НЕМА ДА ЛЕГАЛИЗИРАМ ПОЛИТИЧКИ ДИВОГРАДБИ - ЃОРГЕ ИВАНОВ

Сотир

Сотир Гроздановски

СЛОБОДАТА НА НАРОДОТ ДОАЃА ОДВНАТРЕ

 

Македонија не е земја како  другите во светот. Македонија е света земја и таква ќе остане. Ќе ја биде, зошто е вградена во мудроста на Библијата, која е вечна. Ќе биде вечна и ако ја почитуваме, чуваме и пред се' ја љубиме и секогаш во душите ја носиме. Нејзината судбина сме ние, Македонците и граѓаните во неа. Ние сме нејзината сила, нејзината сегашност и иднината, нејзина.

Македонија никогаш не била затворена во себе и живеела само за себе. Била секогаш отворена, привлечна како прекрасна сликовница. Па и затоа, можеби, изложена во очите на нечесните и алчните како лесен плен. Но, само привидно. Зошто, "кој во неа ќе влезе, жив  нема да излезе, ти го ставаш в гроб", вели убавата народна песна на македонската легенда, Васка Илиева.

Слободата никогаш не ја добила од надвор. Македонците знаеле дека "тој што ќе ти ја даде, кога ќе посака, може и да ти ја земе". Рекол нашиот национален херој Гоце Делчев, Кукушанецот. Затоа, секогаш за Слободата Македонците се бореле, крвареле и коските ги оставале на секоја рамнина, на секоја чука, гора и долина среќни, дека дале нешто како аманет  за идните македонски поколенија. Да ја чуваат земјата македонска, како самите себеси, од надворешни но повеќе од внатрешни предавници и изроди.

Така било од дамнина, па до ден денешен и така ќе биде! Од времињата на Филип II и синот негов, Александар III Македонски.

Затоа и денешните премрежиња, заедно со  предавниците од најлош вид   ќе поминат, како и многу пред нив. Но,  како предострожност за сите нас и оние кои доаѓаат ќе останат  како горчлив спомен, дека и братот не е секогаш брат и затоа чувај се, како од враг.

 

НЕ МУ ВЕРУВАЈ НА ГРКОТ И КОГА ПОДАРОК ТИ НОСИ!

 Ваш Сотир

 

 

 

Ѓорге Иванов, претседател на РМ

НЕМА ДА ЛЕГАЛИЗИРАМ ПОЛИТИЧКИ ДИВОГРАДБИ - НЕМА ДА МЕ ПОКОЛЕБААТ СО ЗАКАНИ И ПРИТИСОЦИ, МАКЕДОНЦИ ИМАИТЕ ВЕРБА!

 

 

Дозволете ми да ве информирам дека денеска за прв пат на увид ми беше доставен постигнатиот Договор меѓу премиерите на Република Македонија и Република Грција. На средбата што изутринава ја имав со премиерот  Заев и министерот Димитров им кажав дека ова е нивен личен Договор, нивна лична одлука и нивна одговорност. И им укажав дека овој штетен Договор претставува напуштање на досега изградените суштински државни позиции, а кои беа потцртани на последните лидерски средби. Тоа се неменување на Уставот и не прифаќање на име за севкупна употреба, или erga omnes. Ваквиот штетен Договор кој е единствен во историјата на човештвото за мене е недостоинствен и  не прифатлив. Со него се крши Уставот, законите и се рушат државните институции. Нема да легализирам политички дивоградби.

Владата не смогна сила и храброст да изградиме заеднички став и да се постигне национален концензус. 

Целиот овој преговарачки процес се одвиваше несериозно, неодговорно и не транспарентно, зашто сведочи и крајниот резултат.

Почитувани граѓани, текстот на договорот е поразителен за Република Македонија. Со него не се предвидува само промена на уставното име, туку промена на Преамбулата како и на сите членови на Уставот каде се споменува името и термините произлезени од името Македонија.

Дали е патриотизам да се менува Преамбулата и да се избрише државно-правниот континуитет на Република Македонија? Крушевската Република и АСНОМ! Дали е патриотизам бришење на членот од Уставот за заштита  на македонското малцинство во соседните земји? Дали е достоинствено да се информираат сите членки  на Обединетите Нации дека сте го промениле уставното име? Дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми? Дали е лидерство да се прифати текст на Договор во кој нема никаква правна сигурност и гаранции за македонската страна?  Со ваков Договор се отвораат многу повеќе  прашања и проблеми од колку што се затвораат. Прашања, со несогледливи последици по македонската држава и  Македонскиот народ. 

Грција успеа да ги исполни сите свои максималистички барања.  Одговорно тврдам, дека тоа што го направи со Македонците во Грција,  сега преку овој Договор настојува да го направи со Македонците во Македонија. Со ваков Договор  не се јакне македонскиот идентитет, туку се деградираат  стекнатите права кои ги имаме во Обединетите Нации. Се погазува заветот на нашите предци, на оние кои со чисто срце го создаваа вековниот идеал и стремеж за наша една и единствена Македонија. Се погазува  73-годишното право на самоопределување и државност на  Македонскиот народ. Се бриши 27-годишната историја на независната Македонска држава. Се' што е свето за Македонија е погазено. А правото и гордоста на неродените да бидат Македонци, им се ускратува.

Република Македонија ја губи својата суверена еднаквост, што произлегува од Повелбата на Обединетите Нации.

Повикувам да се престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби.

Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош Договор., кој ќе предизвика несогледливи штети  и последици по државните и националните интереси на Република Македонија. Ваквиот Договор не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира.

Како Претседател на Република Македонија, како досега така и во иднина ќе се залагам за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на Македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.

На крај, го повикувам Македонскиот народ, каде и да се наоѓа, да не се плаши! Не ја губете вербата во себе! Чувајте го , негувајте го  нашиот многувековен идеал на НЕПОКОР!

Мојот став е конечен и нема да ме  поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани! Нема да подржам и потпишам ваков штетен  текст на Договор.

 

Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија

Скопје, 13 јуни 2018 година

проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

 

Тања Каракамишева-Јовановска

ЈА ГЛЕДАТЕ ЛИ ПОГУБНАТА СТАПИЦА МАКЕДОНЦИ?

 

 

Очигледно е дека на грчките политичари и натаму им смета чле 49 од Уставот на РМ каде стои дека "Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на Македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија,  го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив".

И покрај тоа што во 1992 година под директен притисок токму на Грција, македонската страна се согласи да го дополни член 49, став 1 со уште еден став содржан во уставен амандман со кој се посочи дека "Републиката  при тоа нема да се меша со суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи", станува јасно дека и овој амандман не ги задоволи грчките апетити и интереси.

Но, позадината на ова грчко барање е страотна, запрепастувачки погубна за Македонците, секако за тие што знаат правилно да ја прочитаат и интерпретираат.

Сега, како што читаме по медиумите, со новиот Договор се бара од македонските власти комплетно да се откажат од грижата за Македонците што живеат во соседните земји, односно да се откажат од Македонците што живеат во Егејскиот дел од Македонија, но и од Македонците што живеат насекаде во светот.

Ова нивно експлицитно барање значи јасно упатен ултиматум до Македонските власти повеќе да не смеат да покажат грижа за правата и за положбата на своите сонародници во Грција, но и на сите Македонци во светот поради фактот што НЕ СЕ ЕДНОРОДНИ СО НИВ!!!

Што значи ова?

Многу едноставно. Ако евентуално ние, Македонците што живееме во нашата држава се согласиме и одлучиме да го промениме нашиот национален идентитет во Северно Македонци, тоа ќе значи и де јуре и де факто разлика меѓу нас и меѓу Македонскиот народ што живее во Грција, но и Македонците што живеат во другите држави во светот.

Грчките власти не случајно бараат целосно бришење на постојната уставна одредба и нејзино усогласување со грчката формулација што постои во нивниот Устав.

А што вели нивниот Устав?

Членот 108 став 1 од Грчкиот Устав на кој упатуваат Грците во договорот во делот на истородноста аналогно со грчкиот Устав гласи: "Државата мора да се грижи за емигрантите Грци и за одржување на нивните врски со Татковината. Државата ќе биде присутна во образованието, во социјалниот и професионалното унапредување на Грците што живеат надвор од државата. Во посебен закон ќе бидат уредени прашањата поврзани со организацијата, функционирањето и надлежностите на Советот на Грците што живеат надвор, а чија што мисија е поврзување на сите грчки заедници ширум светот".

Ако ние, хипотетички, сме согласни да го промениме нашиот идентитет во Северно Македонски тоа практично би значело дека ние тука Северно Македонците и Македонскиот народ што живее во Егејскиот дел од Македонија или на друго место во светот НЕ СМЕ ИСТОРОДЕН НАРОД, ќе значи дека ние немаме ништо заедничко со Македонците што живеат во дијаспората, бидејќи никаде во светот не постојат и не живеат Северно Македонци.

Оваа нова кованица што ни ја смислија Грците како нова вештачка творба не е ниту случајна, ниту без јасна цел. Таа треба да направи јасна разлика меѓу нас и другите Македонци, меѓу нас што живееме на територијата на државата Северна Македонија и никаде на друго место во светот и нив другите Македонци.

Ние, Северните Македонци нема да имаме ништо заедничко со Македонците што живеат во Грција или во другите држави во светот. Со тоа, практично ние доброволно се откажуваме од сите наши сонародници!

Самите ќе треба да се откажеме од милионите наши сонародници кои живеат надвор од нашата Татковина и нема да можеме да бараме нивна заштита или образование или културно заедништво со нив, бидејќи ќе бидеме народ различен од нив!

 

ОВА ДРАГИ МАКЕДОНЦИ Е КЛАСИЧЕН НАЦИОНАЛЕН И КУЛТУРЕН ГЕНОЦИД ШТО ГРЦИЈА САКА ДА НИ ГО НАПРАВИ ВО 21-ОТ ВЕК, ВО ЕРАТА НА РАЗВОЈОТ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА!

ОВАА ЛАКРДИЈА НЕ СМЕЕМЕ ДА ИМ ЈА ДОЗВОЛИМЕ ПО НИТУ ЕДНА ЦЕНА!

 

 

Ципрас и Заев

 

 

ГРЧКИТЕ МЕДИУМИ ОБЈАВУВААТ ДЕТАЛИ ОД ДОГОВОРОТ

 

 

1. Договорот е целосно во согласност со националната црвена линија за комплексно име со географска одредница за ерга омнес употреба, која е иста 20 години.

2. Прифаќањето ерга омнес е голем дипломатски успех за Грција, бидејќи не беше прифатено во минатото. Ова значи дека нашите соседи не само што ќе го користат договореното име во нивните меѓународни односи, меѓународни организации, меѓународни форуми и меѓународни документи, туку и во рамките на земјата.

3. Името "Република Северна Македонија", кое во нашата земја ќе биде признаено како " Северна Македонија (без англиски превод)", става крај на иредентизмот во името "Република Македонија", кое е уставното име на соседот и кое е признато од повеќе од 140 држави во билатералните односи, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина.

4. Владата не само што успеа да го натера Скопје да прифати ерга омнес, туку и го обврза соседот на директна уставна ревизија.

5. Уставната ревизија е огромна победа за Грција, бидејќи таа беше дел од нашите црвени линии, кои ги имавме во изминатите 20 години, а беше следена од сите партии и влади, но тоа беше црвената линија и на сегашната влада, а Скопје никогаш претходно не се согласила да го промени својот Устав со меѓународен договор.

6. Договорот предвидува Грција да го ратификува договорот само откако ќе заврши уставната ревизија во соседната земја. Поканата за НАТО и отворањето на фондовите на ЕУ ќе се спроведува по ратификацијата на договорот од страна на македонскиот парламент, но нејзиното пристапување кон двете организации ќе биде направено по уставната ревизија, бидејќи поканата експлицитно вели дека е неважечка ако не е исполнет договорот (види член 7 подолу).

7. Со овој Договор ја земаме назад нашата историја, симболи и традиција, бидејќи во договорот со соседната земја се прифаќа разликата меѓу грчките Македонци, нивната древна грчка култура, нивниот јазик и регионот во кој живеат и народот на таа земја со своја историја, јазични и културни карактеристики од друга страна.

8. Името ќе биде запишано во македонскиот Устав со ревизија. Во исто време, повеќето од 140 земји кои ја признаваат земјата денес со терминот Македонија ќе ја препознаат како Северна Македонија.

9. Името целосно ја издвојува оваа земја од грчка Македонија и нејзините три региони (Источен, Централен, Западен).

10. Крај на неодговорноста се потврдува на повеќе формални начини, бидејќи гаранциите се дадени на најексплицитен и недвосмислен начин, кој елиминира, спречува и ги сузбива сите видови на ирационална реторика и акции, без разлика дали доаѓаат од јавни или приватни ентитети.

11. Договорено е сите ирационални референци да бидат избришани од уставот на соседот. На пример:

а) ќе се отстрани, верното копирање на соодветното поглавје поглавје во грчкиот устав. Во овој контекст, членовите за заштита на "македонските малцинства" во соседната земја ќе бидат отстранети;

б) статијата за заштита на границите се заменува со бришење на сите проблематични референци;

в) ќе се отстранат сите, дури и имплицитни историски референци на иредентистички ставови во Преамбулата на Уставот.

12. Договорот предвидува дека државјанството во Северна Македонија ќе биде Македонско/ државјанин на Република Северна Македонија. Овој унифициран термин го заменува простото "македонско" во моментов на патните исправи, така што е јасно подобрување.

Грција ќе го признае државјанството / државјанството како "граѓани на Северна Македонија".

Се забележува дека поимот "националност" е различен од етничката припадност. Како резултат на тоа, договорот не ја признава националноста / нацијата, туку правото на самоидентификација на граѓаните на соседот. Членот 7 од договорот наведува дека нашите граѓани имаат можност да ги идентификуваат нашите соседи со кој било термин што го користат. (Види член 7 подолу).

13. Нашите соседи веќе го сменија името на аеродромот, нивниот автопат и нивниот стадион. Ќе има размена на споменици со  Општина Солун или ако размената не се одвива, договорот предвидува дека соседната земја ќе има плакети на статуите и спомениците за да стане јасно дека тие се симболи на грчката култура (на пр. Скопски плоштад ќе има натпис дека се однесува на хеленистичкиот период и ќе биде обележен како симбол на пријателството на Грција - Македонија).

14. Иако јазикот на "македонскиот јазик" бил признаен од страна на Грција во рамките на ОН од 1977 година, договорот содржи дополнителна јасна формулација дека тој припаѓа на семејството на словенски јазици, како и експлицитниот запис дека овој јазик е одвоен од античката култура и грчко-македонското јазично наследство.

15. Сите агресивни определби на владини и јавни институции, како и државни / културни организации финансирани од државата ќе бидат дефинирани со терминот "Северна Македонија", додека дефиницијата "Македонија" се укинува.

16. Ќе биде формирана Работна група на експерти, која ќе мора да се занимава со прашања за трговски марки од 2019 година во рок од 3 години.

 

https://plusinfo.mk/грчкитр-медиуми-објавија-16-точки-од-дог/

 

 

Славе Николовски-Катин

Урлих Вилкен

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

ДЕЛ 5

ИЗВОРИ ЗА ВИСТИНАТА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

*** 

"Тhere iz nothing impossible to him who will try"

Alexander the Great

 

Според Урлих Вилкен, Александар го добил епитетот "Велики" од Римјаните. Имено, се знае дека Александар е многу популарна личност во сериозни изториски пишувања и во прикаските, дека тој го заслужуваше епитетот "Велики", дека славните Римјани се споредувале со него и дека неговиот вечен дом во Александрија стана место на аџилак за многу прочуени луѓе. Прикаските за Александар очигледно се едноставни и вистинити или невистинити, евентуално го формираат главниот дел на литературата, односно само оној дел што е зачуван.

Оригинален извор за походот на Александар во Азија е Калистен од Олинт, кој бидејќи беше внук на Аристотел, беше препорачан на Александар. Калистен беше си обезбедил место како славен историчар за античка Елада-Грција во четвртиот век пред н.е. и во тоа учествувал со силна желба, станувајќи хроничар на амбициозниот млад крал. Задачата што му била дадена од Александар има две значења: да води официјална историја за походот во Азија, односно да води белешки и кога ќе се врати да ги публикува во античка Елада-Грција. Но, македонскиот владател не бил во најдобри односи со античка Елада-Грција.

Иако имале желба да го подржат Александар во Азија, каде што би бил помал проблем за нив, тие вистински не го сакале. Така задачата на Калистен била да го направи Александар поприфатлив кај античките Елини-Грци, да ги објавува извештаите за активностите на кралот кои ќе ги убедат Елините дека нивниот владател не е примитивен македонски селанец.

Со време, меѓутоа, односот меѓу кралот и историчарот се изменил откако Александар присвоил некои церемонијални обичаи од Азија, карактеристика на животот во дворот против кои дури и ласкавецот Калистен бил против.

Смртта на Калистен во 327 година пред н.е. силно се одразила врз пренесувањето на кажувањата за Александар. Прво, дошло до застој на "официјалните" податоци, како што била пропагандата што се испраќала во античка Елада-Грција и хрониката што ја водел Калистен. Второ, неговата смрт веројатно предизвикала реакција против Александар меѓу членовите на школата на Аристотел.

Се спомнува дека мнозина од следбениците на Аристотел, меѓу кои биле вклучени и некои од најдобрите писатели и мислители од тоа време, го прифатиле непријателскиот став спрема Александар, поради егзекуцијата на внукот на големиот филозоф. Анти-Александровата предрасуда се задржа дури и до денес. Така, многу од последните преданија за Александар не се темелеа само врз ласкавото пишување на Калистен, туку и врз пост-Калистеновото непријателство.

Други елинистички преданија се темелат врз лични сеќавања. Александар не успеа да номинира наследник. Набргу по неговата смрт, целиот источен Медитеран и западна Азија биле зафатени со непријателска војна помеѓу неговите војсководци. Борбата за наследство продолжила и траела околу две децении.

Во почетокот на третиот век пред н.е., меѓутоа, потомците решиле да се  изврши поделба на старата Александрова империја во бројни елинистички кралства. Освен тоа, кога војната завршила, некои од генералите кои се бореле на страната на Александар, започнале да ги пишуваат своите мемоари (генералите во секое време не се воздржувале од пишување).

 

ПЛУТАРХ

Во целост, раскажувањето на Плутарх е поволно за Александар Мекедонски, на некои места е многу трогателно и е изведено од бројни извори, од кои некои тој ги именува. Ако се суди според бројот на другите писатели што тој ги цитира, Плутарх бил еден од најчитаните во античко време. Никој толку многу не успеал во формирањето на преданијата на својот "Александар". Изгледа дека неговиот одбран начин на композиција го прави ова возможно.

ДИОДОР 

- презентира дури и поголеми проблеми. Никаде во книгата за Александар Македонски не ги споменува изворите на податоците, иако има доста заедничко и со Плутарх и со Аријан. Диодоровото кажување обично е бледо, често конфузно во одговорите на прашањата за хронологијата и географијата и заостанува во идентификацијата за големата тема или за мотивот во животот на Алекандар Македонски, зад улогата што Фортун ја игра во определувањето на курсот на човековите дејства. Тој е автор кој дава многу подобар материјал, но кој мора да се употребува со внимание се' додека не се каже за неговите методи и традициите што ги следел.

 

КУРТИУС

пак, ни дава најколоритни зачувани историски податоци. Неговата книга "Историја за Александар" (History of Alexander) е високо реторична, загонетна со невозможен јазик, а содржи добро определени неласкави преданија. Во содржината на неговата книга се дадени и информации за бројот на настаните, забележани на различни места, иако често е тешко да се определи до која мера ваквите кажувања се веродостојни.

Природата на книгата "Историја" ("History") од Куртиус е таква што ги поведе современите критичари да се сомневаат дека неговиот главен извор е Клитарх, како многу популарен автор кој веројатно пишувал во третиот век пред н.е., а чија лага за значењето на подвизите на Александар можела да биде најшироко позната во класичниот свет. Освен тоа, Куртиус дури и го споменува Клитарховото име во две пригоди и доколку Куртиус навистина се потпирал врз Клитарх, за кого класичната антика има лошо мислење како сигурен историчар, тогаш изворот на Куртиус е сомнителен.   Продолжува .

Република Македонија

 

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА

НА МАКЕДОНИЈА

***

ФЕДЕРАЛНА МАКЕДОНИЈА ВО ЈУГОСЛОВЕНСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА

(1945-1991)

ДЕЛ 96

 

 

 

 

1. Административно-централистички период

(1945-1953)

Административно-централистичкиот период во НР Македонија започна напоредно со воведувањето на административниот централистички систем во југословенската федерација, по кого e и наречен овој период, бидејќи беше во функција на нејзиното јакнење. Сепак, тој во Македонија има некој свои специфичности и посебности. Со сите негови слабости, тоа е период во кој беа направени првите чекори во "заодувањето" на македонската држава, за разлика од некои други републики, кои веќе имаа каква-таква државнотворна традиција. Тешкотиите што неминовно се појавија во оваа етапа, овде беа поголеми.. Имено, во текот на првите години непосредно по ослободувањето на земјата, со постојаниот занес од успехот во војната и од конституирањето на македонската држава, со силен ентузијазам, мотивиран делумно и од агресивната партиска пропаганда, се пристапи кон обнова на земјата и кон организирање на државната економија. Техничката хендикепираност, која во Македонија беше најизразена, се надоместуваше мануелно и со примитивни средства. На странски капитал не можеше ни да се помислува, бидејќи идеолошките предрасуди спрема капиталистичките односи во Македонија, која беше најревносен исполнител на замислите на федерацијата, тешко се надминуваа. Поради тоа Македонија не ги искористи реалните можности што се нудеа од САД прeку таканаречениот Маршалов план за обнова на земјите настрадани во антифашистичката војна.

Веднаш по ослободувањето интензивно се започна со менување на сопственичките односи, во функција на подржавување на приватната сопственост. Промените се одвиваа доста болно. Конфискацијата, експропријацијата и аграрната реформа, како форми на подржавување на приватната сопственост, имаа за цел да извршат промена на титуларот  на сопственоста, но во нив беа содржани и политички цели и намери, да стекнат имот учесниците во војната. Имено, мнозинството учествуваше во неа со таков мотив, а факт е дека тоа им било ветувано на луѓето од страна на организаторите на борбата. Некои привилегии што требаше да се обезбедат се подразбираа само по себе и тие беа очекувани. Особено беа болни промените во аграрно-сопственичките односи. Се уриваше постојната традиција во аграрот, па зeмја добиваа и такви учесници што ниту можеа, ниту, пак, сакаа да ја обработуваат.  Приватната сопственост на земјата беше ограничена на прилично мал посед, кој не можеше да создава акумулација, туку обезбедуваше само преживување. Од друга страна, производителите беа должни да ги продаваат своите производи по цени што им ги определуваше државата, а тоа доста дестимулативно се одразуваше на производството.

Промените во целокупната сопственичка структура не беа пресметани да се стимулира продуктивноста, туку да се стимулира државната сопственост. Претпријатијата беа опфатени од гломазни и бирократски главни и генерални дирекции, кои ги собираа приходите од производството, а на работниците им обезбедуваа буџетски средтва. Производството и растот беа планирани во рамките на петгодишни планови, по примерот на советските "петолетки", притоа, не беше важно дали планираните производи ги бара пазарот. Па така, за пазарна економија не можеше да стане збор, а тоа негативно се одрази на економскиот развој. Веднаш по нејзиното формирање, Владата на ДФМ, повикувајќи се на воените успеси и особено на успехот во конституирањето на македонската држава како највисок историски дострел дотогаш, објави акт познат како Декларација на Владата на ДФМ. Во голема мера таа беше копија на Декларацијата што во почетокот на март 1945 година ја објави владата на Јосип Броз Тито. Во неа се напуштени некои изворни решенија содржани во документите на АСНОМ, како на пример определбите во Декларацијата на АСНОМ, иако на нив се повикува.  Ова особено се однесува на сопственоста, која во Декларацијата на АСНОМ се гарантираше како едно од основните права на човекот и граѓанинот. Декларацијата на Владата на ДФМ се занимава со политички и идеолошки прашања, како на пример јакнеењето на "братството и единството" на југословенските народи. Таа се определи да работи на создавање цврста југословенска федерација, држава во која Македонија би опстојувала како нејзина членка. Се сметало дека тоа е единствениот "правилен" избор за иднината на македонскиот народ и неговата држава. Затоа, уште од самиот почеток, Владата на ДФМ интезивно го помагаше водењето, а и самата водеше "цврста" пројугословенска политика, додека за унапредувањето на стопанскиот развој на заостанатата федерална Македонија се ангажираше малку. Нејзините очекувања главно беа насочени кон југословенскиот врв.

Фаворизирањето на административно-централистичкиот модел на управување во југословенската федерација, а со тоа и во одделните републики во неа, во голема мера беше предизвикано и од општите општествено-економски и политички прилики во Југославија. Во тие околности, кога се' уште не беше јасно како ќе се прифати воведувањето на комунистичкиот систем на уредување, кога уште беа присутни одделни опозициони истапувања и неаздоволство од начинот на подржавување на сопственоста, како и од решавањето на националното прашање, југословенската раководна структура сметаше дека е загрозено воспоставувањето на системот на новата власт и беше присутен страв од реставрирање на стариот предвоен систем во Кралството Југославија. Факт е дека и однадвор одделни земји, сојузнички во движењето и во борбата против фашизмот, го поттикнуваа и го помагаа реставрирањето на капиталистичките односи во новата југословенска држава. Па така, конституирањето на новата власт во Југославија и во Македонија се одвиваше во неповолни политички услови и состојби, диктирани од надворешниот фактор.

Одделни западни земји изразуваа отворено незадоволство од изборот на системот на државното уредување во Југославија по моделот на Советскиот Сојуз, бидејќи нивната основна идеолошка доктрина беше борбата против комунизмот, како опасно зло не помало од комунизмот. 

САД побараа преиспитување на договорите што беа заклучени со Кралството Југославија, додека Велика Британија веќе заговараше спуштање на "железната завеса" кон Исток. Советскиот сојуз и' даваше подршка на Југославија, а тоа на Запад беше толкувано како обид да се воспостави советска  контрола над средна и југоисточна Европа. Јазот на недоразбирањата се продлабочи по избувнувањето на Граѓанската војна во Грција 1946 година, кога Британија и воено интервенираше за да ја спречи наводната "советизација " на Грција. Тој настан беше искористен за воведување терор и прогонување на Македонците од Егејска Македонија, а тоа, покрај политички последици, во Македонија предизвика и сериозни економски тешкотии наложени од потребата да се згрижат бегалците. Агресивноста на грчката десница спрема Македонците беше мотивирана и од некои неодмерени изјави на одделни функционери од федерацијата, но и од расположението на македонското ослободително движење во Грција спрема новосоздадената држава во југословенската федерација. Поради очигледната определба за воведување на комунистчкото уредување во Југославија, капиталистичките земји долго време тактизираа и одбиваа да ги прифатат и да ги признаат промените во неа. 

Таква клима на страв беше присутна и во Македонија иако, реално гледано, не постоеше толкава опасност како што се заговараше од постоењето на наводниот "македонски сепаратизам". Сепак, извесен сепаратизам пројавуваа некои групи од албанска националност, организирани во војната низ системот на Бали комбтар, но тие остатоци не беа силни и беа разбиени во текот на 1945 година. Не ретко опасноста од постоењето на наводниот "народен непријател" беше смислено лансирана за да може да се инсталира силна  државна власт и поголема контрола над масите. Таквата политика водеше кон репресии спрема оние што пројавуваа незадоволство од новиот режим. Овие појави не само што не ја одминаа Македонија туку во неа, како најпослушна членка на федерацијата, се создадоа поволни услови за пресметка со неистомислениците.

Донесувањето на уставните документи се сметаше за клучен момент во конституирањето на административно-централистичката власт. Но, како што е спомнато, тоа мораше да се реализира во неповолни политички и економски услови. Донесувањето на овие правни акти беше потребно да се направи затоа што Југославија како федерација и нејзините републики немаа основни акти кои би го определиле нивното функционирање како држави. Навистина, беа донесени општи прописи според кои правото од бившата кралска југословенска држава, која се распадна во Втората светска војна, можеше да се применува, но само доколку тоа не  е во спротивност со новото уредување на државата и на новите општествени односи што се создаваа. Но тоа беше недоволно. Истото правило беше прифатено во документите донесени од АСНОМ и доследно почитувани кога беа во прашање прописите во Македонија. Но, за разлика од некои други републики, подготовките за донесување на првиот устав на НР Македонија не се одвиваа врз некоја утврдена политичка платформа, туку се чекаше најнапред да се донесе Уставот на федерацијата, а потоа и на републиките. Уставот на федерацијата ги определи рамките и на републикичките устави, но во Македонија изостана јавната дискусија за предложените уставни решенија, за разлика од некои други поразвиени републики каде што таквата дебата овозможи полиберални решенија. Така, Уставот на ФНР Југославија и Уставот на НР Македонија беа плод на општиот амбиент што постоеше во државата. Со нив беа уставноправно санкционирани административно-централистичките тенденции и определби во конституирањето на југословенската федерација. Затоа, при нивното донесување не изостана решавачката улога на Комунистичката партија, па освен во фазата на нивното донесување, таа си обезбеди и натамошна раководна позиција. Уставот на НР Македонија, иако е со многу недоречености, како прв документ во историјата на македонскиот народ од таков карактер е исклучително значаен документ.Така се верифицираа напорите за создавање на македонската држава со највисок државен акт, со што Македонија доби нов квалитет во нејзината државност. Некои прашања имаа чисто формално значење. Многу права се пропишани како права на држава, но поради постојниот централизиран систем во федерацијата, тие во практиката не беа остварливи. Клучните функци во државата (одбраната, внатрешните и надворешните работи) и' припаѓаа на федерацијата, а за другите секоја република мораше да се конзултира со органите во федерацијата. Со тоа беа редуцирани некои права од републичка надлежност што Македонија ги имаше од 1944 до 1946 година, согласно со документите на АСНОМ. Секако, тоа имаше видливо влијание на натамошната забрзана централизација на власта и врз постепеното напуштање на решенијата од АСНОМ.

Македонскиот народ, непосредно по завршувањето на војната, беше опседнат со проблемот на неговото обединување. Ова дотолку повеќе и поради трагичните настани за време на Граѓанската војна во Грција. На тоа го упатуваа и многубројните повици за време на војната кон негово обединување. Тоа прашање стана особено актуелно во пиринскиот дел од Македонија. Во Бугарија се разви антифашистичко движење, меѓутоа,  како држава со царска власт, таа и' припаѓаше на Хитлеровата коалиција. Тоа на Бугарија и донесе извесна инфериорна положба, па по 9 септември 1944 година, кога беше воспоставена власта на Отечествениот фронт на Бугарија со помош на Советскиот Сојуз, се сметаше дека е можно или дека е блиску и обединувањето на македонскиот народ од трите дела на Македонија. На многу голем одглас и прифаќање во Бугарија наидоа достигнувањата во конституирањето на Македонија како држава во југословенската федерација, без оглед на степенот на нејзината самостојност. Македонската емиграција, а и некои официјални органи на Бугарија, повикуваа да се примени истиот модел на македонската државност што беше остварен во Југославија, односно во вардарскиот дел на Македонија. Бугарија и' се приближи на Југославија, меѓу другото и поради претстојните мировни преговори во Париз, 1946 година, т.е. нејзиното ослободување од воени репарации, па иако формално, сепак прифати некои југословенски барања за решавање на македонското национално прашање. Но, на Париската мировна конференција македонското прашање не било поставено како југословенско барање за негово решавање, туку било одбегнато меѓу другото и поради грчкото противење. Тоа било неформално поставено во контекстот на територијалните претензии на Грција спрема Југославија, односно Македонија. Сепак, по потпишувањето на Париските мировни договори во 1947 година, како и на билатералните спогодби меѓу ФНР Југославија и НР Бугарија истата година на Блед, дојде до интензивирање на меѓусебната соработка, а во тие рамки и на бугарското признавање на македонската нација, нејзината култура и историја. Во рамките на познатата "културна автономија" во пиринскиот дел од Македонија беа отворени македонски училишта и неколку институции од областа на културата. Се интензивираа и преговорите за создавање федерација меѓу двете земји, со вклучување  на Македонија, како можност за трајно решавање на македонското прашање, како што бараа македонските програмски докумменти - обединување на македонскиот народ. Меѓутоа, ниту едната ниту другата страна немаше  искрена волја и желба, а и тоа што беше направено се прекина во 1948 година, кога се појави спорот меѓу Југославија и земјите од Информбирото, со што и' се стави крај на таа идеја.

Информбирото беше оној клучен настан што предизвика сериозни последици. Настанот беше типичен продукт на централистичко-етатистистичките односи во Југославија и во Советскиот Сојуз и придонесе за натамошна централизација на југословенската федерација. Тој се појави во 1948 година меѓу Југославија, од една страна и земјите од "народната демократија", предводена од Советскиот Сојуз, од друга страна. Се случи во време кога во Македонија сепак беа постигнати некои почетни резултати во оформувањето на власта, во економската обнова, во организирањето на стопанството, на просветно-културниот живот и на функциите на општествените дејности. Откажувањето на договорите што Југославија ги имаше склучено со земјите што останаа под политичка контрола на СССР особено се одрази на македонската економија, која беше послаба од економиите на другите републики. Југославија како држава, поради нејзината изолација од Исток, се најде на политички крстопат. Се постави прашањето како да продолжи понатаму, како да го изградува системот на југословенското комунистичко уредување а притоа сепак по нешто да се разликува од оној во СССР. Кон ова треба да се спомене и стравот (или реалноста) од советска интервенција во Југославија, кој предизвика болни внатрешни политички репресии. Сепак, судирот на Јосип Броз Тито и на Југославија со Сталин и со СССР и со земјите што ги подржаа во 1948 година имаше и нешто позитивно за Југославија. На економски план тоа беше подршката од западните земји, а на политички поместувањето кон извесни демократски процеси во демократскиот развој, за разлика од оние  во земјите на "народната демократија". Но, последиците беа далеку понеповолни за Македонија, затоа што им беше ставен крај на надежите за интегрално решавање на македонското национално прашање.

Небулозната политичка ситуација и осцилациите во Југославија ја наложија потребата југословенското општество да се потпира на "доверливата" структура, односно врз членовите на КПЈ. Тоа го предизвика зголемувањето на партискиот, административниот и особено на полицискиот апарат. Партиските функционери, како "најподобни", ги заземаа клучните функции и во партискиот и во државниот апарат. За подобра контрола во локалната власт во Македонија, во текот на 1949 година беа обновени обласните одбори, укинати во 1945 година.

Првиот конгрес на КПМ од 1948 година ги зацементира партиската хегемонија и идеологија во сите сфери, иако неговото одржување беше најавувано како нужност да се "верифицира" антисталинистичкиот курс и да се создаде простор за политичка пресметка со силите што го подржуваа.  Конгресот поволно ги третира, но и предимензионира достигнувањата во НОБ и создавањето на македонската држава, како и она што беше направено потоа, но остана недоречен за многу прашања, а особено за демократијата, која само формално е споменувана во конгресните документи.

Сепак, не измина многу време за да се констатира дека конституирањето на цврстата власт не е доволно за економскиот развој на земјата. Тоа го покажа заостанувањето во развојот на стопанството. Набрзо беше сфатено дека треба нешто да  се менува во постојните производствени односи и дека треба да се обезбеди поголема автономија на самите производители и при нивното располагање со резултатите од трудот.  Беше нужно да се започне процес на преструктуирање на гломазните главни и генерални дирекции во кои беа опфатени производните претпријатија. Затоа, по 1948 година и во текот на 1949-тата, како клучно прашање се постави преструктуирањето на производството. Беше очигледно дека административно-централистичкиот систем на управување и раководење не може да се задржи долго, особено не во стопанската сфера. Неговите стеги стануваа кочница за севкупниот развој, пре се' на стопанскиот. За сериозни политички промени не се размислуваше, но тоа е прв чекор за иницирање на промени во стопанстството, односно во управувањето со стопанските претпријатија и кон нивната децентрализација. Со тоа беше направен чекор што водеше кон следните промени во сферата на сопственоста - од државна кон општествена.

 

Продолжува 

 

Виолета Петковска, поетеса

 

 ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

*********

 

 

 

 

Виолета Петковска

НЕ СЕ ОТКАЖАВ

  • Сонувам, а
    ко на јаве.
    Темно и страшно е,
    а не се плашам.
    Чекорам, а ко
    да летам.

    Летам и паѓам
    и пак станувам.
    Си ја соблекувам
    и облекувам
    сопствената кожа
    и пак ми студи.
    Студено е, морам
    да издржам, во
    душата си барам
    топлина.

    Ме задушуваат
    во грлото
    сопствените
    никогаш доречени
    зборови.
    Сакам да се
    доискажам, ама...
    Се тешам додека
    барам вистински
    зборови кои
    железна врата
    отвораат.

  • Живеам, умирам.
    Умирам и пак останувам
    жива.

    Пеам и плачам.
    Се радувам и тажам.
    Јадам и пак сум
    гладна.
    Пијам вода и
    жедна сум, по тебе
    ненаситна!

    Зборувам гласно,
    никој не ме слуша!
    Шепотам тивко,
    сите ме слушаат,
    за правдини
    зборувам.
    Од душманот сакам
    да се ослободам.

    Си одам, бегам
    и пак се враќам.
    Те чекам и знам дека
    бргу ќе дочекам
    слободно да живеам
    во Македонија од
    искона до вечноста!!
    *********
    Автор, Виолета Петковска

Kind regards: 15 јуни 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 149