Сотир

 

Сотир Гроздановски-Македонски

ЗА СЕ' САМО  ЗА  МАКЕДОНИЈА НЕ?

***************

 

21 декември 2019

Како да ја пуштивме низ вода! Како се' друго ни е поважно од Татковината! Ама како што денес ние ги срамотиме  и обезвреднуваме нашите предци, така утре нас и нашите черепи некои други луѓе ќе ги фрлаат во некоја депонија! Ќе ги фрлаат, зошто тоа што самите себеси денес и ним им го правиме, ќе биде срам за нив и  поколенијата пред нив и ќе настојуваат да не заборават. Да не заборават нас, како никогаш да не сме постоеле! Зошто кој не се грижи за минатото и денешнината, нема иднина! Зошто нашата иднина за поколенијата кои доаѓаат ќе биде минато и нечесна работа, само запишано во учебниците. Учебниците напишани, веројатно, на туѓ јазик, и со туѓи пораки за нас. Бидејќи ние, денешните соучесници во македонската самотрагедија им го оставивме како "дар" од нашите соседи: Грците, Бугарите и Албанците, со благослов од нашите "сојузници и партнери" во злото!

Се' разбира, сето ова што го реков, не значи дека мора и да се случи доколку ние, како народ и македонска нација одлучиме поинаку. Одлучиме да станеме простум и ја одбраниме Македонија, по секоја цена. Се'  е можно, ако се сака! Сите нас обединети не ни може ниту една внатрешна или надворешна сила да не победи. Не'  има доста и внатре и надвор од Македонија, ама внатрешното единство е срцевината на одбраната. "Кои внатре ќе влезе, нема жив да излезе", вели нашата песна водилка! Ако чувствуваме должност и одговорност спрема нашите деца и нашите покојни предци.

Ништо не е стекнато без жртви, драги мои! - ох, да! Тоа му успеа само на Зоран Заев, со наша помош. Зошто? Затоа што му дозволивме дел по дел да не продава со волчји потсмев на неговото велепредавничко лице, а ние од страв или некои други причини си седевме дома и  гледавме низ прозорци како мали, храбри и одговорни групи од наши сонародници, жени, мажи и дечиња и по дождови и по снегови со македонските национални знамиња пред нив и на секаде околу нив пред Собранието ја бранат Македонија, своето и нашето последно парче земја оставено  од нашите славни предци да го чуваме и предаваме на генерациите, Македонци, после нас.

Денес во нашата окупирана  земја,  Македонија, владеат две големи "македонски" предавнички политички партии,  СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, потоа неколку мали албански и десетина други малечки кои живеат за промовирање на некои од своите лидери, и  секогаш подготвени на "големите" играчи да им служат за поткусурување.

И едните и другите му служат на надворешните наредбодавци и газди за чување на нивните интереси во македонската држава. Им служат на странските елементи во македонското општество, зошто со потпишувањето на договорите со соседите, Грција, Бугарија и Албанците во Македонија, си ги ставија главите во торбите, од кои си ги зедоа, однапред, наградите за работата која ја извршија  за нив. 

Откако заеднички ја продадоа својата сопствена држава и ги обезличија Македонците, претворувајќи ги од државотворен народ во граѓани од втор ред во својата сопствена држава, без срам и човечко достоинство организираат избори за смена на предавниците по принципот: слези Мурто да се качи Курто!

Ако сакаме да имаме држава со која ќе се гордееме и ќе не почитува светот, тоа мораме да го промениме, зошто светот од кој се плашиме, не е оној од вчера. Светот си има свои правила на однесување, само средствата за доаѓање до егоистичките цели се изменети: подели и владај преку внатрешни предавници, кодоши, криминалци кои без икаков отпор ни ја презедоа државата и не втурнаа во меѓусебна омраза за некои цели, од кои нашиот народ неме корист. Тие злосторници не се многу! Не се многу ама "силни", зошто ние сме колебливи и обесхрабрени, верувајќи дека некој друг ќе ни ја подари слободата и на државата и на нас самите! Таа песна нема да ја слушнеме ако тие кои скоро 30 години ја пљачкаат Македонија и и' подготвуваат конечна смрт, не ги истераме од нивните дувла финансирани со народни пари наменети за развој на македонската држава и благосостојбата на народот. Па белким имаме 20-30 храбри и одлучни борци кои ќе го заменат и Заев, кои не може да се пофали со својата интелигенција заедно со Христијан Мицкоски и неговата дружина кои ја претворија ВМРО во дувло на предавници и изроди кои на ист начина го замајуваат народот за сам да си легне на брашното и да ја почувствува својата бесилка попријатно и безболна, да ја прифатат нивната измислена политичка творба, северна Македонија и да им стават капак на погребниот ковчег на Македонија!

Браќа Македонци внатре,  во окупираните делови на Македонија и во странските земји обединете се и нема никои да не врати назад од каде сакаме да излеземе! Еднаш за секоаш да го прекинеме синџирот на меѓусебната нетрпеливост индуцирана од непријателите наши и да бидеме сите едно и едното за сите!

ЗА СЕ' ДРУГО НЕ,  ЗА НАШАТА МАКЕДОНИЈА СЕ'!   СВЕТОТ ПОЧИТУВА САМО ОДГОВОРНИ И ОДЛУЧНИ ЛУЃЕ! 

За секогаш Ваш, Сотир!

Проф., д-р Билјана Ванковска

 

Билјана Ванковска

СЕКОЈ НАРОД ИМА ВЛАДА КАКВА ШТО ЗАСЛУЖУВА

************

16 декември 2019

 

Поразот на лабуристите во Велика британија е веројатно најневажната работа за просечниот Македонец. Тој претпочита да остане во својата "оаза" на самосожалување и патетика, вљубен во својата (само) виктимизација-и ништо што е надвор од овој хоризонт не го допира. Живот во сопствена чаура. Ова е народ што одамна изгубил верба во своите способности, одамна не создал нешто со што може да се гордее (освен индивидуалните, главно културни, проблесоци) и кој пасивно ја гледа последната распродажба со која се крунисува завршетокот на транзицијата и приватизацијата, но и продажбата на идентитетот и уставната сувереност како последен отпад, "дај колку ќе дадеш, дај си рака". Тој не е ни свесен дека е зомби, жив мртовец, кој го одржуваат како лик во некој евтин холивудски филм-додека е потребно. На моменти се вознемирува и галами (главно на социјалните мрежи) за сосема небитни нешта. На пример, за ставот на Бугарската академија на науките дека не постоел македонскиот јазик... Мислиш, знак на живот и самочувство, болка поради повремен дигнитет-но не е тоа. Ова се оние несвесни посмртни грчеви. Да се работи за индивидуа, споредбата би била како веќе силувана личност реагира поради обичен пцост од силувачот. Звучи болно, грдо, непатриотски, дефетистички? Народ што не се дигнал на нозе кога го обезличиле неписмени шутраци од најнизок вид, сега нема морално право да се жешти и (божем) да го брани македонскиот јазик од една националистичка дружина во Софија (балканските академии никогаш и не служеле за нешто попаметно освен како последни јазбини на национлистички романтизми и даватели на "научна" легитимација на недоветни политичари). Впрочем, овој народ требаше да се дигне најнапред против "својата" МАНУ кога даваше амин за Преспанскиот и за бугарскиот договор. Но тоа го одмолчи. Дома го водат и неписмени политичари и провинцијалци, кои знаат да откачат нешто белосветско како "туу мач".

Во ретроспектива гледано, ќе бидам уште подиректна: последниве години (ако не и порано), македонскиот народ покажа дека е историска национално еволуциска икавица, случајност и исчекор од траекторијата. Со секој чекор, со секој изговорен збор или одлука, оваа влада и нејзините интелектуални измеќари практично ги докажуваат тезите на соседите дека не' измислил Тито од геополитички причини, дека сме аморфна маса што може да се моделира во согласност со волјата на оние што во моментот имаат моќ. Видете ги прпелењето, клечењето, ползењето на оние што се претставуваат како лидери. Оние што не се вклопуваат во матрицата (матриксот?) се исклучоци, а не правила. Такви биле Пулевски, Мисирков, Делчев, Рацин, Конески - и неколкумина современици, кои можеш да ги изброиш на прстите на двете раце. Тоа се оние што верувале/веруваат и работеле/работат за Македонија без личен интерес, ами напротив на сопствен ризик и штета.

Лично, го исплакав мојот народ уште пред 15 години, по референдумот од 2004 година. Сега веќе немам ни солзи ни дилеми. Македонија е колонија на која "виреат" поданици, вазали, марихуана, депонии и веројатно воена база, а можно е и наскоро да се населат мигранти (кои, да се разбереме, не ги гледам ни како најголемо зло, ни како закана - злото се оние што директно се одговорни за небиднината во која се наоѓаме). Толку за она што се викаше Македонија.

Тука, на европската периферија, неоколинијализмот си го прави своето, и идеите за народен суверенитет не виреат, освен како фатаморгана. Затоа, секоја помисла за избори и смена на власта немаат никакво значење: битката е (ќе биде) околу тоа кој ќе ја менаџира/администрира територијата во име на колонијалните господари и ќе го одржува "мирот" со ненаситните соседи (исто така, колонии, ама со поголема традиција).

Ви текнува на сликата на Заев и соработниците на лондоснкиот "Мекданалдс"? Тоа е таа симболична слика што зборува повеќе од илјада колумни: "лидерите" ги јадат трошките од масата на моќните, обично џанк-фуд, и уште се пресреќни. За нас дури не важи ни онаа стара теза за македонизацијата како израз на западната хегемонија во глобализираниот свет (и "Мекдоналдс" не вирее во Македонија!).

Да се вратам на почетокот: зошто поразот на Корбин е многу важен за сите нас, дури и за оние што не се свесни за тоа? За Корбин сум пишувала на овие страници, опишувајќи го како "обичен човек во политиката": неверојатно пристојно, скромно, конзистентно, одважно, интелигентно и сочуствително суштество какво што ретко се среќава во таа арена. Денес, по големиот пораз од личност што е се то обратно (непристоен, примитивец, себичен лажго, самобендисан, "опериран" од емпатија за обичните луѓе), мршојадците кружат за да го докрајчат и со тоа да ја убијат сета помисла за лева политичка алтернатива. Разочаран пријател пишува: "А зошто сме изненадени"? Во ерата на Трамп, Ердоган, Орбан и компанија (ова е кратката листа), зошто до бога Британците би биле попаметни при гласањето од другите? Клатното, очгледно отишло се' до крајот-но, не кон десницата, туку на страната на популизмот, примитивизмот, медиумските манипулации, евтините ветувања. И види, види, не зборуваме за Русија на Путин, туку за државата што е домаќин на "мајката на сите парламенти", за "најголема држава и демократија на светот"!

Накратко, ние сме исклучок, туку само ситна и безначајна потврда дека светот отишол по ѓаволите. Патетичното е што ние не го гледаме тоа обземени со нашите мали сапунски серијали, со пописот на капутите на Боки наспроти цената на оној на Камчева, со непрекинати аудиобомби со крв, секс, и без рокенрол-бидејќи "народњаците" владеат во сите сфери. Повремено мала доза национална траума-толку! Сакате да конвертирам резултати за нашите наредни избори? Но прво да кажам дека ние (за разлика од Британците) немаме алтернатива, немаме опозиција, немаме "Корбин" (уау, страшно е и да помислиш на "радикален социјализам" како што знаат да плашат мали деца ова прозападниве прогресивци, кои либерализмот со мајчино млеко го добиле).

Ние имаме една иста креатура во две изданија, но во секое издание таа се колне во НАТО, ЕУ и Запад и сиот тој џез. Не знам дали е тоа повод за поголема грижа (бидејќи оваа влада распродаде и уништи се( што допре, а опозицијата нема ниту храброст ниту идеја да понуди решенија за поправка на штетата) - но имам чувство дека и во нашиот случај може лесно да победи ЗоЗо, северномакедонската верзија на Борис Џонсон. Зошто? Не поради целосната контрола врз сите ресурси, безкрупулозноста, партизацијата, контролата на сите медиуми, пропагандата и пресметката со неистомислениците-туку поради една мисла на Волтер: "колку почесто се повторува глупоста, толку повеќе таа добива изглед на мудрост". А овде, овде глупоста е безгранична, за разлика од вселената. Глупоста станува нормална, па логично-поглупавите изгледаат натпросечно, "мудро". Сите други што не се вклопуваат во таа матрица се "ненормални", "немудри". Политичкиот циклус е заробен, таму нема место за обични и пристојни луѓе, а "необичните" стануваат или нешто вообичаено и прифатливо, или се забава за народ што наместо да се вознемири, само се смее и натпреварува во дисциплината на подбивање.

Трагедијата на американскиот, британскиот и секој друг осиромашен, експлоатиран, економски зависен и понижен народ е во тоа што повеќе им верува на палјачовци отколку на луѓе што им ја прикажуваат стварноста каква што е: тешка, речиси безнадежна и која може да се смени само со заедничка борба. Осиромашениот, разочаран човек, кој го загубил животот по разни ветрометини, повеќе сака да биде воден, да биде лажен и да верува во тоа дека популистите се чудотворци. Најстрашно од се' е што ги чувствува како блиски, свои, како некој што ги разбира и зборува на разбирлив начин.

Иронијата е во тоа, што ги гласаат токму оние што се одговорни за нивната социјално-класна беда и безнадежност. Веднаш по победата на Џонсон, берзата скокна, на капиталот му олесна: нема веќе закани од национализација, лабуристите тешко поразени, работничките права скратени, екологијата небитна, а Големиот брат се подготвува да го лапне најдоброто парче (здравствениот систем).

Дали Велика Британија ќе опстане каква што ја знаеме, е сосема друго, па и небитно прашање. Капиталот победи уште еднаш. Демокртаски! Со целосна демонизација на левицата. За жал, и натаму, секој народ навистина добива влада каква што заслужува. Оттука, размислете! Каква влада (премиер) си заслужуваме ние! И дали имаме избор?

https://media24.mk 

Цветин Чилиманов

 

Цветин Чилиманов

 ЗАЕВ ЈА ГУБИ МОЌТА НА ПРЕТСКАЖУВАЊЕ...

 18 декември 2019 

 

 Во текот на првата фаза од кризата, 2О15, 2016 година, Заев сакаше да се прави пророк. Демек се' што рекол, се остварило. Тука не зборувам за оние општи безобразни лаги кои ги кажуваше-едно општество, право и правда, че си лежат, ќе се вратат младите.

Заев даваше конкретни најави и кога ќе се реализириаат, триумфално се церекаше пред камери. Ќе бара да одложиме избори, ВМРО ќе одбие и потоа Заев се дуе како паун кога на крај ВМРО ќе прифатеше. Ќе поднел Груевски оставка, ќе се именувал специјален обвинител, ДУИ ќе свртел страна, Хорхе ќе му даде мандат итн.итн, сите тие настани кои реално беа одработени од странците, Заев си ги припишуваше на себе и правеше чувство на неминовност-како он каже, така ќе биде. Не дека он нешто навистина сам одработуваше, Заев е обична алатка во рацете на другите интереси, но Тепсијата многу сакаша да се претставува како врвен политички мајстор.

Ова траеше до пред неколку месеци. Од тогаш пророкот Заев како да ја загуби дарбата. Еднакво арогантно се правеше дека нема да има предвремени озбори, односно ќе имало избори во октомври а ќе ги викаме предвремени. Еве избори во април (во моментов дури и да се откаже од избори, прашање е дали ќе може да ги спречи во Собрание, а и да успее, тоа бегање ќе му донесе многу повеќе политичка штета отколку што би добил ќар со неколку месечно одлагање на неизбежното). 

Заев пророкот до таму некаде во јуни претскажуваше со целосна сигурност дека Катица Јанева ќе остане специјален обвинител, со траен мандат. Каде е Катица сега? (Заев тоа го зборуваше месеци откако Камчев наводно му пријавил дека Катица е рекетар, а он наводно се шокирал-со месеци предлагаше рекетарка за специјален обвинител).

Алатката која се мисли мајстор претскажа дека ќе има ветинг на судиите бидејќи по десетици наместени пресуди во негова полза, нешто било по негово. Денес еден од претставниците на вистинските мајстори, Жбогар, јавно му рече да не се занесува многу.

Најпромашеното ветување му беше за датумот. Од 2018 година го најавува за јуни 2019. Па потоа со истата сигурност и чувство за неминовност го најавуваше за октомври. Сега моли за некаков сигнал во март пред избори. Ова покажува дека не само што Заев ја губи моќта на претскажување, туку и неговите газди не се доволно силни да му го чуваат грбот. И со тоа почнува интересното.

                                               Објава на Фејсбук.   

Гане Тодоровски

 ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

 

"Нерези" е патриотска песна во која поетот со воодушевување пее за постојноста и траењето низ вековите. Преку манастирот, тој всушност пее за својот народ кој успеал и покрај сите тешкотии да опстане и се' уште да постои.

Песната започнува со восклик и воодушевување од погледот кон манастирот, од неговото истрајување и победа на времето. Тој е постојан и цврст иако преживеал "витосни" векови, години и денови, не му потклекнал на невремето, не му потклекнал на заборавот. Тој е тука и не' потсетува на нашето време, не' потсетува дека тоа сме ние.

Поетот е горд што и' припаѓа на оваа традиција, на овој народ кој успеал да преживее се' и повторно да опстане и да опстои. Секој од нас треба да биде свесен на оваа големина (многузборлива немотија), на минатото и традицијата и таа да биде изворот, "бликотен вруток" од каде што ќе ја црпиме силата за нашата иднина.

 

 НЕРЕЗИ

Во секој заглед: Занемена големина!
Во секоја мисла: Победа на невремето!
И одвет: Ваше сум Вчера!
Колку е малку нужно в очи да те збереме,
колку е многу нужно во дланките на
самочувството
да те сочуваме.
Витосни векови време требало да се надживеат,
векови навекувани,
години неизгодинети,
денови неразденети.
Витосни векови време во костец со забравата,
и - пак те имаме!
Тука сме, речи ни: почесто елате тука
и узнавајте ја смислата
на своето постоење.
Бликотен врутоку влеј се во нашите пориви,
така да истрајуваме,
така да се осмислиме,
така да убавееме.
Многузборлива немотијо, велиш ли:
и покрај се' -
живееме, живееме, живееме.
*************
Гане Тодоровски

 

 

 

ВИДЕОТЕКА

Kind regards: Sotir Grozdanovski - Македонски

Број 257, 21 декември 2019