија би преживеале до денес. На крајот од 1878 Роберт Сесил пишува: Треба повторно да формираме рахитична форма на турското владеење на југот од Балканот. Но, тоа е само одмор. Нема виталност останато во него".

Денот на потпишувањето на овој договор во денешна Република Бугарија се слави како национален ден на ослободување.

По крајот на Руско-турската војна во Едрене било потпишано примирје. Уште во почетокот на Руско-турската војна ситуацијата во Европа била загрижувачка. И покрај противењето на опозицијата  на чело со Вилијам Гладстон во мај 1877 година, Владата на Велика Британија донела одлука да се вклучи во војната на страната Отоманската Империја во случај Русија да го нападне Истанбул и да навлезе на територијата на Египет или да ги окупира Дарданелите или Персискиот залив. Руската влада брзо ја уверила Англија дека Египет и Персискиот залив не се во нејзините планови.

Бидејќи стравувала од сојуз на Русија со Германија и Австро-Унгарија, британската влада сакала да ја привлече Австро-Унгарија на своја страна. Во мај 1877 година британскиот премиер испратил таен меморандум до Австроунгарската влада која одговорила дека нема да биде согласна на една долготрајна руска заштита над Бугарија. Отворените антируски искази во Англија и несогласувањето на Хабзбуршката монархија со руските планови довело до тоа да Високата Порта побара дипломатска помош. Виена сепак ја отфрлила османлиската молба за помош бидејќи не барала начин да ја спаси империјата туку да се прошири кон Балканскиот полуостров. Поради тоа Австро-Унгарија сакала мировниот договор по војната да биде потпишан од сите Големи сили, зад кој договор застанала и Велика Британија.

ГЕРМАНИЈА ЈА ЗАЗЕЛА СТРАНАТА НА РУСИЈА

Во февруари 1878 година Германија ја зазела страната на Русија бидејќи се интересирала само за слободниот превоз до Дарданелите, а освен тоа се залагала за поробеното христијанско население на Балканот. Канцеларот Ото Фон Бизмарк понудил да посредува во русло-британските несогласувања. На крајот на истиот месец министерот за надворешни работи на Австро-Унгарија се спротивил остро против проширувањето на Бугарија на југ од Стара Планина. Во меѓувреме Русија започнала да има тешкотии и со балканските сојузници. Романија изразила незадоволство од преминувањето на Јужна Бесарабија во составот на Руската Империја иако таа ја добила Северна Добруџа како компензација. Подоцна сите овие околности, вклучувајќи го и фактот што руската армија не ги ослободила Македонија и Родопите, ја попречиле реализацијата на Санстефанскиот договор и поради тоа истиот бил ревидиран преку Берлинскиот  договор.

Мировните преговори започнале на 13 февруари откако во Едрене пристигнал првиот член на турската делегација, министерот за надворечни работи Сафвет Паша. Две недели подцна пристигнал и вториот-Сабдулах бег, амбасадор во Берлин. Во тоа време започнал и упадот на Британската морнарица во Мраморно Море. Уште во почетокот на преговорите Сафвет паша најавил дека империјата ќе ги оствари изработените од Цариградската конференција реформи, но тој ги отфрли условите за мир бидејќи потпишување на договорот требало да има само ако биде започнат конгрес на сите Големи сили. Сафвет сакал да ги одлага преговорите но да не ги прекинува бидејќи се плашел од нова руска офанзива кон главниот град но сеуште се надевал на британска и австро-унгарска подршка. Преговорите започнале да одат во ќор сокак па руската влада решила да преземе цврсти мерки. На 24 февруари испратила одред од 10.000 луѓе крај Цариград, а главните руски преговарачи се преместиле од Едрене во Сан Стефано, но оваа тактика на заплашување не дала резултат и османлиските преговарачи продолжиле да заработуваат во време до посакуваната помош од конгрес со Големите сили.

ТУРЦИТЕ ПРОТИВ ГРАНИЦИТЕ НА БУГАРИЈА И СРБИЈА

Делегација на Отомската Империја се противила на границите на Бугарија и Србија, кои заземале значителни делови од териториите на империјата. Руските претставници не сакале да отстапат од своите позиции. На 25 февруари во Сан Стефаво пристигнал големиот везир Ахмед Вефик но повторно не бил постигнат успех па на 28 февруари истите биле прекинати. Истиот ден грофот Игнатиев го известил главниот командант на војските кнез Николај Николаевич дека примирјето мора исто така да биде прекинато но Николаевич бил загрижен дека ваквите дејства би довеле до војна со Велика Британија. На 1 март руските претставници поставиле ултиматум на османлиската делегација да го потпише договорот или воените дејствија ќе бидат обновени а во исто време руската армија започнала готовност за да тргне кон османлиската престолнина. Така Високата Порта започнала повторно да преговара. Договорот бил потпишан на 3 март 1878 година а одлуките на договорот стапиле во сила на 18 март.

Со договорот се воспоставува автонома област во рамките на Отоманската Империја со широки овластувања, Христијанска управа и право на сопствена армија. Оваа територија го опфаќа просторот помеѓу Дунав и планинскиот масив Стара Планина, регионот на Софија, Пирот и Врање во долината на Морава, Северна Тракија, делови од Источна Тракија и речиси цела Македонија (Член 6 од договорот).

Принц избран од народот, потврден од страна на Отоманската Империја и Големите сили ќе управува со територијата. Совет на видни луѓе ќе дадат предлог на Устав (Член 7). Воените трупи на отоманската Империја ќе се повлечат од оваа територија, додека Руската воена окупација ќе продолжи во следните две години (Член 8).

Црна Гора согласно договорот, речиси двојно ја зголемува својата територија за сметка на отоманската Империја, при што и' се приклучени Никшиќ, Подгорица и Антивари. Отоманската Империја ја признава нејзината независност.

АНГЛИЈА И АВСТРО-УНГАРИЈА СЕ СПРОТИВСТАВИЛЕ 

Со потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор Отоманската Империја ги прифатила барањата на Русија но се надевала дека барем делумно ќе влијае на новата бугарска држава. Велика Британија и Австро-Унгарија се спротивставиле на договорот изјавувајќи дека Русија т.н. Источно прашање го заклучила единствено во нејзина корист без да расправа за тоа со западните сили. Заедно со Велика Британија, Италија и Франција исто така се изјасниле против излегувањето на Бугарија на Белото Море, под изговор дека ќе биде користено од Русија за свое идно влијание на Медитеранот. Велика Британија започнала да се подготвува за војна. Австро-Унгарија била незадоволна бидејќи кон новата бугарска држава била вклучена Македонија. Германија индиректно ја подржала Русија. Оваа криза довела да Русија започне да размислува за идните можни конфликти против Велика Британија и Австро-Унгарија. Руската армија била изморена од војната и неспособна.

На крајот на март 1878 година од Русија во Австро-Унгарија бил испратен грофот Игнатиев кој требал да постигне разбирање за спорните прашања. Започнале преговори околу средна и западна Македонија кои влегувале во Бугарија, а Австро-Унгарија овие територии ги посакувала за свои цели и излез на Егејско Море а како компензација Србија би се проширила кон источните делови. Така преговорите немале успех, а од Берлин пристигнала телеграма во која Германија се понудила како посредник меѓу британската и руската страна, со цел да се избегне голема војна.

На 27 април 1878 година руската влада донела одлука за исполнување на барањата на Австро-Унгарија во врска со Бугарија, со цел да избегне конфликт. Според договорот со британската страна, Бугарија била поделена на два дела. Јужниот дел го добил името Источна Румелија. Србија и Грција исто така  биле незадоволни од воспоставувањето на Голема Бугарија.Ова незадоволство подоцна довело до одржување на Берлинскиот конгрес во 1878 година. Романија, која дала голем придонес на страната на победниците во војната, била крајно разочарана од договорот. Јавноста во Романија гледала на договорот како предавство од страна на Русија, која го прекршила Руско-Романскиот договор пред започнувањето на војната, со кој се гарантирал интегритетот на романската територија.

https://denesen.m

Ж. Здравковска

 

 

 Жанета Здравковска

ВОИСЛАВ ИЛИЌ ЗА БИТОЛСКИОТ ГОВОР

По седум децении објавена забранетата докторска дисертација на воислав Илиќ

******

 

 

Во дисертацијата на Илиќ, битолскиот говор е прикажан како дел од македонскиот јазик кој со векови со свои специфики опстојувал одделно од бугарскиот и српскиот јазик.

*************

"Целио град се крена на нозе. Народо ги бацва борците, ги кити со секакви убајни. По патојте заиграја ора. Со радос ја дочекафне слободата..." Ова е извадок од стар запис на оригинален битолски говор за радоста со која биле пречекани партизаните при ослободувањето на Битола во 1944 година. Записот е дел од книгата "Битолскиот говор" на поетот, есеист и научник Воислав Илиќ (1921-1987) која од печат излезе годинава, седум децении откако тој собраните материјали ги преточи во докторска дисертација, но не му било дозволено да ја одбрани.

"Битолскиот говор" е напишан врз основа на оригиналните сочувани примероци од Илиќ, издадена е од "Бета прес", за печат ја подготви дијалектологот Васил Дрвошанов, кој е и јазичен редактор, а рецензет е Стојан Ристески.

Во освртот кон делото, професорот Ристески пишува дека Илиќ требало докторската теза да ја одбрани на Филолошкиот факултет во Белград, но Александар Белиќ, член на Комисијата за оценка на трудот, не напишал реферат. Според познавачите на неговите ставови, не му се допаднало тоа што битолскиот говор е прикажан како дел од македонскиот јазик кој со векови со свои специфики опстојувал одделно од бугарскиот и српскиот јазик. 

"Македонскиот јазик со векови живеел одделно, ги формирал своите специфични црти, се диференцирал во однос на соседните јазици. Тој претставувал готова историска категорија, иако негиран од шовинистичката наука и прогласуван како дијалект на бугарскиот или српскиот јазик", напишал Илиќ.

Тој бил референт на Комисијата за македонски јазик при президиумот на АСНОМ, работел на усовршување на привремената македонска азбука, а пишувал и македонска граматика. Иако родум од Дебар, најголем дел од животот го поминал во Битола. Материјалите ги собрал на терен, во контакт со постарата и помладата генерација. Текстот на дисертацијата бил на српско-хрватски јазик, а примероците во оригинал на македонски.

"Проучувањето на битолскиот говор е важно и поради тоа што му припаѓа на централномакедонскиот дијалект, но се наоѓа во неговата гранична зона кон јужномакедонскиот, на дофат на појасот што претставува мешавина на два говорни типа", запишал Илиќ.

Неговото дело било прво од таков вид во историјата на македонската дијалектологија. Професорот Стојан Ристевски во предговорот напиша дека сите компоненти се детаљно и сестрано обработени, научно засновани и богато илустрирани со примери. Книгата содржи поглавја Вовед, Фонетика, Морфологија, Синтакса и Текстови, обработени на 352 страници.

Освен што не успеал да ја одбрани и отпечати дисертацијата, голем слух немало и во Македонија. Ристевски пишува дека за долгото малтретирање на Илиќ знаеле и "учените" од Филозофскиот факултет во Скопје, но и тие ништо не сториле да се публикува.

"По смртта на Илиќ, на еден директор на Институтот за македонски јазик му предложивме да биде објавена. Не прифати без да се чуе мислењето на еден нивни моќник, мајстор за вакви трудови. Во 1997 година се обративме до Институтот за мкедонски јазик и МАНУ во врска со одбележувањето на 10-годишнината од смртта на Илиќ да се објави неодбранетата докторска дисертација, но не добивме одговор. Овој труд има не само историско-културно, туку и неодминливо научно значење, иако дури сега се објавува", напиша Ристески.

Во книгата се наведени бројни специфики на битолскиот говор. Додека другите се радуваат, битолчани се радват, прашуваат 'Да л знајш?' Во Битола велат пејш, за говедо гојдо, за донесеш дојсиш, за можеме мојме, потоа глајца (главица), лајца (лажица), греој (гревови), снегој (снегови), дош (дожд), сегде (секаде), негде (некаде), нигде (никаде)... Се' уште користат турцизми како с'аклет, сефте, боџ, јоклама, егленче муабет, тулумба, мастраф, лезет... Се раскажува со користење на сврзници арноама, дур, дими, ѓомити, ем, ја-ја.

Ова е многу мал дел од научно обработените примери во книгата.

https://sdk.mk/index

Ленче Клекачоска

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

ПОЕЗИЈА

 

 

 

 

Ленче Клекачоска

МАКЕДОНИЈА

Срце чувам земја една да се
љуби знај е вредна таа земја
љубов дава, љубов прима
име и' е Македонија од бога
е благословена неа сонце вечно
да ја огрева а славеј песна да и' дарува
Таа земја моја во срцето на Балканот
вечно била знајте сите како мајка ми е
таква љубов не се крие. Јас сум многу
среќна што ја имам во неа се родив
таму пораснав таму ми е куќата
таму ми се корените и гнездото дедово
кој умре за Македонија на колено.
Па од мајка јас решив од господа
совет да барам не сакам со никој
да се карам само сакам да знам
што да правам
Ох! Боже мој кажи ми кое оро
да го играм дали Тешкото
или Куцаното?
Која песна да ја запеам дали
"Горда Македонија" или
"Жална Македонија"?
Која вода  да ја пијам? Дали: "Пелистерка"
или бистра изворска која мома
да ја насликам дали Биљана платно белеше или
Лихнида кајче веслаше
Кој јунак да го прославам дали
Питу, Даме, Гоце
или Ченто кој крал да го поштовам
дали цар Самоил или Филип
Ох! Боже мој кажи ми
лагите и непријателите како да ги скратам
не сакам моите браќа и сестри да бидата нивни робови
недај Боже и од маки сами да си копаат гробови
сакам мир сакам слобода сакам сите деца да
живеат во рај и на оваа проклета борба
за секогаш да и' дојде крај!
***********
Ленче Клекачоска

 

ВИДЕОТЕКА-ВИДЕОТЕКА

Kind regards: Сотир Гроздановски-Македонски

Број 273, 10 март 2020