Сотир

 

 

 Сотир Гроздановски

ЗАРЕМ И ТИ БРУТЕ?

 

 

14 февруари 2020 година

Очекувајќи го 12 април денот на предвремените парламентарни избори, во нашето секојдневие се сретнуваме со се' и сешто, што не е неочекувано. Кампањите се заоштруваат а  омразата и нетрпеливоста меѓу противниците, како никогаш досега. Зоран Заев (премиер во сенка) и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ се одамна на нож. Дали СДСМ ќе го победи ВМРО-ДПМНЕ и ја продолжи својата предавничка улога или Зоран Заев ќе отпатува во Идризово, каде што одамна требаше да се пресели? - прашање е не за само едно евро, туку за многу повеќе од тоа!

За два месеца и тоа ќе го видиме, до колку до тогаш не се изнајде македонски јунак над јунаците  да им ги измати водите и двајцата да ги смести на исто место како награда за нивните "благодети" со кои  не збогатија. 

Талат Џафери, пак, нелегалниот претседател на македонското Собрание се однесува како да е претседател во Тирана или во Приштина. И покрај укинувањето на двојазичноста од страна на Венецијанската комисија, за него важи само спогодбата на Зоран Заев и албанските партии за употреба на албанскиот јазик како официјален во македонските институции.

Пред неколку дена, за време посетата на словенечкиот претседател, тој ги поздрави присутните и гостинот прво на албански, а потоа на македонски. Во некои други прилики, можеби, не би требало да му се толкува неговото бахато однесување за злонамерно и арогантно, ама за време на  официјална посета на странски гостин на Македонија да му се даде предност на албанскиот пред македонскиот јазик, е предизвик и навреда за Македонците. 

Како претседател на  Собранието, највисокиот законодавен дом на Македонија, должен е да го употребува македонскиот, како едини официјален јазик за комуникација со странски претставници и гости на македонската држава. Се' уште државата на македонскиот народ се вика Македонија а не Албанија или некоја албанска покраина. Барем  се' уште не! Тоа е премногу понижувачко за сите нас дома и надвор од татковината, а потполно непристојно од еден висок нелегален  функционер и при тоа докажан терорист и двоен воен  дезертер. Од ЈНА и АРМ!

Или пак Талат Џафери на свој начин сака да му соопшти на Македонците, кој е газда во Македонија!?

До заклучување на овој број на Македонски Збор битката помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се води ЗА или против новиот закон за Јавното обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ инсистира на преуредување на Предлог законот пред да биде изгласан во Собранието, бидејќи Зоран Заев на сила сака да го протурка низ собраниска процедура и да ја избегне одговорноста за велепредавствата и другите злосторнички и криминални дејности. 

Се работи за членот 110 од Предлог законот, во кој се предвидува АМНЕСТИЈА за сите кои скривиле, во било кој капацитет, за време извршување на својата должност. Доколку  таков закон се донесе, тоа би била лакрдија со законодавството на Македонија и ослободување на Зоран Заев и неговите најблиски согрешници од секаква одговорност и цементирање на Северна Македонија, заедно со договорите за "добрососедски" односи со Грција, Бугарија и Албанците во Македонија. Тоа е смислена работа за потоа со неговото ослободување, да се потврди легалноста на штетните договори со соседите.

Христијан Мицкоски на 10 февруари за време на својата прес средба со претставниците на медиумите "енергично" се спротивстави на таквата формулација на членот 110 во кој е внесена и АМНЕСТИЈАТА, бидејќи никој не можел да биде ослободен од своите одговорности, па ни  оние од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, независната претставничка група во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја осуди таквата изјава на својот водач, бидејќи ги изложува на прогон за делата кои ги сторија во Собранието во корист на СДСМ и Зоран Заев, со што придонесоа промена на името на Република Македонија и губење на националниот идентитет и на државата и на Македонците. 

Овие тешки грешници кои на своите плеќи го носат најголемиот товар за растурање на Република Македонија и обезличување на Македонците го обвинуваат  Мицкоски зошто ги изневерил. Дека без влез во НАТО и Европската Унија лошо ни се пишувало, па затоа требале да гласаат по нивна совест, а не поинаку. Тие ги следеле насоките на својот водач, во полза на македонските национални "интереси".

Дури и Алијансата на Албанците е против секаква АМНЕСТИЈА во Законот за Јавно обвинителство.

"Вистина е дека Алијансата на Албанците имаше свои забелешки на драфт верзијата на Законот за обвинителство и голем дел од нив беа прифатени од министерката Дескоска. Но, она што стигна во Парламентот не е истиот предлог закон", изјавил пратеникот Сурија Рушита за Сител.

"Во членот 110 се предвидува АМНЕСТИЈА, а ние никогаш нема да прифатиме Закон за јавно обвинителство кој овозможува АМНЕСТИЈА", вели Рушити.

Вистина или не, ќе видиме!

Меѓутоа лично ме загрижува последната колумна во Нова Македонија од, инаку, еден од најпознатите колумнисти во Македонија со долгогодишно искуство не само во новинарството, туку и во областите на политиката. Била таа надворешна или внатрешна во Македонија, Панде Колемишевски.

За што се работи:

"Непосредно пред изборите СДСМ е во практична предност поради што е власт, поради што има повеќе ресурси и поради што НАПРАВИ ПОВЕЌЕ НАДВОРЕШНИ УСПЕСИ ОДОШТО ДОМАШНИ ГРЕШКИ, мерено навивачки. ВМРО-ДПМНЕ, кое повторно се врати во непредвидливиот македонски политички локал, сериозно му дише во врат, слично на некој што некому рано наутро неподносливо му дише на лук во градски автобус.

Тоа е доволна причина СДСМ да се помрдне, да не спие на едно уво, да земе свеж воздух пред да ја почне последната маратонска трка. И да не заборави со кого, со која силна организација и со која непредвидлива партија си има работа. ВМРО-ДПМНЕ не е птицата феникс, но изненадува нејзината вештина повторно да се роди од пепелта, да си ги залекува раните и да летне повисоко од очекуваното. Кој од СДСМ не ги разбира ваквите акценти сериозно работи против својата партија". Пишува Колемишевски!

Прашањето е: за која страна навивате мој драг пријателе? За Зоран Заев што направил повеќе надворешни успеси одошто домашни грешки или Христијан Мицкоски кој сериозно му дише во вратот, слично на некој што некому рано наутро неподносливо му дише на лук во градски автобус?

Јас мислам дека, сепак, ВМРО како стара политичка партија во која се' уште, од срце, веруваат Македонците,   не е за фрлање.  Христијан Мицкоски е само еден од  водачите случајно заскитан во неа да ги води членовите и сите други симпатизери во погрешна насока.  

Зоран Заев, пак пред изборите нема никаква предност заради "големите надворешни успеси", баш спротивно, заслужи само презир и од меѓународната заедница, а најмногу од сите нас кои имаме достоинство и љубов кон Македонија.

ПА ЗАРЕМ И ТИ БРУТЕ НИ ЗАРИВАШ НОЖ ВО ГРБОТ?-ГО ПРАШУВАМ МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ ПАНДЕ КОЛЕМИШЕВСКИ!

За секогаш Ваш, Сотир!

проф. Јовановски

Професор Далибор Јовановски

МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРСКО-ЈУГОСЛОВЕНСКИТЕ ПРЕГОВОРИ ОД 11/1970. САМО ГОДИНАТА Е РАЗЛИЧНА

 

02 февруари 2020

Во последната колумна објавена во expres.mk пред повеќе од еден месец напишав дека основите на тоа што сега владата во Софија бара од Македонија како услов за подршка во процесор на зачленување на нашата држава во ЕУ лежат во комунистичкото минато на нашиот источен сосед. Давањето на културни и национални права на Македонците во Пиринска Македонија или Благоевградската област, како што се нарекува во Бугарија, во времето на Георги Димитров веќе биле минато за време на владеењето на последниот комунистички лидер на Бугарија, Тодор Живков.

Во тој период се оцртуваат контурите на бугарската политика кон современата и независна македонска држава, особено кога е во прашање потеклото на Македонците и македонската историја. Одноците помеѓу СФР Југославија и НР Бугарија кон крајот на шеесеттите години на 20-от век минувале низ една чувствителна фаза обремената со македонското прашање.

Двете држави се обидувале да ги подобрат односите, но тоа одело тешко. Тоа можеме да го забележиме и во коресподенцијата помеѓу југословенскиот претседател Јосип Броз Тиро и неговиот бугарски колега Тодор Живков.

Додека за бугарскиот лидер националното декларирање на граѓаните на СР Македонија и на оние од Благоеската област било внатрешно прашање на двете соседни држави, за Тито биле проблематични изјавите на бугарските фукционери кои сметале дека Македонците се Бугари или пак имале бугарско потекло.

Исто така за југословенската страна било проблематично славењето на Санстефанскиот прелиминарен мировен договор во соседна Бугарија, бидејќи на тој начин се барало ревизија на тогашните граници.

Исто така, во 1968 година во СР Македонија и во НР Бугарија биле одржани манифестации по повод 65 годишнината од Илинденското востание. Кај нас  тоа било прославено како македонско востание, а во соседна Бугарија како востание на македонските Бугари.

Во насока да се дојде до некое решение поврзано со проблемите кои ги оптоварувале односите помеѓу Југославија и Бугарија во ноември 1970 година една југословенска делегација предводена од Вељко Влаховиќ ја посетиле бугарската престолнина.

Во составот на југословенската делегација имало двајца Македонци, Крсте Црвенковски и Кирил Миљовски, кој бил југословенски амбасадор во Софија.

Читателите треба да знаат дека во рамките на југословенските делегации кои ги посетувале Софија и Атина, скоро секогаш имало македонски претставници. Ова колку да се знае, а зошто било така е повеќе од јасно. На дводневните разговори, во суштина забележуваме контурите на денешната позиција на официјална Софија во однос на Македонија.

Разговорите биле отворени и водени без дипломатски ракавици. Водачот на бугарската делегација Борис Велчев забележал дека македонското прашање било прашање кое негативно влијаело на меѓудржавните односи, кое доколку не можело да биде решено тогаш требало да се остави на страна со цел да не влијае толку негативно на релациите помеѓу двете социјалистички држави.

На неговото излагање одговорил водачот на југословенската делегациј кој истакнал дека во Бугарија кога се говори за Македонија се зборува за население, но не и за Македонци.

Тој забележал дека постои негирање на македонската посебност, а посебно впечатливи биле тврдењата дека македонската нација била вештачки создадена, теории кои ги слушаме и денес. Меѓу многуте забелешки на Влаховиќ интересн е едне детал. Според него "...излегува дека другите повеќе знаат за Македонците отколку самите Македонци и што тие треба или што не треба да прават". Нешто што и денес ни се случува.

Велчев морал да одговори на тезата на Влаховиќ, кој нагласил дека македонското прашање е централно во односите меѓу двете соседни земји. Бугарскиот политичар ја повторил тезата дека националното самоопределување, вклучувајќи го јазикот на населението во СР Македонија е внатрешно прашање, исто како и на она во Благоевградската област.

Но, за денешните состојби интересни се неколку констатации на Велчев. Според него не може да се пишува историја врз база на фалсификување на изворите. Не може да се говори за постоење на Македонци во средниот век на територијата на регионот Македонија бидејќи основата на тогашното население било бугарска.

Бугарската влада нема да дозволи да се присвои дел од историјата на бугарскиот народ и тоа не може да биде прифатено. Тој предложил дури и во Протоколот кој требал да биде потпишан помеѓу двете држави да биде напишан дека во СР Македонија, како резултат на историските создадени препоставки бил започнат процес на формирање на македонско национално сознание кој се' уште трае.

Тој нагласил дека не можат да прифатат тој процес да се води на антибугарска позиција. Слично барање забележуваме и денес. Велчев се осврнал и на прославите за Санстефанскиот договор објаснувајќи дека Бугарија не можела да се откаже од тоа славење затоа што тогаш била ослободена, а тоа не значело дека неговата земја имала територијални претензии.

Е сега кога се во прашање прославите на настаните од минатото, тој се осврнал и на некои востанија кои избувнале во османлиска Македонија. Тој саркастично забележал дали не смее Бугарија да ги прославува Кресенско-Разлошкото и Илинденското востание. И тука доаѓаме до тоа што денес претставува проблем во односите меѓу двата соседа и во работата на заедничката историска комисија.

Велчев рекол: "А зошто тие и други настани да не ги прославуваме заедно и да ги претвориме во празници на нашето братство и нашето дружење"?

Влаховиќ го потсетил Велчев на бугарското присуство во Србија и Македонија во текот на Втората светска војна кога било говорено дека бугарската војска влегла во историските бугарски земји. Интересно е за читателите дека во овие разговори активно учествувал и Крсте Црвенковски, кој ја потсетил бугарската страна на некои моменти од минатото, но и го цитирал отец Паисиј за потребата Бугаринот да не се срами од бугарското име, алудирајќи на забелешките за средновековната историја на Македонија, потенцирајќи ја флуидноста на свеста на Балканот во минатото.

Разговорите завршиле без договор, кој реално не бил ни можен. Знаејќи ги овие факти лесно беше да се процени позицијата на владата во Софија во однос на Македонија и проблемите со комисијата за историја, но и со тврдењето дека населението во Македонија до 1944 година имало бугарска етничка свест и како резултат на комунистичката репресија дошло до промена на таа свест и создавање на македонската нација.

Нешто што е кажано пред пеесет години го слушаме и денес. На пример, кога е во прашање нацијата и историјата, тука мислам на разликите во толкувањата, нема простор за приближување.

Можеби во иднина ќе додје до тоа, но некои бегаат од европските примери, кои, колку и да звучи нереално и чудно за читателите, и одговараат на Македонија.

expres.mk

К. Рацин

денешен.мк

ПРЕД 111 ГОДИНИ Е РОДЕН МАКЕДОНСКИОТ ПОЕТ И РЕВОЛУЦИОНЕР КОЧО РАЦИН

 

 

На 22 декември 1908 година во Велес е роден Кочо Рацин, македонснски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература.

Коста Апостолов Солев Рацин е основоположник на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка "Бели Мугри" издадена во Самобор Хрватска во 1939 година претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен поезија Рацин пишувал и проза, а напишал и повеќе значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика.

Псевдонимот Рацин го зел од неговата сакана Рахилка Фирфова-Раца, а кратко време го користел и псевдонимот Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов - Невенка Вуиќ.

Од историјата Рацин покажал посебен интерес за богомилското движење и напишал неколку трудови на таа тема: "Драговитските богомили", "Богомилите" и "Селското движење на богомилите во средниот век".

Посебно вреди да се одбележи Рациновата теза дека "богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историја" ("Богомилите"). Важно е да се нагласи и податокот дека Рацин е првиот Македонец што го проучувал богомилското движење.

Според официјалната верзија за неговата смрт загинал во несреќен и неразјаснет случај во месноста Лопушник, во близина на партизанската печатница на Лопушник во Кичевско на 13 јуни 1943 година.

Се' уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.

Телото на Рацин било погребано во близина на Печатницата во Лопушник, од каде што, по ослободувањето, неговите посмртни останки се пренесени во Велес, каде што се родил на 22 декември 1908 година.

БОРЕЦ ЗА МАКЕДОНСКАТА КАУЗА

Рацин влегол во КПЈ од која подоцна бил исклучен, а влегувал и во битки против посрбувањето и побугарчувањето на македонскиот народ. Еве како му одговорил на Никола Вулиќ, српски археолог кој долго работел во Вардарска Македонија дали "Јужна Србија или Македонија":

"За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен.Ние видовме како ниту Србија ниту Бугарија под Турците не се викале со денешните имиња, туку со некои општи имиња. Ние сега доаѓаме во времето кога тие не се појавуваат кога кај народите се јавува ренесансата. Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите. Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие", одговора Рацин.

Натаму македонскиот поет Рацин реплицира:

"Во периодот на националната преродба кога доаѓа тн. граѓанство свесно за својата положба дека треба да создаде национална држава, тоа настапува под паролата на сплотување на народот, со намера да ја обнови својата некогашна стара држава. Во тоа време од историската ризница ги извлекуваат тие називи. Кај Србите националното движење се јавува не само во Србија туку и таму каде можеле слободно да се движат... Тие луѓе го зеле српското име биддејќи виделе: ние бевме Срби... Тие тогаш српското име го обновиле и почнале да го обединуваат својот народ. Тоа е кога се обновуваат тие стари држави извлекувајќи го од својата историска ризница своето старо минато, врз основа на кое можат на другите народи да им кажат дека тие не се тоа што тие го сметаат, туку се тоа Срби, Бугари...", вели Рацин.

И продолжува:

"Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, вашите Срби и Бугарите. Во тоа време се формирале овие две први држави и ја имаме нивната пропаганда, дека таа земја е нивна. Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија. Вие веројатно помисливте дека е тоа влијание на туѓа пропаганда и во тоа е вашата грешка. По тоа ја имаме борбата на македонскиот народ и борбата  на Бугарите и Србите за превласт над оваа земја. Таа борба се водела за копањето на историската тапија. Се работело на тоа да се владее над овој народ", реплицира Рацин.

Тој продолжува:

"И Србите и Бугарите создадоа цели научни институти да го докажат правото да владеат над нашата земја. Македонците имаат нешто заедничко и со Бугарите и со Србите. Базирајќи се врз тоа, и Вие сте дошле до погрешен резултат. Националната преродба не се врши врз основа на историските натписи, туку дека таа земја е еднаква со другите и по својата етнографска положба и свест што постои кај народот. Што се однесува до економската положба, таа постој како самостојна област. Го имаме Солун како центар на таа земја. Но, вие заостанавте исклучиво на историска почва, барајќи ја фамозната историска тапија...", му одговорил Рацин на Вулиќ.

 

УТРОТО НАД НАС

Од далечнините модри се веат
на сонцето, златните далги,
од далечнините модри се леат
на утринта росните влаги.

По долги, меки ширини рамни
магла се танка крева
и по селата мали-заспали
шумоли скришно врева.

Шумоли-в' срце тага налева
за црноземните робја,
шумоли скришно за мртви поља
за села и градови-гробја.

Ех, тија долги ширини рамни!
Ех, таја мака пуста!
Мртви и темни сурови гламњи
скршена гранка маслинка!

По тија пот се човечка дими
и снага крвава цвили,
по тија радост никога нема
а сонце радосно има!

Но тија росни утрини пресни
копнат во гради и тлеат.
Копнат и како бура пеат
и како огин палат!
****************
Кочо Рацин

 

Ирена

 

 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

***

 

 

ИРЕНА ВОДЕНСКА (Дургутова)

Ирена е родена на 19 ноември 1970 година во Скопје. Основно образование и гимназија завршува во Штип, каде и' живеат нејзините родители.

Во 1993 година дипломира на факултетот за организациони науки во Белград. По завршувањето на студиите се враќа во Република Македонија и за кратко се вработува во Алмако-банка во Скопје.

Во 1994 година станува добитник на Фулбрајтова стипендија, по што заминува во САД на специјализација и пост-дипломски студии од областа на банкарскиот систем. По магистрирањето во  Вандербилт универзитетот на "Овен скуп" во Нешвил, држава Тенеси, таа останува на работа во банката "Џејси Бретфорд", каде работи и денес.

Ирена Воденска е ќерка на нашата позната книжевница Марија Воденска, а со поезија се занимава уште од своето детство. Таа е една од најмладите членови на литературниот клуб "Искра" во Штип, во чии алманаси има објавувано свои творби. Нејзини творби се објавувани и во списанието "Современост" и во весникот "Нова Македонија". Со првата збирка поезија "Лебедица" (1995), продолжува нејзината творечка работа, откривајќи го психолошкиот момент сврзан со преселбите на Македонците, а истовремено е во контакти со народи во средината каде престојуваат.

Заедно со Марија Воденска ја објавуваат првата заедничка книга од едицијата "Раселени" - писма (1998) година.

 

ИСАРОТ

Под Исарот
градот мижурка со бисерни очи
прегрнат меѓу Ново Село и Бабите.
Клисурата и Ѓежовица си стискаат раце
исплакнати од утринското капење.

Од Исарот
небото е најблиску
и sвездите разиграни
над градот
може да се допрат.

Зад Исарот
изморено сонцето се тетерави
кон Трите Чешми
и ние исто така
загледани во дамарите на заодот
***********
Ирена Воденска
Штип, 1987 година

Шеталиште зад ИСАРОТ-Штип

 

ВИДЕОТЕКА-ВИДЕОТЕКА

Kind regards: Сотир Гроздановски-Македонски

Број 268, 14 февруари 2020