Сотир

 

 Сотир Гроздановски-Македонски

ЗАКАНИ И УЦЕНИ НЕ САМО  ОДНАДВОР, ТУКУ И ОДВНАТРЕ

 

 20 јануари 2020

Зоран Заев веќе е пуштен низ вода од Западот во кој најмногу се надеваше. Беше уверен, дури, и Нобеловата награда дека ќе му ја доделат. Меѓутоа, ништо од сето тоа. Тој и така беше  човекот за една употреба и после тоа како и секое  ѓубре да биде фрлено таму каде и припаѓа. Но тој се' уште прета, верувајќи дека ќе успее по втор и последен пат да седне на македонскиот трон. Па може и тоа да се случи, како и многу други работи во изминатите две три години.

Кампањите за доуништување на Македонија се во полн ек. Не се кријат, повеќе, намерите на претендентите за иден претседател на  сверномакедонската влада. Дури и албанските партии се засилија и бираат своја жртва за заокружување на своите нечесни барања. Едни велат дека СДСМ е поарен за нив, зошто полесно ќе добијат се' што сакаат, а другите пак со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, со кој добро се познаваат од минатите коалиции и си го имаат муабетот.

И со едните и со другите, Албанците лесно ќе манипулираат, зошто и едните и другите немаат сили да формираат Влада без нив. Па затоа, за Македонците не останува друго чаре, освен обединување во една силна македонска политичка партија и на идните парламентарни избори да се сретнат очи во очи  со предавниците и ги испратат каде им е местото. Да ги скинат од нашите плеќи, за никогаш повеќе да не се вратат на македоската политичка сцена. 

Никој повеќе не ја споменува Република Македонија, Преспанскиот и Бугарскиот  договор и Албанската Тиранска платформа   уверени, дека Македонците  немаат друга алтернатива. Дали сето тоа  ќе биде така, ќе се увериме на 12 април 2020 година. 

До колку и овој пат го пропуштиме возот, во тој случај ќе потврдиме дека сето тоа што го добивме од Зоран Заев и Христијан Мицкоски, сме го заслужиле.

Политичарите постанаа најголеми душмани на својот сопствен народ и не им е гајле што ќе остане од Македонија. Јагленче по јагленче,  го гаснат македонското огниште. И не само СДСМ, која веќе се смета за најголема албанска политичка партија, спрема зборовите на Љубомир Фрчкоски, туку и  ВМРО-ДПМНЕ. И тоа се' поотворено, сметајќи не сите и дома и надвор за недоветни и неспособни да се одбраниме од такви како нив.

До пред некој месец дена, Христијан Мицкоски се криеше пред очите на Македонците, но сега тој и неговите гласноговорници си ги покажаа роговите, па не уверуваат дека мандатот на нивниот водач не требало да биде мандат за борба со прашањата како двојазичноста и поништување на сите катастрофални договори со соседите, туку борба за економски развој, запирање на иселувањето, подобри услуги од јавниот и приватниот сектор. Потоа, пак,  во Македонска Нација се вели: ..."за да може да се исполни планот за обнова на земјата, потребни се 60 пратеници за ВМРО, за никој да не може да се осмели да го уценува Мицкоски". Бре, бре! Па утре да ни рече: па вие ме избравте да правам што јас мислам дека е  поарно за вас!

А со што ги заслуживте тие 60 пратеници, господине Мицкоски? Вам ви се доста и осум, па да ја свртите Македонија ничкум!- не е ли така? Не е ли вашиот  план за "обнова" (на Северна Македонија) всушност фрлање пепел во нашите очи?  Наместо да се свртите кон поништување на сите криминални и антимакедонски договори со соседите,  вие се борите, како "иден" премиер, да ги зацврстите темелите на Северна Македонија, ги избришите Македонците како народ и нација и ја довршите федерализацијата на Република Македонија започната од ВМРО-ДПМНЕ и вашиот избеган челник, Никола Груевски. Ама во овој случај, господине Мицкоски, ќе ја избришите и ВМРО-ДПМНЕ, како ваша крајна цел.

Што е со скандирањата на голем број ваши членови: "СЕВЕРНА НИКОГАШ - САМО МАКЕДОНИЈА"? Очекувате  ли тие верни членови да постанат и ваши соучесници во предавствата и нечесни намери? И тоа е можно! Но што после тоа?

Цел свет ја знае вистината и последиците од промовирањето на измислената политичка творба наречена Северна Македонија. Само македонскиот народ се' уште се залажува дека договорите со соседите се добри и тие биле патот кон иднината. За каква иднина се работи без минато? Без национален идентитет, без национална историја,  без македонски јазик, без име македонско, култура македонска, традиции, чест и достоинство? -  господа квази политичари, универзитетски професори, академици, корумпирани судии од сите степени во македонскиот "правосуден" систем...!? Чија армија, полиција и "народни пратеници" во Собранието  храни македонскиот народ? 

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски не е ништо поарен од Зоран Заев, Христијан Мицкоски и нивните следбеници. Тој, при крајот на 2019 година го посети Бигорскиот Манастир и беше пречекан од Старецот и игумен, Архимандрит Партениј со братството. Откако беше поздравен спрема  древното манастирско предание-иподохи, Пендаровски  се обрати до Старецот и Братсвото на манастирот Бигорски како следи: "...прво да Ви се заблагодарам што ме прифативте и примивте да ги видам овие убавини кои сум ги гледал и претходно многу пати, ама во друго својство. Сега вие ми овозможивте да ги видам и од оваа позиција на која сум, иако повторувам: дојден сум само како обичен човек!

Второ, да се заблагодарам што ми предложивте да бидам покровител на манифестацијата: илјада години Бигорски Манастир, бидејќи овој Манастир има значење на столб на нашата духовност! Затоа, оваа покана за мене претставува голема чест.

Самото времетраење и опстојување покажува дека станува збор за многу длабок корен, кој ние, денешните припадници, не само на православната вера, туку и сите луѓе кои гравитираат кон овој простор, мораат да го почитуваат.

АКО НЕ ГИ ПОЧИТУВАМЕ КОРЕНИТЕ, СИГУРНО НЕМА ДА ИМАМЕ НИ ИДНИНА", рече Пендаровски!

Па господине Пендаровски, претседател на Северна Македонија, професор и д-р по правни науки кога ги изустивте овие зборови, не почувствувавте ли ни трунка некоја мачнина и болка во душата и срам што изиграфте недолична улога: арамија на туѓо историско и духовно наследство?  Од кога таа духовност како столб на Македонците постана гордост за некоја непозната држава и безимен православен народ? Со кое право сето тоа духовно и културно богатство на македонскиот народ им го припишувате на "северномакедонците како повеќеетнички народ" кога тие немаат ништо заедничко со македонската историја, македонскиот јазик,  македонското име,  духовното и културното наследство и  минатото на Македонците? Не е ли тоа  криминал, предизвик и навреда за народот кој го продадовте на Грците, Бугарите и Албанците? - па сега да присвојувате и нешто што вашата нелегална политичка творба, Северна Македонија, не поседува? 

Можеби мислите ако Грција, Бугарија и Албанците бараат и добиваат тоа што не е нивно, зошто  Северна Македонја да не бара од Република Македонија нешто што преостана од големата продажба? Ама, да би го присвоиле тоа што на Северна Македонија не и' припаѓа, овој пат ќе морате да ги прашате Македонците, директно. А тоа ќе бидат претстоините парламентарни избори на 12 април 2020 година. Ако ви дозволат, тогаш нема што повеќе да бараме на тие наши вековни животни простори. Ама ако биде како што треба да биде, ПОПИСОТ мора да биде поставен  како една од најприоритетните точки во дневниот ред на првата  седница на новата влада на Република Македонија! ( не Северна Македонија!)

За секогаш Ваш, Сотир!

  Ристо Никовски

МАКЕДОНИЈА ЈА ВНЕСЕ БУГАРИЈА ВО НАТО И ВО ЕУ, А ЗА ВОЗВРАТ Е УЦЕНЕТА

 

 

13 јануари 2020

На 22 февруари 1999 година, во Софија, премиерот Љупчо Георгиевски потпиша капитулантска Заедничка декларација со бугарскиот колега, Иван Костов.  Како и секогаш, кога е Македонија во прашање, режисер на овој наш сериозен пораз беа-САД. Текстот беше подготвен во Вашингтон, а Македонија силно притисната да го прифати. Проектот го "истурка" американскиот заменик-државен секретар, Строут Талбот, а целта беше Бугарија што побргу да влезе во НАТО, за да се направи обрач околу Русија. Брисел, меѓутоа, не можеше да ја прифати Софија со товарот на историските недоразбирања со Скопје и декларацијата го расчисти патот. И, наместо Софија да ја плати цената за нашите невидени антинационални отстапки, ние виткавме 'рбет: прифативме девалвирање на македонскиот јазик во уставна категорија, што значи дека не е автентичен, а се откажавме и од македонското малцинство. А, ако таму нема Македонци, имплицитно значи дека ги нема никаде.

Како неправедна, декларацијата набргу беше ставена во фиока во Скопје и најавената соработка беше заборавена. Бугарија влезе во НАТО (2004), а потоа и во ЕУ ( 2007), со што се реализираа американските потреби. Македонија не доби ниту благодарност, камо ли некаква компензација. Како изгледа, некој кај нас беа крајни аматери додека други работеа за интересите на Бугарија. Доколку Македонија не го расчистеше патот на Софија за НАТО и ЕУ, со голема сигурност може да се тврди дека таа долго ќе талкаше. Сега, кога Македонија се движи кон Брисел, Бугарите се подготвени да ни ја дерат кожата, во најширока смисла на зборот, како најголеми џелати, а Вашингтон молчи. Американците се секогаш од другата страна на барикадата.

Декларациите, меѓутоа, не се сериозен документ и затоа САД оваа ја проширија на Договор за пријателство и соработка, кој има врвна дипломатска тежина. Ни го наметнаа, бидејќи на Софија и' требаше за да може да не' уценува на патот кон ЕУ. Овие потези се во рамките на политика на САД Македонците да се разнебитуваат чекор по чекор. Класично предавство е направено кога Македонија прифати дека имаме заедничка историја. Со декларацијата беа елиминирани македонскиот јазик и малцинството во Бугарија, а со договорот се брише и македонскиот народ. Нема случај во историјата, а тоа е практично и невозможно, два народи да имаат заедничка историја. Тоа значи дека има само еден народ-се знае кој.

Договорите со Бугарија и со Грција, "нашиве" ги промовираа како голем успех во решавање на историското наследство и проблемите со соседите, што е апсолутно погрешно. Со нив, проблемите се само повторно  ставени на маса, со наше признание дека ние сме виновни за се', а не соседите. Со истите тие, ние практично се откажуваме од самите себе. Од денешен аспект, фасцинантна е американската политика со која македонизмот се брише чекор по чекор. За почеток, ни го спорија и суспендираа името од меѓународна комуникација (1993). Потоа, наместо медијација, ни наметнаа преговори (1995). Во 1999-та е декларацијата со Бугарија. Во целосна организација на САД, врв на агресијата врз Македонија дојде во 2001-та од Косово. Следуваше Охридскиот рамковен договор, со кој во голема мера се избриша македонскиот карактер на државата, а македонскиот народ се сведе на етничка заедница. Со новата административна поделба (2004), се албанизира Кичево, Струга, Скопје... и се отвори патот за двојазичност. Во 2008 година, пак, преку блокада, уцени и ултиматум, на самитот на НАТО во Букурешт, САД ја ставија Македонија пред свршен чин. Финалето започна со поразителните договори со Бугарија и Грција, подготвени во Вашингтон и законот за албанскиот јазик, кој го спонзорираа. Со нив, Македонија е обесчестена и практично федерализирана, а македонскиот народ разнебитен.

Првиот капитулантски договор, Македонците го потпишаа со Албанците (2001). Го нарекоа рамковен бидејќи беше само почеток на промените со кои македонизмот ќе се сече во коренот. Рамковни се и договорите со Бугарија и со Грција, кои следуваа. Тие го отвораат патот Софија и Атина да не' дотолчат во процесот на преговори за членство во ЕУ. Нашиве аматери се радуваат што Бугарија и Грција поддржуваат што поскоро да добиеме датум, а не се свесни дека тогаш настапуваат нивните орди, кои треба дефинитивно да не' сотрат. Засега, Србија не е во игра и нема на повидок понижувачки договор и со нив. Белград внимателно следи што се случува кај нас и, во даден момент (дали преку срквата?), може да излезе со свои барања. Тие не се во игра, бидејќи се надвор од орбитата на САД и немаат право на дел од пленот.

Според најавите, следниот потег на САД, сесрдно и вазалски подржан од Брисел, е создавање политичка нација кај нас, со дефинитивно бришење на Македонците како народ. Тоа го предвести и Заев од Подгорица со нова небулоза дека македонскиот народ бил мултиетничен! Таков народ во светот-нема, ниту може да има според ескспертите.

Софија е незадоволна, бидејќи на Грција и' беа направени многу поголеми отстапки. Затоа, од бугарска страна има поплава од изјави што во основата се ултимативни закани и уцени. Тоа финализира со декларацијата во Парламентот со која ни се поставуваат над 20 навредливи и понижувачки услови што треба да ги исполниме за членство во ЕУ. Меѓу нив се: а) во документите на ЕУ да нема македонски јазик туку тој да се нарекува "официјален јазик на (С) Македонија" или, ако биде невозможно да се избегне тоа, со фуснота да се објасни дека јазикот е според Уставот (не е автохтон); б) Македонија да се откаже од поддршката или од барањата за признавање македонско малцинство во Бугарија; в) мешаната комисија да се усогласи за личности и настани од "заедничката историја до 1944 година", како Гоце Делчев, ВМРО и Илинденското востание (што значи дека мораме да прифатиме дека немаме своја историја пред таа година ); г) сето тоа да се испише на историските и културните споменици кај нас и да се преуредат музеите во таа смисла; д) систематски да го отстраниме кваликативот "бугарски фашистички окупатор"; ѓ) да се променат учебниците по историја и историските документи да бидат изучувани на бугарски јазик; е) да се рехабилитираат жртвите на "југословенскиот комунистички режим што трпеле репресија поради бугарската самосвест"; ж) да се испрати вербална нота до членките на ООН, во која треба да се нагласи и дека... "строго ќе се придржуваме до договорот со Бугарија во целост, а во однос на јазичната клаузула на договорот" (дека е според Уставот)... Софија официјално најави дека ќе ја спречи првата меѓувладина конференција со која формално почнуваат преговорите за членство во ЕУ ако дотогаш-"не се исполнат духот и словото на Договорот за пријателство". Се разбира, според нивното толкување.

За жал, кај нас нема кој да ги потсети Борисов и забеганите дека, во времето на Живков, со Југославија се потпишани пет меѓудржавни, билатерални договори на бугарски и македоснки јазик. Ако веќе не ни го признаваат јазикот, треба барем да ги поништат овие договори. Вака... Паралелно, подршката на Албанија, Бугарија ја услови со-"гарантирање со максимален степен на правото на бугарското национално малцинство во оваа држава за изучување на бугарскиот јазик како мајчин во регионот Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча..." А таму има само Мкедонци...

Ова е сублимат на фашизоидниот однос на Бугарија кон Македонија. Практично, Софија ни постави ултиматум по кој, обично, следува-војна. А се' што се бара, речиси без исклучок, е апсолутно неприфатливо. На времето, слично постапи Австро-Унгарија кон Србија и откако беше одбиена, започна Првата светска војна. За среќа, на Балканот нема да има нови војни, ама овој бугарски шовинизам потврдува дека нема да има ниту мир и покрај нашето жалосно секојдневно виткање на 'рбетот и газење на сопственото достоинство.

Нашите политичари не реагираат на овие срамни провокации, без преседан. Како ништо да не се случило, а ултиматумот на Софија е рамен на атомска експлозија што треба да уништи се' преостанато македонско. Ако некој мисли дека со молчење ќе ги одоброволи Бугарите, тешко се лаже. Така ги охрабрува. Не треба да се конфронтираме ама мора да се стави до знаење дека со ултиматуми и уцени, никаде не се стигнува и да се бара широка меѓународна подршка. До кога ќе ги пикаме главите во песок?

https://www.novamakedonija.com 

 

 

Давче Насевски

СНЕГАРИ

*****************

 

Разденуваат некрстените денови за потршувачот, за гласачот, за галебот со лет во место. Поделена е и паричката на власта, технички речено. Кому глава, а кому писмо, ќе се знае пред Христовото распетие. Дотогаш, секој со својот крст или без него, според своите убед увања и, особено, според чувството на (бес)срам, ќе ја изодува (северно)македонската голгота, со или без главата на техничката власт.

*****************

Според верувањата на македонскиот човек, траат некрстени денови-деновите меѓу раѓањето и крштевањето на Исус Христос, познати  меѓу народот как најопасни и најризични денови во годината, време "без крст" и време на лоши духови, оттука познати и како погани денови. Според аргументите на сеќавањето и пишаното, пак, убедливо траат прекрстени денови-на три дни пред Василица наврши една година од противуставната промена на името на државата како последица од  проспиените некрстени денови од претходната година. Толку од Шапкаревиот запис да се преноќи буден на Бадник (будник), кога се преспаа деновите по онаа стара бадникова ноќ, во јануари 2019 година

Толку од будноста и бдеењето крај сопственото огниште,  нема да му помогне гледањето во пепелта: гасне во огнот што го изгасна сам. Барем да се засрамевме додека траеја оние бесрамни денови на идентитетско колективно прекрстување. Не случајно драмскиот писател Синиша Ковачевиќ го опиша времето во кое живееме како време на оние без заклетва и време без срам: "кога ќе го снема срамот, снемува се', независно бил тој личен или колективен. Пропаста почнува кога ќе ги снема црвенилото на образите и потта на дланките, кога се' е допуштено и дозволено..." Во светлина на годината што измина и особено во растечката темнина во неа, се чини се' беше допуштено и дозволено...

Образот на оние што сторија се' да ја прекрстат и прекршат земјата во ланските некрстени денови и образот на оние што не сторија/ сторивме ништо да ги спречиме нема да обели лесно, но земјата може.

Старата Нова година продолжува во духот на снегарите: во низок лет и очекување на снегот-причина да се врати црвенилото на образите, да си допуштиме да му се израдуваме на нешто од небото. Снегари ги викаат галебите во Струга, затоа што кога ловат ниско над Дрим најавуваат снег-прочитав кај еден пријател на фејсбук.

Пишаното ме потсети на локалниот феномен во градот на поезијата, градот на (моето) детство и младост: уште пред воздухот да замириса на снег, галебите се негов предзнак, го навестуваа(т) снегот, летајќи ниско над реката.

Наедно се празник за очите и одмрзнување на мислата среде најстудениот месец во годината, па како да порачуваат: летни мисло, како галебот Џонатан Ливингстон, узнај ги своите височини! Причините за ангелската глетка на галебите, сепак, не доаѓаат од небесната шир, а од онаа во стомакот: гладот на птицата е причина за "гозбата" во очите на набљудувачот.

Долго пред средбата со "Галебот Џонатан Ливингстон", од мостовите на Дрим сведочев на средбата на тие две гладувања, на телото и духот: едната на стомакот (гладот што ја приземјува птицата), а другата на срцето и умот (гладот за летање кај човекот). Како што гладот на телото приземјува, така гладот за духовното возвишува.

Снегари

Снегари

Се разбира, Џонатан не е обичен галеб, како што и секој човек еднаш бил необично дете, макар за најблиските. Џонатан Ливингстон му дава предност на гладот за летање.

Одбива да прифати дека светот завршува онаму каде што е погледот и дека патот до храната е единственото патување за секој ден. Човекот, за разлика од него, мора да ги помири двете гладувања. Неговото растење од  дете во човек ги следи, поточно ги подражава од извесен степен обете, а потоа, под налет на нужноста, почнува да ги спротивставува, да го истиснува второто за сметка на првото, кое станува се' погладно и порутинско, се' понедоволно. Колку е доволно-е прашање што потрошувачкиот систем во кој живееме се обидува да го заобиколи, да го релативизира и да не го одговори, во полза на материјалното изобилство и конформизам (она што симболично останува зад опашката на Ливингстон).

Колку е доволно е прашањето што, за жал, како да не наоѓа одговор ниту на трпезите на духовните празници. Нејсе. Трпезите се веќе раскренати. Паричките (бадникова и василичарска) се поделени. Градовите се раскитуваат и животот се враќа во претпразничката состојба: раскитен, непосреден и гол, како јануари. Разденуваат некрстените денови за потрошувачот, за гласачот, за галебот со лет во место.

Поделена е и паричката на власта, технички речено. Кому глава, а кому писмо, ќе се знае пред Христовото распетие. Дотогаш, секој со својот крст или без него, според своите уверувања и, особено, според чувството на (бес)срам, ќе ја изодува (северно)македонската голгота, со или без главата на техничката власт. Очигледно, божиќниот "дух" најбрзо ги напушта висините на власта, судејќи според "лошите духови" што дуваат оттаму. А би можеле да се огледаат на галебот Ливингстон, да направат нешто добро и за другите, а не само за себе. Само доколку направат од ова мало парче земја под небото место каде што може да се "лета"  и да се остваруваат соништа без да се напушти брегот и без да се гази на својата чест и достоинство ќе имаат (како оној галеб) верни следбеници. Дотогаш, останува да владее времето на враните и да се радуваме на глетката на снегарите, на веста дека брзо ќе заврне снег и барем некое време ќе биде бело се'.

Кој знае, можеби меѓу нив е и Џонатан Ливингстон, кој не се откажал од гладот за летање и покрај тоа што траат поганите денови.

https://www.novamakedonija.m

 Фоти Босилков, пензионер

ГОСПОДА АКАДЕМИЦИ РАЗБУДЕТЕ СЕ !

 

Своевремено, пред дваесетина години, во дневниот печат беше промовирана една карикатура на која беше картата на Македонија (тогаш се' уште беше Македонија) и беше опкружена со четири волци како синоним на состојбата во која се наоѓаме и аспирациите на нашите соседи. Ни беше интересно и по малку се шегувавме со таа карикатура, сметајќи дека нашето опкружување со соседите е сосема безбедно со оглед на мирољубивата политика, која во име на нашата држава ја водеше покојниот претседател Киро Глигоров, што ја идентификуваше нашата држава со "оаза на мирот", но...

Поминаа повеќе од дваесет години и ѓаволот си дојде по своето. За ова мое писание ме испровоцира енисијата на РТ Србија, која ја гледав утрото на 5 ноември 2019 година. Кога како гром од ведро небо ме погоди информацијата дека Мијаците биле старо српско племе, кое се населило во Македонија пред 800 години по долината на реката Радика, дека некои од нив се свесни за своето потекло, па и денес презимињата им завршуваат на "-ИЌ", дека тоа племе го изградило "српскиот манастир во Хилендар на Света Гора" и дека...

Првите три волци си ги открија аспирациите врз нас последниве 2-3 години:

- Западниот сосед се нафрли со употребата на нивниот јазик на територијата на цела држава и успеа цената што ја плативме сите;

- Јужниот сосед се нафрли врз најсветото нешто што го имавме-името, и успеа, цената што ја плативме сите ја знаеме;

- Источниот сосед се нафрли врз нашиот јазик и историја и успеа. Цената што ќе ја платиме уште не ја знаеме. Со заканувањата за стопирање на нашите преговори уште не ја знаеме. Со заканувањата за стопирањето на нашите преговори за влез во НАТО и ЕУ итн.

- Северниот сосед одамна ги кажа своите ставови во поглед на автокефалноста на нашата црква и доследно си стои до нив и покрај сите егзибиции што ги изведува во тој поглед. А сега се појави со своите претензии за "нивното население". На крајно безобразен начин авторот не' убедува дека дел од населението останало на своите презимиња, кои завршуваат на "-ИЌ" без да објасни дека од 1919 до 1941 година Србија овој дел на Македонија го нарекувала "Јужна Србија" и нормално беше да ги србизираат сите имиња на населението.

Покусо не остана ниту јужниот сосед, кој отиде уште подалеку во целосна промена и на имињата и на топонимите и на се' што имаше македонски корени од 1926 година до денес и за секогаш. Истото тоа го направи и источниот сосед во два наврата од 1914 до 1918 година и од 1941 до 1943 година. А ние што направивме, освен што аминувавме на сето гореизнесеното? НИШТО!

Сега навистина се чудам што им требаше во 1967 година на група ентузијасти од сите области да основаат Македонска академија на науките и уметностите, која беше прифатена со воодушевување од целата нација. Денес немаме ни јазик (истиот тој се нарекува мајчин), ни име (истото тоа е преименувано во Северна Македонија), ни историја, која ни е искасапена и жалосно е, што ќе им предаваме на идните генерации. Сега соседите се јавуваат со аспирации за присвојување на населението, воведување друг паралелен јазик и што уште не. 

МАНУ-МАКЕДОНИЈА

Ви се обраќам и вам господа со седиште во зградата на булевард Крсте Мисирков број 1, ќе смогнете ли конечно сила да излезете од дупките во кои се криете за се' што се случува во оваа наша напатена земја или и понатаму ќе молчите. Погледите на сите им се свртени кон вас да ги чујат вашата реч и вашето мислење за сите овие настани. Ја препуштивте судбината на земјата во раце на невешти политичари и само гледате сеир до каде ќе ја дотераат.

 11 декември 2019

https://www.novamakedonija.mk

 

 ---****--- 

 ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ПРОЗA 

Марија Воденска

 

ЗИМА ВО БОСТОН

Плисна сонцето во одајата како благ езерски бран крај Охридското крабрежје. Зашуми ветрот меѓу густото борје натежнато со снег и се вее снеговина наоколу. Снегот насобран во купишта, а наоколку бела полјана што наликува на долина со издадени тумбарки. Длабоко меѓу напластените снежни грамади, одвај да се пробие човек. Средбата со друг пешак отспротива е отежната и неминовно едниот од минувачите е потребно да се навали во снежните насипи за да се разминат и да му отстапи премин на другиот. По тротоарите се пешачи преку снежен тунел и може да се оди се' така нанапред до некоја од главните улици на Бостон. Приод од тротоарите за главна улица е неможен. Вчера беше тотален застој на секакво движење. Бостонската динамика падна во опсада со тотален застој.

Меќава, снегопад со силни ветрови кои го корнеа снегот од покривите и како низ бели облаци го разнесуваа во околината. На покривите тук-там остана снегот кој беше подмрзнат од минатите снегопади или се најде во заветрина. Стојам крај прозорецот спроти сончевата светлина, која се распостила врз снежната покривка, ме обзема чувство на носталгија и ме држи во некакви спреги од кои немам сила да се ослободам. Заправо немам идеа како да се справувам со тој немир и копнеж во кој сум окована.

Надалеку и нашироко видикот ми стигнува до оголените дрвја, кои наликуваат на голораки гранки споени над хоризонтот со небесната светлина која напати ме принудува да се поиставам со погледот за да не ослепам. Седната наопаку на столот и навалена со главата врз потпирачката од столот врз налактените раце, посматрам од петтиот кат што се случува долу и наоколу. Галина и Ремир пак ги зеле лопатите и неуморно го расчистуваат снегот да дојдат до затрупаните клупи, кајшто Русинките во попладневните часови, како по навика овде си поседуваат и си муабетат за новините во Голда и стариот крај. Секојдневна тема сега се новостите од војната во Украина, откаде мнозинството во Голда се Руси дојдени во Америка. Разговараат, полемизираат но ниту еднаш не забележав да се препираат. А и зошто би се препирале? Тие се едно руско друштво што по сила на приликите, овде се нашле и заедничко им е јазикот, културата и верата. Меѓу нив има и Евреи, но и тие за време сталинизмот ги изгубиле синаногите и нивните традиции се вклопиле со православието во Советскиот Сојуз. Еврејството во поголема мера го одржуваат американските  и руските Евреи кои се доселени во Америка од Израел.

Во Голда Меир, Еврејска Комуна за возрасни жители, често се одржуваат културни, музички и други  програми на Американски, Руски, Кинески, Корејски и други  традиционални празнувања. Што е тоа  заедничко што ја прави оваа Заедница да се живее во хармонија? Примарен е социјалниот статус на секој поединец имигрант во Америка. Јас можам да зборувам само за социјалниот статус во Нова Англија, во чиј состав се шест држави меѓу кои и Масачусец.

Според законски норми секој имигрант кој е легално влезен во Америка, кај свои деца или родители, има право да аплицира за легално вработување, тоа значи дозвола за престој и работа во Америка. Зелената карта се добива и до колку лицето не е вработено, има право на социјален надоместок. Социјалниот надоместок ги задоволува најосновните домашни потреби заедно со додатокот за храна. За време на поседување на Зелена карта, секој што се здобил со првичниот надомест за живеење во Нова Англија, има право да аплицира за социјален стан, за кој се чека на листа за домување во еден од стотината социјални домови во Бостон. За Голда Меир Хаус се чека најдолго (пет до шест години), но има и приоритетна листа за инвалиди кои приближно чекаат една до две години. Секој се здобива со социјално здравствено осигурување. Ова важи за лица со над 65 години возраст.

После пет години од како се здобил со право на Зелената карта, секој поединец има право да аплицира за полагање на државен испит за добивање американско државјанство. Се спроведува процедура и се учи за американската историја, географија, законодавство, политика, општество  системот на владеење. Тоа се 100 одбрани прашања со одговори, од кои доволно е да се одговорат шест од десетте поставени прашања во Државна институција на Масачусец. Секојдневно полагаат повеќе од стотина кандидати од цел свет, од сите раси, националности и вери. Испитот се полага на англиски јазик. За лица инвалиди или кои не се во состојба да го учат англискиот јазик, врз основа на лекарски документ се присутни пред службеното лице со свој придружник и ним им се признава државјанство. Свечениот церемонијал во федералната судска зграда претставува незаборавен  момент, за секој што имал таа чест и можност да присуствува и да го добие заслужениот документ за Американско државјанство.

Стекнувајќи се со Американско државјанство, секој е должен да се владее според Законот на Федерацијата и Законите и уредбите на државата во која живее. Секој ги ужива сите права и слободи како граѓанин на Соединетите Американски Држави. Има право на бесплатно лекување, со одредени привилегии во општеството, бесплатни или со минимална доплата на користење на јавен превоз, има право на глас и користење на сите социјални и здравствени услуги. Право на избор за лекување во болници и избор на доктори. Инвалидите секогаш и секаде имаат предност со посебна привилегија било каде да се обратат.

Во Голда Меир Хаус, повеќето жители се самци и нивната станарина изнесува исто така 30% од социјалните примања, кои се доволни за едно побогато живеење во Америка. На пример, еден социјален самец со неговите  месечни примања и додатокот за храна, може комотно да заштеди за едномесечен престој на некое престижно место, како што е популарното крајбрежје на Кејп Код.

Најчесто е присутна носталгијата, па имигрантите патуваат до домородната држава, велат, ќе патуваат додека ги држи умот и нозете. Многу од нив имаат синови и ќерки во Америка, но и во домородната држава. Еден месец до матичната држава им е доволно да се вратат со свежи спомени од својот роден крај. Многу ретко се одлучуваат да крстарат со брод низ Океанот до Медитеранот заради промена и релаксација.

Најмногу од жителите со статус погоре опишан, а тоа се имигранти во Америка, нејчесто со заштедените пари ги помагаат своите роднини и блиски пријатели во матичната држава од каде емигрирале. Таа психологија е особено присутна кај славјанскиот народ, а ние исто така не сме исклучок.

Има се', а најбитното го немаме. Ја изгубивме радоста некаде кајшто не сме ние. Живот без радост е полна празнина присутна околу нас. Празнина која се полни со носталгија и тага за враќање назад.

Почнува да се смрачува. Снегот натрупан во купишта наликува на споменици кои се поместуваат при секое мое раздвижување. Врз светлината почна да замрежува темнината, што како облачна пајажина се спушта врз белиот покрив. Видикот се смалува и станува се' подалечна сивкаста силуета во мрачната белина.

Ете тоа е туѓината!

Њутон, МА, САД.

16 февруари, понеделник 2015.

 

 

 

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

 

 ЖАКЛИНА МИХАЈЛОВА

 

 

 

АЗБУКА

Паметат камењата дека
те имало и пред последната,
паметат пештерите дека си
забележана како-древната.

Паметат тревите и погребните
лелеци ти ги паметат звуците,
памети традицијата, глаголите,
песните ти ги паметат и внуците...

Обновена, упростена,
прекрстена, раскостена,
ама, пак, на старото
си стежнала, накитена,
од Руен, кон езерата си полазила,
на север и југ, насекаде си стасала.

Многу жедни со ум си напоила,
многу страдни очи опулиле,
многу алчни грабале, лажеле,
тогаш лажни правила важеле.

Сега е време друго,
вистината во очи ни вреба,
сега ни дојде редот,
горди да бидеме треба.
*********
Жаклина Михајлова

 

Kind regards: Сотир Гроздановски-Македонски

број 263, 20 јануари 2020 година

 

ВИДЕОТЕКА - ВИДЕОТЕКА