ВЕЧЕН 11 - ОКТОМВРИ И НИКОГАШ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Сотир Гроздановски

Сотир Гроздановски-Македонски

ЗА МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО

****

12 октомври 2019

Иселеништвото не е од вчера, ниту ќе престане и кога мед и млеко ќе потече по улиците на светот. Тоа е процес кои си тече со векови и нема никогаш да запре. Но за жалење и секоја осуда е чинот на Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ДПМНЕ-ВМРО  (едниот јавно вториот задскриено) што на брутален и некултурен начин  се одрекоа од нас,  иселениците, како дел од добрососедските односи со Грција, Бугарија, но и домашните Албанци. И се'  со цел да се добие датум за влез во ЕУ и НАТО, како и да се  ослаби отпорот на македонскиот народ, и потоа со  манипулирање обезличувањето и разнебитувањето да изгледа  "безболно" и природно.

****************

Македонија има долга историја во однос на емиграција во странство. Денес околу 545.000 македонски граѓани живеат надвор од својата татковина, што претставува 26% од вкупното население во земјата. Промените во обемот и карактерот на емиграцијата од 1945 година до денес (април 2012) кореспондираат со различните фази на социјалниот и економскиот развој, како и на промените во миграционите политики на земјите на прием. Притоа, најголемиот иселенички бран, кој започна во 1990 година и продолжи се' до денес, го сочинуваат околу 200.000 лица. Најголем дел од нив беа мотивирани од желбата да ја избегнат длабоката економска криза, бидејќи од почетокот на транзицијата стапките на сиромаштијата драстично се зголемија и стапките на невработеноста постојано беа повисоки од 30%. Емиграцијата првенствено се одвиваше во три облици: 

1. трајна семејна емиграција или обединување на семејствата; 2. привремено или циркуларна емиграција поради економски причини и 3. илегална или емиграција мотивирана поради бегство.

Во рамките на последната, релативно мала по обем категорија, бројот на барателите на азил драматично се зголеми  по либерализацијата на визниот режим на Европската унија во 2010 година, со позначителен пораст на бројот на апликациите на Ромите и Албанците. Се вели во : Извршното резиме за општественото влијание на емиграцијата и рурално-урбаната миграција во Централна и Источна Европа од Април 2012 година.  Автори: Сузана Борнарова и Верица Јаневска.

А сега, ајде да видиме каква е ситуацијата во Република Македонија денес, после 7 години од последниот извештај за состојбата во македонското иселеништво.

Бројката од 545.000 македонски граѓани кои живеат во странство се односи само на тие од Република Македонија, спрема евиденцијата за 2012 година. Меѓутоа, денес, таа е многу поголема. И тоа само од Република Македонија, најверојатно, таа бројка е близу 1,000.000 луѓе.

Меѓутоа, Македонци не се само граѓаните на Република Македонија. Што е со оние од егејскиот дел на Македонија, па од пиринскиот и албанскиот дел ? И не само иселените, туку и масовно протераните од нивните домови заедно со децата од најрана до 14 гоидишна возраст од времето на етничкото чистење за време на Граѓанската војна во Грција и подоцна? А оние од поранешните иселенички бранови  од времето на османлиското владеење со Македонија?

Силните бројки на Македонци во странските земји особено во САД, Канада, Австралија и Европа, ја покажуваат правата слика од владеењето на ненародните режими во Република Македонија и во соседните земји. За нив,  во нашата матична држава, на никои не му е гајле. Оставени се самите за себе да се грижат, но активно и енергично да се борат со сите неправди инпутирани врз Македонија и македонскиот народ во татаковината, со која се' уште сме пупковно врзани, и за секогаш такви ќе останеме.

За разлика од нашите сонародници, особено во Република Македонија, македонското иселеништво денес е едно од нај хомогените во светот, што е видливо од масовните протести и демонстрации во одбрана на македонските човекови права и промената на статусот на Република Македонија во полза на соседите: Грција, Бугарија и домашните Албанци! 

Причините за толкав број иселувања се состојат во раслојувањето на македонското општество од лошите политики на властодршците. И тоа не само на овие, сегашниве, туку и на предходните. Зошто? - затоа што сите тие на свои начин работеа и се' уште работат со цел да ги извршат задачите од своите надворешни наредбодавци, како би ги сочувале своите позиции во општеството, но и да би ја избегале одговорноста пред народот за поранешните и сегашните криминали и нечесни работи. Но, правдата секого ќе го стигне утре или задутре.

Да, транзицискиот период, кој се' уште трае, беше и остана најголемата причина за  празнењето на селата, ама и градовите на Република Македонија. Но приватизирањето и после пљачкосувањето на тој општонароден имот доведе до раслојување на македонското општество уште повеќе. Губењето, пак, на работните места и осиромашувањето на работничката  класа, како стожер на државата, го зголеми незадоволството и несигурноста, особено, кај младата популација и ја подготви за егзодус надвор од Македонија. И тоа се случи. Секој ден на десетици автобуси ја напуштаат почвата македонска, како би нашле поарно место за живеење за себе и своите семејства. 

Ќе се прашаме, како да  излеземе од овој кошмар кој внесе немир, несигурност и неспокоен живот во Република Македонија? Тоа зависи од нас, да изнајдеме начини! Но прво и најважна е хомогеноста на Македонците како мнозинско население во својата сопствена земја, по примерот на иселените Македонци од сите краеви на Македонија. Разнебитувањето на македонскиот народ мора да престане. Државата да се ослободи од корумпираните политичари. Власта во државата да се врати под контрола на народот. Да се покрене енергична борба за поништување на криминалните договори за "добрососедство" со Бугарите, Грците и Албанците и да се воспостави владеењето на правото и правдата за сите граѓани во духот на меѓународното право и разните конвенции за правата на малцинствата во земјата. И сето тоа по цена Република Македонија  никогаш и да не влезе во состав на НАТО и на Европската Унија, како заедница, која не им мисли добро на Македонците и на македонската држава.

Што се однесува, пак, до безбедниот систем, реорганизација е потребна која ќе донесе баланс помеѓу застапеноста на кадрови од малцинствата и мнозинскиот народ во земјата. Во секоја држава во светот сувереноста, законодавството и извршната власт е под контрола на мнозинскиот народ, како главен стожер на унитарноста и општата безбедност од внатрешни и надворешни непријатели. Особено кога се работи за припадници на национално малцинство - албанското, кое со својата агресивност и нескромност се закани да ја распарча македонската држава со непровоцираната и брутална војна во 2001 година, со која ја потврдија својата традиционална нелојалност  спрема народот и земјата  која ги храни и помага да си создадат поарен живот за себе и за своите семејства.

Уставот и законите во земјата да важат за сите соодветно, а државните симболи секогаш на повисокиот јарбол, од малцинските.  

Државата да функционира во согласност со светските стандарди, а влијанието на надворешните фактори и нивните представници во границите на нивните овластувања и во согласност со македонските закони. Мешањето во внатрешните и надворешните работи, табу тема, со што   би се  создале услови за засилување на македонското стопанство, зацврстување на редот и мирот во земјата како што прилега на една средена модерна и современа државна заедница. Таквата состојба ќе создаде и услови за поголемо вработување на граѓаните, стабилизација на државата и смалување на потребите за иселување надвор во странските земји, но и можности за враќање на Македонците во своите стари и одамна напуштени домови. Македонија тоа може да го постигне, ако се сака. 

Знам дека сето ова на некои од власта им изгледа како утопија и невозможна мисија, но тоа е нивна работа. Нивниот досегашен и сегашен начин во управувањето со Македонија ги покажа и резултатите: македонската држава  постана приватна сопственост на партиите и папет на странците, а народот за потсмев и понижување од светот. 

Денешниве  политичари од сите  партии здружено работаат против интересита на Македонците. Ги влечкаат за нос своите членови, ветувајќи им место во рајот, но всушност ги водат во пеколот  каде и самите припаѓаат. 

Во историјата не се паметат вакви вандалски и криминални дејствија, ниту вакви нечесни луѓе како Зоран Заев, Христијан Мицкоски, челник на ВМРО-ДПМНЕ со своите послушници, потоа,  Никола Димитров, Радмила  Шеќеринска, Гордан Калајџиев, Мирјана Најчевска, која, впрочем, прва плукна на земјата и народот кои ја храни предложувајќи му, притоа, на изветрениот квинслинг на странските мешетари и криминалци Зоран Заев, Македонија да се одрекнела од македонското иселеништво. Да се одрекнела, зошто им биле товар врз плеќите и непотребна пречка на патот кон разнебитувањето на македонскта држава и обезличувањето на Македонците, што тој со задоволство и го изврши без око да му трепне.  Го реализира на брутален и гнасен начин, во содејство со   другите неранимајковци и слуги покорни на странците, за некоја  пара.

И за крај, би изразил неслагање со некои наши колеги, инаку добронамерни колумнисти, кои во своите изливи на неслагања со политиките на денешните властодршци вината за губењето на народот ја префрлуваат врз грижата за заштита на нашата национална историја, зошто штитејќи ја неа, сме ја изгубиле иднината. А каква иднина би била таа ако дел по дел од нас го продаваме или како подарок го даваме на соседите само да ни бидат пријатели?

За секогаш Ваш, Сотир!

 

Ова ли го сакаат Зоран Заев, Христијан Мицкоски и други слични на нив да им се случи и денес на македончињата без заштита од нивната матична држава? Срам да вие, мангупи погани!

Билјана

Билјана Ванковска

ГОДИШНИНИ

********

Вреди ли да се одбележува првата годишнина од ланскиот неуспешен референдум, распишан на неуставен начин? Нели го бојкотиравме за да покажеме дека нема да бидеме соучесници на кршењето на Уставот, законот и здравиот разум? Сепак, чинот ќе остане запишан во неславната историја на оваа влада, но и на државата. Тоа што сите политички чинители (првенствено ВМРО-ДПМНЕ), вклучувајќи ги и тие од движењето "Бојкотирам", ја пропуштија шансата да се обидат и да го спречат она што беше извесно дека ќе следува, остава тешко историско бреме врз сите. Формалноправно, тој референдум (за чие оправдување уставниот суд користеше политичка фразеологија и евроатлански пароли, наместо да ги чува принципите на уставност и законитост) беше неуспешен, но какво фајде од тоа. На макијавелистички начин власта, потпомогната од т.н. меѓународна заедница, го жртвуваше принципот на владеење на правото на олтарот на Преспанскиот договор-тие ја остварија целта што им беше зацртана и нацртана. А ниту народ се дигна, ниту опозицијата го напушти парламентот-напротив, им ја држеше свеќата на оние што не' онаквеа при здрав памет.

Гледано од ретроспектива, од тој 30 септември до денес и во иднина, генерации ќе се срамат од нас и од себе. Некои велат, ова е ден за славење, зашто народот покажал дека има 'рбет и не потклекнал. Точно е и тоа дека сето она што прозлегува од противуставен чин е правно ништавно, а дека Преспанскиот договор може да се поништи поради кршење на одредбите на Виенската конвенција за договорно право, но тоа не е оправдување за инертноста што настапи по еуфоријата на пропаднатиот референдум. Тој чин требаше да се ефектуира, но...Денес ни треба "маж" ( во фигуративна смисла на зборот), т.е. влада што ќе се осмели да го користи меѓународното право за заштита на националните интереси. Тажен е фактот што во оваа монтипајтоновска држава опозицијата го нема "она" (што е потребно), ниту пак смее да изусти поништување на Преспанскиот договор. Повеќе се загрижиле за датумот, па уште и лобираат токму кај оние што насилно ни ги сменија името и идентитетот. Засега се тешиме со индивидуални чинови, со повикување на индивидуално право на самоопределување, но колективна акција нема.

Потребата да не се дозволи преспанскиот процес да стани лански снег е и единствената причина зошто го спомнувам во оваа колумна. Толку многу важни нешта, а уште повеќе скандали се нанижаа, што референдумот бледнее. Целта на нивната орвеловштина е се' да прекрие со копрената на заборавот и со финтите и дефокусирање. Се' дури не се најде јунак, т.е. политичка опција што нема да се додворува и поклонува пред "меѓународната", ќе треба да одsвонува како ехо дека македонскиот народ не се согласи со промената на името и Уставот, а одлуката од 8 септември 1991 година останува правно обврзувачка! Трамвајот наречен датум/желба е повторно актуелен а по малку е патетично она изнасилено радување дека Берлин (наводно) дал безусловно "зелено светло", кога е сосема јасно дека датумот ќе стане најодбележуваниот "успех" на секоја влада уште долго, долго време. А добивањето датум за ПОЧЕТОК на преговори е едно големо ништо, исправање на една неправда уште од 2005 година. Дури и ако ГОДО во нашиов театар на апсурдот сепак се појави, тоа дефинитивно не значи ништо во држава што пука по сите рабови, а ни ЕУ не е сосема сигурна за својата перспектива.

Сега, кога ја спомнав оваа годишнина, да се свртам кон редовните "годишнини". За професорите, 1 октомври е почеток на нова академска година, означен со свечен чин на врачување на индексите на новите студенти. За некои на мои години, со стаж од над 37 години, и толкав број средби со нови генерации, тоа е и време на соочување со својата мисија и со прашањето дали воопшто има нешто свечено во тој чин. Дали на тие млади луѓе им го даваме она што го заслужуваат (и што им го ветуваме на модерните "саеми" и преку комерцијални реклами) или ги користиме како клиенти и на политикантски начин ветуваме нешто што нема да ги исполниме? Од година на година ми станува се' потешко, бидејќи знам дека ќе треба да им предавам или бајки ("како треба да биде") или хорор-приказни ("како навистина е") од областа на политичкиот систем, демократијата и човековите права. Им се чудам на колегите што се и министри како мува не ги лази додека жонглираат со наука, концепти, правни институции и уставни принципи, а всушност водат евтина политика.

Секогаш сум се трудела да воспоставам баланс, па уште на првиот час да им кажам дека во предавалната уживаат максимална слобода на мисли и говор и дека поздравувам и критичка мисла и дебата и сомнеж, но и незгодни прашања. Ги учам дека и во науката нема вечни вистини, а дека догмите (особено наметнати од позиција на моќ, без обзир дали нејзиниот извор е политички или религиски или некој трет) значат затворен ум. Им нудам повеќе перспективи за тоа што е демократија, за тоа дека таа не може ниту да се копира ниту да се извезува (со бомби и со закани), но и за тоа дали човековите права се баш универзални или треба да се земе предвид и културниот релативизам. 

По однос на "името", ќе им ја оставам слободата сами да одлучат дали ќе зборуваме за Македонија или за Северна, но нема ниту да ги наградувам, ниту казнувам за употребата на едното или другото, како што тоа го прават колеги од Правниот факултет. Но кога набргу ќе дојдеме до темата за тоа како граѓаните ја остваруваат демократијата (со посредна или непосредна демократија, на референдум и/или избори), тоа ќе биде најжешкиот костен.

Зашто во Македонија и двете се  повеќе во сферата на непостојното (би рекле, нормативното) отколку на стварното. На пример, ако лани се почитуваше Уставот, конзултативен референдум немаше ниту да може да се распише; или, по неуспешниот референдум, премиерот ќе дадеше оставка и со распуштањето на парламентот граѓаните ќе одлучуваа за легитимна власт. Но овде никој не го шиша граѓанинот-само го стриже. Онаа смешка од уставен суд деновиве се осмелила да зуцне и да донесе одлука дека на бранителите на обвинетите за 27 април им била повредена слободата на мисла и говор (затоа што судијката ги казни во вршењето на нивната одбрана и протестот што тоа им го попречува). Толку сме очајни што дури и ова го сметаме за успех, а забораваме дека на обвинетите им беше повредено уште поважно право-правото на фер и правично судење! Забораваме и дека тој одлучи да ја бутне главата в песок и за изборот на спикер на парламентот и за Преспанскиот договор.

Обвинителот не гледа дека директорот на "Службен весник" објави закон само со еден потпис, што е кривично дело. Не гледаат зло, не слушаат зло, не говорат/постапуваат против злото. Среде ваков калабалак ќе треба да им предавам на студентите, додека не заминам во пензија.

И кога сме кај пензионирањето, не можам а да не кажам некој збор за мој колега, кој токму денес заминува во пензија, и тоа навидум со "мартинлутеровски" чин на обелоденување на вистината за УКИМ со заковување некаква негова декларација. Некои велат дека и тоа е храбар чин, затоа што другите молчат. Неговата критика во многу нешта држи вода, но Мартин Лутер не се станува во пензија, од безбедна позиција. Се жали дека УКИМ е не само на распаќе туку и во бездна, а го немало никаде на Шангајската листа! Тоа е факт! Но ако сака да критикува и да ги навредува колегите со непримерен јазик (порачувајќи им дека "тртљаат"), тогаш е чесно да тргне од себе, од она што тој го сторил годините зад себе и што оставил како завет во науката (социологијата, во случајов). Како тој придонел за шангајски рејтинг? Ако го прогуглате неговото име, тешко дека ќе најдете нешто објавено надвор од земјава и на друг јазик. Затоа како професор бил, ќе си кажат неговите студенти, но во науката има и некои други критериуми. Колку е "дисидент" зборува и фактот што Блажевска му посвети посебен текст во "Дојче веле" (трогателно звучеше тоа "Последниот крик на професорот), но тоа има многу повеќе врска со Северна (која "дисидентов" ја поддржа) отколку со научните/професорските дострели. Со крекање (и тоа неписмено) може да се предизвика мало бранување во барата, ама ништо за паметење. Крикот на вистинскиот научник урива граници, затоа што тој се спротивставува цел живот и не се поклонува пред моќните. Затоа ова е тажен чин на тажна личност, која сака да замине (во пензија) со пркос, а ќе биде проследена со игнорирање, па и презир затоа што викајќи УАА против универзитетот одбегнува да го дигне гласот против моќните, на кои им дал легитимитет кога требало да протестирa

 https://www.novamakedonija.com.mk

 

Алексндар Димковски

ДЕНОТ "Д" ОДАМНА ПОМИНА

**********

Има ли држава без народ? Може ли да постои Македонија без Македонци во неа? Се плашам дека преокупирајќи се со историјата сиве изминати години ја исгубивме иднината. Ги изгубивме луѓето, како најважен ресусрс на секоја држава. И додека сите го чекаат 15 октомври,  споредувајќи го со некаков пресуден и одлучувачки ден "Д" за Македонија, моето мислење е дека нашиот ден "Д" одамна помина. Го испуштивме од раце кога го изгубивме народот од државата.

******************

Неколку клучни настани и' дадоа белег на неделава што изминува. Сега зборот "клучни" веројатно зависи и од аголот и диоптријата за гледање. За одредени кругови  клучен настан беше, на пример, годишнината од референдумот на 30 септември, додека други не сакаа ни да го спомнат и сосема го игнорираа овој јубилеј. Една година и не е некој јубилеј, но настаните што следуваа потоа и' ја предодредија иднината на државата. Патем, да не заборавиме дека референдумот од формалноправен аспект беше прогласен за неуспешен, поради мал одзив на граѓаните и непостигнатиот законски цензус, но тоа воопшто не претставуваше проблем, се разбира, од политички аспект, за меѓународната и за дел од домашната политичка сцена да биде поинаку протолкуван. Но од некои причини веќе никој не сака да се сеќаваат на него. Го фрлија во заборав.

Поточно, само ден по годишнината од споменатиот референдум, токму "првиот роденден" падна во сенка на самитот на "Економист" на кој се величаа придобивките од Преспанскиот договор. Случајност или не?

Но веќе се навикнавме тука на секакви еквилибристики, па веќе ништо и не може да не' изненади. Иако, да бидам искрен, мене повторно ме изненадија политичката дволичност, превртливост, лицемерност од оние што тогаш ги гласале договорите во Собранието, а сега како да не веруваат веќе во нив и искажуваат разочарување и незадоволство од постпреспанскиот и постпериодот од другите договори за добрососедство. Вчудовидени се од најновите условувања, уцени и непринципиелни барања, кои доаѓаат од соседите на адреса на Македонија. А што мислеа, веднаш ќе протечат мед и млеко во Македонија? И сега овие новоосвестени и пробудени политичари бараат начин за перење на совеста.

Да бидеме на чисто. Човечки е да се греши и христијански е да се простува. И во тоа нема ништо спорно. Но кому сега може да му користи нечие задоцнето покајание? Каква полза имаат граѓаните од тоа. Дали тоа ќе ја подобри содржината и преземените обврски од меѓусебно потпишаните договори или, пак, ќе ги одврати соседите од своите нечесни намери кон Македонија. Се разбира дека не. Не случајно постари рекле- "три пати мери, еднаш сечи". А очигледно редица важни и суштински одлуки поврзани со судбината и иднината на државата во минатото беа носени без какво било мерење и премерување. Едноставно се носеа одлуки на трчање и на ура.

Затоа сите овие постфестум покајанија можат да послужат само за перење на нечија нечиста совест. Но бидејќи текстот го започнав со споменување клучни настани би сакал да споменам барем уште неколку. Како важен настан неделава беше посочена донацијата на амбасадата од САД со која во 25 судници се инсталираше современа аудиопрема. Со ова практично отсега па натаму сите искази, изведување докази, сведочење, изрекување пресуди ќе се снимаат на аудиозапис, наместо како претходно преку записничар во хартиена форма. И сега ме јаде некоја јанsа. Не сакам да прозвучи катастрофално, но ние немаме баш некоја среќа со аудиозаписите. Се' што досега се снимаше и ставаше на аудио или видеозапис, потоа по некои чудни канали излегуваше во јавноста. Доволно е да се потсетиме на случаите со "Големото уво", потоа таканаречените бомби, па случајот "Рекет"...Ево, токму за денеска (петок 4 октомври) се најавени детонации на нови бомби поврзани со ИВЗ, но и објавување некакви ексклузивни материјали за проневера на 3 милиони евра.

Бомби детонира и активира кој како стигне. И на сите овие бомби како запалувач или детонатор им служат аудиоснимки. И сега гласно се прашувам како сега после толку многу темпирани бомби на црниот пазар утре ќе бидеме сигурни дека некому нема да му текне да ги злоупотреби и овие аудиоснимки од судењата. Или уште пострашно, записите и снимките да ги модифицира, лепи, сече ит.н. Замислете само какви последици тоа може да предизвика врз граѓаните и државата. Па и во билатералните односи со САД.

Иако воопшто не се сомневам во добрите и искрени намери на американската амбасада со ваквата донација, наменета за најболното ткиво на македонското општество како што е судството, уште отсега отворено предупредувам да се отворат четири очи. Трипати да се премери и провери и кој ќе ракува со овие направи, кој ќе ги преслушува, умножува и дистрибуира, каде што ќе се чуваат снимките и т.н.

Зошто при едно хипотетичко сценарио на протекување снимки од судења некој може да каже, не сме ние виновни, Американците ни го наместија?! Па нели по обичај за се' некој друг ни е виновен. Сепак, најголемата вина на сите досегашни македонски политичари и од власта и од опозицијата, е егзодусот што и' го приредија на сопствената држава. Што сиве овие години не мрднаа ниту со малиот прст да го спречат масовното иселување од државата. Дали причината за тоа е нивната неспособност, незнаење, алчност, тесни политички или партиски интереси сега веќе не е битно. Амнестија за стореното дело и злосторство врз македонската држава не смее и не може да има.

Доверлив и добро информиран извор деновиве во неформален пријателски разговор ми посведочи дека самиот регистрирал како над 20 полни автобуси со млади луѓе во еден ден ја напуштиле државата. Без намера да се вратат назад. Може ли само да замислите - тоа е како цела една населба или село да го снема прекуноќ. Тука, всушност, се крие најголемата опасност за опстанок на државата. Кому тогаш ќе му биде поважно чиј е Гоце, или какви плочки има на Воинот на коњ, ако државата ни остане без луѓе. Има ли држава без народ? Може ли да постои Македонија без Македонци во неа? Се плашам дека преокупирајќи се со историјата сиве изминати години ја изгубивме иднината. Ги изгубивме луѓето, како најважен ресурс на секоја држава.

И тука не може да ни помогнат ниту ЕУ ниту НАТО, ниту Западот ниту Истокот. Бројките се фрапантни и поразителни. Политичарите се свесни за тоа. Затоа и се плашат да се преброиме, па сега повторно се доведува во прашање планираното спроведување на пописот в година. Но не ни треба попис за ја согледаме болната вистина. Доволно е само да обиколите со возило повеќе села низ државата и да видите колку куќи светат ноќе. На оние со послабо срце не им го препоручувам ова бидејќи сцената може да изгледа како од некој хорор-филм. Тоа е реалноста во Македонија денес. Реалност што станува уште потемна кога на неа ќе се додадат и најновите анкети, според кои мнозинството студенти и средношколци размислуваат да ја напуштат државата. Ако вака продолжи сосема извесно е дека еден ден во Македонија ќе останат само политичарите. Кои за да опстанат на сцената можеби ќе увезат и друг народ. И додека сите го чекаат 15 октомври, споредувајќи го со некаков пресуден и одлучувачки пресуден ден "Д" за Македонија, моето мислење е дека нашиот ден "Д" помина. Го испуштивме од раце кога го изгубивме народот од државата. Се' додека не се потрудиме да ги вратиме назад во татковината сите што од разни причини избегаа од неа може да  го очекуваме само денот "Ш". Судниот ден за опстанокот на државата и на нацијата. Се надевам и сакам да верувам дека до такво нешто сепак нема да дојде.

https://www.novamakedonija.com.mk

 

Розита

 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

 

 

 

 

 

 Розита Македонска Христовска

СВЕНАТ ЛИСТ

На левото рамо имам белег
во форма на свенат лист
Не, не сум родена со нишан,
во еден миг од рана есен
ветрот ми го навеза со жица
за да го запаметам денот
на последната средба
судена да останам сама.

На истото место на рамото
каде една топла дланка
ме допре за последен пат
на збогување и простување.

Збогум љубен мој!
Збогум љубена моја!
Зборови кажани од усни
само со пркос без мисла
и без гледање в очи,
оти ако се сретнеа
знаевме колку ќе боли
и не ќе се разделевме,
не ќе се простевме.
Срцата не си ги прашавме.
Оти мораше така
и оти требаше така.
Мораше...
**************
Розита

 

Kind regards: 12 октомври 2019 година

Sotir Grozdanovski broj 243

 

ВИДЕОТЕКА