WE ARE MACEDONIANS, AND ALWAYS WILL BE!

Сотир Гроздановски

 

 

Сотир Гроздановски

И СО ПОРНОГРАФИЈА ПРОТИВ ФАКТИТЕ

*******************

 

 

 

Од секогаш  воините служеле  за уништување и  богатење.   Се жртвувле животи  за туѓи интереси.   Се воделе и  се водат поттикнати од алчните пориви на посилните  за    грабење на туѓи имоти, природни и културни богатства и територии од послабите, немоќни сами да се бранат. И така се' со ред,  заменувајќи ги само старите средства и методи за уништување со нови, во духот на времето во кое живееме.

Меѓусебните омрази и борби на политичарите за превласт и богатење се исто така начини за опстанок на посилните. Посилните, кои самиот народ во државата си ги создал со средствата кои им ги доверил, без можност да го контролира нивното  арџење. И не само тоа, туку и им овозможил со формирање на разни "институции" за "поквалитетно" управување со државата ,  да ги стават  своите интереси, над заедничките.

Денешната ситуација во Република Македонија е слика и прилика на горе реченото и постанува полоша со секој изминат ден, без изгледи за промена на поарно. Народот е банкомат на властодршците, а безбедносните сили чувари на нивните банковни сметки и парадирање по туѓите престолнини, како неодамна  во чест на "славата" и 140 годишнината на бугарската армија. Армијата, која во времињата на Втората светска војна заедно со фашистичка Германија ја "ослободуваше Македонија" од најдобрите нејзини синови со сечење на  главите и обезличување,  на нивните тела. 

Државата  постана  кочница на умовите и контролирање на средствата за јавно информирање. Странските фактори играат важна улога во управувањето со  институциите, а криминалците ја водат внатрешната и надворешната политика на земјата. Целта? Па тотална деструкција на македонската држава, обезличување и развластување на македонскиот народ, а со неговото раселување, бришење на македонското име и решавање на "македонското прашање" за секогаш. Народот? А народот, така обезглавен одамна, превзема ли нешто да ја промени својата положба? Барем досега недоволно за такви промени. Чека Зоран Заев да им го донесе ветениот  "живот за сите" или да им купи ортоми за да ги извлече од сиромаштијата, исто така за секогаш.  Се разбира, со потребни напатствија за правилно користење.

Во  валканата игра за дезинформирање на јавноста ништо не е свето, а уште помалку цивилизирано. Дури и Фејсбук постана мета за компромитирање на македонските независни и непристрасни медии. Се преплави со гнасни и непристојни порнографски материјали. Некои продадени души загадувајќи ги профилите на многу наши македонски и други читатели,  при тоа злоупотребувајќи туѓи профили, кукавички го кријат својот сопствен идентитет. Која им е целта? Па  одвраќање на македонските читатели од дијспората, но и Македонија, да ги сознаат вистинските факти за денешната состојба во нашата татковина.  Но, вистината излегува на видело. Дури и врбите пеат за козјите уши  на нашите властодршци. 

И, се' дури не се соочиме со  стравот од опасноста која ни го загрозува животот и ни ја прави иднината полоша од сегашноста, нема слобода ниту за духот, а најмалку за телото, драги мои. Злото не бега само од себе, се' дури не го истераме самите со средства, прилагодени на неговата моќ.

Зошто, слободата не се купува, ниту некој ни ја подарува! Таа се добива со борба и, за жал, без жртви не доаѓа! - ако сакаме да бидеме слободни, во нашата сопствена, македонска, земја. 

 

"Ослободителите" на Македонија со нивните трофеи. Тоа ли се нашите добри соседи и христијански браќа на кои дури и Црквата им ја дадовме?

Александар Русјаков

 

 

 

Александар Русјаков

БЕЗУМНОСТ - ЕРГА ОМНЕС!

*****************

 

 

 

 

За да бидеме доследни, мора да признаеме дека ова безумие ќе го немаше ако немаа помош во новинарството, академијата, универзитетот, удбашките структури, во потомците на црвената буржоазија и денешната интелектуална бижутерија, сите до еден одработувачи на безумиево. Ама најбезумни сме ние што ја сакаме татковината неизмерно и не би дозволиле идентитетски геноцид преку промена на име, затоа што за сите овие години безумие, ништо не презедовме.

****

Ете, повторно ни пристигна абер од Грција. Логично е тоа, за разлика од Грците, ние немаме развиено новинарство, аналитика, геостратегија. Еден век доцниме на ова поле зад остатокот од светот. Полтронството и зависта, тоа се наши врвни приоритети. Затоа, погубните по нас моменти најчесто ги дознаваме од други. Оти ние сме преокупирани со себеуништување. И каков абер ни пристигна? Октроираниот премиер Зоран Заев прифатил промена на името за севкупна употреба. Што е ова? Безумност ерга омнес.

Зошто е ова безумност? Па, зарем може да е нормално да се откажеш од сопственото име и идентитет, да го погребаш историското помнење на цел еден народ, само за да се напикаш во некакви унии и алијанси за кои поим немаме уште колку ќе опстанат? Таков чин не може да биде ништо друго освен безумност. Прашајте кога сакате и каде сакате, ама надвор од македонскава налудничава реалност. Претходните на власт ги слушавме како сами за себе велат дека се лудаци. Сегашниве толку се заслепени од блескањето на моќта па ги октроира што дури не ни забележуваат какво безумие шират.

Но ова антимакедонско безумно дејствување на Заев си има свој пат. Нема да биде фер ако му го припишиме безумието само нему. Затоа да се повториме како стигнавме до ова дереџе.

Безумност прва. Му припаѓа на Киро Глигоров. Тој е човекот што ни го начука ФИРОМ. Дали Глигоров го праша својот народ чиј лидер беше? Се разбира дека не го праша, сеедно што беше прв претседател на демократска Македонија, во неговите вени течеше расипаната комунистичка крв на оние што ги отфрлија идеалите на комунизмот и станаа црвена боржуазија за која народот беше обична смрдлива раја. А кога ни го спопика ФИРОМ, логично беше што Грците преку тукашни министри му нудеа мито за еднаш за секогаш да не' ликвидира. Сеедно што стариот најверојатно се освести, верувам дека дури и затоа му го спакуваа атентатот, злото веќе беше посеано и лудилото можеше да продолжи.

Безумност втора. Се лепи на името Бранко Црвенковски. Овој скоевец преоблечен во демократ, стори неколку зла: промена на знамето, криминална приватизација и потпишување привремена спогодба. Промената на знамето беше надоврзување на ФИРОМ, им даде дополнителен ветер во грбот на Грците. Криминалната приватизација ја осакати економијата, стотици илјади луѓе останаа без работа на улица, а со очајници потоа лесно се манипулира. Со привремената спогодба не' заглави среде безумните преговори за наше обезличување. Потписот ставен од наша страна не' обврзуваше да бидеме учесници во идентитетскиот геноцид врз нас самите.

Безумност трета. Ни трепка за името Љубчо Геориевски. Во негово време Македонија наеднаш се подели на "до Групчани" и "отаде Групчани", што јасно ја исцрта границата за можна федерализација. За да победи на претседателските избори, додели 200.000 пасоши на странски државјани, со што ја стави Македонија во подредена улога на едно малцинство. И секако, ги игнорираше предупредувањата, не беше ефикасен во одбраната на татковината, па изгуби цела една војна потпишувајќи срамен и неуставен рамковен договор, со кој им беше зададен смртен удар на суверенитетот и унитарноста на Македонија. А заедно со него владееше и Васил Тупурковски. Он ни го начука со Тајван. Идиотската одлука да се закрвиме со Кина не' чинеше војна затоа што далекоисточниот џин ни удри вето и мисијата на УНПРЕДЕП се повлече од северната граница на Македонија, по што беше отворена можноста за пробивање низ неа. По овие двајца, Македонија беше целосно фрлена на колена.

Затоа македонскиот народ го врати назад Бранко за да ни одработи безумност четврта. И тој сосема не дотолчи. Терористи станаа пратеници, Уставот беше ставен на гилотина, се случи новата територијална поделба, беа продадени клучните државни фирми. Последиците беа катастрофални. Тендерско криминалната група на ДУИ со своите десет-петнаесет пратеници и ден-денес е уцена за сите македонски партии што освоиле власт. Со промена на Уставот македонскиот народ престана да биде уставотворен во сопствената држава. Територијалната поделба на крајно налудничав начин направи нелогична промена на етничката слика. А продажбата на фирми како "Електродистрибуција" и "Телеком" на странски компании дополнително ги осиромаши македонските граѓани. Македонија беше обезглавена.

Така, на власт додје Никола Груевски. И покрај фактот што тој извојува голема национална победа пред Меѓународниот суд во Хаг, побезумни се двете негови лудости што ја доуништија Македонија. Најавениот референдум за името и пржинскиот договор беа последните клинци во телото на македонската држава пред нејзината конечна погибел. Со референдумот за името овозможи понтијпилатско миење на рацете за секој безумник што ќе тргне во промена на името, со што во овој пат крвта на идентитетскиот геноцид паѓа на душа на народот. А референдуми знаеме како местат. Преку неуставниот пржински договор на четворица племенски водачи и двајца странски сатрапи беа срушени трите столбови на државноста и беше поставен паралелен судски систем. Македонија престана да биде држава и денес живее како протекторат на "дип стејт".

Оттука, на октроираниот премиер Зоран Заев воопшто не му беше тешко, преку договорот со Бугарија, законот за двојазничноста и промена на името за севкупна употреба, да продолжи со безумието активирајќи ја гасната комора во која ќе се задушат македонскиот идентитет и нашето вековно постоење. Но за да бидеме доследни мора да признаеме дека ова безумие ќе го немаше ако немаа помош во новинарството, академијата, универзитетот, удбашките структури, во потомците на црвената буржоазија и денешната интелектуална бижутерија, сите до еден одработувачи на безумиево. Ама најбезумни сме ние што ја сакаме татковината неизмерно и не би дозволиле идентитетски геноцид преку промена на име, затоа што за сите овие години безумие, ништо не преседовме. Оттука, во држава полна безумност за севкупна употреба, на изопачената светска моќ не и' е тешко да ја оствари својата цел, конечно укинување на Македонија и Македонците. Во името на коските на оние што ги жртвуваа своите животи за слободата на Македонија, 

 

С Р А М  ДА  Н И  Е !

 

05 мај 2018 година

http://www.novamakedonija.com

 

 

Панде Колемишевски

 

 

 

Панде Колемишевски

СТАРИТЕ И НОВИТЕ МИТОВИ

***********

 

 

Како Македонците останаа без национална стратегија во случај да биде загрозена државата, и во 21 век да бидат доведувани во прашање нивната национална самобитност, јазикот, писмото, историјата, културата, права и достигнувања што предходни генерации ги извојувале со тешка мака и не мал број жртви.

*** 

Четврти мај, денот на погибијата на Ѓорѓи Николов Делчев, попознат како Гоце Делчев, е несомнено добар повод, 115 години подоцна, да се поведе дијалог по прашањето дали Македонија, поточно Македонците како народ имаат свои политички митови, свои историски идоли и национални јунаци. Аналогно на тоа, следува и другото прашање: што припадниците на тој народ меѓусебно ги зближува и обединува, а што ги разделува. Истото прашање може да се постави и поинаку-која е причината што и по 27 години од осамостојувањето (свои на своето), Македонците немаат постигнато нужно, елементарно, национално единство по клучните прашања за опстанокот и развојот на сопствената држава. И како останаа без национална стратегија во случај да биде загрозена државата, и во 21 век да бидат доведувани во прашање нивната национална самобитност, јазикот, писмото, историјата, културата, права и достигнувања што предходни генерации ги извојувале со тешка мака и не мал број жртви.

Што се однесува до митовите, тие секако се пожелни, одигрувале голема улога во минатото, но од нив не се живее во сегашноста, ниту пак врз нив може да се гради иднината во денешниот дигитален свет или во утрешниот уште поразвиен свет што се шири без техничко-технолошки граници. Карактеристично за Македонија и Македонците е што поминаа низ повеќе фази низ кои замираа, умираа, залудно се трошеа и гаснеа такви митови, главно произлезени од историјата, не од бајки и сказни.

Мојата (нашата) генерација го виде умирањето на митот за Тито, за комунизмот и социјализмот како општества на рамноправни граѓани и како неразрушлив систем пред кој стои блескава иднина. Позитивните ефекти од тоа уривање беа создавањето слободна, независна и суверена Република Македонија, единствен вековен мит што се претвори во стварност. И толку. Потоа следува негово уривање, преку низа неразбирливи политики на новоформираните партии, преку дваесет и петгодишната беспоштедна борба на партиите од таканаречениот македонски корпус. Со страв да не се претерува во тврдењето, сепак може да се рече дека Македонија, наместо да се развива нагоре, дозволува сама да се распаѓа одвнатре, да оди се' подолу и подолу во рангирањето на сериозни и стабилни држави.

Кога би размислувале набрзина и со такво темпо би донесувале заклучоци, би наброиле неколку примери за македонските митови и заблуди во последните години. Оживување митови за кои првично се мислело дека ќе донесат позитивни ефекти, за подоцна да се констатира дека донеле ненадоместливи штети. На пример, кај дел од македонскиот народ со децении живееше митот за ВМРО и за неколку нејзини дејци чии имиња и дела беа табу-тема во еднопартискиот систем. На тој мит новата партија во плурализмот освојуваше неколку изборни победи. Денес слободно може да се констатира дека никој не го обезвредни, не го посрамоти митот за ВМРО како самите челни луѓе на ДПМНЕ (и нивните сателити) во сите состави. Од тој мит останаа само трошки.

Заради редица светски околности умре митот за обединета Македонија и фалшивиот повик "Солун е наш". Додека тој пуст сон и таа парола живееја во нечии глави, Струга, Кичево, Тетово, Гостивар го изгубија историското значење на македонски градови, останаа само географски поими, географски одредници. Потрошена е и будалестата илузија за "кратење на канџите" и за "конечна пресметка" со Албанците, кои се наметнуваат не само како неизбежен туку во најголем број случаи како решавачки фактор во носењето политички решенија, во нивна национална корист, а на македонска штета.

Оживувањето и величењето на митот за Александар Македонски, во последнава деценија и квазиисториските обиди за поврзување на генезата на македонскиот национален идентитет со неговото време, со неговите корени, може да се посматраат двострано. Од една страна со симпатии доколку беше прикажан како дел од светската историја, цивилизациско наследство и универзална величина, а од друга страна како карикатурa на македонската наивност и израз на македонскиот менталитет за поводливост и некритичко расудување што е корисно, а што штетно. Изместувањето на македонскиот народ од неговото словенско потекло и од неговата христијанска, православна вера, е тргнување по патишта што него може да го однесат само до бездната, до национално непрепознавање меѓу народите и атласот на јазиците. Неоспорно е дека тој Александар е Велики, таков е и тaтко му Филип, неоспорно е дека во сите книги тие се македонски кралеви, но македонската владејачка гарнитура, наместо вистински да го вреднува и воздигне, тој мит го злоупотреби за уште една национална поделба на антички и словенски Македонци, даде уште еден прилог кон разединувањето.

На таа историска евокација успешно се надоврза замената (ревизијата) на историјата на Македонија на 20 век, кога Никола Груевски и ДПМНЕ партиските интереси ги ставија над државните, кога нагласен приоритет им дадоа на настаните поврзани со основањето и дејноста на ВМРО, а на маргините ги ставија најуспешните години од антифашистичката борба на македонскиот народ 1941-1945 година. Бришењето на трагите од тоа светло револуционерно и комунистичко време за Македонија го направија мошне успешно, величејќи еден крајно контраверзен период и личности во него, заменувајќи едни, можеби лажни факти, со други уште полажни. Врв на некритичноста кон историјата и непочитување на колективната памет на нацијата беше поставувањето на споменикот на Ќосето, познат ликвидатор, сечач на македонски глави. Притоа, перфидно намалувајќи ја улогата на Гоце Делчев, револуционер што не беше вистински вмровец. По политичка определба, социјалдемократ, по вера унијат, Делчев не се вклопуваше во вмровската елита и не го доби заслуженото место што го имаше во претходниот систем.

Напред изложениот краток преглед за митовите не' доведува до најновиот-митот за НАТО и ЕУ, организации што не признаваат мината историја и кои, кога Македонија ќе стане нивна придружничка, ќе ги закопаат сите претходни факти што го крепат македонскиот идентитет. Видливо е дека, и покрај сите напори на креаторите на политиката за брз влез во овие сојузи и покрај силната домашна и меѓународна пропаганда, мнозинството граѓани (Македонци) бранејќи ги силно националното самочуство, идентитетот, јазикот и достоинството не се обидинуваат околу тој проект.

Граѓаните, како и секој човек, бараат државата да си ја почитува својата биографија, без разлика колку е таа контроверзна, колку и да менувала идеологии и партии, имала или немала национални херои. Во целата ситуација, можеби затоа што нема национални јунаци, или сите се омаловажени и морално ликвидирани, Македонците се лесна цел за соседите и за сите со кои сакаат да се натпреваруваат. Сега Македонија личи на држава без биографија, без солидно си-ви. Затоа и опседнатоста со митот за НАТО и ЕУ можеби од надежна блескава победа може да се претвори во тежок национален пораз. Особено, ако се попушти на сите барања и услови што се поставуваат за прием, во овие организации.

 

04 мај 2018 година

http://www.novamakedonija.com

 

 

Ефтим Клетников

 

 

Ефтим Клетников

ЕВРОПА ДА И' СЕ ИЗВИНИ НА МАКЕДОНИЈА

******************

(По повод препораката од Брисел)

 

 

Пред мене е сега документот што ми го даде мојот нов пријател Евгениј, фотокопија на една табела на најстарите индоевропски јазици, меѓу кои (покрај германскиот, келтскиот, латинскиот, грчкиот, италијанскиот и индискиот) е и македонскиот. И таа табела е објавена во престижната Енциклопедија Британика 1931 година во Лондон, а истата е повторена во енциклопедијата на Вебстер во изданието од 1967/69 година. Тука, покрај другото го среќаваме следниот коментар: "Македонскиот јазик постои како во најстарите времиња, така и во средниот век. Но модерните времиња од македонскиот јазик од средниот век ги произлегле: словенечкиот, српско-хрватскиот, бугарскиот, чешкиот, словачкиот, полскиот, рускиот, украинскиот и белорускиот јазик"

***

 Разбирливо, наведени се во заграда и земјите во кои се зборуваат тие јазици, па така отпаѓа теоријата на нашите лакоми источни соседи, кои сешто грабат од нас, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, оти според "Енциклопедија Британика" случајот е обратен. Да. Друго е, пак, прашањето што се' што е македонско ни се оспорува нам денешните Македонци. Брисел и Вашингтон запнале нашиот автентичен културно-цивилизациски имот да се префрли во катастарот на друг: најмногу кај Грците и Бугарите, а тука се и Албанците со нивната митоманска Илирида.

Тоа, драги читателу. Туку да се држиме поконкретно за основната тема на оваа колумна: Европа да и' се извини на Македонија. Велиш: зарем токму сега кога таа ни ја даде препораката за пристапни преговори. Да, имено така, и ако има ронка морал таа ќе ни се извини, како што им се извини, на пример, Вили Брант на Евреите за холокаустот на Германија врз нив за време на Втората светска војна. Да. Оти со се' што ни се случува (да го оставиме подлабокото минато) овие триесетина години, од 1990 година наваму, е тажно и срамно за Европа. Таа ги избра Македонците за заморчиња на нејзиниот нов геноциден експеримент, смислен во главите на бриселските ЕУ-бирократи, кои според овој проект се легитимираат како чираци на ѓаволот. 

Не претерувам ни најмалку, затоа што доказите се премногу евидентни. Користејќи ја Грција како моќна алатка (но бочно и Бугарите и Албанците) притисокот да ни го сменат името не е ништо друго туку модерниот тип софистициран геноцид смислен во франкенштајнската лабораторија на западната восгордеана, патолошки нарцистичка цивилизација што се вика идентитетска смрт на еден народ. Од Западот тој е веќе успешно применуван врз црнците во Африка, Абориџините во Австралија, Индијанците во Америка итнт. Во Македонија, пак, тој геноциден проект од западните моќници е замислен како последно достигнување: како удар на Името, негово бришење од меморијата на колективот што го носи него со што тој се зомбира и целиот наеднаш се претвора во безличен идиот. А, зошто, драг читателу? Морничаво прашање за несоница, кое јас, се сеќаваш,  сум го растајнувал без малку во сите мои колумни, фељтони, есеи, па и во мојата поезија. Туку, велиш: зарем не е преостра формулацијата Геноцид? Одговарам: ни најмалку, за тоа што и сите антрополози, без исклучок, со право велат дека идентитетската смрт е најстрашната од сите видови смрт. По неа царува пепелта од која не се креваат веќе огнот и птицата Феникс со огнени квалитети. "Мајсторите на смртта! (П.Целан) ја завршиле работата. Страшно.

Може ти звучи неверојатно, драг читателу, но новата, десетта по ред, препорака за пристапни преговори на ЕУ е данајски дар на Вавилонската Дама, еден вид тројански коњ, и таа перфидно интелигентно се вклопува во геноцидниот проект за идентитетска смрт на Македонците на Европа. Целта? За месец-два до самитот на планетарното плашило НАТО да се заврши работата со преименувањето. За таа цел дури и економски збеснетата фрау Меркел, со ангелско име што не и' прилега на моралното ниво, му вети на Ципрас дека ќе го одложи за шест месеци најавеното кратење на пензиите на грчките пензионери доколку Грција успее да ја спакува Македонија во идентитетска смрт, преименувајќи ја.

Толку, драг читателу. Ти веднаш по добивањето на фарисејската ЕУ-препорака, нели, ја виде во медиумите оклештената, безизразна насмевка на Заев и на Хан. Познато е дека од сите создадени нешта, пак, само човекот се смее. Не и животните и ангелите, затоа што се божествено сериозни, иако јас сум видел насмевка кај животни, одвај забележлива, тивка и длабока. Размислувајќи на темата насмевка, пак, некои филозофи велат дека кај векот таа е израз на пркос, конечно еден вид негова одбрана од смртта. Можеби. Но во насмевката на Заев и на Хан ништо од тоа. Таа е толку безизразна што не е дури ни глупава. Нема во неа никаков метафизички квалитет, кој и' го припишуваше Мирослав Крлежа на глупоста.

 Туку, драг читателу, дека Македонија е чудна (не по географија како што сакаат да ја наседнат туку по душа) земја, најчудна, е и парадоксалното поклопување на нејзиниот случај со случајот на малата африканска државичка Сазиленд, чиј диктатор, прогласен како и нашиот Заев за демократ, Мсавати Трети по повод педесетгодишнината од осамостојувањето од западните колонизатори решил на својата земја да и' подари ново име, нормално изворното. За разлика од нашите Зоран Заев и Никола Димитров во улогата на африканскиот племенски водач Мсавати Трети. Да беше Ломброзов жив сигурно тие ќе беа вонредно интересни за негова компаративна лоботомска анализа на нивните черепи и браздите на нивната мозочна кора, споредени на тој план со истите тие на африканскиот Мсавати Трети.

Сеедно. Туку да не должиме, драг читателу, и сега во куси црти да ги наброиме нештата, поради кои Вавилонската Дама, или ороспија како што ја викаше нагалено нашиот славен приказничар Марко Цепенков (екстраприлепчанец) треба да им се извини на Македонија и Македонците, доколку има морална доблест, А ја нема. Ако ја  имаше ќе им се извинеше и на своите сограѓани од ариевска сорта што ги турна во милионски колеж во Првата и Втората светска војна. Еј, најдемократската божем и најпрогресивна цивилизација на жалната планета Земја! Па по се' ова, зарем навистина да и' веруваме нејзе. Сега, и на нејзината фарисејска препорака, оти неа ја заслуживме уште на почетокот од "осамстојувањето" со препораката на Роберт Бадинтер пред 28 години. Да. Иако набргу се виде резултатот на соблазнителната француска интелигенција на овој правник, кој со законот именуван според неговото име "Бадинтеров", всушност ја суспендира граѓанската демократиј во Македонија. А, добро ќе беше, тајов, тој да го направеше за Арапите и за другите малцинства во Франција. Ама... Тој закон Бадинтер го направи веројатно и под диктат на Вашингтон,  кон кој Европа е крајно импотентна, за да му угоди на едно малцинство кај нас, користејќи го како алатка за контрола на Балканот, бидејќи е исполнително за такви и слични цели.

Од самиот почеток, значи, на нашето "осамостојување" (разбирливи се наводниците) работата за Македонија и Македонците тргнаа надолу. Кон бездна. Европската Лисабонска декларација од 1992-та стави царски печат на возобновениот Трет Рајх на Европа за геноцидна идентитетска ликвидација на Македонија и Македонците. Во неа, едноставно, колонијалистичка Европа, чија "демократска чизма" газела цели континенти, и' забрани на Македонија влез во, каква-таква, широката струја на западната цивилизација доколку не си го смени името и не умре идентитетски, за што таа ги подготвила сите погребни свечености за кои веќе ги известила Зоран Заев и Никола Димитров, но не и македонскиот народ кому се' му е јасно. Тука, драг читателу, нешто болно иронично, нешто смртно саркастично можеме да речеме: браво за либералкапиталистичка Европа! Рускиот револуционер и филозоф Доброљубов на времето дијагностички, мислејќи и на Европа, ја постави хамлетовската дилема на цивилизацијата што доаѓа: "Шекспир или колбаси?" Да. И, Европа, драг читателу, јасно, ги одбра колбасите, материјалниот, а не духовниот профит.

Затоа и крикна Хелдерлин пред две и пол столетија: "Чуму поети во скудно време", а Ниче: "Господ е мртов". Европа, лакомаза материјален профит, го уби Бога во себе, и се' си тргна надолу. Кон бездната на душевната и духовната смрт. Европа ништо не сфати, за жал, од евангелиската порака на Љубовта што и' ја упати апостол Павле од Македонија како земја "избрана од почетокот за спасение". Добро, нека и' е на здравје на Европа за Лисабонската декларација. Што уште? Па еве: во 1999-та НАТО на САД и ЕУ ја бомбардираше Србија за да создаде во нејзиното митско срце албанска држава. Е, тогаш над 350.000 косовски бегалци,  без да бидеме виновни за тоа, дојдоа во Македонија. Тие што како убијци го направија хаосот, САД и ЕУ во НАТО, не примија ни еден бегалец. Тоа! Македонија го обра бостанот! И што се случи потоа. Како благодарност за македонското гостопримство Албанците во 2001-та вратија со тероризам, подржан од ЕУ и од САД, логистички, со оружје и со директно учество (случајот со заробените 17 американски терористички стручњаци во Арачиново)! Тоа е камелеонската филозофија на Западот, која бргу се преобразува од демократија во фашизам, од Француска просветителска револуција во Третиот Рајх. Ние, Македонците добро го знаеме тоа. Знаеме дека Америка до 1944 година беше на антифашистичка страна против Хитлера, ама знаеме и дека 1945-та, кога беше победен тој, таа ги фрли своите атомски бомби на Хирошима и Нагасаки и го објави новиот фашизам што трае до денес, и кој знае уште колку ќе трае. Таа метаформоза  се случи и со Англија и нејзиниот "либералдемократски" тотем Черчил, која во 1948 година застана на страната на грчкиот монархофашизам и ги испрати своите бомбардери да ги убиваат на Грамос и Вичо македонските деца и да ги прогонуваат од родните огништа во егејскиот дел на Македонија.

Ете затоа, јасно ти е, драг читателу, зошто западните силници запнале да не' преименуваат и сотрат како идентитет и автентична историска и културно-цивилизациска меморија, забранувајќи ни го правото за "културен натпревар меѓу народите" (Гоце). 

Ќе минеме низ нови голготи, но мислам дека ќе им се изјалови планот со Македонија и Македонците, оти не само тие, туку и Господ има свои планови што се спротивни на нивните, кои во однос на нас имаат сатански извор. Тоа!

 

02 мај 2018 година

http://www.novamakedonija.com

Ацо Крстески

 

Ацо Крстески

ЈАВНО ОБРАЌАЊЕ НА АЦО КРСТЕСКИ НА ПРОТЕСТОТ ВО ЖЕНЕВА

********************

 

 

Почитувани присатни на оваа голема демонстрација, почитувани господа од ЕУ. Јас сум Ацо Крстески, Македонец, претставник на Дијаспората во Германија

 

Со кое право изгласавте во Европскиот Парламент дека во Бугарија нема Македонци, кога во Судот во Стразбург има стотина жалби и решенија во полза на Македонците кои живеат во Бугарија. Бугарија е осудена за непочитувањето на човековите права и слободи на Македонците во Бугарија! Како може да не постојат Македонци во Бугарија, а да се борат за своите права и слободи. Бугарија не ги признава Македонците за посебен народ и врши дискриминација врз нив.

Со кое право изгласавте заштита на "Бугарското" население во Албанија, а скоро ниту еден Бугарин не живее во Албанија. Дали сакате и тамошните Македонци да ги прекрстите во Бугари?

Со кое право вашите именувани функционери во Македонија наместо да го изговораат уставното име на мојата татковина - Македонија, велат вашата земја, а за мојот народ велат "граѓаните на вашата земја", наместо да кажат Македонци, исто така го игнорираат и мојот мајчин јазик - македонскиот јазик?!

Во неодамнешната посета на господинот Хан на Македонија, тој ниту еднаш не ја именува мојата татковина со уставното име Македонија, ниту еднаш не ги именува Македонците како Македонци, туку јавно се обраќаше; со "вашата земја" и "граѓаните на вашата земја". Не се обидувајте да го заштитите за непочитувањето на основните права и слободи на земјата која што му беше домаќин.

Малцинствата во Македонија ги именуваат по називот на нивната етничка припадност и немаат проблем да го посочуваат нивниот мајчин јазик со име и со презиме!?

Со кое право им ги одземате основните права и слободи на Македонците во Македонија и давате важност и сила на Охридскиот рамковен договор. Создадовте и подржувате Договор во кој велите дека е дозволена "позитивна дискриминација" иако знаете дека дискриминација не е дозволена во ниту {AK1} еден случај, па макар што ја именувате како "позитивна дискриминација. Дискриминација си е дискриминација и Меѓународната конвенција тоа не го дозволува, впрочем секаков вид на дискриминација се казнува по Законот и Правото!

Овој противзаконски Охридскин рамковен договор го пропагирате како успешно решение за помирување на Македонците и Албанците, со тоа што терористите ни ги ставате во Собранието на Република Македонија, наместо да ги осудите во ХАГ за злосторство врз човештвото, а за да ја разгорите уште повеќе ситуацијата сите предмети против Албанците ги вративте на Македонството судство, иако знаете дека имаа цел да отцепат дел од Македонија, вршејќи терор, егзодус и геноцид врз Македонците од западна Македонија, а врз Македонците ја применувате т.н. "позитивна дискриминација" и со тој чин вршите повреда на правата и слободите.

Што се однесува до билатералниот спор помеѓу Македонија и Грција јасно ви е дека македонските власти, под силен притисок од надвор, извршија повреда на правата и слободите на Македонците со тоа што во Времената спогодба за спорот за името се откажале од Меѓународното право и на тој начин противзаконски отвориле пат и извршиле злосторство врз Македонија и врз Македонците - (културен геноцид)!

Овој обид за етноцид врз Македонија и врз Македонците се одвива токму во рамките на ООН, а вие молчите и што е уште пострашно го потенцирате како услов за прием на Македонија во ЕУ, наведувајќи го како "Решавање на билетаралниот спор за името со Грција", а ја игнорирате содржината на тој спор, иако знаете дека со него се бара од Македонија да изврши самоетноцид!

Давањето легитимитет на злосторствата веднаш треба да престанат и ЕУ треба да ги применува и да ги заштитува основните права и слободи на сите народи во светот наместо да подржува политички и дипломатски агресии на некои наши соседни држави,  врз Македонија.

Имам приговор на многу недоследности во врска со приемот на Македонија во ЕУ како што е примерот со Договорот за добрососедски односи со Бугарија, во кој повторно се врши отворена дискриминација врз Македонците, но и многу други забелешки кои воопшто не се прифатливи, за Македонците.

Бидејќи властите во Македонија не не' удостоија и не пратија ниту една забелешка до ЕУ во врска со дискриминацијата врз нас Македонците и врз нашата држава Македонија, јас се чувствувам повикан самиот да се бранам и да си ги барам моите основни права и слободи, правата и слободите на Македонија и правата и слободите на мојот народ, на македонскиот.

Со ова јавно барам ЕУ да ги преиспита сите свои Решенија, Заклучоци, Извештаи и т.н.т. и во оние делови каде што се врши дискриминација врз Македонците и врз Македонија, да се изврши корекција и да се почитуваат основните права и слободи според Меѓународната конвенција без исклучоци и без "позитивна дискриминација, врз Македонците". 

Ние имаме само една татковина, Македонија, за која моите предци, Македонци, со голема гордост и храброст се бореле против сите непријатели на Македонија и го дале својот живот за оваа грутка земја која денес со голема гордост е мој дом, мое културно и правно наследство. Културно и правно наследство на Македонците, кои имаат право на свое знаме и свој грб, знаменитости познати низ целиот свет, а му припаѓаат на македонскиот народ. Македонски знаменитости кои соседите ни ги оспоруваат со цел да го присвојат милениумското македонско културно и национално богатство.

Ние Македонците сме препознатливи и се разликуваме од сите соседни народи кои што на најдрзок начин ја асимилираат и ја претставуваат македонската култура преку методата на новата политичка монтирана историја, како своја, иако многу нации и народи кои постјат денес на оваа територија во тоа време не постоеле воопшто, на планетата Земја.

За да ме разберете, ќе направам една хипотетичка компарација со Турците во Германија кои ги има во милионски број. Замислете Турците во Германија од Германија да бараат права и слободи прво со тероризам, односно со терористички дејствија да извршат егзодус и геноцид врз Германците, а потоа ослободени од секакво обвинение, од страна на ХАГ, да седнат во германскиот парламент, по барање на ЕУ и да бараат да се смени германскиот Устав и Турците да бидат запишани во него како конститутивен дел-народ на Германија. И тоа не е се', туку ЕУ да продолжи да врши притисок врз Германците и да ги принуди доброволно да прифатат да зборуваат и да учат на турски јазик во тие делови каде што турскиот народ е мнозинство, да се вее турското знаме на големи јарболи, високи колку планина и да се слават турските херои кои извршиле злосторства врз Германците за време на терористички дејствија, а сето тоа да биде подржувано од страна на нивната татковина, Турција, и, на крај да се прогласи нова турска држава во рамките на германската територија.

Токму ова сценарио ни го подаривте нам, на Македонците, и велите, тврдите, се удирате в гради дека сте направиле добро дело и се гордеете со Охридскиот рамковен договор?!

Од ова место барам од ЕУ да престане да се меша во внатрешните работи на Македонија и да дозволи македонските институции задолжени за таа намена да се справат со велепредавникот Зоран Заев (кој веќе беше осуден за криминални дејствија и ослободен под неразјаснети околности од страна на поранешниот претседател на Македонија, Бранко Црвенковски) и неговата партија, кои што умешно ги злоупотребуваат сите придобивки на демократијата за да дојдат на власт и да извршат етноцид врз Македонија и врз Македонците.

Дозволете македонските институции да се справат со одговорните за отвореното вршење на дискриминација врз државата Македонија и врз Македонците од осамостојувањето па се' до ден-денес по принципите на правото и законите кои треба да важат за сите, па и за вас во ЕУ.

Дозволете македонските институции да се справат со оние кои константно вршат антидржавни дејствија во Македонија, а кои вие од ЕУ свесно ги подржувате.

Барам ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт во Македонија и Договорот "Пржино" да се прогласи за ништожен, бидејќи СДСМ врши јавна дискриминација врз Македонците и македонската држава и јавно говори дека не ги признава државните институции и ги обвинува за корупција и криминал, што е надвор од здравиот разум.

Навистина ние Македонците сме мирен народ и веруваме во Правото и во Законите, но вие од ЕУ не смеете да ја изиграте таа доверба и не смеете да го загрозувате суверенитетот и интегритетот на Македонија на кој и да било начин. Постојат Меѓународни закони и права кои и вие, ЕУ, мора да ги почитувате, како што ги почитуваме ние во Македонија.

Не смеете и не можете да создавате паралелни институции! Не можете и не смеете да барате спроведување на Договорот "Пржино", оти е ништожен, како и Охридскиот рамковен договор. Вие тоа многу добро го знаете дека на Меѓународен суд, овие договори веднаш ќе паднат!

Сакам да потенцирам дека вие во извештаите за Македонија барате од партиите во Македонија да извршат етноцид врз Македонците со воведување на билетаралниот спор за името меѓу Грција и Македонија како главен услов за членство, иако добро знаете дека Грците се Грци, а Македонците се Македонци и исто така знаете дека ние Македонците сме староседелци на целата етничка македонска територија, чии еден дел бесправно беше даден од големите сили во 1913 година со Букурешкиот договор на новосоздадената Грција.

Затоа уште еднаш барам да престанете да вршите притисок врз владата на Македонија за промена на името, зошто тоа претставува обид за етноцид врз Македонија и врз Македонците. Зошто тоа дело е злосторство, врз човештвото!

Исто така сакам да потенцирам дека не се согласувам со обидот на некои функционери на ЕУ емигрантите да бидат стационирани во Македонија, бидејќи Македонија не е членка на ЕУ и нема капацитет да се справи со емигрантите кои што имаат за цел да влезат во ЕУ.

Неопходно е да ги уважите нашите барања и да ја спречите дискриминацијата врз Македонија и  врз Македонците, оти тоа е во интерес на сите народи и посакувам никогаш повеќе да не се повтори ваква дипломатска и политичка агресија врз кој било народ и која било држава, каква што се врши врз мојата татковина и врз мојот народ.

Повеќе од јасно е дека ЕУ се наоѓа во тешка криза и се' уште не може да најде пристап како да се справи со неа, но македонското прашање единствено може и мора да се реши преку почитување на Меѓународното право од страна на македонската власт, но и од страна на ЕУ.

Јас сум длабоко уверен дека ќе се посветите сериозно кон посочувањата и барањата во врска со македонското прашање и дека ќе сфатите и ќе прифатите дека ние, Македонија и Македонците  постоиме и покрај сите обиди за политичка, дипломатска и воена агресија врз нас.

Да живее Македонија и македонскиот народ!

 

Ацо Крстески

претставник на дијаспората во СР Германија

Женева, 26 февруари 2017 година

Карл Маркс 1818-1883

 

Њујорк Тајмс

СРЕЌЕН РОДЕНДЕН КАРЛ МАРКС

ВО ПРАВО БЕВТЕ!

*********************

 На 5 мај 1818 година во јужниот германски град Триер, во живописната виноградска област во долината Мосел, се родио Карл Маркс. Во тоа време, Триер бил една десетина од денешната големина, со население од околу 12.000. Според еден од поновите биографи на Маркс, Јирген Нефе, Триер е еден од оние градови каде што "иако не се знае секој со секого, многу луѓе занаат многу работи за многу луѓе".

 

 

Безграничниот интелектуален ентузијазам на Маркс бил високо над таквите провинциски стеги. Ретки биле радикалните мислители од големите европски престолнини во неговото време што тој или не ги сретнал или не ги победил во теоретската арена, клучувајќи ги и неговите германски современици Вилхелм Вајтлинг и Бруно Бауер; францускиот "буржоаски сицијалист" Пјер-Џозеф Прудон, како што ќе го означат Маркс и Фридрих Енгелс во својот "Комунистички манифест"; и рускиот анархист Михаил Бакунин.

Во 1837 година Маркс се откажал од правната кариера што неговиот татко, и самиот адвокат, ја испланирал за него и се впуштил во шпекулативна филозофија на Г.В.Ф. Хегел на Универзитетот во Берлин. Може да се каже дека од таму се' тргнало надолу. Длабоко конзервативната пруска влада не го сфаќала позитивно таквото револуционерно размислување (Хегеловата филозофија се залагаше за рационална либерална држава), и од почетокот на следната деценија кариерата што Маркс си ја одбрал како универзитетски професор била блокирана.

Ако нешто некогаш убедливо ги бранело опасностите од филозофијата, тогаш тоа сигурно било откритието на Хегел од страна на Маркс, чија што "гротескна рапава мелодија" отпрвин му била одбивна, но потоа на неа во делириум танцувал низ улиците на Берлин. Како што Маркс му признал на својот татко во едно исто такво делириумско писмо во ноември 1837 година, "сакав да го гушнам секој човек што стоеше на улицата".

Додека се приближуваме до двестогодишнината од раѓањето на Маркс, кои лекции би можеле да ги извлечеме од неговата опасна и делириумска филозофска оставштина? Што точно е трајниот придонес на Маркс?

Денес неговата оставнина се чини дека си е сосема жива и здрава. Од крајот на милениумот се појавија безброј книги, од научни дела до популарни биографии, кои широко го опфаќаат Марксовото читање на капитализмот и неговата трајна релевантност за нашата неолиберална ера.

Во 2002 година, францускиот филозоф Ален Бадиу на конференција на која присуствувал во Лондон изјави дека Маркс станал филозоф на средната класа. Што мислеше тој? Верувам дека мислел  дека образовното либерално мислење денес е повеќе или помалку едногласно во својата согласност дека основната теза на Маркс-дека капитализмот е воден од длабоко разорната класна борба во која малцинската владејачка класа го присвојува вишокот труд на мнозинската работничка класа како профит-е точна. Дури и либералните економисти, како што е Нуриел Рубини, се согласуваат дека Марксовата убеденост дека капитализмот има вградена тенденција да се самоуништи и денес останува исто толку точна.

Но ова е местото каде што едногласноста нагло завршува. Додека повеќето се согласуваат околу дијагнозата на Маркс за капитализмот,  мислењата за тоа како да се третира неговото "безредие" се коренито различни. И тука лежи оригиналноста на Маркс и неговата длабока важност како филозоф.

Прво, треба да бидеме на чисто: Маркс не дава никаква магична формула за излегување од огромните општествени и економски контрадикции што ги наметнува глобалниот капитализам (според Оксфам, 82 отсто од светското богатство генерирано во 2017 година отишло кај најбогатиот 1 процент од светот). Меѓутоа, она што Маркс го постигна, преку неговата самонаречена материјалистичка мисла, беше клучното оружје за поткопување на идеолошкото тврдење на капитализмот дека е единствената опција.

Во "Комунистичкиот манифест", Маркс и Енгелс напишаа: "Буржоазијата го разголи светиот ореол на сите дотогаш почесни дејности, на кои се гледаше со стравопочитувачки трепет. Таа ги претвори лекарот, правникот, свештеникот, поетот, научникот, во свои платени наемни работници".

Маркс беше убеден дека капитализмот наскоро ќе ги задуши нив. На пример, напливот што вештачката интелигенција во моментов го прави во медицинската дијагноза и хирургијата го потврдува аргументот во "Манифестот" дека технологијата во голема мера ќе ја забрза "поделбата на трудот", или ќе ги направи таквите професии излишни.

За подобро да разбереме како Маркс го постигнал своето трајно глобално влијание-влијание веројатно поголемо и пошироко од кој било друг филозоф пред или по него-може да почнеме со неговата врска со Хегел. Што било тоа во Хегеловото дело што толу го фасцинирало Маркаса? Како што му кажал на татко си, првите средби со Хегеловиот "систем", кој самиот се гради слој по слој од негации и противречности, не го освоиле целосно.

Маркс открил дека идеализмот од доцниот 18 век на Емануел Кант и Јохан Готлиб Фихте, кои  толку доминирале во филозофското размислување во почетокот на 19 век, му даваат приоритет на самото размислување-толку многу што реалноста да може да се заклучи преку интелектуално размислување. Но Маркс одбил да ја потврди нивната реалност. Во еден ироничен хегеловски пресврт, тоа било чистата спротивност: материјалниот свет бил тој што ги одредува сите размислувања. Како што Маркс напишал во своето писмо: "Ако порано боговите живееја над земјата, сега станаа нејзиниот центар".

Идејата дека Бог-или "боговите"-живеат меѓу масите, или се "во" нив, се разбира, не била ништо ново од филозофски аспект. Но новото кај Маркс било тоа, што ја разбуричкал идеалистичката почит-не само кон Бога, туку и кон која била боженствена власт. Додека Хегел застанал кај застапувањето за рационална либерална држава, Маркс ќе отиде уште една фаза понатаму: бидејќи боговите повеќе не се божествени, воопшто нема потреба за држава.

Идејата за едно општество без класи и без држави ќе ја дефинира и Марксовата и Енгелсовата идеја за комунизмот и, се разбира, подоцнежната и проблематична историја на комунистичките "држави" (ептен иронично!) што се создадоа во текот на 20 век. Се' уште има многу што да се научи од нивната катастрофа, но нивната филозофска релевантност останува во најмала рака сомнителна. 

Клучниот фактор во интелектуалната оставнина на Маркс во денешното ооштество не е "филозофијата", туку "критиката", или она што тој во 1843 година го опиша како "немилосрдната критика на се' што постои: немилосрдна и во смисла човек да не се плаши од резултатите до кои доаѓа и во смисла исто толку малку да се плаши од конфликтот со властите". "Филозофите само го толкуваат светот, на различни начини; поентата е тој да се промени", напиша тој во 1845 година.

Расното и половото угнетување се додадоа во динамиката на експлоатацијата на класите. Движењата за социјална правда, како што се "Црните животи се важни" и "И мене исто", му должат некој нем долг на Маркс преку нивното непомирливо целење кон "вечните вистини" на нашето време. Таквите движења знаат, како и Маркс, дека идеите што го владеат секое општество се оние на неговата владејачка класа и дека испревртувањето на тие идеи е од основно значење за вистинскиот револуционерен напредок.

Ние некако се навикнавме на енергичната мантра дека за да го смениме општеството, ние прво мора да се смениме себеси. Но просветленото или рационално размислување не е доволно, бидејќи нормите на размислување веќе се искривени од структурите на машката привилегираност и социјалната хиерархија, па дури и до јазикот што го употребуваме. Промената на тие норми подразбира промена на самите темели на општеството.

Да го цитираме Маркс, "Ниту еден општествен поредок никогаш не е уништен пред да се развијат сите продуктивни сили за кои е адекватен, а новите супериорни односи на производството никогаш не ги заменеуваат постарите пред да созреат материјалните услови за нивното постоење во рамките на старото општество".

Транзицијата кон едно ново општество каде што односите меѓу луѓето, а не капиталните односи, конечно ја одредуваат вредноста на поединецот, веројатно се покажа како доста тешка задача. Маркс, како што реков, не нуди формула што одговара за сите и може да се примени на општествените промени. Но тој нуди моќен интелектуален тест за таа промена. Врз таа основа, ние сме предодредени да продолжиме да го цитираме и да ги тестираме неговите идеаи се' додека конечно не се оствари она општество за кое тој се бореше, и кое се' поголем број од нас сега го посакуваат.

 

Извор: Њујорк тајмс

Автор: Џејсон Баркер, вонреден професор по филозофија на универзитетот Кјунг Хи во Јужна Кореја и автор на романот "Маркс се враќа".

 

 

 

 

 

Лазо Колишевски 1914-2000

 

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

(1941-1945)

ДЕЛ 90

*************

 

 

13.3. Работата на Президиумот на АСНОМ во првите месеци на 1945 година

 

Положбата на Президиумот на АСНОМ во системот на државната власт во првите месеци на 1945 година останала битно непроменета. Но, се изменила содржината на неговата работа. Продолжиле напорите за организирање на животот во новоослободената држава.

На Второто заседание на АСНОМ се зголемил бројот на членовите на Президиумот, од 17 на 33. Се зголемил и бројот на поверенствата. Меѓутоа, поради искажаните мислења и некои поинакви погледи, од органите во федерацијата потекнала иницијатива за промена во работата во организацијата на Президиумот на АСНОМ. Имено, од страна на федерацијата било побарано Президиумот да формира свое работно тело кое би го сочинувале неколку повереници, а него да го раководи потпретседателот на Президиумот (Лазар Колишевски). Ова барање било доста неразбирливо, бидејќи такво тело не постоело ниту во федерацијата ниту, пак, во другите републики. Президиумот го задржал правото да донесува законодавни акти, но бидејќи се намалила неговата оперативност, тој постепено му ги препуштал работите на Работното тело, а самиот Президиум бил маргинализиран.

Во првите три месеци на 1945 година биле донесени стотина законодавни акти во вид на решенија, повелби или наредби за регулирање разни прашања од општ интерес за народот и за државата.

Лошата кадровска екипираност на народноослободителните одбори, кои на почетокот не биле избирани непосредно, можела да се надмине преку спроведувањето непосредни избори. Донесувајќи го посебниот акт за распишување на изборите, Президиумот на АСНОМ ги прокламирал првите правно изразени принципи на изборниот систем по ослободувањето на Македонија. Врз таа основа изборите се одржале од 11 до 25 март 1945 година. Тие имале големо политичко значење, бидејќи биле први избори во слободната држава и први непосредни избори. Избраните одборници со поголем елан можеле да и' пристапат на работата, иако на многу места новоизбраните одбори не останале сосема имуни од бирократските тенденции.

 

Продолжува

Виолета Петковска, поетеса

 

 

 

ОД МАКЕДОНСКОТО ПОЕТСКО ТВОРЕШТВО

МАКЕДОНСКА ЛИРИКА

*****************

 

ВИОЛЕТА ПЕТКОВСКА

 

НИTУ ДЕНОТ НИТУ НОЌТА

**********************

  • Не те сакаат ниту денот
    ниту ноќта.

    Стоиш пред мене
    и думи кажуваш
    лажни, ти црн клет
    душману, без со
    око да трепнеш,
    лажеш.

    Ми кажуваш дека
    ропството е слобода!
    Омразата е љубов!
    Понижувањето гордост!
    А, да си горд било срам!
    За срамот кажуваш
    не е срам!

    Да бидеш одрод, било
    добрина послана со
    златно жито!
    Да си патриот кој
    си ја врежал
    татковината во своето
    срце, со безусловна
    љубов, не личело!

    Да си го кудиш брата
    си пред душманот,
    а душманот да го
    величаш, така требало!

    Каде ќе ти оди душата
    кога домот свој го
    урнисуваш, ги отвораш
    сите врати секој да
    влезе и со твојата
    мајка да блудничи
    кој колку сака!

    Закопан во твоите
    Мрачни мисли и

  • злонамери, не го
    слушаш плачот од
    гробовите на мртвите
    прадедовци и јунаци
    кои умреле за
    татковината!

    Го слушаш ли тажниот
    лелек на мајките чии
    синови си ги закопале
    пред и првата љубов
    да ја сетат, прво чедо
    во рацете да си гушнат.

    Ги слушаш ли клетвите
    на невестите чии што
    мажи пред зората биле
    убиени и нов ден не
    дочекале за да се разбудат
    до своите сопруги
    заради Македонија!

    Те колне и црната земја
    душману.
    Не те сака ниту денот
    ниту ноќта.

    Те мрази и сопствениот
    живот што го живееш
    предавнички.

    Те водат црните сенки
    на демоните, блиску
    си до оштрите карпи
    сурови.

    Таму ќе биде
    твојот крај, тие ќе ти
    пресудат за сите твои
    гревови!!
    **********
    Автор, Виолета Петковска

Kind regards : 12 мај 2018 година

Sotir Grozdanovski broj 143