НЕ ЗА СПОГОДБИТЕ СО ГРЦИЈА И БУГАРИЈА

Сотир

Сотир Гроздановски-Македонски

ИЛИНДЕН 2018

***

Дочекавме уште еден ИЛИНДЕН, сличен на минатогодишниот, но сепак различен. Сличен по коњичката церемонија до Крушево и Мечкин Камен, свечена и на секаде поздравувана се' до своето одредиште до најсветото место на Илинденската македонска епопеја 1903 година и годинашнава, понижена и од градоначалникот на Велес,  Аце Коцевски од СДСМ, означена како не добредојдена во градот и скоро обележена како, некоја врста, "окупаторска" коњица.

Ако минатогодишниот ИЛИНДЕН со потпишувањето на "добрососедскиот" договор помеѓу владите на Зоран Заев и Бојко Борисов, претседател на владата на Бугарија, беше почеток на битката за сериозно разнебитување на Република Македонија,  годинашниов се смета за крај, започнувајќи го со засилените подготовки на референдумот за одобрување на така наречената "Преспанска" спогодба помеѓу Никола Димитров и Никос Коsијас, министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција. И едниот и другиот договор, и ако потписани од актери со различни нивоа во владите на двете соседни земји, ја имаат истата цел, влез во НАТО и Европската Унија по секоја цена и бришење на Македонија како држава и Македонците како народ. 

Ако  тоа беше задачата која Заев требаше да ја реализира и наскоро да нестане од македонската сцена како да ништо не се случило, ќе мораме  да причекаме до есен за да видиме што ќе рече македонскиот народ. По се' изгледа,  сомнежот во лесниот  крај   на Македонија и на сите нас Македонците го уплаши, па затоа па'к, како и секогаш, очекува помош од своите ментори и лични гробари да му помогнат во  одработување на последната фаза на злочинот, референдумот. Да го одработи, да си ја земе наградата и мирно да замине во "рајот". Но, затоа потоа!

Во меѓувреме, насилството  врз истакнати македонски дејци продолжува. Притисокот од албанскиот коалициски партнер Али Ахмети исто така. Референдумот ни се подготвува, заедно со  заканите на  албанските партнери дека ако тој не успее, Албанците на свој начин ќе го решат "македонското прашање". 

А, ВМРО-ДПМНЕ? Каде е неговото раководство во кое се' уште голем број членови веруваат? Зарем се' уште верува во својата моќ дека до колку "не успеел овој референдум, тие ќе постигнеле поарни резултати  за името во идните преговори со Грците". А како ќе го постигнат тоа големо чудо кога условите за влез во евроатлантските интеграции, НАТО и ЕУ, остануваат исти: реализација на Спогодбата со Грција.  Зарем има уште некој во и надвор од Македонија кој верува во такви чуда на политиката која не се разликува од онаа на СДСМ и желбите на албанските партнери?

Во последното јавување преку медиумите, премиерот Зоран Заев изјави дека неговиот мандат трае до 2020 година, но, до колку референдумот не успее, може да му заврши и на 30 септември. Тоа значи, денот, кога граѓаните ќе одлучат со "ДА" или "НЕ" за договорот со Грција, кој е  услов за  влез во НАТО и ЕУ. А пошто секој од нас знае што тоа значи, се подготвуваат и други карти со кои Заев и неговата дружина планира да ја добие битката против својот сопствен народ и сопствената македонска држава.

За последиците од успехот на референдумот на Заев пишувавме и порано, но ево што ни вели и новинарот Горан Момировски во еден од неговите колумни:

- Македонија се согласила да го избрише македонското малцинство во сите соседни земји. Член 49 од Уставот на Република Македонија да биде избришан, односно според Заев да биде направен согласно европските рамки, а според Грција да биде согласно грчкиот Устав член 108 каде се зборува за грчката емиграција и за нивните културно историски, образовни права. 

Самиот чин дека ние сме презеле обврска да ја смениме преамбулата говори во каква ситуација е Македонија. Државјанството ќе биде македонско/ граѓаните на Република Северна Македонија, овој унифициран термин го заменува простиот термин "Македонец" што за Грците е јасно подобрување. Понатаму се наведува дека терминот националност е различен од терминот "етницитет" се оди во детал и нема дилема за тоа што е целта на Грција, да се брише македонизмот.

Согласно тоа, договорот нема да признае етницитет нација, туку право на самоидентификација на граѓаните на соседната држава. Ќе треба на сите споменици во Скопје и Македонија да ставиме јасни плакети дека се работи за симболи на грчката култура, завршува Момировски, во Republika.mk

 

ПА НЕКА НИ Е НА ЗДРАВЈЕ И  ЗА МНОГУ ГОДИНИ, А НА НАШИОТ ПРЕМИЕР НОБЕЛОВА НАГРАДА, АКО ПЛАНОТ МУ УСПЕЕ И АКО ОСТАНЕ НЕ КАЗНЕТ, НА ПРИМЕРЕН НАЧИН !

 

Ваш Сотир

Панде Колемишевски

 

Панде Колемишевски

ПОГРЕШНО ИМЕНУВАЊЕ НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

 ***

 

 ОТВОРЕНО ПИСМО

******************

1. До Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија;

2. До Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија;

3. До Никола Димитров, министер за надворешни работи на Република Македонија.

 

ПОЧИТУВАНИ 

Меѓу политичарите, медиумите и граѓаните, писмено и говорно, потпишаната спогодба за името меѓу Македонија и Грција најчесто се насловува како Преспански договор. Со најдобра намера сакам да ви укажам дека таквото именување не е точно, во секоја смисла е погрешно. Погрешно е формалноправно, територијално, географски и политички.

Официјалниот текст на таканаречениот договор, во македонскиот превод, не го употребува зборот "договор". Тој документ, потпишан од двете страни, носи официјален наслов "Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанок на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните".

Значи, самиот официјален наслов кажува дека не станува збор за договор туку за спогодба. Зошто спогодба, а не договор? Како што е познато, спогодбата со Грција (првата страна) е постигната со помош на принципите на медијацијата и со долгогодишна улога на медијаторот Метју Нимиц. Медијацијата, како вонсудски алтернативен начин на решавање спорови и конфликти, не го користи терминот "договор", туку терминот "спогодба". Принципите на медијацијата подразбираат дека двете страни при решавањето на спорот учествуваат доброволно и по своја волја, со заемна согласност, без примена на сила или закана. На крајот од процесот страните се согласуваат дека избраното решение е заемно прифатливо и еднакво ги задоволува потребите и интересите на учесниците во спорот. За прифатениот компромис, за неговите одредби, двете страни изразуваат согласност и потпишуваат заемна спогодба, која ја пишуваат или двете страни заедно или самиот медијатор.

Значи, да повторам: медијацијата, како специфичен начин на спогодување не го користи терминот "договор", туку само терминот "спогодба". Можеби разликата е само формалноправна, но при вакви спогодби, каква што е оваа, со сите нејзини специфики и можни различни или погрешни толкувања, во суштина, свое внатрешно толкување, своја динамика имаат секој збор, секоја точка и запирка и може да предизвика недоразбирања. Почитувањето на документите не е  само држење до формалноста, туку до фактите и вистината, имајќи во вид дека во македонската верзија на документот насекаде се наведува зборот "спогодба", а не "договор".

 

  • Талат Џафери

  • Зоран Заев

  • Никола Димитров

Село Нивици - Псарадес (грчки)

Како спогодба, а не како договор ќе биде доставена и до Обединетите нации, како финален документ. Под терминот 2спогодба" беше и спогодбата потпишана од 1995-та, но таа се именуваше така како што беше назначена, односно напишана. Собранието и Владата се должни своите официјални документи да ги именуваат со вистинското име и со ниту еден акт да не внесуваат забуна кај граѓаните.

Поради горенаведеното сметам дека сите официјални, државни институции и поединци во Собранието (пратеници), Владата, министерствата и слични органи треба да го користат вистинскиот термин, а исто тоа да им се препорача и на медиумите, се разбира доколку тие се согласат со тоа. Секако, треба да се има во вид дека треба да се почитува нормата на македонскиот литературен јазик, која гласи: читај и изговарај како што пишува.

Второто укажување е во врска со употребата на исто така погрешното именување како Преспански договор. Нормално е да се постави прашањето зошто спогодбата не може да се нарекува Преспански договор или Договорот од Преспа?  Одговорот е повеќе од едноставен: не може затоа што тој не е потпишан во Преспа, барем не во онаа што го носи тоа име. Еве мало објаснување. Преспа, како котлина, како област е компактно подрачје, но во територијален и државноправен и административен поглед е разбиена географски, етнички, говорно, писмено, економски, културно, фолклорно, на три нееднакви дела меѓу Република Македонија, Република Грција и Република Албанија.

Секоја од овие области во трите држави си има свое административно име на јазикот на државата во која се наоѓа. Преспа, како "чиста" Преспа, носи име само (единствено) на територијата во Република Македонија, таа административно е територија на општина Ресен. А тука, на таа територија, не е потпишана спогодбата, таа е потпишана во Мала Преспа, (Микро Преспас), поточно во грчка Преспа, административна општина Лерин.

Меѓу едната и другата Преспа има голема разлика од секаков вид. Ако веќе сакаме да бидеме прецизни, ако се држиме до реалната географска и државнотериторијална прецизност, ако сакаме, според македонскиот јазик и македонската топонимија, може да се нарекува спогодба од Мала Преспа, спогодба од Долна Преспа или, што би било најточно, спогодба од грчка Преспа. Другото прашање што ќе се поставува (а веќе се поставува) е дали спогодбата ќе се именува по самото место на потпишувањето.

Според медиумите, потпишувањето се одвивало во Нивици, според други во Псарадес. Нивици е име според македонската топонимија, име што селото го носело со векови, а Псарадес е грчкиот топоним. Селото е преименувано во 1926 година, кога грчката власт насилно ги смени имињата на сите села и градови во Егејска Македонија. Би било нормално македонската страна говорно да го употребува името Нивици, а доколку се работи за официјално обраќање кон и со Грција, може да се употребува грчкото име Псарадес.

Но сигурно дека најдобра, компромисна и пријателска варијанта би било, покрај Нивици, во заграда да се става Псарадес или обратно.

Се разбира, ако тое некому му е важно или ако не сака да има одредени недоразбирања кога ќе се посочува локацијата на потпишувањето. Ве молам изнесените укажувања да ги имате во вид и доколку ги сметате за исправни, да се заложите за нивна имплементација "ерга омнес".

Доколку сметате дека не соодветствуваат на потпишаниот документ и ги сметате за неприфатливи, ве молам да ми ги образложите вашите гледања зошто не се прифатливи. И ако е така, ве молам да го преработите, да го препреведете документот и секаде каде што стои зборот "спогодба", да го замените со зборот "договор". Како што напоменав на почетокот, писмото ви го упатувам со најдобра намера за да нема натамошни недоразбирања или погрешни толкувања во настаните и дебатите што следуваат.

 

Со почит, Панде Колемишевски, новинар во пензија

https://vecer.press

 

 

 

БИТКАТА НА НОЖОТ

НАЈКРВАВАТА БИТКА ПО ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ

****

НАЈГОЛЕМАТА И НАЈКРВАВАТА БИТКА ВОДЕНА ОД ЧЕТНИЧКИОТ ИНСТИТУТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО ПЕРИОДОТ ПО ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ. БИТКАТА СЕ ОДИГРАЛА НА 14 ЈУЛИ 1907 ГОДИА НА ВРВОТ НОЖОТ, ВО БЛИЗИНАТА НА СЕЛОТО РАКЛЕ, ПРИЛЕПСКО. 

  • Костурската чета на Христо Цветков.

  • Битолската чета на Тане Николов.

  • Битката на НОЖОТ.

По Илинденското востание бугарската, српската и грчката вооружена пропаганда во Македонија се засилуваат. На Рилскиот конгрес кој се одржал во септември 1905 година е донесено решение да им се даде решителен отпор.

Од средината на мај 1907 година четата на Тане Николов е по должината на планината Бабуна, а од месец јуни и 50-члената чета на Михаил Чеков и 30-члената костурска чета на Христо Цветков.

На четата на Тане Николов се приклучува и прилепскиот околиски војвода и член на окружниот комитет Петар Ацев. Кон нив се упатуваат и четите на Иван Наумов и една прилепска реонска чета на чело со Мирче Најденов.

Во регионот се концентрираат вкупно нешто повеќе од 150 комити и скоро 150 лица селска полиција од околните села. Главна цел на Обединетата чета под водство на Тане Николов е чистење на селата во Бабуна планина од србоманските шпиони и конечно уништување на српската пропаганда.

Србоманите од своја страна испраќаат агенти во Битола, Прилеп, Воден, Лерин, Тиквеш и Велес за да ги предадат на турските власти македонските  чети во селото Никодин. По 10 јули турските војници се распоредуваат во целиот регион.

Донесено е и решение главнината да се подели на неколку помали чети, кои земаат позиции околу Никодин. Распределбата е на следниов начин: едно одделение од 40 лица зазема позиција над самото село, другото одделение од 100 лица, кое го сочинуваат главниот дел од комитските сили, се распоредува на падините помеѓу селото Никодин и селото Содржи. Третата единица од 45 лица од Костурската чета (30 луѓе) на чело со Христо Цветков и комити од четата на Михаил Чеков и Мирче Најдов зазема позиција на скалата Ножот над селото, другите две групи (од 8 лица) комити на чело со локалните војводи Секула Ораовдолски и Велко Попадиски се сместуваат под планината Асенова глава каде треба да го чуваат патот меѓу селото Никодин и селото Владиловци, последната група се состои од четите на Тане Николов и Петар Ацев, заедно со селската полиција се височината Попадиските чукари.

На 13 јули војводите се собираат на совет. И покрај одлуката на прилепскиот градски окружен комитет четите да се повлечат, војводите одбиваат и се подготвуваат за отпор на турскиот аскер.

Утрото на 14 јули турски аскер се насочува кон врвот Ножот со цел да ги опколи комитите, а друга група турски војници од исток отвора оган во главната команда.

Комитите кои се наоѓаат на Ножот, отвораат оган по турскиот аскер, 18 комити се искачуваат и ги заземаат североисточните падини на самиот врв. Нивната позиција не им дозволува да гледаат што се случува на другите падини. Турските сили почнале да заземаат позиции околу самиот врв и да го обиколуваат.

До пладне пристигнуваат нови турски единици на чело со Енвер бег. Турската чета ги напаѓа другите 18 млади луѓе на североисточните падини, притиснати и од исток од аскер, сите паѓаат убиени, што го отвора патот за силен напад на Ножот.

Со 7 бомби четниците на Ножот се самоубиле. Четата на врв Асенова глава ги добива нападите од селото Смилевци и се повлекува. Четите на Михаил Чеков и Велко Апостолов - Попадиски се повлекуваат од Попадиската река во правец на селото Подлес.

Со падот на ноќта четите се повлекуваат и турските војници им ја губат трагата. Во следните неколку дена аскерот наоѓа и убива неколку изгубени и повредени четници.

Вкупниот број на загинатите комити во областа на планината Ножот е 67. Од нив 45 загинуваат на самиот врв, други 10 се убиени во подножјето на планината Асенова глава, 6 лица паѓаат при повлекувањето од врвот, 1 е убиен на Мирчовата ледина, 4 комити се опколени во една плевна -  двајцата се убиени, а другите двајца (повредени од предходниот ден) се изгорени живи, еден фатен комита е обесен по два дена во Велес.

По заземањето на Ножот, Турците се изживуваат врз загинатите комити, но Енвер бег го запира сето тоа и наредува почесен закоп во чест на храбрите борци. Телата на комитите по негова наредба се закопани во близина на врвот од локалните селани. Поради каменастата почва и недостаток на земја тие се затрупани со камења и долго потоа делови од телата на комитите се разнесувани низ околината од диви животни и кучиња.

https://opserver.mk

 

 

Филип Втори Македонски

Славе Николовски-Катин

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

ДЕЛ 12

ГОЛЕМИОТ ГЕНЕРАЛ, ДРЖАВНИК И ДИПЛОМАТ ФИЛИП ВТОРИ МАКЕДОНСКИ

 

Архелај, кој потоа ја зазеде круната, користејќи ја положбата, и' даде на својата држава зголемена милитаристичка и политичка важност. Тој изгради тврдини и патишта од воен карактер и темелно ја реорганизира војската, посветувајќи посебно внимание на опремувањето на пешадијата.

Во пресудата на Тукидитците, тој сам направи повеќе од своите претходници заедно. Неговото вклучување во конфликтите со тесалиското дворјанство сведочи за зголемената ударна сила на Античка Македонија. Архелај има заслуги и за воведувањето на античката грчка култура во својата земја, дури повеќе за тоа настојуваше од Александар Први Филелинот.

Во својот дворец, во главниот град Пела, Архелај успеа да развие богат интелектуален живот, поканувајќи најславни поети и уметници од тоа време. Еврипид ги помина со него последните години од својот живот и таму го напиша делото "Бахатки", а во чест на својот кралски покровител делото "Архелд". Тимотеј, големиот и славен музичар и поет, беше еден од неговите гости. Тој дозволи дворецот во Пела да биде украсен со цртежи од Зевс. На Дион во Пиерија под планината Олимп, каде што имаше стар култ на музите, тој постави сценска приредба во чест на Олимпискиот Зевс и музите.

Не се знае каков беше ставот на античките македонски дворјани кон воведувањето на античката грчка култура од нивниот крал, што наведува да се мисли на последните дворци на Диадохите (наследниците на Александар). Веројатно не беше лесно тие да се помират со навлегувањето на античката грчка култура. Но, историјата покажува дека семето не беше фрлено залудно.

Престижот достигнат од Архелај имаше краток век. По неговото убиство (399) започна еден мачен период од четириесетина години. Жестоките борби внатре и надвор на соперничките кандидати за престолот и ненадејните напади од Илирија и Тракија, толку ја ослабија античката македонска држава што на крајот таа стана зависна на постапните предоминантни сили на Елада, а под Аминта стана должник на Илирите.

Вистинското постоење на државата беше доведено до питачки стап, кога во 359 година кралот Пердика, синот на Аминта, беше поразен од Илирите во големата битка и погубен со своите 4.000 луѓе. Од сите страни непријателот навлегуваше во земјата и не помалку од три освојувачи, подржани од странски сили, се кренаа против Филип Македонски, најмладиот брат на Пердика, кој како регент ги зеде во свои раце уздите на владата во корист на својот внук Аминта, младиот син на Пердика.

Во тој најкритичен момент на македонската историја, Филип Македонски, кој тогаш деше дваесет и четиригодишен, поседуваше огромна енергија и вештина. Со брилијантните оружени подвизи и со суптилна и итра дипломатска вештина, тој брзо успеа во отстранувањето на опасностите однадвор и одвнатре и наскоро се прогласи за крал на античката македонска војска.

Во првата година од своето владеење Филип Македонски со своите сили постигна голем успех. Неговите извонредни способности како генерал, државник и дипломат, кој и' обезбеди брз и целосен спас на државата, ни го објаснуваат извонредниот успех на неговата кариера. Сепак, величината на овој човек не беше сфатена се' до деветнаесеттиот век. 

Единствено извонредните успеси на неговиот син Александар Трети Македонски ја осветлува неговата слава до тој период. Сеќавањето за него беше спречувано од најголемиот оратор на Античка Грција Демостен, кој беше негов политички противник, кој жестоко го напаѓаше во своите извонредни говори и во интерес на својата политика сред Атињаните, искривено и со омраза го претстави ликот на Филип "варваринот".

Особено во времето на класицизмот, сите беа заслепени од она што се случуваше за времето на Демостен и прифаќајќи го сето тоа буквално, животниот пат на Филип Втори Македонски беше оценет единствено врз атинско гледиште, а исто така и од становиштето на Демостен. Тоа беше нагласено од политичките карактеристики на периодот. Бартолд Георг Наибур имаше голема омраза спрема Филип Македонски, кого во својата концепција на историјата, го споредуваше со Наполеон, а пред Аустерлиц го објави преводот на првото дело "Филипик", на Демостен, за да направи политички ефект против "бунтовникот" како што е прикажан со мотото што стои на него.

 

 

ПЕЛА - престолнината на Македонија

За да се создаде вистинската слика за Филип Македонски, историчарите треба прво да се ослободат од атинското и од Демостеновото гледиште. Тоа современо иследување, според примерот на Ј.Г. Драјзер, се' повеќе е насочено кон едно правилно гледиште дека македонскиот крал Филип мора да се оценува само преку остварувањето на античките македонски интереси.

Доколку тоа се прави сега, Филип Македонски ќе се претстави како еден од големите владетели на светската историја, не само поради то што ги постави темелите на подвизите на својот уште пославен син Александар Македонски, кој со својот сопствен гениј изгради еден нов свет, туку и како човек кој имаше далекусежни погледи и постигнувања.

Овде нема доволно простор детално да се објасни на кој начин Филип Македонски, почнувајќи од малата држава што ја создаде, постапно ја зголемуваше во секој период; на запад ги победи Илирите и оствари влијание над Епир, на исток се бореше против Тракијците, на север втаса до Дунав, а на југ со борба го обезбеди брегот на морето што беше суштествено за македонскиот развој, како и за развојот на полуостровот Халкидик, ја победи Тесалија, а порешително се замеша дури и во античките грчки работи.

Сите овие зафати кои го прикажуваат во калеидоскопски модел и активен ту овде-ту таму, само се одраз на една голема идеја што тој ја поседуваше многу порано, можеби од почетокот, за да го направи својот македонски народ господар на целиот Балкански Полуостров.

Оваа империјалистичка програма беше подигната на највисок степен во неговата политика со поцелосното воведување на античката грчка култура, преобразувајќи ја Античка Македонија во вистинска цивилизирана држава. Тоа беше она што силно го поттикна неговиот владателски карактер. Примерот на Архелај беше следен од Пердика, кој на дворот се здружи со платонистот Ефро и од него ја научи геометријата и филозофијата.

Филип Втори Македонски привлече многу истакнати Елини на својот двор. Тој со успех ја реализира идејата, поканувајќи го Аристотел да го воспитува наследникот на престолот и презеде чекори за големо приспособување на елинската култура во својата сопствен замја: го воведе јазикот на Атина во врховниот суд, како и во администрацијата и при формирањето на својот милитаристички систем ги следеше античките грчки модели. Иако се познати само мали број резултати од овие напори, сепак тие јасно покажуваат на неговата главна намера: да се интензивира елинизацијата на својата земја.

Оваа политика на цивилизирање имаше последици. Доколку таа беше цел на Филиповиот план да доминира не само над главниот дел на Балканскиот Полуостров, туку и над Елада, тој не можеше да ги обедини античките Грци, како што направи со Илирите и Тракијците во својата Античка Македонска империја, туку мораше да најде некоја друга форма за обединување која би го зачувала лицето на античките Грци, а нивната положба да биде значително поподнослива. Нему притоа му беше јасно дека контролата над Античка Грција  неопходно ќе го вовлече во конфликт со Персиската империја, зошто со Кралскиот мир контролата и врховната власт на Елада му припаѓаа на персискиот крал.

Од друга страна, пак, доколку Филип Македонски сакаше да ја победи Тракија и северните брегови на Пропонт и Босфорот, а тоа беше негова  голема желба, со цел да го обезбеди овој воден пат, да ја прошири и да ја заокружи својата империја до брегот на Мала Азија, тоа не можеше да го направи без војна со Персија. Во врска барањето на Исократ, може со сигурност да се тврди дека многу одамна, покрај непосредната цел за осигурување на Балканскиот Полуостров, Филип Македонски беше обземен и со идејата, иако само како далечна цел, за елинистичка комбинација за војна против Персија.

 

 

Македонија и Егејскиот свет околу 200 п.н.е.

Тоа се разбира само по себе дека Филип, господар на дипломатијата, сите овие идеи и планови за иднината ги држеше притаени во своето срце. Но, ако требаше тоа да го изврши, тој бараше војска која ќе биде готова да војува. Без сомнение и со варварите, па дури и повеќе со античките Грци, тој често ги постигнуваше своите цели со подмитување, но главно неговите успеси се должат на неговиот добар меч. Неговата реорганизација на македонската војска е навистина дело и гениј, а бидејќи беше креатор на воениот систем, што Александар Македонски го презеде, мора да му се оддаде извесно признание и за тоа.

Важно е дека Филип Македонски во својата младост три години живееше во Теба како заложник и таму се запозна со стратешките методи на Епаминонда. Кога дојде на престолот, ја презеде и ја започна реорганизацијата на војската така наречената "кос строј на борба", изум на Епаминонда, која предизвика револуција во тактиката. Дотогаш Елините обично се бореа во паралелни линии.

 

Продолжува

Република Македонија

 

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

******

САМОСТОЈНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

 

4. Патот кон ООН

 

Во почетокот на 1993 година македонската влада достави Меморандум до Бутрос Гали, генерален секретар на ООН. Во меморандумот се бараше полноправно членство на Република Македонија во ООН, проследено со препораката од ЕУ. Забелешките од грчкиот меморандум беа во спротивност од македонскиот: да се спречи приемот на Македонија во ООН, да се покаже дека тоа ќе предизвика нови опасности и ризици за мирот и стабилноста на Балканот.

Тоа беше за прв пат во историјата на ООН една држава, во случајот Грција, да се спротивстави на приемот на друга држава, да побара да и' се даде ново име или името да го направи прифатливо за неа како услов да биде примена. За многу експерти и членови на ООН случајот беше чуден и бизарен, но тој беше создаден и присутен. Беше сосема јасно дека тој не ќе може да се реши ниту со сила ниту со примена на едноставни етички принципи. Исто така, беше сосема јасно дека во процесот на преговарање нема да биде можно да се постигне договор без отстапки или да се убеди другата страна.

Конечно по долги разговори и консултации, на 7 април 1993 година, Советот за безбедност, со Резолуција бр. 817 (1993), му препорача на Генералното собрание на ООН да го прифати барањето на Македонија, употребувајќи ја деликатната формулација: "држава која за употреба во Организацијата привремено ќе и' се обраќаат како Поранешна Југословенска Република Македонија се' до надминување на разликите со името". Така Македонија стана 181-ва членка на ООН. На седницата на Генералното собрание, претседателот Глигоров одржа говор во кој се заблагодари за приемот и изнесе ветување дека Македонија ќе се придржува кон принципите на ООН.

Македонското знаме, исто така, беше оспорено од Грција и не беше поставено на Ист Ривер. Во текот на целата 1993 година стотина мултилатерални групи, мировници и претставници демократски институции претстојуваа во земјата, а најголемиот број од нивните извештаи беа позитивни и подржувачки. Како последица на овие контакти и извештаи, кон крајот на 1993 година, најголемиот број од земјите членки на ЕУ воспоставија дипломатски односи со Република Македонија и отворија амбасади во Скопје.

Во тој момент, освен со Грција (и покрај тоа што Македонија беше рамноправна членка на ООН), односите и со другите соседи не беа регулирани: ФР Југославија (Србија) одби да ги нормализира односите и да воспостави дипломатски односи, притоа, имајќи целосно хармонизирани односи со Грција, држејќи го отворен пакетот со претензии (малцинското и граничното прашање); Бугарија, признавајќи ја државата, не сакаше да ги признае македонската нација и македонскиот јазик; додека Албанија инсистираше на името "Поранешна Југословенска Република". Сите соседи на Македонија сметаа на некои отстапки и корист, кои требаа да произлезат од несогласувањата со Грција.

Во стварноста, многу од отворените прашања во врска со надворешната позиција на Македонија, во втората фаза, беа поврзани и зависни од претстојните разговори со Грција во Њујорк. Таму, наместо брз договор за името на државата, средбите се развија во долги информативни разговори, кои траат се' до денес. 

На крајот, во првите денови на септември 1995 година, со непосредна помош од Сајрус Венс и неговите соработници, беше подготвен Нацрт-привремен договор, подоцна окфалификуван како "бисер на дипломатијата". Владите на двете држави го прифатија договорот, но не без колебање и тешкотии и ризикуваа нивно сменување. На 1 септември 1995 година министрите за надворешни работи и медијаторот го потпишаа договорот во Њујорк.

Со Привремениот договор со Грција, Македонија се обврза да го промени националното знаме. За возврат Македонија доби: признавање како независна и суверена држава, воспоставување на дипломатски односи, признавање на неповредивоста на постојните граници, пакет на сигурносни мерки, промоција на економската соработка и трговија, можност за културна размена, па дури да не се создаваат проблеми од Грција за македонското аплицирање во меѓународни, регионални или мултилатерални организации. Со договорот Македонија не презеде обврска да го промени името.

Процесот на признавање беше завршен во Белград на 8 април 1996 година, кога Србија го потпиша Договорот за регулирање на заемните односи и за подршка на соработката меѓу Репулика Македонија и ФР Југославија. Овој договор имаше долгорочно значење за Македонија, бидејќи Србија директно беше вовлечена и претставуваше заинтересирана страна, имајќи го предвид Букурешкиот мировен договор од 1913 година, а исто така беше и единствена членка на поранешна Југославија што се спротивставуваше на независноста на Македонија.

Во надминувањето на дотогашната српско-грчка стратегија во однос на Македонија, Србија отиде и чекор подалеку. Таа не само што се врати во концепцијата дека Македонија има право на национална држава и на името Македонија туку, исто така, го призна и државничкиот континуитет на Македонија од 1944 година. Со тоа приказната за борбата за независност и сувереност на Македонија речиси беше завршена. Така прашањето што беше поставено како "македонско" и отворено од крајот на 19-от век беше одговорено на крајот на 20-от век.

Од 1998 година во Македонија се забрза процесот на приватизација. Се одржаа и третите парламентарни избори, на кои победи ВМРО-ДПМНЕ. На 30 ноември 1998 година беше избрана новата македонска влада со премиер Љубчо Георгиевски. Како колационен партнер во Владата влезе и ДПА (Демократска партија на Албанците). Владиниот кабинет го сочинуваа 26 министри.

 

Продолжува

 

Жаклина Михајлова

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

******

 

 

 

 

ЗАДОЦНЕТ ВОЗ

Од "Двојник"

 

  • Немој ни солза да
    пуштиш ако умре,
    не зборувај тогаш ти,
    не барај, не чепкај,
    по мислите не бркај...

    Се растури се'
    што беше столб.

    Се' се сруши наеднаш
    како кула од карти.

  • Пак биди глув за воздишки,
    биди слеп за постоење,
    биди тврд на себе,
    биди без мирис,
    вкуси ја горчината,
    гледај се' самиот
    како и секогаш,
    прости си предвреме!
    *********

    Автор: Жаклина Михајлова, поетеса

 

*************************************

Kind regards : 02 август 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 156