ГИ ЗАБОРАВИВМЕ ЛИ НИВНИТЕ ЖРТВИ И СТРАДАЊА?

 

 

ВМРО-ДПМНЕ ПОГОЛЕМ ЏЕЛАТ ОД СДСМ

 

 

"Ако  бидеме принудени на федерализација на Македонија, може да се разгледа опцијата за некој вид сојуз со Србија" (Иванка Василевска)

 

18 мај 2020 

Не требаше долго да чекаме.  Kонечно и ние сознавме  што ни се подготвува на таканаречените "лидерски средби".  Се планира најгрубо гангстерско уништување на Република Македонија  но сега од домашни волци, што е многу пострашно од она кога го знаевме кој ни е вистинскиот непријател. Ни се подготвува сериозна федерализација на ова последно парче македонска земја и продолжување на гнасниот круг на злосторства, за кои мислевме дека се зад нас. Ни се подготвува исплата на долговите спрема Албанците, бидејќи без нивните нечесни гласови и неискрени намери, немаше толку долго да се задржат на македонската политичката сцена  ни СДСМ  ниту  ВМРО-ДПМНЕ. 

Па господо од сите страни, зарем треба ние, Македонците, да ги враќаме вашите предавнички долгови   со делови од македонската земја и нејзините материјални и духовни вредности? Дали треба да се одрекнеме од македонскиот Аламо кога уставобранителите беа предадени, напуштени и оставени без потпора од раководителите на "најнародната" македонска политичка партија и на крајот позатворани без "А" да изусти Христијан Мицкоски во нивна одбрана? Кога туѓа химна ечеше во македонскиот законодавен дом  и насилно се инсталираше терорист за негов претседател? Кога се осквернуваше Собранието во кое се одлучува за судбината на државата и благосостојбата на Македонците и граѓаните лојални на земјата која ги храни?

Да заборавиме кои ги предаде македонските уставобранители и кои ги навлече на тенок мраз за да исчезнат пред очите на оние кои од страна си гледаа сеир и очекуваа награда од нивните надворешни наредбодавци? Тоа ли очекувате од овој измачен, иселуван, преселуван, малтретиран,  физички истребуван и многу пати бесрамно излаган македонски народ? Срам да ви е!

Собранието одамна е распуштено, составена е привремена Влада да  ги подготви парламентарните избори,  меѓутоа сите работи за иднината на Македонија и судбината на Македонците, се' уште се во рацете на Зоран Заев. Барем така мислевме до пред некој ден, кога сознавме дека зад него стојат и други актери   кои најсериозно и' се закануваат на македонската држава.

Народски речено, вистината секогаш излегува на бел ден, зошто е спротивна на лагите и злата, кои настојуваат да превагнат на кантарот со кои се мери правдата.

Сепак, режијата за  умирање на Македонија и исчезнувањето на Македонците од картата на светот не е баш лесна работа. Иако сите сценарија и планови се одамна подготвени од надворешните злосторници и мешетари заедно со Европската Унија и НАТО, потребни се повеќе извршители. До вчера мислевме дека тоа е само СДСМ и Зоран Заев, меѓутоа ги имало повеќе.

Тука се неговите коалициски пајташи  кои си ги чекаат своите пет минути да го зголемат веќе украденото парче од македонската земја, а потоа и бугарашите групирани во таканаречениот ВМРО-ДПМНЕ, околу Христијан Мицкоски.

Но, тоа не било се'. Имало и други кои си го чекале  редот да се вклучат во играта на волците. За тоа сознавме, не сосема неочекувано, од Иванка Василевска, професорка на Правниот факултет "Јустинијан Први", дека во ВМРО-ДПМНЕ постои уште една "добротворна" група за спас на Македонија. Па вели дека во "случај" федерализација на Македонија,  требало да се разгледа и опцијата за некој вид сојуз со Србија". И сето тоа во своето интервју за српскиот портал "Стање Ствари".

А зошто да не се размислува за одбрана на македонските национални интереси од сите освојувачи и окупатори на Македонија почитувана професорке, туку само за предавство? Така ли се однесуваше Гоцевата ВМРО и кога немаше своја држава па сепак крена рака против една од најголемите воени сили во Европа и на светот му покажа дека само со борба се добива Слобода?

Е, моја драга професорке, кога веќе ве загрижува судбината на Македонија, зошто не  ги викнете браќата Срби одма да не "спасат" од неминовната  федерализација? Зошто да чекаме и губиме време на Албанците, Бугарите и евентуално и Грците?  Попат и да ни бидат кумови за влез во Европската Унија која е и така  илузија и глупост на столетието за секој кој има и малку ум во главата или разум логички да размислува? 

На кого му служи вашиот ДПМНЕ, а барате глас од народот за да седнете на македонскиот престол и да владеете со него како и досега?

Иванка Василевска, ВМРО-ДПМНЕ

Рековте дека таа опција би била спасоносна! За кого, професорке? Зарем не ни се доста  Грците, Бугарите и Албанците  па сега уште и Србите?  Ајде ве молам барем вие така мудра, убава, притоа, професорка по правни науки и членка во извршните органи на "најнародната политичка партија" во Македонија бидете искрени и храбри кога лажете, барем како и Зоран Заев, кој одма ќе ви ја каже вистината дека ќе ве беси и тоа дословно ќе го изврши. И ние му веруваме, го обожаваме и одма си ги ставаме јажињата да се самообесиме, за тој да не си го губи своето скапоцено време! 

Само едно заборавате, драга професорке, што  срцата ни ги пара!  Тие добротворни групи вгнездени во СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ не водат сметка и поштовање за крвта и животите на над 40.000 храбри Македонци и Македонки вградени во темелите на оваа македонска држава со која вие така ноншалантно и недомаќински се однесувате. Како Македонија да е ваша кафана!

Вградени  млади животи паднати во борбите со сите фашистички орди, вклучувајќи ги и албанските балисти и нивните најнови наследници таканаречени Учкини борци за "слобода и човекови права" во Република Македонија.

Беше тоа Втората светска војна кога 100.000-та македонска војска ги истера сите злосторници и окупатори од дотогашната "Јужна Србија", дел од  Македонија со Букурешкиот гангстерски "мировен" договор од 1913 година подарен на Србија за да се решело измисленото "македонско прашање" на Балканот.

Ги истера бугарските, германските, италијанските и албанските фашистички орди и го трансформира  ова слободно парче  македонска земја во Република Македонија. Слободна и суверена македонска национална држава, подоцна здружена во СФРЈугославија, се' до нејзиното трагично распаѓање со учество, пак, на домашни велепредавници и арамии во 1990-те години од минатиот век.

Меѓутоа и таквата Македонија на Западот и Европската Унија им беше трн во очите, зошто се чувствуваа навредени што првобитниот криминален план не им успеа и дозволија Македонија одново да воскресне од пепелта. 

Но се  изнајде  "јунак" над јунаците, Зоран Заев од Муртино и челник на СДСМ, да го направи со Република Македонија тоа, што на никој во светот не му паднало на ум дека е можно владар да си ја трампа својата земја  за влез во НАТО, Европската Унија  и за некоја си вештачка политичка творба,  и најголема  светска глупост, Северна Македонија.

И тоа се случи, зошто ниту  Македонците не можеа да поверуваат дека еден Камелеон може тоа така лесно и пред очите на цел свет да го направи.

Се разбира, за цело тоа транзициско време  македонската "опозиција" беше десна рака на Зорината квислиншка Влада и во македонското Собрание со  своите парламентарци за време на судбоносните денови за Република Македонија и подоцна. И гледајте чудо за не верување, денес не убедуваат дека без нејзината организирана моќ, Македонците нема да стигнеле далеку. 

Но, ајде да се вратиме малку наназад кај нашата Иванка Василевска и да видиме што има таа да ни докаже за ситуацијата во земјата.  Да ни каже и стручно да не излаже, како и секогаш до сега кога се работи за "спасот" на Македонија.

Долго чекавме одговор од нејзината партија   на прашањето дали има некои планови за враќање на името на Македонија заедно со македонските идентитетски белези, вклучувајќи го и македонскиот јазик како едини официјален јазик во македонската држава за внатрешна и надворешна употреба. Но, добивме само молк се' до пред некој ден, кога се јави професорката Иванка Василевска преку еден свој интервју во српскиот портал "Стање Ствари".

Иванка Василевска зборува за федерализација на Македонија, за да сме ја спаселе од исчезнување. Таа не зборува како неинформирана членка на извршните органи на ДПМНЕ, туку обратно, Македонците да слушнат и да се види нивното реагирање и на оваа бомба, налик на онаа на Малески за односите со Бугарија.

Зборува за федерализација на Република Македонија и одново Македонците  од газди во својата земја да ги трансформираат во туѓи измеќари и мутави робови. Да им служат на оние, од кои нашите последни партизански херои и вистински патриоти ја ослободија и ја создадоа македонската држава.

Па, да видиме што има да ни соопшти нашата почитувана професорка  Иванка Василевска. А после секој со својот ум нека одлучи каде му е местото. Се разбира дека таа последна одлука ќе биде и последна прилика да се извлечкаме од канџите на соседите и вечниот срам кои со години ни виси над главите. Па, ево вака, вели таа:

"Кога ВМРО ќе дојде на власт, ќе ги поништиме сите одлуки донесени за време на владеењето на Зоран Заев. Ќе ги натераме сите корумпирани чиновници да признаат колку пари им се нудени и како се уценувани. Не се продадоа сите, има многу Македонци, Срби и Власи што не се продадоа, тие се вистински херои. Луѓето што прифатија корупција, извршија огромно злосторство кон Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е најголем бедем на заштита на македонскиот национален идентитет, култура и јазик. Единствен легитимен борец. Ние сме окупирани, оваа власт не е легална зашто загуби на избори. Имавме референдум што не успеа, тие насилно го сменија уставот, со непринципиелни и криминални дејства. Ние не можеме туку така да преминеме преку тоа", вели Василевска.

За проблемот, пак, што МПЦ го има со Српската православна црква, Василевска вели дека "проектот независна самостојна македонска црква не заживеа".

Е, па добро утро професорке! 

Па мој народе, ако мислите дека оваа жалопојка  на раководството на ДПМНЕ е уверлива за вас за да им го дадете својот глас, тоа е ваша работа. Ама ако ме прашате што мислам јас, ќе ви кажам, па сепак да не ве излажам: Би сакал и едните и другите да ги снема од политичката сцена на Македонија! Да избереме нови луѓе кои немаат сало на главите  да ги покажат своите хумани особини, при тоа образовани во духот на македонските национални интереси, чесни, достоинствени, цивилизирани, храбри, лојални, правични и луѓе  на кои  семејството, татковината и безбедноста на македонскиот народ ќе  им  бидат  секогаш прва грижа.

Уверен сум дека само со ваква општествена реформа Македонија ќе опстане и ќе биде почитувана и од нашите сегашни соседи и непријатели и "меѓународната" заедница. Зошто кукавици, криминалци и предавници никој не сака да има за соседи и пријатели!

Во спротивно, доколку пак ќе подлегнеме на ситни и лажни ветувања од истите кои не доведоа до тереџе да се смее и мајтап игра светот со нас, ќе ја продолжиме својата агонија, до неминовно и срамно исчезнување од светот кој еднаш беше наш и величенствен. 

Со други зборови, за патот по кој досега се движевме констатиравме дека е погрешен, но тоа не значи дека тоа е крај на нашето битисување како народ и македонска држава. Имаме  алтернативен, кои не мора да биде со злато поплочан, но во секој случај ќе биде подруг и барем малку поарен. Па и тоа е некој успех, за почеток! 

СДСМ, ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, заедно со нивните анти македонски коалациски партнери не смеат да бидат никаква македонска опција после идните парламентарни избори. Водата ни е веќе до брадите. Од нас зависи дали ќе се удавиме или испливаме од мочуриштето во кое живееме скоро 30 година!

Нашата иднина е во нашите раце, како и патот по кој сакаме да се движиме кон неа,  безбедно и достоинствено!

За секогаш Ваш, Сотир!

Професор  д-р Тодор  Чепреганов

СО НЕГИРАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ, ВИЕ,  ГОСПОЃО ЗАХАРИЕВА, ПОВЕЌЕ ГО ЗАЦВРСТУВАТЕ!

 17 мај 2020

Еве еден предлог. Пријателски и добрососедски, подржете го патот и влезот на Македонија во ЕУ без услови и уцени, па откако станеме членка, тогаш како еднакви и без можност и механизам да поставувате уцени и услови со цел да наметнувате решенија, нека седнат историчарите од двете земји, на научни собири, конференции и нека работат врз основа на научна методологија. Не ќе да ви одговара така, нели?

********************

Екатерина Захариева, Бугарија

Ова се истакнува во отворено писмо до бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, а го пишува македонскиот историчар и поранешен директор на Институтот за национална историја, професор д-р Тодор Чепреганов. Писмото ексклузивно го доби "Економски Лидер" и го објавува во целост:

Почитувана Захариева,

Проследувајќи ги вашите изјави последните денови на ТВ, човек не може а да не се запраша дали се работи за хумористичка програма или трагикомедија. Во една од вашите изјави во врска со македонскиот идентитет ќе истакнете "никој не им оспорува да се самоопределат како што сакаат". Е баш Ви благодариме, небаре од Вас чекавме дозвола и од Вас зависи тоа. Нејсе, токму горенаведениот факт е всушност вашата болка. ВАШ проблем. Не наш. Не македонски. И секако, вашиот комплекс тука не завршува, напротив, тука почнува.

Веднаш потоа, во стилот на брзата птица тркачица или итрица во истоимениот цртан филм, со брзина на светлината и самата веднаш се демантирате, па ќе истакнете дека тоа право ВИЕ им го признавате и го дозволувате само од 1944 година натаму. Хаха, смешно, нема што. А кој ве праша? Македонскиот народ сигурно не. Не му е грижа за вашите фантазии. Кои сте па вие да одредувате туѓи истории, туѓи колективни мемории и национални чувства? Небаре имате монопол врз историските факти, па вие ќе диктирате новокомпонирана политичка лажна историја, па уште не за себе туку и за други? Нема да дозволиме. Сеуште ја повторувате истата грешка, не учите од историјата, туку настојувате да ја измените, сакајќи да ги скриете своите историски грешки. Секогаш на погрешна страна на историјата. Историјата ви се повторува.

Г-ѓо Захариева, за нас историчарите, па и за македонскиот народ, вие сте само уште една жална фигура која ја повторува истата матрица и која не може да излезе од бугарската матрица за негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура. Добро би било да се надраснете. При очи се правите слепи. Вашето негирање на вековното постоење на еден народ, со свој јазик, своја уникатна култура прифатена во целиот свет, со сопствена и засебна историја, за нас не е ништо ново. Напротив, да сте ја проучиле подобро македонската историја, ќе сте заклучиле дека не сте ни први ни последни во вековната низа на негатори, а сепак македонскиот народ, јазик, култура, традицја, колективна меморија и национално чувство опстанале и опстојуваат до денес. И тоа е вашиот комплекс и вашиот проблем. Но, повторувам тоа е Ваш, не наш, не македонски. Ние нашите проблеми во вид на предавници и политички квинслинзи, како во минатото, така и сега ќе ги пребродиме, македонскиот народ ќе ги надживее и повторно, како и секогаш сам без никаква странска помош од некоја од големи сили, сами ќе си се избориме за нашите правдини. Впрочем, слушнете ја македонската химна, токму тоа и се пее во неа.

Со изјавата дека го признавате самоопределувањето на македонскиот народ од 1944 година, дали сакате да ни кажете дека во Македонија се водела ГРАЃАНСКА ВОЈНА? Се бореле Бугари против Бугари? Хаха, каков хумор. Тоа не поминува, Сакате како "браќа" да не ставите на страната на силите на Оската? Не, не, тоа не може. Колку и да сакате тоа и да го направите, не ќе можете, бидејќи вистината е сосема спротивна. Македонија и македонскиот народ во Втората светска војна ја одбраа вистинската страна, страната на Антифашистичката коалиција, а не како Вас погрешната страна и, пак, само поради САН СТЕФАНСКИОТ сон. Македонската војска сама ја ослободи Македонија.

Вие бевте тие кои со сите административни, полициски, воени и предавнички сили настојувавте тоа да го спречите. Ако бевме "браќа" зошто така sверски ги убивте: Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Цветан Димов, Васил Антевски Дрен, Вера Јоциќ, Кире Бајрамчевски, Ваташките деца, Кузман Јосифовски - Питу, Дабничкото клање и др. и стотина други испративте во затвори и интернации само поради тоа што беа Македонци. Нивниот идеал беше самостојна, независна и обединета македонска држава, со МАКЕДОНЦИ, МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, МАКЕДОНСКА КУЛТУРА. Вашите административни, полициски, воени сили требаше сето тоа да го оневозможат. Но, не успеаја во тоа. Дали тоа е "братски", почитувана Захариева? Или по умесна би била онаа народната:

"Кој ти ги изваде очите?

- Брат ми.

- Се гледа по дупките. Многу се длабоки". Благодарам за такво братство, почитувана Захариева.

Зарем според Вас, членка на ЕУ, во ХХI век, неоснованото и политички диктирано негирање на факти, аргументи и научни докази и трудови (домашни и меѓународни) за историскиот континуитет на македонскиот народ. ОСОБЕНО ПРЕД  1944 година се европски стандарди? Што промовираат европските стандарди, НЕГАЦИЈА ИЛИ АФИРМАЦИЈА на различностите? Сметам дека е второто. И сум сигурен дека тоа лежи во основата на европските стандарди. Но тука, за жал, се наоѓаме во период во кој се' почесто се доведувани во прашање "европските принципи". Несомнено дека во прашање е кризата на идентитет на ЕУ и нејзините цели и вредности. Во моментов, политичка предност ви дава членството во ЕУ-"блудницата Вавилонска"- која е само бледа сенка од некогашните европски стандарди и наместо еднаквост и соработка, ја злоупотребувате за уцени и закани.

Треба да Ви биде јасно, што побрзо ја прифатите реалноста, дека за сосед имате повеќе вековен народ, МАКЕДОНСКИ, КОЈ ЗБОРУВА МИЛОЗВУЧЕН МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ИМА СВОЈА УНИКАТНА ИСТОРИЈА И КУЛТУРА, ќе Ви биде полесно и на Вас и на Вашата политичка гарнитура која сеуште мечтае за неизживеаниот сон за САНСТЕФАНСКА БУГАРИЈА. Но, тоа е завршена приказна. Си го имате како државен празник за да Ве потсетува на Вашите неуспеси кои дури и во ХХI век не можете да ги пребродите.

Па така, доаѓаме до политичкиот  "Договор за пријателство и добрососедство" (ако е тоа!?), а кој во суштина е сосема спротивното. Велите "основата на нашиот договор е историјата?!?! и дека истиот требал да ги реши историските работи, а преку тотално идентитетско, јазично и историско обезличување на македонскиот народ.

Почитувана Захариева, до денес не мие познат договор за добрососедство и пријателство меѓу две држави во кој како основа за негово реализирање се става историјата. Со ова само се потврдува она што го зборувам од потпишувањето на договорот, дека е асиметричен на штета на Македонија. Повеќе од јасно е дека комисиите се продолжена рака на политичарите и нивната улога е само "про-форма" со цел да го легитимираат и да му дадат привид на научна тежина на веќе договореното меѓу политичарите, што во јавноста, неодамна, го потврдија и поранешниот премиер Зоран Заев, кога изјави дека решение ќе се најде, Бујар Османи кој истакна дека договорот е потпишан и мора да се реализира, а исто така и на бугарскиот премиер Борисов кој изјави дека за нив работата е решена со потпишувањето на договорот и Македонија е таа која треба да го реализира, како УСЛОВ/УЦЕНА за почеток на преговорите. Многу итро, нема што. Ниту е "добрососедски" нити "пријателски" ниту е договор. Само една ништовна уцена дадена од позиција на сила, завиена во украсна хартија. Никого не излажавте, свесен е македонскиот народ, со векови го градел имунитетот на ваквите итроштини.

Ево еден предлог. пријателски и добрососедски, подржете го патот и влезот на Македонија во ЕУ без услови и уцени, па откако станеме членка, тогаш како еднакви и без можност и механизам да поставувате уцени и услови со цел да наметнувате решенија, нека седнат историчарите од двете земји, на научни собири, конференции и нека работат врз основа на научна методологија. Не ќе да ви одговара така, нели? Вие добро си знаете дека аргументите не се на Ваша страна и затоа со крајни сили и ултимативни барања ги злоупотребувате механизмите на ЕУ од позиција на надмоќ, со цел да спречите објективно и научно толкување на историјата и прифаќање на истата, колку и да е болна за вас. Е, ама и ние го знаеме истото. Поради тоа, вашиот ултиматум да се делигитимираат и обезличат македонските историски факти и аргументи, е осуден на пропаст.

Самите кажувате дека договорот (читај: уцената) е поради историјата. Испорачаните решенија бараат да бидат политички, а не решенија на комисии донесени врз основа на научна методологија и ослободени од политички притисок, уцени и рокови. Истите треба да ви послужат за добивање на легитимитет на вашите наметнати аспирации преку политичкиот диктат. Следствено, сметам дека комисијата треба ан блок да се повлече и да ги прекине преговорите. Ова е уште една причина за неуспешниот крај на уште една ваша историска грешка и неправда. Политички договори се склучуваат, но и се раскинуваат.

Политички сојузи и унии се формираат, но и распаѓаат, идентитетот и јазикот остануваат. Па така, македонскиот народ во некои подобри и поволни времиња, ќе и пресуди и на оваа неправда и ќе си дојде по своето. Македонија имала, има и ќе има синови и ќерки кои ќе се изборат против неправдите. И тие ќе бидат повторно дел од нашата историја, колективна меморија и национална свест. Тие ќе бидат наши херои кои ние ќе си ги славиме и сеќаваме. А вие? Веројатно повторно ќе се обидувате на секој начин да ја измените историјата, срамејќи се од своите претходни постапки и историски грешки.

За крај, почитувана Захариева, ние не сме "един народ", напротив ние сме два многу различни народи со испреплетени, но дијаметрално спротивни истории. Вие нацифашисти, ние антифашисти. Вие окупатори, ние борци за слобода и самостојност. Вие уцени и услови, ние почит и разбирање. Ниту нашите претци, ниту ние, ниту нашите потомци ќе прифатат поистоветување или изедначување со вашиот или со било кој друг народ и нација. Ние знаеме кои сме и што сме, какви сме такви сме, Македонци сме. Никогаш ништо друго и поинаку.

Само со меѓусебно респектирање и почитување на различностите, без било каква уцена и негирање, со меѓусебно прифаќање на историјата како два посебни и засебни народи, можеме пријателски и добрососедски да чекориме кон и во Европа. Европската унија и нејзините стандарди, кај Вас, сеуште не успеале да надвладеат и се уште не сте излегле од матрицата на вашите претходници. Со еден збор: СТАРА МАТРИЦА, СТАРА ПЕСНА.

П.С.

Вам можеме само да ви бидеме благодарни поради фактот што со постојаното негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура го постигнувате спротивното: САМИТЕ ВИЕ ИСТИТЕ СИЛНО ГИ ЗАЦВРСТУВАТЕ!

https://antropol.mk 

 

 

професор Михајло Миновски

БУГАРИЈА ГИ СОЗДАДЕ ВРХОВИЗМОТ И ВРХОВИСТИТЕ

 

25 октомври 2019

МАКЕДОНИЗМОТ ВО ИЛИНДЕНСКАТА ЕПОХА НИЗ ФАКТИ (1893-1909)

 

По поразот на Илинденското востание не запреа активностите на македонските револуционерни организации во битката за ослободување на Македонија и за создавање посебна држава на Македонците, барем за автономија, во најмала рака. Тоа се согледува од програмите, прогласите и директивите што тие ги издаваа. Една од познатите е директивата за идната дејност на организацијата (1904, почеток), во која се налага "агитацијата да не испушта од предвид да ги запознава борците со меѓународната положба на македонското прашање и да ги научи да не се надеваат на Русија, Австрија, Бугарија, Србија или на Грција, туку да се потпираат на своите сили. Борците треба да знаат дека слободата не се дава како милост, туку се изборува со оружје в рака и дека таа до толку поблиску е, колку што поголема сила претставуваат тие. Слободен е само оној народ што сам си ја извојува слободата и кај кого таа станува традиција што се предава од едно на друго поколение".

Солунскиот револуционерен округ на Вториот окружен конгрес усвои протокол (1905, август) во кој пишува: "Идејата за автономија на Македонија нема успех кај балканските државички... Сите балкански државички, меѓу нив и Бугарија, Внатрешната македонска организација ја сметаа како свој опасен непријател. Нашата независност побудува омраза како кај официјална, така и кај неофицијална Бугарија.  Организацијата треба да си постави две задачи. Едната е да го подготви народот за револуцијата со која ќе го собори тиранското владеење, а другата е, подготвувајќи го за револуцијата, да го подготви (и) за неговиот слободен живот. Едната и другата активност треба да одат паралелно и никогаш да не биде едната на штета на другата. Организацијата треба да се погрижи и за националното само осознавање на Македонецот. Врховниот комитет, српскиот комитет и грчкиот комитет, сите тие се орудија на денешните балкански државички, преку кои ги постигнувааат своите завојувачки цели. 

Бараме задграничното претставништво на организацијата да се пресели од Софија и да се премести некаде на Запад, на пр. во Женева.

И Серскиот револуционерен округ на Третиот редовен окружен конгрес (1907) донесе ставови со кои организацијата ја осудува политиката на сите соседни држави заинтересирани за македонското прашање, чии пропаганди се инспирираат од чисто завојувачки стремежи. "Бугарија како силно заинтересирана со свои длабоки економски и политички цели при решавањето на македонското прашање, прва почнала со искористувањето на ослободителното дело за своите државни и династички интереси... Бугарија ги употреби сите средства (за) раздор меѓу дејците на внатрешноста, стремејќи се со тоа да ја претвори организацијата во свое орудие. Ценејќи ја високо својата независност (организацијата) застана најкатегорично против таа политика, третирајќи ги нејзините орудија исто како тие на другите пропаганди. Интересен во секој контекст е заклучокот на Окружниот  комитет од 1907-та (декември) во кој се истакнува: "Бугарија прва започна да го користи (македонското) ослободително дело за своите државни и династички цели. На тој начин таа уште во самиот почеток ја компромитира независноста на организацијата и предизвика вооружен курс на туѓите национални пропаганди "Политиката на освојување од нејзина страна, еднаква како и онаа на Србија и Грција, безусловно ни наложува да заземеме ставови кон неа како спрема туѓа непријателска сила". "Ние не ја мразиме Бугарија, туку и' се спротивставуваме на нејзината политика која стои во судир со нашите идеали и интереси". "За да може да врви наспрроти организацијата, Бугарија ги создаде врховизмот и врховистите, кои имаа за задача да ги уриваат и уништуваат секој потфат и секое нејзино дело".

ЗАКЛУЧОЦИ

Фактите од претставници на европските големи сили посведочуваат  дека во Македонија (во предметниот период) мнозинско население беше македонското христијанско население, именувано и како македонски народ, со свој посебен јазик, различен од бугарскиот и српскиот. Тој народ предводен од својата народна Македонска револуционерна организација се крена на масовно востание, се бореше со сопствени сили за ослободување и создавање автономна држава Македонија. Тоа го докажа со воспоставувањето на ослободената територија востаничка народна власт со "привремени влади", како што известија самите тие.

Дипломатите на европските големи сили и (европската) јавност беа преокупирани со македонското прашање. Многумина од дипломатите предлагаа решавање на прашањето со формирање автономна област, автономна држава Македонија, па и македонско кнежевство. Претензиите на Грција, Бугарија и на Србија во Македонија беа оспорувани и оспорени. Но тоа не влијаеше на позицијата и политиката на нивните влади. Тие беа против востанието, против македонското револуционерно ослободително движење, за одржување статус кво на Балканскиот Полуостров. Од османлиската држава очекуваа со својата огромна армија и другите безбедносни сили концентрирани спрема востаничката територија брзо справување со востаничките сили и воспоставување на поредокот.

Кога се покажаа немоќни и по цели два месеца да ги уништат востаничките чети, трпеа големи загуби, па применија и жесток терор, уништување на селата, насилства и масакрирање на цивилното население, европските големи сили одлучија да интервенираат да ги подржат воспоставувањето и одржувањето на поредокот во Македонија. Не за да го решат македонското прашање туку да го одложат неговото решавање. "За смирување на Македонија" (именувана со трите вилаети, поретко трите македонски вилаети: Солунски, Битолски и Косовски) на османлиската држава и' наметнаа програма (позната како Мирцштегска програма) за реформи.

Четири години во Македонија претстојуваа цивилни и воени претставници на европските големи сили да ги реформираат административните власти, судството, финансиите и посебно безбедносните служби за одржување на јавниот ред и мир. За сето време соработуваа со османлиските власти. Го толерираа поредокот на хаосот, предизвикан со отворената агресија на вооружените пропагандни грчки андартски, српски и бугарски врховистички чети. 

Сите тие четнички формации на владите на Грција, Бугарија и на Србија пред нивни очи жестотко го тероризираа цивилното македонско население. Нивната реформска мисија не успеа, беше прекината со Младотурската воена револуција во 1908 година.

Македонското население го  користеше присуството на нивните цивилни и воени претставници, им се обраќаше со колективни и со индивидуални барања за заштита од теророт на властите, од редовната војска и башибозукот и од пропагандните чети. Притоа ја искажуваше својата народност како Македонци и бараше автономија за Македонија. Кога се увиде дека не треба да верува и да очекува заштита, уште помалку поддршка за ослободување, обраќањата запреа.

По Илинденското востание, кај македонскиот народ уште повеќе се зацврсти убеденоста да не смета на сочувство за својата положба, да не очекува поддршка и помош во борбата за ослободување. За време на востанието народот се убеди на дело дека може со своите сили да се бори  и да се избори за слобода и самостојна држава Македонија.

За крај, извесно е дека македонизмот е дело на македонските револуционери и идеолози на Македонската револуционерна организација и народни апостоли, дело на револуционерните групи, интелектуални друштва и поединци надвор од земјата (во балканските земји, Русија и Европа), под девизата "Македонија на Македонците" и борбата за самостојна држава Македонија. Следствено дело на македонскиот колективен ум.

https://www.novamakedonija.com.mk 

 

 Професор д-р Тодор Чепреганов

ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ПОВЕЌЕ ЛИЧИ НА НЕПРИЈАТЕЛСКИ ОТКОЛКУ НА ПРИЈАТЕЛСКИ

 

Несомнено во Бугарија постои спрега помеѓу политиката и науката, а со самиот факт што овие денови гледаме дека БАН излезе со книшка во однос на македонскиот јазик. Таа спрега не е нова и постои со години и се провлекува низ целокупната историја, вели професорот по историја Тодор Чепреганов во "Само вистина" на канал 5 телевизија.

"Договорот помеѓу Македонија и Бугарија на мене повеќе ми личи на непријателски отколку на пријателски договор. Зошто го велам ова? Затоа што ако сме најблиски соседи, со тек на време сме имале взаемни односи, меѓутоа секој си терал по својот пат. Денешните обиди на бугарската политика затоа што ова прерасна во политичко прашање, видете во моментот што се случува со комисиите. Од една страна политичарите велат дека прашањето со Македонија ќе биде во однос на она дали Гоце Делчев и Мисирков биле Бугари, дали сме еден народ, нашиот поранешен премиер вели дека тоа ќе биде решено. Излегува господинот Османи и вели дека ние сме потпишале договор во кој што мораме да ги исполниме обврските, а од друга страна Борисов вели дека има потпишан договор и македонската страна треба се да прифати". Потенцира Чепреганов.

https://vesnik.com

АКТЕРОТ ЈОВАНОВСКИ ЖЕСТОКО ЗА ОТСТРАНУВАЊЕТО НА СОНЦЕТО

Јадни, бедни и мизерни сте во очите на Македонците

 

03 мај 2020

Во полициски час од четири дена, можевте да направите кружен тек на некоја раскрсница. Идеално време за градежни активности, кога нема сообраќаен хаос. Еве кај "Мавровка" на пример, или на некое друго "тесно грло".

Можевте да изградите некоја фонтана, некоја чешма, да не речам мост или барем некое мало селско мостче. Ама не, вие се одлучивте да го рушите изграденото, да шмирглате, да бришете, да копате по македонските чувства, отстранувајќи ја sвездата од Кутлеш. Толку можете, толку знаете, толку ви фаќа ц'рпката...

Јадни, бедни и мизерни сте во очите на Македонците. Вие, кои се обидувате да бришете идентитетски симболи и историја, безмилосно ќе бидете избришани од истата таа, македонска историја". Коментира на Фејсбук актерот Владо Јовановски.

https://infomax.mk

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

 

 

Ана Бунтеска

БЕГАЈ ЧЕДО...БЕГАЈ

"Бегај чедо од оние
кои медовина во уста имаат
а на рацете
на нив крв носат
бегај од нив
тие
тие жива беља се
дланките ги кријат
ете
ги белат со брашно
за и лебот загнасен да им е
а устите им ломотат
од убо-поубо
како локум
како слатко од вишна
како вода со шеќер
од нив
од нив подалеку да си
оти тие душа земаат
душата ти ја мамат
со сладок збор
послужен во кристално чинивче
со сребрено лајче
и чаша вода дури ќе ти дадат
за лагите полесно да ги голтнеш
тие, тие проклети се
оти во срцата црно им е
нит за љубов знаат
нит за милост
души земаат
во нив својата испоганета ја плакнат
за да им замириса на зелено
тие
од тие да се пазиш
во рацете опули им се
во очите џари им се
таквите белки немаат
црно и таму од срцата им е
од таквите љубовта да си ја чуваш
оти ќе ти избега
ко песот на комшијата
поќе не го најдоа
чувај си ја душата
и љубовта во неа
затни ги ушите
зборој да не слушаш
оти еднаш ќе се поболиш
а секој ден ќе умираш
пиле мое
пиле мое"
**********
За женски Магазин, Ана Бунтеска

 

 

ВИДЕОТЕКА-VIDEOTEKA

Kind regards: Sotir Grozdanovski-Makedonski

број 287, 20 maj 2020