СОНЦЕТО СТОПАН НЕМА !

Сотир

Сотир Гроздановски-Македонски

КОНСТАТАЦИИ МНОГУ А РЕШЕНИЈА НИЕДНО

***

 

Од 17 јуни о.г. кога во Виници, село на брегот на Преспанското Езеро, грчко-македонските владини претставници  го потпишаа меѓусебниот приватен договор за тотално разнебитување на Република Македонија заедно со идентитетот на македонскиот народ, не се случија многу настани кои во доволна мера  ги возбудија или пак вознемирија Македонците. И не само во татковината, туку на секаде по светот. А нивниот број е многу поголем, од оној во самата Република.

По се' изгледа дека времето за извршување на гнасниот злосторнички чин кое предавниците и изродите, заедно со нивните наредбодавци, добро го испланираа, веројатно се совпадна со  подготовките на многу македонски семејства своите годишни одмори да ги спроведат, надвор од Македонија.  

Но, и покрај тоа, до последниот кобен ден не се очекуваше дека ефектот на  потписите ставени на парче обична хартија ќе предизвика  болно-вознемирувачки чувства длабоко во душите кај голем број Македонци, на кои  договорот со Грција  им беше и остана приоритетна и главна грижа. Грижа, особено кај тие, на чии плеќи лежи судбината на татковината и не сакаат да ја остават сама во времиња вакви и никакви, со предавници  и изроди секакви.

Шокот кој се почувствува со потпишувањето на тој капитулантско-предавнички договор со најголемиот злосторник на македонскиот народ, Грција, истата вечер извлече од македонските домови на улица, пред Собранието на Република Македонија, голем број луѓе, мажи, жени, деца, стари и млади, инвалиди и болни граѓани.  Сите излезени  да го бранат достоинството свое и на македонската држава,  не очекувајќи дека нивниот мирен собир ќе биде брутално попречен и многу од нив повредени од гасните бомби, исфрлени врз нив од "народната" полиција на македонската држава.

И навистина ја доживееа "демократската" средба со новата власт која ни донесе нов живот за сите и во убаво општество еднакво за сите. До колку е тоа воопшто можно со "човеко јадци" .

Како никогаш до тогаш, полицијата со сите свои сили и не предизвикана, го истресе целиот свој бес и омраза врз  голоракиот и длабоко понижен Македонски народ. Не штедејќи ги гасните бомби, полициските палки, гумените куршуми, борбените и оклопни возила, сето тоа купено со потта и страдањата на тие маченици,  како ѕверови им се нафрли на луѓето кои дојдоа мирно да го изразат своето незадоволство. Спрема нашите извори, очевидци на настаните,  како да не им беше доста солзавецот само пред Собранието, туку како диви животни ги гонеле  луѓето по улиците, фрлајќи и додатни гасни бомби со очита накана и физички да ги ликвидираат.

Во споредба кога "шарените револуционери" урлаа, уништуваа се' пред себе, и на крајот ја урнаа легално избраната власт во државата за да ја донесат оваа на чело со нивниот тогашен  лидер и соучесник во уништувањето на зградите на државните институции и денешен премиер, еден од најголемите квислинзи и предавници кој македонскиот народ го имал во својата средина и на чело на било која поранешна влада, Зоран Заев,  сегашните безбедносни сили на Република Македонија се однесуваа сосема непријателски спрема мирните и незадоволни луѓе кои излегоа да си ја бранат својата татковина. Најверојатно, и тие не беа Македонци, кога на таков брутален начин се однесуваа спрема Македонците во нивната сопствена земја. А кои беа тие "безбедносни сили", само министерот за внатрешни работи може да даде одговор на тоа прашање.

И ако после една недела од тој настан ништо драстично не се има случено во земјата, стравот од деновите кои доаѓаат е голем.  Омразата  спрема владата на Зоран Заев  со секој изминат ден расте и се заканува со силна експлозија, која може да сотре многу  невини животи, но и да причини   штети со несогледиви и трајни последици  не само за Македонија, туку и пошироко.  Бурето со барут е преполнето, се чека само некој да го подметне фитилот.

Оваа гарнитура на владатели   ја помина и последната црвена линија преку која никој во последните 20-тина години нити сонуваше дека е можен и таков чекор. Се случи со  леснотија, со длабок цинизам и омраза спрема својот сопствен народ и македонската држава, те постана преседан во светската историја кој ќе се изучува во идните цивилизирани општества, како своеврстен феномен. Ќе се изучува по примерот на блескавите војни и политички успеси на Александар Македонски, но не како настан во полза на македонскиот народ, туку како настан, со кој за една година  Зоран Заев без и еден испукан куршум успеа да го разнебити сето негово наследство постигнато во една деценија крварења и на крајот платено со неговиот сопствен живот. Али не само тоа!  Од името на сите нас, за секогаш да се одрекне од древната македонска историја, култура, јазикот македонски, и се' друго со белег македонски во полза на душманите без своја историја "вредна хвале", во ранг на македонската. 

За вакви услуги за сигурно постоат и награди. Тие веќе му се однапред одредени на македонскиот Јуда заедно со дупка во главата, откако ќе им ги заврши договорените услуги на своите надворешни наредбодавци. 

И пред и после конечниот удар врз Македонизмот во Македонија, врз душата на Македонците, нивното бурно и богато минато и надежите за посреќна и по мирна иднина, "меѓународната заедница" не лулкаше таму и ваму, нудејќи ни стап и морков  како би се уверила  колкав  е отпорот на македонското стебло и длабочината на коренот што го држи со векови  насочено кон височините на иднината. И, на крајот ни ја најде слабата точка длабоко во нашата душа. Го изнајде ѓаволот  скриен и притаен со векови  чекајќи ги своите пет минути за да се појави на дневната светлина и со цела погана сила да го нападне телото кое го хранеше и негуваше. 

И ако имаме многу мудри и високо образовани глави во македонското општество кои се' знаат што се случува и зошто се случува, но се' уште немаат смелост да ни го кажат своето решение како да се справиме со злото што не спопадна, делумно со нивно активно или пасивно учество. Немаат смелост да станат на чело на колоната и заедно сите да ги отфрлиме срамните и крајно понижувачки договори кои оваа квинслишка и предавничка влада ги потпиша со нашите вековни непријатели и злосторници на македонскиот народ. Затоа би го завршил овој мој текст со зборовите како повик, но и охрабрување:

 

НИЕ ИМАВМЕ РЕФЕРЕНДУМ КОГА НИ ТРЕБАШЕ! ДРУГ НЕ НИ Е ПОТРЕБЕН КАКО ТАПАНИ ПОСЛЕ СВАДБА!

НИ ТРЕБА НОВА, МАКЕДОНСКА ВЛАДА! 

ДРАГИ МОИ, НЕ Е НИШТО ГОТОВО, ДУРИ НЕ БИДЕ ГОТОВО!

Ваш Сотир

 

***************************

Академик Ферид Мухиќ

Ферид Мухиќ

УКИНУВАЈЌИ ЈА "МАКЕДОНСКА" ОД МАНУ, Е ДОКАЗ ДЕКА СЕ УКИНУВА ЕТНИЧКИОТ ИДЕНТИТЕТ НА МАКЕДОНЦИТЕ КАКО НАЦИЈА

***

 

Независниот пратеник од владејачкото мнозинство, Ферид Мухиќ,  во дебатната емисија "Само Вистина" ги потврди ставовите за тоа зошто договорот со Грција, кој беше подржан од останатото владејачко мнозинство во Собранието, значи уништување за македонскиот идентитет и нација.

Мухиќ посочи точки во Договорот кои носат кон бришење на македонската нација. Како што самиот и кажа, со тргање на "македонска" од името на највисоките национални институции како што е МАНУ и Македонскиот народен театар, е чист доказ дека македонската нација веќе не постои.

- Со ова Македонија свесно се обврзува да ја укине својата национална институција, таа од највиок ранг, МАНУ, но и македонскиот народен театар!  Што пречи тука? Народен - не пречи. Теaтар - не пречи. Што пречи? - македонски! Зошто? Затоа што македонски посочува кон нација, а нема нација. Не можеш да имаш национален  театар затоа што не постoи  нација. Можеш да имаш народен театар на Северна Македонија и тоа не го забележувате, а тоа е експлицитен доказ дека со ова се укинува етнички и културен идентитет на Македонците како нација, а со тоа на сите други. Дефакто нема ни Албанци ни Турци, ни Бошњаци ни Роми. Веќе со oва сите се само граѓани на Северна Република Македонија, истакна Мухиќ.

Тој со ова ги негираше ставовите на Владата кои велат дека со овој Договор се заврстува македонскиот национален идентитет. Мухиќ вели дека со бришењето на "македонски" од институциите е трикот со кои во Договорот се негира македонскиот национален идентитет.

Мухиќ појасни дека сите академии на науките и уметностите се национални, како што е српската, хрватската, бугарската, француската и така натаму и додаде дека со овој договор Македонија губи национална академија, каде што и тоа е еден голем преседан.

23 јуни 2018 година

https://kurir.mk/makedonija/

 

 

Отец Ивица Тодоров

 

 

Бев сведок на

КАЗНЕНИОТ ЕКСПЕРИМЕНТАЛЕН ПРОТЕКТОРАТ СО РАБОТНОТО ИМЕ

"СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА"

ВО АКЦИЈА

***

 

Да, на 17 јуни 2018 година, пред Собранието на Република Македонија имаше тензија, имаше и попуштени нерви! Имаше огромно незадоволство од начинот како се дојде до капитулантскиот договор Заев - Ципрас, а особено имаше незадоволство од понижувачката содржина на самиот договор и огромниот број на казнени одредби против македонскиот народ и држава!

Луѓе!

Па завчера Македонците и Република Македонија доживеаа такво понижување и кршење на достоинството, што не може да се изрази ниту со зборови, ниту со бројки. Па, кај други народи и во други држави за помали нешта избувнуваат сенародни протести, сеопшта граѓанска непослушност и тотално блокирање на државата! Да, вчера имаше тензија, имаше и провокација кон полицијата од поединци, но од ПОЕДИНЦИ со попуштени нерви или со проблематична мотивација! Времето ќе покаже! Но 99,9% од учесниците на протестот, навистина, беа нервозни и не задоволни, но мирни! Својата нервоза и не задоволство ја олеснуваа со своите пријатели и познаници со разговор, со песна, со болен крик силно извикан и се' така до моментот кога специјалната полиција започна без никакво претходно предупредување, без никаква сериозна причина да фрла солзавец и шок бомби помеѓу насобраниот народ. А тој народ, во најголем процент беше составен од повозрасни луѓе, од родители со деца, од домаќини луѓе, од јавни личности, професори, политичари...

И не само што брутално и со употреба на преголема сила го разбија протесниот собир, туку тргнаа кон луѓето кои бегаа кон Градскиот трговски центар за малку воздух, тргнаа како "ловци по плен", тргнаа непрестано фрлајќи солзавец и шок бомби без да внимаваат каде истите ќе паднат"! Во тој "лов по плен" настрадаа и луѓе кои онака случајно се најдоа во Жена парк или ГТЦ!

Бев директен сведок на овој ужасен и срамен терор! Медиумите можат, вака или онака да пренесуваат, но, кога со свои очи ќе видиш, е, тука нема место за манипулација и пропаганда. Беше срамно, но и отрезнувачко!

Сите Македонци, како во државата, така и во туѓина, сите одговорни граѓани на РМ, сите луѓе со добра волја нека видат на што е подготвена предавничката влада на казнено експерименталниот протекторат со работно име "Република Северна Македонија"!

Да, многу често од љубов и грижа знам да го критикувам својот народ, но вчера мојот македонски народ ми влеа сила и надеж дека не е со скршена кичма. Има тој сила и достоинство во себе!

Нема да допуштиме повеќе некој да не омаловажува, обезвреднува, разделува, понижува, лаже и уништува!

Нема да допуштиме на кормилото на нашата татковина да доаѓаат повеќе политички профитери, искомплексирани личности, манипуланти, криминалци, предавници...

Вчера Македонија докажа дека може, а и мора да се бори за себе!

Бог, ОНОЈ кој ја има полнотата на моќта, да благослови и нашиот македонски народ, но и народите на нашите соседни држави да разберат дека ние мора да живееме заедно, но со взаемна почит и разбирање! Мора така, зашто нема друг начин! Или ќе бидеме со Бога или Злиот, преку своите слуги, ќе не земе под свое за тотално да не уништи и понижи!

 

Ваш во Христа и љубовта кон Македонија и Балканското единство - презвитер Ивица Тодоров.

17 јуни 2018 година

http://mn.mk/komentar/

 

 

Славе Николовски-Катин

Славе Николовски-Катин

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

ДЕЛ 7

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА АНТИЧКИТЕ ГРЦИ ВО ЧЕТВРТИОТ ВЕК

 

По пропаста на Атина и на Атинската империја во Пелопонеската војна, Спарта стана победник и продолжи со брутална жестина да ја воспоставува својата врховна власт над античките Грци и да воведе олигархиски институции наместо демократиите што предходно им беа омилени на Атињаните. Победата, меѓутоа, не беше извојувана со сопствени сили, туку преку скандалозниот сојуз со Персија, откажувајќи се од своите братства во Мала Азија, потомците на аеолијанските, ионијанските и доријанските колонии, во полза на Големиот персиски крал.

Иритирани од бесмислениот став на радикалните демократи на Атина, наместо да го обновата Мирот на Калијас со Дареј II, се вплеткаа во внатрешните работи на Персиската империја, а Големиот персиски крал од 412 година, ги помага Спартанците со своите неисцрпни средства. За возврат на тоа, тие беа подготвени, без национално гнасење, да се откажат од античките Грци во Мала Азија, за чија слобода Делијанската лига што била организирана од Атина се бореше активно се' до 448 година, која се зема за дата на Мирот на Калијас.

Персиското злато е тоа што ја изгради флотата со која Спартанците го совладаа отпорот на Атина и најпосле се истошти и капитулира, и така во еден напад Персиската империја и покрај внатрешната слабост, станала значаен фактор во античката грчка историја.Вистина е дека Спарта, која наскоро се скара со својот сојузник, веќе се компромитира во Суса со тајната помош на принцот Кирус во нападот со славните десет илјади против својот брат Артаксеркс Мнемон и го крена мечот против Персија, според официјалните извори, со цел да ги заштити азиските Антички Грци, кои беа казнети за нивното учество во таа експедиција.

Но, патриотските мотиви одвај можеа да бидат решавачки фактор за тоа, зашто пред тоа тие ладнокрвно ги наградија градовите на персијците. Тоа, всушност, беше повеќе алчност да се задржи силната позиција што ја освојиа во Мала Азија, главно, пред големиот Лизандер, а можеби исто така желбата, како што сакаа боговите на Античка Грција, да се исчистат себеси од дамката на сојузот со Персија.

Меѓутоа, додека спартанските војски најпрвин под други команди и на крајот под командата на Агесил се бореа против Персијците преку море, дома владее омраза од бруталното владеење на силата. Затоа се појави заедничко движење во Спарта, Теба, Атина, Коринт и Аргос, кое го принуди Агесил да ја прекине војната со Персија и да се бори во Елада против сојузниците.

Потоа, повторно персиското злато  ја одигра својата улога, меѓутоа, овој пат на страната на сојузот. Повеќе решавачки ефекти од победата на Агесил кај Коронеја имаше победата над персиската флота во Книд под команда на Атињанинот Конон (394); тоа значеше пропаѓање на моќта на Спартанците на море, а Конон можеше да ги обнови ѕидовите околу своите градови со помош на персиското богатство. Оваа меланхолична граѓанска војна, меѓутоа, која увредливо ја покажа бедата и неизлечивите делби на античката грчка групација, продолжи многу години со променлив успех.

По бунтот во Атина, Атињаните беа охрабрени и го подржаа револтот во Персија на кипарскиот принц Еугора и непослушноста на Египет, а со новото групирање на силите ја доведоа Спарта во врска со Персија, па таканаречениот Кралски мир беше склучен во 386 година, што истотака беше именуван според вештиот Спартанец кој  го договори мирот со Анталкид.

 

 

 

Партенонот во Атина

Уште во 392 година, тој Анталкид, заедно со намесникот Тирибаз имаше дебатни расправи со претставниците на сојузите на Сардис. Тогаш Атињаните се' уште беа доволно силни да бидат единствена сојузна држава која, врз патриотска основа, го одбија персиското барање за отстапување на брегот на Мала Азија и не признаваа оти античките Грци кои живееја во Азија му припаѓаат на Големиот персиски крал.

Поради тоа и поради други причини, спогодбата беше прекината. Меѓутоа, сега Анталкид, кој исто така беше вешт адмирал, успеа со дополнителна подршка на бродовите на Дионисиј I од Сиракуза да ги затвори Дарданелите за Атињаните и да ги притисне исто како и во 405-та година. За отпор повеќе немаше можност. Античките Грци покорно го примија мирот што Големиот крал им го испрати од Суса до Сардис во најпонижувачка форма преку Анталкид, со кој тој ги имаше поставено своите услови.

Кралскиот проглас содржеше два параграфи и едно одобрение. Првиот параграф вели дека сите антички грчки градови во Азија, како и островите на Клазомена и Кипар треба да му припаднат на Големиот персиски крал, според вториот параграф сите други антички грчки градови, големи и мали треба да се слободни и независни, а исклучок да бидат Лемнос, Имброс и Скирос, кои и' беа оставени на Атина. Одобрението, пак, потврдува дека кралот во сојуз со градовите што беа со ист дух би воделе војна на море и на копно против секој оној што не го прифаќа мирот.

Врз основа на овој проглас, мирот беше потврден во Спарта по пат на заклетва на сите присутни, на конгресот. Така, елинистичките братства од другата страна на морето најпосле му припаднаа на Големиот крал. Параграфот за автономија се однесуваше не само на интересите на персиската монархија, во која влезе и дел од античка Грција со безбројни суверени заедници, (полиси), туку и поединечно на интересите на Спарта, уште повеќе што беа укинати сите лиги на државите на кои не им се гарантираше автономијата.

Според тоа, Тебанската лига беше веднаш распуштена, додека Пелопонеската лига, чии членови само по името беа автономни, останаа да постои под раководство на Спарта. Во таа смисла, Кралскиот мир беше триумф за Спарта, која требаше сега да врши надзор над точното извршување на условите во жалосна улога на персиски застапник.

Несомнено, многу кусогледните партикуларисти, кои беа неспособни да научат од практиката, беа против тоа стариот идеал за слобода и независност да му биде загарантиран на секој полис. Така, подобрите елементи паднаа во немилост, зашто овој мир, кој, како што Исократ го постави, не беше договор, туку диктатура, им беше наметнат од персискиот крал, а тој сега како официјален заштитник вршеше врховна контрола над античката грчка политика.

Срамот беше уште поголем откако војничката супериорност на античките Грци беше загрозена по експедицијата на Десетте илјади, и можеше да го направи можно освојувањето на Персија, доколку наместо нивното не единство се постигнеше обединување на силите. Од најголема важност за да се разбере четвртиот век е да се сфати дека срамниот мир од 386 година беше основен Закон во Елада во период од половина век, а товарот сега беше многу поголем. 

Филип Втори Македонски прв ја поткопа основата на овој мир со обединување на нацијата во неговата Коринтска лига, а Александар Трети Македонски целосно го укина со уништувањето на Персиската империја.

Крајот на кралскиот мир беше проследен со тешки години за Античка Грција, во кои Спарта ја искористи својата нова хегемонија за да си ја прошири  силата уште подалеку. Како заштита од спартанското напредување, Атина успеа во 377 година да формира една нова Античка морнаричка лига, во која според условите на Кралскиот мир им гарантираше слобода и автономија на секој член на лигата.

Со претпазливост кон грешките кои предизвикаа разединување на првата морнаричка лига, во петтиот век, беше формирана друга организација, чија главна цел беше во тоа што секој член требаше да испраќа претставник во Федералниот совет (Синедрион) со седиште во Атина, а кој требаше да биде во врска со Собранието на атинскиот народ.

Додека оваа лига во неколкуте наредни години се прошири во Северна и во Централна Античка Грција и на островите на исток и на запад, со успешни операции на античките генерали Камбриј и Тимотеј, Теба во меѓувреме брзо зајакна во борбата со Спарта, под раководството на Епаминонда, со обнова на тврдината Кадмеја, која Спартанците ја зазедоа во времето на мирот со брутално насилство според тогашните правила.

Непосредната цел на Епаминонда беше формирање на една обединета Ботијанска држава и кога мировниот конгрес во Спарта во 371 година се противстави на ова, врз основа на Кралскиот мир, тој го налути конгресот и кај Леуктра му зададе силен пораз на спартанскиот крал Клеомброт, така што спартанската воена надмоќност, заврши за сегогаш.

Оваа борба кај Леуктра исто така беше од најголемо значење за развојот на македонскиот воен систем: со таканареченото "косо борбено-постројување", кое Епаминонда - неговиот пронаоѓач и еден од најголемите воени гении на сите времиња, најпрвин го примени овде, а подоцна беше приспособено и проширено од кралот Филип Македонски, Александар Македонски победуваше во своите најголеми битки, како што направи и Фредерик Велики кај Леутен.

 

Продолжува

Карта на Македонија

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

***

ФЕДЕРАЛНА МАКЕДОНИЈА ВО ЈУГОСЛОВЕНСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА

(1945-1991)

ДЕЛ 98

 3. Периодот на политичкиот либерализам, делегатскиот систем и договорната економија (1971-1991)

 

 

Од почетокот на седумдесеттите години започна нова етапа, карактеристична по обидите за воведување на политичкиот либерализам, делегатскиот систем и договорната економија (1971-1991). Тоа беа тенденции што природно се противставуваа една на друга така што не беше можно да се очекува успех. Во овој период беа извршени неколку промени во оопштествено-економскиот и политичкиот систем кои доведоа до криза во државата и создадоа услови за осамостојување на Република Македонија, како и на другите републики од тогашната СФР Југославија.

Се разбира дека овие процеси не се одвиваа пеку ноќ. Се појавија повеќе обиди во политиката и во другите области да се најде излез од длабоката криза во која западна југословенската држава. Иницијативите за нови уставни промени повторно не изостанаа. Сега тие беа иницирани од честите собири на кои се договараа идните стратегиски параметри на развојот. Она што беше прокламирано во партиските документи се преточуваше во уставните. Беше оценето дека уставните акти не задоволуваат, па во текот на 1967 година започнаа иницијативи за нови уставни промени, овој пат амандмански. Ваквата определба беше мотивирана од судирот во политичкиот врв на Југославија, кој резултираше со отстранување на некои српски раководители (Александар Ранковиќ), обвинувани за нивното залагање за централизам и за примена на "цврста рака" во раководењето со федерацијата. Промените ги забрзаа и некои либерални појави во Хрватска, кои беа најавени како спонтано "масовно движење" (МАСПОК) зад кое, всушност, стоеше идејата за самостојна Хрватска. Ни Македонија не беше сосема имуна од таквите тенденции, но тие не беа така силно изразени или, пак, не беа доволно сериозно сфатени, туку беа потценети од страна на југословенскиот политички врв.

По завршувањето на амандманските промени на сојузниот, кон крајот на 1971 година на ист начин се интервенираше и во Уставот на СР Македонија (I-LXXXI амандмани). Промените, конечно, беа вградени во Уставот на СФР Југославија и во Уставот на СРМ дури во 1974 година.

 Основни карактеристики на овие уставни промени се децентрализацијата на федерацијата и давањето поголеми права на републиките. Напоредно со"верифицираното" самоуправување, како "трајна" определба на југословенскиот систем, беше воведен делегатскиот принцип на избирање на делегати, номиниран како "делегатски систем". Партиските конгреси, како резултат на новиот дух, почнаа да се одржуваат по обратен редослед, односно, прво републичките, а потоа конгресот на СКЈ. Во суштина, тоа немаше некое големо значење при постоењето на основниот принцип во СКЈ, наречен "демократски централизам". На конгресните расправи неодминлива остана темата - "борба за социјалистичко самоуправување", а Сојузот на комунистите, за прв пат и во Уставот на СФРЈ и формално беше промовиран како "водечка и идејно насочувачка политичка сила". Во стопанството, притиснат од потребата за пазарна економија, но и за економија во која СКЈ би ја зачувал водечката позиција, беше промовирано ново решение, познато како "договорна економија". Нејзината суштина беше во тоа да се формираат и да се поврзат поголеми системи на производни и други претпријатија, тие да се организираат во асоцијации, кои би се договарале што ќе произведуваат и по која цена ќе ги продаваат производите. Тоа беше надвор од логиката на пазарната економија, но сепак им одеше во прилог на поразвиените републики, бидејќи тие ги диктираа пазарни цени кои, не ретко, беа повисоки од светските. Освен тоа, тие определуваа кои претпријатија што да произведуваат. За неразвиените републики и Покраината Косово беше основан посебен фонд чии средства беа, не ретко, нерационално користени. Продолжува 

***************************

 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

***

 

 Ацо Шопов

 

УТРЕ

Да, се' мина веќе и свршено се' е.
Се' ко молња денес згасна во темнината.
Па сега сум море каде пустош тлее
и солза сум само в зеница истинита.

Можеби за болот друго срце треба
и тагата да е лач на месечината,
можеби јас нема да се најдам себе,
можеби... Но слеј се, слеј се со тишината.

И заборав утре кога ќе ме скрие
и сто сонца светнат над нас во висината -
во моите очи еден зрак ќе бие,
една жива струја и дах на вистината.
*******

Автор, Ацо Шопов

***************************

Kind regards: 25 јуни 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 151