Сотир

Сотир Гроздановски-Македонски

ДО КАДЕ ЌЕ СТИГНЕ ПОГАНАТА РАКА ЗАЕВОВА?

****************

06 ноември 2019

Борбата за Македонија продолжува!  Многу се грижат за нејзиниот спас на свој начин и за свој себичен интерес, но најповеќе за интересот на оние, од каде доаѓаат големите пари.

Македонските, но и некои странски гласила се полни со известувања и контраверзни толкувања на настаните кои не мачат и нас иселениците: дали ќе ја биде Македонија како ја знаеме и сакаме да биде, или ќе исчезне! Ќе исчезнела, до колку не се следел "правиот пат" на мудриот водач на СДСМ и актуелен нелегален претседател на македонската влада, односно на владата на Северна Македонија, Зоран Заев од Муртино! Само со Северна Македонија, негово "ремек дело",  во Европската Унија и НАТО како единствена и последна алтернатива, ни бил спасот!

За чудење, само мнозинскиот македонски народ никој не го ферма, како да е Македонија приватна прчија на властодршците кои доаѓаат на оној или овој начин.

Патот на Зоран Заев и неговото лично досие, како човек и сегашен властодржец во Северна Македонија, добро ни се познати. Колку долго ќе го држи тој деструктивен курс ќе  зависи од  странските газди и наредбодавци, кои инвестираа многу за да ја доврши нивната недовршена работа, но во секој случај и од нашата одлучност да го одвратиме од тие намери. Молчењето и непревземање одбрамбени мерки, надевајќи се во некој друг  да ни ја донесе слободата,  не е решение! Имаме работа со уценет криминалец, кој се' ќе стори да си ја сочува својата кожа во полза на "демократијата".

Пред нас се вонредните парламентарни избори во Северна Македонија! Многу се зборува за победниците и губитниците од двете "најголеми" политички партии во земјата, чии водачи очите едни со други си ги вадат. Омразата помеѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски ја достигна точката на вриење, а третата, албанската "сила", се подготвува да им ја турне и на едниот и на другиот столицата испод газот.

Чудно, ама вистинито, борба помеѓу два Титана кои се борат за иста цел: да исчезне  Република Македонија и  Македонците како народ и нација и мирно да си заживее нивната политичка творба,  Северна Македонија, на која тие си се, веќе, навикнаа!  Нивните визионерски политички и патриотски погледи за иднината која ни ја нудат ќе бидат веродостојни и прифатливи тогаш, кога ќе станат пред народот, му се извинат за досегашните политички грешки и речат јасно и гласно:

ЈАС, АКО МЕ ИЗБЕРЕТЕ НА ИДНИТЕ ИЗБОРИ ЌЕ ГИ РАСКИНАМ СИТЕ ДОГОВОРИ  ЗА "ДОБРОСОСЕДСКИ" ОДНОСИ СО НАШИТЕ НЕПРИЈАТЕЛИ И ЌЕ ГО ОТВОРАМ ПАТОТ КОН ИДНИНАТА, КОЈА МАКЕДОНИЈА ЈА ЗАСЛУЖУВА! ВО СПРОТИВНО ЌЕ ЈА ПРИФАТАМ КАЗНАТА, АКО ЈА ЗАСЛУЖАМ!

Чудно, ама исто така вистинито, за Преспанскиот договор со Грција со кој ни отиде се' што не прави Македонци дома и надвор од Република Македонија, се' помалку се зборува, а за македонските просветители и револуционери со Бугарите, се' повеќе.   

Александар Македонски, Цар Самуил и Гоце Делчев, пак, беа ставени на кантар за да  им се  измери нивната тежина и процени вредноста со која би им се збогатиле нивните сиромашни истории.   И  едниот и другиот и третиот се темели на нашето минато и патоказ во нашата иднина, а не Европската Унија и НАТО. Тие немаат цена која некој би можел да ја плати! Нив, секој од соседите би сакал да ги има во своето двориште како доказ пред очите на светот, за нивните национални вредности. Па сепак, Зоран Заев им ги продаде за мали пари, односно за лажно сојузништво, пријателство и подршка на патот кон споменатите меѓународни организации.

Има уште нешто што ме изненадува, зошто доаѓа од луѓе кои ги сметам за вистински разумни патриоти со познавање на својата сопствена историја и со исторските непријателски намери на Европа и секоја од поголемите држави од нас. Од нас во денешните граници на нашиот животен простор, а биле секогаш  помали од маково зрно. Но денес, кога добија ветер во грбот се искочоперија, зошто некои им дал повеќе од она што можат да го проголтаат, а тие бараат и погача покрај лебот насушен, од туѓа нива.

Луѓе, кои лесно наседнуваат на некои си европски вредности кои би требало да ни бидат за пример како sвезда водилка.

Па драги мои! Зарем заборавивме со кого имаме работа? Волкот кој добил по опашка во минатото, не ја заборавил болката, па цело време размислува како да постане мечка, па да проба да не вјавне.

Сите тие кои до вчера ни ја кроеа мантијата по нивна мерка, вкус и интерс, денес изнајдоа друг начин како да ја завршат работата од пред 100 и кусур години: правото, правдата, ООН,  ЕУ и НАТО како "гарант" на "демократијата".

Не, драги мои! Ништо не се промени во табиетите на нашите соседи, само се промена начинот и средствата за полесно доаѓање до целта. Дојде времето на парата, а само по некогаш на оружјето, кое секој го има!

Денес дојде времето на домашните волци и ако нив, прво, не ги испрашиме од трлото, ни нема спас.

А за тоа не ни требаат атомски бомби. Ни требаат срца јуначки, слога, заедништво, верба во себе и македонското достоинство! Само така ќе  си ја вратиме слободата, ќе си го задржиме тоа што Господ ни го дал, што предците ни го оставиле да го чуваме и пренесуваме на идните поколенија и тоа, што самите сме си го создале. Само тогаш и светот ќе не почитува и помогне, зошто кукавици, велепредавници и стругачи на канализациски шахти на никој не им се потребни!

Ах, ќе заборавев: до каде ќе стигне поганата рака Заевова? До таму до каде ние ќе му дозволиме! Дозволиме, или му ја пресечеме до рамена, еднаш за секогаш!

За секогаш Ваш, Сотир!

Македонска нација

ВМРО - ДРЖАВА ВО ДРЖАВА

***********

 

Внатрешната македонска револуционерна организација во Струга и Струшко развила многу поголема и посестрана дејност по пристигањето на Христо Узунов и Никола Русински, во Охридско и Струшко. Двајцата способни револуционери, централисти, имале сосема јасни концепции за тоа како треба да се одвива натамошното оспособување на македонскиот народ за вооружена  борба против многувековниот поробувач. Тие вовеле тактика поразновидна од таа што дотогаш се употребувала и наложиле револуционерните чети да се движат ноќе, уништувајќи ги трагите зад себе. Освен тоа, со строга наредба четите биле задолжени: воената обука да ја спроведуваат во недостапни планински месности; да одбегнуваат борби што би им ги наметнале турските аскери, со цел да се запази живата сила на ВМРО за решавачка битка. При топло време четите ноќевале надвор од населби, а ако се сместеле во некое село, тогаш селаните биле должни да постават свои стражи.

И градските и селските комитети примале нови членови во борбените редови на Револуционерната организација. Целата околија била покриена со мрежата на ВМРО. Секое село, дури и најмалото, имало свој селски комитет, што го составувале: началник, секретар, благајник, селски војвода и 2-3 члена. Селските комитети, покрај тоа, располагале со свои курири и стражари (чувари) за обезбедување на населбата од непредвидена опасност. Оние коишто не се наоѓале во чета, а имале оружје, биле вклучени во народната милиција, што влегувала во дејство само при потреба.

Македонските селани не оделе повеќе по турските судови. Комитетите и војводите ја презеле судската функција. Комитетите на ВМРО, исто така, го забрзале вооружувањето; наредиле штедење при свадби и при други слични обичаи; забраниле девојките и жените да носат скапоцен накит; наложиле зголемување на земјоделството и на сточарството за производителите да можат да дојдат и до пари и до резервни количества на прехрамбени продукти, неопходни за герилско војување.

Комитетите на ВМРО во Струшко и во Охридско влегле во борба против сите видови суеверија (маѓии, баења, јасновидости и сл.). Организацијата, со помош на учителите и на други попросветени луѓе, ги присилиле Македонците постепено да свикнуваат и со похигиенски начин на живеење, а и да бараат лекарска помош при болест, наместо да одат кај надрилекари, кои се збогатувале за сметка на непросветените. ВМРО ја забранила нивната дејност и ги прогонувала.

ВМРО во Струшко развила низа морални одлики меѓу своето членство, а преку него среде целиот народ во областа. Од етичките вредности што ВМРО ги всадувала и ги одгледувала, врвно место заземала борбата против омразата кон сите Турци воопшто и пазењето најстрог сексуален морал во четите и по селата. За прекршителите на последното била предвидена смртна казна. Тогаш биле дадени и напатствија како да им се парира на предавниците и на експлоататорите на трудбениците.

Позитивните резултати биле видливи во секојдневниот живот. Четите ги исчистиле разбојниците. Населението здивнало од нивниот терор. Иако ВМРО водела борба и против суровата феудална есплоатација на македонските селани, Струшкиот комитет спроведувал и една поинаква практика во однос на чифлиците во Струшко: револуционерните чети ги штителе чифлигарите од самоволијата на нивните господари, но исто така и чифликсајбиите од разбојничките ограбувања. Заради тоа чифликсајбиите-Албанци и Турци-бесплатно ги снабдувале четите со храна.

************

Коле Манев

Коле Манев

ДАЛИ МИСЛИТЕ ДЕКА ФРАНЦИЈА И МАКРОН САКААТ БРУСАЧИ НА ШАХТИ, ВЕЛЕПРЕДАВНИЦИ И КЛЕПТОМАНИ?

************

 

06 ноември 2019 

- Знаеш што се зборува во чаршијата?, ме запраша пријателот и колега Пиер, кога се најдовме во центарот на градот.

-Што се зборува во чаршијата?, возвратив со прашање.

- Види пријателе, расположен сум за разговор и затоа ќе ме оставиш да се искажам до крај, па потоа ќе ми кажеш што ти мислиш. Еве ќе почнам вака. Можеби е некаква шега, но некои гласини велат дека тој портпаролот на СДСМ, и сега кога сите знаеме што добивме од ЕУ, тој оди пред седиштето на ВМРО и тврди, до небо бил уверен дека ќе добиеме датум за преговори бидејќи сме биле на правиот пат! Сигурно е шега, но денес се случуваат секакви чуда. Кој можеше да предвиди дека Франција, односно Емануел Макрон ќе гласаат против. Во име на вистината Макрон не гласаше против Македонија, и самата Меркел рече дека и други две три земји биле на линијата на Макрон, но се ставија под сенката на Франција. Можеби ќе ти делува чудно, сега кога многумина се депримирани, а некој можеби ќе падне во колапс, но јас мислам на Макрон и на новинарот од весникот "Ла Верита" господинот Гајсер да им дадеме ордени за чесност од највисок ранг. Знам, со ова што ти го кажувам ќе си речеш твојот пријател и колега забегал, но дозволи ми да се дообјаснам. Цврсто сум уверен дека датум за преговори е чиста фикција.

Види сега, јас како и ти сме први за влез во ЕУ, а НАТО е башка приказна. Некои велат, може да се случи за две три години НАТО да го нема. Сеедно. Тие од ЕУ ни велат да си ја средите државата после добивање на датум. Се прашувам дали ние си ја средивме државата, пријателе? Мислам дека не! Се менува ли име на држава само да добиеме датум за преговори? Преговорите можат да траат пет, десет или сто години. Што тогаш со датумот, наместо да си ја средиме државичката, овие нашиве упорно ја разнебитуваат. Мислиш дека аферата Рекет ќе видеше виделина ако Гајсер од "Ла Верита не ги објавеше сознанијата за рекетот кој вриеше и врије во државата? Сигурно власта ќе го забошотеше бидејќи оваа власт за време на целото нејзино владеење се однесува како дива орда. Распродава име на држава, историја, се лиши од нашите малцинства во Грција и Бугарија, се откажува од значајни наши историски личности, само да се лигави пред нашите соседи. Никола Димитров мисли дека блескаме по Договорот од Нивици, го променивме името на државата и затоа сме блескале, тоа е лудост и никакво блескање. 

Дојдоа до таму да ги шмирглаат шахтите со Сонцето од Кутлеш. Од тоа поголемо политичко дно нема. И како капак на сето ова, и Заев и Пендаровски ни велат да продолжиме со реализацијата на Договорот од Нивици, а во него пишува некои работи можат да се реализираат и по пет години. Како муви без глава дрндаат: Северна, Северна. Која Северна бре токмаци, од вашата Северна дојдовме на ова дереџе. Некои од нив сакаат да си ги задоволат нивните нарцизиодни фрустрации, други се врзуваат за етничка линија. Бујар Османи, замисли министер за евроинтеграции, ни вели, што и да каже Венецијанската комисија во Законот за јазици нема да се додаде или одземе ниту точка. Тој оди во Брисел да лобира за датум за преговори, а не сака да ги почитува институциите на ЕУ една од нив е и Венецијанската комисија. Затоа велам на Макрон и на Гајсер треба да им дадеме ордени.

Ако по некоја случајност добиевме датум, овие нашиве лумпер-политичари ќе распарчеа и тоа што остана од нас и државата. Макрон и "Ла Верита" не го направија ова само за нас, не сакаат во ЕУ да акумулираат уште проблеми и недоразбирања. Случајно или ненамерно така се споија нашите и нивните интереси. Да бидеме реални, и ЕУ има свои проблеми, види што се случува со Брегзит, три години не можат да го решат. Мислам дека датум ќе добиеме тогаш кога ќе почнеме да си ја средуваме државата, ама вистински не како Специјалното обвинителство кога лидер на партија или премиер им кажува против кого да покренат обвиненија. Тоа не е правна држава и затоа специјалната Катица се наоѓа во притвор. Невкусно е кога некои аналитичари и политичари вината ја фрлаат врз други, тој бил виновен овој виновем, сите биле виновни. Не, ние самите сме си виновни и ова нека ни служи како лекција. ЕУ не е идила но во неа како и  во целиот свет постојат прогресивни сили кои се на страната на правото и вистината. Тие сили нас не спасија.

Тие не поднесуваат велепредавници и клептомани, не сакаат власт која си ја разнебитува сопствената држава за да добие датум за после од ЕУ да црпи фондови кои ќе завршуваат во нивните џебови.

Таквите никому не се потребни најмалку нам. За ваква работа сакам да знам што ти мислиш за моето пледоаје?

- Колега на твојот долг и содржаен исказ немам што да додадам освен да одиме и да се честиме со по една пица каприциоза.

https://densen.mk

Професор д-р Митко Б. Панов

 Професор д-р Митко Б.Панов

ЗА ТЕНДЕНЦИИТЕ ЗА ПОЛИТИЧКО ЗАТВОРАЊЕ НА ИСТОРИСКИТЕ ПОГЛАВЈА НА МАКЕДОНИЗМОТ

ДЕЛ 2

 

06 ноември 2019 

Дали ќе се игнорира посведочениот факт дека во текот на Втората светска војна, Самуил станал клучен историски симбол на отпорот на Македонците и борбата за ослободување и извојување на државноста.

Дали потоа ќе се изземе ракописот на Васил Ивановски насловен Македонската нација и македонската национална свест од 1943 година во која Самуиоловото царство е претставено како "трета македонска држава" чијшто традиции одиграле суштинско влијание за "етничкото зачувување на македонските словени" и за одржување на "народносната свест".

Дали ќе остане занемарено дека со повикувањето на историската меморија за Самуиловата држава, македонските револуционери и интелигенција ја антиципирале современата борба во Македонија за ослободување и создавање на македонска држава.

Дали во таа смисла ќе се заборави говорот на Панко Брашнаров при отворањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година во кој тој ја споделува возбудата од фактот што македонскиот народ е ослободен од " десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава".

Се прашувам како ќе се "затвори" историското поглавје содржано во Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ, каде што се потенцира дека "за првпат  по Самуил, македонскиот народ создава своја држава".

Или, дали ќе биде избришана од меморијата Прокламацијата на ЦК на КПМ до македонскиот народ од 4 август 1944 година, во која се повикува македонската интелигенција да учествува во изградбата на "првата по Самуила македонска држава". 

Нешто што Васил Ивановски во студијата за соединување на македонскиот народ (1944) ги толкува како зконоводавни одлуки на АСНОМ со кои се втемелуваат "основите на првата македонска држава по Самуила".

Или, пораката до објективниот историчар содржана во популарната брошура на Кирил Николов за македонската нација (1946), во која се определува Самуиловото царство како историско заокружување на тенденцијата за обединување на македонските словени, што повторно се реализира во современа Македонија: "Меѓу нив поникна таа чудна словенска држава на Самуила, која што го обедини целото македонско словенство". Што со мислата на револуционерот и политичар Димитар Влахов, кој во предговорот на неговата книга Македонија : Моменти од историјата на македонскиот народ (1950), остро го осудува големобугарскиот шовинизам, со кој не би било поштено "ништо во македонската историја: од Кирил и Методиј и Самуил па се до Илинденското востание", заклучувајќи дека "Самуиловото македосно царство" произлегло од "востанијата на македонскиот народ" против Бугарија и Византија.

Како ќе се затвори историското поглавје со Павел Шатев, првиот Претседател на Президиумот на Асном, кој во ракописот на својата Историја на Македонија составена во затворската ќелија, констатира дека во време на цар Самуил била создадена "нова македонска држава", која доживеела трагична судбина со ослепувањето на "14,ооо заробени Македонци".

Дали ќе се занемари фактот дека погледите за македонската историја на Шатев како последен преостанат гемиџија, покажуваат дека Самуил станал обединувачка историска фигура за македонската нација, независно од различние и променливи идеолошки ориентации на македонските револуционери и политичари.

Или ќе се заборави поетскиот историски израз на еден од иницијаторите на АСНОМ, Венко Марковски, содржан во статијата Македонската култура: "кога се враќаме назад во длабокото минато на македонскиот народ, не можеме а да не се сопреме на личноста на цар Самуил, кој бил Богомил и еден од најсветлите врвови во македонската историја".

Или, дали ќе се прочита поемата Климе (1945) на Марковски, во која Самуил е претставен како херој чијшто дух се воздигнува за одбрана на современа Македонија: "како великан грее сред Илинден наш, се подига, зборој отправуе в народ, свет благослов лее".

Дали ќе се игнорира циркуларното писмо на Министерството за народна просвета на Бугарија од ноември 1947 година со кое се порачувало ревидирање на содржината на учебниците по историја за Пиринска Македонија, во која се напоменувало дека иако "Самуиловата држав била типична феудална по форма, без било каква национална свест", таа претставувала "држава на македонските словени".

Или, писмото од 30 јануари 1948 година во кое Министерството наложувало лекциите за 7 клас во однос на Самуил да се изучуваат "само во часовите по македонската историја", и притоа да се "исклучат од бугарската историја".

Дали ќе се игнорираат архивските документи од транскриптот на обраќањето на бугарскиот премиер Тодор Живков со ЦК на БКП од март 1963 година по средбата со југословенскиот лидер Јисип Броз Тито, од кои се дознава дека Самуил во овој период станал неизбежен дел од политичките преговори во однос на "македонското прашање".

Или фактот дека Живков упатувал на можните политички отстапки во однос на откажувањето од Самуил: "Во спротивен случај, ние треба да се откажеме од Пасиј, бидејќи Пасиј е Македонец, од браќата Миладинови, од Кирил и Методиј, треба да се откажеме од половината историја на Бугарија. Само цар Самуил можеме да им го дадеме"!

Дали нема да се спомнат политичките преговори  меѓу Крсте Црвенковски и Тодор Живков, во која бугарскиот премиер иронично му одговорил на својот македонски колега "дајте да се разбереме-кажувам-со вас за таа измислица, дека во текот на средните векови постоела македонска народност, која потоа, во време на цар Самуил, прераснала во македонска нација и македонска држава.

За ваша информација, во средните векови не постоеле ниту, исклучувајќи ги Турците, Евреите, Ерменците, сите  се Македонци.

Можеби ќе биде подобро и ние да се декларираме за Македонци, вие сте Македонци, да не се иритираме..."

Пропаста на политичките преговори во 1968 година означило почетак на отворениот историографски конфликт за припадноста на цар Самуил, што, како што може да се види, бил тесно поврзан со решавањето на "македонскто прашање".

Македонско-бугарски политички преговори за Самуил се воделе и во минатото, но тогашното македонско раководство во ниту еден случај не се согласило на отстапки за средновековната историја, а посебно не за цар Самуил.

Самуиловата држава несомнено ги рефлектирала аспирациите за државност, била восприемана како дел од државотворниот континуитет вграден во одлуките на АСНОМ и како таква преточена во македонскиот национален наратив создаван со децениии.

Префрлајќи се во актуелноста на нашето современие, се навраќаме на прашањето како ќе се одбелужва цар Самуил во Република Македонија во 2019 година?

Евидентно дека моментниот политички сензибилитет го оневозможува помпезно најавеното заедничко одбележување на 1005-годишнината од смртта на Самуил на највисоко меѓудржавно ниво.

Причината е разбирлива. Во тој случај македонските граѓани би го дознале конкретниот комисиско-владин договор за затворање на историските поглавја од средновековието, а со тоа би го осознале и променитиот идентитет на нивниот цар Самуил.

Со тоа ќе се дознаат и обидите за затворање на историските поглавја на македонизмот и отворањето на новите, кои согласно владините одлуки и комисиски протоколи, ќе се интерпретираат како дел од "заедничката" (бугарска) национална историја.

Некој ќе каже дека наведените цитати од делата на македонските револуционери и интелигенција во изминатите повеќе од сто години, влегуваат во сферата на интерпретациите.

Меѓутоа, неспорен факт е дека станува збор за изворно регистрирани и автетични сведоштва кои ги рефлектираат историските традиции кои претставуваат составен дел од изградбата на македонската нација и се нераздвојно вградени во државните традиции на АСНОМ.

Владата и комисијата сега ќе мора да им објаснат на македонските граѓани во име на кого и зошто се ревидираат традициите кои претставуваат дел од историјата на градењето на македонската нација.

И, зошто ќе се отстапи од вековната заложба на македонските револуционери и интелектуалци, за во независната македонска држава во 21 век, македонските граѓани да одбележуваат и изучуваат нечиј "друг" цар Самуил, иако истиот бил нераздвоен синоним за Македонија и токму поради тоа станал објект на присвојување од балканските националисти по 70-те години на 19 век.

Дали со тоа се планира конечно да биде ставен крај на "македонското прашање" и на македонизмот?! За овие прашања, како и зошто отсуствувале традиции за цар Самуил во османлиска Бугарија и како тој бил занемарен од бугарските преродбеници и револуционери и восприеман како казнет од Бога и омразен и туѓ Ерменец. 

Expres.mk

Професор д-р Горан Калоѓера

  Професор д-р Горан Калоѓера

ЗА МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТИ

****** 

 

 

ЗБОР ДВА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК НА ХРВАТСКИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ

 

06 ноември 2019  

Сомневањата во постоењето на македонскиот јазик која катадневно ги слушаме од таканаречените "пријателски" земји, ме поттикнаа да проверам каква е ситуацијата со македонскиот јазик на хрватските универзитети.

Во времето на  мојата генерација, на Филозофскиот факултет постоеше,  покрај другите и катедра за македонски јазик. И денес на мојот индекс стои името на професорот и на катедрата:  Петар Кепески-Македонски јазик. А пак кога ги основавме на тогашниот Педагошки факултет во Риека катедрите за Македонски јазик и Македонска книжевност, пишуваше: Борис Павловски-Македонски јазик, Горан Калоѓера-Македонска книжевност.

Кога го основавме Лекторатот при Универзитетот во Ријека, пак,  му го дадовме неговото право име: Лекторат по Македонски јазик. На  неговото  свечено отворање  беше присутен и тогашниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски и бројни гости од Македонија. Јас, како водител на Лекторатот, имав секогаш увид во индексите на нашите студенти и секаде, без обsир кој  беше лекторот, изборниот предмет беше под името Македонски јазик. И сега, актуелната лекторица предава изборен предмет: Македонски јазик.

Македонистиката во Хрватска има долга традиција. Од времето на оснивачот Петре Кепески! А од седумдесеттите до денес, се слуша на четири Филозофски факултети и тоа на: загребачкиот, ријечкиот, осјечкиот и задарскиот. На нив Македонски јазик и Македонска книжевност секогаш предаваат познати и квалитетни македонисти. За жал, бројот на македонистичките центри во Хрватска е смален, но колку ми е познато, се' уште се студира на загребачкиот Филозофски факултет, а како изборен предмет се слуша (учи) на Филозофскиот во Ријека. (За Осијек не ми е познато, а во Задар го нема повеќе).

Интересот за изучување на македонскиот јазик при Лекторатот  во Ријека е изузетно голем. Спрема податоците на студентската служба при Филозофскиот факултет во Ријека, од 2008 година, кога Лекторатот е основан со катедри за македонски јазик, книжевност, цивилизација и култура, за предавањата покажаа интерес  над 1428 студенти, кои слушаа и полагаа испити од групата македонски јазик (1,2,3,4), македонска култура и цивилизација, и македонска книжевност. Од 1980 до 1991 година, кога студиите по "југославистика" се трансформираа во студии по кроатистика, десетина генерации студенти, и тоа не мал број,  научија нешто повеќе за Македонија, македонскиот јазик и македонската книжевност, што придонесе традицијата за македонистиката во Хрватска да постане популарна и значајна. И покрај тоа за мене и за моите поранешни студенти е неприфатливо, неразумно и за чудење што некои, после повеќе од четириесет години, воопшто се сомневаат во исправноста  на називите "македонски јазик" или "македонска книжевност" или "македонски народ". За нас, овде во Хрватска таквото поимање на реалноста ни изгледа сулудо и непојмливо. Мислам дека такво чувство би требало да владее и во Македонија, но не  само во Македонија.

Ние овде, во Ријека, се гордееме со нашиот научен симпозиум за Хрватско-македонски и Македонско-хрватски книжевни, културни и јазични врски кои траат со години. Симпозиумот го одржавме по петти пат и објавивме пет зборника на македонски и хрватски книжевен јазик. Бројни мои студенти зедоа учество во работата на Семинарот  за македонски јазик  во Охрид и се стекнаа со солидни познавања на проблемите со кои македонскиот јазик е соочен. И не само тоа. Тие ја засакаа Македонија и често и' се, со задоволство, враќаат, повеќето од нив како квалитетни слависти.

Треба да се нагласи и следното, дека Универзитетот Св. Кирил и Методиј по повод 50-годишнината на Семинарот за македонски јазик на Универзитетот во Ријека во 2017 година му додели Благодарница за афирмирање на македонскиот јазик, книжевноста и културата во Хрватска. Таа Благодарница ми беше упатена мене, до моите блиски соработници и конечно до Отсекот за хрватски јазик и книжевност при Филозофскиот факултет во Ријека.

Јас четириесет години   сум  пишувал,  за за мене неспорните: македонскиот јазик, македонскиот народ, македонската книжевност, културата и македонската цивилизација. Одрекнувањето од сето тоа во име на некоја "помирбена и добрососедска политика" која сега се промовира во јавноста за мене е неприфатлива, бидејќи тоа би значело одрекнување од моето научно творештво насочено кон истражување на хрватско-македонските книжевни, јазични и културни врски, заедно со афирмацијата на сите културни вредности на македонското вековно  наследство, во сите негови аспекти.

****************

Превод од хрватски: Сотир Гроздановски-Македонски

Гане Тодоровски

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

 

Со блага иронија и прекор прозвучува песната "Фуснота без повод" (од стихозбирката "Горчливи голтки непремолк", 1970) која иако е напишана шеесеттите години од минатиот век, таа е се' уште актуелна како да е напишана сега (освен државното уредување-социјализмот).

Поетот ги прекорува своите сонародници што сите сакаат да станат "граѓани", што го напуштаат селото, традициите, што се модернизираат за да бидат во "тренд" и што така забораваат кои се. 

Луѓето го губат коренот, се губат себеси. Поетот разочарано на крајот ќе повика, свесен што му се случува на народот, свесен каде води политиката: Ој, Македонијо, колку ли уште ни треба за да те домакедончиме!

 

ФУСНОТА БЕЗ ПОВОД

Ги оставивме мускулите на село,
ги оставивме легендите, ливадите, лошините,
зареците, клетвите, благословиите,
дотековме како пролетен порој-одненадеж,
за да му станеме квасец на градот,
за да му станеме озон на градот,
за да му станеме фермент на градот,
за да го помакедончиме Скопје-
Ој, Македонијо, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!

Дотековме во град по весници, по струја,
по телевизори, по стадиони, по кина,
по бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари,
дојдовме за да дринчиме секој први пред благајните,
дотековме, дотрчавме, доклинкавме, -
Ој, Македонијо, кај ти е без нас алот!

Ој, Македонијо, градска и социјалистичка,
натема ти го селото обескозено,
обезлуѓено, како по чума поморија,
Ој, Македонијо, со пет епископи
и илјада икони испокрадени,
Ој, Македонијо со сојузни министри
и судбина на периферија.
Ој, Македонијо, со јоги душеци, со терени за скијање,
со пленум, со црква афтокефална,
со тела самоуправни, со штедни книшки,
со приватни земјоделци, со коли половни,
со сметки девизни, со дефитицарно осигурување
со први домати во Републиката,
со четиринаесет академици, со безброј политичари,
со евтин зеленчук, со таан-алва,
со голем број дипломи и со ниски плати,
со две затворени граници, со трета хипокритска
и четврта замислена,-

Ој, Македонијо на конкурси и конгреси,
на два Илиндена и филмови нетитлувани на македонски,-
Ој, Македонијо, пленумска, синдикална,
од лани уште синодална, автокефална,
колку ќе биде платен тутунот годинава?
Колку кредит ќе ветат банките?
Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме?
Колку девизи надвор ќе депонираме?

Ој, Македонијо, со голем број неписмени,
со академија на науките и уметностите,
со беспрекорна грижа за народностите,
со мал тираж на весници, со многу пензии,
колку навистина ќе биде платен тутунот?

Ој, Македонијо, кај ти се селата мијачки?
Кај се Помаците? Кај се ветросаа?
Кај се Егејците? Кај се витосаа?
Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан
до Анадолија, Канада и Австралија,
од Балтик до Карпатите,
до немај - каде, до глувчина дупка,
до канцелариите на бирократите.
Ој, Македонијо, не пати за Патакос,
многушто уште ќе доживееме!
Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура
небаре семето Хамово, небаре проколнатици.
Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат
а безработните ќе трагаат по работа.
Ој, Македонијо, науми почит кон мртвите, збери ги коските на своите закубеници,
коските Мисирковите, коските Цепенковите,
коските Ѓорче Петровите,
прибери ги во Скопје,
покрај Гоцевите, покрај најсветите,
и крени кај нив паметник
на неродениот Македонец -

Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!
**************
Гане

 

 

ВИДЕОТЕКА

***********

Kind regards: о6 ноември 2019 година

Sotir Grozdanovski broj 248