Сотир

Сотир Гроздановски-Македонски

ХИПОКРИЗИЈАТА Е И ВО ДУШАТА НА ПЕНДАРОВСКИ

**************

06 декември 2019

Знае ли на кого му служи   претседателот на Северна Македонија со своите непромислени и штетни изјави? До секаде  каде ќе стигне, тресе глупости, непримерни за еден државник, но и еден интелектуалец кој се смета за дел од македонската политичка "елита"! Човек, кој  го  излажа  народот на кој при своето инаугурирање му се заколна дека ќе го брани уставниот поредок, неговите национални интереси, како и безбедноста нa Македонија од внатрешни и надворешни непријатели! Човек, кој заедно со претседателот на северџанската Влада, Зоран Заев,  шири лаги и невистини без срам од оние со кои комуницира како челник на државата! Државата и народот чие историско минато, заедно со се' што личи на македонско им го продаде на соседите,  кои   војувале, војуваат и гинат, само да грабнат макар и мал дел од него!

И Љупчо Георгиевски,  кога го собираше  иселеничкиот "харач" по Америка, Канада, а верувам и на други места во светот се прикажуваше за македонски "патриот", а од друга страна трчилажго, изрод, велепредавник на македонските национални интереси и обичен бугарско-албански слуга! Па каде е денес? - на буниште   ги чека своите колеги  Стефче Пендаровски и Зоран Заев!     

Македонскиот и бугарскиот народ по многу нешта  се слични, но сепак и различни. Имаат бела (претежно)  кожа; растот им е скоро ист, интелигенцијата тука некаде; се служат со јазик и кирилично писмо подарок од македонските просветители Кирил и Методиј; биле под религиска управа на Охридската архиепископија; заедно биле многу векови во Отоманската империја; понекогаш се бореле со заеднички непријатели; биле македонски освојувачи, по нивно ослободители со многу зулуми и невини жртви зад себе; се служат со македонски културни и традициски навики а не обратно... Ако е тоа што ги прави дел од македонската историја, односно од македонската историја која ја сметаат за своја, нека им биде!

Но фактички, Македонците од Бугарите се разликуваат, најмногу, по етничката и географска животна местоположба, по древната македонска историја, цивилизација и култура, се' до и после Втората светска војна. Ама и по  бројот Македонци откорнати и раселени на разни начини и од себични причини.

Македонците во Бугарија се разликуваат и по неправдата која ја уживаат и денес: во Пиринска Македонија и насекаде по бугарската земја!  Се разликуваат и по бугарското државјанство прифатено само за идентификација,  кога немале своја национална држава. Но Тоа  не значи дека и Македонија ја донесле  со себе за да ја побугарчат или  да ја променат својата македонска етничка припадност, туку да ги сочуваат главите од насилствата, верувајќи во поарна иднина за своите семејства.

Образованието, Црквата и  насилното однародувањето остави траги во животите на Македонците - бегалци. Теророт и масовните истребувања за време на Балканските војни,  Првата светска војна, Граѓанската војна во Грција, но и програмата за размена на населенијата помеѓу Грција и Бугарија,   си го направија своето. Многу од нив станаа, дури, и непријатели, работејќи несвесно против своите и интересите на народот од кој потекнуваат. Ќе ви разкажам  жив пример за последиците од таквата политика на властодршците во Бугарија, што не е и  уникатен! 

Во  списокот на читателите на Македонски Збор имам и сега прекрасни луѓе и може би и вистински Бугари по потекло, згрозени од нечесното однесување на дел од својата политичка и културна елита! Но и некои Македонци и Македонки изгубени во времето или од некои други причини подизгубени. Од една прекрасна, мислам физички, таква читателка по име Сузана,  ете така, ненадејно добив порака на Месенџер, со следната содржина:

"Господине Сотир, моите предци и родителите ми се од Кукуш, Македонија, земја бугарска. И Вие сте, ништо друго, туку неосвестен   Бугарин". На мојот одговор дека тоа не е точно, добив други одговор: "немојте тоа да ми го зборувате, зошто јас знам многу повеќе од Вас. Сум слушала многу приказни од моите роднини кои биле во четите на Ванчо Михајлов и се бореле за правото на Македонија да биде дел од својата Матица, Бугарија. И знаете што? Таа  ќе биде, еден ден!?"

Имаше   и други незгодни прашања и одговори, ама за нив во некоја друга прилика. Мојата конечна одлука беше  да ја ОДДУВАМ од мојот список како национален отпадок, што би рекле нашите северни соседи!

Тоа се денешните болни факти за многу  наши луѓе! Луѓе, врз кои последиците од асимилацијата, насилното однародување,  образованието, влијанието на Егзархијата и експанзионистичките политики  на бугарската држава оставија лузни и чувства на немоќ и страв од прогон и денес, во 21-от век.

Од горните и многу други причини, вистината за односите помеѓу Бугарија и Македонија намерно се искривува и како таква им ја презентираат на младите поколенија во образовните институции на Бугарија. Но не само во Бугарија, туку и во Грција и Албанија. Па ако тоа го прават нивните непријателски и не цивилизациски политики, зарем и  ние треба да им одиме на рака и самите да си ги сечеме гранките на кои седиме? Баш тоа го прават нашите властодршци или од незнаење или од страв за своите кожи, одамна продадени како предуслов за ЕУ и НАТО. 

Правата историја во која се наоѓаат и Бугарија и Македонија беше долго време скривана во прашливите подруми на големите странски библиотеки и ни требаше доста труд и истражувачко знаење да ја откриеме парче по парче. Благодарејќи им на новите средства за комуникација и информирање многу Македонци во Бугарија, но и во Република Македонија ја најдоа, таму каде злосторниците ја криеа со векови. 

Бојко Борисов и нему слични, за разлика од нашите луѓе во Бугарија,  не е подложен  на  асимилациските процеси и понижувања. Без ограничувања си ги негува чувствата за  своите претци. Претци, кои во потрага за поарни животни услови постанале македонски соседи, со чија цивилизација и култура си ја збогатија својата, но со  алчноста и  животните навики, не се одрекоа од грабење на тоа што не беше нивно. И така до ден денешен.  Вербата во големината на бугарската нација и во таткото им Аспарух, длабоко  е всадена во  нивната меморија.  Но за чувствата на Македонците во Пиринска Македонија и на секаде низ Бугарија, во бугарското општество, нема адекватно место.

Зоран Заев, со своите небулози  на цел свет му ја покажува својата неукост и непознавање на историјата на земјата, која се' уште ја смета за своја. За да им се додвори на  странските наредбодавци кои му "гарантираат" ослободување од сите негови криминални дела со своите изјави го потврдува сето тоа, кога вели : "Ние со векови им ја крадевме  историјата на Европа и нашите соседи, што доведе до непријателства и лоши добрососедски односи. Со Рамковниот, Преспанскиот  и со договорот за добрососедски односи со Бугарија, мојата Влада ги реши сите проблеми меѓу Македонија, Грција, Бугарија и албанското национално малцинство во Македонијаи и го отвори патот кон ЕУ и НАТО. Но не само тоа! -   се здобивме со пријатели, сојузници и многу други нешта!?

Пендаровски пак, му се придружува на Заев со дополнителни докази на неукост и непознавање на светот во кој живееме. Докажува, дека двајцата се најобични дилетанти и велепредавници кои неодговорно и аматерски се играат мајтап со  Македонија и со судбината на Македонците. Всушност, се играат мајтап со самите себеси!

Пред крајот на Ноември 2019 година, Пендаровски за бугарската агенција БГНЕС изнесе свои видувања на светот што не опкружува изјавувајќи дека "дошло времето за добри односи со Бугарија!? Притоа пренесувајќи ги своите мудри пораки, како да се исправат грешките кои поранешните властодршци ги креирале, Пендаровски порачува, дека тие ќе ги исправеле, па макар цел свет, заедно со Македонија,  се свртил наопаку.

Ево  и некои од неговите "мудри" пораки со кои врз коските на нашите претци  се обидува да си изгради политичка кариера негде во европските дувла, притоа, погребувајќи ја својата сопствена татковина:

-Бугарија не извлечкала од тоталната изолација!? -вели Пендаровски! Никола Груевски ја воспоставил најтемната антибугарска пропаганда на поранешна Југославија. Потоа историски парадокс бил фактот што наследникот на ВМРО  се чувствувал поблизок до Белград, отколку до Софија. Недостатокот пак на патната инфраструктура помеѓу Софија и Скопје не спречувал да излеземе од оваа магла и да ги реализираме и "разбереме" историските факти. Во Скопје имате десетици српски медиуми и нула бугарски, вели  претседателот на северна Македонија и продолжува во стилот на Макрон: не сакам да слушнам за било каква четврта Југославија бидејќи во оваа фаза, "малиот Шенген" е во структурна  беспомошност ... и уште многу други нешта, за кои не е вредно да се троши времето на читателите!

Уверен сум дека самите ќе ја оцените мудроста на овие два ганстера кои ни се закануваат со докусурување на македонсата држава и потоа со бегање негде каде ги чекаат другите македонски изроди и злосторници од изминатите времиња, да си ги сочуваат главите и судбината која ги чека!

Народе мој! Дванаесетти април 2020 не е далеку. Парламентарните избори нека бидат пресвртница пред него исчезнеме како народ и како држава. СДСМ, Заев, Пендаровски, ДУИ и Али Ахмети,  но и ДПМНЕ  со Христијан Мицкоски треба да си одат во историјата, зошто  луѓе кои ја разнебитија Република Македонија, го развластија македонскиот народ и му го рспродадоа неговото древно и неодамнештото наследство  за влез во НАТО и ЕУ, неможат да бидат дел од решението на македонското прашање и проблемите во кои не вовлекоа.

Решение за проблемот во кој не доведоа СДСМ и Зоран Заев, ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, Стефче Пендаровски и плејада други велепредавници можат да изнајдат само нови луѓе избрани од народот, кои ќе ги раскинат договорите со Грција, Бугарија и сведат албанското малцинство на рамниште со сите други национални малцинства во Република Македонија. 

Луѓе, кои своите интереси  ќе ги најдат во благосостојбата  на народот.

За секога Ваш, Сотир!

Панде Колемишевски

 

Панде Колемишевски

ПОСЛЕДНИОТ АВНОЈСКИ 29 НОЕМВРИ

**************

29 ноември 2019

 

Не е празник, иако некои евоцираат спомени за него, му изразуваат почит, од свои причини и емоции. Денес е делник, а делниците не се слават, освен ако некој нема личен или партиски интерес за тоа. Државните празници се повеќе спомен одошто сегашност, исто како што е и СФРЈугославија, поранешна држава со која Македонија и Македонците имаат нераскинлива историја.

****************

Познавам групи пријатели во неколку македонски градови кои секоја година се собираат на 29 ноември на кафе, на пијалак и мезе во кафеани или телефонски си честитаат. Се собираат за да го одбележат меѓу себе споменот на еден од најголемите поранешни југословенски празници, денот кога во малото место Јајце, во Босна, во 1943 година беше донесена одлуката по победата над фашизмот, наместо кралството да се основа новата држава Југославија со поинаков политички систем и државно уредување. Тогаш и таму, првпат во историјата,на Македонците официјално им се призна националниот идентитет и не само што ја повика туку ја фиксира Македонија да биде рамноправна федеративна, државотворна единка заедно со другите републики. За овие луѓе тој спомен трае и се негува. Може тоа да се подведе под југоносталгија за една пропадната држава, но и како историски факт што придонесе нивната Македонија да конституира, формалноправно, сопствена држава.

Познавам и други групи пријатели, спротивни на првите. Тие не сакаат ниту да им го спомнеш 29 ноември, ниту пак Југославија од времето на Тито. На тој период гледаат со презир, дури со осуда, особено оние постари генерации или нивни наследници што плукаат по Тито, а се' уште не можат да го прежалат бугарскиот цар Борис што не ја направи Бугарија од Црно Море до Охрид. Како и да е, ехото од двата историски процеса, едниот успешен, другиот промашен, што се одвиваа пред 80 години, се' уште одекнува, дури се засилува. И различно се слуша, со речиси непресушни емоции и уште поспротивставени, а не докрај разјаснети заклучоци. И кафеански и историски.

Крајот на ноември и почетокот на декември 1989 година е времето кога се сврте светот, кога почна погребот на Титова Југославија, а Македонија не остана незафатена од тој пресврт, и од тој некрофилски процес. Се урна Берлинскиот sид, почна да се распаѓа вештачката пирамида на долговечните комунистички владатели на земјите од Источниот блок. По падот на sидот, прв падна Тодор Живков, главната глава на Бугарија, падна целото чехословачко раководство. На другите им се ближеше крајот, кој кулминираше со убиството на романскиот претседател Николае Чаушеску и неговата сопруга.

Џорџ Буш Постариот (САД) и Михаил Горбачов (СССР) на Малта ја укинаа старата Јалта. Ги прекроија договорите од нивните предходници од Втората светска војна, а со тоа и границите на Европа. Заеднички ја договорија демонтажата на Источна Европа, пред се' на самата Русија, што имаше очајничка потреба да се ослободи од бирократизмот и од финансискиот товар што и' го наметнуваа нејзините гладни сателити. Во Југославија наголемо се одвиваше таканаречената "балван-револуција", зад чија организација стоеше Слободан Милошевиќ и се креваше национализмот како единствена политичка доктрина за слобода на народите, како од него, така и од Фрањо Туѓман во Хрватска. Србија баш на празничниот ден одеднаш ги прекина односите со Словенија со што се скина клучната алка што ја држеше релативно стабилна федерацијата, каква-таква. Веќе беше нашироко разгорена и медиумската војна меѓу републиките, а Југословенската армија, чекајќи совети од меѓународниот фактор, растресена и неединствена, нерешително се колебаше што да стори и стапна на нагазна мина што самата си ја постави. Странските агенции известуваат дека Југославија е пред можен скорешен распад, нешто во што малкумина веруваа.

Значи, 20 ноември 1989 година, пред триесет години, беше последниот авнојски, празничен датум во еднопартиската, комунистичко-социјалистичка Југославија. Одбележан без вообичаено славење, од скромно поскромно. И во Македонија како нејзина членка, не се покажа волја за славење. Во неа веќе дуваат новите бурни политички ветришта од север. А токму тогаш се одржува Десеттиот конгрес на Сојузот на комунистите на Македонија, претпоследниот во неговата историја, на кој се води подзаскриена битка меѓу старите и новите сили.

И покрај начелните ресавско здодевни декларации  за зачувување на Југославија и социјализмот како систем, веќе отворено се зборува дека Сојузот на комунистите го троши последниот кредит, се наметнуваат дискусии за демократска преобразба (но не се знае каква), за воведување монопол на демократијата, а не на партијата. Дури се зборува за фијаско  на социјалистичкиот модел, се спомнува можност за престанок на авнојска Југославија, деполитизација на стопанството, но има и јавни мислења за деполитизација и на армијата. Срамежно се истакнуваат и барањата за поголема творечка слобода на мислата и говорот и за остварување на индивидуалните човекови права. Главна тема е единството на партијата и федеративната држава, но, од друга страна, се наsира и дилемата дали таа ќе опстои во иднина.

Одредени пикантерии се поврзуваа со познатиот "случај на осумтемина", осум агенти во македонската тајна полиција преку кои се одвиваше нејзиното разбивање, како и за интервенцијата на полицијата во Вевчани за што се крена цела Југославија. Се разбира дека најголем интерес имаше за кадровската политика и за изборот на претседател на партијата. Божем во име на демократијата, на листата беа двајца кандидати - Петар Гошев од новиот политички бран и Михаил Данев од докажаните принципиелни кругови. И едниот и другиот, покрај разликите во ставовите, беа ставени меѓу двата огна за и против Југославија, за и против социјализмот. Имаше јавен обид како трет кандидат да биде прифатен и Васил Тупурковски, тогашна најголема политичка надеж, член на Претседателството на СФРЈ, но експресно го исфрлија од игра заеднички двете сили - и младите и старите. Долго време по гласањето, по часови чекање, за победник беше прогласен Гошев, со многу тесна разлика во гласови, а самото тоа даде повод да се мисли дека всушност изборот бил наместен. "Не победиле гласачите, туку бројачите", беше нова, дотогаш непозната фраза, која оттогаш досега не излегла од мода, најверојатно токму поради тоа што не се расчистија сомневањата за тој избор, а живеат до денешно време.

Тоа беше на јавната политичка сцена, но некои работи се одвиваа зад официјалната завеса. Додека бирократизираните комунисти, по стара навика, се занимаваа сами со себе, некомунистите или оние комунисти што своевремено отпаднале или не беа дел од номенклатурата, веќе ги гледаа своите шанси за пробив на политичката сцена и за нивно замешување во уривањето на стариот и создавање нов политички систем. На пример, во Македонија од Белград почна да доаѓа се' почесто Киро Глигоров, кој учествуваше во работата на некои комисии и изјавуваше дека не е заинтересиран за некоја функција. Имаше обиди да го сторат тоа и други стари кадри, но ретко кој или никој не беше прифатен. Глигоров, заедно со неколкумина академици и интелектуалци, уште пред тоа имаше формирано неформална група што се состануваше во Охрид и во Скопје, која кроеше паралелни предвидувања и програми како би изгледала Македонија во идна Југославија или во самостојна Македонија. За жал, од тие документи, од тој труд, не се виде ништо, иако некои од членовите (Киро Глигоров, Никола Кљусев) зазедоа највисоки функции во независна Македонија, а не останаа без соодветни државни позиции и другите.

Во тоа време почна да воскреснува Внатрешната македонска  револуционерна организација (ВМРО) без страв дека нивните симпатизери и активисти може да завршат по затвори. Беа сигурни затоа што, за чудо, ја имаа поддршката од своите инсталации во тајната полиција, која, исто така, во еден дел, работеше на разбивање на комунистичкиот систем и имаше свои соработници од редовите на идните видни вмровци. Веќе се одржуваа состаноци на разни иницијативни одбори, редица активисти често патуваа во Минхен и во Берлин на консултации со тамошните емигрантски организации поврзани со германските служби. Почнаа обилно да течат и првите тајни кеш-пари за финансирање активности, за ширење лажни вести и провокации и за држење демонстрации. Малку се познати делови од разговорите и консултациите што неовмровците ги држеа со бугарските тајни полициски и дипломатски служби, како што се непознати честите упатства што ги добиваа при посетите во американската амбасада во Софија. А тие дадоа плод, како што американските ангажирања во Македонија носат плодови и сега.

Еве го денешниот 29 ноември 2019 година, триесет години подоцна. Не е празник, иако некои евоцираат спомени за него, му изразуваат почит, од свои причини и емоции. Денес е делник, а делниците не се слават, освен ако некој нема личен или партиски интерес за тоа. 

Државните празници се повеќе спомен одошто сегашност, исто како што е и СФРЈугославија, поранешна држава со која Македонија и Македонците имаат нераскинлива историја, заедничко минато, кое може да ја истрпи секоја ревизија и  на крајот пак да испадне позитивна и во македонска корист.

https://www.novamakedonija.com.mk 

 

Марија Воденска-Маре

НЕДА ОД ЦАКОНИ ВО СПОМЕНИТЕ НА БАЈ СОТИР

*****************

Во многу наврати се обидував да се вратам во селото Цакони во Егејска македонија, односно  Македонија под Грција и да ги посетам моите роднини. Во годината кога по вторпат успеав да влезам, моите родители веќе беа покојни и нивната желба беше да го обновам гробот, кај што се закопани дедо Ристо и моето поголемо братче, кое било крстено со истото име како дедо ни. Моето пристигнување во селото е ден за приказ. Но тоа ќе го оставам за следна приказна.

Марија Воденска-Маре

За Аманетот од тате се договорив со тета Неда (Неша), тета Митра, тета Мијка и бај Сотир кој се нафати да ми помогне. Тој беше најстариот жител во селото, наш подалечен роднина, ама многу близок на старото семејство Делови. Моето дружење со бај Сотир е вистинска историја за се' она што се случувало во селото и со селаните за време на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција.

Секоја вечер бај Сотир ќе ме поканеше кај нив дома и заедно со стрина Биса, снаата Шијка и синот Митре, наседнати под ведро небо до тремот во дворот без ограда, полека се мезевме од пресното козје сирење и домашна ракија од сирки. Штом бај Сотир ќе започнеше да беседува, тој во тој момент ми изгледаше како некој осветлен старец, дојден од некое препознатливо, но магливо далечно време. Колку посјајни стануваа sвездите на небото, толку повеќе ноќите ги откриваа тајните во просторот, со омјаз на небесниот свод. Светлината во една од тие вечери се имаше симнато и беше распослана наоколу и како копринена пајажина се пластеше врз омјазот на бај Сотир. За таков омјаз имав слушнато во приказните на баба ми Марија.

Често ми доаѓаат на ум тогашните приказни, кои баба ни ги раскажуваше за да не заспиеме пред да биде готова вечерата. Не ретко бевме гладни, а мајка доцна си идеше од полската работа во стопанството "Црвена Sвезда", па така баба штом ќе ја почнеше приказната, ние сите четири деца ќе се скупчевме во нејзиниот скут. Многу пати, пред да се кладе вечерата на синијата ќе испозаспиевме на кара-креветот, врз кој имаше сламарник покриен со крпени черги нашироко. Баба полека ќе не разместеше и ќе не' покриеше со единствениот ќилим од козина.

Нашите средби со бај Сотир продолжија навечер. Со секој изминат ден, ноќите стануваа покуси. Бај Сотир секое утро кај тета Мијка ми донесуваше пресно млеко само што измолзено од козите. Едно утро ме буди тета и вели: Стани внуко, мила внуко! Чичи Сотир ти донесе млеко од црната коза со бели шарки, така си порачала. 

-Ја тето, така му ричек на бај Сотир, оти сакам млеко од црно-шарената коза.

-Ја гу млекту у тинџерто, варено и топло, стани да са напијш.

Се измолзив од меката удобна постела, го отворив прозорецот, и внатре бликна свежиот воздух исполнет со мирисот на јоргованите, бујно расцветани под прозорецот. Мислите ме вратија во детството. Спомените како разлетани галеби навреа во мене. За да ја стишам тагата, се симнав во кујната откаде залисна мирисот на штотуку вареното млеко. Денот ми помина кај братучедите и роднините.

Вечерта, под отвореното небо до стреата бај Сотир беше седнат на ниското триножно столче и мечекаше. Работата ја беше завршил и таа вечер беше најкусата ноќ за приказните сврзани со баба и настанот кога сум се родила.

-Козите кои се расплодени во Мегленијата, - почна со тивок магичен глас кој одзвонуваше во предвечерјето - е заслуга на баба ти. Таа ја донесе првата коза од Кронцелево. И ние сите потоа ги запативме од неа. Таа прва засади еден погон лут пипер. Научивме од неа како да го сириме млекото од козите, како да го зачуваме месото за цела зима...

Ги дополни чашките со ракија, замези од сирењето и продолжи: - Баба ти и мајка ти знаат на кого си таксана тогин, кога си рудена... Ти си рудена на денут кога Марко на Неда загина на Албанскиот фронт...Ти си рудена умрена, ама уживе, кога т' таксаја на Ичко на Неда. Ичко бише тримесечно дете, татка му Марко не гу виде оти војната почна на 28 октомври, кога Дуче а нападна Албанија и Грција, а Ичко е руден напкум. Ти си на 8 март рудена, на денот кога загина Марко, момчето на Неда. Она црното не го тргна, коуку гудини имаш ти, тоуку години она гу носе црнуто. Мајка му на Ичко сак'ше да дојде у Југославија да те зеве за нивеста, оти си таксана, арно ама не му дадеја изим да дунесе нивеста ут Југославија и не ми дадеја адја... Ичко се жени позно. За нивеста ут  ваш'јут сој, а викат Марија. Арно ама  Неда дојде пу некоја година у Југославија и отишла  при мајка ти. Они двете бија верни другарки и кумшии една до друга кујќите ви бија. Они двете с' изгушкале, с' изнаплакале, другарки први  су гудини невидени, а ногу са милувја, цало село знае. Неда сакала да т' виде, ама ти си била м'жена и не си била дома. На Неда душта му милее за теп да т' виде, кутрата е ногу устарена. Та поздрави и саке да т' виде... Ми стана тешко и мачно во срцето. Ја поткренав чашката со ракија и ја испив, иако во грлото како жаба да ми застана. Не можев да зборувам, а бај Сотир продолжи: баба ти Марија има ќерка у Кустурни. Неда а' викат. Аку сакиш ќи та занцам да са видиш су неа.

-Спулајти бај Сотир, у тета Неша ќи м' занцат Вујче Јани и вујна Јана. -Е, арно! Ај сега д' поксниме тро леп, тро риба, вадин ут пазарут ут С' ботско а купиме,  нивестата а путпиче пуд вршникот и така е пу слатка.

Бај Сотир продолжи да ми раскажува надолго и нашироко за Неда и синот му Ичко. Ми раскажа за sверствата на монархофашистите, за тортурите врз Македонците, за трагичните настани во Цакони, за дедо ми Гуши (Ѓорги), на мајка ми татко, кој е осуден и стрелан заедно со брат му Лазо и уште петмина првенци од Цакони. Апсени и измачувани се во С'ботско, осудени и стрелани во Бер во месец август 1948 година.

Потоа ми раскажа за Колежот во Цакони на седумтемина револуционерни активисти за Мегленско ТМОРО во Јованчевата куќа, кои биле предадени и заклани во опсада во градината. Јованче е заклан и врзан за дрвото во градината. Документ за овој настан има во Војните документи во Белград (според историчарот Ванче Стојчев). Колежот во Цакони е извршен во 1907 година во месец март од хајката на Караванѓелис кој соработува со врховистите во тоа време. Водачот на ТМОРО Јованчо е дедо на мајка ми (Ѓорги и Лазо стреланите 1948-та му се синови на Јованче).

Потоа ми раскажа за храброста на баба Марија за време на Илинденското востание.

Баба ми Марија, мајка на татко ми, била таксана за дедо Ристо во Цакони 1904 година. За време на Илинденското востание баба ми била прочуена и позната како Марија-Муша комитката од сојот на Мандеви од Кронцелево. За дедо Ристо се омажила 1906-та година.

За нејзината храброст, според спомените од најстарите селани од Мегленско до ден-денес се прикажува за Марија комитката од Кронцелево. Ретко кој ги знаел тајните патеки низ Кронцелската корија за да се стигне до "Блатото" кајшто со кобилата пренесувала оружје за потребите на ТМОРО. Тука бил јатакот на Организацијата и тука престојувале со четите Гоце Делчев и Даме груев. Тоа го пишува и Синиксен во својата книга "Исповед на еден четник" за војводите и револуционерните акции и активности во Егејскиот дел на Македонија. Тогаш била цела неразделена Македонија. Таткото на баба, откако останал вдовец со две деца, Марија и Апостол, целата младост му поминала да ги порасте децата, но и да ги воспита во негов дух. Да му служат на ослободителното дело на Македонија, каде што и тој самиот припаѓал... Во 1908-та година им го разделил имотот на двете деца задомени во комитски семејства, а потоа заминал и се замонашил во АТОС.

Баба ми, навечер ни раскажуваше приказни од стариот Завет. Затоа си спомнувам на многу ликови од приказната на баба.

Во Бостон за Цакони, 25 март 2010 година.

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

 

 

КОМУ ЗГРЕШИВМЕ

(ИМА ЕДНА СУДБИНА)

Деца бевме, кому згрешивме
виновни што бевме без вина
толку тешко кој не проколна
животот по светот ни мина.

А плачат, плачат за нас планините
сенките под маслините,
а во нас, боли во нас и векува
рана што пече, не се лекува.

И низ светот нам насекаде
срцата ни ги отворија
само таму нема враќање
портите ни ги затворија.

Ех, колку тежат таму планините
тешки се и горчините,
на сите клета ни е судбината
исто не боли далечината!

Кај и да сме не го заборавивме
детството што таму го оставивме.
*************
Васил Пујовски

 

ВИДЕОТЕКА

 

Kind regards: 06 декември 2019 година

Sotir Grozdanovski broj 254