Сотир

 

Сотир Гроздановски-Македонски

СИЛУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА ПРОДОЛЖУВА

 

 

19 февруари 2020

Откако направи дар-мар,  поранешниот американски амбасадор Џејмс Бејли ја напушти Република Македонија, ама зад себе остави лоши спомени  и згрозување од неговите нечесни работи. Но сепак, Македонците малку здивнаа, во очекување на новата амбасадорка, до тогаш на служба во американската амбасада во Грција.

Здивнаа, надевајќи се дека со неговото заминување и играта со Република Македонија ќе ја снема.  Ќе престане насилството и арогантното однесување на силен спрема немоќен.  Меѓутоа, силувањето на народот и понатамошно разнебитување на Република Македонија и со новата амбасадорка, Кејт Мери Бернс, не исчезна.   Новата гостинка ја продолжи играта на Џејмс Бејли а со неа и  беззаконието, криминалот, насилството и корупцијата... во Македонија.

Џејмс Бејли, "демократ", ја урна легално избраната македонска Влада и на нејзино место доведе  аболициран криминалец од СДСМ, Зоран Заев.  Како уценет послушник (од страв за својата кожа), Зоран Заев  одма во првата година на своето владеење и' направи толку штети на Република Македонија и македонскиот народ, колку што сите големи империи после 168-та година п.н.е од распаѓањето на големата држава на Филип и Александар Македонски, не успееја да направат.

Како лош спомен од неговата "работа"  останаа договорите за "добрососедски" односи со Грција, Бугарија и Албанците. Откако  ги притисна македонските велепредавници Зоран Заев и Никола Димитров   да ги потпишат однапред подготвените  понижувачки  "договори", со кои и' го сменија вековното име на Република Македонија во Северна Македонија и се одрекоа од националниот идентитет на Македонците, Џејмс Бели за секогаш ја напушти нашата земја.

Дали  беше санкциониран за неговите непринципиелни дејности и претерани мешања во внатрешните работи на Република Македонија, не ни е познато. 

Новата амбасадорка, Кејт Мери Бернс, не испадна ништо поарна од својот предходник Бејли и затоа покрај него, набргу и таа постана најомразената амбасадорка во очите на македонскиот народ.

Нејзиното бахато и заканувачко недипломатско однесување е навреда за Македонците, бидејќи исто како и Џејмс Бејли, активно работи против националните интереси на македонската држава.  Презема акции не примерени за гостин. Се однесува како да ја претставува Грција, а не  САД и претседателот Доналд Трамп. "Загрижена" е што мислат Македонците за договорите со соседите, особено за Преспанскиот договор за  кој мнозинството Македонци бараат негово поништување и враќање на името на државата и на македонскиот национален идентитет. "Загрижена", зошто Македонците не знаеле колку добар е тој договор со Грција за напредокот на Северна Македонија (како упорно настојува да ја нарекува нашата држава) и целиот балкански регион. 

За секоја осуда е нејзиното навестување дека е подготвена лично да влијае врз независните пратеници како да гласаат во Собранието за реформите кои следеле пред да се распушти Собранието и се отпочне со подготовките за предвремените избори за претставници во македонското Собрание и избор на новата Влада која би била по нејзин мерак.

Новата американска амбасадорка, Кеит, не само да не ги почитува националните чувства на Македонците, туку не го почитува ниту својот шеф, претседателот на САД, Доналд Трамп.

Ево на што ја потсетува госпоѓата Бернс поранешниот почесен конзул Мико Џејсон во својот текст во Media24.mk од 05 февруари 2020 година:

- Госпоѓо Амбасадорке, Македонците-со полно право-си го бараат своето име назад. Вашиот шеф, претседателот Доналд Трамп, пред Обединетите Нации во септември 2019 година рече дека "Ако сакате слобода, треба да бидете горди на својата земја. Ако сакате демократија-бранете го својот суверенитет. Ако сакате мир, сакајте си ја нацијата...Вистинското добро на нацијата може да го донесат само тие кои ја сакаат: само граѓаните кои се изнедрени од нејзината историја, кои се надоени со нејзината култура, посветени на нејзините вредности, поврзани со нејзиниот народ и кои знаат дека иднината е нивна за да ја изградат или  да ја загубат. Патриотите гледаат на една нација и на нејзината судбина на начин на кој никој друг не може".

Претседателот на САД Доналд Трам на крајот додаде:  "Сакајте си ја културата. Негувајте ги своите традиции. Чувајте си ги граѓаните. Направете ги своите држави силни и просперитетни и правични. Славете го достоинството на својот народ и ништо нема да биде надвор од дофат".

Ако со сите овие државнички зборови претседателот Доналд Трам го поздрави целиот мирољубив свет, зарем за нашата гостинка и негова претставничка госпоѓата Бернс не важат?

Амбасадорке, зошто не сакате да им дозволите на Македонците да го бранат својот суверенитет? Ако за Вас Македонците не ви се по мерак, зошто барем својот шеф и претседател на Соединетите Американски Држави не го почитувате? Не е ли време и Вие да му се придружите на вашиот предходник и никогаш повеќе да не добиете друга шанса да се мешате во внатрешните работи на суверените држави, како вашиот предходник Џемс Бејли? Одлуката е ваша, зошто и трпението на Македонците во својата земја има граница! 

За патриоти неможат да се сметаат водачи кои самите тврдат дека за нив не е достојно да бидат патриоти и дека  кога ќе дојделе на чело на македонската држава, "луѓе ќе јадат". И тоа го прават охрабрени од некои странски дипломати со нечесни намери спрема народот кои ги смета за пријатели и заштитници на правото и правдата.

Зоран Заев со неговиот СДСМ е еден од нив, кој наместо да биде отстранет од политиката и сместен таму каде им е местото на криминалците, нему му се дозволува и охрабрува да се игра со цел еден народ, чии национални интереси е должен да ги брани.

Па драги мои, се' зависи од нас и волјата наша! Време е да си ја исчистиме државата и да поставиме прави луѓе на прави места. Доста е веќе со апатијата и стравот од некои си репресалии однадвор.  Што помалку  клечење и плачење пред портите на било која странска амбасада во Скопје, тоа поарно. Сите тие си земаат толку овластувања да ни ги кројат капите и мантиите, колку ќе им дозволиме. Нашата судбина е во нашите раце и квалитетот на пратениците во македонското Собрание. Ние не сме малку ниту мали. Црногорците се една третина од бројот на населението на Република Македонија, па прават поголеми чуда кога ќе им дојде водата до грло. А ние? 

И ЛАСИЦАТА Е МАЛА, АМА СЕ БОРИ СО ВОЛЦИ! - вели А. Србиновски.

За секога Ваш, Сотир!

Страшо Ангеловски

Страшо Ангеловски

НОВА СТУДЕНА ВОЈНА, НОВИ ГЕОПОЛИТИЧКИ СОЈУЗИ - НЕЗАМИСЛИВО СТАНУВА РЕАЛНОСТ!

 

15 февруари 2020

Две работи во светската политика стануваат се поизвесни-вториот мандат на Доналд Трамп како претседател на САД и соработката меѓу Москва и Вашингтон. Обете, до скоро незамисливи за американската "длабога држава", за креаторите на политика на омраза со која посеаја толку несреќи на земјинава топка. Омраза која, за среќа, ја виде целиот свет, кога во знак на немоќ, "шарената" Ненси Пелоси, претседателка на претставничкиот дом на Конгресот, ја искина копијата од говорот на претседателот на САД. Нешто веќе видено кај нас, кога со умови заматени од омраза (а можеби од нешто "бело" што пред секој протест се делело во паркот спроти зградата на Собранието), шарените "револуционери" ја палеа канцеларијата на претседателот на Република Македонија.

И, доколку после вчерашниот неуспешен и смешен обид за отповикување на Трамп, после неговото триумфално обраќање на нацијата и после сите постигнати резултати во изминативе три години, неговиот втор мандат е речиси сигурен, останува да се објасни тезата за идната блиска соработка на Москва и Вашингтон.

Имено, светот веќе подолго време се наоѓа во фаза на студена војна, нешто слично на онаа од втората половина на минатиот век. Во нејзиниот досегашен тек, се разместуваат фигурите на таблата за да започне вистинската игра. Па така, дојде до соработка на Руската Федерација и Кина и создавање на БРИКС, до средбата на американскиот и севернокорејскиот лидер, до "коалицирањата" во војната во Сирија, до признавањето од страна на САД на Ерузалим за главен град на Израел и новиот предлог за решавање на израелско-палестинскиот спор, до руско-турското пријателство, до последниот обид за американско-ирански судир, до...

Зошто ќе следи затоплување на односите и соработка меѓу Москва и Вашингтон?

Очигледно дека администрацијата на САД како свој непријател, во моментов, ја таргетира Кина со нејзината брзорастечка економија и со нејзиното распоредување на виталните точки во светот, со што станува главен конкурент на американската економија. Ако е тоа така, а така е, станува очигледно дека Трамп ги прифаќа поукие од американската дипломатија од крајот на 20 век, кога со тајна посета на Пекинг на тогашниот државен секретар Хенри Кисинџер се постави новиот темел на американско-кинеските односи, што беше клучниот момент на тогашната студена војна-раскол меѓу Кина и Советскиот Сојуз и сојуз на Вашингтон и Пекинг против Москва. Многу ското после тоа, следуваше распадот на Советскиот Сојуз и американската доминација во монополарниот свет.

Сега, кога Кина е прифатена како непријател, следува дипломатска активност за раздвојување на Пекинг и Москва и привлекување на Русија кон западната конфигурација, како чин на слабеење на Пекинг, но и како единствен спас за Русија од скорешното "гушење" од се' поразвиената Кина. За да го постигне ова, Трамп, за почеток на Москва ќе и "понуди":

1- Признавање на Крим за руска територија

2. Враќање на Русија во Г8, што е само симболичен, но сепак, чин на добра волја.

3. Завршување на процесот на ширење на НАТО, што ќе значи еден вид "финдланизицаја" на Украина со неутрален статус и отфрлање на разместувањето на украинската војска во Донбас.

4. Целосно укинување на санкциите кон Руската Федерација.

Со ова, Вашингтон ќе покаже дека со болка се простува од илузијата за својата семоќност и ја признава нужноста од одстапки, наместо ултиматуми. Можеби на почетокот депресивно, но на крајот како нова геополитичка реалност со која ќе мора да се соочи.

Како поткрепа на наведеното, може да ја искористиме "Стратегијата за надворешни работи на САД", објавена на Советот за меѓународни односи (Council of Foreign Relations), скратено СФР. Приватна организација, секако една од највлијателните американски аналитички организации и, една од петте највлијателни организации во светот, заедно со познатите "Билдерберзи" и "Трилатерали", чие издание е часописот "Foreign Affairs", а за која работаат над 4.900 луѓе, меѓу кои дипломати, научници, бизнисмени, новинари... Организација која понекогаш е обвинувана за завери заради формирање светска Влада, а претставува дел од американската длабока држава.

Тоа е стратегијата која треба да обезбеди победа на САД во новата студена војна со Кина и доминација на Вашингтон на геополитичкото поле во 21- от век. Во оваа стратегија на SFR веќе нема илузија дека САД може да го победи целиот свет, дури ни само Кина (нешто што Трамп го прифати како реалност уште при својот прв избор за претседател). Во нејзе се вели дека САД треба да престане да се троши во други геополитички насоки и да се сконцентрира на Кина и на радикални внатрешни реформи (нешто што исто така, веќе три години е приоритет на Доналд Трамп). Ова претставува признание  за Трамп и за неговите политики од неговиот најголем непријател-длабоката држава, за чиј дел се смета CFR.

Во стратегијата уште се вели дека не требало да се воведат санкции кон Русија после анексијата на Крим во 2014-та година и, што е поинтересно, дека не требало да се дава јавна американска поддршка на "мајданската револуција". И, конечно, дека САД и сојузниците мора да се обидат да отворат широк дијалог со Путин за светскиот поредок и безбедноста на Европа и Азија.

Со ова, стануваат јасни четири работи:

1. Американските елити полека стануваат свесни дека досегашните обиди за "гушење и давење" на Русија со економски санкции, а во идеална варијанта "смена на режимот" се минато и, несомнено отстапуваат од идејата дека на Москва може и мора само да и' се заканува и, се навикнуваат на идејата дека со Москва е можно, дури и нужно, да се водат сериозни преговори.

2. Надворешната политика на САД ќе биде концентрирана на Кина и економскиот ривалитет со таа брзорастечка економија и САД престанува да се "троши" во други геополитички насоки, вклучувајќи го и Балканот, што е за нас од посебна важност, бидејќи Балканот најверојатно ќе му биде оставен на Европската Унија, по теркот на Макрон, додека после непромислените изјави на Ердоган во Киев, Турција ја губи можноста за свое влијание во регионот.

3. Завршува процесот на проширување на НАТО, со што неутралноста ќе стане посакувана категорија. Она зашто МААК се залага веќе триесет години-неутрална македонска држава, со што иако мала, ќе беше држава фактор за мирот на Балканот. За жал, со насилниот влез во НАТО, таа можност е неповратно изгубена, а ,најверојатно, со својата воена неутралност, нашиот северен сосед ќе добие улога на клучен играч на Балканот.

4. САД, полека, но, сигурно, се оградуваат од "шарените револуции" и од нивните изведувачи. Тоа ќе рече дека дури и американската длабока држава ваквите "нашмркани" револуционери ќе ги исфрли како марамче за една употреба.

Го пишувам сето ова свесен дека со ваквиот развој на нештата, се отвора нова шанса за Република Македонија. Останува на нас дали сето ова ќе го разбереме, ќе изградиме вистинска национална и државна стратегија и ќе ги оствариме вистинските вековни идеали на македонскиот народ. Зашто оној кој не знае да го искористи понуденото, за навек останува во чекалната за подобро утре.

(Авторот е претседател на МААК)

https://denesen.mk

Акад., Митко Манџуков

Академик Митко Манџуков

МЕТОНИМИСКИОТ КАРАКТЕР НА МАКЕДОНИЈА

 

 

13 февруари 2020

Македонското прашање не е политичко прашање, како што е поставено сега и затоа не е решено-тоа е народно прашање, кое ќе го снема тогаш кога ќе го снема македонскиот народ. Светот не го знае тоа, ниту го интересира, но Грците и Бугарите добро го знаат тоа и мошне се заинтересирани, а истото тоа важи и за Србите, на чиј "дел" (рамноправен со грчкиот и бугарскиот по делбата во 1913 година) е создадена современата држава Македонија. Тоа го знаат и Албанците. Прашање е само колку го знаат тоа самите Македонци.

*****************

Македонија не може да се запознае ниту да се разбере без нејзиниот метонимски карактер. Основната ситуација на Македонија може да се илустрира со една митилошка приказна што сите добро ја знаат: приказната за Одисеј и Полифем. Знаејќи со кого си има работа, Одисеј однапред му соопштува на Полифем дека неговото име е Никој. Тоа не го прави затоа што е глупав, што нема име или не знае како се вика, туку затоа што е итар и што, метонимски криејќи се зад непостојноста и безименоста, сака да се спаси и да преживее заедно со своите другари. Тоа целосно се совпаѓа со судбината на Македонецот и на македонскиот народ. За да опстанат, Македонците биле принудени да се изјаснат како она што не се.

Се поставувало, се поставува и ќе се поставува прашањете за историските документи што го потврдуваат или го негираат постоењето на Македонија и на Македонците. Историските факти се на страна на оние што имале држави и архиви. Македонците не треба да се бараат во фактите од архивите, туку во самочувството и самосвеста за своето постоење, како секоја нова душа што не знае што е кога ќе се роди, но потоа научува. Македонците во текот на поновата историја главно немале држава, црквата им била присвоена, па се изјаснувале метонимски според она што било важно за нивниот опстанок, како припадници на Патријаршијата во текот на османлиската наезда, за да останат христијани, а подоцна како припадници на Егзархијата поради богослужбата и училиштата на свој (словенски) јазик. Именувањето "Бугарин" или "Србин" се појавува и пред формирањето на Егзархијата што е, исто така, метонимско именување според регулативата во согласност со милетските или шеријатските закони на Отоманската Империја. Тоа е основниот аргумент за присвојувањето на Македонците од страна на соседите. Кон тоа треба да се придадат трговскиот дух и бескарактерниот карактер на Македонците подложни на асимилација.

Се поставува прашањето зошто Бугарија и Грција не се откажуваат од присвојувањето на Македонците. Одговорот е прост: од интерес и затоа што без Македонците тие немаат своја историја. Бугарите направиле многу држави, но без Македонците и македонството што го привлекле кон својата кауза тие немаат за што да се фатат. Слична е ситуацијата и со Грците. Старите Хелени создале книжевност, уметност, филозофија, врз кои се темели европската култура, но без големата држава создадена од Филип и Александар Македонски прашање е што би останало од сегашното античко наследство. Во тоа е фрустрацијата на современите Грци, ни тие немаат историја без Античките Македонци.

Единствената методологија на научниот пристап им дава соодветно достоинство на научните искази, но креативниот пристап, базиран и врз говорот на метафорите-аметонимијата е постара сестра на метафората-полесно не' доближува до вистината. Не треба да се заборави дека слободната поетска мисла е претходничка и на науката и на филозофијата. Македонското прашање не е политичко прашање, како што е поставено сега, и затоа не е решено-тоа е народно прашање, кое ќе го снема тогаш кога ќе го снема македонскиот народ. Светот не го знае тоа, ниту го интересира, но Грците и Бугарите добро  го знаат тоа и мошне се заинтересирани, а истото тоа важи и за Србите, на чиј "дел" (рамноправен со грчкиот и бугарскиот по делбата во 1913 година) е создадена современата држава Македонија. Тоа го знаат и Албанците.

Прашање е само колку го знаат самите Македонци, односно колкави им се силите да се справат со својата вековна метонимска ситуација, зад која некогаш самите се скривале, а сега им е наметната од другите: ДА ПОСТОЈАТ А ДА ГИ НЕМА!

https://www.novamakedonija.mk 

Екипата на "Медена земја".

 

"МЕДЕНА ЗЕМЈА"

ФИЛМ ШТО НИ ГО ОБЕЗБЕДИ НАЈУБАВИОТ МОЖЕН ЕПИТЕТ

 

 

12 февруари 2020

Македонскиот кандидат во две категории, за документарен и за филм од странско говорно подрачје "Медена Земја", иако не успеа да се закити со статуетка, сепак, едногласно е прогласен за еден од нашите најголеми успеси.

****************

Зборови на подршка деновиве не се штедат во македонската јавност, иако возбудата полека попушта по завршувањето на најдолгата филмска ноќ на доделување на наградите на Американската филмска академија. Македонскиот кандидат во две категории, за документарен и за филм од странско говорно подрачје, "Медена земја", иако не успеа да се закити со статуетка, сепак, едногласно е прогласен за еден од нашите најголеми успеси. Токму така и македонскиот писател Томислав Османи го опиша филмот, кој, според него, ни донесе повеќе вредности.

- Ни донесе импресивен број филмски награди и нови афирмации на нашиот културен и државен идентитет, покажа дека овде не се произведува само отровна атмосфера туку битни културни вредности, вдахна надеж и убаво очекување и за највисоката филмска награда (а, патем, речиси неосетно, го собираше медот од толкав голем број најрелевантни филмски признанија). И уште нешто: ни го обезбеди најубавиот можен епитет, Медена земја, од сиромашни но благородни, роеви (диви?!) пчели што произведуваат -природен мед. И во филмска и во хуманистичка смисла. Во време на толку синтетски производи, тие произведоа еден нискобуџетен уверлив документарец со еколошки и хуманистички поттици. Покажаа дека вистинската убавина не е онаа надворешната, дури не и онаа амбиенталната, туку она што блеска во човекот и во топол однос кон најблискиот, но и кон другите. И во одмерениот хуман однос кон природата.  Тоа е филмски мед од одлична артикулирани, природни документарни супстанции. Накратко: горди сме на нив и на нивниот благороден, човекољубив и природољубив  филм. Напред, дечки! Благодариме, драга Хатиџе Муратова, ти покажа дека душата и добрината се поважни од имиџот и шминката-вели Османли.

Режисерот Владимир Милчин, пак, кратко напиша: "И без 'оскар', 'Медена земја' е најубавото нешто што ни се случи во 2019 година". - Требаше да добијат "оскар" за најдобар документарен филм, ме убива фактот што секогаш политиката како тема е посилна од еколошките и општествените теми во уметноста (независно колку се добри режисерот и неговата/нејзината екипа). Како и да е, екипата на "Ханиленд" постигна брилијантен извонреден успех, и без "оскар" сите врати им се отворени. Мои искрени честитки! Лобирам за континуирана подршка и континуиран развој на современата култура и уметност во Македонија. Да живее уметноста! -порача Иванка Апостолова Баскар, културен антрополог.

Актерката Синилочка Трпкова, пак, вели  дека е неоспорна заедничката радост за успехот на "Медена земја", но вистинскиот успех доаѓа само и исклучиво со разбирање и доживување на пораката од овој филм.

- Начинот на кој е создаден, вербата, љубовта, љубопитноста, истрајноста, скромноста, насмевките на младите творци, заедно со духовната чистота на главните протагонисти, се возбуда и поттик сами за себе. Сега имаме наш пример, создаван три години по ред од млади овде образовани луѓе, во срцето на нашата татковина. Мислам дека е редно да се престане со популизмот како - неработни денови, денови на мед, помош за овој-оној, а да се почне да се работи сериозно и од срце за земјата и луѓето што живеат во неа... Мојот сомнеж дека нашиот капацитет е исцрпен, единствено "Медена земја го побива". Најмалку како успех, најмногу како надеж дека во земјава се' уште тлее потенцијал. Само до кога, е прашањето-напиша Трпкова.

Продуцентот Иво Антов, пак, порача: "Браво, Ханиленд. Засекогаш ќе бидеш сјајно парче од сложувалката наречна Македонија".

И уметницата Гордана Вренцоска коментираше на својот профил. - Атиџе ни даде нова светлина во нашата темна општествено-политичка реалност и ни стана национална хероина во голема конкуренција на сите оние итарпејовци што не знаат за ништо друго освен за измами, лична корист и надмудрување со противниците. Има многу такви чесни и искрени луѓе како Атиџе што никако не можат да дојдат до израз од горе споменатите креатури, па голема благодарност до авторите на "Медена земја" што и' дадоа јавно признание и ни покажаа дека добри луѓе се' уште постојат. Филмот за мене е ретко добро дело и ќе продолжи со години натаму да биде пример за идните генерации во уметничка и хумана смисла. А за "оскарот"-да се потсетиме дека ниту Стенли Кјубрик ниту Алфред Хичкок ја добиле оваа награда за најдобар режисер! Ама филмовите им се тука со нас до вечноста. Браво, Ханиленд!-вели Вренцоска. Фотографот Роберт Јанкуловски вели дека сите сме по малку разочарани, но ние многу добивме.

- Самиот факт дека дојдовме до две номинации за "оскар" е една огромна добивка за сите, за цела Македонија и з а сите филмаџии што сме тука. Јас мислам дека "оскар" за најдобар документарен филм, секако, е наш. Така и настапував деновиве, но конкуренцијата е огромна. Сите тие филмови се едни врвни дела и иако слушаме дека има доста ургенции, врски итн. За да се влезе во тие пет филма, треба да се има перфектно, одлично дело. Кој било од тие да добие нема да биде никаква грешка, бидејќи тие се ремек-дела-вели Јанкуловски.

Дизајнерот Зоран Кардула, кој веќе направи неколку постери инспирирани од филмот, смета дека целата екипа му покажа на целиот свет што знае и умее.

- Ги собра сите можни награди, фали уште една, која се доделува вечерва, но стварно небитно дали би добиле "оскар" или не, тие се победници. Испратија моќна порака до светот во време кога стварно е повеќе од потребно. Уште еднаш браво и честитки-порача тој пред доделувањето.

Новинарката и писателка Ана Јовковска смета дека пораката што му ја испрати "Медена земја" на светот е најважниот "оскар". - Да се надеваме дека љубовта кон природата, соживотот со животните, скромноста, грижата, антиконзумеризмот и добрината се патиштата до црвениот килим за спасот на човештвото и планетата! Медени, горди сме на вашата храбра и свесна приказна-рече таа.

Филмскиот критичар Владо Галевски порача дека со филмот "Медена земја" е достигнат максимумот. - Многу поголеми и поскапи филмови оваа година не успеаја да добијат сериозни награди. Не треба да жалиме за "Медена земја". Тој останува еден од најдобрите културни продукти на оваа држава и сметам дека ова е максимумот што може да се постигне. Сметам дека победи просечен филм-истакна Галевски.

И многу познати личности во Америка го спомнаа филмот на своите профили на социјалните мрежи: Даниел Заичик, музичар и композитор; Адам Кантор, актер и пејач, познат по своите улоги на "Бродвеј"; Едгар Рајт, режисер, сценарист и продуцент; Џејмс Ли Кертис, актерка и писателка; Фил Лорд, режисер и сценарист; Ан Томсон, новинарка и уредничка во "Инди вајр"; Мајк Бербиглија, комичар, сценарист и режисер; Зак Шарф, новинар; Лорд Дерн, актерка, режисерка и продуцентка; Сара Џесика Паркер, актерка; Марк Дуплес, актер, режисер и музичар...

Ерик Кон за "Инди вајр", пак, напиша: "Дури и да не добие 'оскар', исклучителна реткост е што воопшто гледаме ваква суптилна кинематографска уметност да биде признаена, но и закитена со двојна номинација, што, само по себе, го прави 'Медена земја' потполно нов тип на победник..."

https://www.novamakedonija.com 

Петре М. Андреевски

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

 

 

ПРВО ПИСМО

Ништо не е повидливо
и ништо не е поприсутно од твоето отсуство:
ни детските шепоти што ги откривав
во сеидбата на дождовите,
ни закажаната бура во пајажините
од крајпатните меанчиња,
ни воздушните патишта, осветлени од ластовиците
ни она што добива форма само во мојот слух,
ни мојот слух додека во него задоцнетиот штурец
го навиваше својот ноќен часовник,
ни родилните маки на фрченото семе,
ни разгорениот пожар на главата на петелот
додека бега од сенката што слетува од небото,
ни просторот што ми остана меѓу твоите раце,
меѓу твоите два припека,
ни змијата што го возбудува врвот од житата,
ни снежните намети и налети во афионовите полиња,
ни пламенот што надојдува, како есенкска магла,
во низата од пиперките,
ни љубовта и омразата меѓу клучот и катанецот,
ни притаената светлина во купениот кибрит;
ништо не е повидливо од твојата трага
пред мене и зад мене, со мене и во мене.
***************
Петре М. Андреевски

 

АФИОН

 

ВИДЕОТЕКА-ВИДЕОТЕКА

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

Број 269, 19 февруари 2020