Сотир

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ПРИТИСОКОТ ВРЗ МАКЕДОНЦИТЕ НЕ СТИВНУВА 

 

о4 февруари 2020

Со приближувањето на 12 април 2020 година, денот закажан за вонредните парламентарни избори, притисокот врз Македонците не стивнува, туку се интензивира. Стравот од нашето хомогенизирање   ги загрижува нашите западни "пријатели" и "сојузници", па на секој начин се обидуваат да ја држат ситуацијата во Македонија таму, каде ни ја скроија да биде. Особено Преспанскиот договор да си остане како е договорено помеѓу грчката страна и Зоран Заев, а за добрососедскиот со Бугарија и така и така. Тој за нив е ставен во втор план, Заев и Борисов да си ги вадат очите, а ние да гледаме и слушаме и да не веруваме што е тоа што се случува со нас. Како да сме вистински центар на светот па секој сака да не има. Можеби  и тоа ќе беше да не беа притисоците врз нас за преку нашите изроди и велепредавници да се самоубиеме и од Македонија да се одрекнеме зошто не била наша.

Сите трикови и срамотни лаги на "големите сили" излегоа на видело. Тие ни ги открија своите непримерени и нецивилизирани однесувања за 21-ов век. Се вратија во темното колонијално минато кога големите ги јадеа малите. Ги јадеа и на никому не му одговараа! Тие времиња поминаа и заминаа, ама желбите да се вратат не изчезнаа. Заедно со нив галопираме кон  последната светска експлозија. И ќе стигнеме, бидејќи  малите и немоќните, секогаш биле фитил за големите катастрофи во светот.

Македонија веќе ја подготвуваат за една таква игра во која ќе страдаат не само делови од нашиот народ, како и секогаш, туку оганот ќе ги зафати и тие кои се' уште се сметаат  безбедни, верувајќи му на своето светло и убоито оружје. 

Зоран Заев како премиер на македонската влада набру ќе си оди во историјата. Ќе  биде  таму, каде се сите како него.  Од тоа нема бегање! Како и секој злосторник, така и тој ги користи сите можности да се извлечка некако, ама, песочниот часовник работи брзо и немилосрдно.  Тоа што и' го направи на Македонија и на Македонците ќе му се врати како бумеранг и ќе му се разбие  од главата, во која и така многу ум нема. 

Неодамна со својот пајташ, Спасовски, Зоран Заев  го посети Истанбул. Проба се' да го преведе жеден преко Босфорот и поглаварот на Вселенската Православна црква Вартоломеј, Грк, и сега чека дали неговите молби за спас Господ ќе ги услиши. Дали ќе одобри и Македонската православна црква да биде примена во семејството на православните цркви како афтокефална. Но и него да го "аболицира" од прогонот за злосторствата врз  својот сопствен народ. Можеби, уште, и некое евро    бакшиш за нашиот поглавар да ги подели со Бугарите  да го примат за  "брат", а македонската православна црква за понизна "сестра". Па што ќе биде, нека биде!

Наскоро ќе ги видиме и резултатите од тие патешествија на овие два губитника, а во меѓувреме, пак, без срам и намуз побара, човеков, од Албанците уште еден полн мандат за да создадел "благосостојба" во неговата творба Северна Македонија  и живот за сите (Албанци), каков досега немале.

Па народе, навали! Тоа ни е последната шанса да го фатиме возот за Брисел. Да бидеме рамноправна членка на НАТО и на ЕУ, ако до тогаш остане трага од нив. Ама за сигурно ние ќе останеме народ и држава со која светот ќе се чуди. Веќе резултатите од неговата работа се чувствуваат на секаде. Википедија и други интернетски мрежи веќе како по некоја неконтролирана инерција брзо преименува се' што досега беше евидентирано со името македонско. Се' и сите не прекрсти  во северно Македонци. Гоце Делчев исто така е роден во Северна Македонија а да не зборуваме за потеклото на сите македонски преродбеници кои така "мајчински ни ги прегрнаа" Бугарите. И сето тоа во духот на добрососедството со Грците, Бугарите, а за Албанците тек ни претстои да видиме.

За Зоран Заев рековме некој збор, но од овај лавиринт  не смееме да го испуштиме Христијан Мицкоски, "главата" на ВМРО-ДПМНЕ. Ама не мислам на  Гоцевата ВМРО од 1893, Дамевата, Каревата, на Питу Гули, Ѓорѓи Сугарев, Јордан Пиперката, Јане Сандански, Павел Шатев и неговите гемиџии, но и плејада други борци за Македонија и македонските национални интереси.

Зборувам за ДПМНЕ на Љупчо Георгиевски, Никола Груевски и сега Христијан Мицкоски. Однародената ВМРО, побугарчената и политичка партија која заедно со СДС ја доведоа  македонската држава до работ на пропаста и покопување на се' што нашите предци со река крв го создавале.

И наместо да му се придружи на народот македонски, Христијан Мицкоски во екот на судбоносните последни мигови на Македонија запнал, па запнал за данокот и платите на "сиромасите", а пак неговите претставници во Собранието заедно со СДС ја уриваат Македонија за никогаш пак да не биде тоа што била и каква што сакаме да биде. Учествува во расцепување на македонската нација здружувајќи се со Албанците, зошто сам без Македонците не е во можност да состави солидна македонска Влада. Неспособен да стане на чело на македонската борбена колона против Преспанскиот, бугарскиот и албанскиот предавнички договор,  бара подршка од своето излагано членство за победа на претстојните избори. Можеби и ќе му успее да состави некаква коалициска влада, ама на кого таа влада ќе му служи? Сигурно не на Македонците веќе однародени!

До колку сака да си ги оствари своите соништа, и ако матни и нејасни, и до колку има државничка храброст, мора да му вети на Македонците дека ќе ги поништи сите антимакедонски договори и ќе воспостави ред и мир во македонската држава надвор од некоја федерација со Албанците. Инаку, поарно нека се тргни од политиката за секогаш, зошто како квислинг на странските служби  не ни е потребен. Но сепак, се' зависи од неосвестените и излагани членови кои се' уште му веруваат и ќе му го дадат својот глас на изборите од 12 април оваа година. 

Но затоа, потоа!

Јас многу се назборував, па затоа  ќе ја замолам  младата американска амбасадорка Кate Меrie Byrnes да ни објасни што таа мисли за Преспанскиот договор. Ете само толку колку сите да знаеме што добиваме а што губиме, за да не  сме во заблуда пред изборите и после да "бидеме" пишман!

- Ме загрижуваат обидите луѓето да се доведат во заблуда за Договорот од Преспа. Вели  пријателката Кејт и продолжува: Кога се зборува за ревидирање на Преспанскиот договор граѓаните треба да размислат и да ја знаат користа од Договорот!

Преспанскиот договор не е само името, туку и креирање можности за луѓето од земјата и од регионот. Значењето на Преспанскиот договор е што препозна дека земјите мора да соработуваат една со друга и да прават тешки компромиси и оти како резултат на тие компромиси може да градат подобра иднина. Она што ме загрижува околу обидите да се доведат во заблуда луѓето за влијанието на Преспанскиот договор за тоа што значи за земјата е тоа што се ризикува да се изгуби трансформативната моќ на Преспа и користа од Договорот кој создава нови можности, ја проширува регионалната соработка, носи странски инвестиции и креира позитивна иднина, така што кога слушам како се зборува за поништувањето или ревизија на Преспанскиот договор граѓаните треба да размислат и да знаат за користа од Договорот, рече амбасадорката Byrnes (Б'рнс) на новинарско прашање по обраќањето на настанот со кој се најавува отворање на билетерални канцеларии за младинска соработка помеѓу нашата земја и Грција!

Па почитувана Кate, ако со промена на името, само, народите се здобиваат со нешто волшебно што до сега немале, зошто само Македонија е избрана како "среќница" да се здобие со такви "благодети"? Зошто баш ние Македонците да бидеме тие кои ќе "добијат" се' а другите соседи  ништо? Зошто тоа не би била  Грција, која е должна со милијарди евра, Бугарија па и Албанија? Или, пак, уште поблагородно од вас би било кога би им  ги промениле имињата на  сите мали и сиромашни народи во светот  за да нема  повеќе сиромаштија и протести, а најмалку војни за парче леб и грст сол!

Можеби зад името се крие нешто што ние не го разбираме, или пак мислите дека Македонците се сите недоветни зошто вие имате работа со такви? Па што ќе и' се на Грција 52% од македонската етничко-географска територија кога само со промена на нивното име би биле среќни, весели и цивилизирани?Зошто беше потребно со илјадници Македонци од окупираниот егејски дел на Македонија да бидат ликвидирани на sверски и крајно не "демократски" начин за време  на злосторничката граѓанска војна? Многу македонски животни простори  да се сравнат со земјата? Зошто беше потребно сите македонски гробови да бидат со булдождери раскопани и коските на нашите предци расфрлени за со нив животните да се хранат? Зошто беше потребно над 30,000 деца и уште толку возрасни Македонци да бидат брутално истерани надвор од Егејска Македонија без право на поврат на своите со векови животни простори ако се можеше само со менување на името луѓето слободно да си живеат во своите домови?

Во овој случај имате работа со ноторни злосторници на кои не им е ништо свето, почитувана амбасадорке? Ако ги окарактеризираме нашите соседи, Грците, Бугарите, Албанците па и Србите, не би погрешиле ако речеме дека имаат повеќе барбарски особини а сосема малку хумани спрема македонскиот народ! Особини карактеристични за некои минати не "демократски" времиња!

Вие ниту еднаш не се удостоивте нашата татковина Македонија да ја именувате со нејзиното име, а исто така и нас Македонците. Тоа требате да го правите не заради што не сакате нас и нашата земја, ами заради чиста елементарна пристојност спрема домаќинот кој ве примил како гостинка и претставничка на една земја од голем значај за човештвото, вклучувајќи не и нас Македонците како најстар автохтон народ на овие простори.

Неморате да не сакате, ама не очекуваме ниту да се однесувате како некој бахат Гувернер на некоја колонија.

Ако успеавте на хартија да ни ја земете историјата, јазикот, традициите, културата, предците наши за чии дела студентите во војните академии учат дека тие биле Македонци а не Грци или Бугари или Срби а најмалку Албанци, бараме да не ни ја земате душата и поганите нашето национално достоинство. Тие се две работи кои секој цивилизиран човек ги има во своите гени и ги чува како светиња.

Почитувана амбасадорке, ако си ги сакате нашите соседи,  зарем треба нас да не мразите и длабоко понижувате? Вие споменувате нешто имагинарно, кое до колку ќе се реализира би ни обезбедило среќа и благосостојба. За вас се' друго, по се' изгледа, не е важно. Ако тоа не би требало да е важно за вас, зошто би било важно за Грците. За нив е важно да го задржат пленот од Балканските војни и подоцна. А како тоа ќе го остварат? - па со демолирање на македонската држава и со разнебитување на Македонците како државотворен и автохтон народ со право да си го бара украденото. 

Македонците би биле среќни доколку вие, како амбасадорка, ги застапувате американските интереси а не грчките. Кога би Преспанскиот договор бил од витален значај за Америка а не  за Грција, ние  би се одрекле од многу повеќе, а не само од името. А вака вие играте улога на Робин Худ.  Тоа дури и ние како "мали"  мислиме дека не е достојно за една земја која многу значи за поголемиот дел од светот, вклучувајќи ја и Македонија и Македонците,  да се однесува на таков начин. И ако сме уверени дека тоа е ваше масло, а не интерес на американскиот народ и официјалната американска надворешна политика!

И за крај, без увреда, мислам дека се разбравме и дека не е потребно да трошиме повеќе зборови за тоа што ни е на сите јасно. Ако е тоа така, ќе ставиме точка и до идното јавување бидете ни здрави и живи и весели.

Ох, уште нешто: PLEASE! ОСТАВЕТЕ НЕ САМИ  ДА СИ ГИ РЕШАВАМЕ НАШИТЕ ВНАТРЕШНИ РАБОТИ! A АКО НИ ЗАТРЕБАТЕ, ЗНАЕМЕ КАДЕ ДА ВЕ НАЈДЕМЕ!

За секогаш Ваш, Сотир

Јанко Бачев

Јанко Бачев

ВО НАТО МАКЕДОНИЈА НЕ ТРЕБА ДА ВЛЕГУВА

*******

 

Францускиот претседател Макрон пред извесно време најави дека НАТО е мртва организација. И еве, потврдата дојде.

 29 јануари 2020

Актуелниот американско-ирански судир јасно покажува дека НАТО фактички повеќе не постои, а прашање на време е кога ќе дојде и до негово формално распуштање.

Срушен е главниот столб на Северноатланскиот договор од 4 април 1949-колективната самоодбрана и солидарноста меѓу земјите членки на НАТО. Една членка на НАТО - САД е во војна со Иран, а другите сојузници од НАТО се разбегаа накај дома. Владите на Словенија, Хрватска, Германија, Канада, Словачка ... ги повлекоа своите војници.

Толку од НАТО. Но, што побргу сфатат во НАТО дека е подобро да се распушти оваа анахрона организација, толку подобро за човештвото оти НАТО е замислен за едно друго време како противтежа на Варшавскиот договор. Со распуштањето на Варшавскиот договор отпадна и потребата од натамошно постоење и на НАТО.

Доаѓа времето на национални сили, патриотите и суверенистите наспроти глобаалистите кои се големо зло за човештвото.

НАТО се распаѓа и ние во Единствена Македонија тоа го дочекуваме со раширени раце. Единствена Македонија е на првата страна на историјата оти сме единствена партија во државата со официјална иницијатива во Собранието дека Македонија нема што да бара во НАТО.

Единствена Македонија

Павел Шатев

Денешен.мк

ПАВЕЛ ШАТЕВ - ПОСЛЕДНИОТ ГЕМИЏИЈА

 

30 јануари 2020 

На 30 јануари 1951 година во Битола починал Павел Шатев, македонски револуционр, родољуб и публицист, еден од легендарните солунски атентатори, наречени "гемиџии", крунски сведок што останал да раскажува за тоа што се случувало во Солун во 1903 година.

**************

ПАВЕЛ ШАТЕВ  е роден на 15 јули 1882 година во Кратово, а умрел во Битола на 30 јануари 1951 година, каде што е и погребан, бидејќи тогашните комунистички власти не дозволиле дури и последното испраќање да му биде во родното Кратово. Неговиот живот е мошне бурен и мачен. Бил член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада. Поради несогласувањето со повоената политика на СФРЈ, бил отстранет од политичката сцена. 

Шатев се школувал во родниот град, прогимназија завршил во Скопје, а во 1900 година матурирал во Солун во машката гимназија. Тој токму во Солун  им се приклучил на Гемиџиите кои во април 1903 година ја изведуваат својата акција, копнејќи за еден поинаков свет и Македонија, без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев бил задолжен да го дигне во воздух со динамит францускиот брод "ГВАДАЛКИВИР", во што и успеа - бродот бил дигнат во воздух од експлозијата, а сите патници навреме предупредени и спасени.

Поради тоа на судскиот процес на 6 јуни 1903 година бил осуден на смрт. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му била заменета со доживотен затвор во Фезан, во Африка.

Во 1908 година, по Младотурската револуција, добил амнестија и повторно доаѓа во Солун. Но, по кусиот престој во Македонија, заминал во брисел каде студирал на Правниот факултет.

Во текот на Првата светска војна бил мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучил во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација бил избран за нејзин претседател. Тој воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година станува разузнувач за СССР.

Битола- Павел Шатев

Мариово

 

Милан Ристески

БЛАЗЕ ТЕБЕ ЈУНАКОВА МАЈКО

(МАРИОВСКИ СВАДБЕНИ ОБИЧАИ)

 

 30 јануари 2020 

БЛАГОСЛОВУВАЊЕ НА СВЕКОРОТ

Рубата ја растоварале од коњот и зетот ја оставал на рогозина.. До рубата стоеле зетот и невестата. Свекорот со леб на глава и филџан вино се вртел околу младите. Со левата рака го држел лебот, со десната се крстел и благословувал: "Ајде да сте вековити, да ви даде Господ среќа, годинава венчање, до година крштевање, да ви е за век страмот, дома и да се тепате, надвор да се милувате". По постаро време вака благословувале сите законити луѓе: нункото, старосватот и деверите.

Невестата и зетот им гувееле на свекорот, свекрвата, нункото, нунката, старосватот, старосватицата и другите законити луѓе. Свекорот го дарувала со чорапи или крпа, свекрвата со фута. Невестата му гувеела и на коњот што ја носел рубата, го бакнувала и го дарувала. Потоа ги дарувала сите родители, девери, јатрви, золви. За време на дарувањето девојките и' пееле:

 ДЕВОЈКО МОРИ, ВАЈСТЕЛСКА ЌЕРКО

Девојко мори вајстелска ќерко,
Бог да го бие твој стари татко,
до кај одеше се се фалеше:
- Имам си ќерка, умна разумна,
умна разумна многу работна,
кај шчо ќе појде, три блазе си му
ќе му одене со кола руба
со кола руба, кола дарови.
- Девојко, мори вајстелска ќерко,
шчо си правила божиќни пости,
Божиќни пости, големи ноќи,
ноќе би прела, дење би ткала,
да си исткаеш танки дарови,
да си даруваш свекор, свекрва
свекор, свекрва ем девери и јатрви
девери, јатрви, золви золвеник
золви, золвеник, стрини, стричеви,
стрини, стричеви, вујни, вујчеви
крши јарми дарувај девери
земај метли дарувај јатрви,
земај трески дарувај стричеви,
корни стреи дарувај стрини,
крши јарми дарувај девери
крши вурки дарувај золви,
лови врапчиња, дарувај внучиња.

*** 

Свекрвата запалувала две боринки, застанувала пред невестата и зетот и ги префрлувала преку нив, да не ги фаќале маѓии. Рубата во земникот ја внесувале машко и жеснко дете на кои им се живи родителите. Во Гуѓаково и Врпско си ја внесувал зетот. По внесувањето на рубата, зетот и невестата влегувале во земникот. Нункото седнувал на чело на трпезата. Тој давал благослов и се крстел: "Да ни се здрави и среќни младите. Годинава со венец на главата, в година со дете во рацете, да им даде Господ колку клинови во sидот, толку синови, колку желки во полето, толку ќерки".

УДИРАЊЕ НА НЕВЕСТАТА ОД ОЏАКОТ

Вечерта во куќата кај зетот повторно се собирале свадбарите што биле канети. На тланикот од двете страни се поставале трпези. На машкиот тланик седеле мажите, на женскиот жените. Во пондилата младите играле. На трпезата имало пиење, јадење: сирење, варена царевка одозгора посолена со шеќер, а некаде и со сол, во зависност од економската моќ на сватот. Пред вечера, деверите и девојките ја воделе невестата од земникот во тланикот, а гајдаџијата им свирел. На крајната врата, пред да влезел свекорот, на невестата и' давал торба со леб. Во торбата бил жеголот со киската со којшто го замесувале тестото. Невестата торбата си ја наметнувала на рамо. Свекрвата на невестата и' давала сало (свинска маст) со кое невестата ги мачкала черчевињата од вратата. Мачкањето со сало било со заштитна цел за да не им влегувале дома Турци.

На влегување девојките ја пееле песната:

 ВЛЕЗИ, ВЛЕЗИ ТЕНКА ТОДЕ

Влези, влези тенка Тоде
не ти е татко, атер ќе сториш,
татко ќе му речиш.
Не тие мајка, атер ќе сториш
мајко ќе и' речиш.
Не ти е брат, атер ќе сториш,
брате ќе му речиш.
Не ти е сестра, атер ќе сториш,
сестро ќе и' речиш.
Да си даруваш мажова рода,
мажова рода, свекор и свекрва.

*** 

На невестата откако ќе го пречекорела прагот, на земјата и ставале суровици дрва. Таа ги собирала една по една на рака.

Девојките и' пееле:

 КРОЦЕ ВОДИ, МАЛ ДЕВЕРЕ, НЕВЕСТАТА

Кроце води мал девере, невестата
на место е, мал девере, не учена,
чевли и' се, мал девере, нековани.

 ***

 Со дрвата невестата го палела огнот. По наредувањето на дрвата, три пати му гувеела на огништето. Потоа свекрвата ја чукнувала три пати од тланикот-оџакот. (Чукнувањето на невестата од оџакот било забележано многу порано и во Прилеп). Чукнувањето од тланикот го правеле за да се врти невестата околу оџакот, да биде домаќинка. Свекрвата ја удирала невестата три пати со пиралка (копан) и и' велела: "Дома да седиш, околу тланикот да се вртиш. Еве ти ги ноќвите леб да си месиш, еве ти ги црепните, леб да си печеш, еве ти го букарот вода да си лееш". Така свекрвата и ги покажувала на невестата сите насобрани предмети со кои требало да се служи како домаќинка.

Зетот и невестата пред вечера гувееле по трпезата. Прво му гувееле на свекорот потоа на нункото, старосватот и на крај на стројникот. Кога младите гувееле, до нив стоеле од една страна девојки, а од друга страна деверот, кои им ги крпеле венците. На зетот му ја пееле песната:

СТРАМНО ОДИ, ЗЕТЕ, СТРАМНО ПУЛИ

Страмно оди, зете, страмно пули,
да си одиш на чесна трпеза,
побарај си твојот мили татко,
побарај си твојот чесен нунко,
што ми те крсти, што ми те венча.
Поклони се до сурова земја,
да му целуваш пола, ем рака.

***

Во Гостиражни и' пееле на невестата:

ЕВЛА ПАЃА НА БОР СЕ НАВАЛА

Евла паѓа на бор се навала:
-Дојди, боре, ихииии шчо ме глава боли.
-Ќути евло, иххххх уста ти капнала,
ќути евло, ихххх ушче не си влегла,
Ушче не си влегла, ихххх дворје,
ушче не си влегла ихххх наша куќа.

***
Кога му гувееле на стројникот, му ја пееле песната:

МОРЕ СТРОЈНИК ЌЕ ТЕ ПРАТА КОЊУ

Море стројник ќе те прата коњу,
мошне надалеку, коњу, во село Јанино,
ајлан дајлан, коњу, во село Јанино,
кај попот Јована, кај ѓакот Стојана.
Море таму имало до три, бре, моми,
ајлан, дајлан, коњу, до три, бре, моми
ако ти ја дадат постарата мома,
ајлан-дајлан, коњу, постарата мома,
скоро да си дојдиш, абер да донесиш
ајлан-дајлан коњу, абер да донесиш,
кулата да руша, куќа да направа,
ако ти ја дадат постредната мома,
седи ем поседи, вино да попиеш,
ајлан дајлан коњу, скоро да си дојдиш,
скоро да си дојдиш, абер да донесиш,
ајлан дајлан коњу, абер да донесиш,
куќата да руша, кула да направа,
ако ти дадат најмалата мома,
ајлан дајлан, коњу, најмалата мома,
седи ем поседи ручек да му ручаш,
ручек да му ручаш, вино да му пиеш,
ајлан дајлан, коњу, вино да му пиеш
скоро да си дојдеш абер да ми донесиш,
куќа да разруша, сарај да направа,
алајн далајн, коњу, сарај да направа.

***

По гувеењето на зето и невестата продолжувале по трпезата да им бакнуваат рака на сите присутни, при што секој ги дарувал со пара. Нункото го најавувал времето за вечера. Гајдаџијата престанувал да свири. Деверот ја носел картата со вино и му ја подавал на свекорот. Свекорот се прексрстувал и давал благослов, а потоа картата му ја подавал на нункото кој, исто така, се прекрстувал и благословувал. Картата со вино се предавала од еден на друг по целата трпеза. Невестата и зетот не седнувале на трпезата, ами цело време стоеле во аголот на тланикот. На невестата и' пееле песна:

ЗАДРЕМАЛА МЛАДАТА НЕВЕСТА

Задремала младата невеста
ја догледа нунко од трпеза,
- Ој невесто, моја кршченице,
што те тебе дремка навалило,
дал'е на арно, дал'е на лошо?
- Ејди нунче, море чесен нунче,
арното ме нунче заминало,
лошото ме, нунче престасало,
кога не се првите стројници
бог да бие мојот стари татко,
јас го сакав Илија војвода,
он ме даде за дете Секула
не ми е жал оти е малечко,
тук' ми е жал што е грдомасно,
грдомасно, дури и несмасно,
уста му е колку мала врата
гради му се како стари даб
раце му се церови корупки.
- Ој невесто, моја кршченице
ако е Секула грдомасен
тоа има големо богатство
тоа има куќа покуќнина,
тоа има овци силно стадо,
тоа има коње ергеле,
тоа има говеда сурија.
- Ејди нунче, море чесен нунче,
пуста му била куќа покуќнина,
шапот му ватил овци силно стадо,
бутур му удрил ергеле коњи,
волкот му јадел сурија говеда.

***

Невестата вечерта ги дарувала свекорот и свекрвата со кошула. Прво му гувеела три пати на свекорот и му ја подавала кошулата. Деверот за кошулата барал од свекорот да и' таксал нешто на невестата. Тој и' таксувал овца, коза и крава, а потоа ја дарувал со пара. (Во Гостиражни и околните села, наместо да и' таксува овца, коза и крава, свекорот и' давал франка). Свекрвата за дарување седнувала на женскиот тланик, на столчето што го дупел зетот. Невестата и' гувеела три пати, а од страна на насобраните жени, едни и турале вода под столот, други и клавале под неа главица кромид.

Деверот ја земал кошулата и и' ја виткал на свекрвата околу гуша и го тегнел двата краја како да ја дави, барајќи од неа да и' такса нешто на невестата. Свекрвата се бранела и не сакала да и' такса ништо на невестата, велејќи: "Што да и' даде? Се' што има се и даду, зар малце и' е, и ја даду кацијата, а најважно и' даду бикче". По настанатата смеа, таа и' таксувала спротивно од она што и' таксал свекорот. Во Гостиражни и околните села кога седнувала свекрвата да ја даруваат, во скутот и ставале тарун, а на тарунот леб. Девојките и' пееле:

 

БЛАЗЕ ТЕБЕ ЈУНАКОВА МАЈКО

Блазе тебе, ихиии, јунакова мајко,
шчо доведе, ихиии, од врата куќница,
шчо доведе од врата куќница,
в часом дојде, ихиии, трпеза ти стави,
в часом дојде, ихиии, трпеза ти стави.

***

Свекрвата исто како и свекорот на кошулата на невестата и давала франка. Деверот ја земал кошулата и ја тресел на огништето, а другите од страна турале сол во огнот. Солта пукала од огнот (како да паѓале вошки од кошулата) и сите   и'  се смееле на свекрвата дека имала вошки.

Во Гостирашни и околните села од тој крај вечерта пред вечера ги кревале најблиските роднини и законитите луѓе и еден по еден го носеле на оган, небарем да ги ставаат да горат. Носачите барале носениот да и' плати на невестата, зашто во спротивно ќе го изгореле. Невестата се обидувала да ги брани, но попусто. По плаќањето носачите го враќале назад на истото место од кое што го зеле. На свекорот му ја гореле капата, а на свекрвата шамијата.

По овие адети почнувале со вечера. Јадењето било секогаш и секаде едноставно: манџа од варено месо со бонгур или зелка, грав и др. За сркање давале дрвени лажици. По завршувањето на вечерата, зетот и невестата повторно бакнувале рака, прво зетот, а потоа и невестата.

Подготвил Марко Китевски

Марија

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ПРОЗА

 

Марија Воденска

ЛЕФТЕРИЈА

Ми доаѓа на мисла и се прашувам: Дали нејзе и' беше потешко во часот кога замина, или мене што ја носам тежината и бескрајно тагувам по неа. Дали му е потешко на оној кој заминува или на оној кој останува да тагува по оној што заминал?! Ете, на тоа прашање, дали некој има одговор? Дали си некој одговорил?Некои велат дека времето лечи. А јас велам, времето е тегоба за оној, кој во секој момент ја бара и ја повикува својата душевна јатка да беседи за сегашноста, за минатото и за старите времиња. Сестра ми Лефтерија умееше да ми раскажува како мајка, како свекрва ми и како баба ми. Таа, милата, имаше дарба и желба да ми пее од вечерта дури до зори. Умееше да запее така нежно и тивко, со милина секој би сакал да ја слуша. Кога таа ќе запееше, мојата работа ја оставав таму, до каде е стигната.

Штом ќе се стемнеше и мракот ќе се спушти, ќе седневме на балконот и ќе ја чекавме зората со хорското натпејување на птиците. А сестра ми, блескаше повеќе од полна Месечина среде мракот. Зрачеше мелодично како ленинградските бели ноќи во септември.

Од последната средба, пред да заминам или да се вратам, сеедно, ми остави спомен во слика врамена во брилијанти, која ниту времето, ниту промените на настаните не можат да ја поматат, а камо ли да ја избришат. Слика, која со времето станува се' појасна, погласна и sвонлива. Напати ќе затрепери, како в соне, но потоа се зголемува и се шири до крајните пори во душата. Се појавува како слика среде поле, меѓу зрелото жито во питомоста на утрото.

Седната и потпрена на столот, сестра ми тивко запеа: "Дали помниш мило либе, кога се двата љубевме, како два летни галаби, вишно високо летавме. Кој ни скрши крилца бели, та паднавме искршени, еден од друг на две страни, еден за друг лути рани..."

Тивкото и бисерно пеење во ноќта се разгласи како тажна виолина по љубовта од минатото. Нејзиниот копнеж, нејзината отворена рана, остана незацелена. Рана од најраната младост, од родниот крај понесена со првата половина од себе си. Рана безгранична со непремост преку граница. Втората нејзина половина остана на боиштето на Пајак Планина.

Пеењето со придружба на жуборот, откај отвореното корито на реката Брегалница, се разнесе со пиркањето на ветрето, испомешано со кукурикањето на петлите откај Исарот.

Тоа утро, пајажината од проsирната маглина, се прошета над покривите под Исарот, а потоа одмагли накај бабите и ја снема. Над градот Штип, блескаво се расрсна сноп од сончеви зраци и го открија лицето на денот.

Тоа утро, од многуте одминати утра, мојата прва половина од срцето и јас, едновремено капната за сон, се прибравме во тивката одаја на катот, да си ја разлабавиме снагата и душата. Во сонот, соништата ни идеа како јасни слики проткаени во иднината.

Уште не станата од меката и удобна постела, сестра ми, ми го раскажа пресносонуваниот сон. Таа секогаш имаше многу јасни и значајни сонови и почна да ми раскажува:

"Ја видов мајка на еден висок рид, целиот во трева, ама далеку. Јас од оваа страна, а меѓу двата рида широк и длабок дол. Сув дол. Мајка ми побара леб и со раката ми покажа, да и' пресечам малку сува сланина за со лебот. Мајка беше сама, а и јас сама. Наоколу никој немаше. Јас се провикнав и и' реков да ме почека, ќе и' однесам..."

По кратка пауза, дорече: "Незнам дали успеав да и' однесам..."

Ја ислушав сестра ми внимателно, а таа потоа замолче и стана од креветот. Молчев и јас, а со умот се рашетав по криводолските ридови до Сушево. По малку време и' реков на сестра ми:

- Какичко моја, ајде да појадуваме и да одиме до чаршијата за да купиме сланина во дуќанот што е зад аголот. Таму има секогаш пресна сланина. Ќе направиме џимиринки и ќе раздадеме за душа, а наближува и денот кога мајка си почина.

- Арно велиш, ти си ми личната Мијка на кака... Ведрина и' го озрачи лицето. Знаев оти сака заедно да прошетаме по штипската чаршија.

Во Скопје, нашите средби зачестија откако сфативме дека нашето време се враќа со спомените од детските домови. Средбите пред Комерцијална банка, во Трговскиот центар, беа повеќе од душевна храна. Расприкажани седнувавме на клупите во "Жена Парк", и тука, којзнае покојпат ги нижевме и разнижувавме бисерчињата што содржат и чуват спомени од минатото. И секое поединечно бисерче си имаше свој сјај и своја боја, зад која се откриваше уште нешто недоискажано. Сјај во препознатливи нијанси од нешто подзаборавено минато, со нови страници од стари исечоци. Преживеани исечоци од најтажниот период во детството и раната младост, кога не разделуваа од мајките, од сестрите од браќата. Бевме разнижан гердан од бисери и распрскани во непознати страни. Ете тоа бевме! Плачот наликуваше на жално блеење на јагниња кога ги делат од стадото овци. Кој го слушнал тоа блеење, не може да го заборави. Зато при секое ново расветлување на нови моменти од минатото, со сестра ми боледувавме повторно и повторно. Таа болест, во одминатите години, ни беше повеќе од лек за душата. Бевме еднодушни со две срца. Сестра ми Лефтерија ми пееше и кога шетавме низ паркот и улиците на Скопје. Таа, единствено таа умееше да ми ја исполни душата со радост, копнеж и носталгија. Ја сакав бескрајно со сите нејзини досетки и случки од минатото и сегашноста. Откако ќе се изнатажевме една на друга за секојдневни фамилијарни тегоби, ќе ја сместевме торбата со јадење меѓу нас. Сестра ми многу често сукаше баница со сирење и јајца.. Како по навика, првата зацрвенета вивка од баникот ќе ми ја подадеше мене. А јас сакав најубава вивка да е за неа. Таа милата, ќе речеше: - Јас ќе јадам и дома со децата. Сега сме заедно и сакам двете да каснеме... И уште не дојадени ќе праша:

- Кога пак ќе дојдеш?

- Кога ќе речеш ти. Какичко моја!- Ќе и одговорев.

На испраќање, пред да се разделиме, ќе седневме кај "Фуфо" и ќе се засладевме со кафе и сладолед. Јас знаев дека таа многу сака сладолед и тоа ни беше како капак на денот што изминува.

Бостон, 04 мај 2014 година

Ана

 ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

 

 

Песната на Ана Бунтеска  "Колку е потребно за среќа?" од истоимената книга е објавена во ЖЕНСКИ МАГАЗИН, а може да ја побарате во книжарницата Матица.

 

КОЛКУ Е ПОТРЕБНО ЗА СРЕЌА?

Колку е потребно за среќа?
колку треба за да ти игра срцето
и очите со смеа да ти се наполнат
да ти биде убо во градите
лесно и спокојно ко облак во нив да имаш
ама не
од алчност
од "дај, многу дај"
од тоа душите ни патат
од стрвност за најаска до блуење
за напивање до опивање
за љубов до нељубов
од тоа си патиме
од она што велеше баба ми
"дури и животното знај кога му е доста
само ние луѓето умираме од премногу"
а мене со годините телово веќе ништо отпоќе не ми прима
ниту храна
ниту вода
ниту среќа
само со тагата беља си имам
ете, кантаров таму нешто грешно мери
па си се тешам дека никој совршен не е
и некако врвам, вака или онака
скоро 44 лета сум свикнала
а и од својата кожа нема бегање
колку
колку е таман за чоек мирен да е
да му стивне во умот и срцето
без тежини и вулгарна еуфорија
мирно да си тера
ама за така скроен треба да си
оти не се учи тоа, никаде го нема
ниту во училишни клупи
ниту пак прирачник има
"спокој во 100 чекори"
та да си читаш навечер кога тивко е
и со книжулето под перница да спиеш
а сабајлината раат да станиш
и да не ти sенsа во утробата
ех
колку ли е доволно за среќа?
за да немаш свенати усти
ниту темни кругови под очите
колку е потребно за да му се насмееш на денот
и во себе да се помолиш
да кажиш фала што жива сум
за детето да си го гушниш и мирисот детски да го вдишиш
та од младоста срцето да ти се подмлади
и навечер пред да си легниш
да се збогуваш со денот
со надеж дека следното утро ќе се разбудиш
а потем дека си научил нешто
дека среќата е во мигот
во пиењето кафе на студот
и мирисот на дождот
во ветрот кој под капутот ти се пика
и смеата со твоите луѓе
во неговиот поглед
и здивот во твојот врат
во моментот кога влегува во тебе
а ти под кожа му се пикаш
кога ќе нашкрабаш песна
и кога некој дур ја чита си вели
"како јас да ја пишав!"
колку треба за среќа
и мудрост за од малку-многу да сториш
еве учам
уште учам
и барам
внатре во себе барам
кантарот го местам
редам и одредувам
за да најдам колку е потребно
за среќна да бидам.
***********
Ана Бунтеска

 

 

ВИДЕОТЕКА-ВИДЕОТЕКА

Kind regards: Сотир Гроздановски-Македонски

број 266, 04 февруари 2020 година