Сотир

Сотир Гроздановски-Македонски

КАДЕ СЕ МАКЕДОНСКИТЕ ПАТРИОТИ?

ИСТОРИЈАТА НИ СЕ ПОВТОРУВА

******************

 

Народот се' уште не верува дека од разнебитувањето на македонската држава и губењето на националниот  идентитет не делат денови, не месеци или години. Не делат денови, драги мои, а ние немаме  солиден лидер, ниту одбранбен план за спас на државата, но и на самите себеси. Како маѓепсани и парализирани од слатко речивоста на Зоран Заев, заедно со непријателската индоктринација  дека од ова нема бегање, постанавме имобилни и уплашени.

Долго им требаше на внатрешните и надворешните непријатели да изнајдат најлесен и најефикасен пат до својата победа над Македонците. Овој пат тоа беше сервилноста на така наречените "патриотски" политички партии од македонскиот блок, во спрега со aлбанските.

За срам е и самата помисла, што тие, кои беа задолжени за безбедноста на државата "не забележаа" дека  модификацијата на ВМРО 1893 (Внатрешна Македонска Револуционерна Организација) со "мудро" додавање - ДПМНЕ, како и со профилот на кадровите кои го презедоа нејзиното раководство, се зацрта патот кон кукавичкото предавство, на Татковината.

Љупчо Георгиевски, првиот нејзин претседател беше и првиот Зоран Заев. Но, изгледа дека во тие времиња силите на моќта, во Македонија, беа подруго построени.

Во 2001 година поминавме само со една  пробна етапа, со албанска наезда врз Македонија и Македонците. Но, и со  тешка инфекција на сите  безбедносни, здравствени, образовни и многу други крвни жили на македонската држава со терористи од единиците на УЧК и ОНА, сегашната ДУИ на командантите, Али Ахмети и Талал Џафери.

Занесени со шансата, по распадот на заедничката држава СФРЈ, конечно да го реализираме вековниот сон за сопствена  независна македонска национална држава,  ги заборавивме катастрофалните настани од минатото. Ги заборавивме, зошто образованието на Македонија не беше заинтересирано за проучување на македонската национална историја, туку само за братството и единството во Федерацијата и не замерање со соседите. Не бевме запознати со sверствата на нашите соседи врз Македонците,  на македонска земја, под нивна окупација, како и со недовршените планови на  непријателите  на Македонија, за нејзиното бришење од списокот на државите во светот. Нејзино бришење како територија и како заедница на македонскиот народ. Го заборавивме нивниот гнев што од делот подарен на кралството Србија израсна пиемонтот на македонското обединување, во лицето на Република Македонија. И не само тоа, туку и нивниот  страв од обновувањето на македонската национална свест, македонските културни и политички капацитети за самостоен развој, и иден фактор на Балканот. Ги заборавивме  сите  елементи на нивните погани и деструктивни планови, кои постанаа поттик на нивната зачуџувачка агресија, да ја завршат работата, дури се' уште имаат време. Дури имаат време, конечно да го затворат болното "македонско прашање" на Балканот, за секогаш.

По се' изгледа дека и успееа! Им требаа само неполни 30 години да ја урнисаат македонската држава, градена со столетија. Да ја урнисаат со помош на домашни примитивци, изроди  и предавници, болно алчни за пари. Се почна прво со осиромашување на населението. Тоа беше времето на СДСМ-овците и грабежот на општо народниот имот за време на "законската" приватизација! Потоа  со фрлање на улица стотици илјади работници и ничкосување на македонската, колку толку развиена, економија.

Од како ја завршија таа, очигледна, подготовка за другите етапи кои следуваа, веќе имаа безработен и гладен народ, со кои беше лесно да се манипулира.  Нивните примамливи понуди за "подобрување" на положбата во земјата, преку влез во НАТО и Европската Унија, те насилствата на деструктивната "шарена револуција", ја променаа власта во земјата. Капитулира владата на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со премиерот Никола Груевски! Влада, во која мнозинството Македонци имаа доверба. Но се излагаа и тогаш! Како и со  бугарскиот Тројански Коњ, Љупчо Георгиевски  и Зоран Заев! 

И во овој случај "не се забележаа" стапиците на надворешниот фактор, за конечниот удар врз безбедноста на земјата и до брзите "добрососедски" договори со Бугарија, Албанците во Македонија и на крај, погубниот преспански договор од 17 јуни 2018 година, со Грција! 

За време на сите овие етапи и стапици, македонските политички партии, вклучувајќи ги и албанските во Македонија,  активно соработуваа, некои тајно, некој полусокриено, заедно со СДСМ и Зоран Заев. Не е за потценување    ниту  придонесот на Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, во распаѓањето на  институциите и безбедносниот систем на Република Македонија! 

Се разбира, "никој не ја забележа" и таа стапица, верувајќи дека, барем, ете, некој се "грижи" за народот и државата. Но, не испадна така. Ѓорѓе Иванов остана глув.  Советите на Игор Јанев и други меѓународни фактори, пријателски наклонети кон Република Македонија, останаа само совети без акција. Како резултат на таквото однесување, луѓето почувствуваа горчина во душите и бол во градите! Но, ќе биде запишано и во историјата на Македонците како срамна велепредаја, на својот сопствен народ и сопствената држава.

И така, шансата  со помош на ООН да се продолжи членството  под уставното име Република Македонија, остана се' до денес, само шанса и очита подршка на Заев и СДСМ, побрзо да си ја завршат предавничката работа. Но, срамот ќе остане за секогаш заеднички, затоа што и мнозинството на народот не си ја свати сериозно својата патриотска должност, да преземе поагресивни и помасовни чекори во одбрана на својата држава и Татковина!

И на крајот од оваа рекапитулација на настаните во Македонија до денес, мораме да ја споменеме и нелојалноста на многубројното членство на сите македонски политички партии и другите асоцијации спрема Татковината и националните македонски интереси. Нелојалноста особено на членовите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои  со  слепото следење на политиките на своите водачи, особено на претседателот Христијан Мицкоски и Зоран Заев, придонесоа уривањето на македонската држава да дојде брзо и без масовен отпор.

Но, сепак има шанси да си ги искупат гревовите, до колку им се придружат на народот и ги остават  своите водачи, како што и тие, гледајќи си ги своите лични, ги продадоа македонските национални интереси, заедно со македонската држава и идентитетот на Македонците! Затоа

ПАТРИОТИ, ОБЕДИНЕТЕ СЕ ВО ЗАЕДНИЧКАТА БОРБА ЗА МАКЕДОНИЈА, ДУРИ ЈА ИМАМЕ!

****************** 

За секогаш, ваш Сотир!

М-р Мартин Треневски

 

M-р Мартин Треневски

НОБЕЛОВЕЦОТ ОД МУРТИНО

 

Светската метропола Муртино, која во историјата даде многу светли ликови, пред се' во политиката (!?), но и во ептен многу други области, деновиве беше почестена со уште една возвишена акција: иницијативата за прогласување на личноста со иницијали 33 ( се разбира не станува збор на ЗаЗа Габор), туку за "црпнатиот од нива", како што самиот се претставуваше во јавноста, Зоран Заев!?

Tреба ли сега сите ние-граѓаните на Република Македонија, да паѓаме во неола (како што би рекле Прилепчани), заради оваа иницијатива? Напротив, оваа иницијатива сама по себе отвора многу сериозни прашања заради несериозноста и необјективноста!

Пред се': Нобеловиот комитет за мир со седиште во Осло, Норвешка, секоја година добива најмалку 350 иницијативи за доделување на високото признание од сите страни на светот за доделување на ова највисоко светско признание за мир на лица и организации што реално придонеле за мирот во светот. Скоро три децении долгата налудничава и фашизоидна блокада на Македонија од страна на Грција заради името на нашата земја и наводното решение (Според мене: акт на капитулација на нашата земја) од Нивице не се вклопува во критериумите на Нобелобиот комитет бидејќи тие не ја доделуваат наградата за политички дешавки.

Но нешто посебно иритира во оваа заврзлама околу номинацијата на лицето ЗЗ е сознанието КОИ СТОИ ЗАД ИСТАТА, а тоа се некои индивидуи од еден од петпарачките приватни универзитети што се намножија како печурки во нашата татковина. Имено, иницијаторот на оваа лакрдија во функција на ректор на дотичната образовна установа (каде за определена тарифа можете за кеш да купите факултетска диплома, магистратура, па и докторат) е професор по некакви си социјални прашања, а сега изигрува експерт за меѓународна политика. Дотичниот беше дури и амбасадор во НАТО каде највисок дострел му беше шверц на парфеми и автомобилски гуми. Но, исто така лажно се претставуваше за некаков си "амбасадор на година во НАТО". И самиот поминав четири години во тој фамозен НАТО и категорички тврдам дека такво признание едноставно непостои! А доколку воопшто би постоело, такво признание би се доделувало на амбасадори од земјите членки, но не на амбасадори од земји партнери каков што моментално е статусот на Република Македонија!

Дотичниот ректор дури се забра со сопственикот на приватниот универзитет да појдат до Атина за лично да го известат и Грчкиот премиер Ципрас за нивната иницијатива дека, според нив, двајцата премиери на Грција и Македонија се номинирани заедно, рамноправно за светски високото признание за мир. Ректоров, ај што се прошета до Атина, но барем да не не брукаше со настапот што го видовме од фотографијата со Алексис Ципрас: со раскопчана кошула, искривена  кравата и распетлано сако - небаре е кафански пејач, а не универзитетски професор, одозгора ректор, а од неодамна дури и академик и член на МАНУ!? Да видиш и да не веруваш!!!!

Погоре изнесеното доволно зборува за самиот иницијатор за номинација на лицето ЗЗ за Нобелова награда за мир! Но, му се чудам на умот на ЗЗ што детински наивно наседнува на вакви иницијативи!? А не му е првпат! Па како можеше да наседне и на самопрогласениот "Принц на Црна Гора и Македонија" (таква институција едноставно не постои!!!), кој го прогласи есенва за: "Витез од редот на Св.Ѓорѓи". Патем за промоторот на тој настан - лажниот "Принц на Монтенегро и Македонија" има многу кривични пријави за неплатени високи сметки за негово луксузирање во скапи хотели. 

И што да кажам на крајот: Па добро бре луѓе, има ли некој нормален меѓу стотината и повеќе скапо платени специјални советници на премиерот да му укаже да не се брука самиот тој, но да не не брука и сите нас бидејќи тој не е приватно лице туку моментално е на многу висока позиција во државата.

Од друга страна, не би сакал да поверувам дека ЗЗ е толки многу занесен од функцијата на која го устоличи "длабоката држава" од САД, за да не може критички да приоѓа на вакви иницијативи? Или можеби таквите иницијативи и самиот ги посакува за да си го дополни својот СиВи и да мафта со нив во контекст на важните избори што ни претстојуваат во текот на 2019 година!? Впрочем, времето ќе покаже што е работата!

******************

Славе Катин

Славе Николовски-Катин

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

ДЕЛ 44

ЗАГОВОРИ ПРОТИВ АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ И УБИСТВОТО НА КАЛИСТЕН

 

По неограничените противобвиненија на Клит, Александар Македонски мораше првпат да се соочи со психолошките ефекти на својата политика спрема Македонците. Но, тоа не придонесе да ги измени своите погледи. Тој никогаш не прифаќаше отстапки, ниту пак компромис.Средствата и начините што го водеа кон неговите цели за него беа определени и непроменливи.

Тој веќе мораше да согледа од кога и да е појасно дека не може да се искачи на стрмиот пат кон светскиот суверенитет без конфликти со своите етнички Македонци и уште повеќе тој мораше да чувствува дека е битно да се потпре и врз Персијанците и врз другите Иранци. Наспроти големото каење на Александар Македонски, тоа упатува да се подвлечат причините за судирот; катастрофата на Клит имаше спротивен ефект:

Александар Македонски потврдоглаво се приклони кон политиката што Македонците не ја оправдуваа и уште подлабоко нурна во идејата за асимилација меѓу победниците и победените. Идејата за спојување на нациите, што веројатно му била сугерирана многу порано, се разви во неговата глава и неколку месеци по тоа, во пролетта 327 година, првпат излезе на видело со женидбата со Роксана.

Како последица на тоа, веднаш по враќањето од Бактра тој проба да го воведе персискиот обичај - метанија пред кралот и кај античките Македонци и кај античките Грци. Од стари времиња беше ориенталска практика потчинетите на кралот да го поздравуваат со метании. Веројатно тоа не подразбираше признавање на кралот како Бог; тоа беше знак на единствена најцелосна завист од неограничениот владател.

Овој облик на метании што го воведе Кирус, основачот на империјата се однесуваше за Персијците, како и за другите негови потчинети, но секогаш беше сметан од античките Грци, веднаш штом дојдоа во контакт со тоа, како нешто невообичаено и наполно ориенталско. Слободниот антички Грк можеше да се понижи пред својот Бог, но никогаш пред човек, па затоа овој обичај можеше грешно да се протолкува, како што се случи кај Аесшил, дека Персијците ги боготворат своите кралеви како богови во текот на животот. 

Александар Македонски, бездруго, знаеше од оние што му се умилкуваа дека Персијците ги сметаа метаниите едноставно како израз на длабоко почитување спрема својот господар. Но бидејќи Александар беше поблиску до античката грчка концепција, знаеше дека е опасно да се воведе овој обичај кај своите потчинети, меѓу античките Македонци и античките Грци, обичај што Персијците го сметаа како нешто секојдневно и вообичаено.

Мора решително  да се отфрли гледиштето дека тој мислеше индиректно да ги присили да го признаваат како Бог, бидејќи подоцна бараше такво почитување само од античките Грци, а не и од античките Македонци. Неговата намера беше со помош на овој дворски церемонијал повеќе да ја изрази еднаквата позиција на Персијците со античките Македонци и со античките Грци. Тоа беше чекор назад во однос на се' што пред тоа направи во оваа насока.

Можеби немаше да се зафати со ова, ако на дворот немаше непосредни лица кои беа готови да се зафатат со оваа работа и поради тоа да поминат со него низ судни маки. Веројатно неговиот близок пријател, Хефестион, беше режисерот. Колку беа свесни за опасноста од опитот е покажано од едно блиско предупредување.

Беше договорено на една гозба кралот да пие од пехар со своите пријатели. Секој требаше да испие пехар со пијалак, да се поклони пред кралот и потоа да се бакнат пријателски.

Тоа беше персиски обичај. На почетокот сите постапија според планот. Но, кога му дојде редот на Калистен, кој беше изненаден од сугестијата да го примени обичајот и да направи метанија, тој го избегна тоа. Александар Македонски беше свртен кон Хефестион, а кога неговото внимание беше свртено кон пропустот, тој одби да го бакне Калистена, кој потоа дрско му рече: "Еве, си одам посиромав за еден бакнеж".

Tака, вечерта заврши со овој непријатен инцидент. Меѓутоа, она што на крајот го поттикна Александар Македонски да се откаже од намерата не беше толку одбивањето на Калистен, туку тоа што тој сметаше дека неговите стари антички Македонци тврдоглаво ќе го одбијат ваквиот обичај. Не е потврдено дека Александар Македонски во наредните години го применувал обичајот од метании.

Веројатно тој увидел дека беше пребрз во својот обид и не се срамеше да се откаже од намерата. Оваа ориенталска церемонија на запад се употребуваше многу години. Но, не од Диоклецијан кога беше воведена заедно со други дворски обичаи.

Најизненадувачко е тоа, што  на Александар му се спротивстави Калистен, тој кој во својата книга беше безграничен со глорификацијата на кралот и кој најмногу го подржуваше неговото божествено право како син на Бога. Ниту имаше промена спрема Големиот крал како панелинистички херој, но тоа веќе ги разниша односите со Александар Македонски.

По убиството на Клит, тој беше еден од оние што сакаа да му угодат на расеаниот монарх. Неговото спротивставување на традицијата правење метании во чест на кралот не претставуваше протест против Александар Македонски, како што му се припишуваше, туку во тоа гледаше варварски и смешен начин на оддавање почит, со што слободните антички Грци беа доведени на варварско ниво, а што тој го презираше.Неговата тесна врска со Александар Македонски беше непоправливо разнишана, а кралот го мразеше, бидејќи сега го сметаа како водач на опозицијата.

Наскоро потоа беше откриен нов заговор што го беа сковале кралските пажеви. Овој пат причината за заговорот не беше од политички карактер, туку чисто лична. Се случи поради повредената суета на младиот Хермолај кого Алексанар Македонски го укори пред другите пажеви, бидејќи на заедничкиот лов убил дива свиња пред него. Заговорот беше притаен во споредба со првиот, но беше поопасен, бидејќи пажевите чекаа кралот да го убијат ноќе на спиење.

Ако Александар Македонски не останеше цела ноќ на гозбата, како што му беше речено од сирискиот пророк, ќе беше мртов. Заговорот беше откриен наредниот ден. Пажевите, како синови на антички македонски дворјани беа изведени пред Воениот суд и откога ја признаа вината, беа осудени на смрт и убиени со каменување.

Калистен беше тутор на многумина и се наоѓаше во добри односи со нив. Затоа беше очигледно дека тој знаеше за заговорот или пак ги поттикнал на тоа. Александар Македонски го затвори и побара да го испитаат. Бидејќи Калистен беше антички Грк, немаше проблем да му суди македонската војска. Александар Македонски прво мислеше да го изпрати на суд пред Федералниот совет во Коринт.

Оваа информација заслужува внимание, бидејќи таа повторно покажува дека Александар Македонски се' уште се сметаше дека е антички грчки хегемон на Елинистичката лига. Меѓутоа, подоцна ја напушти оваа идеја, го зеде Калистена со себе како затвореник, го осуди и лично ја изврши казната во Индија.

 

Калистен во затвор.

Тоа, несомнено, покажа дека Александар Македонски веруваше во неговата вина, бидејќи Птоломеј и Аристобул го поддржуваа фактот дека Калистен беше поттикнувач на заговорот.

Меѓутоа, неговата вина не беше судски докажана и затоа тешко е да се прифати. Со пресудата на Калистен, Александар Македонски се компромитира во античкиот грчки свет, кој очекуваше оваа егзекуција да се изврши по законски пат. Возбудувањето во Перипатетичкото училиште беше особено големо, бидејќи го сметаше Калистен за свој приврзаник.

Теофраст ја искажа својата болка за трагичниот крај на својот пријател во расправата "Калистен" или "На тагување", во која потврдува дека Алексдандар Македонски не сфатил дали  има право или не да ја користи својата среќа.

Перипатетичарите на овој начин започнаа да го сметаат Александра Македонски како тиранин затруен од својата сила и заслепен од својата среќа, сфаќање, што уште повеќе се разви кај идните историчари.

Од друга страна, пак, привремено беше прекинат односот меѓу Александар Македонски и Аристотел, кој како вујко и учител на Калистен, веројатно многу влијаел врз него. Но, подоцна повторно продолжија да си пишуваат и разменуваат мисли.

Од доследниот третман на катастрофите што се случија во Источен Иран, почнувајќи од судењето на Филота до пресудата на Калистен, како што беа изнесени начелата што ги поврзуваа, лесно може да произлезе премногу мрачна слика за односот на Александар Македонски со својата војска.

Ако некој ги следи војничките дејства од 330 до 327 година, кои завршија со исклучиво тешко задушување на националниот отпор на Источен Иран, ќе види дека Александар Македонски сепак успеа да ја задржи во свои раце војската, офицерите и другите.

Во нападот, или битката тој беше постојано ист; тој беше крал на античката македонска нација; со војската го делеше големиот замор, гладот и жедтта во таа герилска војна. Освен тоа, има анегдоти од тие години кои веројатно не можат да се земат како историски, но, очигледно со описно коректни импресии, а тие покажуваат каква хуманост изразувал Александар Македонски кон својот народ со лично жртвување. Тоа тој го правеше за војската што го следеше со ентузијазам.

Продолжува

 

Академик: Блаже Конески

 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

*****************

 

 

 

 

 

БДЕЕЊЕ

  • Мртвило. Синот го нема.
    Чувај го, боже, од лошо!
    Веќе да згасне се спрема
    ламбата кутра во ќошот.

    И подзамижува бледа.
    Поблизу сенка се мотка.
    Мајката молкум ја гледа
    нејната насмевка кротка.

    Во овој поглед што гасне
    полека, меко од сонот,
    в зеница морна а јасна
    очите мајчини тонат.

    И часум сета ја грее
    некаква утеха жална,
    како да овдека не е,
    некаде в далнина дална.

  • Како да стравот го снема,
    маката слабее, мине.
    Излези надвор во тремот,
    срети го, речи му сине!

    Заспива таа. Без укор
    тоне во тишина мека.
    Но надвор изгрме пукот,
    стресена од сон се штрека.

    Сурова година страдна.
    Рацете врзани назад.
    Кој ли во ноќта падна?
    Туѓинци градов го газат.
    **********
    Автор: Блаже Конески

Kind regards: 10 јануари 2019 година

Sotir Grozdanovski broj 189

ВИДЕОТЕКА

*********