Сотир Гроздановски-Македонски

 

 

 Сотир Гроздановски-Македонски

 СОЖИВОТ СО  ДУШМАНИТЕ?

****************

 

 

01 декември 2019

Братството и единството на народите и народностите од поранешната заедничка држава  си исчезна и ќе се памети само како сон, со различни емоции и желби.  СФРЈ ја нема, секој постана што сакаше да биде. Некои успееја, а некои останаа таму каде другите ги оставија: како туѓинци никогаш не видени да претаат во дел од заедничката кал што ја оставија зад себе. Некои од нив Европската Унија и НАТО ги абсорбираа, некои пак нема ниту да дочекаат да им се придружат таму, каде што "тече" мед и млеко!? Но сепак, многу изгубија, а малку добија!

Лагите на посилните го победија здравиот разум, дека  разделени ќе им  биде поарно и секој ќе си биде свој на своето, без тутор над главите: без делење на профитот од својата работа  со сонародниците од другите, посиромашни Републики, кои не беа толку вешти и брзи да извлечкаат нешто повеќе, од својот влог во заедничката каса.

Некои од нив немаа иста среќа. Во меѓусебните судири изгубија многу од својата драгоцена крв, ама и од сето она што неколку децении го создавале во државата во која владееше "мракот". Македонската Република беше "посреќна" од другите, зошто помина без крвопролевање. Да, да не беше само алчноста на соседите. "Македонското прашање"  кое тлееше над 100 години, одново исплива и не притисна со сета тежина, за да не  скрши. Но и покрај сите понижувања и штети нанесени, ние и понатака стоиме на ноse со главите горе, зошто  сме Македонци!

Новото братство, единство и таканаречениот соживот со домашните и надворешните соседи не траеше долго, иако ни даваше лажно чувство на мир и ноќен спокој.   Војното лудило  стигна и до нашите дворишта и со својата бучава ни ја загрози безбедноста.

Зад нашиот грб пеколниот план на посилните и нечесни "традиционални пријатели и сојузници" веќе беше ставен во дејство. Им се брзаше да ги исправат грешките од не' така далечното минато. Македонското прашање беше реактивирано и поставено на маса за негово конечно решавање. Така и би! Но овој пат со активно учество и злоупотреба на Албанците, едно од националните малцинства во Република Македонија, со репови од нивното неславно минато.

Албанско-македонската  војна од 2001 година беше фитилот на омразата која однесе многу невини жртви на двете страни, зави многу мајки во црно и татковци со стиснати заби и насолзени очи, ама и ја дестабилизира македонската држава и македонското општество. Привидниот и краткотраен албанско-македонски соживот отиде по ѓаволите. Старите експанзионистички апетити  одново постанаа секојдневна причина за загриженост на Балканот од проширување на оганот и одново Македонија, Македонците и националните малцинства во неа да исчезнат како колатерални жртви на странските интереси. За жал, тие реални опасности од алчноста по туѓи вредности Албанците никогаш  не  ги научија да живеат во мир и хармонија со своите соседи. 

Таканаречениот Охридски рамковен   договор со кој заврши војната од 2001 година, дополнително ги прошири агресивните апетити на Албанците во Република Македонија. Насилното и од надвор исфорсирано изедначување на албанското малцинство со Македонците  и двојазичноста на целата македонска територија беше кулминација на меѓуетничката нетолеранција. Непочитувањето на редот и мирот во државата, пак, и се' почестите закани со обновување на жешките односи од минатото, Албанците постанаа  соседи со кои соживотот постана непосакуван. 

Но бидејќи дестабилизаторските резултати  со злоупотреба на Албанците во Република Македонија не им  беа доста за реализирање на злосторничките намери, западните "пријатели и сојузници" ги повикаа на помош внатрешните криминалци и терористите од неуспешната албанско-македонска војна. 

Па така, насилното уривање на легално избраната власт во Република Македонија заедно со абдицирањето и бегството  на премиерот Никола Груевски   доведе до инсталирање на СДСМ и  Зоран Заев за претседател на македонската Влада, а коалицискиот партнер ДУИ и Талат Џафери, двојниот воен дезертер и злосторник од 2001 година, за Претседател на македонското Собрание. Сцената беше поставена и вистинската игра започна!

Тројната спрега:  СДСМ - Зоран Заев,  ДУИ - Али Ахмети, и ВМРО-ДПМНЕ - Христијан Мицкоски  со "добрососедските" договори помеѓу Република Македонија и Бугарија, потоа на 17 јуни 2018 со фамозниот и капитулантски Преспански договор помеѓу Грција и  Република Македонија и на крајот зголемувањето на привилегиите на албанското малцинство во Република Македонија, на штета на македонските национални интереси, на  надворешните наредбодавци им ги задоволи  аспирациите и себичните интереси и со тоа го "решија" македонското прашање на Балканот!?

На 17 јуни 2018 година со потпишувањето на Преспанскиот договор помеѓу Грција и Република Македонија од министрите Никос Коциас и Никола Димитров, Република Македонија беше преименувана во Република Северна Македонија и како национална држава на Македонците престана да постој. Македонското културно и историско наследство од антиката до Втората светска војна им беше дарувано на Грците и Бугарите, на Албанците статус на државотворен народ, а на Македонците статус на граѓани на новата политичка творба на Зоран Заев, Северна Македонија. И така, каубојско-ганстерската трагикомедија заврши! Но, дали вистински заврши? Времето ќе потврди!

Злосторничката тројка, СДСМ, ДПМНЕ и албанските политички партии во Македонија на Македонците им ја фрлија ракавицата во рингот како предизвик за пресметка без стриктно дефинирани правила на играта и однесувањето на "бојното" поле!?

Ќе им го прифатиме предизвикот или ќе чекаме да не сотрат еден по еден и на крајот сите заедно? Имаме повеќе избори, еден од нив се предвремените парламентарни избори во Април 2020 година кои спрема условите кои се предвидуваат се неповолни за македонското избирачко тело. Зошто? Затоа што се мудро скроени како стапица во која би требало за последен пат да се фатиме и со тоа ја цементираме Северна Македонија, или  втора опција, со здружени општонародни политички сили до победа и преземање на власта во македонската држава; враќање на слободата и суверенитетот на Република Македонија; поништување на сите незаконски правни акти и договори со Грција, Бугарија и Албанците во Македонија; воспоставување на редот, мирот, правото и правдата...!

Сигурен сум дека обединети во Трета и најважна сила на македонскиот блок можеме да ги победиме денешните властодршци од редовите на СДСМ, ДПМНЕ и  ДУИ, но и оние кои од надвор си гледаат сеир со нашата трпеливост, неодлучност и неслога меѓу мнозинскиот македонски народ. 

Зарем и понатака ќе го поднесуваме нивниот неконтролиран терор над се' што е македонско од искона? Зарем македонските закони и националните белези на Македонија треба да се почитуваат само од Македонците и националните малцинства верни на земјата во која се родени? Мораме ли да го поднесуваме теророт на терористите и потврдените ДУШМАНИ од сите бои?

И за крај: ДО КОГА ЌЕ ТРПИМЕ УДАРЦИ ОД СИТЕ СТРАНИ БЕЗ АДЕКВАТЕН ОДГОВОР?

За секогаш Ваш, Сотир!

Давче Насевски

 

Давче Насевски

ПЕРПЕТУУМ БЕЗУМ(ИЕ)

*************

 

26 ноември 2019

Кога животот е пофантастичен од секаква фантазија, на секој чекор ве чекаат разочарувања. "Се' е можно... бандитите можат да се разбудат претворени во кралеви, бегалците во адмирали, а проститутките во воспитувачки. Но, се разбира, и обратно." Вака барем, Габриел Гарсија Маркес пишува за неволјата на писателот да напише книга што би личела колку е можно помалку на реалноста. И не е осамен во тоа. Дека нема ништо пофантастично од реалноста, размислувале и Достоевски и многу други писатели.

Оние, пак, кои не се писатели ќе се согласат со "неволјата" дека уште потешко е да се надмине неверојатната реалност на животот во оваа држава, особено кога описот погоре (Маркес пишува за Карибите) одговара на земјата што еднаш (не толку одамна) беше како и островите, именувани како оаза. И се' поосамени се во тоа. Излезот од неверојатната реалност на денешната "оаза", Македонците, познато е, го бараат од онаа страна на "Богородица", северно од северната табла на една (и) избришана земја. Поточно, ја побарале досега околу една четвртина (според Светската банка), а размислувале или размислуваат за истото тоа уште приближно толку (или половина од младите), како што детектираат некои анкети. Причините се многу, но може да се упростат во една реченица: Имам еден живот!

Со последното се согласува и првиот човек на државата, но само кога не би бил прв. Со тоа, веројатно, ќе се согласи и Нада Полиќ (позната како Ана Бекута) кога го затресува "Сава центар" во белград со истоимениот хит...Проблемот е, меѓутоа, во употребата на помошниот глагол "има", кого просечниот (според доходите) Македонец го користи претежно во сложена глаголска форма и во минато време, како во примерот "имам живеано".

Сложените глаголски конструкции со има (и нема) се форми што се специфични за македонскиот јазик и ги нема во другите јазици. Но простата вистина зад сложената конструкција може да се забележи и во песмите на други јазици, кои ја споделуваат повеќе или помалку истата вистина, како во оној хит на Балашевиќ "Деведесете", испеан за една поранешна југословенска генерација и младост, која, според анкетите погоре, веројатно нема никаде да замине од повеќе причини, но најмногу зашто одамна и' свети на црвено светилката за "гориво". Генерациите по нив се посиромашни за нивните спомени, но незаобиколно и со знаење и со вештини барани на новите пазари. Или, едноставно, со "гориво".

На прагот на новиот милениум (или на крајот на предходниот), Балажевиќ пееше: "Ние барем имавме патувања, перони... црвени пасош без мани... светот го шминкаше лицето за нас... ние барем ги имавме оние соништа што тешко се остваруваат, а соништата најмногу вредат кога заедно ќе остарите... но тогаш дојдоа дведесеттите, тажни и несреќни, незгодни, Господ барутот го намириса и му ја збриша во облаците..."

Но оба не е ламентација на државата што генерациите под нив не ја ни запознаа, а голем дел од нив ниту ги почувствуваа патувањата, пероните и пасошите без мана, ниту е (бесмислена) тажалката за пропуштените можности, туку предупредување за она што доаѓа допрва, што е на прагот како неизбежен домино-ефект. Секоја чест на ретките примери што сонуваат Македонија да ја направат поубаво место за живееење, но пулсот на земјата забавува и нема да се нормализира со "изливот" на младешка крв, ниту Македонија има вишоци "крв" за губење.

Македонецот се' помалку се иднетификува со сопствената држава, а безумното владеење на политичките елити (како некаков лош близнак на македонското зреење како држава), го усоврши механизмот на сопствената одржливост и нема (сама) да застане.

Причината за тоа можеби е во она што Борхес го вели за својот сонародник Аргентинец, односно "може да и' се припише на околноста дека, во оваа земја, владите обично се ужасни, или на општиот факт дека државата е една несфатлива апстракција, вистината е дека Аргентинецот е поединец, не граѓанин." По стапките на Борхес, го потврдувам овој став, но, како и Борхес, не го оправдувам.

Мислата на Борхес ме потсети на предупредувањето на францускиот филозоф Русо: "Кога државата ќе дојде до работ на својата пропаст и постои само во привиден и ништожен облик, кога општествената врска ќе се скине во сите срца, кога најгнасниот интерес бесрамно ќе се прикажува под свето име на јавното добро, тогаш општата волја занемува, а сите граѓани, раководени од потајни мотиви, не мислат повеќе како граѓани, како државата никогаш и да не постоела..."

Овде, без отпор на временската дистанца меѓу Русо и Балашевиќ, речиси чудесно се надоврзуваат стиховите на Балашевиќ, како да се пишувани за неверојатна реалност на македонската стварност, на перпетуум безумноста што се подмачкува од  трудот македонските граѓани: "кога ќе пукнат уставите, ни нема спас... доцна е да се крева паника, му дадовме шанса на лудилото да стане официјално, а сега сме небаре изненадени... денес лагата се осмелила, а последната багра го крои моралот... една младост полудевте, бидете среќни ако и строфа ви посветат пред црквата на вистинските вредности..." И додека со Русо и Балажевиќ се согласувам во целост, со Маркес не можам да се согласам - не кога тврди дека само во Мексико можат да се напишат безброј томови за неверојатна реалност.

Додека живее во Мексико, Маркес го забележува феноменот на зрна грав што танцуваат како балерини. Објаснувањето на месното население е во ларвите внатре во зрната, кои ги движат нив, објаснување што Маркес го прифаќа како неубедливо, но не зато што се сомнева во постоењето на ларвата во гравот, туку во можноста за движење ако гравот е нагризан одвнатре. Ете го славниот  нобеловец и во македонската неверојатна реалност: несомнено, ларвите се внатре, но можат ли да не' движат напред? Може ли она што одвнатре нагризано воопшто да се движи некаде (освен во сопственото гниење), да расте и да го храни плодот? Може ли да им се верува на сличните убедувања?

Што и' преостанува на младоста на оваа земја да размислува освен како да го посее своето семе по светот, колку за себе, толку за уште неврзаното во себе? Треба ли да го остави како храна за ларвите? Како товатна маст за подмачкување на перпетуум безумноста? Кога животот е пофантастичен од секаква фантазија, на секој чекор ве чекаат разочарувања, особено ако не сте писател. Се' е можно тогаш: бандити, бегалци и проститутки да се претворат во креатори на неверојатна реалност. Но, се разбира, и обратното: да ја сведат и креацијата, создаденото, на грабеж, бегство и проституција.

https://www.novamakedonija.com.mk 

 

Марија Воденска - Маре

НА ЕКСКУРЗИЈА СО ВОЗ

Мајското утро во Бостон осамна со сета свежина и тивкото шумолење на ветрето меѓу горостасните дрвја со млад разлисток. Минибусот од "Стентон Авенија" се вклучи во "Вашингтон Стрит" и по десетина минути возење се искачи на надвозникот за да продолжи по улицата "Чеснат Хил".

МАРИЈА ВОДЕНСКА-МАРЕ

Под надвозникот, по автопатот број "Еден" колони од автомобили се движат во двата правци на по три ленти. Од левата страна во паралела на автопатот е двосмерната железничка линија, по која со силна бучава и брзина се појави експресниот воз со луксузни вагони, што секое утро тргнува од железничката станица Sout Station во Бостон за Њујорк.

Сопатникот кој седеше до мене го запрашав дали некогаш патувал со возот? Ми одговори дека патувањето со воз во Америка е најудобно и најбрзо, но затоа е најскапо превозно средство. Замолча и продолжи да го прелистува дневниот весник "Комсомослкаја Правда" в Америке. Возот пројури и се оддалечи од мојот видик, а мислата ми летна и ме врати во едно одамно минато неповратно време. Да! Си реков во себе. Минатото време е минато, но зошто постојано ме враќа назад? Возовите за мене се многу важни собитија. Ме враќаат во најраната младост. Да! тое е доба кога детството се граничи со младоста... Но зошто толку тага ме спопаѓа, кога си споменувам за воз?!

Дали болката врежана во детската душа е со засек на рана која не зацелува? Дали тој засек повремено ќе прокрвари и потсетува на некое време кое боледува од незаборав? Тоа се моменти оковани со белезгии околу срцето, кои оставиле траги во детството, како слики кои не се бришат со никаква иднина, низ која патуваме понатаму низ животот. Се обидуваме да се загушат, да се заобиколат, да се прикријат, да не се обелоденат. Попусто! Колку времето одминува, тркалото на животот се врти и се' е поблиску до почетокот од изминатото.

Мај 1957-та година.

Меѓу учениците во класот на осмооделенците со радост и восхит се разнесе веста дека школската година ќе заврши порано и дека ќе се патува со воз на екскурзија низ Југославија, по патот на Револуцијата. Имаше скокање од радост, гушкање, прегратки и надвикување за тоа што се' ќе треба да се подготви и понесе за патувањето. Мирјана се качи на една од клупите до прозорецот и сакаше да ја слушнат, што таа има на ум да и' купат за крајот на школската година.

Сите во класот знаевме дека на Мирјана татко и' како офицер во Југословенската Народна Армија загина во војната, но таа со ништо не покажуваше дека е сирак-дете на борец. Мајка и' беше работничка во текстилната фабрика "Македонка", каде што работеа многу жени и девојки, меѓу кои мајка ми и постарата ми сестра Лефтерија.Татко ми беше казнет и отстранет од Сојузот на комунистите на Југославија поради тоа што не сакаше да стане државјанин на СФРЈ, надевајќи се дека со семејството ќе се вратат назад во Егејска Македонија. Бидејќи не беше повеќе член на Комунистичката Партија на Југославија, му беше одземена бригадирската работа во стопанството "Црвена Sвезда" и со уште петмина сите од Воденско беа принудени да работат во Ежово, да кршат коцки од карпите кои ги ископуваа од подземјето на високиот рид. Со коцките се градеа патишта и улици во градот и на други места. Со глета, штемајси, токмаци и тешки чекани ги цепеа карпите на се' помали парчиња и од нив ги изработуваа коцките. Кршеаа и поголеми правоаголни коцки за градење на куќи на "големците" во градот Штип. Се сеќавам кога татко ми со уште двајца од Воденско ги растовараа тешките камени блокови близу до градската црква "Свети Никола", спроти Отиња, преку патот под Исарот. Групата мајстори од Кајларско со тие изделкани камења ја изградија куќата на Петре, кој беше началник во СВР и беше страв и трепет за оние кои ќе ги земеше "на заб".

Со парите кои ги заработуваа мајка и тате се купуваше брашното за лебот на деветчленото семејство. Баба секој ден месеше леб и го печеше во подница под вршник. Подницата беше поголема и подлабока од тепсијата и баба ја имаше направено од глина измешана со плева и сушена на сонце за да биде потрајна.

На класниот час во одделението, учителката ни објасни за некои правила и подробности околу екскурзијата. Смилја беше задолжена да го направи списокот за парите кои требаше да се соберат за патувањето. По две недели се знаеше дека сите ќе патуваат на екскурзија освен Вишна и јас. Нашите семејства беа многу сиромашни и неможеа да издвојат пари за екскурзија. На класниот час сите другарки од класот се договорија да соберат пари за нас двете. Мојата радост беше неизмерна. Се радував и плачев од радост. За таа радост и раскажав на мајка ми кога се вратив од училиште. Таа ми вети дека ќе разговара со татко ми кога тој ќе се врати од работа.

Таа вечер татко ми се врати од работа многу доцна. Останал за да ја исполни нормата за кршени коцки. Тоа често им се случуваше на татко ми и на другите како него. Ежово е голем рид оддалечен околу четири километри од селото Три Чешми, каде што живеевме. Таму работеа шестмина работници сите родум од Егејска Македонија и пребегани во Југославија, по капитулацијата на Граѓанската војна во Грција. Папсани од тешката работа тие пешки се враќаа дома пред стемнување. Штом ќе пристигнеше тате од работа, брат ми или јас ќе му потурев вода од ѓумчето да си ги измие рацете и забележував дека рацете му беа скоравени и почесто му крвареа од силната и тешка работа кога го цепи каменот да ги оформи коцките.

Живеевме во две собички и спиевме на кревети што татко ми ги имаше направено од штици и врз нив сламарници на место душеци. Баба имаше отидено во соседното село Врсаково кај едно семејство и на разбој исткаја две поголеми крпени черги-крпари со кои се покривавме петте деца.

Тааа година за прв пат посеавме тутунов расад и баба секој ден го плавеше и го поливаше со вода. Леите со расадот беа блиску до бунарот што тате го ископа и извади вода за поливање и миење. Од бунарот црпеа вода и најблиските комшии Туневи и семејството на Мици Заифчето. Вода за пиење и готвење носевме со ѓумови и стомни од горната чешма која беше под ричката до шталите.

Наскоро, во една квечерина мајка му спомна на тате за мојата екскурзија. Баба го начу разговорот и му рече на тате дека не треба да ме пушти на такво долго патување со чужди луѓе... и дека расадот е стасан и треба да се насади тутунот. Решението беше конечно. Ноќта ја поминав целата облеана со солзи. Моето замрено липање никој не го слушна. Сите спиеја како заклани од дневната умора.

Денот кога моите школски другарки и сите осмооделенци требаше да патуваат со возот, отидов крај пругата и долго време го чекав возот да помине.

Од Штип до железничката станица има три километри и до Три Чешми уште пет километри. Пругата е оддалечена од селото и поминува меѓу стопанството "Црвена Sвезда" и свињарниците на стопанството.

Вдолж, од двете страни на пругата багремите беа расцветани и мирисот се ширеше наоколу. Пчелите брмчеа и летаа од цвет на цвет собираа багремов мед.

Бев седната крај шините на тревата, под сенката на еден разгранет багрем. Гроздови од бели цветови висеа до над мене. Бев засолнета од сите страни. Видикот беше ограничен бидејќи тој дел од пругата беше како во длабнатина. Бев сама. Сама со себе и никој не го забележа бисерот што се ронеше од длабочината на мојата душа. Немав при себе со што да ги избришам и да ги запрам солзите. Тие како од извор се млазеа преку лицето и го квасеа фустанчето сошиено од делинче за Велигден.

Под сонцето, сенката беше најкуса кога пристигнав крај пругата. Потоа сенката почна да се издолжува и да се мрешка од тивкото ветре. Мирисот од расцутените багреми ми нудеше опијум за лек, но тагата во мене растеше како заквасено тесто за леб. Ниту бев гладна, ниту жедна. Бев заситена со болка во душата. Го чекав возот со кој ќе патуваат моите школски другарки, моите врснички, осмооделенки, полуматурантки на екскурзија низ Југославија, по патот на Револуцијата.

Оддалеку се чу пискавиот свиреж. Возот пристигаше со намалена брзина. Истрчав и се поткачив на тумбарката откаде можев да гледам подобро, пошироко и појасно.  Се појави локомотивата и вагоните кои во полукруг завиваа пред мојот видик. Оддалеку ги забележав подадените силуети на моите другарки, навалени над спуштените прозорци. Ги слушав нивните радосни извици и насмеани лица кои ме довикуваа и мафтаа со црвените марами. И јас им мафтав со букети од багремови цветови. Возот брефташе лазејќи по угорнината и сите нив ги носеше се' подалеку од мене. Тие весели, јас растреперана од возбуда и жал по нив што не сум со нив заедно. Долго останав со замаглен поглед во слика од цветови нанижани во долг црвен разлисток. Возот замина и брефтањето зад шините замре во далечината.

Едно црвено пионерско шамивче остана зад возот меѓу шините. Тоа беше последниот поздрав и подарок за сеќавање на една изгубена радост меѓу шините крај расцветаните багреми.

Бостон, мај 2014 година 

Давче Насевски

Давче Насевски

РАЦИНОВА

************

20 август 2019

Со колку неподнослива леснотија дозволивме да се истури она малку суштина што не' поврзува и определува пред се' како луѓе, а потоа како народ и држава. Се' е изгорено на оваа земја, надвиснува само облакот на своеволноста на власта и безволноста на владеаните, на "бранителите" и "бранетите". Се изедовме меѓу себе, а самите подјадени од туѓи јадови и човечки гладови.

*************

Велат, пеколот на летните горештини најубаво се гасне со шолја чај. Сепак, мојата жед помислува на студена изворска вода, собрана во рака или во бардакот од детството... Човек и водата од извор - безмалку љубовна врска задоена од градите на оваа земја, се' уште слободно принесувана на усните, без забрани. Една добра голтка може да го потопи пеколот надвор. Но пеколот внатре разгорен од чувството на немоќ и безизлезност пред колективните трауми и безумија не го гаснат ниту чајот ниту водата. Бара една поинаква свежина и инаков сад...

За Истокот, чајот е што и солта за Западот - суштина на нештата, негов вкус и мирис. Пред да стане напивка, чајот се употребувал само како лек, најпрво во Кина, а потоа и во Јапонија, каде што пиењето чај се издигнува до религија на естетизам, именуван како теизам (од јапонскиот историчар и лингвист Какузо Окакура) - култ заснован на длабока верност кон она што е убаво меѓу валканоста на секојдневната егзистенција. За тоа, во голема мера е заслужна и долгата (географска) изолација на Јапонија од светот и нејзиното свртување во себе, кон внатре. Со време, чајот во јапонското општество преминал во карактерно својство, па се вели дека во човекот "нема чај" кога е нечувствителен на сериозно комичните работи од личната драма, додека епитетот "премногу чај" му се припишува на оној што се расфрла со емоциите наспроти светската драма. Вака некако источната мисла ја објаснила врската меѓу човекот и чајот, а шолјата со чај се издигнала во уметност како шолја на човечноста. Западниот циник ќе рече "колкава бура во една шолја чај". Кажаното го открива непознавањето на другиот. Од него полошо е само сопственото непознавање - колку малку "чај" по сите наши бури и колку тишина по сиот истурен "чај"!

Со колку неподнослива леснотија дозволивме да се истури она малку суштина што не' поврзува и определува пред се' како луѓе, а потоа како народ и држава. Се' е изгорено на оваа земја, надвиснува само облакот на своеволноста на власта и безволноста на владеаните, на "бранителите" и "бранетите" Се изедовме меѓу себе, а самите подјадени од туѓи јадови и човечки гладови. "Се караат и навредуваат и се јадат меѓу себе, зашто и нив ги јаде оваа наша сиромаштија, материјална и образовна", ме дополнува Рацин. И такви, разјадени од внатре, гриземе, оти таков е поривот на живата вилица, да гризе и дроби, за полесно да прогол(го)та.

"Ниски и кутри луѓе бранат и хранат поголеми интереси на оние зад кои се сокриваат, всушност оние несаканите, што за волјата на општиот напредок треба неминовно да бидат отстранети... недохранети и нехранети, едните во името на нискиот и кутриот живот (треба да се чува својата корка леб секогашен), другите во името на изобилството и насилстввото за животот бесно навалуваат на се' што во името на животот го брани животот, неговата можна исполнетост и слобода" - пишува поетот Драго Иванишевиќ во едни далечни мугри одовде, за оние околу човекот исполнет со идејата за подобар и почовечен свет. Останува само да препишеме.

Но оваа маскарада што истекува од сите пори на општеството ниту се гризе, ниту се голта. Во неа може само да се давиш. Напати се чини како да носиме премногу "чај", па стануваме пречувствителни на сериозно комичните работи од секојдневните трауми, а напати како да немаме ни капка чај во себе, а со тоа и рамнодушни сме пред колективната драма на општеството на кое му припаѓаме. Како по туѓа несреќа да се истурил "чајот" од нас, ги носиме сопствените судбини како празни стомни, тешки од празното во нив. Добро би ни дошле сега познатите Рацинови стомни "лесни како пердуви", а цврсти одвнатре, да држат, прочуени и барани по мајсторската изработка.

Рацин - поетот, грнчарот, двојниот пролетер - на класата и народот... "Карпата што се движи" - се сеќава Борко Лазески.

"Ќе победиме!" е нишката околу која се вкрстуваат сеќавањата на повеќето Рацинови современици - моралната сила и вербата на Рацин во големото утре, во денот над деновите, во белите мугри на кои се нагледувал и кога се' околу е само "темен вилает". Кога Рацин би бил современик... би ми повикнал: "Што си се скиселил? Ќе победиме!" А кого да победиме, ќе прашам, и поважно - како? "Стравот!", ќе ми рече и ќе додаде: "Лесно, како стомна!" Но како, кога се' е испокршено како стомна од sид, треба многу работа да се поправи, да се врати се' на свое место? "Работата треба од тебе да се плаши, а не ти од неа!", ќе ме пресече вооружен со насмевка и со трудот на иднината.

Не, не барам смисла во идеализирањето на човек проникнат со идејата до срцевината, зашто, како што вели Иванишевиќ, секое создавање идеална слика за нив (хероите и борците за идеали), значи да се оддалечиш од нив, значи нивно скаменување и втора, дефинитивна смрт. "Да се почувствува нивната човечка присност, топлината на нивната крв, нивната свесна жртва во која има бескрајна жал што не им било дадено да го видат и почувствуваат светот за кој будни фантазирале, значи да се исполниш со длабока човечка почит спрема нив, не изневерувајќи го нивниот спомен."

Во името на таа човечка големина и жртва, не треба да дозволиме да се докршат "Рациновите стомни" од кои уште се слуша предупредувањето: "Ете, и историјата сакаат да ни ја скријат, да ни ја земат, за да ни ја земат душата, за да докажат дека сме племе без историски континуитет. Народ што нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое национално утре. Ете, нашето вчера треба да исчезне, за да се стопи нашето денес и да се збрише секоја смисла на нашето утре. А континуитет постои - континуитет на маки и страдања, но и континуитет на отпори, борби и еден чудовишен континуитет на национална отпорност и на народна жилавост... Потребни ни се стотици поети и раскажувачи да ја раскажат ова мака народна и да откријат заедно со неа една исконска енергија, собирана и задушувана со векови, но никогаш задушена...

Моите Бели мугри ќе бидат едно делче во таа народна преродба. Делчето е скромно. Но никогаш бадемите не расцутуваат во еден ден, во една ноќ..." Остануваме да препишеме, низ што се' не бил принуден да помине, а сепак да отстои и да ги надрасне ситнофилистерските души и сваќања на своето време, припомнува Перо Коробар, па сепак и таму, во затворите по Скопје и Сремска Митровица, го повторувал неговото "Ќе победиме!" Рацин не ги напишал само "Бели мугри" на тогаш забранетиот македонски јазик, а ги живеел, како што дишел идеалот за слободна Македонија.

Но како што за денешниот Кинез или Јапонец чајот не е идеал, туку само вкусна напивка, така за денешниот Македонец, Македонија не е идеал, туку само синоним за живот што ги губи вкусовите. Каде  да се побара вината за истурениот "чај" ако не внатре, во себе, каде што и почнува, како и во источната мисла, верноста кон она што е убаво среде извалканото секојдневие и постоење.

Бадемите не расцутуваат во еден ден, но ниту венат за една ноќ, колку и да е стемнет "вилаетот" на оваа прегорена се'-верна земја на југот.

Рацин немал само достатно "чај" да ја наполни и прелее шолјата на човечноста, туку самиот бил садот на таа човечност, на социјалната правда и хуманизмот, голем во обичноста, колку и едноставен во големината.

Од стомните лесни како пердув, од стомните на тој "самоук работник во чие срце нема друга вина освен големата љубов спрема милионите што страдаат и копнеат за подобар живот". (Галогажа) побарани биле само неговата насмевка и широкото срце, со кои како евагенлие ја ширел веста за белите мугри и ги крепел послабите по дух да истраат на патот на човечкото ослободување од секаков вид робување.

Не е достатно само да се препише, треба многу грла да се напијат од тој сад и таа ведра верба во белите мугри, за да се потопи пеколот внатре... Ете, убав пример за карактерна особина - "Рацинова стомна", однадвор ломна, а одвнатре нескршлива!

Авторот е магистер по мир, развој и поет.

https://www.novamakedonija.com.mk

Кочо Рацин

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

*************

 

 

25.XI.1939-25.XI.2019

Осумдесет години од печатењето на збирката "Бели Мугри" во Самобор-Хрватска. Датум незаборавен од Самоборчани и Македонците во Хрватска.

 

 

ЛЕНКА

Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол-
лицето и' се измени
веѓи паднаја надолу
и усти свија кораво.

Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни-жолти отрови
за гради-китки розови.

Прва година помина
грутка в срцето и' легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.

И ноќе кога месечко
гроб и' со свила виеше
ветерчок тихо над неа
жална и' тага рееше:
"Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна..."
************
Кочо Рацин

 

 

ВИДЕОТЕКА

*************

Kind regards: 01 декември 2019 година

Sotir Grozdanovski broj 253