Сотир Гроздановски-Македонски

ШТО ДОГОВАРААТ ЗАЕВ И МИЦКОСКИ?

***************

Зоран Заев како "политичар" и "државник"  ќе се памети за долго и ќе биде запишан во историјата на Македонците со големи и црни букви. Ќе биде забележан како случаен трговец  со пиперки, салата, кромид, и компири, кој со сила некој го инсталирал да биде прв министер во македонската Влада. И наместо да владее,  тој ја продаде и државата и Македонците и така се ослободи  од проблемите, кои требаше да ги решава.

Ако бил, овој полуписмен и тотално неспособен квази политичар насилно инсталиран за македонски Премиер, тој што го поставил, заедно со Претседателот на законодавниот дом на македонскиот народ, Талат Џафери, двојни војни дезертер и терорист во војната против Македонија и Македонците во 2001 година, добро знаел што прави и зошто тоа го прави. А знаеме и ние, денес, во Македонија и надвор од неа. Меѓутоа нормален и чесен  човек никогаш не би помислил дека тој и сите негови измеќари се способни за вакви недела и неправди врз народот кои  ги храни и  им обезбедува комфорен живот.

Како да не му беа доста сите негови "големи" дела кои ги натовари врз нашите грбови да ги носиме без рок на траење, па за да ги доврши задачите преостанати зад него   бара уште малку време, па после  да си одел во политичка пензија. Ама и бара, чоеков, ветување од својот наследник дека ќе ги прифати, со своите луѓе во Собранието на Северна Македонија,  сите предложени закони нив над 100 и кусур. И тоа пред да се формирала преодната привремена Влада. И гледајте чудо невидено: Реформата на Образованието му била најважна, бидејќи без неа нема да бидат исполнети  погубните договори за промена на историјата, идентитетот, јазикот и кој знае уште што за кои Македонците појма немаат. Ама Мицкоски знае, зошто заедно се договараат за се', само  за поништување на договорот со Грција, Бугарија и со Албанците, НЕ, бидејќи без својот иден и поранешен коалициски партнер не ќе може да формира Влада.

На кратко речено, ни се повторува  времето на Груевски и Груевизмот, засладен со ДУИ- змот на Али Ахмети, уште еден терористички водач на ОНА и УЧК, од 2001 година.

"Народниот" собир од 22 декември 2019 година  организиран од ВМРО-ДПМНЕ, како и многу  други такви пред тоа, имаше свој дневен ред и пораки до македонските граѓани. Пораките беа: ПРОМЕНИТЕ ДОАЃААТ! ЗАЕВ Е ГОТОВ И НАСКОРО ОДИ ВО ПОЛИТИЧКА ПЕНЗИЈА! ВМРО-ДПМНЕ ПОБЕДУВА! 

На сценографијата во салата би му позавидел и Трамп и Путин и Макрон, а најповеќе и Меркелка! Салата преполна со луѓе од сите старосни доби, сите со очите вперени кон трибината чекајќи го Мицкоски да се појави и да ги поздрави во стилот на Никсон со двете раце подигнати во знак на победа над Зоран Заев, навидум, човекот со кого нема ништо заедничко и не сака ниту на улица да го сретне, а камо ли со него да разговара. Камерите вртат околу наоколу и се фокусираат на многу познати лица од општествениот, политичкиот, културниот, научниот свет, но и на основачите на ВМРО-ДПМНЕ и потенцијалните гласачи, сите дојдени да го слушнат претседателот Христијан Мицкоски што има да им соопшти. Но и многу од нас кои го следевме неговиот говор очекувајќи чудо да се случи. Барем еднаш да се одлучи да ја каже "вистината", како  што  тоа Заев го прави и добива урнебесни овации и ракоплескања.

За разлика од Заевите следбеници, следбениците на Христијан Мицкоски му го прекинуваа подолгиот монотон и празен говор, со бучно скандирање: НИКОГАШ СЕВЕРНА САМО МАКЕДОНИЈА! НИКОГАШ СЕВЕРНА, САМО МАКЕДОНИЈА...!

Бидејќи камерите сега беа фокусирани и на неговото лице, мораше со половина уста и тој да им се придружи. Потоа, откако го заврши подготвениот говор на бината, со микрофон во рацете  меѓу присутните ги започна своите мегаломански ветувања.  И така дојде до 10 милијарди евра разни инвестиции во сите области во земјата, од кои и во спортот, при тоа со спортски занес изнаброи десетици стари и млади спортисти, со што ги заврши своите беседи уверувајќи ги своите членови и симпатизери дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, се' ќе биде поарно. Мед и млеко ќе тече по улиците во Македонија, луѓето ќе имаат каде да се вработаат, а младите ќе си останат дома каде и припаѓаат и ќе си ги одгледуваат своите семејства! Убаво речено, но што е со Државата? Со нејзиниот идентитет, со идентитетот и правата на Македонците како државотворен народ деградиран во граѓани на Северна Македонија? Што е со нас иселениците, господине Мицкоски? Ќе ни го вратите нашето исконско право да бидеме дел од македонската нација или ќе бидеме дел од некој непостоејќи народ  со кои не сакаме да се идентификуваме? Чии Премиер вие ќе бидете, господине Христијан Мицкоски и чии права ќе застапувате откога ќе дадете свечена заклетва дека ќе бидете Претседател на владата на Северна Македонија и ќе ги почитувате нејзините закони?

За чудо,  не се слушна ништо за поништувањето на штетните договори со соседите, ама затоа пак повеќе пати за нашата стратешка определба ( без согласност на македонскиот народ) ЕУ и НАТО. Спрема тоа драги мои и овој пат, ако на предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година биде избран за Заевов наследник како во некоја династија од американските сапуници, Христијан Мицкоски ќе биде премиер на Северна Македонија, а за враќање на Република Македонија? Тогаш, кога ќе ја сватиме сериозноста на ситуацијата во која  ја доведовме  Македонија, самите себеси и судбината на идните македонски поколенија!

Господо властодршци, грев е да се потценува својот сопствен народ!

 

 

СРЕЌНА НОВА 2020 ГОДИНА И ДОБРО ЗДРАВЈЕ!

За Македонски Збор

Ваш, Сотир

 

 

Макс Вело

Макс Вело - Албанец од Албанија

ДА ЖИВЕЕШ ВО МАКЕДОНИЈА И ДА СЕ БОРИШ ПРОТИВ НЕА Е ГОЛЕМ КУЛТУРЕН НЕДОСТАТОК

 

29 декември 2019

Кој е МАКС ВЕЛО? Едноставно Албанец од Албанија роден  во Париз на 31 август 1935 година. По неговото раѓање, семејството Вело се врати во Албанија, во градот Корча, каде што Макс го помина детството. Местото на потеклото на родителите било Круша. 

По зваршувањето на средното училиште, тој ги продолжува студите на Политехничкиот институт од областа на градежништвото. Подоцна специјализирал архитектура и во 1960 година учествувал во првиот дизајн што е направен во Тирана. Тој работел понатаму во Бирото за дизајн во Тирана. Потоа, '78-'79 се совпаѓа со најтешкиот период од неговиот живот, бидејќи во ова време тој е уапсен и осуден на десет години затвор.

Макс Вело во поглед на односот на Албанците спрема Македонија на една Албанска телевизија, каде што беше гостин и Мендух Тачи, рече:

"Јас го гледам проблемот од далеку! Од овде! Моето мислење од секогаш е дека Македонија е единствена држава на Балканот каде што има внатрешно неприфаќање, што значи дека овие Албанци што седат спроти мене тврдат дека не се државјани на Македонија. Тие секогаш ја негираа државата, војуваа против неа, велат дека вака сме ние, онака се тие, така што има една контрадикторност меѓу државата и овде присутните", рече Макс Вело. И продолжи:

Сето ова не можам да го разберам и да го прифатам. Овие луѓе се дел од Македонија и не може да се дигнат против сопствената држава, мислеше на Тачи и албанските партии од Македонија. Нели е така?

Вие направивте војна во средината на Европа и се дигнавте со оружје против сопствената држава. Во заседи беа убиени македонски полицајци.

На ова  Мендух Тачи возвраќа дека ниту еден македонски полицаец не е убиен.

Проблемот е во тоа што двете албански политички партии се "јадат" една со друга. На телевизија во време на избори гледаме како се обвинуваат еден со друг а велат дека Македонците се виновни што се "јадат" меѓусебно. Овие работи некако не ми влегуваат во мозокот. Она што е за мене потешко е екстремниот исламизам кај нив. Тие џамии по селата во Македонија ми изгледаат како ирански ракети. Во тоа е целиот проблем.

Има некои политичари во Македонија на кои им е забранет влез во САД и можам да ги набројам, на што Тачи додава: Јас сум. Да, ти си, и тука е проблемот како што ми изгледа мене и после овој проблем доаѓа друг.

Моето мислење, господине Тачи е тоа дека, ако вие не можете да се искачите на повисоко културно ниво, во социјалниот живот, да не правите дискриминација над жените, да изградите граѓанско општество, нема да можете да им се спротивставите на Македонците.  Ако ние не станеме Албанци со европски цели, нема да можеме да се спротивставиме на Македонците. Ние треба да бидеме на повисоко ниво од нив. Ако ние жените ги држиме со шамии и заробени дома, ние никогаш нема да можеме да им се спротивставиме на Македонците.

Вториот соговорник директно го обвини Тачи дека се бори за Голема Албанија.

Јас мислам дека овде сакајќи или несакајќи произлегуваат две визии за Албанците на Балканот. И двете имаат право да опстојуваат, бидејќи денеска тоа го овозможува плурализмот. Едната визија е голема Албанија и лицата наспроти нас ја имаат таа визија за голема Албанија, мислејќи на Тачи.

На ова Тачи возвраќа дека не е вистина и да не му ставаат етикета.

Имаат визија дека Албанија треба да ги храни и не само тоа истото што го прави Србија за Србите во косово. Нивно право е да го бараат тоа. Но тие националистички партии треба прецизно да се изјаснат. Албанија има други и поважни проблеми, така мислам јас. Без разлика што тие  се политичари, сепак ние сме интелектуалци.

Овие користат два јазика, едниот е националистички за голема Албанија, но треба да се прави како што планира Европа и тоа е дека Косово ќе биде држава со шест sвезди, Македонија нема да се подели. Европа не вели дека Македонија ќе се подели и тука се раѓа спротивставеност.

Дали ќе извлечеме една поука дека поделбата никаде не не води, туку не води во војна и незадоволство, затоа е добро вие да се идентификувате како Македонец.

Тачи на ова возвраќа дека би бил задоволен ако се идентификува како европски граѓанин.

Да живееш во Југославија а потоа во Македонија и да велиш дека не можеш да се идентификуваш како државата во која живееш јас би рекол дека е голем културен недостаток. Кога зборуваме за соработка помеѓу Албанците и ние нормално имаме потреба како Албанци за таа соработка со Албанците од Косово и Македонија.

Нашата соработка помеѓу нас, српските и македонските научници е многу сиромашна. Јас тоа би го нарекол пораз. Визијата за Балканот мора да биде Европска визија бидејќи овие националистички тези со секоја поставена граница се' повеќе не осиромашуваат. Јас мислам дека треба да ја смениме целокупната визија затоа што зборуваме за Европа, а тоа е широк поим зошто во Европа нема да влеземе само како Албанци, туку во Европа ќе одиме со Србија, Грција и Македонија.

https://www.magazin.mk

Професор Далибор Јовановски

ОД СОФИЈА НИШТО НОВО

 

24 декември 2019

Новата т.н. Рамковна позиција на Бугарската влада за подршка на Македонија за членство во ЕУ во суштина јасно ги оцртува позициите кои преовладуваат кај политичката и интелектуалната елита кај нашиот источен сосед. 

Анализирајќи го текстот може да забележиме дека болна точка за Бугарија е признавањето на Атина на постоење на македонски јазик (како дел од јужнословенската јазична група), а тоа го забележавме и со ставот на Бугарската академија на науките дека македонскиот јазик едноставно не постои, бидејќи е дијалект на бугарскиот.

Кон ова треба да ја додадеме и Декларацијата на Бугарското собрание за подршка на македонското членство во ЕУ. Да не зборуваме за изјави  на бугарски интелектуалци и дипломати во кои се негира посебноста на Македонците и на македонскиот народ.

Бугарија веќе јасно стави до знаење дека ќе се обиде да става фуснота кога е во прашање македонскиот јазик како "официјален јазик на Република Северна Македонија", нагласувајќи дека тој е поврзан со бугарскиот јазик.

Овие ставови на владата во Софија не се случајни, ниту пак нови. Секој кој ја следи бугарската политика во однос на Македонија и Македонското прашање беше убеден дека до ова ќе дојде, бидејќи тоа е единствената шанса на Бугарија да ја наметне својата волја и позиција врз Македонија.

Во последните 20 години во соседна Бугарија излегоа барем четири документи во кои се разработува нивната позиција во однос на нашата држава. Јазичниот спор кој се појави во 1992 година со бугарското одбивање да се потпишат меѓудржавни договори помеѓу двете соседни земји не беше нешто неочекувано.

Соседна Бугарија уште од шеесеттите години на минатиот век има јасен став за непризнавање на македонскиот јазик како посебен и за заедничко славење на историските настани и личности, но не како заеднички, туку како бугарски.

Како што јазичниот спор се развиваше, така во соседството започнаа да се прават стратегии и документи за односите со Македонија.

Во 1997 година како реакција на македонското инсистирање во односите со Бугарија, особено при склучувањето на меѓудржавните договори, да се користи македонскиот јазик, софискиот Македонски научен институт издаде Меморандум по повод јазичниот спор.

Во овој памфлет, авторите се обидуваат да докажат дека македонскиот јазик е вештачки исто, како и македонската нација и тој е обичен бугарски дијалект. Составувачите на Меморандумот даваат краток историски осврт со забелешка дека македонската нација е конструкција на Коминтерната, создадена на антибугарска основа.

Тука може да прочитаме каков бил, според авторите, теророт врз бугарското население во рамките на новосозданета македонска држава, се споменуваат илјадници Бугари кои биле репресирани и убивани од комунистичките власти.

За македонскиот јазик се користи терминот политички јазик и, што е поинтересно, името на јазикот бил чист плагијат, бидејќи името било замено од јазикот на античките Македонци, кои исчезнале и за кој многу малку се знае.

Се што било направено за македонскиот јазик, за авторите е алхемија. Памфлетот е дополнет со податоци од странски автори во кој се гледа бугарскиот карактер на Македонија.

Што се однесува до македонските научници, тие се напаѓани како да се српски слуги. Па така професорите Људмил Спасов и Атанас Вангелов се обвинети како блажеконевисти дека се против на секоја реформа на јазикот.

До колку авторите прочитале што Спасов и Вангелов пишуваат, сигурно немало да ги споменат во негативна конотација. Меѓутоа, кога ќе се погледне европската лингвистичка карта, некако аргументите на авторите на Меморандумот паѓаат во вода.

Прво, славистиката го има признато македонскиот јазик како посебен, а и во Бугарија постојат извори каде се споменува постоење на македонскиот јазик уште пред да биде формирана македонската држава. Сличноста на двата јазика воопшто не е аргумент за соседната држава. Постојат многу примери за слични јазици-српскиот и хрватскиот, чешкиот и словачкиот, рускиот и украинскиот, данскиот и норвешкиот итн. Тие дури се и послични меѓусебе, па никој не ја спори нивната посебност.

Што се однесува, повторно до јазикот, за составувачите на Меморандумот македонскиот јазик има илјадагодишна бугарска историја, тој е бугарски дијалект, кој во 1944 година бил деконструиран од бугарскиот книжевен јазик.

Авторите не забораваат да потсетат дека Бугарија е таа која прва ја призна независноста на Македонија и помогна за време на грчкото ембарго, одби поделба на државата и сл. Тука се во право, но забораваат дека ние тоа го цениме и сме им благодарни за нивните потези во тој временски период,

За подобро да бидете информирани, овој институт во 1998 година издаде книги. Едната посветена на Крсте Мисирков во која тој е прикажан како побркана личност, талкајќи помеѓу бугарскиот и македонскиот идентитет.

Втората е посветена на Блаже Конески со наслов: Скопската икона-Блаже Конески. Македонски лингвист или српски политработник во која меѓу другото е претставен како српски тројански коњ во работата на Комисијата за кодификација на македонскиот јазик.

Меморандумот за јазикот не беше единствена бугарска платформа или анализа за односите со Македонија. Истата 1997 година Научниот центар за Бугарската национална стратегија ја објави Бугарската национална доктрина под наслов Бугарија во дваесет и првиот век. Во оваа доктрина може да забележиме дека Македонија се третира како бугарска област, со сите познати бугарски тврдења во однос на Македонското прашање.

Мошне интересен е вториот дел од оваа доктрина, објавен во 2008 година. Тука, а тоа е после зачленувањето на Бугарија во Европската Унија, повеќе од јасно е нагласено дека Македонија е историска бугарска земја.

Во овој документ повторно се говори за вештачката македонска нација, а Македонците се вбројуваат за Бугари надвор од Бугарија или како некој вид на дијаспора.

Интересно е да се забележи дека според оваа доктрина бугарската држава треба да се заложи за правото на македонските Бугари за самоопределување, занемарувајќи го фактор дека Македонците веќе во огромен број немаат намера така да се декларираат. Затоа пак во игра влегува бугарското државјанство.

Овој стратегиски центар во 2000 година во авторство на Веселин Трајков објави една помала студија со наслов "Националните доктрини на балканските земји" во која нема ништо за Македонија.

Дали намерно е испуштена Македонија или пак забележале дека нашата земја нема национална доктрина е интересно прашање, на кое, во мкедонскиот случај сите треба да одговориме.

Сепак, треба да признаеме дека покрај фактот што Бугарија и тамошните институции не сакаат да не забележат, за одредени недостатоци вината е кај нас.

Непосредно по бугарското зачленување во Европската Унија се појави и стратегијата за односите на Бугарија кон македонската држава до софиската фондација Манфред Вернер со наслов Бугарската стратегија кон Република Македонија.

Оваа стратегија е интересна бидејќи во неа, покрај сите познати бугарски ставови за Македонија, Македонците и Македонското прашање може да забележиме идеи кои денес се актуелни, а се поврзани со историјата и нејзиното толкување.

Според составувачот, кој патем е математичар, заради политиката на македонските влади самото име на државата Република Македонија создало проблеми во односите со источниот и јужниот сосед, бидејќи имплицирало територијални претензии.

Во Рамковата позиција на бугарската влада денес може да забележиме дека се бараат гаранции името на државата Северна Македонија да не претставува иредентизам кон Пиринска Македонија, која е северен дел од регионот Македонија.

Како најава на тоа што денес го гледаме во работата на мешовитата македонско-бугарска комисија за историја, во оваа стратегија е наведено "Корегирање на учебниците по историја" кои целосно ја фалсификуваат историјата и содржат навредливи квалификации за бугарската држава и нација, кои се граничат со отворен расизам.

На бугарско барање, во учебниците, официјално одобрени од надлежните органи на Република Македонија, изрично да биде истакната бугарската народносна припадност (утврдена од светската историска наука) на истакнати фигури од нашата заедничка историја како св. Климент и св. Наум Охридски, Цар Самуил, браќата Миладиновци, Гоце Делчев".

Во стратегијата се посочуваат начини на кој би се зајакнала бугарската позиција во односите со нашата држава. Доколку ги знаеме овие позиции на бугарските научници, институции и фондации, тогаш политиката на владата во Софија не е никакво изненадување.

Односите по носењето на Рамковната позиција на бугарската влада влегуваат во една нова фаза во која тешко може да дојде до вистински дијалог и обид за разрешување на недоразбирањата.

Во Грција влијателната фондација ЕЛИАМЕП веднаш изработи анализа за новата позиција на бугарската влада во која јасно е наведено дека ниту една бугарска влада во иднина нема да се повлече од овој документ, ниту пак некоја македонска влада истиот ќе го прифати.

Кој доби од овој документ? Ниту Бугарија, ниту Македонија, туку некој трет.

На крајот на читателите им посакувам многу здравје, среќа, радост и успех во Новата 2020-та година.

(Авторот е професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при УКИМ и член на Македонско-грчката комисија за историја).

 

 

Митко.Б. Панов

 Пишува професор д-р Митко Б. Панов

ШЧО НАПРАИФТЕ? СПОРОТ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И АПСУРДИТЕ НА ДОГОВОРЕНАТА "ЗАЕДНИЧКА" СРЕДНОВЕКОВНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКО-БУГАРСКАТА КОМИСИЈА

 

21 декември 2019

Бугарска академија на науки (БАН) со одговорот на Повелбата за македонскиот јазик од МАНУ не соопшти ништо ново. Напротив, колегите од БАН-Институтот за бугарски јазик, Кирило-Методиевскиот научен центар, како и од Институтот за историски истражувања, само ги повторија одамна познатите ставови со кои се негира посебноста на македонскиот јазик (БАН, 11 декември 2019). Тоа што, меѓу другото, наиде на особена критика кај бугарските колеги е аргументацијата содржана во Повелбата (МАНУ, 03 декември 2019) за "многувековниот континуитет" на македонскиот јазик, дека "развојот на писмениот македонски јазик се врзува за најмалку две автохтони писма-азбуки, глаголицата и кирилицата", дека во согласност со доминантната научна теорија "македонски јазик кој се говорел на просторите на Македонија на кои живееле македонските Словени, посебно во солунскиот регион, е токму тој јазик којшто преку кирило-методиевските преводи на Светите книги, ги внел Словените во христијанскиот свет".

Во одговорот на колегите од БАН (Бугарска Академија на науките) се укажува дека "бугарскиот карактер на Кирило-Методиевиот јазик" е научно докажан факт уште од 19 век и со векови овој јазик е "познат со народносното име единствено како бугарски".

За нив, глаголицата и кирилицата во рамките на средновековната бугарска држава "биле во употреба на целата бугарска говорна територија", додека скрипторската традиција била "нераздвојно поврзана со бугарската и е само дел од целосната бугарска книжевна традиција од средновековието до денес". Копретседателот на заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања, професор Драги Ѓоргиев, коментирајќи го ставот на БАН истакна дека тоа "не е ништо ново" и претставува генерален став на лингвистите во Бугарија.

Притоа, тој беше категоричен дека "ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката комисија" (Дојче Веле, 12 декември 2019). Меѓутоа, веднаш се наметнува прашањето како може ставот на БАН кој е навистина генерален и општо познат, а кој јавно го застапуваат и членовите на бугарската комисија, одеднаш да ја доведе работата на заедничката комисија во апсурдна ситуација?

Од Ѓоргиев исто така дознавме дека македонските членови на комисијата се согласиле да ги потпишат записниците од последните два состаноци, како "историчари на Република Северна Македонија", а не како дотогаш "македонската страна", прифаќајќи го образложението на бугарската страна дека употребата на придавката македонски за државни комисии, било во колизија со одредбите на Преспанскиот договор. Имајќи предвид дека бугарските колеги од самиот почеток "избегнувале во историска смисла да ги користат термините македонски јазик, македонска нација, македонска култура", тогаш станува сосема јасно од вакви позиции и за каква "заедничка" историја преговарале и договарале македонските членови на комисијата!

Низ призма на спротивставувањето на аргументите на највисоките научни институции на двете земји во однос на јазичниот континуитет со лоцирањето на вековните традиции во средновековието, се поставува прашањето како македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања ќе го разреши ваквиот научен спор?

Уште повеќе, што комисијата веќе ги утврди сесловенските просветители св. Кирил и св. Методиј и нивните ученици св. Климент и св.Наум, како дел од "заедничката" историја. Договорената формулација ја обелодени претседателот на бугарскиот дел од комисијата, професор Ангел Димитров, кој истакна дека комисијата постигнала согласност околу текстовите доставени до владите на двете земји, дека делото на светите браќа св. Кирил и св. Методиј е "сочувано токму со средновековна Бугарија од кадешто станува достапно на словенските народи, дека како израз на политиката на бугарските владетели кнез Борис и цар Симеон се создадени книжевните школи во Плиска, Преслав и Охрид, дека самиот празник 24 мај е содаден во Бугарија како прв светски национален празник, како и дека цар Самуил е бугарски владетел" (24 часа, 01 ноември 2019).

Ставовите на членовите на македонската комисија во контекст на овие прашања станаа појасни по дебатата помеѓу двајцата копретседатели за значењето на терминот "заедничка" историја, која се одвиваше директно на Бугарската национална телевизија (БНТ, 28 ноември 2019).

Ѓоргиев го образложи ставот околу интерпретацијата на заедничката историја за средниот век со реторичкото прашање: "кога зборуваме во рамките на таа средновековна бугарска држава... таа е голема држава, во која се внесени многу елементи, народи и заедници, во која смисла би била таа заедничка историја со денешниот македонски народ"?

На прашање од водителката, дали царувањето на Самуил е заедничка историја, Ѓоргиев потврдно одговори дека "тоа е заедничка историја во смисла дека тоа е една држава во која се живее, така јас се согласувам во таа смисла, апсолутно, таа е заедничка историја, така е во таа смисла да. меѓутоа, кога се качуваме понагоре хронолошки, тогаш станува тој термин малку чувствителен, кога доаѓаме  до 19 и 20 век".

Според Ѓоргиев, "македонската страна не го негира постоењето на бугарската држава, апсолутно не, не може, нема како да го негира. Македонската страна не го негира исто така формирањето на бугарската народност во тоа време. Меѓутоа, дебатира околу тоа дека формирањето на бугарската народност на целокупната територија, на таа голема средновековна држава, дека била со ист интенззитет, како што била во во средиштето на бугарската држава и дека тоа формирање во 9 век трае до 1944 година".

Значи за македонските членови на комисијата не е спорно дека средновековниот период од 9 век, вклучително и Самуиловата држава, биле дел од "заедничката" историја и аналогно го определиле како "бугарски". Тоа го потврди и професорот.

Ванчо Ѓорѓиев, кој како член на комисијата го пренесе ставот дека заедничката историја со Бугарија е "периодот во средновеквието кога Македонија била дел од бугарската држава, потоа периодот од 1915 до 1918 година  кога за време на Првата светска војна територијата на Македонија е окупирана од бугарија и периодот од 1941 до 1944 година". (сител.мк) Оттаму, воопшто не изненадува прашањето кое претседателот на македонскиот дел на комисијата реторички го постави, дека периодот на средновековието губи смисла да биде "заедничка историја со денешниот македонски народ".

Од досегашната работа на комисијата произлегува дека единствената преостаната дилема кај македонските колеги во однос на претстојната ревизија на учебниците за средновековието е дали процесот на создавање на бугарската народност бил со "ист интентизет" и на територијата на Македонија, како што тоа било случај со средиштето на бугарската држава? Меѓутоа, останува нејасно за кое средиште зборува Ѓоргиев, ако се земе предвид дека средиштето на Самуиловата држава (која комисијата ја прогласи за "бугарска"), било во југозападна Македонија, со политички и црковни средишта во преспа и Охрид?!

Притоа се наметнува и прашањето на кој начин македонските членови на комисијата ја дефинирале Самуиловата црква-Охридската архиепископија, иако аналогијата на "заедничката" историја е повеќе од јасна. Треба ли да очекуваме во иднина тие повторно да реагираат со изјави во медиумите, како и во случајот со соопштението на БАН, за да укажат на некакви апсурди кога статусот на Македонската православна црква-Охридска архиепскопија ќе биде негиран и тоа токму врз основа на историското дефинирање на Самуиловата држава и црква, кое самите тие го договориле и потпишале во рамките на комисијата?!

Ако се земе предвид реактуелизирањето на спорот на релација МАНУ-БАН, што ги илустрира сериозните научни разидувања кои директно задираат во есенцијата на посебноста на историскиот развој на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет, комисиската интерпретација на средновековието во контекст на словенските просветители и дефинирањето на 24 мај како "бугарски празник" (Ангел Димитров, БНТ, 17 декември 2019) добива дополнителна тежина.

Тоа покажува дека македонските колеги не ги антипицирале последиците од иницијалното еуфорчно себе-рекламирање на решавачи на "конфликтите" во историографиите на двете земји. Тие очигледно не ја разбраа доволно сериозноста на улогата која им е дадена со политичкиот договор, како и тежината на одговорноста која ја преземаа врз себе при ставањето на потписите за прогласувањето на личностите и настаните од средновековието како дел од "заедничката" историја.

Членот на бугарската комисија, професор Иван Илчев, тоа мошне јасно го предочи, кој констатирајќи го големиот пробив на комисијата со потпишувањето на текстовите во кои "се кажува дека Самуил е цар на Бугарија, дека св.Климент Охридски и св. Наум Охридски се испратени во западна Бугарија од владателот на Бугарија, Борис за да ја шират новата писменост и религија итн.", остро реагираше дека при прославата на св. Климент на 8 декември, премиерот Зоран Заев ниту еднаш не го спомнал зборот "Бугарија" или "бугарски" и тоа во ситуација кога "владите на двете земји се ангажираа да прифатат тоа што комисијата го потпишала"! (БНР, 16 декември 2019).

Низ призмата на ваквите изјави се поставува прашањето што е поапсурдно? Ставот на БАН, или ставот на македонските членови на комисијата?! Спорот на релација МАНУ-БАН постоел и ќе постои, но неговото ре-актуелизирање само ја разобличи апсурдноста на комисиското ревидирање на средновековната историја со прифаќањето на историографските конструктори од 19 век.

Оттаму, последните неубедливи изјави на македонските членови на комисијата и заложбите за одложување на седниците за постизборниот период, се само рефлекција на неуспешните обиди за излез од ќосокакот во кој самите западнаа, на што укажував во повеќе колумни.

Суштината на проблемот има многу посериозна димензија и се заснова на тенденцијата за затворање на македонското прашање (Expres.mk 05 и 06 октомври 2019). Тоа го предочи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој коментирајќи го спорот околу посебноста на македонскиот јазик и работата на заедничката комисија, истакна дека "овој процес во основа значи последен чекор кон затворање на македонското прашање... Ние долго време живеевме во онаа двојност, тоа го имавме и кај името... многу е важно за затворањето на македонското прашање, да најдеме разбирање токму со соседите, кадешто имаме најмногу испрепетлување во историјата" (Телма, 12 декември 2019).

А како постигнувањето разбирање е можно со политички декларации и условувања на европските интеграции, е друго прашање. Копретседателот на комисијата, професор Ангел Димитров, сосема јасно ја лоцираше суштината на проблемот дека во Македонија "не се излегува од постулатите на наметнатиот македонизам како државна доктрина" (БНТ, 17 декември 2019). За професорот Илчев проблемот е што комисијата работела само една година и освен големиот пробив за средновековието, во овој рок не можела да промени "нешто кое било напластувано", што го вклучува и "македонското во продолжение на 75 години".

Според него, комисијата може да потпишува текстови за заедничката историја, "но доколку нештата во нив не влезат во свеста на луѓето во Северна Македонија, не сме направиле ништо! (БНР, 16 декември 2019).

Историчарите најдобро ја разбираат комплексноста на македонското прашање, кое во својата суштина се заснова на територијалните аспирации на соседите кон Македонија по 1878 година проследени со пропаганди за наметнувањето на "националната свест" и негација на сите форми и пројави на македонизам.

Рефлексија на ваквите тежненија во однос на Македонија биле и балканските историографски конструкти, чијашто заедничка синтагма по 1878 година било присвојувањето на средновековните личности во националните наративи и нивно проектирање во функција на легитимирање на историското право на македонската територија, а со тоа и на "свеста" на нејзините жители (Митко Б.Панов, The blinded State).

Од аспект на 21 век, решавањето на македонското прашање е единствено можно доколку Бугарија прифати  дека природно право на секој народ и нација, што ја вклучува и македонската, е да ги негува создадените национални митови и легенди, кои настанале на територијата со која нацијата се поврзува и се израз на историските тежненија за самостојност и за државност, претставувајќи дел од идентитетот.

Треба исто така да се признае дека сите балкански народи имаат свои национални митови и испреплетена историја. Но, за тоа е потребна промена на пристапот својствен на европските демократии, примена на современите научни методологии, со што тенденцијата за догматизирање на историјата ќе се замени со отворено научно дебатирање за сите прашања со респектирање на различните ставови.

Тоа индиректно го призна и професорот Илчев, кој укажа на анахроноста на бугарската позиција, бидејќи според него европското јавно мислење расудува дека во "Македонија има држава Северна Македонија, таа си има своја историја, свој јазик". Притоа тој посебно потенцира дека "за жал благодарение на пренебрегнувањето на ова прашање од повеќе власти, политичари и влади кај нас во последните децении, ние во моментов сме изолирани во Европа и во светот".

На наша страна стојат исклучително малку, за огромен жал, исклучително малку историчари и филозофи"! Но ние "треба да ги заштитуваме националните интереси", заклучи Илчев (БНР, 16 декември 2019).

Другата алтернатива за затворање на македонскотo прашање е Република Македонија да го ревидира македонскиот национален наратив и да се откаже од македонизмот, со што променетиот наратив во учебниците ќе се однесува на креирањето на свеста за новиот идентитет на "граѓаните на Република Северна Македонија".

Историчарите од "Република Северна Македонија" во комисијата го направија првиот чекор во тој правец. "Шчо напраифме", ќе запраша Мисирков, и "шчо требит да праиме за однапред"?!

Авторот е редовен професор во Институтот за национална историја-Скопје

https://expres.mk

Панде Колемишовски

ЌЕ ЈА БИДЕ ИЛИ ЌЕ ЈА НЕМА?

************

20 декември 2019

Бугарските обиди за враќање на Македонија со векови назад, негирањето на каква било самобитност преку непризнавањето на јазикот и писмото, не се битка само за историски и лингвистички прашања. Присвојувањето на народот, на историјата, јазикот и писмото е скриен обид за враќање на сегашна Северна Македонија во границите на Бугарија, не набргу, но долгорочно гледано и планирано. Тоа е, засега, маскирана борба за територијата како крајна цел.

************

Едно од клучните државотворни стратегиски прашања што често ги поставуваат и самите граѓани е дали ќе ја биде Македонија. Ова примитивистички формулирано прашање може да се прошир и да се постави до поинаква насока и суштина. Имено, прашањето е дали ќе ја има? Дали ќе постои како таква? Сигурно дека некои од читателите веднаш ќе бидат доведени во дилема како може да се поставува едно вакво речиси тотално бесмислено прашање во време кога државата фактички е членка на НАТО, а очекува одредување датум за почнување преговори со Европската Унија.

Не сметам дека и' припаѓам на категоријата граѓани што подлегнуваат на теориите за меѓународни заговори во кои Македонија е центарот на светот, но имам право да бидам послободен од размислувањето за такви теми. Тоа право се заснова на моето педесетгодишно искуство во новинарството (подолги години во неговите врвови), на живеење во иста држава со променети три-четири различни имиња во три различни општествени системи-строг комунизам, лабав социјализам и слободен повеќепартизам. И врз основа на сите настани што поминале низ годините, очекувани или изненадувачки, дури неверојатни.

Како еден од факторите што влијаат на дилемата да го земеме за пример договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија и најпрво да укажеме на некои парадоксални формалности. Договорот е потпишан на 1 август 2017 година, нецела година пред да ја потпише Македонија спогодбата со Грција за името. Во членот 2, став 2, буквално пошува: "Двете договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатланската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и' помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја подржи Република Македонија за добивање покана за членство во НАТО во согласност со соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО". 

Значи, да внимаваме: договорот го потпиша Република Македонија и Република Бугарија. Република Бугарија со овој договор ја призна Република Македонија како таква и со тоа име. Никаде нема ни најмала трага од Северна Република Македонија или од северномакедонци. Договорот е важечки, врз него не е направена никаква корекција, ниту такво нешто е побарано од едната или другата страна, ниту во македонското собрание, ниту во бугарското, кои го ратификуваа договорт. Исто и за јазикот. Договорот е потпишан во два оригинални примероци, секој од нив на официјалните јазици на договорните страни-македонски јазик, во согласност со Уставот на Република Македонија, и бугарски јазик, во согласност со Уставот на Република Бугарија, при што двата текста имаат еднаква важност.

Не го познавам меѓународното право, ниту, пак, лично тврдам дека сум сосема во право, но според нормалната, најпроста логика, произлегува дека официјална Софија со овој договор не само што ја признала нашата држава туку ја има признаено и посебноста на македонскиот народ, како и неговите автентични јазик и писмо, без никаква додавка со зборови или со sвездичка (атериск-не Астерикс) за нивното словенско потекло. Конечно и да не сум во право, да размислувам крајно наивно и лаички, не ми е далечна помислата дека властите треба убаво да им објаснат тоа на граѓаните, пред се' на Македонците во Македонија и надвор од неа.

Од каде сега, две години подоцна, еден надежен договор за искрено пријателство меѓу двата народа се исправа како сериозен камен на сопнување и покрај сиот труд на актуелните политичари за негова подршка и спроведување (имплементација)? И Сошто една во основа добронамерна желба за поблиски односи се претвора во чиста спротивност, повеќе како загроза од влошување одошто како надеж за подобрување на односите? Што навистина сакаат екстремните бугарски политичари, историчари и лингвисти?

Бугарските барања да не се признава самобитноста на македонскиот народ, да не се признава неговото историско постоење, да не се признаваат јазикот и писмото на тој народ не се нешто ново, како што со право изјавија некои македонски историчари. Новото е тоа што и новите, демократски власти, кога е во прашање Македонија, го покажуваат истото лице обликувано уште пред 150 години, преку царштината што застана на страната на фашизмот до диктаторското владеење на нивниот комунистички лидер Тодор. По македонското прашање речиси нема разлика меѓу нив и актуелното политичко раководство, иако е веќе 21 век, земјата напредува во демократијата и е членка на Европската Унија.

Нивните обиди за враќање на Македонија со векови наназад, негирањето на каква било самобитност преку непризнавањето на јазикот и писмото, не се битка само за историски и лингвистички прашања. Присвојувањето на народот, на историјата, јазикот и писмото е скриен обид за враќање на сегашна Северна Македонија во границите на Бугарија, не набргу, но долгорочно гледано и планирано. Тоа е, засега, маскирана борба за територијата како крајна цел, според нив изгубена низ лавиринтите на меѓународните договори и неповолните за нив околности. Нивните напори се евидентен прилог  во настојувањата да се ревидираат и коригираат вистините што не им одат во прилог не само од средниот век туку и од Санстефанскиот договор, од Првата и втората светска војна, кога Бугарија застануваше на погршната, на поразената страна на историјата.

Најверојатно е претерано да се тврди дека официјалната и научна политика на Бугарија истовремено посакува да врши перфидна асимилација на Македонците, нешто што не им успеа во неколку историски наврати, но сега користејќи демократски инструмменти, злоупотребувајќи пасоши и државјанства, но не исклучувајќи и ултиматуми и закани. Уште од времето на нивниот премиер, ресенецот Андреј Љапчев, позната е доктрината на кој начин се решаваат работите: со благо, со кроце и со малку ќотек. Може да се претпоставува дека оваа тактика, ако не се случи некој навистина демократски и разумен пресврт, Бугарија кон Македонија ќе ја спроведува се' до денот ког Македонија ќе биде примена во ЕУ, ако воопшто дојде таков ден.

Она што при склучувањето на договорот беше најавувано како потреба само за ревизија на учебниците се претвори во Пандорина кутија од која може да излезат сите зла и лошотии. Сегашните позициии покажуваат дека договорот, наместо круна на односите, може да се претвори во јаболко на раздорот, да дојде до судир на интересите меѓу политиката и народот, особено во Македонија.

Сигурно нема да се дозволи Балканот и натаму да биде буре барут, но се' уште ќе биде лесно запалива материја. Бугарските позиции се многу посилни во секој поглед, но тоа не значи  дека македонските со наведната глава. Бугарија има свои граѓани што живеат во Македонија, има дел од Македонците што гаат симпатии кон таа држава, како што има дел што ја симпатизираат Србија или Грција, другите две соседни земји.

Не сум некој бугарофоб и никогаш не сум се вбројувал меѓу оние што знаат да шират омраза меѓу луѓето. И во овој текст не зборувам против Бугарија, туку се обидувам да соопштам нешто во корист на Македонија и да укажам на можни последици по неа, земајќи ги предвид бугарските постапки. Голем дел читатели на крајот од текстот ќе се запрашаат дали навистина е можно Република Македонија да ја снема од картата на светот, да се приклучи кон Бугарија или да биде поделена меѓу Албанија и Бугарија со Вардар како граница. Или да се најде некоја поинаква опција, мал или голем шенген.

Невозможно, нели? Пред триесет години беше невозможно да се помисли, уште помалку да се верува, дека ќе се распадне Советскиот Сојуз, дека во крвава војна ќе се распадне Титова Југославија. Но се случи, како да не било ништо пред тоа и сето тоа да се сфаќа како  нормална, природна состојба. Оттаму произлегува дополнителното прашање: Не дали ќе биде, туку дали ќе ја има?

https://www.novamakedonija.com.mk

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА 

*******

Жаклина Михајлова

 

 

 

ЛИПИТЕ ПРАЗНУВААТ

Липите празнуваат во мојот крај,
мирисаат тие и во
втората пролет на животот мој.
Од атомот на
липовиот мирис во Македонија,
преку молекулата на сеќавањата,
до дивото месо во утробава,
бодежми е збогувањето...

Низ градите и во туѓина ми иде,
тој, липовиот старокрајски вдах,
спокојство и мир да ми биде.
Да сетам нов живот, љубов,
заедништво и хармонија да сетам,
да сетам, шумолење и опојност
Божја, по македонски, да сетам!
Да сетам почит кон почитта,
та, да липам, под липата да липам,
мирисон нејзин да ми ја
одлути раната стара,
прошка и пресуда
во едно да биде и да биде, да!

Ме тишти мирисот
на липите старокрајски,
во вотората половина
на мојата вечна пролет, пак!
***********
Жаклина Михајлова 

Липа.

 

ВИДЕОТЕКА - ВИДЕОТЕКА

 

Kind regards: Сотир Гроздановски-Македонски

31 декември 2019 година-број 259,