СОТИР

 Сотир Гроздановски-Македонски

ТРИБИНА

ИМЕТО Е ТАТКОВИНА А ЈАЗИКОТ ДУШАТА НА МАКЕДОНЕЦОТ

*******

 

 

Никој нема право да ја конзумира слободата и во неа да ужива, ако претходно не ја заработил за друг. Оној што ова не го разбира, сам себе си се осудил на доживотно ропство, без право и можност за помилување. Ова е најскапоцената универзална вредност на човештвото, прифатена од сите слободољубиви и нормални луѓе, освен од кукавиците и колебливците кои својата слобода, а уште полесно слободата на другите, евтино ја продаваат во замена за лагодности и статус.

Ламбе Арнаудов

 

Деновиве што поминаа, виртуелно бев присутен на една трибина, каде импозантен број  македонски умови, од повеќе полиња на науката, се обидуваа да изнајдат решение за проблемот во земјата, кои длабоко го уплаши и парализира македонскиот народ. Проблемот е Договорот со Грција,  дизајниран да ја разнебити македонската држава и уништи македонскиот национален идентитет.

Силите, кои би требало да  ги чуваат овие темелни вредности на македонскиот народ и да бидат со него   и во добро и во зло, челниците на политичките партии од македонскиот политички блок, на некој волшебен начин исчезнаа од македонската политичка сцена. По некој од похрабрите се појавува во преостанатите про македонски гласила со критики на власта и политиките на Зоран Заев, очекувајќи некои други да го спречат во понатамошното уништување на Македонија. Некои  од нив се помирија со судбината за која мислат дека е неменлива,  други им се придружија на продадените властодршци и работаат против македонските национални интереси, трети пак, делови од обезглавениот, но се' уште  храбер, македонски народ се обидуваат со протести да направат чудо и пратениците во македонското Собрание да ги вратат назад каде им е местото: меѓу народот, кои ги избрал да работаат во полза на заедничките национални интереси.

Предавствата не се само кај пратениците, туку и многу подлабоко. Народот почна наголемо да се сомнева и во лојалноста на Претседателот на Републиката Ѓорѓе Иванов. Неговото молчење и не преземање мерки согласно неговите ингеренции кои произлегуваат од Уставот и другите правни акти на Република Македонија, говорат самите за себе. Игнорирањето, пак, на правните експерти по меѓународно право го потврдуваат сомнежот на Македонците, дека повеќе неможат да се потпрат ниту на таа највисока институција на Република Македонија, Претседателот на Републиката. Тој молчи и си гледа сеир чекајќи да му помине мандатот и да им ја предаде Државата на волците и странските окупатори. А после тоа? А после тоа, како и секогаш, и тој со неговите "лути непријатели" ќе си замине некаде. Но, каде? На секаде има Македонци кои го почитуваа уверени во неговата искреност и честност, а сега, изневерени на најгруб начин?

На чело на големата маса седеа организаторите. Списокот  со имињата на пријавените говорници и предметот со кои ќе им се обратат на присутните беше пред претседавачот. Човек, познат во македонската јавност како чесен, квалификуван и член на една од минатите правосудни структури на Република Македонија. На обете страни на масата, пак, како што е вообичаено при вакви средби, седеа присутните и секој на свој начин се подготвуваа да се вклучат во разговорите, предмет на дневниот ред. Камерите кои го следеа настанот беа распоредени на своите места и веќе го забележуваа секој изречен збор на говорниците. Незнам кој беше првиот говорник, зошто јас дојдов малку подоцна, како и еден  друг почитуван водител  на една позната ТВ програма со содржина од македонската национална историја.

И така се редеа учесниците, еден по друг, секој задоволен сам со себеси и со она што им го соопштуваа на другите. Никој не беше загрижен за исходот на трибината, зошто по се' судејќи, ја сметаа за не обврзувачка.   И дури Зоран Заев и неговата "верна дружина" со молничава брзина и од никого попречуван ја  растура македонската држава и собира поени за претседателските избори, до година,  нашите преостанати патриоти и понатака се натегнуваат околу кого народот би требало да се собере и понатака слепо да го следи, како и досега. Неколку од говорниците и уважени колумнисти и професори отворено се залагаа тоа да биде ВМРО-ДПМНЕ, оправдувајќи го својот предлог со тоа, што ВМРО била најсилната и најмногубројната политичка партија во државата, со долги  традиции во одбрана на македонските национални интереси. Другите пак,  од спротивната  и челната страна на масата, аргументирано го оспоруваа предлогот, сметајќи, дека спрема досегашното однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ врз проблемите со деструктивните договори за  добрососедски односи и соработка со соседите, не е добар избор. Дури и штетен! Државата се' побрзо тоне во бездна, а раководството ноншалантно и незаинтересирано се однесува, давајќи му на Заев време, да си ја заврши работата.

Да, ВМРО е најстара македонска политичка партија и во минатото беше главниот стожер на македонскиот народ. Велат опонентите! Меѓутоа,  ако се потсетиме на времето и на  некои од  луѓето  кои се ставија на нејзиното чело, додавајќи и'  "ДПМНЕ" на таа света македонска организација, ќе видиме дека денешната ВМРО-ДПМНЕ  не е ниту сенка на онаа на Гоце, Јане, Питу, Даме, Никола и плејада други Македонци кои загинаа од предавници, слични на овие денешниве. Како овие денешниве, кои им го свртија грбот на народот, во најкритичните моменти!  И не' само тоа. Бесрамно ги берат  плодовите од онаа создадена со многу пролеана крв  и саможртви за слобода и сопствена македонска држава. Да! -  а не  влегување, на голема врата, во ново ропство. Затоа, оваа ВМРО - ДПМНЕ не' и' е ниту до колена на онаа,  од 1893 година.

На Македонија и' требаат нови и здрави сили кои искрено и без страв ќе го мотивираат народот за одбрана на тоа што се' уште може да се одбрани и потоа да се крене напред, во права насока. Нови сили, некорумпирани и не под закана на правдата за нивните поранешни и сегашни гревови!

Ако е тоа така, продолжуваат опонентите,  како што велите и предлагате,  тогаш "главата" на ВМРО-ДПМНЕ, денес требаше  да биде тука, со нас, за да ни ги објасни неговите планови за спас на Македонија? Зарем планот за победа над СДСМ на следните парламентарни и претседателски избори му е поважен од државата која до тогаш нема да ја биде? Мицкоски се гледа самиот себеси како следен Гувернер на новосоздадената балканска држава на "северните Македонци", заедно со неговиот "лут непријател" Зоран Заев! И тоа е повеќе од факт. Но, желбите се едно, а стварноста ќе биде многу подруга.

Челниците на  оваа, навистина, со звучно име политичка партија, и на стотици  илјади излагани следбеници, имаа доста време своите искрени намери да ги преточат во дела и безбедност на Македонија. Но тоа, не го направија! Зошто? Затоа што своите лични интереси  ги ставија над интересите на Македонците! И сега бараат и очекуваат подршка од своето членство, кое не  верува повеќе дека се кадри нешто добро да направат, за Македонија!

За жал, но и срам, поранешниот челник на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, е надвор од земјата, во илегала, и од таму му се заканува на Зоран Заев, човекот, со кој потпишуваше редица договори, зад грбовите на својот сопствен народ, со кои ја федерализираа Македонија, како претходница на денешните деструктивни настани.

Кусите предавања за зачувување на светите македонски национални вредности и нтереси, предмет на трибинава, во овие критични  и последни денови на македонската држава и на Македонците како народ и државотворец, не можат да бидат спас. Одамна тие  требаше да бидат имплементирани како редовни  предмети во македонското образование.  Зборовите патриотизам и љубов кон Татковината требаше да бидат свети зборови и на прво место.  Времињата не прегазија!  Кадровите врз кои нашата сегашнина и нашата иднина требаше да се потпира, постанаа монструми  без трунка  одговорност и љубов во нивните души! Постанаа робови на парите, кои заради кражбата на македонскиот имот и сиромаштијата, ги најдоа кај типови како Сорос и другите "невладини" организации за општество без граници! Деструктивната и не народна "Шарена револуција " беше излив на "љубовта", која им се всадуваше во училниците на основните, средните, а најповеќе во училниците на македонските Универзитети!

Нашите надворешни стратешки партнери знаеа каде е слабоста на земјите одредени за одстрел и од внатре уништување: образовните институции и нивните слабо платени "просветители"!  

Со  личните толкувања на положбата во Република Македонија и начинот на кој  ситуацијата би можела да се измени,  присутните со своите говори не дадоа конкретни и  квалитетни предлози. Ох, да! Ќе забораев! Слушнав еден предлог што го даде една наша позната историчарка за формирање на паралелна народна власт и ново  Уставотворно Собрание. Но, ништо повеќе од тоа, освен  загриженоста за брзината со која Зоран Заев и неговата дружина ја разградуваат државата, а народот, Македонците, ги остава обезглавени и  меѓу себе да се јадат.

Ете тоа беше суштината и на оваа трибина на раскарани браќа и сестри, во што и јас не верував дека омразата и неслогата меѓу нив е толку длабока! - на човека срцето да му стане, од немоќ! 

Но, светата борба продолжува, и по цена комитството одново да го види светлото на новите денови, но овој пат со поарни "малинхерки" и топли чизми за заштита на комитските уморни ноsе. 

Во една прилика, покојниот Фидел Кастро од Куба, на едно новинарско прашање за успехот на кубанската револуција против режимот на проамериканскиот диктатор Батиста изјави вака: "Нашата револуција ја започнавме со мала група истомисленици и верба во нашата победа. А потоа, кубанскиот народ со успех ја доврши"! Затоа, ќе ја поновам мудрата изрека на Ламбе Арнаудов која вели:

"НИКОЈ НЕМА ПРАВО ДА ЈА КОНЗУМИРА СЛОБОДАТА И ВО НЕА ДА УЖИВА, АКО ПРЕТХОДНО НЕ ЈА ЗАРАБОТИЛ ЗА ДРУГ. ОНОЈ ШТО ОВА НЕ ГО РАЗБИРА, САМ СЕБЕСИ СЕ ОСУДИЛ НА ДОЖИВОТНО РОПСТВО, БЕЗ ПРАВО И МОЖНОСТ ЗА ПОМИЛУВАЊЕ"!

 

Секогаш, Ваш Сотир!

 

*************

СРЕЌЕН БОЖИЌ

НА СИТЕ КОИ ГО ЧЕСТВУВААТ ОВОЈ НАЈГОЛЕМ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК

 

Македонски Збор

Сотир Гроздановски-Македонски, со семејството

************

 

Ристо Никовски

 Ристо Никовски

МОЖЕ ЛИ ДА ПРОПАДНЕ ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА?

**************

 НАДЕЖТА СЕКОГАШ ПОСЛЕДНА УМИРА

 

Надежта секогаш последна умира. Зошто да сме исклучок во вакви, трагични моменти за македонскиот народ? Силен е впечатокот дека полошо неможе да биде ама, сепак, има некои позитивни искри. Сведоци сме на сериозни тензии во Атина и во Софија околу нашата небиднина. Дури 70% од Грците сметаат дека договорот е во наша полза, што е одличен знак во кој има логика. Не постоиме како народ според нивниот вековен македонски синдром, а сега се споменува македонски јазик, македонско државјанство, иако комбинирано со новото име... Јавноста очекувала во договорот јасно да стои дека нема Македонци кај нас, камоли македонски јазик, некаков македонизам... и сето тоа да се стави во нашиот Устав, за да биде решението ерга оменс. Тоа е, секако, надвор од умот, ама Грците предолго биле воспитувани и учеле дека е така.

Вестите од југот говорат дека Ципрас полека ја губи сигурноста околу договорот. Каменос порано ќе ја напушти Владата, кога кај нас ќе биде променет Уставот, што треба да значи и нејзин пад. Се губи и мнозинството во Парламентот ("Потами"). Има индикации дека се размислува и за некаква промена или допрецизирање на договорот. Единствената цел би била да се дефинира дека не постоиме како македонски народ и јазик. Се чини дека Атина згреши што го внесе македонскиот јазик во договорот, иако многу веројатно била уверена дека ќе го избрише Софија, при преговорите за членство во ЕУ. Но тоа е далечна иднина а во меѓувреме притисокот на нивната опозиција е речиси неиздржлив, токму околу јазикот, кој отворено асоцира на македонски народ. Коsијас упорно објаснуваше и со примери дека јазикот не значи и етнос, ама тоа не поминува.

Не треба да има никакво сомнение дека меѓу Атина и Софија постои некаква, ако не координација, барем консултација за решавањето на проблемот со нашето име. На Бугарија целосно и' одговара нашето прекрстување, бидејќи со тоа се нагласува тезата дека  ако веќе не сме Македонци, можеме да бидеме само  неосвестени "Бугари". Ним им пречи терминот "Северна Македонија", бидејќи тука спаѓа и пиринскиот дел ама тоа се голта, бидејќи, нели, сите (ќе) сме "Бугари". Непристојноста на Каракачанов лесно може да биде договор со Ципрас. Тој нагласи дека "македонските земји се бугарски и тоа е историски факт" (не прецизира дали и егејскиот дел е нивни?) и, којзнае по кој пат, повтори дека нашиот јазик е дијалект на бугарскиот. Зошто, инаку, не реагираше Борисов, иако беше повикан? Овие провокации се директно спротивни на членот 1 и членот 11 (1) од  договорот "за пријателство" ("Ниту една од страните нема да презема, поттикнува и подржува дејства насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер"). Ако ова не е отворено непријателство од највисоко можно ниво, што е? Нормално, ние реагиравме помирливо. Ние сме, нели, за пријателство со соседите, а тоа што тие сакаат да не' урнисаат е нивни проблем и не е наше гајле. Меѓутоа, како изгледа, "излетот" на потпретседателот и министер испадна контрапродуктивен. Тоа го (зло) употреби "Нова демократија", како доказ дека Ципрас прифатил нешто што не постои.

Општо правило е дека  страните во сите договори имаат различни толкувања на потпишаното. Најчесто се користи терминот-во духот на..кој, по правило, за другата страна е штетен и неприфатлив. Атина сега доста често зборува токму за-духот на договорот. А ние како да сме тешко поразена страна во војна, само молчиме.

Катругалос, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, даде две интервјуа: за весникот "Та неа" на 11-ти и за радиото "Проктореио" на 12 декември. И двете во добар дел се однесуваат на договорот во Преспа. За весникот кажа дека "за прашањата што се појавиле неодамна" разговарал со Солтенберг и со Могерини на министерските средби на НАТО и ЕУ и дека "пораката била примена". Спомна и дека "стриктна порака" му била дадена и на министерот за надворешни работи Димитров, на средбата што ја имале.

Показ дека во Атина можеби се подготвува некакво изненадување е и посетата на Катругалос на САД, каде што разговарал и со Нимиц, чија улога за нас заврши-срамно.

Катругалос ја употреби истата формулација дека со поранешниот медијатор разговарал "за напредокот и за одредени прашања што се појавиле неодамна". Кои се и какви се тие прашања? Нема дилема дека се работи за нашиот јазик, поврзано со изјавата на Заев. Тој е во САД заради одржување  на американско-грчки стратегиски дијалог во Стејт департментот. Се сретна и со држаниот секретар Помпео, каде што тема бил и договорот од Преспа.

Сите средби на Катругалос, на некој начин, најавуваат дека Атина можеби подготвува некаков анекс околу договорот од Преспа. Зошто, инаку, на таа тема би разговарал со толку луѓе, освен да бара подршка за нешто? Зошто Грција би плачела на рамото на сите овие личности без да моли нешто? Сакаат луѓето не само да ни го цементираат националниот идентитет, како што тврдат нашиве глобалисти, туку максимално да ни го интернационализираат. Се' до граничните премини. 

Идеално во овој мозаик се вклопува и посетата на заменикот на Помпео, Саливан, на Скопје. Кај нас проблмеот е (речиси) решен, бидејќи пратениците не размислуваат со своја глава или се извадени од затвор за да гласаат. Таква посета не е објективно потребна, освен да се бара нешто дополнително?

Овие индикатори, чии детали ги има власта, мораат да не' мобилизираат. Треба да имаме став ако Ципрас побара дополнителни прецизирања и гаранции, ако не и анекс. Капитулацијата што е направена е непростлива и тешка историска грешка, ама во калта секогаш може уште повеќе да се заглави. Особено кога ќе ставиш до знаење дека по секоја цена мора да се дојде до договор. Тогаш не ти гине линч, каков што веќе и ни се случи. Во една пригода беше констатирано дека потпишаниот договор не може да биде полош освен ако не му се додаде дека не постоиме како народ, дека немаме свој јазик, култура, историја, традиција...Можеби се ближиме и до тој стадиум? Како рекол песимистот-полошо од ова не може. Може, може, реагирал оптимистот. Во таква позиција се наоѓаме. Од разни страни ќе не' влечат за уши. Не само Коsијас.

Сироти Грци, навистина се за жалење. Ем им капитулиравме, ем се растрчале на сите страни (Ципрас и во Москва) да ги бранат своите интереси. Да не им се доведе во прашање триумфот што го постигнаа со договорот и да не дозволат да се негира неговиот ДУХ ама и слово, според кои нас не' нема како народ.. На Грците не им помага ни тоа што веројатно се' уште имаат повисоки пензии од Германците иако работеле макар двапати помалку од нив. И, во такви услови, ние ќе сме барале некаква правда? Неодговорно, зар не?

Кај нас, пак, сосема спротивно. Ја чекаме финалната пресуда, без да мрднеме со мал прст. Како да не ни е јасно што ни се случува. Ама, има и зошто. Од сите страни ни честитаат, не' фалат и ни се восхитуваат, бидејќи не само што се пониживме како ретко кој туку и се гордееме со нашата капитулација, иако не добивме ништо за возврат. Го лажеме народот, мафтајќи со Унијата, а таа нема да не' прими веројатно во следните 15 години. Сиромаштијата, пак, ни е гарантирана макар уште 25 години. Според Заводот за статистика, во 2017 година починале 20.318 лица. Ако навистина невлеземе во ЕУ за 15 години, тоа значи дека со сегашните два милиони тоа нема да го дочекаат дури над 300 илјади жители. Бидејќи лажната замка е токму членство во ЕУ, најмалку овие 300 илјади не би требало да се фатат во неа. Впрочем, големо чудо што ќе имаме албански и турки театар, а нема да имаме македонски. Кој оди денеска во театар?

На крајот и нешто "повесело". Замислете колку е наивен Ердоган! Се чуди и крсти, иако е муслиман-зошто никој не го критикува Париз за прекумерната употреба на сила и демонстрираната ароганција против жолтите елеци. Тој ги меша работите. Кога нешто многу слично се случуваше кај него, во Истанбул, на "Таксим", каде што случајно беше и Бејли, цел свет со право ја критикуваше Турција. За разлика од Макрон, кој ја брани демократијата, Ердоган го бранеше режимот. Кај се видело исти аршини да важат за сите? И терористите се добри момци ако се на страната на главните западни сили. А ако се на другата, нормално е дека се-отпадници. 

Кога судот во Хаг пресудува во корист на Македонија, тоа е мислење што не обврзува. Кога ќе пресуди за нив, тоа мора да се почитува. Ако не, следуваат санкции. Кога Албанците зборуваат за "албански територии" во Македонија, Србија, Црна Гора...тоа е патриотизам, мостови на добрососедство и желба за соработка. Спомнување на правните документи на АСНОМ е класичен иредентизам, за кој мора да се искорени. Има проглас!

Се' е толку едноставно и просто, а дури ни еден Ердоган не може да го разбере. Навистина, чудно!

 

Ристо Никовски, поранешен дипломат.

18 декември 2018 година

 

Славе Катин

 

 Славе Николовски-Катин

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

ДЕЛ 41

БИТКИТЕ ШТО АЛЕКСАНДАР ГИ ВОДЕШЕ ВО ИСТОЧЕН ИРАН

 

 

 

Во текот на битката во Источен Иран, картата покажа дека погрешно беа претставени некои поими на земјината површина. Според Страбо, тие ја идентификувале реката Јаксарт со Таниа, бидејќи на нејзините брегови растеа елки, а тие мислеа дека такво дрво расте само во Европа, а не во Азија. Можеби, Аристотел ги наведе на ова грешно идентификување.

Тој ги доведе во врска со Танаи Аракс, како што ја нарече големата река, дека е или Окус или Јаксарт, која тече кон север од планината Хинду-Куш. Секако, Александар Македонски и неговите луѓе, додека беа во Источен Иран, немаа претстава во кој дел на земјата се наоѓаат.

Сепак, во текот на постојаното префрлување и дијагонални напади изведени со војнички операции, тие се стекнаа со целосно запознавање на територијата, со нејзините високи планини и богати рамнини, со нејзините солени пустини и степи.

Во историјата на Александар Македонски многу се јасни описите на пејзажот, на пример, за песочната степа меѓу  Бакра и Оксус, или снежниот предел помеѓу Кандахар и Кабул. Геодетите навистина ја извршија целосно својата работа. Така, со своите мерења на патот и со други испитувања дадоа целосна информација за овој регион.

Битката во Источен Иран со која сега се соочи Александар Македонски беше една од најжестоките со која се зафати. Таа траеше речиси три години, од есента 330 година до почетокот на 327 година, а се' дотогаш не можеше да ја освои земјата. Тоа е несфатливо ако се земе предвид дека за неговата неспоредлива кариера на победи од Хелеспонт до Медија му беа потребни само четири години за да ја освои круната на Персија.

Причината се состоеше во различниот квалитет и начин на војување на неговите противници. Аријанскиот народ од Источен Иран, особено Бактријанците и Согдијанците имаа многу високо развиено национално чувство и голем ентузијазам за слобода и независност, што Александар Македонски не го најде на ни едно друго место во Персиската империја, со исклучок на Тир и неколку храбри планински племиња.

Тоа национално чувство ги обедини, а беше поттикнато од нивната општа зороастријанска религија. Тие воопшто не сакаа да слушнат за покорување од тој Македонец, иако најави дека војува против Бес како осветник и следбеник на Дариј. Напротив, тие во Бес гледаа свој лидер за национална борба, која тој како роднина на ахеменидската куќа на враќање во Бактрија, ја стави круната на својата глава, право што го имаше од самиот крал и се прогласи како Голем крал под името Артаксеркс.

По малку време тој загина, а тие во Сордијанецот Спитамен виддоа одличен војсководец. Речиси повеќе од една година тој беше нивна главна национална фигура за слобода и само со неговата смрт нивниот отпор престана.

Не само што се разликуваше овој непријател од поранешниот, туку се разликуваше и неговото војување. Овде во Источен Иран Александар Македонски не водеше големи битки, какви што извојува дотогаш. Во практиката го применуваше методот на коса борбена формација што го наследи од Филип Македонски и добро го имаше извежбано. Но борбата на овие луѓе навистина беше генијална. Непријателот никогаш не му се приближуваше.

Тие никогаш не му се спротставија во голем број, но штом ќе тргнеше во напад, тие му се појавуваа во заднината, а ако имаа можности на неколку места во исто време. Изведуваа груби напади; се окопуваа во непристапни каменести места или кога беа во опасност, исчезнуаа во туркменските степи за извесно време и пак изведуваа брзи напади. Колку опасно и исцрпувачко беше ова герилско војување се покажа во битката на Наполеон во Шпанија, во која тој не можеше да добие превласт. 

Големото значење на Александар Македонски како стратег и тактичар, што неоправдано беше претставено многу подоцна, повеќе дојде до израз во ова герилско војување во Источен Иран отколку во големите битки во предходните години. Овде се сретна со сосема нови задачи кои му зададоа нови тешкотии од стртешки карактер. Да се потсетат оние кои што би сакале да му ја дадат на Парменион целата војничка доверба, дека за време на ова војување тој беше во Екбатана.

За жал, информациите за воениот распоред на војската на Александар Македонски се толку нецелосни што не може да се формира чиста слика. Ако војската предводена од  Александар Македонски во Индија беше целосно различна според бројот и според составот од онаа во првите четири години, тогаш морало да се воведат извесни измени уште во текот на војувањето во Источен Иран.

Покрај приклучувањето на наемниците од античка Грција и Мала Азија, што се спомнати, може да се заклучи од ставот на Александар Македонски кон Персијците дека приклучил голем број персиски единици во својата војска.

Големите загуби во овие години бараа интензивна обнова, а карактеристиките својствени на герилското војување бараа посебно развивање на лесни единици и коњица, бидејќи Бактријанците и Согдијанците беа извонредни јавачи на коњи. Тешко вооружената македонска фаланга воопшто не можеше да се користи како блиска формација, а тоа се однесувашеи на тешката коњица која повеќе не оперираше во засебни корпуси. Во преминувањето на снежната планина Хинду-Куш коњицата на Александар Македонски загуби многу коњи.

Тие беа заменети во 329 година со првокласни согдијански планински коњи, со што ја направи својата коњица многу повеќе слична на онаа на непријателот. Главната цел на овие измени беше брзината и голема мобилност. За таа цел беа формирани нови тактички единици.

По реорганизацијата започната во 331 година на коњичките полкови во два ескадрони поединечно, во 329 година Александар Македонски формира посебни единици кои се поделија во неколку помали делови и ги пресретнуваа јавачите со различно воружување и од разни националности.

Беа воведени нови класи на војници, позајмени од Персијците, планински носачи на копја кои се појавија во неговата војска наскоро по смртта на Дариј, како и планински стрелци со лак. Тоа се ситници кои овозможуваат бегол увид во постепената трансформација на војската на Александар Македонски.

Последиците од тој растурен начин на војување што го употребуваше непријателот го принудија Александар Македонски да примени нова тактика. Тоа често мораше да ја натера својата војска да напаѓа во посебни клони. Различни борбени единици беа групирани пред една команда и така колоните беа оспособени да вршат независни акции во ист момент.

Меѓутоа,  во случај на потреба колоните правеа брзи маневри и пак се враќаа. Александар Македонски примени колку што е можно понов начин на војување и го употреби во борбите во Источен Иран. Врз основа на сомнителни изјави порано се претпоставуваше дека тој веќе изградил нови градови во Блиска Азија, но скорешните испитувања овозможува да се верува дека изградбата на неговиот град во Источен Иран беше негова прва акција од тој вид на азискоатичка почва.

Секако, тие се вистински автентично испитани градби на Александар  во Азија и не треба да се мешаат со претходно обновената изградба на старите градови, како што беа Тир и Газа. Додека тука треба да се исклучи воениот мотив, во случајот на Источен Иран очигледна е потребата да се заштити во војничка смисла на оваа тешко добиена територија, каде што дојдоа до израз воени иновации. За важноста на овие градби во унапредувањето на трговијата и културата ќе се зборува подоцна.

По оваа општа оценка за војувањето во Источен Иран, потребно е во груби црти да се даде скица за курсот на војничките операции. Во летото на 330 година, Александар Македонски отиде кон исток од Хирканија низ Ерија, каде што ја доби веста дека Бис, како што веќе беше спомнато, бил признат во Бактрија за крал на Азија под името Артаксеркс. Сатибарзан, намесникот на Арија, само што му оддаде почит, Александар Македонски побрза по најкусиот пат кон Бактра (Балкх).

Меѓутоа, тој мораше да оди кон југ во Арија, бидејќи, штом Сатибарзан ја слушна веста за Бес, зазеде поинаков став и крена бунт. Повторно Александар Македонски ја постигна својата цел со зачудувачка брзина на операциите. Со своите единици тргна во поход и стигна за два дена во Артакоана, главниот град на Арија. Сатибарзан побегна, а бунтот пропадна. Со цел да ја обезбеди непокорената земја, не е сигурно дали тогаш или подоцна, Александар Македонски се определил да основа град со името Александрија во Арија (Херат).

Наместо да се врати кон север по патот што водеше директно во Бактрија, тој отиде подалеку на југ во Дрангијана, без да се соочи со некој поцврст отпор. Потоа отиде кон исток до Арахосија и на крајот во Паропамисада на крајниот југ на планината Хинду-Куш. Изгледа неговиот марш се одвиваше по правецот на персискиот кралски пат. Ова големо заобиколување кон југ до Хилменд, на Александар Македонски не му дозволи таа зима (330-329) да го продолжи зимското логорување.

Неговиот стратешки план, особено по лошото искуство што го стекна во Арија, несомнено беше да ги окупира регионите јужно од планината Хинду-Куш со цел да ги заштити слабостите во заднината. Тој исто така ги заштити овие региони со тоа што формира неколку градови како што беа: Александрија во Арахосија (Кандахар) и Александрија во Кавказ. Тука, на единиците им беше дозволено малку да здивнат, иако колоната мораше да задуши уште едно востание во Арија.

Во пролетта на 329 година, по кусиот одмор, Александар Македонски ја поведе својата војска преку снежната планина Хинду-Куш и наспроти опустошувањето на територијата на северниот крај, каде што Бес требаше да го задржи, победоносно влезе во Бактрија. Пред неговиот брз напад, Бес избега преку реката Оксус (Аму-Дарија), ги изгоре своите чунови и се повлече кон Наутака во Согдијана.

Во меѓувреме, Александар Македонски ја окупира Бактрија, вклучувајќи го и главниот град Бактра и тргна кон реката Оксус, што ја премина во близината на Килиф. Поради недостиг на дрва беше невозможно да се изградат мостови, затоа им требаа, речиси, пет дена за да ја премостат реката.

Тие испливаа преку реката со помош на надуените кожни меови сошиени од шаторските покриви и држејќи се за уздите на коњите при пливањето. Ова беше во античко време на Исток, како што е познато и денес добро познат метод за поминување на река, а Александар Македонски веќе го употреби тој метод на Дунав.

 

Продолжува

 

 

ТВРДИНА ВО КАНДАХАР

Розита Христовска-поетеса

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

********************

 

 

 

 

 

ВРАТЕТЕ СЕ ОД КАЈ ШТО ДОЈДОВТЕ

  • Црни врани и гаврани
    со остри зинати клунови
    и мрачни закрвавени очи,
    се симнавте од небото
    и по змја на две нозе одите
    како предвесници на злото
    испратени овде од демони
    за да не изблуете со горчини,
    со жолтила и со црнила
    од вашите затруени утроби.

    И барате туѓи гнезда
    за вашите јајца кукавички
    во нив да ги подметнете,
    оти сте исти со кукавиците
    од нивниот сој испилени,
    па наместо свои да градите
    на нашите сте се настрвиле
    за да ги снесете своите
    шупливи бесплодни сматоци
    празни како што ви се душите.

  • Сте се намерачиле на нас
    да ни ги загадите полињата
    и земјата да ни ја испоганите,
    да ни го засените сонцето
    оти од светлина се плашите,
    да ни ги заматите водите
    оти само во матно пливате,
    оџаците да ни ги урнете
    за да ни згаснат огништата
    и да ни се изладат домовите.

    Ај соберете си ги јатата
    заедно со вашето проклетие
    и вратете се од кај што дојдовте,
    во вашите мрачни пештери
    кај што летаат само лилјаци,
    и никогаш не заборавајте,
    ние доволно пилци си имаме
    раскрилени и разлетани
    белокрили гулаби миротворци
    и јата извишени песнопејци.
    ***********
    Авторка: Розита Христовска,
    17 декември 2016 година.

Kind regards : 25 декември 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 186

ВИДЕОТЕКА

*************