Сотир

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ТОЛКУ ЛИ СМЕ РАСКАРАНИ?

**************

 

25 јануари 2020

Првите години по завршетокот на Втората светска војна (1945) беа одлучувачки за  нашата иднина. За нашиот препород и опстој како  македонски народ не само на Балканот, туку и во светот. Тоа беа години во кои се стекнавме со самодоверба во сопствените способности дека можеме да го менуваме светот  во кои живеевме со векови, како туѓи робови. Но и одлучност за ослободување   од сите поробувачи: Бугарите, Србите, Грците и Албанците и обновување на македонската национална држава изгубена пред векови зад нас.

Задоени со слободарскиот дух на  славните предци  и ние, иселените, истераните, пребеганите, несреќните ...  чезнеевме за својата и слободата  на нашата земја, Македонија. Одново се почувствувавме дека сме дел од народот во земјата која ја оставивме за  еден ден пак да се вратиме и ги обновиме огништата во кои се' уште тлее пузата на нашите детства.

Бевме млади и полни со самодоверба дека со изградба на македонски православни цркви и културни центри на секаде по светот, нашето обединување, еднаш за секогаш, ќе биде остварено. Ако не' територијално, барем духовно, за почеток. Ќе се куртулиме од странските пропаганди кои не следеа и тука, во  живеалиштата надвор од татковината, која тек што се ослободи и започна нормално да живее како и другите балкански држави. 

Детроит, една од  најголемите македонски заедници создавана со тек на многу години и времиња на секакви промени во краевите од кои дојдовме да бараме слободно засолниште за себе и за нашите семејства, не се разликуваше по ништо од другите во Канада или во Австралија. На секаде каде што се населуваа Македонците, ги следеа и нашите сегашни и поранешни окупатори. Со своите политички, културни и црковни институции упорно се обидуваа да го задржат статусот кво кои и денес владее во некои од нивните држави на Балканот. Љубоморно ги чуваа асимилиторските "успеси" со кои ги држеа Македонците во покорност и духовно ропство. А во многу случаеви и физичко елименирање преку етничко чистење на нивните древни животни простори. 

Бидејќи постарите генерации македонски иселеници не беа во можност да ги разберат непријателските пропаганди на своите поранешни окупатори, беа подложни на прифаќање дека тие се или Бугари, или Срби, или Грци, дури и Албанци, спрема територијата од каде доаѓале во овие странски земји. Тие каде што владееле Србите биле Срби, каде владееле Бугарите, Бугари, а оние од егејскиот дел на Македонија Грци. Но за чест на вистината, еден голем број од нив никогаш не се идентификуваа со тоа наденато име, туку секогаш со гордост го истакнуваа своето македонство.

Ваквата ситуација во тие времиња беше резултат на се' уште незаживеаната македонска држава и македонската православна црква како два, важна, столба на нашата безбедност. Државата без доволно национално освестени водачи, а Црквата сиромашна со добро образован свештенички кадар способен да му парира на противниците и да ги прифати предизвиците на новите времиња.

Тоа беа причините што туѓите културни и црковни институции беа "супериорни" и привлечни за македонските иселеници сеуште национално неосвестени и недоволно образовани. А уште помалку запознати со сопствената црковна и национална историја. Таквата положба во нашите заедници почна да се менува со доаѓање на Македонци од Република Македонија, за која многу имаа погрешни информации, добиени од погрешни и непријателски извори. 

Затоа и  борбата за секој Македонец беше тешка и понекогаш обесхрабрувачка.  Секоја туѓинска црква си ги чуваше  верниците во својот "атар",  без можност на меѓусебно мешање и размножување. Тоа беше добро испробан начин за мир во куќата, воспоставен од Римјаните после победата над последниот македонски владател Персеј и распадот на славната македонска империја  со последната македонско-римската војна во 168 година п.н.е. Причината? - па пак неслогата меѓу владарите, алчни по  власт  во Македонија и контрола над народот. 

Република Македонија, создадена   со река крв на Илинденците и партизаните во Втората светска војна постана Мека за освестените Македонци од сите делови на земјата македонска: Беломорски, Пирински, Албански и Вардарски, секој од нив со Букурешкиот "мировен" договор од 1913 година ставен под окупација на соседите се' до Втората светска војна. Нејзиното создавање не дојде како подарок од некоја странска сила, туку со силата  на македонското оружје и 100.000-та македонска војска. 

Но зад секое добро секогаш тапка и лошото,  чекај си ја шансата да си го земе "своето".  Па така и  младата македонска држава  ја следеа лошите духови од минатото: нерешеното таканаречено македонско прашање  злонамерно измислено од соседите, кои претендираа на делови од македонската територија.  Но со статусот на рамноправна членка во заедничката сојузна држава, Република Македонија стана фактор кои им ги загрози интересите стекнати со Букурешкиот "мировен" договор. Но не за долго. Како и пред тоа, така и сега си го чекаа своето време за делување. Ама овој пат   со помош на внатрешни квислинзи и изроди од политичките партии, особено од двете "големи" СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ а примамливата стапица за лакомите и оние со нечесни намери (Албанците) им беа НАТО, Европската Унија и дел од западниот дел на Македонија! 

Со зголемувањето на надворешните притисоци врз Републиката, се зацврстуваше и се' уште се зацврстува единството и заедништвото на македонските иселеници. Знаејќи за нас дека сме сигурен втор одбранбен ешалон на татковината, зошто сепак крвта не е вода, домашните велепредавници со Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ,  набрзина се одрекоа од нас, мислејќи со тоа да ја ослабат моќта на македонската нација за секакво дејство, ако за тоа се појави потреба. Причината? - па како туѓинци не смееме легално да си ги посетуваме своите родни краеви и гробовите на нашите предци. Но и да се сметаме за надворешни агресори, ако бидеме замолени за помош во случај да им затребаме на нашите браќа и сестри. Во помош, во случај нивните животи и безбедноста на нашата татковина е загрозена од надворешни и внатрешни непријатели и велепредавници. 

Нивните предавнички договори со Грците, Бугарите и Албанците направија пустош во Македонија, а Македонците и понатака молчат. Целата тежина за одбрана на македонските национални интереси падна на мали групи патриоти, од кои повеќето се жени и деца. Преку мобилни видеозаписи го информираат светот дека Македонија се' уште е жива и дека ќе се борат дури има сила во нив и дури се' уште тече низ нивните жили крв Македонска. Тука се и социјалните информативни мрежи преку кои, исто така, се шири вистината за денешните состојби во Република Македонија и дека Северна Македонија не е македонски проект, ниту избор македонски  туку избор на домашни велепредавници кои водат свои политики спротивни на интересите на македонскиот народ диригирани од странски групи со нивните приватни интереси.

Старите душмани не се обесхрабрија од создавањето на Република Македонија како центар на евентуалното идно територијално и духовно обединување, туку бараа погодни велепредавници и лесно корумпирливи изроди кои ќе ја завршат нивната валкана работа.  Не ги обесија пушките на врба а ножевите фрлија в река. Го следеа развојот и на СФРЈ и на Република Македонија во неа. Нејзиното растурање го поттурнаа за после смртта на претседателот Јосип Броз Тито, личност со многу човечки маани и уште повеќе добри државнички особини. И така бидна! Одново крваво растурање на една балканска држава со голем светски углед и љубов од своите граѓани, нив над 23,000.000 од сите народи и народности и сите вероисповести. Сите си отидоа по својот не изоден и непознат пат со знамето на повеќепартискиот и капиталистички систем. Некои успеа да ја сочуваат својата независнот, а некои уште повеќе се расцепкаа за поарно Европа и Западот да ги проголта. И се' така, спрема плановите од после Балканските и Првата светска војна.

Чекаа долго и дочекаа!

Република Македонија беше секогаш на нивниот нишан и никогаш не беше заборавена, ниту и' беше јажето премногу долго пуштено за да фати корен и да им се истргне од нивните канџи.

Верувајќи во силата на нашата држава и сплотеноста на Македонците во неа, заборавивме на опасностите кои навреа од сите страни. Легнавме и ја заборавивме Титовата лозинка: "Да бидеме секогаш будни, зошто непријателот никогаш не спие!

И  беше во право!  Ни се оствари тоа, што Тој не сакаша да ни се случи и покрај сите фрлени камења врз неговата жива и мртва глава!

Пијани од своите успеси и стекнатата независност во 1991 година, легнавме  и заспавме. Ја фрливме гуната, несвесни дека е можно зимата да дојде и порано од времето што природата и' го подари!

Предавствата на македонските национални интереси не започнаа одма после осамостојувањето, туку малку подоцна, со агресијата на албанските терористи од надвор и одвнатре, организирани и водени од НАТО и западно-европските партнери и наши "сојузници".

Изборот на Зоран Заев за претседател на македонската влада и Талат Џафери за претседател на македонското Собрание, беше правиот почеток на демолирањето на Република Македонија и создавање на новата и измислена политичка креација Северна Македонија. Се разбира со свои следбеници, македонски изроди и велепредавници, но и амнестирани терористи од времето на агресијата врз македонската држава и Македонците во неа.

Но да се вратиме малку наназад во времето на  Љупчо Георгиевски, премиер за времето на Киро Глигоров  и еден од главните оснивачи на ВМРО-ДПМНЕ, како подоцнежна алатка за разнебитување на македонската новосоздадена држава Република Македонија, во полза на Бугарија.   

Неговите чести посети на македонските иселеници не беа во интерес на Македонија или против "југокомунизмот". Тие имаа свои посебни и велепредавнички цели. Злоупотребувајќи ги блиските врски со симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, собирите на кои секогаш ја започнуваше својата приказна со борбата против "југокомунизмот" како најголем непријател на Република Македонија, всушност беше начин за замаглување на присутните како би после тоа отишол кај своите пробугарски МПО-овци да ги информира за потребите на ВМРО-ДПМНЕ и плановите за федерализација и поделба на македонската држава во полза на Албанците и Бугарите. Притоа користејќи ја тактиката на крволокот Ванчо Михајлов и неговите идеи за Македонија како Швајцарија на Балканот, но во состав на бугарската држава. Зошто, нели, Македонците се застранети Бугари кои и' припаѓаат на Бугарија! Што подоцна овој велепредавник, Љупчо Георгиевски, со своите пробугарски настапи по Македонија го потврди без да изгуби влакно од главата! 

Со други зборови, да се реализира неважечкиот Сан Стефански договор од 1878 година, од времето на Руско-Турската војна, со кој се предвидуваше (од Русите) Македонија да се припои кон Бугарија, наместо по распадот на Османлиската империја да се осамостој во посебна македонска држава. 

Ајде сега да се вратиме на кај насловот на текстов и да завршиме!

Како што и самиот наслов ни сугерира разединетост, неслога, омраза, не одговорност, млитавост, неодлучност, страв од неизвесноста... тој уште ни ја посочува и големата раскараност и не парламентарност во нашите меѓусебни односи и секојдневни комуникации. Средбата помеѓу Солза Грчева и новинарот Зоран Иванов на канал 5 во  "само вистина" од пред два три дена ни ја потврди вистината. Ни потврди  дека насловот на овој текст има смисла и држи вода.

Однесувањето на Солза Грчева, по мое сопствено мислење, можам да го оценам како коректно, интелигентно и богато со факти кои би требало да се земат во сериозен предвид од сериозни политичари кои и' го мислат доброто на Република Македонија и на македонскиот народ. И до колку навистина мислат да ја доведат државата во ред и без корумпирани и неспособни политичари заседнати на најодговорни места во Државата.

Нејзината  оценка на работата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заедно со постигнатите резултати за време на нивното наизменично триесетгодишно владеење со македонската држава е катастрофално и деструктивно. Вели таа. Тоа значи, македонскиот народ, особено Македонците, до колку размислуваат да излезат на избори на 12 април 2020 година, да водат сметка, кого  го бираат да ја води државата. Ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ не ја заслужуваат таа чест и би требало да се најдат надвор од политичката сцена во Република Македонија. 

За разлика од Солза Грчева, Зоран Иванов е изгубена овца која постојано блее во полза на СДСМ, докажувајќи ја својата неспособност и политичка незрелост да ја свати погубната улога на СДСМ и Зоран Заев во целата оваа противуставна ујдурма за деструкција на се' што е македонско.

Тој не е свестен дека ниту една европска асоцијација не е вредна да се жртвува името на Македонија и идентитетот на Македонците, вклучувајќи ја и последната иницијатива да се прогласи македонскиот јазик како втор официјален јазик во северна Македонија, после албанскиот, а за надворешна употреба на албанските полуписмени дипломати како странски и не обврзувачки јазик за комуникација.

Зоран Иванов на СДСМ, како најголема албанска политичка партија спрема зборовите на Љубомир Фрчковски и' претскажува голема победа над ВМРО-ДПМНЕ. Уверен дека мнозинството во земјата мислeлo како него, тој се згрозува и од самата помисла на можноста "режимот" на Груевски да се вратeл во земјата. 

И на крајот,

ДАЛИ НАВИСТИНА МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ТОЛКУ РАСКАРАНИ ДА НЕ СЕ ВО СОСТОЈБА  ДА СЕ ДОГОВОРАТ  ЗА СУДБИНАТА НА СВОЈАТА ЕДИНА ТАТКОВИНА И НЕЈЗИНИТЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИ ИЛИ ПАК НЕМОЖАТ ДА СОГЛЕДААТ ДЕКА ЖИВОТОТ Е ЕДЕН, АМА БЕЗ СВОЈА ТАТКОВИНА НЕ Е ВРЕДЕН

За секогаш Ваш Сотир! 

 

Крсте П. Мисирков

 "ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ"

 

22 јануари 2020 

На 25 декември 1903 година во Софија излегла од печат книгата "За македонцките работи" од македонскиот публицист и лингвист Крсте Петков Мисирков.

Во неа Мисирков ја истакнува и ја заштитува националната индивидуалност на македонскиот народ и неговото право на самостоен културен и национален развој. На едно место во книгата пишува: "Македонците, како посебен словенски народ, што низ вековите ја делел судбината заедно со соседните словенски и несловенски народи, си имаат сопствена национална историја и култура". 

Книгата ги претставува погледите на еден од најголемите македонски и национални дејци кон македонското прашање, националната свест и пред се' на потребата од завршување на националната афирмација и ослободување на Македонците како посебен народ со особено значење на улогата за кодифицирање на литературен македонски јазик.

ПОЛИТИЧКА АНАЛИЗА НА СОСТОЈБАТА ВО МАКЕДОНИЈА

Во книгата се обработуваат тематики поврзани со основање на стандарден македонски јазик, правопис и азбука во контекст на изнесениот политиколошки поглед на тогашната актуелна политичка состојба во Македонија по Илинденското востание, како научно-теоретски погледи за самобитноста и посебноста на македонскиот народ со историски пристап кон настанокот на другите европски и словенски народи, со единствена замисла и цел за национална афирмација на македонскиот народ во современа  модерна европска нација со своја слободна, целовита и независна држава Македонија.

Книгата на Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското националноослободително движење. Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.

Во самата книга, тој 10 години пред Балканските војни и Букурешкиот мировен договор, ја предвидува можнста од поделба на Македонија меѓу балканските држави, предлагајќи обединување на сите македонски народности, како и интелектуални, револуционерни и ослободителни сили и движења во една и заедничка борба за ослободување на Македонија со цел да се оневозможи ваквиот процес и истовремено предлага воведување и сеопшто прифаќање на терминот Македонец/ Македонци во официјална употреба за националноста на македонското словенско население во вилаетите на Отоманската империја на подрачјето на Македонија.

Согледувајќи ја тогашната политичка состојба во Македонија по Илинденското востание, Крсте Мисирков во книгата се осврнува и на предложените македонски реформи како поволна политичка одлука за Македонија и Македонците и истовремено смета дека поради опасноста од поделба на Македонија заради вмешаноста на соседните балкански држави и нивните пропаганди, подобра е соработка и спроведување на реформи во рамките на Отомаската империја што ќе се зачува целовитоста на Македонија, а ќе се намалат страдањата и убиствата над македонскиот народ, отколку да се спроведува револуционерна борба поттикната и под знаме на еден дел од населението и општеството.

Книгата "За македонцките работи" била испечатена во 1903 година во Софија, тогашно Царство Бугарија и била печатена во т.н. "Либерален клуб". Книгата има околу 120 страници и поделена е на пет дела и предговор. Четири од петте поглавја се всушност и говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија.

МИСИРКОВ И ЈАЗИЧНОТО ПРАШАЊЕ

Во ваа книга тој го прогласува централното македонско подрачје за литературен македонски јазик и ја определува својата национална програма, во која главно место има прашањето за македонскиот литературен јазик. Со оваа книга, тој теориски ги изложи погледите за оформување на македонскиот литературен јазик. Неговиот јазик, всушност, е нормиран јазик и претставува солидна основа за дефинитивно нормирање и кодифицирање на македонскиот јазик.

Последната статија во оваа книга носи наслов "Неколку зборови за македонцкиот литературен јазик" и претставува прв научно аргументиран, теориски солидно поставен и практично разработен проект за кодификација на македонскиот јазик.

Мисирков трга од особеностите на македонскиот јазик во однос на другите словенски јазици. Тој ја разгледува неговата историја, неговата практична примена во писменоста, како и културно-историските околности кои придонесуваат да се избере западномакедонското наречје и да се издигне на ниво на литературен јазик.

Според Мисирков, потребата од одделен македонски литературен јазик е национален интерес на македонскиот народ и успешно средство во национално-политичката борба против туѓите пропаганди и против употребата на туѓите соседни јазици. 

Мисирков се определува за брзо решавање на македонското јазично прашање и ги оформува своите ставови за македонскиот литературен јазик, главно, во три точки: за основа на литературниот јазик ги зема централните говори (на линија Велес-Прилеп-Битола-Охрид), бидејќи тие се еднакво оддалечени од соседните литературни словенски јазици (бугарски и српски); го поставува правописот врз фонетска основа, со мали отстапки на етимологијата; во лексиката предлага да се вклучуваат елементи од сите македонски говори.

Така, во изговорот и правописот инсистира на: испуштање на интервокалните согласки и тоа на в (чоек, жиот, зборои ит.н.), на х (дуот, Орид), на д (создаит) и слично ф наместо старото х (успеф), антиципација на мекиот изговор на ќ  и на њ (брајк'а, стаин'е) групата шч (шчо, опшч), групите стр, здр во сите случаи (стред, здрел, праздна), наставката цки наместо ски (македонцки, балканци).

На морфолошко поле, инсистира на наставката - т во трето лице еднина сегашно време (требит, мислит, значит), исто и кај формите од помошниот глагол јет, сет. Значително е што предлогот од имал две форми, па забележуваме користење на предлогот от пред збор што започнува на беззвучна согласка и предлог од пред збор што започнува на звучна согласка и гласници.

Мисирков го прифаќа кирилското писмо и составува азбука врз современи принципи. Во македонската кирилица тој воведува неколку нови графеми: i, к', г', н', л', со кои таа се разликува од другите кирилски писма. Исто така, во согласност со фонетскиот правопис инсистира на бележење на едначењето по звучност.

Во лексиката и особено  во зборообразувањето, инсистира на народна лексика и на живи зборообразувачки модели: дележ, продолжаач, опитуачка и слично.

https://denesen.mk

Виолета

Професор д-р Виолета Ачкоска

СТРЕЛАЊАТА ВО ЈАНУАРИ 1945 ГОДИНА

Во Куманово се ликвидирани 50-тина луѓе, во Велес 53

 

19 јануари 2020 

На 7 и 14 јануари 1945 година со паролата "на Солун" дојде до бунт на артилериските бригади на скопското Кале и од штипската касарна. Директно или индиректно, бунтот предизвикал несакани чинови на одмазда од страна на претставниците на ОЗНА, меѓу кои особено црни дамки, во ткивото на младата македонска држава оставиле ликвидирањата на граѓани без судски пресуди што се случиле во некои македонски градови. Под директива на сојузна ОЗНА и нејзиниот командант Јевто Шашиќ, а со подршка на Политбирото на КПМ, на 14 и 15 јануари 1945 биле ликвидирани околу 50 (48-54, според различни сведочења) граѓани во Куманово и 53 во Велес. За овој чин не бил информиран ниту Методија Андонов-Ченто како претседател на Президиумот на АСНОМ, ниту повереникот за внатрешни работи Кирил Петрушев. Откако разбрал за злосторството, Ченто побарал објаснување од Колишевски кој му одговорил дека "партијата така одлучила" и се правдал дека е тоа "по налог на Кардељ" (по Второто заседание на АСНОМ).

Скопското Кале.

Тоа всушност било во рамките на политиката "да се прикажат повеќе жртви" пред сојузниците. Ченто бил многу вознемирен од ставот на партиското раководство, објаснувајќи дека "едно е да се судат, друго е да се осудат, а трето е да се стрелаат ако нивните жалби не бидат усвоени од највисок орган. Но, да се стрела без пресуда, само за да има повеќе жртви, исто така е злосторство". За да се има некакво покритие, судска пресуда за убиените била донесена постхумно со образложение "убиените се криви".

Ликвидираните граѓани биле од различни социјални средини, со различна улога во предвоениот и воениот период: интелектуалци, членови на ММТРО, на ВМРО, селани, контрачетници, соработници на окупаторот, патриоти, иматели на сопственост итн. За нивното ликвидирање семејствата со децении молчеле во страв. Во 1996 година беше откриена гробницата на убиените велешани, за онаа во Куманово, се' уште се молчи.

https://denesen.mk

Марко Цепенков

 ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

*** 

100 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МАРКО ЦЕПЕНКОВ

(НА МАКЕДОНИЈА И' ОСТАВИ БОГАТСТВО ОД 10 ТОМНА НАРОДНА РИЗНИЦА)

 

19 јануари 2020 

На 29 декември 1920 година, на 91-годишна возраст, во Софија починал Марко Цепенков, еден од најголемите собирачи на народни умотворби кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, за националната историја, за правото и за моралните вредности.

***************

Цепенков е автор на драмското дело "Црне Војвода", а неговата автобиографија претставува богат извор за проучување на целокупниот живот во Прилеп и во Македонија.

Творештвото на Цепенков е собрано во 10 книги повеќепати преобјавувани во Македонија. Роден е во Прилеп на 07 ноември 1829 година.

 ИЗВАДОК ОД АВТОБИОГРАФИЈАТА НА МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Еден неделен ден седевме во читалиште: јас, Методија и К. Шапкарев, чекавме да се зберат членовите. Лаф - муабет, не знам како дојде зборо, Методија му кажа на К. Шапкарев оти пишувам народни работи.

- Аман де, - рече К. Шапкарев, ете и јас таков чоек барам. Те молам, господин Марко, ќе ми донесиш тие што си ги пишал да и' видам, ако ми имаш ат'рот.

Јас со голем ќеф отрчав до дома и му донесов едно тефтерче што бев пишувал некој работи. Кога 'и виде тие нешта, голем ќеф стори и ме моли уште ако имам да му 'и даам и да му пишуам сеедно, чунки и тој имал собрани, да коа ќе му се најде времето, ќе 'и напечател и ќе и пишел за мојте што му 'и дадов, оти јас су му и дал и името мое ќе го пишел во книѓите што ќе и печател. И за вистина ме пишал во првио сборник Шапкарев.

- Знаиш што му велам, господин Кузман, - му рече Методија на К. Шапкарев на господина Марка, само да пишуваш ваквие работи, едно ќе се учи и друго, еве као што велиш ти и името ќе му  се пиши.

Од тие и друзи зборои јас толку што се насрчив што ноќе-дење само тоа мислам и тоа слушам од луѓе, кај што зборуваме за некој работи. Штом ќе чуев некоја пословица од некој чоек, на часот ќе ја запишев.

- Па нешто пиша, господин Марко-ќе ми речеа пријателите,-од што зборуавме. Чуден мерак имаш вистина на овие работи!

Јас се нареков меѓу народот како некој антикаџија, тиќи секој кој ќе ми кажеше нешто, мислејќи како да сака да ми поможи со тоа што ќе ми кажи за да ме добие со некое имание, да ме обогати. По едни пријатели кога сака да ми кажа некоја приказна, со прво ќе се пазареа со мене:

- Ќе ти кажам една чудна приказна, господин Марко, ама што ќе даиш? Оти оваа приказна што ќе ти кажам јас никоаш не си ја чул. Знаиш колку е стара, уште од деда ми сум ја слушал, Бог да го прости кај што починал.

Друг ќе ми ја кажеше некоја приказна и откако ќе ми ја кажеше ќе ми речеше:

- Е сега, г. Марко, те бендиса оваа приказна што ти ја кажав? Колку пара ќе ми даиш уште една да ти кажам, уште поубаа?

Се ваквие пазарлаци и без пазарлаци сумти збирал народни работи (умотворенија) и сум работил занат терзил'к и сум гледал татко, мајка и челад и напреднав-од ниедна пара да станам еден мал тргоец, што да си купуам стока во панаѓурите за на дуќан да продаам цела година, со мој паричќи.

А пак откоа се расипаа панаирите, одев во Битола по стока во град Солун и неколку пати во Стамбол. При се што ми беше мала сермијата, честа ми беше голема, од кај ќе посакав во заем-не ме враќаа.

Баш во тоа време коа напредуав, се почна у нас црковната работа (вопросот) и училиштата, да се делиме со гркоманите (Власите). Караницата со прво се почна од Методија Кусев подбуден од Славејковите газети што ни идеа од Стамбол. Во тоа време беа и учителите: Н. Ганчев и друзи рошкаџии (подбудители народни). Најпрвите беа: Ицо Прцан, Коне Чешлар, Адамче Зуграф, Ноче Кантарџија, Биоче и друзи неколцина.

https://denesen.mk

ЕЃУПТИНО И МЕЧКАТА

Една мечка мршојатка беше се настрвила на едно бачило, та му чинела пакос и му давила многу овци. За да не му праи толку многу пакос мечката на бачот, му врзуал по една најслаба овца кај што одела и си ја јадела, ката ден така праела.

Отишол еден Еѓуптин еднаш на тоа бачилоо да пита изварка и друго од бачилото и во истото време ја врзуал овцата бачо за мечката да ја јади.

- Ако ме даруаш малце изварка, чорбаџи-му рекол Еѓуптино-за Бог да прости и за некој грнец маштеница.

- Нема да те даруам ни тебе годинава ни па друзи, оти еве ката ден кај је давам на една пуста мечка по една овца.

- Што ќе ми даиш, чорбаџи-му рекол-јас да ја отепам?

- Еден тоар цел ќе ти тоарам од се' што имам во бачилото. 

- Е, лели је така, чорбаџи, земи си ја овцата и јас ќе седам наместо овца и ќе видиш како ќе ја пцоисам.

Што ќе ти напраи Еѓуптино?

Се слекол угол гол коба приближала мечката и се наведил со главата наземи, собран како некој гргул (згрбен). Едно дошла мечката и наместо овца да најди, најде гол чоек. Клала раката на врато на Еѓуптино и го подушила; се завртила од другата страна, па од другата страна и никако есапо не 'и го ваќала да го јади. Во истото време коа дошла најпосле до месо, тики рипнал просто и кога виде мечката што не беше видела, свикала што да можи и од страв беше ји' пукнала жолчката и си падна пцојсана наземи.

На тоа згора, бачо го даруа со еден тоар благота.

 

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

*********

 

АНТЕ ПОПОВСКИ

 

ЉУБОВНА

Пред да се раздени
За неа беше разденето
Пред да се стемни
За неа беше стемнето.
Го преврзуваше сонцето со влажна шамија
И го успиваше крај неа.
Ние, дури чекавме да расцутат овошките,
Таа веќе ги береше плодовите од нив
Полни чинии поставуваше пред нас
И ништо не ја возбудуваше.
Ние ќе и' покажевме камена птица што лета
Таа ќе речеше: Да тоа сум јас,
Птица во окото на сонцето!
Ќе и' принесевме сини цветови што ги брал
Александар Македонски покрај Златна река
Таа ќе речеше: Тие цветови веќе сум ги носела в пазуви!
И секогаш
и секогаш молчеше. Велеше, се' што имам да речам си го рекеов себеси
Право е на другите да си молчат за својата судбина
Не постоеше ништо што можеше да ја возбуди.
Цел живот верував дека е жена
Не знаев дека е Бог
Само тој не копнее по ништо.
*********
Анте Поповски

 

ВИДЕОТЕКА-ВИДЕОТЕКА

Kind regards: Сотир Гроздановски-Македонски

број 264, 25 јануари 2020 година