СЕКОГАШ ЗА МАКЕДОНИЈА!

 

Сотир Гроздановски

САМО НОВИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ МОЖАТ ДА ЈА СПАСАТ МАКЕДОНИЈА И НАС МАКЕДОНЦИТЕ ОД ОВАА КРИМИНАЛНА  НЕ НАРОДНА ВЛАДА НА ЗОРАН ЗАЕВ И НЕГОВИТЕ ШАРЕНИ ПАРТНЕРИ

***

 

Неверојатно е одново да живееме во времињата изминати,  кога еден повеќе пати помилуван и опасен криминалец, со помош на надворешни сили и поткуп на  домашни очајни и осиромашени граѓани,  да биде ракоположен за  претседател на Влада во друга држава, да владее спротивно на правниот систем, Уставот на земјата и волјата на нејзините граѓани   и при тоа никој да неможе да му се спротивстави на неговите злосторнички политики.

За неверување е и фактот,  Зоран Заев, една подпросечно интелигентна личност да се игра мајтап со цела академска заедница и со  народот во   македонската држава, лесно да поминува низ сите сигурносни филтери и да не му падне ни влакно од главата.  Да преговара и распродава се' што ќе му дојде под рака, само да ја турне Македонија, обезглавена, во НАТО и Европската унија;  да ги задоволува болните желби на соседните ни држави Грција, Бугарија, Албанија и секако некои од така наречените големи сили кои сакаат да си ги измијат своите крвави раце  од неправдите и тешките злосторства над Македонците во егејскиот дел на Македонија. Но, што е  најважно, да им овозможи задоволштина за неуспехот кој го доживееја 1944 година со одлуките на АСНОМ за обновување на македонската држва, зошто  веруваа дека со поделбата на македонската територија, за време на балканските воини, конечно го затворија така нареченото "македонско прашање" и за секогаш  Македонија ја избришаа  од списокот на државите и нациите во светот. И сето тоа со надеж, дека неговите надворешни газди ќе му овозможат да си ја сочува својата премиерска фотелја, како награда.

Но, да не заборавиме уште една замка во сета оваа заврзлама и погана игра на Грција и меѓународната заедница. Новоименуваната држава да се ослаби уште повеќе со одвојување од нејзините македонски малцинства во соседните балкански држави.  Зошто?- затоа што со нашето доброволно одрекнување од самите себеси, се одрекнуваме од името на сите поранешни, сегашни и идни генерации да се претставуваат како изворни Македонци и наследници на територијалните, историските, правните и било кои други побарувања, заедно со богатото наследство од нашите древни предци и со тоа  окупаторите и асимилаторите да ги ослободиме од секоја одговорност од минатото, сегашноста и иднината.

Toa e трагедијатa и злосторствотo кое ни го подготвува оваа власт на Заев и неговата шарена банда која сега за сега ровари по Македонија и по животите и иднината на македонскиот народ. 

Тој, како дел од неговата, така наречена реформска програма 3-6-9, целиот законодавен, безбедносен и судски систем, вклучувајќи ја  полицијата, македонската армија и дел од македонскиот  народ   ги стави под своја контрола. Сите до коски уплашени од неговите закани со губење на работните места или обвинувања за против владини активности, до колку на било кој начин се спротивстават, на неговите болни амбиции.

Затоа се поставува логичното прашање: Зарем нема алтернатива за злосторствата и деструктивните накани на  овој насилник?   Има ли алтернатива за македонскиот народ освен НАТО и ЕУ по секоја цена? 

Па сигурно да има, само треба да се одлучиме и да ја прифатиме. Ако сме ние  народ вистински суверен на својата македонска земја и како такви бираме некои во наше име и за наш интерес да се грижи за сите наши потреби, вклучувајќи ја нашата безбедност и територијална целовитост, а тие работаат спротивно на нашите интереси, имаме право да ги смениме , при тоа користејќи ги сите наши можности, вклучувајќи и сила. На ист начин, како би се однесувале во случај кога би некој обичен криминален насилник би се обидел да ни ја повреди  приватностa, во нашиот сопствен дом. 

Ниту еден народ на земјината топка не би поднел ваква тиранија во својата земја без отпор. На Зоран Заев не му е ништо свето. Ниту држава, ниту народ, ниту историја градена со милениуми, ниту култура, народни обичаи, јазик, последните почивалишта на нашите предци и достоинството на сите нас, било каде да сме во светот. 

Јас се извинувам за моево поедноставување на положбата во која сите заедно сме втурнати од ненародна влада устоличена во македонската држава со помош на странски мешетари и криминалци. Но, зарем последната изјава на грчкиот премиер Ципрас во Солун, на македонска украдена земја, отворено изречена дека има работа со недоветни  политичари северно од Грција, во ФИРОМ, од кои треба да  се земе не само името на државата, Македонија, туку и душата на нивниот "славјано-албански народ", воопшто не не навредува и  понижува? 

Сигурен сум дека  најзаслужниот лидер  на македонската монархија Филип II и неговиот син Александар III Македонски гледајќи не од негде така немоќни и не кадри да се справиме со своите сопствени внатрешни непријатели, а уште помалку со надворешните кои со леснотија  тие ги држеа под своите војнички чизми, режат и се превртуваат од мака! Се превртуваат и се чудат на какви изроди и предавници им ја оставија македонската земја за која толку крв, македонска и од нивните и нашите сегашни непријатели, пролеа за да создадат држава моќна  и достоинствена во која народот ќе биде безбеден од  секакви внатрешни и надворешни  непријатели и обезбеден со средства за живот спрема можностите во тие далечни времиња.

Вчерашниот говор на  македонскиот премиер, Зоран Заев, на свечената прослава во најсветото место за македонскиот народ, црквата "св. Софија" во Охрид, одржана по повод 1000 годишнината на Охридската Архиепископија е уште еден најнов доказ за нечесноста и недоследноста негова да се нарекува претседател на македонската влада. Неговoто камелеонско однесување и секој изречен збор е најголема измама за сите кои се' уште веруваат во неговите недобронамерни накани и  политики.  

И покрај се' друго, зарем толку малку си ја познаваме својата сопствена историја за да им веруваме на Грците, Бугарите, Србите па и на Албанците? Особено на Албанците,  кои одат толку далеку, да не уверуваат дека се автохтон народ на Балканот и како такви стоат на еднаква нога со Македонците како втор државотворен народ во македонската држава. Си дозволивме, дури и образовниот систем, покрај полицијата, војската, државната администрација, законодавниот дом...со непријатели да ги инфицираме и да им дозволиме контрола без граници за лажен соживот! Треба ли да набројувам уште повеќе работи од кои би требало секој Македонец да се срами? 

Можеме ли да ги проголтаме изјавите на Ципрас дека тие не влегле во преговори со фиромјаните за да им дадат нешто, туку да си го земат она што им припаѓало, името Македонија, кое без придавки  им го користеле 70 години, а спрема античките извори им припаѓало на Грција? "Ние не го признаваме, ниту одрекнуваме од правото над името Македонија и огромното културно наследство од антички времиња, зошто е наше! Фиромјаните самите  се одрекнуваат и велат дека нивните корени се славјано-албански". Вели нашиот ценет сосед, Гркот Ципрас.

Треба ли уште нешто да ни треснат в лице за да се свестиме и да ги примораме нашите  дипломати да си се повлечат од сите преговори со Грците и Бугарите, а на Албанците да им се заблагодариме за "лојалноста"?

ВМРО-ДПМНЕ е должно да ја преземе одговорноста и отворено да му се спротивстави на СДСМ и неговите коалициски партнери во разнебитувањето на македонската држава, или ќе остане неговото раководство само, без огромниот број лојални членови.

Предвремени парламентарни избори и сплотеност на Македонците може да се смета како алтернатива, заедно со прифаќањето на правните услуги кои ни се нудат од нашите експерти за прекид на преговорите со Грција и поништување на договорот со Бугарија, како извонредно штетен и понижувачки акт по виталните национални интереси на Македонија и на македонскиот народ.

И на крајот, влез во НАТО, ЕУ и било која друга регионална или меѓународна организација ДА! Но под цена која ни се нуди, НИКОГАШ!

 

Ваш Сотир

Светиот Синод и највисоките водачи на РМ.

Нова Македонија

ПРОДОЛЖУВААТ ЧЕСТВУВАЊАТА ПО ПОВОД 1000 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА

***

Чествувањата по повод 1000-годишниот јубилеј на Охридската архиепископија продолжуваат денеска со Света архиерејска литургија во катедралната црква "Света Софија" во Охрид, со која ќе чиноначалствува Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на членовите на Светиот синод на МПЦ-ОА.

Централниот настан по повод значајниот јубилеј се одржа синоќа во "Света Софија", со Свечена академија на која присуствуваа поглаварот на МПЦ Стефан, членовите на Светиот синод на МПЦ како и највисокото државно раководство предводено од претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев.

Архиепископот Стефан во обраќањето пред присутните на Академијата меѓу другото истакна дека јубилејот 1000-години од Охридската архиепископија е настан со кој би се гордеел секој народ и секоја помесна Црква, настан што ја потврдува нашата вековна вистина, настан на кој се потпираат и нашето минато и нашата сегашност и нашата иднина.

Тој уште рече дека историјата на Охридската архиепископија одела заедно со историјата на македонскиот народ, дека слободата на Архиепископијата била и слобода за народот.

- Знаел нашиот народ дека само народ со минато, може да биде народ со иднина! Знаел дека нема вечни владари и трајни империи, туку дека има само народи кои вечно бдеат и ја чуваат својата историја... Ние денес, загледувајќи се во нашето минато, прилика е да се потсетиме и да се помолиме за личностите од минатото и за нивните заслуги и дела, трудејќи се достојно да се вложиме себеси и да ги насочиме нашите обврски и задачи кон сегашниве и идните потреби на нашиот народ и Црква. Душеполезно и спасоносно би било да живееме по она евангелиското, што било најглавно во мисијата на нашата древна Црква: љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Само така ќе им се оддолжиме и ќе покажеме достојна почит кон духовниците и паството, кон сите коишто низ вековите наназад и' служеле и нејзе и' припаѓале кон оние коишто некогаш дочекаа славни времиња, кон оние коишто трпеле искушенија, коишто ја доживееле забраната на нејзината дејност, како и кон оние коишто ја бранеле од неправдите и се бореле за нејзино возобновување и, конечно, кон оние коишто во лицето на Македонската православна црква го доживеаја и помогнаа  нејзиното воскресение-рече поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.

Претседателот на Република Македонија и покровител на манифестацијата за одбележување на илјадагодишнината од формирањето на Охридската архиепископија, Ѓорѓр Иванов, од своја страна истакна дека славејќи го големиот јубилеј треба да сме свесни на фактот што самата  новела на византискиот император Василиј II посветена на славната Охридска архиепископија ја констатира историската реалност дека во Македонија веќе постоела организирана Црква со црковна епархија, Црква која произлегувала од верниците христијани, Црква произлезена од народот и која постоела заради народот.

Претседателот Иванов потсети дека низ вековите Црквата во Македонија се соочувала и со прогони и со просперитет, носела различни имиња, нејзиниот статус бил унапредуван и смалуван, епархиите и' биле придодавани и одземани, нејзината диецеза била проширувана и стеснувана, разни владатели ја потврдувале и ја забранувале, опстојувала и во време на императори-пагани, цареви-христијани и султани-муслимани.

- Но, без разлика на сето тоа, таа била и останала плодоносна гранка на вистинската лоза, на Исус Христос. Гранка која низа векови ја пренесувала надежта за вечност со Бог. И токму поради таа надеж, луѓето, независно од нивната етничка, социјална, јазична припадност биле толку многу поврзани кон својата црква. Толку поврзани, што ниту најмоќниот човек на најмоќната империја на 11-от век, византискиот император Василиј II, не се осмелувал да ја укине. Туку ја потврдил, ја проширил и ја заштитил. И тоа е чинот што ние денес го празнуваме. Денес ја празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска архиепископија- рече Иванов.

Свое обраќање пред присутните гости на академијата имаше и претседателот на Владата Зоран Заев кој посочи дека востоличувањето на Охридската архиепископија не значеше создавање нова црква, туку светла точка во историјата на континуитетот на христијанството на овие простори што има корени, уште од апостолско време.

Заев нагласи дека денеска се чествува десет векови поврзаност на македонскиот народ со колевката од која произлезе духовната сувереност на народот собран околу идејата за своја држава за која и се избори. Тој забележа дека никој денеска не може да го порекне, отфрли тој посебен однос меѓу Охридската архиепископија и народот во РМ. Однос изграден на длабоки врски и почит со наследството што православните христијански верници го негуваат со Охридската архиепископија, со МПЦ која иако се соочува со бројни искушенија никогаш не посегнала по туѓо, а на својата афтокефалност се повикува како што на неа се повикуваат сите помесни православни цркви денеска.

- МПЦ - ОА е жива црква со полн духовен раст. Искрено се надеваме дека многу скоро ќе преовлада христијанската љубов и добрата волја и дека МПЦ ќе стане дел од единството на православната заедница. Повторно ќе се повикаме на вредностите на древната Охридска архиепископија која била духовната обединителка на православните народи и уверени сме дека нејзиниот дух возобновен во МПЦ ќе прерасне во алка на помирување и обединување околу изворните принципи на заедништвото на православната црква-истакна премиерот Заев. 

Свечената академија беше збогатена со пригоден концерт на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија заедно со хоровите од братствата на манастирите "Рајчица" и "Свети Јован Бигорски". На програмата беа преработки и аранжмани на композиции со тематика од македонски тропари. Во рамки на манифестацијата во галеријата на "Света Софија" беше отворена и изложба на уметнички портрети, на македонските архиепископи.

 

Охрид, 28 мај 2018 година

http://www.novamakedonija.com.mk

 

 

Ципрас и Јани

Ципрас од Солун

НИЕ НЕ ОДИМЕ ДА ДАДЕМЕ, ТУКУ ДА СИ ГО ЗЕМЕМЕ ИМЕТО МАКЕДОНИЈА

***

Во преговорите не одиме да дадеме нешто, да го дадеме името Македонија, како што тврдат некои, одиме да земеме назад нешто што е дадено пред 70 години, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас од Солун, по средбата со солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис. Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас, одговарајќи на новинарски прашања, не се задржа на преговорите што се водат во Њујорк, туку на тоа зошто Атина прифаќа сложено име, обраќајќи им се на сите оние што во Грција ја обвинуваат Владата дека "го дава името Македонија".

- Се наоѓаме во преговори кои што се чувствителни, критични, направени се чекори напред. Ние одиме напред бранејќи една национална позиција и кога веќе се наоѓам во Солун, во Македонија, сакам да кажам, затоа што слушам некои што велат не го давајте името. Ние тука се стремиме да добиеме нешто назад, а не да дадеме нешто. Да земеме нешто што веќе 70 години е дадено, од други, не од нас, рече грчкиот премиер, објаснувајќи дека соседната земја и во рамките на Југославија и по распаѓањето го користи името Македонија и "тоа без никаква друга одредница".

Ципрас смета дека името без одредница, "упатува на античкиот грчки свет и на големото културно наследство на грчката Македонија", а во преговорите Атина се стреми ова да го добие назад, нешто што според Ципрас, "не е лесно".

-Тоа е оксиморонот, имаат државен ентитет што 70 години се вика Македонија, а немаат никаква врска со Александар Велики и со овој историски тек. Имаат словенски и албански корени и го признаваат тоа. Што значи, ако добиеме одредница пред името Македонија е голема победа и уште поголема да се договориме дека едно е нашата Македонија што доаѓа од долгата традиција на антички свет, а друго е нивната традиција и нивниот културен знак, рече Ципрас потенцирајќи дека Грција ниту ја игнорира, ниту пак смета дека не постои нашата традиција или културно наследство, но дека се две различни работи.

Грчкиот премиер додаде дека е време двете земји да постојат заедно, да соработуваат и да живеат во мир во корист на целиот регион.

 

25 мај 2018 година

http://republika.mk/920340

 

 

Проф. Љубомир Цуцуловски

 

 Љубомир Цуцуловски

ЗАЕВ: КОМУ МУ СМЕТА РЕПУБЛИКА ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА?

ЦУЦУЛОВСКИ: КОМУ МУ СМЕТА САМО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?

***

 

Доколку ние потпишеме некаков меѓународен акт, дали ќе биде билатерален или незнам каков, веќе во тој случај, штом се промени името во некој меѓународен акт, логично следи промена на Уставот, истакна професорот Љубомир Цуцуловски во емисијата "Sид" на Алфа ТВ.

Тој додаде дека не е возможно во меѓународниот акт да стои име на Македонија со додавка, а во Уставот да пишува само Република Македонија. Според Цуцуловски, доколку некој од него бара да си го промени сопственото име е директен атак врз неговиот идентитет, достоинство, автономија и чувство на самоприпадност.

- Не е проблем дали некој ќе ми се обраќа со Љубомир или со Љупчо и така натаму. Но, ако од мене бара јас самиот да се нарекувам Љупче или Љупченце, тогаш тоа веќе навлегува директно не само во мојот идентитет, туку во моето достоинство и во мојата автономија и во моето чувство на самоприпадност, нагласи Цуцуловски.

Доколку се промени името и се преговара со Бугарија околу македонската историја, Цуцуловски рече, дека тоа  веќе нема никаква смисла, затоа што за автономна и слободна Македонија се бореле луѓето уште пред стотина години.

Кога се работи за името на државата, премиерот Заев постојано во јавноста прашува на кого му смета името Република Илинденска Македонија. Професорот Цуцуловски пак му постави прашање на премиерот: а кому му смета само Република Македонија, без Илинденска или било каква друга придавка? 

 

25 мај 2018 година

http://bukefal.club/2018/05/25/

 

Билјана Ванковска

"АКО СИ ЗА МАКЕДОНИЈА, КАКО МОЖЕ ДА СИ ПРОТИВ ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА"?

***

 Кога користат евтини финти и прашуваат: "Ако си за Македонија, како може да си против Илинденска Македонија"? - одговорот треба да гласи: ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ!

 

Гоце Делчев загина брзајќи да го спречи Илинденското востание - па, нека повелат да ми објаснат дека тие (молковци) повеќе ја сакаат Македонија од Гоце! Илинден е симболички мит, но не е славен чин, ако се видат предавствата (од Бугарите), последиците од репресалиите врз цивилите, обезглавувањето на Движењето за долго време, односот на Европа и нивните геополитички интереси! И тој Илинден бил обележен со страдања и предавство, како и овој. Со таа разлика што тогаш гинеле за идеали и биле храбри, а денешниве не сакаат да гинат, кукавици се и вазали на Големите сили.

П.С. Да додам уште нешто важно: во Илинденското востание, колку што знам, Арнаутите учествувале,  ама како дел од аскерот, А да не зборувам за кољачките походи на Грците... Илинден не е обединувачки симбол ни во внатрешен, ни во регионален контекст. Илинден бил национална катастрофа крваво платена и со голема историска цена. 

Илинден е нашата Косовска битка, затоа и Гоцевото крило сакало да го спречи масакрот! Денес, наша задача е да бидеме Гоцеви потомци и да спречиме уште еден масакар!

 

21 мај 2018 година

http://opserver.mk/stav/prof/vankovska/

 

 

 

Свекрва

ЗОРАН ЗАЕВ И НИКОЛА ДИМИТРОВ ГО ТРАСИРАА ПАТОТ ЗА ПРОПАСТ НА МАКЕДОНИЈА

***

 

Република Илинденска Македонија е нов предлог кој досега не беше во игра и кој предизвика збунетост кај македонската јавност. Ако предлагачот се надеваше дека со додавката Илинденска, со промена на уставот и Ерга Омнес ќе предизвика симпатии и одобрување кај Македонците кои емотивно се врзани со Илинден, се излажа. Набрзо, Македонците на социјалните мрежи го искажаа својот револт од не сериозниот пристап на Заев во решавањето на спорот со Атина.

Дека со право македонскиот народ реагира на дилетантското водење на разговорите околу името, се покажа многу бргу, кога од грчката страна изјавија дека името Република Илинденска Македонија е неприфатливо за нив, но се радосни што Зоран Заев прифатил дека името што ќе се договори да биде за севкупна употреба. 

Во соопштението што го испрати Владата на Грција се порачува дека му "благодари на фиром што го прифати моделот ерга омнес", и дека дури сега ќе го бараат решението со географска или временска одредница.

Тоа е уште една несериозност и ступидност на актуелната власт предводена од Зоран Заев и Никола Димитров која со цел што побргу да го реши проблемот со името за да стане членка на НАТО, се фати во грчката стапица.

Во својата изјава по лидерската средба Зоран Заев, покрај подготвеноста да го прифати името Република Илинденска Македонија како предлог кој што треба да го реши спорот со Грција, кажа дека името ќе биде за севкупна употреба и дека македонскиот народ нема територијални претензии кон Грција. Што значи, дека Заев потврди дека е подготвен на се и за промена во Уставот, а кое пак води до промена на идентитетот на македонскиот народ.

Оттука може да се види дека македонскиот премиер Зоран Заев, кој при преземање на власта се заколна дека ќе ги штити државните интереси на Македонија, е подготвен да го загрози уставниот поредок на земјата, односно да изврши предавство.

По јавно дадените изјави, партијата "Левица" до Основното јавно обвинителство поднела кривична пријава против премиерот Зоран Заев за нарушување на уставниот поредок на државата. Од оваа партија исто така навестуваат дека можно е да поднесат кривична пријава и против министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој исто така јавно признал дека и тој стои зад ваквиот предлог.

"Граѓанин кој ќе ја доведе државата во потчинетост од друга држава, го сторува ова кривично дело. Се повикуваме на официјалните изјави на премиерот на Македонија и на премиерот на Грција. Со прифаќање на ерга омнес решение и изјавата дека ќе се стори се' да се прифати тоа, нанесена е штета и е доведена државата под зависност од друга држава. Бараме распит на пријавениот и процесуирање на случајот", изјави Димитар Апасиев од "Левица".

Меѓутоа, со оглед на состојбата во судството во земјата, каде криминалците се пуштаат на слобода и се дел од власта, а патриотите се наоѓаат во затвор, тешко дека ваквата кривична пријава ќе биде процесуирана.

Единствено кој може да го спречи целиот овој циркус е македонскиот народ кој мора да се сплоти околу ова прашање и решително да каже НЕ за името за севкупна употреба и промена на Уставот.

Со цел да се спречи Зоран Заев, кој со својата надворешна и внатрешна политика земјата ја води во пропаст, треба што побргу да започне битка за спас на Македонија. Таа нема да биде лесна и ќе трае долго, се' додека оваа ненародна власт не си замине. Но тоа навистина мора да започне многу брзо за да се намалат штетите кои недоветната политика на Зоран Заев и Никола Димитров и' ги направија на земјата.

Сега за сега, работите изгледаат многу црно.

Така, без разлика каква и да е промената на македонското име, со описна, географска или друга додавка, Македонија ќе престане да биде алката која го обединува македонскиот народ во соседството и дијаспората.

 

Зоран Заев и Никола Димитров го трасираа патот за пропаст на Македонија.

 

23 мај 2018 година - http://mn.mk/komentari/

Славе Николовски-Катин

 

 

 

Славе Николовски-Катин

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

ДЕЛ 2

 СОВРЕМЕНИ ПРОУЧУВАЊА ЗА ГОЛЕМИОТ АЛЕКСАНДАР

 

Сакаме да ги информираме читателите на "Македонска нација" дека продолженијата "Александар Македонски" се дел од истоимениот роман на Урлих Вилкен. Уште во Воведот тој јасно признава дека проблемот е личен и вели: "Секој научник има еден Александар за себе"

***

 

 

Еден од поактивните научници кој во најново време работеше на Александар го потврди случајот кога напиша: "Ние сите ја интерпретираме големата драма на Александар во прифатливите услови на нашето искуство и во нашите соништа".

Тоа потсетува на Теодор Момсен кој еднаш, во една малку поинаква смисла напиша: "Оние што живееја низ историските настани, како мене, почнуваат да гледаат дека историјата не е напишана и направена ниту без љубов, ниту без омраза..."

Може да се рече дека современото проучување за Александар почна во 1833 година, со првата публикација на една биографија од Јохан Густав Драјзен. Драјзен е ученик на германската историографска школа од 19-от век, која ги разви принципите на современиот критичко-историски метод. Но, уште поважно е што Драјзен длабоко ги следеше историските настани на своето време.

Тој ја виде Прусија кога се појави како моќна германска држава и, во текот на својот живот, се бореше за унификација на германските народи под пруско водство. Драјзен особено беше оптимист во 1848 година и, навлегувајќи во политиката (во периодот во кој историчарите немаа волја да учествуваат во пишувањето на историјата), тој стана член на Парламентот.

Неговите надежи за германско единство наскоро беа уништени, и, со исклучок на едно кусо враќање на политичката сцена во 1859 година, тој го помина својот живот во пензија, повторно работејќи врз материјалот на древната историја и енергично пишувајќи за Прусија и за германското единство.

Во светлината на своето лично историско искуство и политичката ориентација како пруски националист и жесток монархист, концепцијата на Драјзен за Александар дојде без изненадување. Заплетканите проблеми на грчките градови-држави во класичниот период, заедно со нивните постојани судири и крвави конфликти, не се интересни за Драјзен.

Античките Елини-Грци успеале да ја задржат персиската закана надвор од грчката земја, но со големи напори, и не можеле да претпостават како ќе ја сфати Драјзен подоцна нивната историска мисија. Меѓутоа, случајно се појавил Филип Македонски. За Драјзен, Филип е најголемиот обединувач на античка Македонија и античка Елада-Грција, а неговиот син Александар посредник во ширењето на грчката цивилизација. Александар е светска личност, историски херој кој завршува една и почнува нова пославна ера. Така нацијата и големиот национален водач се појавуваат како доминантни историски теми.

 

Филип II Македонски

Улогата на Филип и на Александар како обединувачи и новатори поединечно влијаееја врз личноста на Драјзер во Германија во средината на 19-от век. Згора на тоа, Драјзен е тој кој го објаснува поимот на елинизмот, т.е. спојувањето на грчката со ориенталските култури што ги направи Александар и што влијаеше врз курсот на медитеранската цивилизација во наредниот период од античкото време. Концепциите на Драјзен се изнесени толку убедливо што беа прифатени од сите подоцнежни стручњаци за оваа тема. За многу следбеници на Драјзен, Александар остана двигател на светот, иако се разликуваат мислењата за неговите лични мотиви и за точниот опсег на неговите достигања.

Сериозните биографски истражувања за Александар не беа карактеристични за класичните проучувања при крајот на 19-от век и во почетокот на 20-от. Во овој период повеќе внимание и' се обрнуваше на зголемената софистичка техника на историското учење, а особено на развојот на бројните помошни дисциплини како што се папирологијата, палеографијата, нумизматиката и епиграфијата.

Уште повеќе, тоа беше период на класифицирање и каталогизирање на разните видови податоци. Десетина илјадници ракописи беа собрани, уредени и публикувани, текстовите од најпознатите грчки и латински писатели беа ревидирани според последните филолошки и палеографски техники. Потоа, беа составени значајни лексикони за древните јазици, а беа собрани монументални енциклопедии и извршени библиографски прегледи.

Британските и германските универзитети, каде што постоеше силен дух за класичното учење, успееја да го средат големиот број вредни податоци и да им обезбедат на истражувачите подетално запознавање со антиката зазеле став, дека техничката методологија употребена во изучувањето на историјата докажа дека сите подоцнежни биографи на Александар четиристрано се потпираат врз Драјзен. Што се однесува до Александар на Вилкен, Валсер оди малку подалеку отколку новото издание на Драјзер. Валсеровата статија обезбедува добро подредени податоци за историските студии за важните аспекти на кариерата на Александар.

Уште повеќе, следејќи го современиот "татко на античката елинистичка историја", Џорџ Грот, се појавија голем број разбирливи истории за античка Елада-Грција. Бидејќи Александар е важен дел од античката елинска-грчка историја, тој му дава истакнато место. Имињата на историчарите Белох, Бусолт, Мајер и Берве се исто така значајни.

Во 1926 година, Хелмут Берве ја објави книгата "Александриски просопографски основи" на германски јазик. Германската традиција за педантно класифицирање е присутна и во ова време и во ова вредно дело во кое сите податоци за имињата од античките извори за Александар се собрани и средени во енциклопедиска форма. Така, за да се добие информација за Хефестион, другарот на Александар, на пример, потребно е само да се побара името Хефестион во Берве и ќе се најде се', вклучувајќи ги и цитатите од сите извори на информации, како и критички коментар за карактерот на податокот.

Потоа во 1927 година се појави првиот том  од серијата "Фрагменти од грчката историја" (изд. Ф.Јакоби), која содржи нови средени текстови и коментари на стотици фрагменти од непознати историчари од времето на Алекасандар. Како резултат на оваа голема активност, сега постои на располагање добро среден документарен материјал кој служи за нови проучувања на Александар.

Биографијата на Александар имаше нов тек во дваесеттиот век со појавата на шесте тома на книгата "Античка историја" печатена во Кембриџ, во која В.Тарн дава голем број податоци за младиот македонски монарх. Тарн, кој остана најголем елинистички историчар на овој век, напиша неколку кратки студии за Алексндар, во кои ги развива идеите определени да го направат неговиот Александар човек за кој најмногу се зборува, најславен човек во современиот век. Тарн ја зема основната концепција на Драјзен за Александар како двигател на светот и на тоа му додава димензија на една нова социјална филозофија. Аристотел смета дека само античките Елини-Грци можат да владеат, а странците да бидат потчинети.

Но, кога Александар се закани да ги обедини срцата и да направи сојуз меѓу античките Македонци и Персијците, тој првпат го прокламираше братството на народите, братството меѓу луѓето...Александар ја прифати визијата на Зено за свет во кој сите луѓе треба да бидат членови здружени еден со друг, граѓани на една држава без разлика на раса и државно уредување да се покорат и во слога со основниот закон што постои во светот, да бидат обединети во еден социјален живот, не со принуда, туку по сопствена волја или (како што тој прокламираше) со љубов.

 

 

Продолжува

 Пишува: Славе Николовски-Катин

 http://mn.mk/feljton/13764-Aleksandar-Makedonski-2

 

 

 

 

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

(1941-1945)

ДЕЛ 93

 

 

4. Македонските политички организации и односот на КПГ спрема македонското национално прашање 

 

Обидите на Македонците во егејскиот дел на Македонија за осамостојување на нивното националноослбодително движење не биле успешни. Затоа постоеле повеќе причини, но клучна била поделбата на Македонија. Големите сили, особено Велика Британија и САД, ја почитувале желбата на Грција, која се противела Македонија во каква и да е форма да се оддели од Грција, да се осамостои или да стане дел од некоја словенска држава. Но, македонско национално движење постоело, се развивало и повремено се наметнувало како фактор. Во периодот на Втората светска војна КПГ која, исто така, била против признавањето на македонската нација, се солидаризирала со грчките граѓански партии. Таа повремено искажувала ставови во кои се подржувала рамноправноста на македонското национално малцинство во рамките на Грција, но често се повлекувала, притисната од другите грчки граѓански партии. Така, таа, македонското прашање повеќе го третирала како тактичко отколку како принципиелно прашање.

Кога КПГ се обидувала со оружје да го реши прашањето на власта во Грција, се вртела кон Македонците, нудејќи им извесни национални права. Но, кога се договарала со другите граѓански партии за постигнување национално единство за ослободување на Грција, ги занемарувала нивните права, па дури и отворено се борела против нив. Таа не го сфаќала во задоволителна мера значењето на македонските политички партии и на македонските воени единици во борбата против окупаторот, плашејќи се дека ќе  треба да му се признае правото на самоопределување на македонското малцинство во Грција.

Основањето на македонските политички организации и на македонските воени единици на оваа територија на почетокот било толерирано поради потребата што повеќе луѓе и места да се вклучат во Антифашистичка војна. Тие политички организации и воени единици одиграле улога против антимакедонската пропаганда од која и да било страна, но не успеале да се наложат, ниту да го постават македонското национално прашање како фактор кој би го издејствувал неговото поволно решавање. Нивната активност подоцна била попречувана поради гласното истакнување на полититчките ставови. Секако, тие организации не може да се обвинат за нивната слаба активност, туку пред се' факторите надвор од нив одиграле клучна улога. Основната содржина на идеолошката и политичката дејност и пропаганда на МАО била насочена кон популаризацијата на целите на ослободителната борба, декларирајќи се дека ги продолжува традициите на славниот Илинден и дека се разобличуваат грчката и бугарската националистичка политика. Поради таквите ставови таа станала трн во окото на грчките националистички организации (ИВЕ,ПАО, ЕКА) и била обвинувана како автономистичка и сепаратистичка. Од друга страна, некои македонски политички организации (СНОФ), покрај општите околности во Грција и присутниот анимозитет кон нив, пројавиле и сопствени слабости. Така, на пример, во текот на војната СНОФ не успеала, дури, ниту да ги институционализира во единствена организација во окрузите Костур и Лерин, меѓу другото и поради недостигот на раководен политички субјект и присутните меѓусебни недоразбирања.

 

5. Ослободувањето на егејскиот дел на Македонија

 

Самото значење на Грција, односно на северниот дел (егејскиот дел на Македонија), и' наложило упорна борба (3-22 јули 1944) на Германија за задржување на нејзините окупаторски позиции. Таа, соочена со опасноста да биде пресечена од страна на сојузничките сили, презела мерки за обезбедување на патот за повлекување на нејзините сили кон север. Важна комуникација за остварувањето на таа цел биле правците Кожани-Кајлари-Лерин-Битола и Кожани-Бер-Солун. На овие правци биле чистени единиците на ЕЛАС. На почетокот тие трпеле загуби, но по новонастаната ситуација доста се консолидирале. Ослободителните сили, односно ЕЛАС, постепено и со упорна борба ги ослободувале градовите што биле под германска власт. Обласното раководство на КПГ за Македонија сметало дека грчката реакција, со помош на Велика Британија, сакала за да ги спречи влегувањето на ЕЛАС во Солун и завладувањето на просторот помеѓу Вардар и Струма. Но, ЕЛАС не се откажувала од ослободувањето на Солун туку, напротив, концентрирала свои сили и на 31 октомври го ослободила градот, а веќе во почетокот на ноември 1944 германските сили ја напуштиле северна Грција, односно бил ослободен егејскиот дел од Македонија.

 

6. Поразот на ЕЛАС

 

Оруженото востание и отпорот во Грција, раководени од КПГ, завршиле со пораз бидејќи левицата не успеала да ја преземе власта, а во Грција се вратил предвоениот режим. За ваквиот развој на настаните за време на војната и потоа решавачка улога имале големите сили. Грција влегла во сферата на влијание на западните сојузници. Поразот на ЕЛАС бил неминовен. Претседателот на владата, Г. Папандреу, во договор со командантот на британските воени сили генералот Скоби, наредил демобилизација на ЕЛАС. Но, тоа не се одвивало едноставно, бидејќи ЕЛАС одбила да се расформира. Биле организирани протестни собири за чие смирување било употребено оружје. Интервенирале британските воени сили, меѓу кои и единиците на ЕЛАС. Се воделе едномесечни борби. Судирот завршил со примирје што го побарале КПГ. Така, на крајот од февруари 1945 година, ЕЛАС била разоружана.

Македонците од егејскиот дел на Македонија масовно се вклучиле во Антифашистичката војна како дел на ЕЛАС и дале видлив придонес за победата на фашизмот. Во војната загинале речиси три илјади Македонци, а двасетина илјади биле приморани да ги напуштат своите огништа поради барањето на нивните национални права.

 

7. Културно-образовните придобивки за Македонците во егејскиот дел од Македонија 

 

Македонците од егејскиот дел на Македонија, со нивното учество во Народноослободителната војна, оствариле само некои културно-образовни придобивки. Знаејќи ги желбите на Македонците во егејскиот дел на Македонија, раководството на отпорот во Грција, со цел да ги придобие за помасовно учество, направило некои отстапки во нивна полза. Такви отстапки биле присутни во областа на издавачката дејност и во некои други области. Така, кон крајот на 1942 година, Реонскиот комитет на КПГ за областа Преспа кај Лерин, започнал да го објавува весникот "Преспански глас". Македонската антифашистичка организација (МАО) за Воденско во текот на 1943 година го издавала весникот "Црвена ѕвезда", а Окружниот комитет на СНОФ за Костурско го објавувал "Славјаномакедонски глас". Овие и некои други изданија се печателе на македонски јазик, како  што биле печатени и други пишувани текстови од издавачката дејност.

Напоредно со овие активности се постави и прашањето за отворање училишта на мајчин јазик. Подготовките за тоа биле направени во август 1944 година. Македонскиот буквар и читанка ги составила посебна комисија, затоа што не можело да се замисли описменување без буквар и читанка. Букварот бил издаден во 150 примероци и бил дистрибуиран во Леринско и во Костурско.

Се работело и на отворање учителски курсеви, каде што предавале македонски учители. Слушателите на курсот предавањата ги следеле на македонски јазик. Кон средината на октомври, слушателите на курсевите станале учители во училиштата во Костурско и во Леринско и се вклучиле во училишната работа. Но, поради недостиг на учебници, се користеле и грчки, кои биле преведувани за потребите на македонските деца.

За афирмација на македонската национална култура и идеја во Костурско, во февруари 1944 година, биле формирани македонски културно-уметнички друштва и групи во повеќе македонски села. На приредбите најчесто била изведувана драмата на Војдан Чернодримски "Македонска крвава свадба". Се појавиле и песни на македонски јазик (на пример "Нетрам"). Но, со рестраврирањето на предвоениот режим од февруари 1945, престанало да се употребува се' што имало македонски предизвик.

 

Продолжува 

ОД МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

**************

 Гордана Димовска

 

 

ПОД ЕДНО СОНЦЕ 

 

  • Шумолат, шепотат брезите крај стариот пат, никако да запрат,
    Пожолтеле но сјаат како златни одблесоци на сонцето зад ридот.

    А тоа срамежливо излегува и блеска со бои црвени и жолти есенска слика бои,
    И знае дека секој со радост го чека.

    Минувачи минат, итаат, брзаат секој по свој пат,
    Лица радосни, лица тажни, загрижени, ведри,
    животни приказни кажуваат, протекуваат како река,
    Река која де тече, де застанува,
    Де жубори и сјае под силното сонце,
    Де молкне и се губи во тишината силна.

    И повторно шепот, не од брезите стари,
    Не е од златните лисја што сјаат,
    Не е од минувачите кои итаат и брзаат по својот пат.

    Сонцето почна разговор да води: Излегувам секое утро ги милувам минувачите,
    Со лица уморни, со лица радосни, некои тажни,
    Гледам грижи, слушам гласови приказни важни,
    Слушам за неправди, надвиснати како планини,
    Неправди тешки со векови стари надвиснале над еден напатен народ,
    од земја разделена на три страни.

    Распослав зраци во Солун, Воден, над Пирин и Шара,
    Некој ми кажува за судбина клета, ме прашува за совет,
    Ми кажува и со воздишка вели: долга е оваа приказна и стара,
    Народот се разделил и нов патоказ бара.

    Но јас сум со вас и секогаш над вас старо колку и земјата ваша,

  • Сведок кој бдее и сјае над полињата ваши ширни,
    Сведок на ропствата, непокорот и бурната историја ваша.

    Кој не минал не знае но ќе научи,
    Само вистината никој не може да ја скрие,
    Иако некој ја испревртува и вешто крие.

    Не молчете вие минувачи тажни,
    Не молчете вие распрснати чеда по белиот свет,
    Вашиот корен е овде, под моите зраци,
    Длабок, разнишан, се' уште неоткорнат кој го осветлувам секое утро,
    Го штитам и бранам од секое зло.

    Тој е нем сведок на едно време на вашите чекори, насмевки детски.
    Моите зраци се долги прегратки топли, да ве прегрнат да ве смират,
    Да ви дадат моќ и верба во вашето ЈАС,
    Да ви одвлечат грижи за неправди стари,
    Да ви дадат патоказ и зацелат рани.

    Чекорете достојно под вашето Сонце,
    Под Сонцето кое секогаш ве следи,
    Во добро и во зло, во неправди и борби со самите себе.
    Тоа е тука а борбата и патот по кој одите се ваши.

    Само да не задоцни правдата затоа што е полоша и од неправдата.

    Вашата сила не изчезнала, ниту намерно се скрила,
    Ниту вие пак дозволивте некој да ви ја земе,
    Таа е во ВАС и секогаш била.
    Чекорете но сплотени, мудри, со кренати глави,
    Македонски чеда, обединети од сите страни.
    ***********
    Автор, Гордана Димовска.

    http://macedoniantimeline.blogospot.hr/

Kind regards : 30 мај 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 146