Сотир

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ДАЛИ ЗАЕДНО СО ЗАЕВ ЌЕ  ГО СНЕМА И ЗАЕВИЗМОТ?

*************

 

 Тоа ќе зависи само од нас, Македонците, зошто сме самите главен фактор за неговата рожба. 

Македонија од секогаш била  мултикултурна заедница, во која сите национални малцинства: Албанците, Србите, Турците, Власите, Ромите, Бошњаците, Бугарите, Хрватите и сите други помали национални групи слободно ги практикуваат и негуваат своите културни традиции, обичаите, фолклорот, јазикот и сите други национални особености. 

Македонците, како мнозински, автохтон и државотворен народ е носител на суверенитетот на македонската држава, и е заштитник на Уставниот и  општествено-политичкиот поредок но и граѓанските  права на малцинските заедници во неа. Етничките групи и заедници се интегрален дел од  македонската нација, придружени од разни причини и животни потреби. Македонскиот јазик е официјален на целата македонска територија и е кохезивен фактор за заедништво и нормално функционирање на македонската држава. Малцинските национални и традициско-културни вредности  се загарантирани со Уставот и законите на земјата. Тие, пак, се должни да ги почитуваат правилата на играта во  Република Македонија и да придонесуваат во добробитот на земјата во која свиле свое семејно гнездо.   Секое отстапување од заедничките државни и јазични вредности е санкционирано, во полза на стабилноста на Македонија и безбедноста на народот и народностите во неа.  Така е во секоја, така треба да биде  и во државата на македонскиот народ.  

Меѓутоа, меѓународниот фактор, НАТО и силите кои се подигруваат со светот и националните чувства на народите, во голема мера не ги почитуваат тие темелни права и правила на цивилизирано однесување. Ним им се важни само  интересите, кои немаат врска со интересите на народите чии држави и политички системи од темел ги уништуваат во името на "демократијата". Тие делуваат  во името на алчноста по туѓи материјални и иматеријални богатства како најобични барбари и надвор од секој цивилизиран и правен поредок.

Македонија е една од тие со терор зафатени земји во која веќе неколку години владее хаос, корупција, криминал од секаква врста, уцени, закани и потполна не сигурност на обичните граѓани. Се чувствува страв и немоќ да им се спротивстават на зулумќарите, водејќи сметка за безбедноста  на своите семејства.

Во Македонија дословно се спроведува Даласовата доктрина, борба против славјанството и нивната култура, односно ако не можеш на магарето, удри по самарот. Борба против коренот на славјанската писменост но најповеќе против споменот на Македонската висока цивилизација и моќ во светот за времето на славните Филип Втори и Александар Трети Македонски. На кусо речено. Ама после се' и борба за грабеж на материјалните и духовните вредности кои се во изобилство кај нив.

Режимот на СДСМ и Зоран Заев и после неговата оставка на премиерската должност продолжува со своите злосторства и неуставни однесувања, користејќи ги, притоа, безбедносните сили во заштита на своите и интересите на уште неколку свои измеќари преостанати околу него да му ги чуваат плеќите. Меѓутоа, не е само тој во Македонија кои се' уште ги докопува древните темели на македонската држава. 

За чудо, тука е и  Христијан Мицкоски, кои користејќи ги истите трикови како и Заев, се подготвува да седне на македонскиот престол и ги приведе при крај недовршените работи на својот претходник од Муртино. 

По се изгледа дека скандирањата на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ: НИКОГАШ СЕВЕРНА, САМО МАКЕДОНИЈА! - не значат многу за него и некои околу него. Си продолжува со економската "обнова" на Северна Македонија, без икаква намера да ја менува ситуацијата во Република Македонија. Без намера и храброст да ги укинува штетните договори со соседите и му го врати достоинството на Македонија и на Македонците.

Новата привремена Влада која ќе ги изврши подготовките за парламентарните избори на 12 април 2020 година веќе е оформена. Во неа учествуваат и луѓе на ВМРО-ДПМНЕ како претставници на "опозицијата". Голем дел од членствто на ВМРО-ДПМНЕ и понатака е скептичен во чесните намери на дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, но сепак , се' уште не преземаат превентивни мерки. Нивните желби за поарно утре во Македонија се заобиколуваат со штури критики на Заевизмот, кој нема намера да им отстапи место на ВМРО-вските "реформисти". Играта продолжува со несмалена брзина на два колосека во иста насока. Ќе му дозволат ли на својот лидер и овој пат да ги изигра и после да се повлече извинувајќи се дека направил се', ама не му успеало да ги изврши своите ветувања? Ќе видиме во Април! Но за да не се случи неповратна катастрофа по македонските национални интереси и самата македонска држава, треба да се размисли сега: Дали Христијан Мицкоски е правата личност која ќе ги поведе своите членови во победа за Македонија или ќе ги зацврсти темелите на Северна Македонија? Неговото ненародно однесување од неодамна не дава гаранција дека Христијан Мицкоски има  политички и морални капацитети за вистинска борба против Заевизмот и неговиот творец. Од седење на повеќе столчиња нема фајде.  Тука не се работи за поништување само на договорите со соседите, туку и за уништување на самата ВМРО-ДПМНЕ. Организација, во која македонскиот народ се' уште верува. 

ВМРО-ДПМНЕ има добри, чесни и способни луѓе во своите редови кои вистински веруваат дека со брза и успешна реорганизација на Организацијата и избор на нов лидер, е можна успешна борба против Заевизмот и поништување на сите криминални договори со Грција, Бугарија и Албанското малцинство во Македонија. Таква нада ни даде Илија Димовски, пратеник во македонското Собрание, кои смогна храброст да ја негира Северна Македонија како творба која нуди решение по волја на Македонците, постојано нагласувајќи ја Република Македонија а не Северна  како едино решение против Заевизмот, но и против Груевизмот, кој исто така не и' донесе на Македонија многу добрини.

Па драги мои, решенија се можни, ако се изберат добри и чесни луѓе за таква една деликатна работа од витални интереси за Македонците и македонската држава. Ако погледнеме околу себе, ќе ги најдеме! Ги има, не' да ги нема!

Само така Заевизмот и неговиот творец Зоран Заев за секогаш ќе ги снема, иако уште долго ќе се паметат неговите злодела и тешки криминали во Македонија, земја која до неодамна беше на патот кон вистинската Слобода.

За секога Ваш, Сотир!

 

Страшо Ангеловски, Претседател на МААК

 

Страшо Ангеловски

СРЕЌНА НОВА 1945 ГОДИНА

*********

 

 

Во пресрет на Коледе, неминовно ми се наметнува споредбата со 1945-та, со времето кога започна обидот да се уништи македонското чувство, да се уништи идејата за самостојна, суверена и независна држава. Ми се наметнува споредбата со "крвавото Коледе" од 1945-та.

****

Но, да одиме по ред.

Во декември 1943-та, македонските делегати не присуствоваат на заседанието на АВНОЈ, на кое се конституира федералната југословенска држава, која горе долу ги потврдува границите на кралството СХС, а во која треба, како федерална единка, да влезе само вардарскиот, до пред војната, од Србија окупираниот дел на Македонија. Со тоа, Јајце требаше да стане вториот Букурешт за македонскиот народ и да ги запечати одлуките за поделба на Македонија 30 години порано во Букурешт.

Југословенската историографија со децении потоа ја сервираше лагата дека македонските делегати не пристигнале на заседанието во Јајце заради преголемиот снег кој не можеле да го совладаат. Какво понижувачко објаснување за македонските борци кои во секакви услови дури и животите ги давале за слободата на Македонија, а сега, одеднаш, снегот станал препрека невозможна за совладување.

Вистината е друга, вистината е дека тие не сакале да присуствуваат на заседание на кое ќе се одлучува за конечна поделба на Македонија. Не сакале да учествуваат за заседанието на кое, нели, Тито (Тито како персонификација на КПЈ и Коминтерната) ќе ни "даде" држава, но само во еден дел од Македонија, со што ќе го спречи веќе извесното формирање на македонската држава на целата територија. Затоа, денес, лагата дека Тито ни "дал" држава мора да биде поразена од вистината дека тоа е, всушност, подмолен потег со кој е спречено создавањето на македонската држава на целата нејзина територија, а со тоа се оневозможени вековните идеали на македонскиот народ.

Па така, девет месеци подоцна, на 2 август 1944-та, македонските борци го одржале Првото заседание на АСНОМ со делегати од сите краеви на Македонија, како Петрич, Костур и Кукуш и, донеле историски одлуки за создавање независна самостојна, суверена и обединета Македонија. Одлуки кои, со динамиката со која почнале да се спроведуваат, многу брзо би довеле до формирањето на независна и обединета Македонија.

И тогаш, започнува голготата на македонскиот народ и голготата на АСНОМ-ците. Една група продадени комунисти, желни за власт, а за кои југословенската федерација била пред македонската држава, на чело со Лазо Колишевски, помогнати од надворешни инструктори на чело со Светозар Вукмановиќ Темпо, ја започнуваат крвавата битка против сите што размислувале македонски. Ја започнуваат битката за уништување на македонската држава и македонскиот народ. Битка која, за жал, ја водат и денес.

Ја започнуваат со "крвавото Коледе" на скопското Кале, кога стрелале стотина офицери и војници, кои единствено побарале да се реализираат одлуките на АСНОМ, кои, меѓу другото, ги чувствувале за обврзувачки и, да се тргне кон Солун, заради конечно ослободување на македонската земја. Ликвидирале уште и повеќе од илјада Македонци, градоначалници, учители, попови и обични граѓани, кои, исто така, единствено се залагале за реализација на одлуките од АСНОМ. Дури, крволокот Темпо, пред стрелањето им се обраќал со зборовите "го сакаш Солун? Еве ти го на..." И потег со раката кој си го знаеме. Продолжиле со монтираните судски процеси против Ченто и останатите АСНОМ-ци, а со специјални судови и обвинетелства и со лажни, измислени и монтирани докази. Продолжиле со затворање по најсуровите казамати на илјадници македонски патриоти со лажни обвиненија, а со објаснувањето дека "ја кочат комунистичката, југословенска иднина на македонскиот народ"...

Потоа, од припадниците на УДБА и нивните соработници, од политичките комунистички раководители и нивните полтрони, од директорите назначени од нив и од високите офицери на тогашната ЈНА, ја формираа таканаречената "црвена буржуазија". Почнуваат да го создаваат лажниот мит за еднаквоста на работникот и раководителот, за својата блискост со работничката класа, а, во суштина, се издвојуваат во посебни енклави во населбите на падините и под падините на Водно, во кои беше речиси забранет пристап на сите "простосмртници", па дури создаваат еден вид "инсестни" бракови меѓу себе, за да останат "чисти" и неизвалкани од некој од класата во која се колнеа.

И, додека тајно ја ограбуваа федералната македонска република и трупаа лични богатства, го создадоа митот за "среќните" работници кои со "фиќо" натоварено со куфери и торби, подврзани со "најлони" на багажникот на кровот, кои се размавтуваат при малку поголема брзина, среќни и насмеани, патуваат два дена и две ноќи до "наше" море, за да во работничките одмаралишта со тоалет на секои десет соби, го поминат својот заслужен годишен одмор.

Денес, нивните деца и внуци, припадници на "црвената буржуазија" како и во 1945-та, киднапираа една цела политичка партија за да продолжат со остварување на своите подмолни цели-уништување на македонскиот народ и македонската држава. Го киднапираа СДСМ, ги отстранија сите прогресивни членови внатре во партијата, исто како и напредното, либерално крило во седумдесеттите години од минатиот век, ги суспендираа сите напредни социјалдемократски ставови и дебати, со што ја уништија вистинската социјалдемократија во државата, а партијата ја вратија во најтемното комунистичко минато од четириесеттите и педесеттите години од минатиот век.

И го започнаа крвавиот пир налик на оној од 45-та. Создадоа специјални судови и обвинителства, започнаа монтирани судски процеси против сите неистомисленици, а со лажни и измислени докази. "Крвавото Кале" го заменија со 27 април, па македонските патриоти, кои како и нивните предци кои само ги почитуваа одлуките на АСНОМ, сега го почитуваа Уставот на Република македонија, се најдоа по затворите, омаловажувани и малтретирани, а со многу препознатливо образложение дека "ја кочат европската иднина на македонскиот народ". Па дури и потегот со раката на крволокот Темпо, изведен на митинг во прилеп, им стана потег за воодушевување меѓу заблуденото членство. До детал применето удбашко сценарио. А, знаеме дека ѓаволот е во деталите.

Зошто го пишувам сето ова? Затоа што овој стоглав аждер на "црвената буржуазија" настрвен против македонската држава и македонскиот народ, опстојува само благодарение на членовите на партијата која ја киднапира, на кои им се обраќа со "другари и другарки" (а потоа дури ги дезинфицира рацете после поздравувањето со нив), на кои им го сервира лажниот мит за Тито, Југославија, комунизмот, "фиќото" и годишните одмори на "наше" море. Митологија зад која пред сопственото членство, ги затскрива подмолните политики против сопствениот народ и држава.

Токму затоа, а за да се извлечат чесните и патриотски членови на киднапираната партија и целокупното општество од канџите на "црвената буржуазија", потребни се заеднички активности  на сите во државата, а посебно на вистинските социјалдемократи на кои им е суспендирана дури и идеологијата, за демитологизација на општеството, за декомунизација и дејугословенизација. Со еден збор, "дефиќоизација" на свеста на сите оние кои се' уште се прпелкаат во лажниот мит за среќните годишни одмори на "наше" море.

Зашто, државите на кои денес им припаѓа "наше" море, Хрватска и Словенија, токму заради извршената демитологизација, декомунизација и дејугословенизација на општеството, денес се илјадници светлосни години понапред од нас. А вистинското наше море е, всушност, мочуриштето во кое не втурнаа киднапираните на партијата и државата. Оние кои заради свои лични интереси ни ги продаваат еднаш југословенската, другпат европската, а никако македонската иднина на македонскиот народ.

Од нив и од евтините митови кои ни ги продаваат мораме да се ослободиме час поскоро. А до тогаш - среќна 1945-та.

https://denesen.mk 

Мартина

 

Мартина Басарова Ѓеровска

ЧАО ЗАЕВ

 

Среќен пат до родното Муртино

Нема да фалиш, ама ич... добро, може ќе те фалат твоите епски бисери, југословенскиот есперанто и муртинскиот англиски. Реално ќе останеш запаметен по нив, но многу повеќе по тоа дека дојде на власт по изборен пораз, по штетните договори со Грција и Бугарија, по непочитување на волјата на граѓаните за промена на името на државата, по ајрото што не го подобри, по зголемената стапка на криминал и корупција, по низа рекетарски афери, по "расцветаното судство", по згрешените знамиња, по отворање на банкротирани инвестиции, по неисполнети ветувања и пу пу, не важи и извинете, политики.

Ќе те памтиме и по тоа што си единствениот аболициран премиер, човекот кои бараше евро за црквата и евро за Вицето позади на Мирчо  бишкарникот, потоа што цел месец си зборуваше со лажниот Порошенко, по тоа што на најперфиден начин ги злоупотреби смртта на Младенов, Тамара, Мартин и децата од Смилковско Езеро само за да дојдеш на власт, по тоа што направи невиден анимозитет и поделби во македонското општество за да можеш да седнеш на "Илинденска" бр. 2 и да работиш за лични интереси, по тоа што брат ти Вице е главен производител на канабис во државата. Ни тоа како ја бранеше Катица до последно, а ни сликите на твоите најблиски соработници со Боки Тредичи, како ни дружбите што си ги терале кај него дома додека монструозно планирале кој е следен за рекетирање за да не оди во затвор. И лажниот датум што го добивме ама не го добивме да го заборавивме.

Премногу работи за нецел мандат, не може да се добројат сите скандали во кои се вмешани твоите најблиски соработници, меѓу кои и твојот предлог за технички премиер Оливер Спасоски на кој не му избегаа само оние на кои не им се бега, во чие министерување пајаци ги тепаа полицајците, кој што беше поврзан со сомнителни набавки на возила од "ДеЛукс Ауто" кој е ваш партиски донатор. Сосема соодветен наследник за водење на техничката влада во предизборниот период.

Не само што нема да фалиш, туку ќе останеш пример како не треба да се владее, освен ако сакаш да останеш запишан на темната страна на историјата.

Чао Заев!

https://denesen.mk

Проф., д-р Марко Китевски

Марко Китевски

СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ ИСЦЕЛИТЕЛ И ПРОСВЕТИТЕЛ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

*******

Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветиелска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност.  Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнување на оние што оделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот  кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.

За животот и дејноста на свети Наум Охридски малку се знае, иако со свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим, кон крајот на 867 или почетокот на 868, бил посветен во духовен син и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското Езеро изградил манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.

Свети Наум Охридски

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средновековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е  химнографското дело "Канон за апостолот Андреј", а се знае за други два канона напишани од него: "Канон на Архангел Михаил", и "Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст".

Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла-собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на Св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па се' до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

Во споменот на народот Св. Наум останал како чудотворец. И во "Пастирската посланица на охридскиот патријарх г.г. Јоасаф за префрлувањето на празникот на Свети Наум од 23 декември на 20 јуни (с.с.)" се истакнува: "во светите прочуениот и во чудата безмерниот, боженствениот и свет отец Наум". На друго место во истата Посланица се вели: "Затоа секој, што поседува срдечна и добронамерна побожност кон светителот нека дојде на изворите на чудесата на светиот гроб, каде што лежат светите мошти, во неговиот храм, на источникот што блика исцелувања да прими благодет и светост на телото и душата, зашто чудата и благодетите на светиот и богоносен отец наш Наум-чудотворец, толку се многубројни та ги надминуваат и множеството sвезди..." И во "Охридскиот митрополитски кодекс" во делот "Историски спомени за Св. Климент и преподевни Наум" се споменуваат "свети и пречесни мошти, нетлено богатство и извор на исцелување на сите кои со вера и благочестивост одат на неговиот чудотворен гроб".

Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓаат луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и Албанија. И во писмото што попот Сотир од  Љубаништа го носел во областите  Подунавје и Романија каде што собирал помш за манастирот се вели: "Притоа знајте господо дека овој свет и на народот корисен манастир, спрема кој Вие го негувате Вашето почитување и верност, па дури и самите неверници достојно го почитуваат и сакаат, како што на сите Ви е познато, уверени во благонаклоноста на оваа надеж..." Кога се вели неверници се мисли на припадниците на други вери, пред се', на муслиманите.

Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: "Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат "Стари Салтик баба" што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание, еднаш кога дошле на гробот на Свети Наум, неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им објаснувал рекол: "Овој е Свети Наум", тие радосноо извикале: "А тој е нашиот татко".

Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите (муслиманска секта). Тие кога ќе дојделе во манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се добрлижувале со метании. На враќање излегувале наназад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.

Манастирот најповеќе се афирмирал како лечилиште со исцелување болни од многу болести, посебно од душевни болести. Затоа придонесло верувањето во исцелителната моќ на светите мошти на светителот. Има поголем број преданија што раскажуваа за лечење душевно болни од страна на светителот. Познато е и тоа дека во манасторот долго време постоела и душевна болница.

Во Летописот на манастирот Свети Наум се вели дека водата од изворот "Свети Атанасија", служела за лекување на болни. "Миењето со водата од овој извор ги лечело луѓто што страдале од очни болести. Летописецот забележува дека многумина нашле спас од овој извор". За исцелителните својства на манастирот, секако придонесле и повеќето извори со свети води околу манастирот, што, исто така, се под влијание на светителот. Покрај спомнатиот извор "Свети Атанасиј" такви се и изворот од карпата непосредно до брегот на езерото, потоа изворот Најазмо, од другата страна на границата со Албанија, изворот посветен на Света Петка, итнт.

Со заветување за одредени лични и семејни неприлики, болести, сиромаштија и сл. или по нивното надминување на манастирот му биле подарувани најразлични дарови. Според книгите за впечатоци, но и според записите на свештеникот Гаврило Адамовиќ, секретар на Црковниот суд во Битола направени на денот на празникот 20 јуни/ 3 јули 1936 и 1937 година се нагласува дека некој бил болен и дека по молбите кон светецот оздравел поради што приложил дар на манастирот. "Бил многу болен. Се молел на Свети Наум и оздравел. Приложил јагне". Приложуваат уште овен, теле, крава, јуница, икона со ликот на Св. Наум, но и "пари и стока", некои служат во манастирот извесен период итн. Тие што бараат помош  болни се од туберкулоза, болест на очите, падавица, "не можел да оди", најчесто болеста не се споменува, некогаш се истакнува дека тешко болен по барањето помош од Св. Наум оздравел за 24 часа, некогаш се нагласува дека и лекарите кренале раце од болниот, некогаш децата умираат, некогаш се молат тие што немаат деца, некои се молат поради помор на стоката, некој приложува дар поради тоа што купил куќа, дар приложува и некој што секогаш кога е во неволја се моли на Св. Наум и тој секогаш му помага итн. Се молеле и тие што западнале во долгови. Тие што се молат најчесто се христијани, но и муслимани од Ресен, Охрид, Белград, Струга, Корча, Подградец во Албанија и др.

Во книгата на впечатоци посетителите во своите записи уште истакнуваат дека доаѓаат за здравје на поединецот или на целото семејство, дека за здравје носат поклон (јагне и сл.), дека доаѓаат по јавување на светецот во сон, дека на гробот слушнале "некакво чукање" итн.итн.

Во житијата, Служба како и во Молитва кон Св.Наум се среќаваат податоци за чудата на Св. Наум коишто се среќаваат и во народните преданија. На пр., во Првото словенско житие, коешто според некои показатели е пишувано од лице што лично го познавало светителот, зашто на едно место вели "оти јас знам дека повеќе од ова сториле отците и сториле многу чуда, но ова е се' што ни раскажале, а другото го сокрија од своја скромност". Значи, нивни современик зборува за чуда случени уште додека светителите биле живи.

Оттука можеме да заклучиме дека уште живи тие се прославиле со многу чуда. И во Второто словенско житие се споменува овој аспект од животот на светителот. "Бог, пак, го прослави него со големи чуда и секакви болести и рани исцелува и бесови изгонува". Во "Молитвата кон свети Наум Охридски исцелител на болни" молејќи се за здравје на болниот верниците му ја напоменуваат на свеетителот неговата Божја дарба да лекува болни: "Сега уште Ти се молиме и за слугата божји (се кажува името), кој страда од слабост и тешка болест. Ако е врзан поради свој грев, или грев на неговите родители, или грев на роднините свои, и ако поради грев го снајде оваа болест, Ти посредувај, о ангелоподобен светителе, пред престолот на Госпда Кој Те прославил да му го прости гревот и од болеста да го исцели". И во Службата за Св. Наум се нагласуваат исцелувањата од моштите на светителот: "Купот на твоите мошти, прочуен Науме, извира исцеленија", се вели на едно место, а на друго: "Му пееме на Бога, што ни даде лечилиште на душите и на телата, Наума последниот дар од Бога Седржител".

Манастирот "СВЕТИ НАУМ-ОХРИДСКИ"

Но споменот на Свети Наум најповеќе останал во народните преданија и легенди. Во овие прозни народни умотворби народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Така "ликот на Св. Наум е еден од најзастапените ликови во македонските народни преданија и легенди".

Овој манастир е подигнат од Св. Наум Охридски чудотворец и го носи неговото име. Познат е како манастир "Свети Наум Охридски" иако црквата е посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Во житието на Св. Наум се вели дека црквата бла подигната на јужниот брег на Охридското Езеро и дека била посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Манастирот повеќепати страдал од пожари и уривање, по што пак бил обновуван. Едно време бил важен просветен центар. Во него во почетокот на 19 век се школувал и Димитрија Миладинов.

Во црквата се наоѓа и гробот на Св. Наум Охридски и многу луѓе од разни вери и националности што го посетуваат и бараат исцеление. Околу манастирот има повеќе свети води, Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.

Свети Наум - Рајско место

Кога починал Свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што правел Свети Наум на земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што одговара за Свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: "Она е твојот рај, ти таму ќе бидеш засекогаш". Ете зошто Свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро.

Свети Наум и свето Климент истовремено почнале да ги градат своите храмови. Тие, проповедајќи ја, секој на едната страна од Охридското Езеро Христовата наука, решиле и заедно да подигнат богомолишта и така црквата Св. Климент во Охрид и манастирот Св. Наум истовремено почнале да се градат. Sидарите од едниот до другиот рид, на кои се дигаат овие цркви, затегнале едно јаже преку езерото и преку тоа јаже си ги додавале потребните алати. Па се договориле уште и тоа, за да се види која црква порано ќе заврши вака да направат: кога ќе се затресе јажето, да се прекине работата на обете страни да се види колку која е готова. Црквата на Св. Климент била уште за малку готова, уште кубето да се направи, но на јажето паднале црни чавки и јажето се затресло, а sидарите помислиле дека тоа даден знак и престанале да работат (затоа на Турците им било лесно да ја потурчат оваа црква, додале само минаре, а кубе немало). А кај Свети Наум уште работеле и кога довршиле чекале да им се даде знак, но знакот го немало. Утедента на јажето паднале бели гулаби и јажето се затресло, но Свети Наум уште вчера бил готов.

Како Турците го почитуваат Свети Наум

Со својот почит кон Свети Наум Турците често ги засрамуваат и православните христијани. Всушност Свети Наум им помага и на Турците и на Христијаните, само кога му се обраќаат за помош со искрена верба и молитва. И сега има меѓу Турците живи сведоци кои што знаат за многу случаи на чудотворната моќ на светецот меѓу нив.

Стојче Бачев бочвар од Охрид, расправа како еднаш на манастирскиот панаѓур влегле и некои Турци по него во гробницата на Свети Наум. Биддејќи го познавале го замолиле да им ги објасни ликовите на светиите во гробницата. Стојче им кажувал: овој е Свети Климент, овие се Кирил и Методија; овој е тој, овој е тој, Турците внимателно и со молчење слушале. А кога Стојче им го покажал со прст ликот на Свети Наум и им рече: "Овој е Свети Наум", сите Турци ахнале и радосно извикале: "А, тој е нашиот татко".

Опклада на игуменот

Се опкладиле игуменот на манастирот Свети Наум и бегот од Подградец. Игуменот му рекол на бегот, дека Свети Наум е жив. А овој пак му рекол дека не е жив и ништо не можит да сторит. Игуменот рекол:

- Да е пуштиме чашава, полна со вино, долу в езеро. Ако се истурит, Свети Наум не постоит. Ќе ти го дадам манастирот и полево. Ако не, ти ќе ми го дајш твојот имот.

Кога игуменот е пуштил чашата в езеро, така застанала над водата и не се истурила. Тогаш бегот се уплашил и вистина поверувал дека Свети Наум постоит. Целиот имот го поклонил на манастирот и цела година, на празникот одел да се поклони на светецот. После на игуменот, му дошол на сон Свети Наум и му рекол: 

- Немој уште еднаш да се кладиш на манастиров, зашто секогаш не сум тука. Кога се кладеше и ако не бев тука, чашата ќе се истуреше и ти ќе ме потурчеше! Од тогаш, се знајт и старите верват, дека Свети Наум е жив и дека постојт.

Излекување на еден луд

Поп Стефан Ѓорѓиев од Охрид го раскажува следниот настан чиј очевидец бил.

Во 1900 година, по богослужбата, неколкумина седевме под настрешницата пред манастирската црква. Во манастирот во тоа време беше еден младич Ѓорѓи од Епир. Неколку недели пред тоа го донесоа негови роднини и го оставија во манастирот. Беше сосема луд и надвор од себе. По цели дни трчаше околу манастирот без починка, бладаше, зборуваше без врска, не бараше ниту примаше храна, а одеше речиси сосема гол. Додека ние седевме и разговаравме, Ѓорѓи неколку пати го заобиколи манастирот трчајќи. На нас не обрнуваше внимание како воопшто да не постоевме. А ние навикнати на неговото поведение не му обрнувавме внимание. Но наеднаш застана пред нас и почна полека да ја врти главата кон црквата како да гледа во некого. Потоа ги истри со рацете очите и лицето, погледа кон нас и запраша: "Каде сум јас?" Ние му одговоривме: "Во манастирот Свети Наум. Како ти е Ѓорѓи?" Тогаш тој ни раскажа:

- Јас бев во еден голем пламен. Пламенот ми одеше од појас нагоре до над глава. Целата глава ми беше во пламен. Ништо не гледав, освен тој пламен. Но ето сега дојде пред мене еден старец, како свештеник, застана пред мене и дувна во пламенот. Сега веќе нема пламен. А старецот ено полека влезе в црква. Потоа Ѓорѓи се погледна себе си и почна да си реди некаква крпа што му висеше по бутровите. Му донесоа облека. Тој се облече. По два-три дена го пуштија од манастирот и тој сам отиде  дома му...

https://denesen.mk

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

Розита Христовска

ГОСПОДАРИ НА СВЕТОТ

Презрени сте вие
повампирени крвопијци,
вие цицачи на судбини
на обичните смртници
со света дарба да љубат
вам далечна и непозната.
Вие господари на светот
полакомени по моќта
на круната и златниот трон.
Ех, кога би можеле
да научите да љубите
и барем еднаш во векот
на вашето црно битисување
да ја спознаете милоста
на душата што љуби.
Но не,
вам љубвта ви е туѓа
и не ве допира топлина
оти се раѓате со клетви
да бидете само корупки
околу гнила празнина
што смрди на злоба.
Клетви за сите гревови
на вашиот испоганет сој
оплоден со семе на зло.
Вие би сакале крв.
Вие би слушале лелек.
Би гледале како умира дете.
Би го запалиле светот
за да имате доволно пепел
да би ја покриле земјата
за ништо живо да не изрти
од нејзината утроба.
Толку се јадни и бедни
вашите осакатени души.
Ужасно се плашите од љубов.
Ве паничи светлината
оти се храните со мрак.
Вас љубовта ве убива,
но знајте, ќе дојде денот
да и' го отстапите тронот.
Од зло да се избави светот.
**********
Розита Христовска

 

 

ВИДЕОТЕКА - ВИДЕОТЕКА

Kind regards: Сотир Гроздановски-Македонски

број 261, 10 јануари 2020 година