Сотир

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ЃОРЃИ СПАСОВ ВО ОДБРАНА НА ЗАЕВИЗМОТ

***

29 февруари 2020 година

 Кој е Ѓорѓи Спасов? Тој е македонски политичар, дипломат, универзитетски професор и еден од поголемите пропагандни топови на Зоран Заев, Шарената револуција, Заевизмот и СДСМ. Роден на 11 август 1949 година во Неготино, дипломиран политилог од класата 1972 година на Белградскиот Универзитет, Република Србија.

Спасов магистрирал во 1983, а докторирал во 1993 година политички науки на Универзитетот "Свети Кирил и Методиј" во Скопје. Од 1976 до 1993 година работел како асистент, а потоа како научен соработник на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на Државниот универзитет во Скопје. Од 1994 до 1997  година бил амбасадор на Македонија во Бугарија, а од 1996 и амбасадор во Молдавија. Од 1997 до 1998 бил министер за правда на Владата на Македонија. Од1999 до 2002 година бил пратеник во Собранието на Македонија и професор на Правниот факултет на Универзитетот Свети кирил и Методиј во Скопје. Од 2003 до 2007 година бил амбасадор на Македонија во Велика Британија, Ирска и Исланд. Спасов има добиено највисок орден што им се доделува на странските дипломати во Република Бугарија за дипломатска дејност. Моментално е професор на Правниот факултет на Европскиот Универзитет во Скопје.

******************

Професорот Ѓорѓи Спасов во својот последен текст, барем тој кој јас успеав да го најдам, зборува за предизборните руски опасности кои и' се заканувале на Северна Македонија. И' се заканувале со уривање на владата на Зоран Заев и враќање на ВМРО-ДПМНЕ назад во столчето на власта. Но не било тоа толку важно, колку што било важно влегувањето во игра на Христијан Мицкоски, кој имал лоши намери кон интересите на Северна Македонија и нејзината "среќна" иднина.

Тој уште во почетокот на својата прилично долга и пристрасна колумна во respublika.edu.mk со сета своја загриженост за опстанокот на Заевизмот во Македонија вели:

"Пред изборите на 12 април 2020 година, се чини дека Москва го има својот фаворит во Македонија. Таа од свои најегоистични причини, полага надеж во можната победа на Мицкоски на изборите, кој е единствената надеж на ВМРО да остане продолжена рака на руската дипломатија во Македонија. Зошто? Затоа што Мицкоски е единствениот лидер на сериозна политичка партија кој од една страна постојано повторува дека неговата партија е за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, но истовремено е и за поништување или измена на "капитулантскиот договор" со Грција со кој беше овозможено тоа членство"!

Тој дури и поранешниот претседател на Република Македонија, неславниот Ѓорѓе Иванов, го вовлекува  во нечесните игри, наводно,  против "внатрешните" работи на Северна Mакедонија. Можеби, ама  да си го одржеше ветувањето за кое  Путин беше подготвен да му помогне во ООН  да го врати вековното име на Република Македонија. И затоа не сте во право господине Спасов! Ѓорѓе Иванов работеше заедно со Христијан Мицкоски да го задржи статусот кво. Во спротивно, ќе ја снемаше Северна Македонија, во која сте вие вљубени и  загрижени за нејзината судбина. Загрижени да опстане, заради некои ваши посебни интереси. Но или затоа, што и вие бевте еден од трубачите за право и правда  во времето на вашата Шарена револуција, заедно со Зоран Заев, Мирјана Најчевска, Горан Калајџиев и плејада ваши истомисленици, денешни се' уште "воспитувачи" на младите македонски генерации без трунка љубов за себе, но и за нивната татковина.

Ѓорѓе Иванов директно му помогна на Зоран Заев и СДСМ да ја разнебити Република Македонија, и' го смени вековното име на државата. Ако тоа не сте го знаеле! Прво со неповлекување  на мандатот за формирање на Влада. Второ  заради неодржаната "заклетва" дека ќе ги почитува законите Уставот и волјата на македонскиот народ. И трето,  што го изиграл, дури, и Путин кој бил подготвен да го подржи, во ООН, барањето на Република Македонија за поништување на штетните договори со Грција, Бугарија и Албанците.  Спрема тоа, вашата небулоза не држи вода. 

Вашите "противници", впрочем, се ваши перфидни соработници зад грбот на Македонците и нивните витални национални интереси. А  заедно со нив и сите кои ќе му се придружат во втората и последна рунда на играта за истребување на Македонците  започната од  Ѓорѓе Иванов  и скоро завршена од Зоран Заев.  

Ѓорѓи Спасов

Господине "шарен" професоре Спасов, вие со своите  искривувања на фактите во полза на вашиот, за срам, идол  Зоран Заев и другите како Вас докажувате дека, како политичар со високи одликувања особено од Бугарија, се' уште би требало да зреете. А дали ќе созреете, ниту  Господ не е сигурен. А знаете зошто? Затоа што се' уште не сте научиле  дека  во целата македонска историја никој, ама никој, не и' направил толку зла на својата земја и народ како Зоран Заев и други монструми како вас!

Велите дека Администрацијата на Путин направила се' што можеше да ги задржи на власт ВМРО-ДПМНЕ и Иванов и ја дискредитираше Шарената револуција како "пуч организиран од Западот за насилна смена на власта". Ако вие "доброчинителот" Џорџ Сорос го сметате да е Запад, тогаш вие сте и за жалење. Вас ве дискредитира народот а не Русија! Самиот чин да не ви падна ниту влакно од главите дури ги нагрдувавте спомениците и зградите на државните институции во кои денес многу ваши истомисленици коваат планови како да ги истребат Македонците од Македонија и надвор од неа докажува со каква багра Македонците имаат работа. Дури и безбедносните сили на Република Македонија ви одеа на рака, за разлика од денешните разводнети со терористите од војната од 2001 година. Со терористите, кои денес ви донесуваат казнени закони за неизвршување на законот за "јазиците",  Албанскиот, како официјален на цела македонска територија. И сето тоа како награда што ве донесоа на власт која не бевте способни да ја освоите самите и на чесен начин. Гледате, дури и тие се многу попаметни и поарни дипломати од сите вас заедно!

Другар Спасов! Вие добро знаете дека Зоран Заев и неговата клика одамна се пуштени низ вода пополека да се дават. Пуштени да се удават од нивните надворешни газди било од која страна да доаѓаат. Вашето инсистирање дека Мицкоски со помош на Русија би дошол на власт интимно во вашата душа буди задоволство. Знаете зошто? Затоа што очекувате да го продолжи делото на Заев и да ги задоволи неговите наредбодавци. Но не само тоа! Туку и да ги избегнете казните кои ве чекаат за сторените злосторства врз македонската држава и Македонците на секаде во светот. Односно да ја цементира Северна Македонија и така го реши болното, за Западот и Грција, така нареченото "македонско прашање"! Таа е вистината со која вие и вашите се играте мајтап.

Русија нема интерес таков каков што го имаат другите кои не делеа и распарчуваа, но имаат интерес да си го сочуваат коренот на својата култура и писменост која ја добија од нашите свети Кирил и Методија и нивните ученици светите Климент и Наум Охридски, кои вие ги продадовте на Бугарите заедно со Гоце Делчев и сите други македонски национални великани.

Ако тоа не  е вистина, нека Господ ме казни, а пак ако е вистина, какошто е, Ѓаволот да ве истреби и никогаш да не се вратите во нашата света Татковина.

За секогаш Ваш, Сотир

 

А. Србиновски

Александар Србиновски

 ДОВЕРБАТА ВО ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС КАЈ МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ Е НИСКА, ВЕЛИ МАЈА ЈАНЕВСКА-ИЛИЕВА

 

 25 февруари 2020

Каква е довербата на македонските граѓани во изборните процеси во земјата. Ова прашање се наметнува по објавувањето на резултатите од анкетата на "Галуп" за тоа колкава е довербата на гласачите во другите земји во светот. Според анкетата, највисок степен на доверба е забележан во Шведска, Финска, Норвешка и во Данска, каде што таа достигнува и до 87 отсто кај испитаниците.

Од друга страна, САД и Турција се меѓу земјите со најниска доверба во изборните процеси, која во САД изнесува 40 отсто, додека во Турција 39 отсто од испитаниците. Во истражувањето на "Галуп" не е опфатена Македонија. Сепак, со оглед на фактот што кај нас изборите се закажани за 12 април 2020 и веќе сме во некоја предизборна атмосфера, интересот е да се види какви се размислувањата за довербата на македонските граѓани во изборните процеси.

Во сублимиран заклучок претставниците на организациите и институтите со кои се конзултиравме, кои ги следат изборите во Македонија, велат дека довербата на граѓаните во нашиот изборен процес е отсликување на довербата во институциите и дејствувањето на партиите во предизборието.

Златко Димитриоски од граѓанската асоцијација МОСТ вели дека одговор на прашњето колкава е довербата на граѓаните во изборните процеси на државата не е лесен да се даде, бидејќи на ова прашање е малку потешко да се одговори имајќи предвид дека станува збор за перцепција, која може да се измери само со научни истражувања.

- За жал, во неколкуте релевантни истражувања што се прават кај нас не постој вакво прашање, така што многу тешко може да се даде одговор, кој ќе биде сериозно поткрепен-вели Димитриоски.

Според него, од друга страна, а имајќи ја предвид улогата на МОСТ во изборниот процес како домашен набљудувач на истиот тој, ако ги анализираме последните три изборни процеси, по промената на власта во 2017 година, може да се забележи тренд на драстично намалување на изборните нерегуларности, а со тоа и подобрување на условите за фер избори.

- Овој тренд е потврден и од страна на меѓународните набљудувачи. Доколку ова прашање го гледаме од овој аспект, тогаш можеме да кажеме дека има подобрување на изборниот процес, што би требало да придонесе кон тоа граѓаните да почнат да ја враќаат довербата во него, која се изгуби во периодот кога бевме заробена држава-вели тој.

Димитриоски резимира дека до колку ваквите позитивни трендови продолжат, особено со сегашниве избори, довербата на граѓаните може понатаму само да се зголемува. Иван Стефановски, извршен директор на организацијата "Евротинк", вели дека во неговата работа на дневна основа е запознаен со резултатите од големиот број анкети и истражувања на оваа тема, кои доколку се простудираат, секогаш имаат ист заклучок, а тој е дека довербата кај македонските граѓани во изборниот процес е традиционално многу ниска.

- На едно истражување од реномирана светска организација на оваа тема забележав фрапантен податок, кој вели дека дури една половина од луѓето во државата за време на гласањето во земјата сметаат дека тие нема да влијаат на исходот од изборниот циклус. Ако се размисли, тоа е навистина страшна реалност, која мора да ја подобриме сите заедно и државните институции и невладините организации, но и самите граѓани-вели Стефановски.

Според нашиот соговорник, тоа ни покажува дека ниската доверба или високата недоверба на граѓаните во изборните циклуси е производ на долгогодишно заплашување на гласачите од политичките партии, кои се' уште веруваат дека кога гласаат некој знае како тие ќе гласаат или, пак, уште потрагично е што има луѓе што веруваат дека во пенкалата има мини-камери за да се евидентира гласањето.

Стефановски вели дека подобрување на состојбите на ова поле е возможно, но тоа подразбира долг процес на транзиција во кој меѓународната заедница, преку ЕУ и НАТО заедно со партите од власта и од опозицијата, ќе се обиде да влијае и да го подигне нивото на демократскиот капацитет на земјата за време на изборните процеси.

Џабир Дерала, од организацијата "Цивил", која со години ги монитира изборните процеси во земјава, вели дека во моментов довербата на граѓаните во изборните процеси е таква бидејќи е одраз на довербата во институциите и истовремено во голема мера врз овие случувања влијае однесувањето на партиите за време на изборите.

Тој објаснува дека организацијата што ја претставува ги следи состојбите на терен и во нивните систематизирани сознанија за овие случувања може да се констатира дека граѓаните во изминатиот период ја изгубиле довербата во изборниот процес, а сето тоа во голема мера е резултат на црната и подземна кампања што ја водат некои политички партии во однос на важни општествени и политички прашања.

Според Дерала, довербата во изборните процеси кај државата е расположение што кај граѓанитте, односно гласачите лесно се губи, но тоа потоа потешко се враќа.

- Она што можам да го констатирам е дека довербата во овие општествени случувања варира од период до период. На пример, во пследните неколку изборни процеси како за време на претседателската трка, референдумот или локалните избори, сметам дека довербата на граѓаните во изборните процеси започна да се враќа, во споредба со долг низ претходни изборни циклуси, каде што состојбата не беше таква за електоратот. Дополнително врз сите овие настани влијае и работата на ДИК, за која можам да констатирам дека сосема солидно си ја работи работата, иако е предводена од луѓе претставници на опозицијата. Тоа ни кажува дека првите луѓе на ДИК си ја знаат работата, а гласачите веднаш знаат да го препознаат тоа- вели Дерала.

Тој објаснува дека, сепак, нивото во земјата на оваа тема не е на посакуваните европски висини бидејќи се' уште партиите и од власта и од опозицијата треба уште многу да направат да се искристализираат недореченостите на Изборниот закон и изборниот список, со што процесот на изборите би бил заснован на уште подобри темели.

- За да се подбри сликата, исто така треба да се најде и успешно решение на проблемите на нашата земја. "Цивил" во својот ангажман за време и по изборите констатира дека нашето општество, за жал, се' уште е исполитизирано и поделено. Тоа за изборите, можеби, најмногу се забележува во работата на избирачките одбори, кои повеќе се ставени во служба на партиите од кои доаѓаат отколку на државата. Ние сме регистрирале случаи каде што тие вршат мобилизација на гласачи и прават паралелна евиденција на гласањето со што грубо го кршат Изборниот закон-вели Дерала. Според него, врз довербата на системот во последно време многу силно влијаат и агресивните спроведувани кампањи од центри на моќ, чија единствена цел е ширење лажни вести и дезинформации со политичка заднина.

https://www.novamakedonija.com.mk

М. Воденска

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

ПРОЗА - ПОЕЗИЈА 

 

Марија Воденска

ЕСЕН ВО ДУШАТА, А ПРОЛЕТ Е

Утрово не се двоумев многу. Го облеков топлото, меко и нежно палто, ги обув топлите и удобни чевли и со беретката до над челото, далдисав во недоглед. Отпрво зачекорив сигурно со мислата од вчерашниот телефонски разговор со брат ми во Македонија. Одев по влажните асфалтирани патеки само со бесконечна размисла. Почвата е мокра и во воздухот се чувствува влажноста од дождот што лиеше преку ноќта. Времето е студеникаво и го дополнува тивко ветре што провејува низ штотуку нежниот разлисток на огромните храстови и јаворови дрвја. Ја сакам тишината и во неа моето размислување: Што понатаму? Единствена утеха и надеж е што со задоволство пишувам, пишувам... Пишувам по сеќавања од минатото и сегашноста како паралела. Што добиваме, а што истовремено од нашата душа се измолзува неосетно, изгубено, неповратно...

Живот на вересија. Живот во кој секој или само по некој од нас е вплеткан во мрежа, не по своја волја.

Живот во кој е изгубена илузијата за трајното, убавото и вредното за радување. Заправо, нели радоста е мерило за вреднувањето на квалитетното живеење? Нели, се' што е можно да не' радува е сврзано со секојдневието, со блиските, со оние кои ги сакаме?

Во предметите околу нас, во нив, дали се изразени спомените? Што од сето тоа е зачувано за да не' држи во енергична вера дека постоиме и во надеж дека љубовта се' уште е присутна и сме во очекување дека нејзината топлина не' одржува...

Чекорите ми се се' побавни, а мислата се' посилна и по енергична. Неосетно навлегувам во затревнатиот простор, опкружен со високо-разгранети дрвја. Чекорам, а над мене надвиснало небесно сивило. Оддалеку допира и се шири мирисот од Атлантикот, на чиј брег врз насипи е изграден Бостон. Понекојпат си дозволувам, без некоја особена причина или потреба, да се натокмам како за на опера во Симфони Хол, но со мислите заскитана низ скопските булевари, плоштадот "Македонија", откаде свртувам кон улицата "Максим Горки" 18, и еве ме до Дрштвото на писателите на Македонија, уверена дека ќе се видам со некои познаници, пријатели, колешки. Заскитувам низ препознатливи места, во кои ги имам втиснато моите емотивни чувства во спомени.

Со тие раскошни слики во мислите, патувам со трамвајот од Вудленд до Лонгвуд, опуштено загледана од преку прозорецот, со рамнодушно посматрање на пејсажите, кои брзовидно се менуваат и згаснуваат во бескрајот... Потоа трамвајот навлегува и продолжува низ подземната линија и се движи кон центарот на Бостон. Зачекорувам низ  Бруклајн Авенија во правец на Масачусец Авенија, па се' до Симфони Хол.

За прошетки низ Бостонските булевари времето е немерливо. Погледот ми запира врз чудесната современа архитектура, вклопена во просторот. Од восхит срцето ми замира, а јас продолжувам да се восхитувам, а истовремено да мечтаам за преселби на градби во мојата Земја.

Од десната страна на реката Чарлс се простира Кембриџ, а од левата страна е Бруклајн и Бостон со Бостон и Харвард Универзитет. Во градот и предградијата на Бостон има преку стотина универзитети, во кои студираат околу двесте и педесет илјади студенти од секаде во светот. Центарот на Бостон брои околу шестотини илјади жители, а заедно со предградијата има два милиони и осумстотини илјади жители.

Раскошните и величенствени градби со монументална вредност се доказ за непрекинатото трагање по убавината, во она што останува зад нас и за вечноста. Мојата несекојдневна прошетка заврши, враќајќи се со зелената "Д" трамвајска линија до Вабен. Во Вабен Маркет пазарев овошје и зеленчук, се разбира и основната насушна потреба за нас Македонците-лебот. Со ранецот на рамењата се вратив на трамвајската станица и продолжив до Вудленд и до Стентон Авенија.

Во зградата на Голда Меир, Еврејска Комуна за возрасни жители, со 210 апартмани, живеат претежно американски и руски Евреи, потоа една третина се Кинези и православни Руси--- Ние со сопругот сме единствени жители од Балканот. Пред да се приберам, попатно, во близина на зградата забележав распупени и расцветани во букети бели нарциси со жолто венче околу прашниците. Посакав да ги насликам.

Расцветаните нарциси беа споведени и натежнати од дождовни капки. Застанав и клекнав до алејата полна со раскошни бели нарциси. Сакав да им ги поткренам главичките и да им го растресам дождот од цветот. Во мигот ми севна мисла дека и тие се тажни и расплакани под ова сиво небо со натежнати облаци. Направив неколку фотографии и ги понесов да живеат како слика на денот. Капките дожд во моите очи се здружија заедно со росата врз белите нарциси, споведени и натежнати од дождот. Бев свесна дека сме еднакво тажни и тагата ни е заедничка. Набргу ќе процветаме и по нас капките од росата ќе пресушат, а тагата во цутот на белите нарциси нема кој да ја забележи.

Од утрово ме спопадна тага. Да знам од што ми доаѓа ќе ти кажам, но таа се провлекува низ мене неосетно, полека и со краен исход-депресија. Штом ќе ја насетам таа меланхолична тага во себе, се обидувам да излезам сама на прошетка, таму, подалеку од Голда Меир Хаус, вдолж заленилото, низ патеките кајшто ретко може некого да сретнам. Барам од себе сили, сама да се справува, со оваа наказа.

Марија Воденска, Newton MA, maj 2013. 

Ирена

 

 

 

 

Ирена Воденска-Дургутова 

"ЛЕБЕДИЦА"

Збирка на поезија до 1995 година

**

 

 

 

ЛЕБЕДИЦА

Заталкана,
низ тајните водосливи
отаде Океанот
со замрсени патишта
ја разгатнувам
мудроста на вселената,
ја распламтувам
завеаната мисла,
ја растајнувам љубовта
создадена од чемер и болка,
од трагање и воздишки,
од неспокои и надежи,
од заскитувања и луњи.
Создадена,
од Sвезди на бесилка.
Се обидувам,
со шепот од далечина
да го втемелам споменот
на лебедите
со sвездена симфонија
над ОХРИД...
***********
Ирена, Nashville,
maj 1995.

 

 

ВИДЕОТЕКА-ВИДЕОТЕКА

Kind regards: Sotir Grozdanovski - Македонски

Број 271, 29 фебруари 2020