САМИТЕ ОДЛУЧУВАМЕ ЗА НАШАТА ИДНИНА!

________________________********______________________

Сотир

Сотир Гроздановски-Македонски

ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ, ОДЛУЧУВАМЕ САМИТЕ!

**********

Во Македонија, работите излегуваат надвор од секоја контрола. Реториката меѓу СДСМ и опозицијата, во прв ред ВМРО-ДПМНЕ, се заоштрува со приближувањето на денот кога во Собранието на Република Македонија ќе се постави прашањето за прифаќање на Преспанската спогодба со која се разградува ткивото на македонската држава и идентитетот на Македонците како мнозински и државотворен народ во земјата.  Албанците, пак, не се шегуваат: си ја чекаат својата шанса да ги земат ножиците и да ја преполоват Република Македонија и така си го остварат сонот за Голема Албанија и придружување кон Косово и матичната им Албанија.

Сакаат војна на Балканот, до колу не се прифати спогодбата со Грција заради влез во НАТО и ЕУ. Војна, во која и самите ќе изгорат како борина! 

Нивните ментори, пак, набргу ќе сватат дека со  лага не се бидува ага, како и со кршење на сите меѓународни правни акти, не се шири демократија, па ќе ги откачат и ќе ги пуштат низ вода, да се удават.

Вмешување како во 2001 година, тешко да доаѓа во предвид, зошто ризикот за голем оган  и бомбардирања на невини цивилни цели, спрема урнекот кои е веќе познат, не е мудра опција.  Во таков судир, никој не е безбеден.  Па затоа, "другари и другарки", оставете се "ќорава посла" и бегајте дури имате време, оти и вие ќе изгорите. Оставете му ја државата на македонскиот народ и нивните животи на мир, зошто од предавства на својот сопствен народ, аир никој не видел.

Новиот Ќосе, си ги чека неговите пет минути, а пак, нечистиот воздух кои се шири над Балканот, самиот со себе носи немир и предупредува на опасноста  која во секој момент може  како орканска бура  сите заедно да не сотре, за секогаш.

Ако 36% од гласачите на референдумот,  како скапа пробна бомба за испробување пулсот на Македонците  во Македонија се сметаат за победнички дел од македонскиот народ, тогаш во која категорија другите 64% Зоран Заев ги сврстува? Зарем тој смета дека е кадер и понатака да се игра мајтам и изигрува Супермен кој може да го преведе македонскиот народ жеден преку Вардар, а тој да излезе со суви гаѓи? Се сомневам! 

Игнорирањето на својот сопствен народ и непочитувањето на законите и уставот ќе му се искршат од главата, било кога. Особено туркањето на криминалниот договор со Грците во Собранието, со поткупување на некои нелојални пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. 

Зарем навистина слугата е посилен од газдата во американското општество? Тоа би било поразително, овој пат, по угледот и моќта на нашите стратешки партнери! Подбуцнувањето на Албанците да го запалат бурето со барут на Балканот  не е чесна работа, зошто признавањето на Република Македонија со нејзиното уставно име еднострано го анулираат, што не е за почит.

Балканот  горел повеќе пати во историјата, кога констелацијата на силите и моќта  не биле како денес! Денес ништо не е локално!   Интересите се глобални, ама  војните ќе бидат планетарни, од кои никој не ќе куртули!  И затоа е чудно, зошто некој бара и инситира по цена на светска војна да ја уништи Македонија и нејзиниот народ.

Денешните играчи со огнот се  премногу алчни и зли, па сметајќи се за семоќни,  несвесно и самите трчаат кон својата сопствена  пропаст.

Некој ќе се запраша : зошто така песимистично зборувам во текстов, пред вас? Па затоа што се плашам од иднината која сакаат недоветните македонски политичири и нивните советодавци да нија наметнат како едина вистина и алтернатива за нашиот опстанок, во денешниов свет! Да ја платиме цената за влез во НАТО и ЕУ со нашето тотално исченување како Македонци и постанеме, по желба на Грција и нејзините газди,  "северна Македонија"? Да постанеме новороденче без меморија за нашето долго историско минато и без нашите предци, кои ги дале своите животи за ова што денес така лесно му дозволуваме  една мала група недоветни криминалци, да го продадат?

Да постанеме  сопствени душмани и самоубијци без свој јазик, историја, култура, традиции, обичаи, народна музика и уметност и без човечко достоинство, сето тоа како услов за  влез во светски асоцијации, со несигурна иднина?

Септемврискиот референдум не ги даде резултатите очекувани  од страна на "меѓународната заедница"!? Како последица,  притисокот на "големите" демократии од светот, пред се' европските, одново се засилува со цел  по секоја цена да се прифати криминалната спогодба помеѓу  "првата" и "втората" страна (Грција и Македонија). Да се прифати  и насилно Македонија да постане "северна Македонија" во која живеат Македонци / граѓани на "северна Македонија"  со испрани мозоци, таман за топовско месо на НАТО, а на целиот свет како Џиголо, за потсмев!

Ние од секогаш сме страдале од своите домашни изроди, кои за пари си ги продавале своите најдобри национални водачи! Водачи, кои настојувале да ја обноват македонската држава врз темелите на античката македонска монархија, а и врз темелите на нашата понова историја, завршувајќи со создавањето на Република Македонија со АСНОМ од 1944 година. Тие предавства, штетни  и погубни по интересите на македонскиот народ и целовитоста на македонската географско етничка територијата,  не беа толку погубни колку што се предавствата на СДСМ, со "добрососедските спогодби и договори" со Албанците, Бугарите и на крај со Преспанската спогодба со Грција, денес, бидејќи  тогаш се' уште немавме создадено наша национална држава!

Спогодбата со Грција од 17 јуни 2018 година, таканаречена Преспанска спогодба потпишана во Виници на Преспанското Езеро е последен обид еднаш за секогаш да се затвори "македонското прашање" на Балканот, односно инструмент на Западот за наше самоуништување, зошто е донесена со наша согласност, односно со согласност на    Зоран Заев и неговите истомисленици во неговата квинслиншка влада.

За жалење е фактот, што еден голем број Македонци и Албанци на референдумот од 30 септември годинава гласаа за Спогодбата со Грција, од повеќе свои причини, меѓу кои беше збунувачкото референдумско прашање, ама најповеќе од неинформираност за последиците по опстанокот баш на Македонците и неговиот национален идентитет. Неби било толку чудно и загрижувачко што гласаа луѓето  заради не информиранста за вистинските погубни последици по државата и народот во неа, туку е чудно и застрашувачко што меѓу нив се наоѓаат високо образовани и добро информирани Македонци, од кои со право се очекуваше сите сплотени да станеме на браникот на Татковината. Да ја браниме татковината од секакви закани, од надвор но и одвнатре, а не да тргнат по умот на Заев. 

Разбирливи се  криминалните политики на СДСМ и резервираноста на опозицијата, меѓутоа не  и во некои иселенички средини. Така е случајот, за пример, со дел од Македонците во Хрватска, кои пред јавноста ја пропагираат политиката на Заев како корисна за Македонија и дека   решавањето на проблемот  со името   како генијално решение, а Зоран Заев како најпаметен и храбер лидер, можеби и на целиот Балкан. И тоа е случај со интелектуалци и луѓе кои би требало да бидат вистински народни трибуни, а не изроди и предавници полоши и од нивниот миленик и идол Зоран Заев. Нивното неразбирање на ситуацијата во Македонија и не познавање на вистинската македонска историја која лежи на документи и податоци сместени по институциите на светските сили, особено на европските, а при тоа прифаќајќи ги лажните и самопрокламирани "факти" на Грците, Бугарите, Србите, па и Албанцие за чиста вистина, е за секоја осуда и прав дилетантизам.

Во  ВИДЕОТЕКАТА, подолу, го донесуваме видеозаписот од  ПЕТТИ ДЕН, неделна говорна програма на хрватската радио телевизија во која учесниците зборуваат за состојбите во Македонија и постреферендумсокото расположение во земјата. Меѓу другите, се наоѓа и македонски претставник, ПЕТРЕ ТОМОВ МИТРИКЕСКИ, кој толкувајќи ја содржината на спогодбата со Грција се наизрече небулози, покажувајќи ја својата потполна наивност и непознавање на вистинските цели на Грците, но и на домашните владари со Република Македонија, а да не зборуваме за историјата која за него почнува од шестиот век, со "доаѓањето" на  Словените на  територијата на Република Македонија, а да егејскиот дел на Македонија од секогаш бил грчки. Барем по неговите паушални брборења и кога зборува за културното наследство како грчко.

За разлика од толкувањата  на професорот д-р Нино Распудиќ и на другите хрватски учесници во дебатата,  "Македонецот" Петре е прави дилетант, осем во делот од своето зборување кога констатира дека Албанците не се 25% во Македонија, туку помалку и од 17% и дека тие затоа и бегаат од попис стравувајќи од губењето на привелигиите, кои не им припаѓаат.

Но, мислам дека е поарно внимателно да се ислуша и изгледа целиот разговор, па да се види со какви луѓе се среќаваме, не само во Македонија, туку и меѓу нас Македонците во светот!

ЗА НАШАТА СУДБИНА И ИДНИНА,  САМО НИЕ ОДЛУЧУВАМЕ! ЗБРАТИМЕНИ И ЕДИНСТВЕНИ, НИКОЈ НЕ  ПОБЕДИЛ НАРОД ВО НЕГОВАТА СОПСТВЕНА ЗЕМЈА, ПА НЕМА ДА НЕ ПОБЕДИ  НИ НАС!

Ваш Сотир

Участакот во Прилеп.

Елизабета Митревска

11 ОКТОМВРИ - ПОМЕЃУ ИСТОРИЈАТА И РЕАЛНОСТА

***********

Фотографии, асоцијации, потсетувања, гордост. Таков е впечатокот кога ќе се најдете среде меморијалниот музеј "11 Октомври" во центарот на Прилеп, некогашниот бугарски окупациски Участак, полициска станица од виорните времиња 1941-та година.

************

Спомен-куќата на најтешките, но и најсветли моменти од поновата македонска историја останува да ги раскажува приказните за виорните времиња пред 77 години.

Еднокатната зграда, обновена целосно пред седум години, на старите фотографии точно заличува на намената што ја имала - полициска станица, со куќарки пред неа за стражари, а наспроти, мовче за да се премине Градската Река во Прилеп. 

Пред 77 години, кога почнувал жестокиот окупаторски систем во Втората светска војна, непожелно било да се премине реката, да се биде во близина на бугарскиот Участак. Но, недвосмислено, плански, со разработена акција, што ја направиле младите прилепчани, 18 и 19 годишни младинци во три групи, од кои едната на 11 октомвеи 1941 година храбро го нападнала средиштето на окупаторската полициска власт. Другите две со задача да ги прекинат комуникациските жици и да го нападнат прилепскиот затвор (кај денешната Пошта во Прилеп). Успешно да го означат, како што тоа и тогаш го направил Градскиот саат со отчукувањето, почетокот на една ера-нова, виорна, во првите четири години, многу крвава и полна со жртви, но потоа до ден-денес, цели 73 години, окарактеризирана како единствена победоносна со конкретни резултати-создавање сопствена македонска држава, во рамките на некогашната СФРЈ. Истрелот во историската ноќ на 11 октомври 1941-та година останува како победоносен.

Виорни беа годините на Втората светска војна, но не помалку бурни, иако не толку крвави и децении потоа. До ден-денес. Иако државата со крвави настани се соочи во 2001-та.

Историчарите немаат дилема кога е во прашање 11 Октомври, еден од најголемите национални празници и како што милуваат да речат, "еден од најсветлите датуми во поновата македонска историја". И со право, смета историчарот Рубин Белчески, од прилепскиот музеј.

- Единаесетти октомври е почетокот на последното победоносно востание, од многуте, на македонскиот народ и националностите кои живеат во Македонија. Нема дилема дека датумот е најкрупната историска одредница за иднината на Македонија, за почетокот на обликувањето и реализацијата на вековната цел - создавањето сопствена независна држава. Затоа, народното, антифашистичко востание, што симболично го означи "првиот истрел" на 11 октомври 1941 година, со нападот на полицискиот Участак, е последното и успешното, нагласува историчарот Белчески.

Но, Македонија ги живее, се чини, секоја деценија историските моменти. Дваесеттиот век го заврши со раздружувањето и посебното осамостојување од една заедничка држава на федеративни републики (СФРЈ), за новиот 21 век да го почне со турбуленции-воени конфликти (2001-2002), политички преврати, надмудрувања, натегнувања, пак политички, зашто за народот е јасно-која историја е порелевантна-подалечната или поблиската. Токму тој расчекор донесе одредено занемарување на големината на Народноослободителната борба и Револуцијата (1941-1945), за сметка на античкиот и комитскиот период. Тоа се чини, доведе до благо речено, немарност кон симболите од НОБ, од периодот на заедништвото во СФРЈ. Намерно или не, никој до денес не кажал децидно како и зошто "се загуби" единствениот најсилен симбол на херојството од НОБ и Револуцијата-Орденот за народен херој, што на Прилеп му го додели тогашниот претседател на СФРЈ-Јосип Броз Тито. Го доби на 9 мај 1975 година. Единствен од Македонија, заедно со седум града од СФРЈ. Орденот се загуби во лавиринтите на тогашната локална самоуправа, пред 25 години.

Загубен, но не пронајден, орденот, велат златен, првпат деновиве добива копии. Една за музејот, поточно за да го пополни испразнетото место во меморијалниот музеј "11 Октомври", а другата за прилепската локална самоуправа. Директорот на Завод и музеј Пролеп, Благоја Атанасоски, вели дека токму за празникот ќе пристигнат копиите.

-Направени се две копии на орденот: едната ќе биде во просториите на прилепската локална самоуправа, а другата копија во историската поставка во некогашниот Участак, сега меморијален музеј "11 Октомври". Орденот ќе го заземе местото што го заслужува. Се потрудивме да направиме и реплика на мермерна плоча во релјеф и ќе биде изложен во прилепската локална самоуправа, а се очекува, со одлука, да биде поставен и во непосредна близина на локалната самоуправа, вели Атанасоски.

А што велат прилепчани? Како го доживуваат 11 Октомври и по 77 години? Дали за нив е само-пукање во чест на празникот, можност да се излезе на прослава, дотеран со семејството?

Прилепчанецот Симо Димоски, од повозрасната генерација, нема дилема-11 Октомври е празник на гордоста и треба да го има достојното место.

- Единаесетти октомври е најголемиот празник за македонскиот народ. Треба да го почитуваме и да го засакаме како таков. И слушам, барем копија се прави од орденот за Прилеп-град народен херој. Така треба. Орденот треба да се врати. Празникот е гордост за нас, вели Димоски.

Стигна и веста-првпат Прилеп и Куманово заедно ќе го прославуваат празникот. Димоски ја поздравува идејата, оти, вели, таа значи-заедништво.

- Идејата за заедничка прослава на 11 Октомври на Прилеп и Куманово треба да се прослави. Така треба! И не само со Куманово, треба да се обединиме и со сите градови. Најбитно е заедништвото, а не да се делиме, дециден е Димоски.

Помладите генерации прилепчани не сакаат отворено да говорат, па макар и за тоа што знаат и што им значи празникот. Не нудат детали или информации за тоа што е 11 Октомври. За некои е и личен роденден, па имаат пригода да го слават, за други, неинформирани, е победа над окупаторот. А не почеток на борбата. Прилепчанецот Димоски смета дека е виновна недоволната информираност, намерна или не низ годините, за значењето на 11 Октомври.

- Младите генерации се слабо информирани за празникот 11 Октомври. Оттука произлегува нивната незаинтересираност. Претежно си ги гледаат нивните интереси, бараат подобар живот, не ги интересира минатото, а треба. Треба да ги интересираат минатото, но и иднината, која останува на нив. Но, ќе видиме. Од нас зависи како ќе ги убедиме младите да веруваат во минатото и, пред се', во иднината. Тоа е поврзано, вели Димоски.

За историчарот Белчески, не е оправдување филозофијата на новите генерации дека не им треба размислувањето за минатото, кога им се неизвесни, материјално, сегашноста и иднината.

- Не држи оправдувањето за материјалната несигурност на новите генерации за да не ги знаат историските факти. Не е проблем да се знаат историските факти, еве, за 11 Октомври. Наше е уште од мали новите генерации да ги учиме да ја почитуваат таа историја, бидејќи оттука потекнува се'. Често велам - не ја учиме историјата за да го знаеме минатото, туку за да знаеме како да се однесуваме во иднината. Од минатото да ги црпиме грешките, искуствата, за да знаеме што да применуваме во иднината, нагласува Белчески.

Благој Атанасоски, директор на прилепскиот Завод и музеј, вели дека меморијалниот музеј "11 Октомври" го посетуваат учениците, домашните, но и странските туристи. Не може да каже колку годишно е бројката на посетеност, но, вели, охрабрува што има најави дека посетата ќе влезе во задолжнитите ученички екскурзии. Со тоа и се учат фактите од историјата.

- Испративме официјален допис до Министерството за образование и до Министерството за култура за посетите на сите споменици и музеи што ги имаме во Прилеп и околината да бидат внесени во училишните програми. Најавено ни е дека е донесена позитивна одлука, вели Ататасоски.

Единаесетти октомври 1941-та останува една од најзначајните одредници во македонската историја. И за минатото и за иднината.

 

http://lokalno.mk/11/oktomvri

 

 

 

 

 

 

ВМРО-ДПМНЕ

ТУРКАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА ВО СОБРАНИЕТО Е СИЛУВАЊЕ НА ВОЛЈАТА НА ГРАЃАНИТЕ

*****

Зоран Заев нема легитимитет да го менува Уставот за да го смени уставното име на Република Македонија.

 

 

Зоран Заев нема легитимитет да ги менува идентитетот, историјата, културата и традицијата на Република Македонија. Покрај сите нерегуларности, заплашувања, поткупувања и полнење на куитии, граѓаните кажаа НЕ!

1 милион и 200 илјади граѓани му дадоа црвен картон на Зоран Заев и на СДСМ на референдумот. Граѓаните не ја подржаа неговата антидржавна политика и му порачаа дека договорот од Преспа за промена на името е правно - политички мртов. Секој обид за  негово насилно туркање  во Собранието е силување на волјата на граѓаните. Зоран Заев треба да се откаже од капитулантскиот договор за промена на името. Општествено - политичкиот хаос кој го создаде, мора да заврши. 

Политичарите од транзицијата кои ја узурпираат власта во Република Македонија мора да си заминат. Република Македонија мора да тргне напред.

 

**********

Славе Катин

Славе Катин

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

ДЕЛ 27

АЛЕКСАНДАР ТРЕТИ МАКЕДОНСКИ ГО ПРЕСЕКУВА ГОРДИЕВИОТ ЈАЗОЛ

Гордиана

Во првата година од војната Александар Македонски постигна големи успеси. Со победата на Граник цела Мала Азија до Сангар падна во рацете на Александар. Персиската флота немаше пристаниште на морскиот брег за да се укотви се' до Киликија. Немаше веќе персиска војска во Мала Азија и првата цел од панелинистичката програма брзо беше постигната: античките грчки градови во Мала Азија беа ослободени од персискиот јарем и припоени кон Коринтската Лига.

Овие градови, како што покажаа проучувањата на многу места, влегоа во една друга голема ера на развој. Широките региони надвор од нив беа окупирани од Александар Македонски како земји на круната и беа ставени под администрација на намесниците.

Со оглед на брзото победоносно напредување на младиот херој, нема сомнение дека тој беше под посебна заштита на боговите. Тие често испраќаа среќни пророкувања кои  беа толкувани или од пророците во логорот, од кои главен беше Аристандер од Телмес, или понекогаш и од самиот крал. Покрај обичните дневни поднесувања на жртви, тој не пропушташе да ја изрази својата почит и благодарност кон боговите и во посебни пригоди.

На Ефес, на пример, каде што прв пат влезе во јонскиот град, тргна во свечена процесија во чест на Артемис со сета воена опрема. Понатаму, Александар Македонски и' изрази почит на својата богиња, со тоа што им нареди на Ефесијанците данокот што му го плаќаа претходно на Големиот крал сега да му плаќаат на нејзиниот храм. Сродството на Александар Македонски со боговите беше толку блиско, што беше природно да му се припишуваат среќни случки како непосредна интервенција на боговите

Еднаш на пример, Александар се наоѓал на памфилијанскиот морски брег и сакал да оди по тесниот крајбрежен пат кој е прооден само кога дуваат северни ветрови. Во тој момент јужниот ветар, кој дотогаш дувал одеднаш се сврте и започнал да дува од север, со што овозможил Александар Македонски да го продолжи патувањето.

Според Аријан, не само неговите придружници, туку и самиот Александар во овој случај виделе божјо привидение. Тоа не е претпоставка, туку повеќе признание дека како човек ќе беше немоќен без божјата помош.

Подоцна неговиот дворски историчар Калистен во оваа смисла оди уште подалеку. Во пофалбата за Александар тој вели дека морето се повлекло и се поклонило пред него како негов господар, на тој начин изразувајќи ја својата длабока почит. Александар Македонски е роден да биде надчовечко божјо суштество на кое треба да се гледа со почит.

Ова раскажување влијаеше Александар Македонски да се воздигне како син на Амон (331), а метафората "изразување длабока почит" го прикажува времето кога почна да ја добива оа ориенталска слава од персиските потчинети (330). Тоа едноставно придонесе да се смета за галенче и миленик на боговите.

Во врска со историјата на Александар Македонски, треба да се истакне дека кај него постепено се појавувала идејата за освојувач на целиот свет, особено по битката во Гордион. Жителите на ова место имаа едно старо пророштво, според кое човекот кој ќе го одврзе јазелот што беше го врзал кралот Гордие на древната кола посветена на Зевс, ќе стане господар на Азија. Кога Александар Македонски слушна за јазолот во Гордион, го опфати копнеж за оваа мистерија и затоа започна да ја разгледува колата.

По залудните настојувања да ги најде краевите на јажето, со брза одлука ја извади сабјата и го пресече јазолот. Силните грмежи и молњи што ја проследија ноќта, беа протолкувани како божјо одгласување и прифаќање на неговиот начин на одврзување на јазолот. Тој исцело им веруваше на пророците, и оваа легенда од древниот Исток за суверенитет над Азија мора да се одразила многу длабоко во него.

Во меѓувреме, на Запад, по неговото заминување од Халикарнас се случија настани кои можеа да го загрозат она што тој со успех го стекна. Неговиот даровит противник Мемнон, по загубата на Халикарнас, отиде понатаму да го испроба својот план што беше предложен во Зелеија, а тоа беше да води борба во Античка Македонија и во Античка Грција со помош на флотата. Прво Мемнон го освои островот Хиос, а потоа тргна кон Лезбос каде ги придоби сите градови со исклучок на Митилен.

Така, го блокира Митилен од море и од копно и ја започна опсадата. Веста за тоа предизвика голема вознемираност во Циклад и Елас: луѓето зборуваа за нападот на Мемнон на Еубоеја и не само во Спарта туку насекаде постоеше голема надеж за изменување на воената среќа. Меѓутоа, Мемнон ненадејно се разболе и умре пред Митилен. Неговата смрт во тој момент беше голема среќа во животот на Александар Македонски, а тоа никој повеќе не го призна од него самиот.

На првата вест за опсадата на Митилен, многу беше загрижен и им нареди на Амфотер и Хегелок да соберат нова флота на Хелеспонт. Ним, на двајцата, и на Антипатер им даде големи суми пари за воена опрема. Потоа, веројатно пред да го напушти Гордион ја слушна веста  за смртта на Мемнон и се чувствваше како да се извлекол од кошмар.

Александар Македонски имаше  среќа што Дариј, на веста за смртта на Мемнон не го прифати планот за напад на Античка Македонија и на Античка Грција, туку нареди наемната војскаа од Фарнабаз да се врати кај него, да се стави под негова лична команда и да се организира борба против Александар Македонски на копно.

По смртта на Мемнон Персијците презедоа воен напад на запад, ги окупираа Митилен и Тенед, кои го раскинаа договорот со Александар и врз основа на Кралскиот мир повторно влегоа во сојуз со Големиот крал. Александар Македонски сепак можеше без грижа да ја остави на своите адмирали и на Антипатер обновата на островите и смирувањето на запад.

Во пролетта 333 година Александар Македонски го напушти Гордион и замина за Кападокија преку Анкара (сегашниот главен град на Турција), со цел да сврти на југ и со најголема можна брзина да ги освои преслапите на Тавр. Само што помина мал дел од Кападокија Александар не наименува намесник антички Македонец, туку Сабитка - припадник на месното население, со што се потврди дека немаше  сила да го воведе македонскиот режим како што тоа го направи на Запад.

Немаше време да ја пороби целата земја. Само јужна Каподикија со Тавр ја направи намесништво, Северна Каподикија со Понт и со принцот Аријарат не му беа потчинети на Александар Македонски. Тоа остана пукнотина во неговото азискоатичко кралство, а исто така и Ерменија остана независна.

Тој напредуваше толку брзо што Арсам, намесникот на Галиција беше сосема изненаден. Тешко совладливиот преслап на планинскиот венец Тавр беше освоен без тешкотија. Стражата избега кога ноќта се искачи со неколку лесно вооружени единици.

Подоцна, кога дојде до рамнината под планината, Александар дозна оти жителите на Тавр, главниот град, се исплашиле дека Арсам ќе го пустоши нивниот град пред да го напушти. Александар Македонски влезе во градот со својата коњица, а Арсам веднаш избега без да му направи некоја штета на градот.

Во Тавр, херојската кариера на Александар за малку ќе имаше трагичен крај. Во еден топол летен ден тој се фрли во ладната вода на реката Киднус, што течеше од планините низ градот. Доби опасна болест и долго се бореше со смртта во треска и грчеви, судрувајќи се речиси со истата судбина како онаа на стариот владател Барбароса, чиј живот заврши недалеку од Каликаднус.

Веројатно Александар остана жив повеќе како резултат на својата младост и челична конструкција, отколку од примената на медицината на својот верен доктор Филип. Но, сепак, неговиот поход беше за подолго време одложен поради заболувањето кое остави силни траги.

Продолжува 

 

Ацо Шопов

 ********************************

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

*****************

 

 

 

 

 

 

 

 

УБАВИНАТА

  • Ме прогони како жена блудна,
    ненаситна, похотна, осамена.
    Ме грабнува во прегратка пламена
    неизбежно и со сила судна.

    И ме фрла со дланката лесна
    в чудна игра, в чудно компонирање,
    изгаснувам во грч и умирање
    и се враќам в живот како песна.

  • Па со поглед што блинка и зрачи,
    потонувам до дно во модрината
    и кликнувам пак на убавината:
    Прострелај ме со своите лачи!

    Прострелај ме, па се' нека стивне
    без расудок, без празно умување,
    и блесокот на тоа лудување,
    само твојот блесок нека вивне.
    ********
    Автор, Ацо Шопов

ВИДЕОТЕКА

************

Kind regards : 13 октомври 2018 година

Sotir Grozdanovski Broj 172