Сотир

Сотир Гроздановски-Македонски

ОСВЕСТУВАЊЕ ИЛИ ПОДГОТОВКА ЗА НОВА ИГРА

**********

 

Од 17 јуни 2018 година, денот на договорот со Грција за разнебитување на Република Македонија до денес, помина цела година. За тоа време, македонската држава претрпе  и се' уште трпи удари од сите страни,  не видени  од времињата на нејзиното првораѓање.  Еден по еден од тајните ормари на властодршците испаѓаат делови од костурот на Република Македонија. Делови, со кои доза по доза се остварува  нашето вистинско пропаѓање. Институција по институција!

Еуфоријата на Зоран Заев и Никола Димитров се зголемува, а прилагодувањето на некои делови од македонското раздробено општество расте. Политиките на странските фактори, упатени кон мултиетничките држави им раѓа плодови и во Република Македонија. Удрија по етничкиот соживот за наше враќање  во темнината и немоќта за самостоен живот.

Удрија таму, каде најповеќе боли на начин со кој ја растурија и заедничката држава СФРЈ, но и многу држави пред неа, и направија хаос на Балканот. Иницираа и извршија  самоистребување на Македонците по пат на домашни платеници и предавници на националните интереси. Но и разводнување на општествената кохезија на Македонија.

Агонијата на македонското општество  беше испланирана од поодамна, но ние, Македонците, не бевме сериозно загрижени, верувајќи дека имаме кој да не чува од секое зло. Верувавме во своите безбедносни сили, Армијата и Полицијата, како стожери на нашата сигурност. Но, и тоа беше предвидено од надворешните планери и домашните предавници и квислинзи, па затоа прво удрија на нив. И кога беше се' готово, останавме голи пред  светот, ранливи и немоќни за самоодбрана. Ни се распадна државата, нашата гордост и безбедност. Нашите врвни воени водачи, први ги фрлија своите униформи и белезите на македонската припадност и облекоа "меѓународни" со орли. А ние, и понатаму мирни, како јагниња блееме и незнаеме кој пат да го фатиме. Солиден лидер од никаде  ама кукавичлук и предавства од секаде. Во оваа ситуација со помош на странски сили најдобро се снајдоа Албанците и ја презедоа власта и во новата вештачка творба наречена Република Северна Македонија. 

Светот се ослободи од мракот и немаштијата во првобитната заедница  ама навиките и потребите ни останаа исти. Средствата за произведување  потребни добра за живот и "одбрана" едни од други се "подобрија". Па ево не до каде стигнавме, до времињата на Дарвиновите учења, дека посилниот преживува, но не за долго, зошто секогаш доаѓа некој посилен и по алчен од предходниот.

Тоа што ни се случи и што го преживуваме е само преслика од минатото, кога трчавме напред, во иднината, за да го оставиме минатото непријателот да го собере,  заедно со нас.

Денес му се радуваме на непријателот што ни дозволил самите да се сотреме, како би биле први во светот, од најбудалите, кои се самоубиле и одново почнале јово на ново безимени да градиме "општество еднакво за сите". Општество во кое  ќе битисуваме како и пред многу векови зад нас. И сето тоа за влез во НАТО и Европската Унија, од кои светот аир не видел.

Сега, кога во наше име недоветните се одрекоа од славното, но и  помалку славното минато, за да зачекориме во непознатата иднина како северномакедонци,  се тепаме за трошките  на Европа, гробарот на Македонија и на Македонците. Патот не води кон НАТО и Европската Унија, идната темница за послабите  кои се' уште имаат по нешто за крадење.

Нашите "великани", на пример Никола Димитров, потписникот на срамниот и понижувачки договор со Грците  се кити со мудрите изреки на светските водачи кои секогаш се бореле за своите сопствени интереси, ама не ги разбира пораките. Тој се гордее со распродавањето на сопствената држава и разнебитувањата на Македонците, создавајќи од нас "еднакви" граѓани со националните малцинства во земјата.  Со уништување и распродавање на се' што  нашите предци ни оставија во наследство само малоумните се радуваат или платениците за туѓи интереси. А тое се, во прв ред, Зоран Заев, Никола Димитров, Љубомир Фрчковски, Радмила Шеќеринска... но и Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ не заостанува зад нив.  Не заостанува зад нив, зошто е еден од нив, неидентификуван соработник на Заевата предавничка гарнитура и послушник на своите задгранични наредбодавци.

Првата фаза и најважната за СДСМ, Зоран Заев, Али Ахмети  и ВМРО-ДПМНЕ заврши и сега се води  битка за превласт и додворување на заедничките надворешни газди. Битката за смирување на топката и задавање последен и одлучен гол во мрежата на Македонците. Во мрежата на македонскиот народ, кои и понатака мртов ладен и без емоции го следи натпреварот  помеѓу претседателот на државата Стефо Пендаровски, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Ако не за првото место, које е веќе зафатено, барем за второто или било кое друго само да се биде на власт.

Слаткоречивоста на Зоран Заев од едната страна на владеачката клика и најновите лаги и превари на Христијан Мицкоски се насочени кон иста цел: зацврстување на новата творба Република Северна Македонија и покрај незадоволството на Македонците дома и ширум светот.

Ако веќе одамна Зоран Заев ни ги покажа своите планови дека кога ќе дојде на власт ЖИВИ ЛУЃЕ ЌЕ ЈАДЕ, лагите на Христијан Мицкоски, студент во странските образовни институции за воспитување на предавници и агенти, се болни за македонскиот народ. Болни, зошто се работи за лидер на  македонската внатрешна револуционерна организација ВМРО, во која сите чесни Македонци секогаш веруваа и се' уште некои помалку информирани и префрлени во атарот на бугарските пропаганди, веруваат. 

Неговите желби по секоја цена да го фати кормилото на македонската држава се се' понеуверливи, зошто се бави со тривијални прашања со кои се замајуваат Македонците и се зацврстуваат темелите на Република Северна Македонија. Ставовите на денешните властодршци се дополнуваат со лагите на идните властодршци и евентуалниот властодржец, Христијан Мицкоски. Се разбира, до колку до закажаните парламентарни избори во Македонија не се појави организирана македонска сила, како трета опција, на чија страна ќе стане чесниот дел на Македонците кои си ја сакаат својата татковина и посакуваат да нестане Северна Македонија за секогаш надвор од овие балкански простори. Таму и откаде беше увезена во земјата на Филип и Александар Македонски и Гоце Делчев, срцето и душата на Македонизмот.

За крај и ова:

ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство имаат само една можност да ја повратат довербата кај Македонците. Да ја одстранат придавката ДПМНЕ,   од светото име на ВМРО 1893, зошто како дело на предавникот и бугарскиот шпијун Љупчо Георгиевски, ги поништува темелните вредности на Гоцевата се' македонска ослободителна Организација. 

ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ  ПАК, АКО САКА ДА БИДЕ ЛИДЕР НА МАКЕДОНЦИТЕ, ТРЕБА ДА ЈА ОСУДИ ТВОРБАТА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И  ЈА ОТПОЧНЕ БИТКАТА ЗА ВРАЌАЊЕ НА ИМЕТО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ИЛИ ПОКУСО, МАКЕДОНИЈА!

 

За секогаш, Ваш Сотир

д-р Петар Поповски

Д-р Петар Поповски

ЦЕЛАТА БУГАРСКА ИСТОРИЈА Е ГРАДЕНА ВРЗ ФАЛСИФИКАТИ И КРАЖБИ ОД БОГАТАТА МАКЕДОНСКА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА

********************

Во времето на Македонскиот цар Самоил не постоела држава под името "Бугарија". Таа, тогаш мала државичка, го носела името "Паристрија" и тоа име е се' до 1878 година. Таа земја под името "Бугарија" започнала да се именува дури по Берлинскиот Конгрес одржан од 13 јуни до 13 јули 1878 година и тоа историски факт. До тој период, во ниту еден извор го нема името Бугарија. Едноставно, не постои! Се среќава само во фалсификувани пишани извори создадени по 1878 година, т.е. на крајот на 19-от и почетокот на 20-от век.

Целата бугарска историја е градена врз фалсификати, со кражби од богатата македонска национална историја. Од нејзиниот таканаречен хански период, во време на владеењето на татарските и монголските ханови, нема ниту еден забележлив настан со кој таа земја може да се пофали. Сите настани и личности се македонски, украдени и присвоени од бугарската псевдо.наука и историографија. Нивните историчари тоа совршено добро го знаат и продолжуваат упорно да ја крадат македонската изворна историја, култура, традиции и цивилизација.

И едно појаснување: државата на Цар Самоил го носела името Склавинија, а не Македонија, иако Цар Самоил владеел во нејзиниот централен дел, бидејќи во тоа време веќе постоела држава под името Македонија, т.е. Македонското средновековно царство со престолнина во Константинопол. Современик на Цар Самоил му бил Македонскиот император Василиј Втори Македонски кој ги ослепел Самоиловите наемни војски составени од Татари, за што имало и многу горка причина.

Бугарите, сакале или не сакале, еден ден ќе се соочат со вистината за сите грабежи.

*****************

22 јуни 2019 година

Пишува д-р Петар Поповски, познат македонски историчар, научник, истражувач и публицист.

 

Блаже Миневски

 Блаже Миневски

КАКО ВМРО ГИ НОСЕЛО СМРТНИТЕ ПРЕСУДИ ЗА ПРЕДАВНИЦИТЕ

 Кој ќе се фати или ќе се дознае дека е шпион ќе се казни со смрт, пишува во Уставот на Кресенското или како што  го нарекувале востаниците Македонското востание од 1878 година.

******************

 

Според д-р Милка Ристова, судија на Врховниот суд на Македонија, овој став на Уставот уште појасно е изразен во членот 14 кој пропишува: "Секој предавник или шпион, каков и да е, и од каде и да е, ќе се гони и откако ќе се фати, по извршената истрага со мачење, ќе се убива". Во својата книга "Кривичното правосудство во Македонија 1878-1912 година, авторката д-р Милка Ристова ги истражува почетоците на поновата државно-правна историја на македонскиот народ кога една од најчесто пропишуваните казни во кивично-правните одредби од документите на македонските револуционерни организации е смртната казна. Смртната казна за шпиони се извршуваше така што шпионот се убивал, но со смртна казна се санкционирало и секое 'преговарање со непријателот и неовластено донесување на одлука за предавање на востаниците; а казната врз сторителот се извршувала јавно пред селото'.

И во уставите и правилниците на Македонската револуционерна организација од 1893/94 година како најтешки казнени поведенија се сметале дејствијата на шпионажа и предавство за кои е пропишана смртна казна. Во мемоарите на Никола Петров Русински во врска со смртната казна пишува: "Ние немаме участоци и затвори; секоја пресуда е убиство на предавниците".

СМИЛЕВСКИОТ КОНГРЕС УТВРДИЛ СМРТНА КАЗНА ЗА СЕКОЈ ПРЕДАВНИК!

Во студијата на академик Александар Христов, објавена во Скопје во 1951 година во тираж од 3000 примероци, пишува дека Македонската револуционерна организација заедно со формирањето на првите чети започнала и со  организирање на своите револуционерн правосудни органи:

"Револуционерното судство на ВМРО најпрво е доверено на војводата. Тој суди за сите кривични дела, решава одделни спорови и донесува пресуди. При вршењето на правосудните функци, војводата не постапува по некои утврдени процесно правни начела но сепак е должен да води доказна постапка, односно да собира и да ги проверува доказите и да врши извидување. Откако ќе ги собере, а народот учествува и во собирање на фактите и во самиот судски процес, донесените пресуди од страна на војводата народот ги прима како правични па затоа се' почесто се обраќа кон него за решавање на споровите. Притоа, вршејќи правосудни функции, војводата постепено внесува и извесен ред во постапката, односно процедура, а ЦК на ВМРО донесува и одредба во која е утврдено двостепено разгледување на делата. Кога ќе се исцрпат сите можности за утврдување и докажување на делото, смртната казна, ако биде донесена, се извршува од страна на четата или за таа цел определени комити. За да се добие поголема гаранција за праведноста за донесените и извршените смртни пресуди,од страна на ЦК на ВМРО е донесено решение-наредба со кое  се предвидува смртната казна да може да се извршува само откако донесената пресуда ќе биде потврдена-одобрена од Окружниот револуционерен комитет, односно во определени случаи, од самиот Централен комитет на ВМРО. По правило секоја смртна казна му се соопштувала на народот на јавни собири. Доколку тоа не можело да се направи, тогаш при донесувањето на пресудата се повикувале поголем број селани од блиските села на местото каде што се води судскиот процес, и во нивно присуство се донесувала пресудата. Оваа процесна форма е практикувана особено при донесувањето на пресуди за извесни народни непријатели, шпиони и злосторници", пишува академикот Христов во студијата за судовите на ВМРО, додавајќи дека судските органи на ВМРО разгледувале бројни кривични дела а меѓу нив, со особено внимание, кривичните дела шпионажа, предавство и слично.

"Голем број пресуди судските органи на Организацијата донесувале и по пријави поднесени од страна на поединци. Кон крајот на 1900 година, ВМРО успева да создаде широка мрежа револуционерни комитети во Македонија, а во секој комитет, или како што тие уште се викаат 'управителни тела', веднаш се формираат и таканаречени 'Судски групи', односно 'Судски комисии' или 'Судски оддели', кои имаат определени судски функции.

Во состав на судските групи, односно судските комисии, учествуваат одредек број на револуционерни комитети, а членовите се избираат заедно со членовите на комитетите.

Револуционерните судови судат во состав од три до пет члена. Мемоарските и други документи од тоа време потврдуваат дека разгледувањето на судските предмети и спорови е една од важните функции на Организацијата. Војводата, покрај своите организационо-агитациски работи, кои мора да ги врши на теренот, задолжен е и за определени судски функции.

Во првите неколку години на дваесеттиот век се изградува цел систем на казни, а најтешката казна е смртната казна. Вакви казни судовите изречуваат во сите тешки случаи на издавање тајни на Организацијата, предавање чети на турската власт, за блудство со Турчин или Турчинка, а во некои случаи и за извршена кражба. По својата тежина, односно како втора казна по ссмртната е казната со тепање и глоба. Парична казна се одредувала за помали дела. И во востаничкиот таканаречен дисциплински устав, донесен на Смилевскиот конгрес во 1903 година, биле утврдени неколку степени на кривични дела и казни: смртна казна, разобличување пред четата, обезоружување, префрлање во друга чета, укор, сменување од должност и слично.

Смртната казна можела да биде извршена со стрелање или со бесење, а се изрекувала во случај на предавство на татковината извршена од востаник. Казна се применувала и над војводата кој ќе се предадел на непријателот сам или со четата", пишува академик Александар Христов во студијата за системот на правосудството во дејствување на ВМРО.

СМРТНА ПРЕСУДА ЗА ПРЕДАВСТВО, РАЗБОЈНИШТВО И РАЗВРАТ!

Подоцна, по Балканските војни, но и по Првата светска војна, кога Тодор Александров станува лидер на Организацијата, судењата и судските процеси остануваат составен дел на револуционерната борба. Во јуни 1921 годин, на пример, ЦК на ВМРО до сите околиски комитетски, селски одбори и нелегални групи на Организацијата, испраќа инструкции за дејствување на теренот.

Строгодоверливото писмо почнува со дефинирање на државата "Автономна Македонија, независна од балканските држави", а следниот пасус се однесува на средствата кои ќе се користат за да се стигне до автономија, односно преку "создавање на тајна, моќна, недофатлива револуционерна организација, неранлива за непријателите и поробувачите на Македонија, која ќе работи на сите можни начини за постигнување на Автономна Македонија".

Судските пресуди на Организацијата се движеле од укор, ќотек од 20 стапа, глоба од 5 лири или динари, драхми или левови-еднакви на пет турски златни лири, - преку ќотек од 20 до 50 стапа, глоба до 10 лири или динари, драхми, левови-еднакви на десет турски златни лири за покрупни или за повторени грешки и прекршувања на законот - до смртни пресуди за докажани престапи-предавство, убиство на невин човек, разбојништво и разврат со силување.

Македонската револуционерна организација  имала и свои судови за таканаречени дела од неорганизационен карактер, како што се спорови за наследство, за меѓи и други приватни тужби кои се разгледувале од арбитражни, помирителни комиси од по две до три лица, предложени од секоја страна во спорот. Во меѓувреме Централниот комитет на ВМРО испраќа и тајно циркуларно писмо до раководителите на окрузите на ВМРО со две "таблици за казните кои организациските судови можат да ги применуваат врз огрешените организации членови и раководни лица, но и врз претстапниците надвор од Организацијата".

Во образложенијата на казните стои објаснувањето дека "ќотек се применува само за оние кои не се разбираат од збор и кои не би можеле да се подобрат со некоја од другите видови казна", а "смртна казна се наредува секогаш од страна на суд со пресуда, потврдена од член на Централниот комитет, од раководителите на окрузите или од нивните специјални полномошници". Во овој своевиден "казнен законик" на Организацијата биле предвидени и санкција за "навредни зборови, пцовки и подигрувања". Во таа насока била изготвена и Таблица за пропишаните казни со потпис на Тодор Александров. Таблицата содржи 18 глави и секоја глава има по неколку параграфи кои ги прецизираат постапките и соодветните казни за секој степен од делата што се извршени.

Првиот член гласи: "Шпионство или издавање тајни на организацијата на противници се казнува со смрт". Смртна казна била предвидена и за разбојништво но и за шверцерство, при што се конфискувала и запленетата стока во полза на Организацијата. Смртна казна била предвидена и за оние што ќе работаат на пропаганда за расцепување на Организацијата, како и во случај доколку активен член на Организацијата заспие на стража, а притоа има жртви или голема материјална штета предизвикана од неговото неодговорно однесување. Според таблицата на ВМРО, за сите казни, освен смртната, се разбира, пресудната казна се дуплира ако се повтори делото, но за оние кои по третпат ќе направеле исто дело, казната била смрт без право на жалба. 

МАКЕДОНСКИ СУДОВИ ОД ВМРО ДО КПМ!

Првата етапа од развојот на правосудниот систем во Македонија започнува со правосудството на Македонската револуционерна организација, како дел од структурата на Организацијата и како судска институција преку која се остварувала организациската власт и законодавството на дел од територијата на Османската Империја. Првите напори за создавање на граѓански суд потекнуваат од Правилникот донесен на Рилскиот конгрес во 1905 година, а првите редовни цивилни судови во Македонија биле формирани со Одлука на Второто заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. На 20 октомври 1944 година е донесено Решение на Президиумот на АСНОМ со кое се предвидува дека до целосното уредување на правосудството во Македонија судењата ќе се вршат во рамките на народноослободителните одборр. Следната година на 31 март 1945 година, била донесена Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решението на АСНОМ а создавање Суд за судење на престапи ротив македонската национална чест. Со Повелбата се основани 25 околиски судови, 3 обласни судови со седиште во Скопје, Штип и Битола и Врховен суд со седиште во Скопје. Војводата Славејко Арсов за пресудите на револувионерниот суд:

"ГО ОДВЕДОВМЕ НА НИЏЕ ПЛАНИНА И ПРЕСУДИВМЕ!"

"Во Кономлади, Костурско, Делчев беше дал слобода на сите селани да се жалат пред него за сите неволји, дури и против четата...Делчев седеше со реонските раководители како претседател. Реонските раководители распрашуваа, тој слушаше, се советуваше со нив и даваше заклучоци, се' соопштуваше на селаните и веднаш се извршуваа помирувања итн... По шест дена се одржа општото собрание од целото село, во црквата... им се покажа еден нов ред: им се забрануваше да се судат пред турски судови, се забрануваа кражби, блуд, пијанство, се наложуваше послушност спрема селското управно тело... Се' усно, не беше напишано во уставот. Се наредуваше да се чува во тајна, што станало во селото и да не се зборува во друго село, ниту да се распрашува. Сето тоа: чета, општо собрание, суд, за мене беше ново... Од Лерин ни пишаа и ни ги посочија предавниците, а ние се помачивме и фативме дватројца од с. Борешница меѓу кои и еден учител по име Петар... Го одведовме на Ниџе Планина кај попадиските трла и таму пресудивме... И другите се покажаа како непокорни злоупотребувачи и убијци. Признаа, пресудата им се прочита пред 20-тина селани од Попадија и беа казнети на една месност-Маркови кули...Имаше и накажување со тепање, ако некој не сака да го исполни решението...", пишува војводата Славејко Арсов во своите спомени. Војводата Пандо Кљашев за судските задолженија на Организацијата:

"ЛУЃЕТО БЕЗ ЗБОР ГИ ИЗВРШУВАА ОДЛУКИТЕ НА ГОЦЕ!"

"Делчев се зафати да ги исправи работите и тоа прво во Кономлади. Таму имаше подметнувања, крадење, блуд. Селаните од ова село беа добри само во едно: беа храбри и подготвени да помогнат. Делчев детално ги испитуваше сите пороци во селото-кражбите, блудничењето... Целото село разбра дека дошол најголемиот човек, началникот на Организацијата. "Поголем од него нема". Делчев ги викна селаните кои имаа проблеми, кој сакаа да се пожалат за нешто и на некого, да дојдат кај него. Тогаш првпат се постави начелото судските работи да се решаваат во раководното тело, а на селаните им се забрани да одат во турските судници. Делчев во мое присуство и во присуство на Марко, на Чакаларов, Москов, Стефо Кузов и на Георги Пешков, тогашен битолски раководител-спроведуваше испитувања, донесуваше пресуди кои четата потоа ги реализираше. Делчев беше дојден само со еден другар, Иван Манолев, а четата на Марко броеше 13 души. Луѓето без збор ги извршуваа одлуките на Делчев. Брзо се одлучуваше-најголемото дело за едн час...", забележал во своите спомени војводата Пандо Кљашев. Според мемоарите на Никола Петров Русински:

"ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ БЕШЕ ВРХОВЕН СУДИЈА НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА!"

Во спомените, објавени педесет и пет години по неговата смрт во Скопје, војводата Никола Петров Русински, близок соработник на Гоце Делчев и учесник во Илинденското востание, меѓудругото сведочи за случај кога од страна на селаните бил фатен еден од предавниците на македонското дело а тој како војвода требало да го спроведе до главниот револуционерен суд со кој раководел Делчев: "Да го убиеме? Тоа и тие самите, без мене, можат да го сторат. Што треба да се направи... Целта ми беше да ги убедам да го одведам пред револуционерниот суд, каде го чекаше Гоце Делчев... 

Испратив извештај  до Окружниот револуционерен комитет дека дојдов од Охрид со Горанов и дека треба да дојдат и да го земат. Дојдоа двајца комити и ноќта го одведоа при Делчев. Сите докази му беа дадени на Окружниот револуционерен комитет од страна на Охридската организација, врз основа на која револуционерниот суд донесе пресуда..." 

денешен.мк

Розита Христовска, поетеса

**********************************

ОД МАКЕДОНСКОТО

КНИЖЕВНО

ТВОРЕШТВО

 МАКЕДОНСКА ЛИРИКА 

************************

 

Едно од моите "Оловни мониста"

УКРАДЕНО НЕБО

  • Кој ни го украде
    модрилото од
    небото
    и ни го обои во
    сиво
    со оловни
    облаци?
    Валкани
    дождови
    капливи и
    отровни.
    Кој ни ја
    гламноса
    белата пченица
    и ни го украде
    златото од житото?
    За род да не роди
    и да изгнијат

  • класјето.
    Кој ни ја изора
    земјата
    ширум и попреку
    и глуво семе ни
    посеа
    во искривени
    бразди?
    Празно и јалово
    што не 'рти и не
    цути.
    Кој ни ги накоти
    стаорците во
    амбарите
    да го глодаат
    ланското
    останато за
    зловреме?

  • За неродни лета
    со суша и
    пепелница.
    Кој ни ги растури
    ората
    и песните ни ги
    замолкна
    за да ни онемат
    устите
    и да ни пресушат думите?
    Да не би
    прозбореле,
    да не би
    проколнале.
    ***********
    Автор: Розита Христовска,
    23 јуни 2018 г.

Kind regards: 01 јули 2019 година

Sotir Grozdanovski broj 222

ВИДЕОТЕКА

************