Сотир

Сотир Гроздановски-Македонски

СЕ' ЗАВИСИ ОД НАС

************

Драги мои,  помалку амбициозен наслов за денешниов текст не можев да смислам! Времево немилосрдно не' стиска в'ќош, а маневарскиот простор ни се' смалува. На излезот од ситуацијата, во која самите се втурнавме, не  му се гледа, се' уште, почетокот, а крајот се оддалечува. Станува недостижен, а нетрпението и стравот не јадат одвнатре. Меѓутоа, сите можности не ни се изцрпени: "веруј у се и у свое кљусе!" Вели старата (српска) поговорка. Друго чаре нема! Од амбисот  пред нас сме  чекор  или два и секој миг може да не проголта, за секогаш.  Патот ни е изоден. Сакаме ли таков крај за себе и за македонската предолга цивилизација и култура?  Јас,  таков срамотен крај неможам ни да замислам, а камо ли да прифатам. А Вие? Од кого чекате милост? Од џелатот кој вам, кој нам,   ортомата околу вратот ни ја стиска? 

Јавните интернетски мрежи вријат од информации за' и против ова што ни се случува во Македонија. Лудилото на Заевистите се' уште не стивнува, како да сакаат да ни кажат нешто, што  ние и така го знаеме. Па слуги сте на  странски хоштаплери и манипуланти. Ама, дали знаете дека кога ќе дојде времето, а доаѓа, ќе нема за сите место во хеликоптерите на газдите кои ќе мораат да се селат од македонската земја и да бараат друга жртва за плачкосување? Ако тоа го знаете, и ако немате каде да бегате, братски ве молам: напуштете го  бродот кој веќе тоне, да не потонете и вие со него. Белким и Господ ќе ви помогне да се ослободите од гревовите кои ги носите во вашите души и одново постанете дел од народот на кои му припаѓате.

Нека биде тоа што треба да биде: МАКЕДОНИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ!

Се чека и коските на Гоце Делчев и на многу други македонски национални херои да завршат негде во Софија како бугарски. Може ли да има нешто повеќе понижувачко од тоа? Коските на тие што ги вградија своите животи во темелите на Македонија да им ги подарите на вековните тирани да плукаат по нив? Да им ги подарите за и ние да бидеме тоа што тие се: празни и од секогаш алчни по тоа што никогаш немале? Да им ги продадеме за влез во НАТО и Европската Унија и да бидеме заедно со злосторниците на македонскиот род?

Прашањето е: кои ви дава  право  да ги откопувате македонските гробници и коските на починатите да ги носите и продавате во Бугарија?  Зарем кривичниот законик во  заевата  и пендаровската Северна Македонија повеќе не важи и за злосторници и тешки криминалци од СДСМ? Тоа ли е  државата еднаква за сите,  за која се бореше шарената банда од пред некоја година? Ашколсум, ефенди!

Се плашам, како што тргнале, да не ги ископаат и гробовите на моите предци во моето Буково и да им ги продадат и нивните коски. Меѓу нив има многу очевидци од Втората светска војна, кога бугарските војници низ селото по улицата пред мојата семејна и родна куќа ги влечкаа нашите борци-партизани како дрвени балвани, за селаните да видат како "браќата" ги ослободувале од "шумкарите"! И сега бесрамно зборуваат за некое добрососедство и менување на учебниците по историја и целиот македонски образовен систем, за да нема ни трага од нивните злосторства! Па зарем "шумкарите" не беа нивни браќа и сестри кои требаа да ги ослободат? - од кого? 

Како ми изгледа, од македонските гробишта ќе направат игралишта за голф или стадиони за бејзбол (Baseball). Веројатно и тоа се фамозните демократски принципи и цивилизациски вредности, кои само Зоран Заев и Никола Димитров ги познаваат! Ашколсум, уште еднаш!

Sверствата продолжуваат! Се' што личи на македонско, се уништува. Ќе почнат да ги уништуваат ли и куќите на Македонците? Ќе ги поноват ли Грчките злосторства од Егејска Македонија? Или тоа ќе остане за дезерт, откако ќе изедат се' што може да се изеде?

Деновиве започна и полициската рација  над шахтите од градските канализации. Се бара дури и таму дали Сонцето од Кутлеш  е скриено. Се што личи на него на капаците, веќе е истружено или на некој друг начин се отстранува од очите на минувачите. До каде ќе стигнат овие монструми, ќе видиме! Белким некој македонски маж ќе им стане на патот по кои веќе тргнале до нивната сопствена пропаст!

А што е со Мицкоски? Зарем се' уште не се заморил од констатирање што Зоран Заев направил до сега во Македонија? Зарем и сам не гледа дека направил пустош? Па цела Македонија и иселеништвото го завитка во црно, а тој зборува за некои предвремени избори за да му покажел што тој ќе направел кога ќе дојде во празна куќа! 

Господине Мицкоски и вие сите околу него престанете да "градите" фабрики и патишта на туѓа земја. Ако сте со народот, досега требаше да го поведете како што Заев го поведе во отворена војна против вас. Ја урниса цела земја, а вие држите прес конференции за смирување на Македонците, а барате да ве донесат одново на власт за да ја довршите недовршената работа на тие што ве плаќаат. Нели ви е срам од светот кој го следи вашиот кукавичлук? Рековте ли нешто против одрекнувањето од Македонците надвор од Македонија? Рековте ли нешто против уништувањето на спомениците? Рековте ли нешто против новите злостпрства во Грција и Бугарија? Рековте ли нешто против затворањето на најхрабрите Македонци кои лежат по затворите затоа што пробаа да ја вратат слободата во Република Македонија? Им се придруживте ли на нашите браќа и сестри  кои секојдневно протестираа и се' уште протестираат против се' што се случува во нашата татковина? Ништо од тоа господине Мицкоски. Минувате покрај нив, ама немате смелост да им се придружите или барем да ги поздравите. Зошто? Затоа што сте и вие еден од Заевистите.

Па со  пепелта во џебовите, со кои им ги замаглувате очите на оние кои ве хранат, не се бара нивна доверба! Доверба за да го замените Заев и да го продолжите патот кон вистинскиот амбис на Македонизмот и Македонците?  Да слези Мурто да би седнал Курто?Ашколсум и за вас!

И за крај, со вашата помош за да се уништи и Сонцето кое ја топли и расветлува Македонија, со столетија и милениуми, станавте еден неранимајковец, со кој  Македонците треба да се срамат!

Но нека се срамат и Македонците кои гледаат, како Зомби, дури вандалите на Заев  ја обезличуваат македонската света земја,  и ништо не преземаат!

 

За секогаш, Ваш Сотир!

Ристо Никовски

ФОРМУЛАЦИЈАТА ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВЕЌЕ Е ДОГОВОРЕНА?

****************

 

13 август 2019 година

Разликата меѓу професионалците и аматерите е едноставна: вторите не ги разбираат работите и обично прават грешки со трајни последици. Договорите со Бугарија и со Грција се таков пример. Носителите на овие два "проекта" не уверуваат дека ги решиле проблемите со двата соседа, кои, нели, беа пречка за нашите интеграции. И, за да не се губи време на патот кон Европа, крајно непотребно го форсираа потпишувањето на договорот со Грција. Демек, уше лани во јуни да се добие датум за преговори за членство. За таа цел беа дадени незамисливи отстапки за кои ќе мора да се плати цената кога ќе дојде моментот. Тоа не беше обичен туку класичен аматеризам. Всушност, веднаш да не' примат во Унијата, таква итаница и жртва не смееја во никој случај да се направат.

Една година помина и преговори нема, а ниту ќе ги има во блиска иднина. И кога ќе почнат-тоа ништо нема да значи. Тие лесно ќе траат и цели 15 години. Тоа е предолг период и за држава, не само за поединец. За толку години се' може да се промени, на добро и на лошо. Речиси е невозможно да се прогнозира што ќе биде актуелно и атрактивно по толку време. Унијата ќе преживее ама сигурно ќе  биде многу поинаква од денес. Дали и тогаш ќе биде интересна за нас, не може со сигурност да се тврди. Засега, Македонија треба да ги вложува сите сили за да стане членка. Тоа е наш поширок интерес ама мора да се следат реалните состојби, кои се менуваат. Цената што сега ја плативме е превисока и понижувачка и воопшто не е соодветна на тоа што (ќе) го добиваме.

Времето  веќе покажа дека со двата капитулантски договори не се решија вековните проблеми со овие две земји; дека Македонија не направи историски исчекори; дека не ни се отвораат европските перспективи, додека атлантските беа нагласен интерес на САД и затоа напредуваат; дека двата соседа воопшто не станаа наши пријатели и подржувачи... Веќе може да се констатира дека немаше ни грам вистина во најавите на креаторите на ови наши погубни надворешнополитички потези.

И додека ние мируваме и не брануваме за да не ги вознемириме нашите нови "пријатели", тие преку ултиматуми, уцени или пораки не' навредуваат и омаловажуваат. Се однесуваат исто како и последните 100 до 150 години ама многу поагресивно. За нив ништо суштинско не е променето, освен нашата согласност дека ние сме виновни за нивните историски синдроми дека не постоиме како народ, јазик, историја... Со договорите добија шанса да не' докусурат и би било несфатливо да не ја искористат.

Да почнеме со Бугарија. Во јануари 2017 година, пред да му заврши мандатот, претседателот Росен Плевнелиев јасно прецизира: "Македонија треба да влезе во ЕУ, ама не и македонизмот, кој е една идеологија што не е само антибугарска туку и антидемократска!" Значи, без Македонци. Неговиот наследник, Румен Радев, во јули 2019, побара Софија "да постави црвени линии за Скопје". Да даде подршка за ЕУ "но не безусловна и нез безрезервна". Од МНР Захариева во јуни 2019 година ни порача дека "датум за преговори не значи и членство за Македонија во ЕУ". Во Скопје, на 1 август 2019 година премиерот Бојко Борисов постави ултиматум и уцена - до октомври МОРА да се најде решение и да се согласиме дека "Гоце Делчев е Бугарин што се борел за Македонија". Тој "никако не сака да ја блокира Македонија во октомври на патот кон ЕУ" ама "има свој лимит и нема да допушти да го обвинат дека ја предал бугарската историја". Зошто нашите ја предаваат сопствената не е негов проблем.

Интересно е што дека речиси истата формулација ("Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава") ја употреби и претседателот Пендаровски уште на крајот од јуни што значи дека е таа веќе договорена работа меѓу двете страни. Нашиот дел од комисијата ќе нема избор освен да ја прифати. Ако не потклекнат, ќе заслужат најголемо признание. Тоа беше историско истрчување и непростива грешка на Пендаровски. Прифати дека Македонци не постојат пред 1945 година. А морал да нагласи дека Делчев немал никаква објективна можност, ниту опција да се декларира како Македонец. За разлика од нас, Софија знае што сака и како да го постигне тоа. Аматери и... Зошто Бугарија толку инсистира дека Делчев е Бугарин? Факт е, дека тој  ништо нема направено за Гугарија, а еве и Софија признава дека се борел за Македонија. Зошто тогаш го слават? Така е бидејќи тој е симболот на бугарското присвојување на Македонците. Целта е да се докаже дека Гоце Делчев, како Бугарин, можел  да се бори само за бугарска Македонија.  Тоа ја демаскира ама и детерминира нивната бескомпромисност околу  неговата националност. Мора да не биде јасно дека тие никогаш, по никоја цена, нема да прифатат  дека не бил Бугарин. Во спротивно, тој би можел да биде само Македонец, а такви за нив ниту имало, ниту има! А така е бидејќи ова е само почеток. Слични ултиматуми и уцени од Софија ќе следуваат и за Даме Груев, браќата Миладиновци... и за цела плејада други македонски дејци, кои некогаш живееле во Бугарија.

Изјавите на Каракачанов, на бугарските европратеници (Ковачев...), на новинарот Огњанов (кој во интервју со  заменик-министер во МНР на телевизија отворено кажува дека претпочита "Македонија да ја нарекува "Југозападна Бугарија", и никому ништо)... нема потреба да се  коментираат. Во Софија, крајно националистички се следи и се коментира и работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања додека кај нас главно имаме молк. Во секој случај е добро што нашите го одбија забрзувањето на преговорите. Односите со Бугарија никогаш не биле полоши. Тие и понатаму ќе се влошуваат се' додека ние изигруваме поразен агресор, кој нема право на збор и одбрана. Одамна се знаеше дека Софија ќе ни биде главна пречка на патот кон Брисел. Нашите односи со Бугарија се покомплексни од тие со Грција. Грешки повеќе не смееме да правиме бидејќи тие се од историски карактер. Катастрофалните последици од капитулантскиот договор мора да се минимизираат по секоја цена. Првиот испит е Гоце Делчев. Добро е што Софија бргу ги откри картите да не се лажеме дека проблемите се решени.

Слично се развива и ситуацијата со Грција. Таму се промени и власта и новите модалитети се неизбежни. Клучно е да се знае дека премиерот Мицотакис и неговите се пресреќни што договорот е потпишан и тој товар им е симнат. Свесни се исто така дека тој е максимален за Грција и дека ништо повеќе не можеле ни да сонуваат. Имплицитно, тоа го потврди новиот министер за одбрана, Панајотопулос, кој рече дека "договорот не е нешто што може да се измени или поништи". Нормално е, меѓутоа, што партијата капитализира на договорот кај гласачите, користејќи ги масовните историски синдроми во земјата околу Македонија и Македонците. Новата власт е во речиси идеална позиција-го критикува договорот, а му се радува, а ќе има безброј шанси и да поентира, демек, за да го подобри. Ќе бидат најголеми патриоти. Во парламентот, при гласањето за доверба на новата влада, Мицотакис потврди дека "приоритет е да се ублажат негативните последици од спроведувањето на договорт од Преспа",  што значи дека тоа е трајна политика. Нагласи дека "главна точка ќе биде развојната програма за Северна Грција, заштита на македонските производи и голема меѓународна кампања за нашата Македонија". Повторил дека "од однесувањето и добрата соработка на нашите соседи ќе се оцени нивниот тек кон ЕУ". Повеќе е од јасно дека на патот кон Брисел ќе не' кочат на секој чекор. И според "Катимерини", за нас и Албанија, "Атина е клучот за проширување на ЕУ!, за што ќе очекуваат "одредени отстапки за возврат". За нас, тие главно ќе бидат од суштинска важност.

За работата на комисијата за историски и образовни теми информации добиваме исто така главно од Атина. Претседателот на грчкиот дел изјавил: "По дводневна битка, во Скопје беше прифатено дека Словените немаат никаква врска со Античките Македонци и дека древната македонска историја и култура биле дел од античката грчка цивилизација..." Двапати да прочиташ и да не веруваш. Кој и' дал мандат на комисијата да донесува вакви заклучоци и врз каква документација? За толку значајни прашања едногласност не е можна и на меѓународен симпозиум на врвни историчари. Нашите си молчат. Ништо ново ниту необично.

Можеме да бидеме сигурни дека Атина и Софија едвај чекаат да ги започнеме преговорите за ЕУ за да можат да ни поставуаат дополнителни услови преку ултиматуми и уцени. Ние постојано ќе бидеме во небрано, а тие на дневна основа ќе книжат поени. Тајно или премолчено, беспрекорно ќе координираат меѓу себе бидејќи целосно им се поклопуваат интересите да не' збришат како македонски народ.

*/*

 

Блаже Миневски

ИСТОРИЧАРОТ ЃОРГИЕВ ИМА САМО ЕДНА АВТОРСКА КНИГА!?

18 април 2019 година

 

Во базата за електронско пребарување на НУБ "Св. Климент Охридски" COBISS.MK се појавува само една авторска книга на историчарот, проф. д-р Драги Ѓоргиев, дописен член на МАНУ, директор на Институтот за национална историја и копретседател на мешовитата македонско-бугарска комисија за промена на македонската историја!? Станува збор за негова книга "Скопје од турското освојување до крајот на XVII век". Во истата база, освен оваа книга, се појавуваат уште 56 други "авторски" прилози објавени во периодот од 1989 до 2018 година, но повеќето од нив се преводи, коавторски зборници, коментари на документи и слично. Доколку, пак, се пребарува преку алатката "клучни зборови", а "клучен збор" е неговото име и презиме, ќе се појават 64 резултати, односно зборници, книги и статии. Разликата од седум единици е во тоа што овде влегуваат и неколку редакциски ангажмани на збирки со документи, предговори и поговори. Тоа е се' што има во електронската база за пребарување COBISS.MK од овој историчар, академик и специјалист за османлискиот период, кој го предводи  македонскиот дел од комисијата што треба да ја приспособи нашата историја со барањата на Бугарија утврдени во договорот за таканаречени добрососедски односи.

****************

КОЈ Е Д-Р ДРАГИ ЃОРГИЕВ?

Кој е Драги Ѓоргиев, единствениот академик-историчар во Академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија (против промена на името на МАНУ на неодамнешната затворена седница гласале само четворица академици?) и директор на Институтот за национална историја, човекот што по последниот состанок на мешовитата комисија во Софија изјави дека Гоце Делчев е "важна личност" која во иднина "заедно ќе ја чествуваме". Во изјавата тој наведе дека македонската страна ќе подготви текст што ќе го предложи на средбата во јуни, а потоа, како што рече, ќе "претставиме една сериозна препорака до владите".

Според Ѓоргиев, нема никаков проблем Гоце Делчев, симболот на македонската нација и борба за слобода, да го делиме со Бугарите а тоа во тој контекст значи бугарската историја ќе ни го позајми како "Бугарин кој се борел за ослободување на македонските Бугари од турска власт". Но кој е навистина Драги Ѓоргиев? Во електронската слободна енциклопедија пишува дека е роден во Струмица (фатална Струмица?!) пред педесет и пет години, дека во 1986 година дипломирал на Катедрата по историја на Универзитетот во Скопје, дека во 1988 година се вработил во Институтот за национална историја како помлад асистент, а истата година се запишал на Катедрата за ориентални јазици на Филозофскиот факултет во Сараево, каде што дипломирал во 1991 година. По враќањето во Скопје магистрирал на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет во Скопје, кога бил и избран за асистент во одделението за османлиско-турски период во Институтот за национална историја. Во 2004 година, на Универзитетот во Скопје ја одбранил докторската дисертација "Населението во македонско-албански пограничен појас во XV и XVI  век". Истата година бил избран за научен соработник, во 2007 година за виш научен соработник, а во 2010 година за научен советник во одделението за османлиско-турски период во Институтот за национална историја. Во оваа енциклопедија пишува дека во 2012 година станал директор на Институтот за национална историја, а во 2015 година дописен член на бившата МАНУ.

ШТО РЕКОЛ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Во библиографијата што може да се најде на електронската страница на МАНУ, во делот за монографски изданија е објавен список во кој има наброено десетици трудови, но под графаа автор се појавува само една книга на проф. д-р Драги Ѓоргиев. Не треба да се биде голем аналитичар за да се види зошто преку графата "автор" во електронската мрежа COBISS.MK не може да се дојде до податок за повеќе од една индивидуална авторска книга на академик Ѓоргиев. Имено, пребарувачот регистрира секаков податок со неговото име, но во "авторско" дело не влегува избор и превод на документи, коментар во зборник, предговор или поговор, редакција, членување во редакциски одбор, коавторски зборник на документи и слично. И на крајот да завршиме со два цитата на Гоце Делчев:

 "Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот. И дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија?"

"Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови-изроди како македонскиот!"

 */*

ОД МАКЕДОНСКАТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

ПОЕЗИЈА

***********

 

 

Марија Воденска-Маре

 

 

 

УБАВИНАТА НА ГРЧОТ, ПО ДОЛГО ИЗЛИТЕНО ВРЕМЕ

Последната песна на Славејот е неповторлива по убавина

*/*

 

Вистината за неповторливата убавина на грчот пред конечноста, ја преплаши спитомената река во неа. Не беше свесна што довлечка тука, сред ова бујно зеленило, меѓу планинските  сртови, кај што осамата ги надвишува стремежите и недофатливоста што восхитува. Среде горостасните вршки се ниша и спровира срмено снопје од портокалова топла светлина. Продира и се впива во стивнатоста на заодот што ветува квечерина од бликнатите пазуви на планината.

Тајум, чрчорењето на птиците замира, само песната на Славејот не стивнува. Со поглед го побара изворот откаде струи недофатната примамливост. Чудесни звуци го исполнија просторот. Колебливоста ја напушти во мигот кога песната на Славејот ги надвиши сите бои на стишеноста и ширум ја отвори портата на неспокојот. На срцето му ја откри светлината со чудесна моќ на гласот. Надвиши и му се придружи на последниот грч со бесконечна убавина.

Во градите насети треперење што преплавува и од возбуда задушува. Треперење што бликнува проследено со песната на Славејот, во која е слеана целата убавина на природата и во неа возвишеноста како нем сведок на случувањата.

Целата внесена во неговата молчаливост, ја исполни чувство од кое преплашена се сепна во мислите. Се стаписа за момент пред најавена  квечерина. Во мигот блика блажено чувство со несетена убавина од песната надвишена со последниот одблесок од Суница врз пламнатите  вршки на горостасната шума.

Неосетно поривот навре низ неа. Беше избегана од секаде, од секого со надеж за бегство и од себе. Под чекорите за назад стинеше земјата. И' стежна одот околу стожерот кајшто житото одамна гламјоса. Глувари се беа накотиле во снагата.

Копнежот од далечина ја приближи и ја исполни со очај. Осамена талка и со години копнее по блискост со нејасна слика. За лет од себе ја сети немоќта. Не е подготвена да се товари со кршење што ја парчосува на безброј стакленца забодени во живите рани на Есента. Снагата се топи, љубовта од неа делка. Деланките фрлени во огнот тивко потпукнуваат и пламнуваат. Болката во коските со сврдел шилчи до мигот за допир од човек со нејасна слика во сонот. Во таков метеж на чувства здогледа мртва  птица на одар. Мисла ја пронижи: Што да такса да ја оживи..?

Воздишките во празнина зашумено исчезнуваат, упатени со вгнездена мисла до неодгатната сенка во допир со нежните дланки. Го остава последниот мирис на копнежот да скита во сонот згаснат од пожарот на Сонцето. Настапи време со нескротена желба за период што се мери со денови. Остатокот да се приграби и да се зароби за себе. Виорните мигови преостанати за виделина да се преточат во допири со живата природа, дар за ограничениот биолошки живот кај човекот. Времето е лет на птица што не кружи, ами јурнува и го пара синилото без пристан со белег без враќање.

Должината на сите празни години, напластени во ова лелеаво предвечерје, ги стокми во снопче од везови со црно шаренило, во кое е сместена празнината од раздиплите.

Страста како лава се излива од песната со звуци допрени и нестишени во крвта. Со полна месечева радост, изворот бликнат навира во очите. Снагата трепери во брезово лисје, низ кое шумоли шепот во тивка летна ноќ. Со звуците од песната надоаѓа допирлива сенка што руши далечина и разбранува спомени.

Дамарот клука во медузата. Лист по лист се отвара, се разлистува. Со прозрачна розовина расцветува во убавина. Грчевито се бори сласта да ја задржи, осетот да потрае во безвремена рамка. Мигот да се стопи кога дишењето прескокнува возвишени чувства. Совршенство на ритамот во разлистокот на медузата во душата која потонува во безвремие. А потоа во очите росен цвет со разбифтан ритам на срцето.

Во часови на исчекување, во свежата мекост на тишината, тивка тага се разлева низ снагата распламтена за претопување. Тоне наквасениот порив во есенски пожолтени утра. Преплашена од спокојството нарушено од поројни дождови, кои стрмоглават со луњи во  кошмарните сонови, се буди искапена во својата неодгатливост: Зошто е тука, а не на друг крај?

Ред години со рушење на сонот ја мачат мислите. Зар последниот грч не е отпор за заминување без трага? Далечината согорува  пред блиската осама. Се губи смислата на говор.

Есента се повлекува под стапалките. Пред чекорот стражари богот Ад. Зад стапките остануваат траги со мирис на последниот грч на медузата. Во исчекување на провев и sвездено небо, замира прекрасната симфонија на Славејот со боја на горчлива таговина. Совршенство што остава присутен белег во отсјајот на очите. Во тој грч пред конечноста, кога медузата се вовлекува во сопственото гнездо, убавината е не споредлива со ниедна друга појава-совршенство во свеста до замин од себе си, создадено од мајката Божица-Земјата која дарува и зема без повраток.

Во пролетен фустан со медуза на челото се појави заспаната птица и го исполни просторот. Подготвена за претполетување, стивна жуборот, се распосла спокојот над полната Месечина со надеж за мирен сон. Навлезена длабоко во зашумената гора, во темницата меѓу вршките ги побара sвездите да излезе од честакот зашеметена од сонот.

Марија Воденска/

Бостон, 10 август 2019 година.

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

***********

 

 

 

Кочо Рацин

ДЕНОВИ

  • Како на вратот гердани
    ниски камења студени
    така на плешки денови
    легнале те натежнале.

    Денови ли се - денови
    аргатски маки големи!

    Стани си утре порано
    дојди си вечер подоцна,
    наутро радост понеси
    навечер тага донеси -

    ај, пусти да е, пусти да би
    останал живот кучешки!

  • Роди се човек - роб биди
    роди се човек - скот умри,
    скотски цел живот работи
    за други туѓи имоти.

    За туѓи бели дворови
    копај си црни гробови!

    За себе само 'ргај си
    за себе маки тргај си -
    нижи си гердан денови
    нижи си алки ковани,

    нижи си синџир железен
    околу вратот навезен!
    ************
    Автор, Кочо Рацин.

ВИДЕОТЕКА

************

Kind regards: 20 август 2019 година

Sotir Grozdanovski Broj 232